Отвори го главното мени
Печат на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуционерна организација

Битолскиот револуционерен округ бил дел од структурата на Македонската револуционерна организација. Округот го опфаќал Битолскиот вилает во Отоманската империја. Тој бил најдобро организиран, опремен и вооружен, масовно востанал во екот на Илинденското востание, поради што и најмногу сериозно настрадува. По востанието округот е заплиснат од четите на Елиномакедонски комитет и Српското четничко движење, борбите траеле до Младотурската револуција. Округот Егзистирал од 1894 до 1908 година.

Во текот на Првата балканска војна, револуционерите од битолскиот округ ги помагале српските и грчките војски против Отоманската империја. Во текот на Втората балканска војна и Првата светска војна дел од поранешните револуционери на округот ја помагаат бугарската војска. Во 1919 година Тодор Александров ја формирал ВМРО (Автономистичка) и во духот на старата организациска поделба го возбновил Битолскиот револуционерен округ иако неговата територијата била поделена помеѓу Кралството Југославија и Кралството Грција.

ОсновањеУреди

 
Даме Груев

По формирањето на Македонската револуционерна организација во Солун на 23 октомври 1893 година, во летото 1894 година Даме Груев презел една обиколка низ Битолскиот вилает, при која ги основал првите револуционерни комитети на организацијата и ги поставил основите на Битолскиот револуционерен округ. Во текот на обиколката биле формирани комитети во Прилеп, Битола, Ресен, Охрид и Струга[1].

Набргу во Организацијата се вклучиле Пере Тошев и Ѓорче Петров кои допринеле за разгранување и заврстување на овој Округ. По Солунскиот конгрес, Прилепската револуционерна околија на чело со Петар Поп Арсов, добила специјален статус, можност директно да кореспондира со централниот комитет на Организацијата.

Во 1898 година Павел Христов создал револуционерен комитет во Костур, а во учебната 1899-1900 година Георги Поп Христов организирал револуционерен комитет во Лерин на чело со Филип Георгиев. Во 1899 година Даме Груев бил интерниран од османлиската власт во Битола, каде што активно се зазема со дејност за зацврстување на округот, поддржан од Тома Николов, Георги Пешков и Ацо Дорев. Го засилиле месниот комитет и агитација во околните села. Во 1900 година во Битола пристигнале Васил Пасков, Михаил Герџиков и Славејко Арсов. Во периодт меѓу 1895 - 1902 година излегувал и хектографираниот весник „На оружје“. Битолскиот револуционерен округ се состоел од:

Четнички институтУреди

  Главна статија: „Четнички институт на ТМОРО .
 
Војводата Јордан Пиперката (седнат долу на сликата).

Се започнало со купување на материјали, а во Костурско започнала да дејствува чета на Коте Христов и во Леринско била формирана првата агитаторска чета во на Марко Лерински. Фактички раководител на округот бил Даме Груев, и покрај фактот што тој бил затворен во битолскиот затвор во август 1900 година.

Во 1900 година, Лазар Киселинчев и Васил Чекаларов организираале таен канал за купување и пренесување на оружје од Грција во југозападна Македонија. Во 1901 година избувнала Иванчовата афера во Костурско, во која многу локални дејци биле уапсени, а големо количество на оружје е запленето. Во 1902 година Гоце Делчев извршил инспекција низ Костурско. Подоцна истата година раководителите на Орагнизацијата се спротиставиле на полковникот Атанас Јанков.

Во 1900 година, Никола Русински бил испратен од Гоце Делчев на чело со една организационо-агитациона чета. Тој требало да врши обука и агитира сред населението. Во периодот помеѓу 1900 - август 1901 година, доаѓа до развој на четничкиот институт, се формираат чети во Демирхисарско, Крушовско, Кичевско, Прилепско од август до ноември 1901 година, Охридско и Струшко од ноември 1901 до декември 1902 година, битолско и Мариово до 1903 година.

Во четата на Русински се обучувале Јордан Пиперката, Веле Марков и Ѓурчин Наумов - Пљакот - крушовски војводи, Ванчо Србаков - поречки војвода, Тасе Христов - малешевски војвода, Ѓорѓи Сугарев и други.

Ново раководствоУреди

Поради заточеништвото на Даме Груев во Подрум Кале и компромитирање на некои од дејците во Округот, бил избран нов окружен комитет на чело со Георги Поп Христов, секретар Георги Сугарев, секретар Ацо Дорев, советници: Анастас Лозанчев, Георги Пешков и Неделко Дамчев. Во битолскиот градски околиски комитет влегле Александар Ефтимов, Кирил Лозанчев, Лука Ѓеров и други [2]. Во периодот меѓу 31 декември - 1 јануари 1902 година се одржало советување свикана од Гоце Делчев во Загоричани, на него присуствувале Михаил Николов за Костур, Андреј Кожухаров за Лерин, Георги Поп Христов за Битола и Михаил Чеков, а од војводите присуствувале Марко Лерински, Васил Чакаларов, Лазар Младенов, Пандо Кљашев, Славејко Арсов и Кузо Стефов.

