Анастас Лозанчев
Анастас Лозанчев (Битола, 8 април 1870 — Софија, Бугарија, 8 ноември 1945) — македонски револуционер, учесник во Македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на Македонската револуционерна организација.[1]
Анастас Лозанчев | ||
Роден | 8 април 1870 Битола, Македонија | |
---|---|---|
Починал | 8 ноември 1945 Софија, Бугарија |
Лозанчев бил секретар и претседател на Битолскиот окружен комитет на ТМОРО, еден од главните протагонисти при донесувањето на одлуката за востание на Солунскиот конгрес (1903), и член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Поради критиките низ мемоарската литература кои се изречени поради неговото однесување при донесувањето на одлуката за востание, Лозанчев останал огорчен до крајот на животот. Погоден од тоа, во триесеттите години на XX век, почнал да раскажува и да запишува спомени, но и да публикува текстови за да ја оправда својата постапка. Во 1937 година, Лозанчев пишува: „И до ден денес, по повеќе од 30 години, сум напаѓан за мојот став за Востанието... Ја прифаќам врз мене целата одговорност, или колку што можат да понесат моите плеќи и ги прашувам живите кои и денес ме напаѓаат: ... Ако востанието во 1903 година не успеа, кој може да ме увери дека на пример ќе успееше во 1905, или во 1910 година, или кога било... Всушност востанието успеа, ние предизвикавме вмешување на европските држави, но, како и секогаш, не бевме доволно умни и предвидливи да го искористиме тоа вмешување... Белким ние живите што останавме од онаа славна епоха, останати живи не по наша вина, како и сите Македонци, ќе бидеме среќни да ги видиме Битола, Охрид, Костур и другите како и цела Македонија, слободни“.[2]
Животопис
уредиАнастас Лозанчев е роден на 8 април 1870 година во Битола во семејството на Димче и Анча (Анна) Лозанчеви. Потекнува од имотно семејство. Татко кој се занимавал со трговија, меанџиство, изнајмување на земја и друго, поседувал голема куќа во Јени (Ново) маало во Битола.[3] Анастас, основно образование завршил во Битола, а петти клас гимназија во Солун.[4] Во 1889, заминал во Софија, каде го изучил фотографскиот занает, а во 1889 година отворил сопствено фотографски ателје во Битола. Во 1891/1892 учебна година бил учител во Смилево,[5] каде истата година учителствувале и Дамјан Груев. Поради подоцнежното нетрпение кон Д. Груев, А. Лозанчев, како во спомените, така и во другите текстови, изнесува доста остри, некоректни и неосновани квлаификации по адреса на Груев, дури и за време на нивното зедничко учителствување во Смилево.[6] Во учебната 1892/93 година, Лозанчев бил учител во с. Могила, а по завршувањето на учебната година, повторно се вратил на фотографскиот занает во Битола.[7]
Лозанчев во Македонската револуционерна организација
уредиВо август 1894 година, Даме Груев ги поставил основите на комитетот на МРО во Битола.[8] Според Григор Попев, во чија куќа се одржал состанок на кој биле поставени основите на комитетот во Битола, покрај домаќинот Г. Попев, учествувале: Д. Груев, Анастас Лозанчев, Пере Тошев и Ѓорѓи Пешков. Тогаш за претседател на Комитетот бил избран Пере Тошев, а Анастас Лозанчев бил избран за секретар.[9] Веднаш потоа, Анастас Лозанчев учествувал на Ресенското советување на МРО кое се одржало во куќата на Татарчеви кон крајот на август 1894 година.[10] Лозанчев на советувањето заминал со својот фотоапарат, при што направил неколку фотографии од чинот на осветувањето на егзархиската црква „Св. Кирил и Методиј“, а потоа во комитски алишта ги фотографирал Даме Груев, Александар Хаџи Панов и Григор Попев.[11] Поставувањето на основите на МРО во Битолско, веднаш по Ресенското советување било прославено со банкет и пукање од револвери на имотот на Лозанчев, во околината на Битола.[12] Од тогаш битолскиот околиски комитет на МРО, прераснал во окружен комитет.
