Етники етерија (грчки: Εθνική Εταιρεία, Национално друштво) — грчка паравоена националистичка организација која дејствувала кон крајот на 19 век во Балканскиот Полуостров. Нејзина главна цел е остварување на Мегали Идејата (грчки: Μεγάλη Ιδέα), односно создавање на голема Грција.

Етники етерија (Εθνική Εταιρεία)
Печат на Етники Етерија
Активна18941897
ЗемјиГрција, (Крит, Македонија и Отоманско Царство
Видпаравоенa-националистичка организација
Команданти
Истакнати
команданти
Бруфе
Чам Помладиот
Давели

Причини за појавување

уреди

За појавата на оваа организација постојат причини. Од една страна била неуспешната надворешна грчка политика и слабото влијание на Грција на Балканскиот Полуостров, намалувањата на расходите за грчката војска кој биле последица од политиката на грчкиот премиер Трикупис како и постојната економска криза.

Во текот на 80-те години на 19 век во Грција била извршена реформа на војската при што се создал млад офицерски кадар од понизок ешалон кој бил добро образуван, тие не се согласувале со лошиот однос на државата кон војската и грчкото општество.

Повисоките офицери во грчката армија дошле преку наследните привилегии и активно се вклучиле во грчката политика преку влегување во некоја партија, меѓутоа новите млади офицери не сакале да се приклонат кон некоја партија, но сакале да имаат по активна улога во политичкиот живот и затоа тие ја создале Етники етерија.

Основање

уреди

Нормативни акти, цел и финансии

уреди

Во август 1894 година офицерите најпрво ја формирале воената лига која на 12 ноември 1894 година се трансформирала во Етники етерија. Физиономијата на организацијата била уредена со три устави.

Првиот устав е од денот на основањето и тој не е познат, вториот устав е од 4.09.1895 година, а третиот од 5.12.1896 година се чуваале во архивата на генералот П. Данглис. И во двата устава како цел на Етники етерија во членот 1 било дека тие работат за:

Разбудување на националното чувство, заштита на интересите на поробените Грци и подготовка за нивно ослободување по секоја цена [1]
 
Географска карта на Мегали идејата - Голема Грција - Елефтериос Венизелос, творецот на Мегали идејата

Тајниот карактер на организацијата се гледа во членот 2. Етники етерија била воено друштво и нејзини членови сè до октомври 1895 година (тогаш бил примен генералот Данглис), само младите офицери, во Етники етерија можеле да членуваат само професионални воените лица, меѓутоа според вториот устав можеле да членуваат и цивили, но воената компонента останала доминантна сè до карој и таа ја определувала дејноста на организацијата [2].

Во членот 5 било истакнато дека основоположниците на организацијата не сакаат да ја претворат во политичка сила и од тука во Етники етерија им било забрането да членуваат припадници на грчкото кралско семејство како и министри од владата, меѓутоа во текот на 1896 година во организцијата влегле истакнати грчки општественици, а меѓу нив се нашле Георгиос Филаретос (политичар и писател), Спиридон Ламброс (професор на Атинскиот универзитет), Николаос Политис (писател), Лукас Беллос (лекар, пратеник), а блиски до Етники етерија биле Димитриос Ралис, Атос Романос, Николаос Левидис.

Според членот 6 секој член на друштвото морал да положи заклетва во име на Бога и татковината, дека ќе работи во интерес на друштвото и нема да преземе нешто во спротивност со целите на друштвото.

Во членот 9 било истакнато дека секој член на друштвото кој бил приман морал да даде не помалу од 5 драхми, а месечната членарина изнесувала од 1 до 3 драхми во зависност од социјалната положба.

По Грчко-турската војна биле проверени сметките на друштвото и од нив се гледа дека располагале со големи финансиски средства.

Првата година располагале само со 245 драхми, следната година сумата се искачила на 2082 драхми, во 1896 година располагале со 80 413 драхми, а финансиските средства до Грчко-турската војна достигнале 1 149 094 драхми.

Најголемиот дел од овие средства биле обезбедени од грчките емигранти, а особено се истакнале оние од Александрија.

Хиерархија и односи со грчкото општество

уреди
Странски пропаганди во Македонија
 

Друштвото било поставено врз строги конспиративни и централистички начела. На чело на Етники етерија стоел еден управен совет од 18 души кој бил главен раководен орган и тој бил задолжен да ги штити интересите на друштвото со сите средства.

Раководното тело понекогаш било нарекувано како Поголемата или Невидливата власт.

За односот на друштвото кон грчкото општество и односот на самото општество кон ораганизацијата постојат две гледишта.