Крушевска афераУреди

  Главна статија: „Крушевска афера.

Аферата со оружјето започнала во месец февруари 1902 година, кога фатениот од отоманската полиција пренесувач на оружје, Јосиф Петков од с. Жабјани, познат како Јосиф Жабјанец, подложен на страотни мачења го открил својот соработник, крушевчанецот Никола Михајлов, познат како Миха Х'ча Кола. Како резултат на оваа провала, наскоро во битолскиот централен затвор биле затворени луѓе со најразлични занимања: учители, свештеници, кираџии, занаетчии, трговци итн, меѓу кои се наоѓале и имињата на Петар Ацев, браќата Ашлакови, Јанаки Забле, Таќу и Фанија Љакови итн.

Полицијата пристапила кон темелно претресување на сите куќи по списокот. Благодарение на тоа што целокупното оружје и материјали биле навреме пренесени во нови скривници, а старите канали и врски биле заменети со нови, полицијата не успеала да пронајде ништо. Двајцата затворени крушевски учители, Христо Чивчиев и Христо Павлов, ги издржале страотните мачења и не ги предале тајните на Организацијата. Крајно измачени и претепани, овие биле одведени на натамошни тортури и во Битолскиот централен затвор, но и таму продолжил нивниот молк. На крајот властите ги ослободиле. X. Чивчиев и X. Павлов останале верни на својата заклетва. На тој начин оваа опасна провала не и нанесла поголеми штети на Крушевската револуционерна организација [3].

Илинденско востаниеУреди

  Главна статија: „Илинденско востание.

ПодготовкиУреди

 
Баба Велика од Смилево

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани. На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени. Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридско располагало само со 1.400 пушки. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:

А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време [4]

Конгресот уште од првото заседание започнал со донесување на одлуки за кревање на востание. Бил избран Главен штаб за II Битолски револуционерен округ, а тој требало да раководи со подготовките за востанието и со самото востание. За членови на Главниот штаб биле избрани: Даме Груев, Борис Сарафов и Атанас Лозанчев, а како нивни заменици биле избрани Георги Поп Христов, Петар Ацев и Лазар Поп Трајков. Членовите на ГШ биле избрани со јавно гласање, додека пак нивните заменици со тајно гласање [5]. Конгресот донел и непротоколарно решение, доколку пристигнат нови сили [5], како Ѓорче Петров, Пере Тошев и Христо Матов, тие по автоматизам да влезат во Штабот.

Во јуни по барање на Централниот комитет бил изработен Општ план за востанието [6]. Во овој план било истакнато дека во согласност со одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се води герилска борба. Четите требало да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Целта не била да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците. Востанието требало да биде послабо но долготрајно и борабата требала да се води до зимата, а повторно да се прогласи идната пролет. Востанието требало да почне кога ќе созреело житото и ќе се зголемела ноќта во јули. Според Општиот план, Битолскиот револуционерен округ го сочинувал: I востанички округ - Битолски, а во него влегувале: Битолско, Охридско, Дебарско, Кичевско, Крушевско, Прилепско, Велешко, Мариовско, Костурско и Леринско

I востанички округ - БитолскиУреди

  Главна статија: „I востанички округ - Битолски.

На празникот св. Илија во Смилево со 200 востаници влегол Главниот штаб. Според турските документи при првиот напад на Смилево загинале 8 турски војници, а 14 биле ранети. На 3 август Генерал штабот наредил евакуација на целото население кое не е способно да се бори во месноста Голем Гар, а до пладне Смилево било празно. Откако сите обиди на османлиската војска да го заземе Смилево биле пресечени, Борис Сарафов заминал за Охридско, а Атанас Лозанчев за Демихисарско и Кичевско. По нивното заминување во следните 20 дена во околината Смилево не се појавила османска војска и башибозлук. Во тој период под раководство на Стојан Донски биле преземени мерки за утврдување на Смилево, биле ископани одбранбени ровови со што се зацврстиле одбранбените востанички позиции. Населнието кое не било способно да се бори и понатаму се наоѓало во збегот Голем Гар каде биле орагнизирана заедничка исхрана, а биле преземени мерки за негова заштита.

Во изработка на планот за заземање на Крушево непосредно учествувал и револуционерот - бившиот офицер Тодор Христов кој предходно влегол во градот и ги скицирал објектите за напади: касарната, конакот, беледијата (општината), поштата и другите владини и државни установи, како и поважните пунктови во градот. Во осум воени групи биле распоредени 750 вооружени востаници под команда на добро подготвени началници - војводи. На 4 август во градот влегува Штабот на Крушевските востаници свечено дочекан од народот. При овој дочек, началникот на Штабот, Никола Карев одржал пред ослободените граѓани револуционерен говор, прогласувајќи ја првата Македонска Република и повикувајќи го народот да избере привремена републиканска влада.

