Борба за Македонија

Културен и воен судир меѓу Грците, Србите, Бугарите и Македонците во Македонија

Борба за Македонија или Вооружена пропагандна војна во Македонија — вооружен конфликт од 1895 до 1908 година во Отоманското Царство за Македонија помеѓу врховистичките, грчките, српските чети и четите на Македонската револуционерна организација (МРО). Овој конфликт е само кулминацијата од дејствувањето на трите поголеми пропаганди во Македонија, кој работеле за остварување на националистичките планови на нивните држави, а од другата страна била Македонската револуционерна организација, таа се залагала за самостојно работење и борба за извојување на човекови права и слобода преку едно внатрешно востание. Врховистичките, грчките и српските чети ја имале поддршката на Бугарија, Грција и Србија, а грчките чети, поради отворениот Турцизам, ја имаале наклонетоста и на самата империјата, но андартите често се откажувале од помошта на османлиската војска и се здружувале со четите на Српското четничко движење. На територијата на Македонија грчките чети се судрувале и со Власите кај кој била силна романската пропаганда како и со дејците на албанското националноослободително движење. Во текот на Младотурската револуција во Македонија, според турските извори, имало околу 110 чети на Македонската револуционерна организација, 80 андартски чети, 20 српски и 8 влашки чети.

Борба за Македонија

Четата на капетанот Лазарос Апостолидис., Споменик на Критјаните, Македономахи во Солун, Грчките капетани Спирос и Адам со младотурците, Војводата Митре Влаот
Датум 1895 - 1908
Место Отоманско Царство, Македонија
Исход Ослабување на Македонската револуционерна организација, дополнително зголемување на антагонизмот меѓу македонското население и создавање на услови за идната поделба на Македонија
Завојувани страни
Команданти и водачи
Апостол Петков
Васил Чакаларов
Лазар Поп-Трајков
Митре Влаот
Ѓорѓи Сугарев
Петар Ацев
Јане Сандански
Иван Цончев
Германос Каравангелис
Павлос Мелас
Гоно Јотов
Мицко Крстевски
Јован Бабунски
Јован Довезенски

Најзначајните артефакти од овој период се изложени во т.н. „Музејот на македонската борба“ во Солун посветен на неа.

Причини

уреди

Берлинскиот конгрес оставил голем број на отворени прашања кој останале потенциални жаришта за нови конфликити и кризи. Меѓу многуте прашања бил и членот 23 кој останал не реализиран, а кој вешто бил изманипулиран од страна на Отоманското Царство со т.н Нов закон за европските вилаети, а тоа оставило простор за пресметки помеѓу државите на Балкански Полуостров чии интереси се судрувале во Македонија [1].

Најголеми претензии врз Македонија имало новото бугарско кнежевство, македонското прашање го заземало централното прашање во надворешната политика на Бугарија, секоја бугарска влада се залагала за присоединување на Македонија кон Бугарија и реализирање на санстефанскиот идеал. Главната официјална цел на Софија по обединувањето на кнежевството Бугарија и Источна Румелија, е Македонија да добие автономија, а потоа да биде присоединета кон бугарската држава, отука Бугарија претендирала на целата територија на Македонија.

Освен Бугарија претензии на Македонија имале Грција и Србија, а Македонија била од второстепено значење за Романија и Црна Гора. Затоа Бугарија, Грција и Србија ги засилиле своите пропаганди во Македонија со цел да се стекнат со што подобри позиции. Нивната цел била да се:

... обезбеди повеќе грчки, бугарски и српски национални приврзаници во Македонија. Тие во погоден момент требало да послужат како внатрешни национални сојузници и оправдувачки фактор за нивните територијални претензии во Македонија[1]

Овие три балкански држави започнале пропагандна војна во Македонија, но нивните планови со текот на времето биле попречени од страна на Македонската револуционерна организација.

Таа организација имала за цел, да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста и извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области.

За полесно постигање на таа цел Организацијата се борела да ги премавне шовинистичките пропаганди и национални расправии, кои го цепеле и ослабувале македонското и одринското население во неговата борба против општиот непријател [2] или како што Иван Хаџи Николов истакнал:

Лозинката треба да биде Автономија на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз член 23 од Берлинскиот конгрес за да се надеваме на успех. Да се постигне Автономија на Македонија, значи да ја откинеме не само од Турција туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на Автономана Македонија, Србите и Грците веќе не ќе можат да бараат делови од неа, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија , Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Наша задача треба да биде да ја споиме Македонија цела, а тоа може да биде преку една Автономна Македонија [3]

Оваа Организација во текот на неколку години успеала да го обедини и предводи населението во Македонија да создаде своја паралена власт во Отоманското Царство, која е позната како Подземна република и преку своите институции да контролира поголем дел од територијата на Македонија, а притоа секогаш се залагала за идеалот Македонија на Македонците.

Со таквата дејнст Организација била пречка за оставрување на замислените планови на балканските држави, отука нивната пропаганда започнала да поприма и друг карактер односно тие почнале да формираат чети и да ги уфрлуваат со што започале борба со Македонската револуционерна организација за контрола на територијата на Македонија.