Според едното гледиште, Етники етерија била независна организација и како таква не сакала да се стави во служба на ниедна политичка партија туку служела за интересите на грчката нација. Според дипломатските претставници во Атина:

тоа мистично друштво се поставува над владата

Невидливата влада по привлекувањето на клучните личности од политичката и духовната власт, почнала да игра улога на најважен фактор во внатрешната политика. Според ова гледиште Грчкиот премиер Делијанес се обидел но не успеал да ја контролира Етники етерија.

Според другото гледиште, иако Етники етерија се претставувала за независна организација таа бил под контрола на грчкиот крал и како таква таа работела во негов интерес [3].

Источно прашање

уреди

Прва акција

уреди

Во 1894 година започнала Ерменската криза со што повторно се разгорело Источното прашање, а ведна потоа започнува и востанието во Крит.

Сето тоа влијаело врз идната дејност на Етники етрија. Треба да се истакне дека нема конкретни податоци кој би укажале на контакти меѓу членовите на Етники етерија и критските востаници од друга пак страна самата организација била насочена кон Македонија поради што дипломатскте претставници во Атина ја нарекуваат Македонски комитет [4].

Македонија имала предност поради успехот на Бугарската пропаганда и ослабените позиции на Цариградската патријаршија.

Во февруари 1896 година при друштвото биле формирани разни комисии кои требало да соберат материјали за проучување на Македонија од секоја гледна точка [5].

Во летото 1896 година Етники етерија ја организира својата прва вооружена акција која е позната како Андартска провокација.

Целта на акцијата е да се подобрат грчките позиции во Македонија и да и се покаже на Европа дека и Грците имаат свои права и интереси во оваа земја.

Мешање во надворешната политика

уреди

Критското прашање

уреди

По ерменските масакри во септември 1896 година доаѓа до раздвижување на европската дипломатија и Источната криза ја достигнала својата кулминација.

Во Грција на преден план излегло прашањето како таа криза да се искористи за сопствени интереси. Од своја страна грчката влада се стремела да ја стабилизира политичката и економската ситуација и се обидела да изнајде компромисно решение за надворешниот долг, меѓутоа за Етники етрија главно прашање националните интереси.

 
Островот Крит во 1861 година

Друштвото се изјаснило како противник на попустливата политика на влада, како што тие ја оцениле, владата сакал да одржува добри односи со Отоманското Царство.

Грчкиот премиер Делијанис и неговата влада направиле обид да се спротивстават на растечкото влијание на Етники етерија и националната хистерија кое ова друштво го ширело.

Премиерот бил дури и на мислење да создаде свое друштво кое ќе се спротивстави на самата Етника етерија. Имало обиди за притисок врз грчките политичари и општестевеници кој ја поддржувале ЕЕ, меѓутоа без успех.

Етники етерија од своја страна во голема мера го контролирала атинскиот печат и преку него влијаела врз општестевното грчко мнение, постојано се повикувало на воени акции и се организирале антитурски митинзи.

Раководителите Етники етерија не сакале војна со Отоманското Царство тие поскоро посакувале да ги принудат Големите сили на отстапки.

Етерија сакала да го искористи критското прашање за да докаже дека на грчката држава и се потребни воени подготовки за да нема одстапувања пред националните интереси.

Друштвото го користи критското прашање и во август 1896 година, тоа испратило 30 воени офицери и 20 подофицери кој влегле во контакт со раководителите на критското револуционерно движење, ги снабдиле со муниција и оружје и учествувале во борбите со Турците.

Има претпоставка дека под влијание на Етники етерија дошло до промена на барањата на грчкитр востаници, тие од автономија на Крит побарале присоединување на овој остров кон Грција.

Етерија најверојатно успеала да ги убеди раководителите на критското востание дејка има голема сила и влијание, неуспешните реформи на Крит во втората половина на 1896 година, неподдршката на грчката влада како и задлобочувањето на Источната криза сè на сè довеле до промена на целите на критското движење.

Критското движење во согласност со Етерија истакнало дека се залага за присоединување на Крит кон Грција. Некој историчари сметаат дека во почетокот на 1897 година, Етрија контролирала голем дел од општетственото мнение, голем дел од политичарите во Грција, Етарија успеала да добие и доминантна улога сред криткото движење.

Кулминација

уреди

Насилствата над христијаните во Хана како и во другите градови на островот придонеле да се разгорат страстите во Атина и да дојде до промена на грчката официјална политика кон критското прашање.

Во армијата започнал силен ентузијазам за да се направи нешто за да дојде до национално обединување. Таквите случувања во армијата го натерале грчкиот воен министар во заминување да му пренесе на бугарскиот дипломатски претставник Димитров дека грчката армија е толку раздвижена од критските настани што би можела да се нафрли врз Турција и да предизвика војна, која грчката влада не ја сакала.

