Бел Камен (Леринско)
Бел Камен грчки: Δροσοπηγή, Дросопиги; до 1928 г. Μπελκαμένη, Белкамени[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на истоимениот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 239 жители (2011).
Бел Камен Δροσοπηγή | |
---|---|
Новата црква „Св. Троица“ | |
Координати: 40°41.21′N 21°27.15′E / 40.68683° СГШ; 21.45250° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерински |
Општина | Лерин |
Општ. единица | Кучковени |
Надм. вис. | 1.120 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 239 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 531 00 |
Географија
уредиСелото е сместено 13 км јужно од Лерин, на Нередска Планина. Лежи на левиот брег на Белкаменска Река, во подножјето на врвот Вич над селата Долно и Горно Котори.
Историја
уредиВо Отоманското Царство
уредиБел Камен првично било чисто македонско село, напуштено кон крајот на XVIII век поради поради зулумите на разбојничките банди.[3][4]
Селото е обновено во 1844 г. од Албанци христијани (Тоски), преселници од селото Пеликат во Коничко, Епир, како и малобројни влашки семејства, исто така од Епир.[4][5] Во октомври 1842 г. браќата Георгиу и мајката на синовете на Стерљос од Пеликат добиле тапија за набавка на половината од земјиштето наречено Бел Камен, од неговиот сопственик Осман Исмаил-паша од Лерин за 5.000 гроша. Купувачите му платиле и уште 150 гроша на леринскиот управител Елма-бег и се задолжиле да плаќаат десеток на „законитите господари на земјата“. Другата половина од земјиштето на Бел Камен е купена од Костас Комацулис и Михаил Коте, но документот не е зачуван и цената е непозната. Четворицата купувачи делувале во името на многу семејства од Пеликат и од други села во Колоња (денес во Албанија), кои решиле да се иселат поради зулумите и тиранијата на месните муслимани.[6]
Селото е изградено со правилен план, па дури и со канализација, која е зачувана и денес. Куќите биле големи и направени од камен, и имале два или три ката, камени покривни плочи и внатрешни дворови, а улиците биле широки[6] и поплочени.[7] Во 1853 г. на големиот централен плоштад е изградена црквата „Св. Троица“.[5][6][7] Грчката пропаганда почнала да работи рано, бидејќи училиштето е изградено уште во 1864-1868 г.[5][7], иако грчките чувства на населението веројатно се развиле уште додека биле под пропаганда во Епир. Жителите ги долене своите традиционални занаети од Епир и претежно се занимавале со градителство, каменоделство[6] и копаничарство.[5] Работеле обично на печалба,[6] онаму кајшто се барале нивните услуги — во Негуш, Бер, Кожани, Серфиџе,[5] но работеле и во Романија, а некои дури и во Русија. Тајфата на Јоанис Стилијанидис (Стилијанос, Стилос) го изградила манастирот „Симонопетра“ на Света Гора.[5][6] Истата тајфа од 1881 до 1900 г. ја изградила големата главна црква на рускиот светогорски скит „Св. Андреја“.[5] Мајсторите од Бел Камен се одговорни за изградбата на бројни училишта, банки, цркви, мостови и куќи во Леринско. На пример, убавите камени зданија во Невеска се нивно дело.[6] Селото дало многу зографи — Стерјос и Томас Зографос, Атанасиос и Харисиос Харисис, Константинос Ѕјаѕиос, Анастасиос Стилијадис и Стилијанос Стилијадис (1850 – 1910), познат како Силјианос Зограф.[5]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ за 1873 г. Бел Камен (Bel kamen) е наведен двапати — еднаш како село во Леринската каза со 80 домаќинства и 260 жители Македонци и вторпат како село во Костурската каза со 100 домаќинства и 310 жители Албанци, што веројатно е точниот податок.[8][9]
Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) напишал опис Бел Камен, но испуштајќи го албанското население:
„ | Источно од Невеска и североисточно од Клисура, на 5 1⁄2 часа растојание се наоѓа новооснованото село Бел Камен. Во него има 12-14 влашки куќи. Жителите се сточари и чергари; има изобилство од вода; населението секојдневно се зголемува. Во селото има една мала црква и свештеник.[10] | “ |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Бел Камен имал 560 жители Арнаути и 100 жители Власи.[11] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото живееле 100 Власи и 560 Албанци и работело влашко училиште со двајца учители и 26 ученици.[12]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бел Камен се води како мешано албанско-влашко село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 130 куќи.[13]
Според грчки податоци во Бел Камен имало 150 „албанојазични“ и 55 „влахојазични“ семејства со грчка национална свест. Сите жители биле приврзаници на Цариградската патријаршија и селото било упориште на гркоманските андарти кои војувале против македонските чети на МРО.[6][7]
Во Грција
уредиВо Првата балканска војна во 1912 г. селото е окупирано од грчка војска. Во Втората балканска војна на почетокот на јули 1913 г. грчката војска ја поразила Зборната партизанска дружина на Македонско-одринските доброволни чети, во што загинал и нејзиниот командант Васил Чакаларов. По војната, истата 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 1.364 жители. Во 1920 г. бројот опаднал на 770 лица поради иселување во странство.[3]
Во 1926 г. со средства на Шумската управа е изградена нова двокатна училишна зграда со четири училници.[6] Во 1928 г. во селото живееле 752 лица. Истата година Бел Камен е преименуван во Дросопиги, што значи „студен извор“.[14] Изграден е и голем камен мост, широк 4 м. и покриен со калдрма.[6]
Пред почетокот на Втората светска војна во 1940 г. селото броело 765 жители; оваа стагнација и намалување се должеле на фактот што ѕидарскиот занает на населението подразбира постојано преместување во други градови и земји кајшто има работа.[3] На 3 април 1944 г. германските единици, доаѓајќи од Горно Котори, паднале во засада под Бел Камен (на местото на денешното село), поставена од партизански одред. Заробени се 5 Германци, а партизаните имале еден убиен. Заробените Германци се одведени во Бел Камен и погубени.[6] Стравувајќи од германска освета, уште истиот ден населението на Бел Камен решило да го напушти селото, во кое останале само старците. Изутрината на 4 април германски единици го обиколиле селото, го опљачкале, а потоа го опожариле. Изгореле училиштето и црквата, од која денес е останата само камбанаријата.[6]
Селаните потоа се повратиле во селото и почнале да го обновуваат, но во април 1947 г. за време на Граѓанската војна биле одново принудени да го напуштат, префрлајќи се во Горно Неволјани, во 1950 г. преместувајќи се во Долно Котори.[6] По војната, на пописот од 1951 г. Бел Камен е заведен како напуштен. Следната 1952 г. грчките власти изградиле 125 куќи малку подалеку од старото место на селото, и во нив ги населиле повратените жители на Бел Камен.
Во следните десетлетија населението опаднало, должејќи се на понатамошни иселувања.[3]
Според истражување од 1993 г. селото е арванитско и во него „арванитскиот јазик“ (тоскиско наречје) е зачуван на средно ниво, а влашкиот на ниско.[15]
Знаменитости
уредиОколу Бел Камен има зачувани два убави камени моста на Белкаменска Река, од кои едниот е од 1883 г. Зачувана е и камена воденица од 1852 г.[5]
Население
уредиЕве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 765 | 0 | 581 | 421 | 364 | 327 | 355 | 239 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
уредиГлавно занимање на селаните е ѕидарството, како и во другите албански села во Леринско. Делумно се застапени сточарството и земјоделството.[3]
Личности
уреди- Родени во Бел Камен
- Апостолос Стилијадис (Απόστολος Στυλιάδης) — гркомански андартски деец од III класа, починал во 1907 г.[16]
- Атанасиос Папаниколаос (Αναστάσιος Παπανικόλαος) — гркомански андартски деец од II/III класа, месен учител[16]