Први провокации

уреди

Мелничко востание

уреди
 
Трајко Китанчев
Странски пропаганди во Македонија
 

Првата провокација била направена околу година дена по основањето на Македонската револуционерна организација и затоа таа сѐ уште не можела сериозно да се спротивстави.

Организатор на првите чети во Македонија бил Македонскиот комитет подоцна познат како Врховен комитет од Софија на чело со Трајко Китанчев.

Овој Комитет бил организација на македонска емиграција која се залагала автономија за Македонија и тие сакале да го привлечат вниманието на Големите сили за решавање на Македонското прашање но целата акција била злоупотребена од бугарскиот двор и влада [4].

Акција станала позната како Мелничко востание, на воен план завршила катастрофално имало голем број на загинати, ранети и заробени. По акцијата бугарската влада ја откажала поддршката за Македонскиот комитет и почнала да ги собира плодовите од оваа авантура.

Имено во почетокот на 1896 година кнезот Фердинанд I бил признаен за законски владетел на Бугарија од Русија, западно европските држави како и од Отоманското Царство, а Бугарија себеси се претставила како фактор од кој зависи безбедноста и мирот на Балканскиот Полуостров [5]. Меѓутоа таа авантура била преседант за идните акции или како што истакнал Крум Христов:

Трајко Китанчев со својот авторитет ја покривал подготовката на првата престапна авантура на дворот, која отвора цела ера на врховистички престапи кон Македонија [6][7]

Андартска провокација

уреди
 
Четата на Давели

По Мелничкото востание на Македонскиот комитет во 1895 година, грчкиот печат во Атина започнал силна пропаганда за наводна загрозеност на грчките интереси од страна на Бугарите [1].

Се организирале митинзи против Отоманското Царство и се повикувало на оружје за одбрана на грцизомот во Македонија. Кампањата својата кулминација ја достигнала со изјавите на грчкиот крал и грчкиот престолонаследник Констатнтин.

Кралот од своја страна изјавил дека Македонија е загрозена, а не Крит додека пак Константин изјавил дека никој нема да може да ја спречи војната и избувнувањето на револуцијата во Македонија [8].

Во мај 1896 година критските револуционери незадоволни од статусот на островот ја блокирале турската војска во градот Вамос, а тоа било сигнал за започнување на востанието.

Веднаш потоа Етники етерија започнала со праќање на андартски чети во Македонија.

Акцијата била изведена од татктички причини, требало да се одвлече вниманието на Отоманското Царство од Крит и да се насочи кон Македонија за да се подобри положбата на критските револуционери, да се предупредаат турските власти да не праваат отстапки на бугарската пропаганада на штета на грчките интереси, на Европа и Бугарија да им се покаже дека и Грција има претензии кон Македонија и на крај военопсихолошка подготовка на Грците за престојната Грчко - турска војна. Оваа акција на Етники етерија, ја отворила вратата за идните андартски чети.

Втора врховистичка провокација

уреди

Во текот на Грчко-турската војна во 1897 година официрите Јордан Венедиков и Морфов го организирале вториот врховистички продор. Имено тие во Бугарија успеале да убедаат одреден број на Македонци да навлезаат во Македонија.

Била формирана чета под команда на Крсто Захариев, а во четата се нашол и Јане Сандански.

Во април 1897 година четата се нашла во Македонија, таа најпрво поминале низ Кресна, а кај селото Пирин имале судир со аскерот по што се упатиле кон Неврокоп и Банска река, каде што имале уште едена борба. Последниот судир со турскиот аскер, четата го имала кај с. Љапово притоа загинал четникот Никола, а Јане Сандански бил ранет. По овој судир четата се повлекла кон Бугарија, а Јане Сандански по акцијата се заколнал дека додека не дознае како стојат работите со делото нема да стане никому орудие [9].

Сета акција немала реална шанса за успех, имено бугарската влада повеќе не го поддржувала комитетот, а од друга страна пак таа била неутралана во Грчко-турската војна со цел за да добие отстапки од Високата порта во корист на бугарската пропаганда во Македонија.

Борби со врховистите

уреди

Горноџумајско

уреди
Македонска револуционерна
организација (МРО)
 
 
Иван Цончев

Иван Цончев веднаш откако го презел Македонскиот комитет во свој раце започнал со организирење и препраќање на чети во Македонија. Овие врховистички чети биле составени од разни арамии и морално пропаданти луѓе.

Пионири на врховизмот во Македонија биле: Хаљо, Дончо Златков, Иван Карасулијата, Ангел Спанчовалијата, подофицерот Лазов.

Во летото 1901 година од левата и десната страна на реката Струма се нашле две врховистички чети. Едната под команда на капетанот Јурдан Стојанов а другата на чело на Пашалијата. Присуството на овие врховистички чети на територијата на Македонија неминовно воделе кон судир со четите на ТМОРО. Набргу во овеј крај се нашла четата на чело со Сава Михајлов и Јане Сандански и тие ги повикале врховистичките чети на јавен двобој пред населението, но врховистите од своја страна одбиле.