Меѓутоа под притисок на военото, опозициското и општествено мнение, грчката влада морала да се согласи на испраќање на два воени кораба за Крит.

Веќе во почетокот на 1897 година Етерија ја има целосната поддршка на грчкиот двор и влада за започнување на дејсвтија. Во март Делијанис на префектите во Лариса и Трикала како и на командантот на армијата во Теалија, генералот Макрис да не се преземаат никакви акции против четите на Етрија, туку напротив на секој можен начин да им се даде поддршка.

Грчката влада на воениот министер му предложила на Етерија да ѝ даде 1 милион патрони за пушките. Од своја страна грчкиот премиер Делијанес го запрашал друштвото како би можел уште да и помогне на самата организација.

Четите на Етники етерија кој се готвеле да дејствуваат во Македонија и Епир се организирале со содејство на управниците и било договорено точното место кое ќе го заземат овие чети при распоредувањето на грчката војска.

Од тој момент грчката влада тргнала кон падот кој довел до војна со Отоманското Царство, иако реално Грција не била подготвена на таква војна.

Грчко-турска војна

уреди

Големите сили го направиле последниот обид за избегнување на војната и затоа тие на 2 март 1897 година се произнеселе за полна политичка автономија на Крит меѓутоа требало да се запази суверенитетот на турскиот султан но војната била неизбежна.

Грчката војска под команда на полковникот Васос го објавиле во името на грчкиот крал, присоединувањето на Крит кон Грција [6].

Повод за започнувањето на војната е навлегувањето на четите на Етрија на османска територија, а според бугарскиот дипломатски претставник тие навлегле во согласност и содејство на грчката влада.

Овие чети во почетокот успеваат да напредуваат но при средбата на редовната турска армија се принудени да се повлечат. Таквите судири кои започнале на 16 април постепено се претвориле во воени дејствија.

Грчката армија била поделена на два дела, во Тесалија под команда на грчкиот престолонаследник Константин и Епир под команда на генералот Манос.

Освен редовната армија во воените дејствија учествувале и четите на Етники етерија со јачина од околу 6.000 души, грчки доброволци од околу 9.000 души кој не успеале да стигнат на бојното поле, а имало и доброволци од странство околу 3.000 гарибалдици, Англичани и Французи.

Меѓутоа, грчката армија не била подготвена за оваа војна и Грција била поразена по што бил потпишан мировен договор на 04.12.1897 година. По неуспешната војна новиот грчки премиер Теотокис ја растурил Етники етерија.

Значење

уреди

Етника етерија се појавува во услови на економска криза и политичка затегнатост во Грција. Она што е интересно е дека таа уште од самиот почеток се декларира за самостојна организација чија цел е заштита на грчките национални интереси.

Воедно, Етерија е организатор на првата грчка вооружена акција во Македонија и може да се каже дека самата Етерија е еден од главните причини за започнувањето на Грчко-турската војна.

Ако се земе предвид сè на сè, Етерија направила голем број на преседани кој во иднина ќе бидат дел од внатрешната и надворешната грчка политика.

Од една страна со појавата на ваквата организација во политичкиот живот на Грција ја отворила Пандорината кутија за појава на нови слични такви организации во иднина со што грчкото општество добивало милитаристички дух, а на штета на демократијата, од друга страна пак Етерија ја започнала борбата за Македонија, односно го започнала андартското вооружено дејствување во Македонија.

Ако во поранешниот период островот Крит бил централното надворешно прашање, од тогаш натаму Македонија сè повеќе станувала актуелна за грчката политика, иако никогаш заборавена, сето тоа ќе кулминира со бројните андартски чети и поделбата на Македонија по Балканските војни.

Извори

уреди
  1. Δαγκλής, Π. Αναμνήσεις – έγγραφα – αλληλογραφία. Το αρχείο του. Επιμέλεια Ξ. Λευκοπαρίδη, τ. Α, Αθήναι, 1965, σ. 136; Γενικό Επιτέλειο Στρατού, Ο Ελληνοτουρκικός πόλεμος του 1897, Αθήνα, 1993, σ. 317. според текстот на устава от 1896 г. публикуван во Γενικό Επιτέλειο Στρατού, Ο Ελληνοτουρκικός πόλεμος..., σ. 315–317
  2. Γιανουλόπουλος, Γ. Η ευγενής μας τύφλωσις...“..., σ. 36–52
  3. Р. Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија...24.
  4. ЦДИА, ф. 176, а.е. 916, л.16, а.е. 1049, л. 1; Austro-Hungarian Documents..., p. 46
  5. Δαγκλής, Π. Αναμνήσεις – έγγραφα – αλληλογραφία…, σ. 138
  6. Трайкова, В. Етники етерия..., с. 162–168

Поврзано

уреди