- Атанасиос Слатинас (Αθανάσιος Σλατίνας) — гркомански андартски деец, четник[17]
- Атанасиос Стилијадис (Αθανάσιος Στυλιάδης ή Παπαστυλιάδης) — гркомански андартски деец од I класа[16]
- Георгиос Папус (Γεώργιος Παππούς) — гркомански андартски деец од III класа[16]
- Димитриос Екзархос (Δημήτριος Έξαρχος) — гркомански андартски деец од III класа, член на месниот комитет, надлежен за прехраната на грчките четници[18]
- Дионисиос Екзархос (Διονύσιος Εξάρχου) — гркомански андартски деец од III класа, син на Христос Егзархос[18]
- Милтиад Ферфелис (Μιλτιάδης Φερφελής) — гркомански андартски деец од III класа[16]
- Михаил Папанусис (Μιχαήλ Παπανούσης) — гркомански андартски деец од II класа[16]
- Михаил Церкезис (Μιχαήλ Τσερκέζης) — гркомански андартски деец од III класа, четник на Каравитис, учесник во разни битки во Балканските војни[16]
- Михал Белкамени (? – 1948) — албански револуционер и новинар
- Николаос Манос — гркомански андартски капетан
- Николаос Стилиадис (Νικόλαος Στυλιάδης) — гркомански андартски деец од I класа и свештеник, затворен од турските власти[16]
- Спиро Белкамени (1885 – 1912 — албански револуционер
- Теодорос Теодорис (Θεόδωρος Θεοδωρίδης) — гркомански андартски деец од III класа[18]
- Христос Ѓацис (Χρήστος Γκιάτσης) — гркомански андартски деец од III класа, убиен во Елово[18]
- Христос Егзарху (Χρήστος Εξάρχου) — гркомански андартски деец од I класа, врска меѓу месниот комитет и грчките конзулати, ги спроведувал четите на Папулас, Кондулис, Колокотронис и Мелас[18]
- Починати во Бел Камен
- Васил Чакаларов (1872 – 1913) — прочуен македонски револуционер
- Дељо Лесковски — ајдутин од крајот на XIX век
- Ламбринос Вранас (? – 1905) — грчки андартски капетан
Галерија
уреди-
Улица во Бел Камен
-
Кафетерија во Бел Камен
-
Чешма во Бел Камен
-
Камбанаријата на црквата во Бел Камен
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Μπελκαμένη -- Δροσοπηγή
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 141.
- ↑ 4,0 4,1 Кънчов, Васил (1900). Македония. Етнография и статистика. София. стр. 88.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 „Δυτική Μακεδονία: Φλώρινα, Δροσοπηγή, Νυμφαίο“. Посетено на 1 јануари 2016.
- ↑ 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 6,11 6,12 „Η Ιστορία της Δροσοπηγής (Μπελκαμένης) Φλώρινας“. Florina History. 18 април 2011. Посетено на 1 јануари 2016.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 7,3 „Γιορτή μνήμης“. Δροσοπηγή. Посетено на 1 јануари 2016.
- ↑ Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“, Македонски научен институт, София, 1995, стр. 82-83 и 110-111.
- ↑ Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 145.
- ↑ Кънчов, Васил (1900). Македония. Етнография и статистика. София. стр. 250.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 176-177.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 27.
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Riki Van Boeschoten. "Usage des langues minoritaires dans les départements de Florina et d’Aridea (Macédoine)"
- ↑ 16,0 16,1 16,2 16,3 16,4 16,5 16,6 16,7 Μιχαηλίδης, Ιάκωβος Δ., Κωνσταντίνος Σ. Παπανικολάου (2008). Αφανείς γηγενείς μακεδονομάχοι (1903-1913) (PDF). Θεσσαλονίκη: University Studio Press. стр. 168. ISBN 978-960-12-1724-6.
- ↑ Μιχαηλίδης, Ιάκωβος Δ., Κωνσταντίνος Σ. Παπανικολάου (2008). Αφανείς γηγενείς μακεδονομάχοι (1903-1913) (PDF). Θεσσαλονίκη: University Studio Press. стр. 77. ISBN 978-960-12-1724-6.
- ↑ 18,0 18,1 18,2 18,3 18,4 Μιχαηλίδης, Ιάκωβος Δ., Κωνσταντίνος Σ. Παπανικολάου (2008). Αφανείς γηγενείς μακεδονομάχοι (1903-1913) (PDF). Θεσσαλονίκη: University Studio Press. стр. 167. ISBN 978-960-12-1724-6.
Надворешни врски
уреди„Бел Камен“ на Ризницата ? |
- Страница за Бел Камен (грчки)
- Фолклорен и историски музеј — Бел Камен Архивирано на 18 август 2009 г. (грчки)