Во октомври 1901 година во селото Лагадош се нашла врховистичката чета на чело со подофицерот Михаил Лазаров [10]. Тој дошол во судир со Сава Михајлов при што бил разоружен и принуден да се врати во Бугарија [11].

Овој судир во Лагадош бил повод за Дончо Златков да се нафрли и врз Горно Џумајско, тој од своја страна испратил неколку заканувачки писма до Сава Михајлов во кој од него побарал да бидаат вратени запленетите врховистички пушки од Лагадош, во спротивно се заканил дека ќе запали се.

Истовремено врховистичите чети презеле разни активности за поткопување на авторитетот на ТМОРО кај македонското население. Врховистите агитирале дека тие ќе доставаат пушки и тоа за безпари, и на тој начин успеале да привлечаат дел од незадоволното население, првенствено она кое дало пари а не добило пушки, кон нив се приклучиле и оние на кои ТМОРО насила им собирала пари како и разни работници на ТМОРО кој на разни начини се огрешиле кон оваа организација.

На тој начин кон ВМОК се придружил Смилјан Димитров, раководителот на ТМОРО од село Падеж, тој кај себе ја прибрал повторно вратената врховистичка чета која била разоружана кај Лагадош [12].

Демихисарско

уреди

Во есента 1901 година во демихисарско се нашле две врховистички чети едната на Дончо Златков, а другата на Касапчето. Тие дошле во судир со четата ТМОРО предводена од дедо Иљо Крчовалијата. При овој судир Дончо бил ранет и се вратил во Бугарија додека пак Касапчето и Ангел Спанчовалијата подоцна биле разбиени на Пирин [13]. Дончо Златков откако ќе закрепне во Бугарија ќе се најде во Петричко и отворено ќе застане на страната на Иван Цончев.

Петричко

уреди
 
Стојко Бакалчето
 
Дончо Златков
 
Иван Карасулијата

Пионир на врховизмот во Петричко бил Стојко Бакалчето, поранешен раководител на ТМОРО во селото Игуменец. Бакалчето во почетокот на 1901 година злопотребил 12 лири на ТМОРО и поради тоа бил осуден на смрт но успаал да ја избегне ликвидацијата и да издејствува помилување [14].

Но овој настан кај Бакалчето предизвикла да се оддалечи од ТМОРО, а кога дознал од весниците за судирот помеѓу ТМОРО и Врховниот комитет, решил да застане на страната на ВМОК и го поканил врховистичкот војвода Дончо Златков да дојде во областа Каршијак.

Таму Дончо на селаните им говорел дека:

Бугарија и Русија ќе помогнат и дека не треба да се даваат пари за пушки, туку секој да каже каква пушка сака и сам да си дојде до границата за да му се предаде. Оставете ги внарешните, тие не мислат за вашата слобода [15]

Во летото 1901 година Дончо со својата врховистичка чета се нашол во областа Каршијак и успеал на своја старана да спечали повеќе раководители и работници на ТМОРО.

Меѓу нив биле: поп Трендафил од Палат, учителот Цоне од Гореме, поп Иван од Долна Рибница и деградираниот војвода на Организацијата Алексо Поројлијата.

Тие здружени со Дончо стапиле во контакт со Врховниот комитет и ја започнале борбата за Петричко со четите на ТМОРО. Дончо и Алексо Поројлијата на измама успеала да го ликвидираат петричкиот војвода на ТМОРО, Кецакаров [16], по што дошле во судир со четата на дедо Иљо Крчовалијата.

Во селото Чуричане, Дончо ги убедувал селаните да ја предадат на Турците четата на Крчовалијата. Во селото Долна Рибница врховистите ја предале здружената чета на Григор Иванов и Атанас Тешовалијата по што тие морале да се повлечат од овој крај.

Струмичко

уреди

Кон крајот на август 1901 година во Струмичко се појавува првата врховистичка чета. На чело на оваа чета стоел Хаљо кој бил поранешен убиец на бугарскиот премиер Стефан Стамболов [17].

Хаљо со себе ги донел двајцата отпадници на ТМОРО, Васил Пеливанов и Иван Карасулијата [18]. Оваа чета броела од 20 - 30 души и успеале да се пробијаат до селото Нивичино.

Во ова село тие стапиле во контакт со Атанас Нивички кои бил раководител на ТМОРО во ова село, од него биле побарана храна и канал за понатамошен премин.

Атанас Нивички не знаел дека станува збор за врховистичка чета, но таа му станала сомнителна и затоа испртил двајца курири со писмо кое требало да го предадаат на првата чета на ТМОРО која ќе ја сретнаат.

Писмото го добил Михаил Герџиков, и тој за четата го известил Гоце Делчев.

Делчев од своја страна издал наредба за протерување на врховистичката чета од територијата на ТМОРО.