Анастас Лозанчев, како човек од чаршијата и секретар на окружниот комитет имал значајна улога при ширењето на ослободителната идеја меѓу битолските еснафи. Прикривајќи се под формата на фотограф, Лозанчев ги обиколувал околните градови, каде се задржувал по неколку денови и на тој начин одржувал контакти со луѓето од соодветните околиски комитети. При една таква обиколка на Костурско во мај 1897 година, бил задржан петнаесетина дена од полицијата во Костур.[13]
Кон крајот на октомври 1897 година, терористи на Организацијата го нападнале Михајло Хаџи Попе, поранешен гркоман и актуелен претседател на српската општина во Битола. Поради овој настан Лозанчев бил притворен 3-4 месеци.[14] Од тогаш дошло до заладување на односите помеѓу Лозанчев и Ѓорѓи Пешков, зашто последниот не го посетил Анастас додека бил во притвор.[15] Нарушените односи меѓу Лозанчев и Пешков особено дошле до израз по заминувањето на П. Тошев во Солун. За односите меѓу Пешков и Лозанчев, Ѓорѓи Поп Христов пишува: „Тие не можеа да се трпат и да работат заедно, ако немаше некој на среде да ги поврзува. Дури беше Пере во Битола, тие се трпеа, но после се разделија. За извесно време, Лозанчев дури се тргна од револуционерната дејност, занимавајќи се со својата трговија“.[15]
Во 1898 година, Пере Тошев заминал во Солун, каде станал член на ЦК на ТМОРО. Во тоа време во Битола дошол Даме Груев кој бил интерниран од властите во Солун, при што ги зел работите во окружниот комитет во свои раце. Лозанчев, кој бил навикнат на скромниот П. Тошев, не можел да се превитка пред авторитетниот Груев, кој се опкружил со свои луѓе. Затоа Лозанчев почнал да се дистанцира од работата на окружниот комитет, иако во основа ја поддржувал работата на Организацијата.[16] Лозанчев во спомените вели дека се повлекол кон крајот на 1899 година, поради недоразбирање со Даме Груев.[17] Даме Груев пак, вели дека, Лозанчев се повлекол поради малодушност.[18] Факт е дека Лозанчев не се нашол во кадровските комбинации на Д. Груев, ниту кога последниот се нашол в затвор поради Поп Ставеревата провала.[19] Според Тома Николов, Лозанчев бил засегнат поради тоа што Д. Груев, и од затвор продолжил да ги „влече коците“ во Битолскиот окружен комитет.[20] Во меѓувреме на 22.01 1900 година, Анастас Лозанчев се оженил со Параскева Биолчева од Прилеп.[21]
Претседател на Битолскиот окружен комитет
уредиНараснатите обврски на Битолскиот окружен комитет, кои произлегувала од развојот на четничкиот институт, Ѓорѓи Поп Христов со согласност на Д. Груев го поканил Лозанчев да преземе дел од обврските.[22] Оттука, во 1901 година, Анастас Лозанчев учествувал и во преговорите за вклучување на социјалистичката група на Веле Марков и Никола Петров Русински во ТМОРО.[23] Есента 1901 година, дваесеттина дена во Битола отседнал Гоце Делчев, при што 4 дена отседнал во куќата на Лозанчев.[24] Анастас го придружувал Делчев при едната н од двете посети на Делчев на Д. Груев во битолскиот затвор.[25] Тогаш со посредство на Делчев, Анастас Лозанчев бил избран за претседател на Битолскиот окружен комитет, но фактички со Организацијата во округот и понатаму раководел Груев од затворот.[26] Лозанчев од сенката на Груев се ослободил во почетокот на мај 1902 година, кога Даме бил префрлен во затвор во Мала Азија.
Во почетокот на летото 1902 година, под притисок на настаните кои последица на провалите во Леринско, Лозанчев пред ЦК во Солун го поставил прашањето за востание.[27] Есента 1902 година, Костурскиот и Леринскиот регион од Битолскиот револуционерен округ, биле зафатени од врховистичката востаничка провокација на полковникот Анастас Јанков.[28] Лозанчев во своите образложенија, истакнува дека за да го одвратат населението од провокацијата на полковникот Јанков, ветиле дека Организацијата ќе прогласи востание во наредната 1903 година.[29]
Илинденското востание
уредиВо почетокот на јануари 1903 година, Анастас Лозанчев заминал на конгрес во Солун на кој требало да се разгледа прашањето за востание во 1903 година, но притоа, не се консултирал со никој од легалните и нелегалните раководители на Организацијата во Битолскиот округ.[30] За време на Конгресот, Лозанчев бил еден од најголемите иницијатори за донесување на одлуката за востание.[31] На 19.01/1.02 1903 година, Лозанчев одржал состанок со учителите од битолската егзархиска гимназија и ги информирал дека претстои востание.[32] Лозанчев самоуверено ја одбил сугестијата на бугарскиот трговски агент – Неделко Колушев, кој од име на бугарската влада, побарал Организацијата да ги прекине подготовките за востание.[33] Постапката на Колушев, во Битола била пречекана со зборовите: „Ние сме Македонци и советите на некаков бугарски министер за нас не вредат ништо“.[34]
На Смилевскиот конгрес, Анастас Лозанчев бил изложен на критика од повеќе делегати, а особено од Ѓорѓи Сугарев, зашто на се консултирал со раководителите во округот, пред да замине на конгресот во Солун, каде била изгласан одлуката за востание.[35] На конгресот во Смилево, Анастас Лозанчев, заедно со Дамјан Груев и Борис Сарафов, бил избран за член на Главниот штаб на Вториот (Битолски) револуционерен округ. Како член на Главниот штаб, Лозанчев се движел со четите низ Битолскиот округ и учествувал во неколку судири со турските војски.