Членови на Привремената влада на Крушевската република, од лево на десно: Дину Вангел, Димитар Секулов, Ѓорѓи Чаче, Николаќи Баљу, Теохар Нешков, Христо Ќурчиев

Во демихисарскиот реон раководители биле Јордан Пиперката, Димитар Дечев, свештеникот Кузман и Христо Пасков. Според Христо Силјанов, Демихисарско дало 1 000 востаници. Првата ноќ биле преземени редица акции. На патот Битола - Кичево кој минувал низ Демихисарско била исечена телеграфската линија, а биле разрушени и сите мостови, потоа биле изгорени чифлизите во Утово, Стругово, Жван и други. Под команда на Дечев 150 востаници го нападнале турскиот гарнизон кој се состоел од 170 души во административниот центар Прибилци. Во првите денови на востанието во Демихисарко, турските селани се затвориле во своите куќи и не ги обработувале своите ниви и не го гледале својот добиток. Востаниците во селата Бабино, Слоештица, Велмевци и Жван созадле свои пунктови каде се собирала храна и секави други матерјали кои им биле потребни за идните дејствија.

Ресенскиот реон бил под раководство на Славејко Арсов и подпоручникот Панајотов. Поважни војводи биле Спиро Олчев, Стефан Мешков, Перуш Стрезов, Ставре Тасев, Јоше од Подмочани, Иван Трајчев, Кочо Кочовски, Георги Чаушот од с. Златари и др. Првата ноќ биле изведени неколку разрушителни акции од сабо воружени групи. На 20 јули четите од селата Болно, Царев Двор, Дрмени и Јанковец на чело со Арсов биле групирани во Болно. На Илинден во селото Круше, тамошниот аскер бил зачуден од однесувањето на селаните, тие им носеле баници, кисело млеко и други изобилства, но храната била затруена со арсен, а војниците набргу добиле грчеви и страшни болки. Хаџијата кој бил тутчин кога дознал за тоа избегла, а ноќа во селото дошол аскер од 50 души. На 26 јули одредот на Ангел Андреев и еден одред на Коте го нападнале турското село Папли. Таму имало акер и башибузлук оо околу 100 души. Востаниците ги држеле опколени неколку дена. Секој ден селото било напаѓано и била палена по некоја куќа. На 6 август Коте зграбил дел од добитокот и се упатил кон својот реон, но кај Штрково наишол на војска. Дел опседнатите војниците успеале да се извлечат и да му притекнат на помош на судрениот аскер каде дале 4 жртви. Опсадата продолжила, но по 12 дена пристигнала друга војска, таа го ослободила гарнизонот и турското население, а востаниците по заминувањето на аскерот се симнале во Папли и го запалила селото.

На Илинден, Охридско имал веќе подробно разработе план за првите дејствја и со добра интендантска служба — складови со храна и други намирници, тајни фурни, леарници за патрони, но без ниедна бомба и без ниедна манлихера. Била организирана и санитетска служба со еден вид на болница во Чемерскиот дол, над селото Брждани, а како доктор фигурирал Хр. Ангелов. Реонски началници биле: Христо Узунов, Антон Кецкаров, Наум Анастасов, Александар Чакаров и Наум Златарев. На 24 јули сите дримколските и малесијските чети се собрале кај Караорман во Горна Дебарца. Таму се собрале голем број на бегалци на грбот на револуционерното раководство. Четите повторно се упатиле кон Дрим, но веќе сите села биле опустошени. Во периодот меѓу 25 и 30 јули имало судири кај Лешани, Слатина, Лактиње, Врбјани и Ботун. Само на 30 јули имало имало шест битки и тоа кај Брждани, Лешани, Белчишта, Црвена вода, а во Орта-кол, кај селата Куратица и Плаќе. Во борбата кај Брждани учествувал и Борис Сарафов со 80 души и тој дошол од Демирхисарско на помош.

 
Штабот на Дебарско-Кичевскит реон - Јанаки Јанев, Лука Ѓеров и други.

На 20 јули Илинденското востание се кранало и во Костурско со околу 2 000 востаници. Исто така на 23 јули е заземена Клисура. На 28 јули четите на Лазар Поп Трајков и Васил Чакаларов имале борба со турскиот аскер, а на 29 јули кај селото Д'мбени имале борба со турската војска која траела 6 часа, а потоа турците се повлекле во Костур.