Хаљо најверојатно насетил дека му се подготвува стапица и затоа се упатил кон Малешевско и тука со себе го зел разбојникот Петар Уже. Четата на Хаљо била гонета од Атанас Нивички и Михаил Герџиков по што врховистичката чета била принудена да се врати во Бугарија.

Врховистички бази во Македонија

уреди

Кон крајот на 1901 година врховизмот успеал да фати корени и да создаде свој бази во Североисточна Македонија. Според Христо Силјанов речиси сите села во Малешевско, Горноџумајско и Петричко биле под контрола на врховистичките чети. Во врска со првите врховисти во Македонија, Сиљанов истакнува дека ВМОК без помошта на разбојниците и разните декласирани елементи многу тешко би можел да постигне успех, додавајќи дека:

... Дончо и неговите колеги се претходниците и патоводителите, кои ги отворија дверите на Пиринското царство за капетан Јурдан Стојанов, Софрониј Стојанов, Тодор Саев, Лефтеров и другите офицери... за да подготваат едно востание [19]

Горноџумајско востание

уреди
 
Атанас Јанков

Првата активност за започнување на врховистичкото востание во Македонија ја почнал полковникот Атанас Јанков. Во средината на 1902 година, Јанков со голема чета навлегол во Македонија и се движел од Џумаја до Костурско.

Поминувајќи низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и други места, Јанков оставал свои приврзаници и го повикувал населението на востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско.

Во текот на оваа акција на полковникот Јанков во југоисточна Македонија започнало Горноџумајското востание.

Со востанието биле зафатени Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко.

Оваа акција на Комитетот ја ослабнал и сериозно ја загрозил организациската мрежа на ТМОРО.

Меѓутоа треба да се истакне дека Горноџумајското востание успеало да ги раздвижи дипломатите на големите сили околу македонското прашање и да ги предизвика таканаречените Падарски реформи.

Еден дел од историчарите сметаат дека оваа акција на Комитетот придонела Централниот комитет на ТМОРО да го свика когресот на кој било поставено прашањето за востание во престојната 1903 година.

По Горноџумајското востание претседателот на Централниот комитет Иван Гарванов сакал да дојде до помирување со Врховниот Комитет, а Иван Цончев за таквото помирување го поставил условот за кревање на востание во пролета 1903 година.

Борби со андартите

уреди

Германос Каравангелис

уреди
 
Германос Каравангелис

Во 1900 година за костурски митрополит е назначен Германос Каравангелис. Тој успеал да го подкупи во интерес на грчката кауза, војводата Коте Христов давајќи му плата од 10 фунти и школување на неговите децата во Атинската гимназија, а подоцна и самиот Коте заминал во Атина кај грчкиот офицер Павлос Мелас.

Во 1901 година, митрополитот Каравангелис привлекол и други војводи за грчката каузата, а меѓу нив и Вангел Георгиев. Тој ја организирал првата андартска чета, заедно со андарти Јоргос Перакис. Постепено тие постигнале успех во јужните грчки села во регионот на Богатско во како и во негрчките села на север како Лехово, Песодер, Клисура и Бел Камен, а и во некои гркомански села како Желев.

Елиномакедонски комитет

уреди

Во 1902 година Јон Драгумис е испратен во Битола како подконзул, каде што главната задача му е да создава тајни комитети за вооружена борба. Тогаш во Атина се создал Елиномакедонскиот комитет под раководство на новинарот Димитриос Калапотакис.

Тој создал Општи упатства за македонските чети на Високиот совет на Македонскиот комитет. Се започнало со испораката на оружје од внатрешноста на Грција, а во 1903 година пристигнале и првите грчки војводи, доброволци од Крит и Мани.

Истовремено Германос Каравангелис со четата составена од Грци, Албанци, Турци, Критјани и Гркомани, која се состоела од околу 50 души, ги обиколува, Костурско и Леринско продолжувајќи ја агитацијата.

Пенетрација

уреди
 
Четата на Павлос Мелас

Во текот на Илинденското востание, Каравангелис и неговите луѓето се криеле во Костур, а еден дел од нив ја помагаале турската армија. Андартскиот командант Јоргос е убиен во Лехово од Васил Чекаларов.

Коте Христов и Павел Киров успеале да отстранат првиот голем војвода на Македонската револуционерна организација Лазар Поп Трајков и тоа преку предавство. Тие го убиле а потоа неговата отсечена глава ја испратиле на Каравангелис.

По Илинденското востание оргнизацијоната мрежа на МРО била ослабена, а неселението било исплашено.

Каравангелис и Евтимиос Каудис ја продолжиле својата дејност и успеале да вратат некој од егзрхиските села под јурисдикција на Цариградската патријаршија, а со помош на турските власти успеале да ги затворат егзархиските училишта во Костур.

Разузнавачка андартска мисија

уреди

Елиномакедонскиот комитет во согласност со владата на Теотокис во март 1904 година испратиле официјална разузнавачка андартска мисија во Македонија, составена од 4 офицери. Офицерите подоцна испратиле извештај во кој истакнале дека во постојните услови борбата е можна, ваквото стојалиште било усвоено од грчката влада.