По задушувањето на Илинденското востание, Анастас Лозанчев сметал дека Организацијата треба да ги искористи Мирцштешките реформи, иако не ги задоволувале нејзините политички барањата. „По доаѓањето на цивилните агенти, јас бев на мислење дека Организацијата треба да ја прифати реформската акција на силите, да го искористи тоа што може да и го даде таа, и на легален начин да се стреми за добивање на крајната цел на Организацијата – автономија на Македонија“.[36]
Дистанцирањето од македонското револуционерно движење
уредиЕсента 1904 година, Анастас Лозанчев заминал за Бугарија, каде извесно време бил ангажиран како домаќин на Задграничното претставништво.[37] Лозанчев брзо се разочарал од поделбите во македонското револуционерно движење кои избиле на површина по поразот на Илинденското востание. Во врска со тоа, кон крајот на 1904 г., Лозанчев до Христо Узунов пишува: „Овде владее полно расцепување, раскапаница. Колку глави, толку учења, толку насоки по работите... Јас се нервирам кога го гледам овој гидиш, дотолку повеќе, бидејќи ги гледам опасните последици, кои неизбежно ќе го засегнат делото. Неоправдано со ништо, овде во општеството по македонското прашање владее една анархија; а повеќе ќе погодам ако кажам: општеството се плаши од македонското прашање. Софија не е за мене и секој што гледа како мене. Подалеку од овој шумен живот, од овој разврат, според мене, кој го поминуваат нашите луѓе овде. Јас се надевам да најдам спокој во работата“.[38] Набрзо потоа Лозанчев се дистанцирал од настаните во македонското револуционерно движење.
По Младотурската револуција Лозанчев се вратил во родниот град каде што останал до крајот на Балканските војни, но не пројавил некои особени активности. По паѓањето на Битола под српска власт, емигрирал во Бугарија.
Лозанчев меѓу двете светски војни и создавањето на НР Македонија
уредиВо 1917 година, во екот на Првата светска војна, Анастас Лозанчев е потписник на еден Мемоар со кој се протестира против предлозите на меѓународната социјалистичка конференција од Стокхолм за останување на западниот дел од Вардарска Македонија под власт на Србија и се бара нејзино присоединување кон Бугарија.[39] На крајот од Првата светска војна, непосредно пред Париската мировна конференција, Анастас Лозанчев истапил против дејноста на Извршниот комитет на македонските братства и се залагал за „самостојна Македонија“.[40] Во тоа време, А. Лозанчев застанал на страна на Привременото претставништво на бившата ВМРО и го потпишал неговиот „Апел кон македонското население и македонската емиграција во Бугарија“,[41] преку кој се бара Македонија да се зачува цела и неделива како самостојна политичка единица на Балканот воз нејзините природни и географски граници. За попиларизирање на оваа идеја, Анастас Лозанчев финансиски ги помагал активностите на Привременото претставништво.
Окупацијата на Вардарскиот дел од Македонија од страна на фашистичка Бугарија во Втората светска војна, Анастас Лозанчев го доживеал како „ослободување“. Во 1942 година, учествувал на XII конгрес на Илинденската организација кој се одржал во Битола под покровителство на бугарските власти.[42] Тогаш Лозанчев покренал иницијатива за подигање на споменик во чест на Илинден, а за таа цел донирал и пари.