Христо Силјанов истакнува дека Кичевско било погодно за партизанско војување, во таа каза се востанало само населението во планинските делови во Горна и Долна Копачка и Рабетинакол. Во другите делови, во Долно Личевско и Порече, каде Српската пропаганда била силна и спечалила голем дел од населението и тоа не востанало. Во Копачка (Горна и Долна) како база на востаниците служеле планините: Бистра, Беличица, Стогова и други, а во Рабетина-кола, врвовите Песок, Кула, Кјафа, Разбоиште и други. Ноќта на 20 јули (стар стил) три востаничи одреда, Џеров 200 души, Арсо Мицков 200 души и Србакот 100 души го опколиле градот Кичево од три страни. Еден час по полноќ се слушнало востаничкото Ура !. Аскерот кој бил сместен кај месноста Јурија во наплив на паника се втурнал кон градот за да го заземе Калето. Таму еден востанички одред почнал да стрела врз аскерот, а одговорот на турците бил слаб. По половина час востаниците го напуштиле градот, а турците имале 20 души загинат.

Две недели пред Илинден, четите на Петар Ацев и Никола Пешков, кон нив биле присоедеинети и триесетина граѓани, се на се вкупно 80 души, ненадејно биле нападнати недалеку од селото Беловодица кај месноста Студеница од страна на околу 30 жандари. Дел од четата се разбегала, а набргу пристигнал и аскерот кој бил сместен во Дуње. На Илинден четите ги исекле телеграфските кабли меѓу Прилеп-Битола и Прилеп-Велес, а биле разрушени и некои древени мостови по патот Градско, Кичево, Крушево и Велес. На 23 јули стар календар воружени и неворужени селани го нападнале конакот во селото Витолиште, Мариовоско. една од случајно згрмените пушки го кренале на нозе гарнизонот. После двочасовна престрелка востаниците се повлекле, а во тој напад учествувал и Пере Тошев.

ПоследициУреди

Во Битолскиот округ се воделе 150 борби со 19 152 востаници против 292 735 противници. Убиени или ранети се 746 востаници, а 3 087 убиени или ранети Турци. Биле запалени 122 села со 8 646 куќи. Без покрив останале 51 606 жители, а бројот на убиени или заклани е 1 779 души.

Постилинденски периодУреди

 
Милан Матов со окружните војводи по Младотурската револуција

По востанието доаѓа до засилување на српската и грчката пропаганда, револуционерите од овој округ воделе борба со четите на Елиномакедонски комитет и Српското четничко движење.

На Прилепскиот конгрес, Пере Тошев и Ѓорче Петров се судриле со Даме Груев, по прашањето за идното устројство на Организацијата. Во меѓувреме дошло до засилување на влијанието на Борис Сарафов во Округот, посебно во Костурско. Било избрано и ново раководство на Округот во состав: Милан Матов, Петар Нешев и Михаил Ракаџиев - легални членови и Петар Ацев, Павел Христов и Пандо Кљашев, како нелегални [7]. Во 1906 и 1907 година се одржале два Битолски окружни конгресот. Во 1907 година членовите на окружниот комитет се Петар Ацев, Павел Христов и Милан Матов.

На 14 јули 1907 година дошло до Битката на Ножот, најголемата борба по Илинденското востание, меѓу чети на Организацијата и редовната турска армија. По преговорите помеѓу Милан Матов и претставници на младотурскиот комитет, македонските револуционери од Округот учествувле во Младотурската револуција.

Во 1908 година, Македонската револуционерна организација престанала да постои, дел од нејзините дејци ги формирале Народната федеративна партија и Сојузот на бугарски уставни клубови, меѓутоа дел од револуционерите околу Тодор Александров, останале нелегални и понатаму се залагале за воружена борба. Расколот и престанокот на Организацијата преставувале крај и за Битолскиот револуционерен округ.

Во Првата балканска војна, дел од револуционери на поранешната Македонската револуционерна организација активно ја помагале српската и грчката офанзива во округот, по што многумина од нив се репресирани, уапсени или убиени од страна на новите власти.

Во септември 1913 година, револуционерите на поранешниот Округ го спровеле Охридското востание против новите власти. Во Втората балканска и Првата светска војна, дел од македонските револуционерите ја помагале бугарската армија, дирекно во нејзините редови или во рамките на Македонското-одринско ополчение како доброволци.

ИзвориУреди

  1. Димитар Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает (1893-1903), II издание, Скопје, 1982
  2. Спомени на Георги Попхристов
  3. ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА Автори Виолета Аковска и Никола Жежов,Скопје,2004 год
  4. Спомени на П. Кљашев..., 242
  5. 5,0 5,1 Васил Чакаларов „Дневник 1901-1903 г.“
  6. Георгиев Величко и Стайко Трифонов, История на българите 1878-1944 в документи, т.I, 1878-1912, част втора, София, 1996
  7. Спомени от моето минало, Тома Николов, Изд. на Отеч. фронт, София, 1989