Преминување на андарстките чети

уреди

Потоа започнале подготовки во Македонија и Грција за преминување на андартски чети, а тие во есента 1904 година се нашле на територијата на Македонија. Андартските чети добиле задача да по секоја цена и со сите средства да бидат уништени комитетите на Македонската револуционерна организација по селата, а на нивно место да бидат создадени грчки комитети преку кој ќе се држи грчкиот патриотизам.

 
Четата на Капитан Вардас

Грчките чети добиле наредба да не го напаѓаат турското население, туку и да го заштитуваат. Елиномакедонскиот комитет и грчката пропаганда уште од порано како што бил случајот со Андартската провокација, пропагирале дека:

грчките чети немаат цел да се борат против турскиот режим во Македонија [20]

Основаната задача на грчките чети била по пат на закани и убиства да се принуди македонското егзархиско население да ја признае Цариградската патријаршија. Обично пред да биде употребена сила андарите испраќале закани до населението во кој биле предупредувани:

Ако по десет дена не станете Грци, повеќе не надевајте се да живеете[20]

Андартите вршеле и одмазда врз населението кое уште одамна се откажало од Цариградската патријаршија или пак зошто учествувало во редовите на Македонската револуционерна организација.

Крвава зеленичка свадба

уреди

Нападот на селото Зеленич се случил во токот на 1904 године и е познат како Крвава зеленичка свадба. Овој напад е првото вооружено насилство врз невиното селско население[21] . Поводот за напоадот била свадбата на внуката на егзархискииот свешеник од селото. Во октомври 1904 година четата на војводата Митре Панџаров-Влаот водела борби против андртите предводени од Павлос Мелас, кај село Нерет. Во тие борби загинале неколку селани и тројца андарти. Истиот месец војводата Панџаров успешно ја намамил турската војска во селото Слатица(Сачишта или Сјатиста), каде биле андартите, на чело со Павлос Мелас. Загинале повеќе андарти меѓу кои и Павлос Мелас, најперспективниот и најомилениот капетаниос на Каравангелис. Затоа Каравангелис подготвил голема одмазда. Разбрал дека внуката на поп Ѓорѓи од селото Зелениче ќе се венча со синот на богатиот трговец Трифун Гечев од селото. Решил со неговите андарти да ја окрвави свадбата и да се одмазди за загинувањето на Павлос Мелас, а да му се освети и на поп Ѓорѓи што повеќе од 20 години во Зелениче не влегол грчки поп и грчки учител. Крвавото злосторство на грчките банди на Каравангелис се случило во ноќта на 13.11.1904 година. Биле убиени или заклани 13 селани, меѓу кои братот на Трифун,Стојан Гочев (44) и неговиот син Глигор Гочев (19), а тројца биле тешко ранети.[22].

Нападот на Загоричани

уреди
 
Рушевини на селот Загоричани по нападот на андартите

Нападот се случил на 25 март 1905 година, а бил извршен од страна на 300 андарти под команда на капетанот Вардас (право име Георгиос Цондос (Γεώργιος Τσόντος).

Во текот на нападот, селото Загоричани (денес Василијада) кај градот Костур, било запалено и биле убили 79 селани [23]. Според некој други извори 62 биле убиени, а 6 ранети [24].

Постојат ставови дека нападот на Загоричани бил еден од почетоците на етничкото чистење на јужниот дел на Македонија, кој андартите го започнале по Илинденското востание [24].

Повод за нападот било присуството на дејците на Македонската револуционерна организација во Загоричани, кој претходниот ден имале советување во окололината на село.

Меѓутоа Д-р Александар Трајановски од Институтот за национална историја на Македоније, кој се занимавал со истраживање на нападот врз Загоричане, истакнува во својата книга Андартскиот колеж во Загоричани, дека нападот бил долго планиран и тој наведува документи од британскиот архив, кој индирекно укажуваат дека нападот бил поддржан од кајмакамот и патријаршиските митрополити од Костур и Лерин [24].

Според Трајановски, кога митрополитот Каравангелис ја добил информацијата за подготовка за напад на селото му дал на Капетанот Вардас список на оние селани кој се патријаршисти за да бидат поштедени [25].

Кулминација

уреди
 
Четата на Тане

Покрај нападите врз егзархиското македонско населени, вооружената грчка пропаганда спроведувала и разни терористички акции и убиства низ градовите, а за секое убиство извршителите добивале специјална награда од Внатрешниот комитет.

Успехот на грчката вооружена пропаганда се должел првенствено бидејќи зад сите акции стоела грчката држава, а дополнително влијаел ставот на Отоманското Царство кон андартските чети како и благонаклонетоста на турското население бидејќи официјално четите истакнувале дека дошле да се борат против Македонската револуционерна организација.

Според некој податоци во пролета 1905 година во Битолскиот вилает дејствувале околу 800-1000 андарти, а од почетокот на акциите па сè до пролета 1905 година грчко-турската граница ја минале 2 800 андарти од кој голем дел од нив биле со потекло од Крит.