Лозанчев со задоволство го прифатил конституирањето на вардарскиот дел од Македонија, како федерална единица во рамките на Југолавија и прогласувањето на Илинден за државен празник. Во врска со тоа во 1945 година запишал: „Јас сум радосен што Македонската држава го прифати за народен празник Илинден. Илинден го заслужува тоа“.[43] Пред крајот на животот во контекст на македонското прашање размислува: „Јас сум за Македонија да биде член на вистинска Демократска федеративна Југославија како прва етапа, за втора етапа го сметам, не присоединувањето на Македонија кон Бугарија, како што се мислеше некогаш, туку нешто обратно – присоединување на Бугарија кон една целосна вистинска Демократска федеративна Југославија, а во третата етапа, таа Југославија да се влее во големото море на СССР. Ако се случи тоа, тогаш ќе имаме еден реален сојуз на сите словенски народи“.[44] Според тогашната политичка реалност, Лозанчев целосното решавање на македонското прашање го гледал низ призма низ панславизмот во една сесловенска федерација под капата на СССР.[45]
Анастас Лозанчев починал во Софија на 8 ноември 1945 година во Софија.
Наводи
уреди- ↑ Шифровано писмо на Павел Христов до Христо Узунов, НБКМ-БИА, Ф. 583, а. е. 64, л. 180, 185[мртва врска]
- ↑ А. Лозанчевъ, Защо бѣхъ за въстание, Ил. Илинденъ, IX/3(83), София 1937, 8-9.
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев, Скопје, 2014, 31.
- ↑ Македония в пламъци. Спомени на Андон Къосето, Анастас Лозанчев, Григор Попев, Аргир Манасиев, Христо Пасхов, Мите Хаджимишев, Кърсто Лазаров, Екатерина Паница, записал: Боян Мирчев, съставителителство, Ива Бурилкова и Цочо Билярски, София 2003,98.
- ↑ Христофор Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев, член на главния щаб на Илинденското въстание, София 2007, 81.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 35-38.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 81.
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Подземната република. Дамјан Груев и македонското револуционерно движење, Скопје, 2010, 121-123.
- ↑ Македония в пламъци. Спомени на Григор Попев..., 113.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Подземната република..., 123-127.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 113.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 113
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 137
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 83-84.
- ↑ 15,0 15,1 Революционната борба в Битолския окръг. Спомени от Георги п. Христов, София 1953, 12.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 87-88.
- ↑ Македония в пламъци. Спомани на Анастас Лозанчев..., 100.
- ↑ Спомени на Дамянъ Груевъ, Борисъ Срафовъ и Иванъ Гарвановъ, сообщава: Л. Милетичъ, София 1927, 22.
- ↑ Димитар Димески, Револуционерната дејност на Даме Груев во Битолскиот револуционерен округ на МРО (1898-1902). Прилози за Даме Груев, Битола 1983, 92-95.
- ↑ Тома Николов, Спомени от морто минало, съставителство, предговор и белешки: Александър Пелтеков, София 1989, 96.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 92-93.
- ↑ Революционната борба в Битолския окръг..., 36-37.
- ↑ Никола Петров Русински, Спомени, предговор, редакција и коментар Даринка Петреска Пачемска и Војо Кушевски, Скопје, 1997, 128-131.
- ↑ Македония в пламъци. Спомени на Анастас Лозанчев..., 100.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 168.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 101-102.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 112-113.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 114-124.
- ↑ А. Лозанчевъ, Защо бѣхъ за въстание..., 8.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 136-137.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 141.
- ↑ Дневник на Кръсте Мисирков, 1903 г. Публикуван за първ път от А. Пелтеков в „Известия на държавните архиви“. Според: http>/www.promacedonia.com/rami/misirkov-1903.html
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи, Скопје 2013, 368-372
- ↑ Окрѫжнитѣ на г-нъ Даневъ. Свято дѣло, год. I, мартъ 1903. Кюстендилъ, кн. VI, 627л
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 155-156.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 268.
- ↑ Архив Христо Матов. Документален сборник, съставител: Цочо Билярски, София 2004, 208.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев...,125.
- ↑ Македония. Сборник от документи и материали, София, 1978, 607.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 224; Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев...,33-35.
- ↑ Апелъ къмъ македонското население и къмъ македонската емиграция вя Блгария, Архивско одделение на ИНИ- Скопје, ф. Никола Киров Майски. Документи за делото в строя за Македония, сл. IV, 242/II, док.№ 7.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 236-254.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 380.
- ↑ Х. Тзавела, Спомени на Анастас Лозанчев..., 380-381.
- ↑ В. Ѓорѓиев, Анастас Лозанчев..., 256.