Битката кај Слива е една од борбите со која илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република. Тоа е битка со која педесетина востаници, предводени од војводите Ѓорѓи Стојанов и Диме Смугрев, на 12 август 1903 година речиси до последен човек ја извршувале наредбата што подолго да го запрат налетот на турската војска.[1]

Битка кај Слива
Дел од Илинденското востание
Месноста Слива, каде се одиграла една од најзначајните битки во Илинденското востание
Месноста Слива, каде се одиграла една од најзначајните битки во Илинденското востание.
Датум 12 август 1903
Место Слива, близу Крушево
41°23′N 21°13′E / 41.383° СГШ; 21.217° ИГД / 41.383; 21.217

Најголемиот дел од нив биле речиси деца, со неполни 16-17 години, кои доброволно им се приклучиле на востаничките одреди, иако претходно никогаш не држеле пушки в раце.

Тие прво пристапиле во доброволечкиот одред со кој командувал Тодор Христов - Офицерчето, а подоцна влегле во составот на единицата на Стојанов. Благодарение на жртвата на 32 загинати востаници, од Крушево се повлекла главнината на востаничките сили и на цивилното население.

Битката уреди

 
Востаници во Битката кај Слива

Со оглед на саможртвата, стратегиското значење и последиците, ова битка е на исто ниво како и Битката кај Мечкин Камен.

Оваа чета била практично жртвувана за да се спаси Крушево. Во стратегијата на војувањето се познати многу примери кога се решава помалиот дел од силите да се жртвува за да се спаси главнината од силите. Ова битка беше токму таков случај. Тие востаници ја прифатиле наредбата и ги жртвувале сопствените животи.

Главниот штаб на крушевските востаници решил да ја испрати оваа чета на Слива откако било проценето дека од тоа место најдобро ќе може да се запре дваесетилјадната турска војска која тргнала да го задуши Илинденското востание. Со надморска висина од 1.357 метри и тесен простор за поминување, геостратегиската позиција на местото била таква што востаниците, вкопани во ровови, можеле долго да се бранат. Од тој правец, од Кичево и селата Долно Дивјаци, Селце и Норово, кон Крушево се упатиле 3.080 добро вооружени турски војници, кои требало да бидат запрени. Востаниците цело време пукале само од пушки. Кога им снемувало куршуми, ги земале од своите загинати соборци. Турците им се доближувале и до десетина метри, гласно ги предизвикувале да дојдат да се борат на нож, гради в гради. Забележано е дека меѓу борците имало и една девојка по име Злата, која таму дошла за да не го остави сам својот свршеник. Дури откако останале со по еден куршум, решиле да се самоубијат за живи да не им паднат в раце на турските војници.

На повикот Предајте се, востаниците одговарале со оган. И кога многубројната турска војска ги обиколила последните востаници и навлегла во нивните ровови, тие не се предавале - последната нивна стрелба била управена кон сопствените глави. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови - со истрели во воздух да им оддаде почит. Во Битката кај Слива било запленето и едно од црешовите топчиња што сега се наоѓа во Воениот музеј во Истанбул.

Наводи уреди

  1. Ристо Дамјановски, „Востаната Македонија“, Скопје, 1990.