Сето тоа придонел да се отвори нов фронт против Македонската револуционерна организација која била принудена на север да се бори против Српското четничко движење, а на југ со андартите.

Затишје

уреди

Во 1908 година постепено замира андартското движење. По Младотурската револуција грчките андарти го оставиле оружјето и преминале во легалноста.

На 21 септември 1908 година една гркоманска банда од селото Лески, Серско напаѓа свои соселани егзархисти и притоа биле убиени петмина, од кои три жени, а двајца други биле повредени. Погромот е организиран од страна на локалниот гркомански свештеник Георги Хариштев. По тој повод бугарскиот трговски агент во Сер истакнал:

По грозните убивства ... може да се каже, дека тоа дело е завршено и последните егзархиски куќи во селото остануваат само со вдовици и сирачиња [26]

Кон крајот на 1908 година се активирале повторно подготовките и пренесувањата на грчки чети во Македонија. Сета акција била раководена од атинскиот андартски комитет, наречен Сегрчка организација, предводена од полковникот Панајотис Дангли.

Борби со Српското четничко движење

уреди

Пенетрација

уреди
 
Српска чета

Првата српска чета била формирана по Мајскиот преврат од страна на Милорад, Васе Јовановиќ и Лука Ѓеловиќ. За војвода на оваа чета бил поставен Илија Славе, а за негов помошник бил назначен Ангелко Алексиќ кој бил со потекло од Гостиварско.

Првите чети биле формирани од Македонци и тоа од Кратовско, Кумановско и Порече. За водачи на четите во почеткот биле поставувано старите арами, постепено биле назначуваи и офицери од српската војска, а за прв српски војвода во Македонија бил назначен Мицко Крстевски.

Прв организатор на четничка акција на теренот бил Аксентије Бацетовиќ. Тој воспоставил два горски штаба за Источното и Западното Повардарије, ваквата поделба останала сè до Балканските војни.

Први раководители на овие горски штабови биле полковникот Илија Јовановиќ-источно поварадрие и капетанот Сретен Рајковиќ за западното повардарие.

Раководителите на горските штабови биле бирани од младите офицери кој сакале да учествуваат во движењето, а тие морале да поднесуваат извешатии до Централниот комитет.

Ранетите и болните четници кој не можеле да бидат префрлени во Србија биле згрижувани по србоманските села во Македонија, а просториите на српскиот конзул во Скопје, др Михаил Шушкаловиќ ги лекувал со што почнало да егзистира илегална четничка болница.

Четниците исто така биле лечени и во интернатот на српската гимназија во Скопје, а биле прифаќани и од српските хуманитарни друштава како што биле: Српски браќа и Коло на српските сестри.

Борби во Скопскиот вилает

уреди

Во периодот 1901-1903 година, а особено по Илинденското востание и Мирцштешките реформи, српската пропаганда неколкупати се обидела да создаде свој вооружени чети на територијата на Македонија [27].

Една од најголемите пречки за продор на српските чети била Македонската револуционерна организација и нејзините чети кој не дозволувале на нејзината организациска тероторија какви било други вооружени чети ако не припаѓале на Организацијата.

Во 1903 година офицерите Петар Пешиќ и Воислав Танкосиќ се преоблекле како трговци со жито и така патувале низ Македонија. Нивната цел била да се запознаен со теренот и да агитират меѓу тамошното население.

Особен успех постигнал Танкосиќ тој во 1904 година создал канали за оружје и муниција на релацијата Врање-Скопје-Прилеп-Битола-Порече со што го олеснил навлегувањето на српските чети.

Во 1904 година Милорад Гоѓевец и Лука Ѓеловиќ ја создале првата чета која се состоела од 23 четника на чело со Ангелко Алексиевски (иќ) родум од Мидинци кај Кичево, а таа била предвидена за Порече.

На 12 мај таа заминала од Белград, а во Врање чњтниците до 21 мај биле обучувани. По обуката, четата била упатена кон Македонија, а за нејзниното преминување преку границата биле задолжени капетанот Рафајловииќ, мајорот Крсте Смилјаниќ и капетанот Добривое Павловиќ, главен предводник им бил идниот велешки војвода Василие Трбиќ.

Четата на 25 мај се нашла кај реката Пчиња, притоа војводата Алексиќ убил еден албанец бидејќи не сакал да ги пренесе преку реката, а за тоа дознал кајмакамот на Куманово и веднаш била испратена потера. Кај селото Четирци биле опколени и четата била уништена.

Четата на Мицко

уреди
 
Просрпските војводи Јован Довезенски и Мицко Крстевски и двајца четници

Меѓутоа набргу била создадена нова српска чета. Во Самоков се собрале српски свештеници, учители и претставници на србомаските села, по договорот кој бил склучен двојца селани однеле писмо на српскиот конзул Станојевиќ во Битола, барајќи од него оружје, пари и тајно испраќање на Мицка како нивни водач.

Конзулот ги одбил, не сакал да слушне ниту за четите ниту за оружјето. Но на излегување од конзулатот тие биле пресретнати од конзуларниот службеник Саватие Милошевиќ (подоцна српски четнички војвода), тој им дал 60 наполеона и им ветил дека ќе го организира бегството на Мицко [28].

На 18 април Мицко ја напуштил Битола и преку Прилеп заминал за Поречието. Сето бегство било орагизирано од страна на Саватие кои и ветил дека тоа ќе го стори.

На раскрсницата на крушевскиот и прилепскиот пат, Мицко бил пречекан од Вељо Шоповски кој го однел во селото Крапа и го сместил во куќата на српскиот учител Дукиќ. Таму Мицко го соблекол оделото и ја облекол бела поречка народна носија. Неколку дена подоцна му се придружиле 6 четници со што била создадена првата вооружена српска четничка чета на територијата на Македонија, а Мицко се ставил во служба на српската пропаганда.

Мицко како искусен војвода во почетокот избегнувал поголеми судири бидејќи од една страна српската вооружена пропаганда во Македонија била во својот зародиж, а од друга страна тука биле четите на ТМОРО од кој можел да настрада. Мицко со својата чета го привлекол вниманието на самата Организација која протестирала во Белград за таквата акција.

Меѓу другото бил задолжен Георги Герџиковиќ заедно со Христо Узунов да го поканат Мицко да се покори на Организацијата, а тие тоа и го направиле.

Меѓутоа наспроти тоа војводата Мицко ја засилил својата активност и неговата чета се зголемила на 30 души. Поради ваквото држење на Мицко Крстевски, војводата Ѓорѓи Сугарев почнал да ја проследува неговата чета.

Организацијата подготвила план за опколување на српската чета во Порече. Затоа Петар Ацев отишол да се поврзе со Сугарев, а тој најпрво поминал низ Крушевско земајќи го со себе Ѓурчин Наумов, а во селото Горно Дивјаци добил извествување да ја мобилизира селската милиција која требало да чека кака резерва во евентуалната борба со Мицко.

Потоа дошло до судир во Црешнево, имено Мицко му поставил заседа на Ѓорѓи Сугарев меѓутоа тој успеал да се извлече. По заседате Мицко се префрлил на левата страна на Треска и се спуштил на југ.

Организациските чети следејќи го Мицко се собрале во селото Слатино. Во исто време таму дошол и Даме Груев со неколку селски милиционери. Мицко тогаш ги предал здружените чети, дошол аскерот започнала престрелка, четата успела да се извлече но Даме Груев бил ранет и останал во селото.

Следниот ден дошол Мицко и го заробил Груев и започнала едномесечна заложичка драма. Меѓутоа Мицко морал да го ослободи раководителот на Македонската револуционерна организација, но целото случување имало силен удар врз македонското револуционерно движење или како што истакнал Свештеникот Тома Николов, кој бил раководител во Кичевско дека:

Паѓањето на Даме во рацете на Мицко беше голем морален удар за Организацијата. Тоа најмногу го почувствував јас во Кичевско кога српскиот свештеник ренегат Мисаил... надмено се шеташе по чаршијата во Кичево и се фалеше нагоре-надоле пред граѓаните, дека Даме ранет се наоѓа во нивни раце и тој испратл медикаменти од Кичево за негово лекување[27]

Грабнувањето на Даме Груев била првата голем успешна акција на вооружената српска пропаганда во Македонија, а четата на Мицко го отворила патот за другите чети кој набргу се нашле во Македонија.

види: Мицко Крстевски и Грабнување на Даме Груев

Засилување на борбите

уреди
 
војводата Јован Бабунски

Од почетокот на август 1904 година биле префрлени нови чети на Скопска Црна Гора, околината на Прилеп, Струга. Во средината на август границата ја минале уште две нови чети за Козјак, а во првите денови на септември навлегле уште 7-8 серпски чети.

Четите на левата страна на Вардар се бореле со вооружените сили на Турците додека пак на десната страна со четите на Македонската револуционерна организација.

До средината на 1904 година биле формирани уште четири српски чети во Македонија. Во периодот од 1905 до 1907 година продолжило префрлањето на четите, меѓутоа сега под команда на офицери и подофицери од српската војска (сега по примерот на Врховниот комитет), а српските чети ја продолжил борбата на левата страна на Вардар и биле засилени српските позиции во Порече.

Првиот горски штаб бил формиран во Источното Повардарие на планината Козјак, а преку манстирот Св. Прохор Пчински биле одржувани врски со Врање.

Игуменот на манастирот Владимир и неговиот епироп Ковачевиќ навремено го известувале Горскиот штаб за движењто на турските и македонските чети, а исто така ги засолнувале ранетите и болните српски четници.

На 8 април 1905 година, четите при првиот горски штаб на Западното Повардарије на чело со капетанот сретен Рајковиќ - Рудички и новоименуваниот војвода Јован Бабунски, ја минала границата. Двете чети имале по 35 души, а после 15 дена успеле да го минат Вардар на мостот кај Зелениково.

Капетанот Рајковиќ го формирал Горскиот штаб во Порече кој бил погоден за седиште од две причини:

а) таму немало колски патишта, па транспортот од поголема тежина бил вршен со магариња и коњи, и поради тоа турската восјка избегнувала да влегува
б) од 40 поречки села, само Локвица била егзархиска.

Раководители на Горскиот штаб за Источното Повардарије биле: Илија Јовановиќ - Пчински, Аксентије Бацетовиќ - Бацета, Војин Поповиќ - Вук, Мијал Ристовски (иќ), Алимпије Марјановски (иќ), Александар Благоев (иќ) - Кочански, Светозар Ранковиќ - Тоза.

Во Западното Повардарије раководители биле: Сретен Рајковиќ - Руднички. Панта Радосавлевиќ - Дунавски, Павле Блажариќ - Бистрички, Душан Димитријевиќ, Сава Петковиќ, Маринко Алескиќ - Маша, Никола Јанковиќ - Косовски и поручникот Неделковиќ.

Оваа концетрација на срски чети неминовно воделе кон судир со Македонската револуционерна организација и осмалиската војска за контрола на теренот.

Така што дошло до голем број на судири. На 14 март 1905 година кај селото Табановце била опколена четата на Владо Ковачевиќ која броела 25 души, во овој судир загинале 11 четници.

Потоа доаѓа до битките кај Челопек (Кумановско), Вуксана, Китка, Бељаковце, Страцин, Јачинце и Стрновац.

До 1905 година во борбите загинале околу 170-180 четници и девет војводи: Ангелко Ангеловиќ, Саватије Милошевиќ, Павле Младеновиќ, Аксентије Рујанац, Ѓура Иванишевиќ, Михаило Петровиќ, Петко Илиќ, Јаким Младеновиќ и Љубомир Језиќ.

Меѓутоа во овие борби големи загуби имала и самата Македонската револуционерна организација.

Во борбите во 1907 година таа изгубила околу 100 четници и шест војводи, а во текот на Младотурската револуција според турските извори имало околу 110 чети на Македонската револуционерна организација, 80 андартски чети, 20 српски и 8 влашки чети. Таквото присуство на теренот како и големите загуби придонеле српските чети да не можат да го оствараат својот план, односно не успаела да ја контролираат територијата на Македонија.

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  2. Устав на ТМРО на викиизвор.
  3. Nacije i drzave u jugoistocnoj Evropi
  4. Независно од злоупотребите на бугарскиот двор и влада, македонскиот комитет е организација на македонската емиграција во Бугарија. Во неа членувале Македонци, а помалку Бугари. Повеќето од нив биле искрени македонски патриоти. Меѓутоа, во МК се вовлекле доверливи луѓе на бугарската политика, разни профитери, кариеристи, авантуристи, случајни сопатници, квазипатриот, дури и арамии. Инволвирањето на таквиот профил во МК, се одразило на неговата активност, а посебно врз македонското ослободително дело и МРО.... види Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт...187
  5. За некој, Кнезот и владата биле измамници, а Македонците измамени, Фердинанат и владата си подиграле со патриотските чувства на Македонците... Ванчо Ѓорѓиев,Слобода или Смрт... 202
  6. Крум Христов,Гоце Делчев,Софија 1955,109
  7. Според некои смрта била придизвикана од сознанието дека македонското дело со кое раководел Китанчев е злоупотребено и изманипулирано од бугарскиот кнез. Навистина тоа се случило откако бугарските власти ја затвориле границата и почнале преследување на македонските чети
  8. Р. Поплазаров, Великогрчката политика на Кралството Грција спрема Македонија во втората половина на XIX век
  9. Спомени на Яне Сандански..., 12
  10. Х. Силјанов, цит, дело, т1, 161
  11. Спомени на Сава Михајлов..., 87-88
  12. Спомени на Сава Михајлов..., 89
  13. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 142
  14. Спомени на Христо Куслев..., 120
  15. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 143
  16. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 145.
  17. Ефтим Спространов, Дневник..., т.1, 49.
  18. Спомени на Михаил Герџиков..., 31.
  19. Х. Силјанов, цит. дело, т.1, 161
  20. 20,0 20,1 Историја на Македонскиот народ, книга втора, издава НИП Нова Македонија - заедница за издавачка дејност: книги, периодика и публицистка - Скопје, Скопје, 1969
  21. [1] Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопље 2004. године, страна 108
  22. [2] Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопље 2004. године, страна 111
  23. МАКЕДОНСКАТА БОРБА (СПОМЕНИ), Германос Каравангелис, Превод са грчког: Илија Корбец, Издавач: ИК „Синева” Софија, 2001.
  24. 24,0 24,1 24,2 [3][мртва врска] Текст чланка под називом "Грчки покољ у Загоричанима"
  25. [4] Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопље 2004. године, страна 109
  26. Даскалов, Георги. „Българите в Егейска Македония, мит или реалност“, Македонски научен институт, София, 1996, стр.88.
  27. 27,0 27,1 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
  28. Коџа, Четнички споменик, Војвода Мицко, живот и рад, Скопље, 1930

Литература

уреди

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди