Протестантска пропаганда во Македонија
Протестантската пропаганда во Македонија се јавува во втората половина на XIX век. Таа претежно била ширена од страна на американски и англиски мисионери. Оваа пропаганда била поставена врз верска основа но со политички цели и за разлика од пропагандите на соседните држави таа не дејствувала ретроградно врз македонското национално обособување односно не го загрозувала македoнскиот национален индивидуалитет.
Првите училишта во Македонија
уредиСтрански пропаганди во Македонија |
---|
Најактивна на Балканот била Конгрегационалистичката црква, која што отвора голем број евангелски заедници и цркви.
Својата мисија, ја започнува со отворање училишта (според западните модели и стандарди).
Во 1860 година во Пловдив се отвора Првото машко евангелско училиште во Бугарија, а подоцна и Првата женска гимназија. Од Бугарија мисионерите своето тежиште го префрлиле на македонското поднебје.
Откако неколку семејства од Банско, со православна вероисповед ги прифатиле протестантските идеи, на 6 август 1868 година таму се формира првата евангелска заедница.
Од оваа точка протестантските идеи се шират во околината при што Разлошката котлина станува значајно мисионерско седиште. Во 1873-74 година, се отвора мисионерска станица во Битола.
Со отворањето на битолската мисионерска станица се поставува најсигурниот темел-потпорник на протестантството во Македонија. Од центарот во Битола, се раководи со протестантскиот кадар којшто мисионирал во Македонија, тука се решаваат и сите други проблеми коишто се пројавуваат во оваа сфера.
Воспитно-образовниот систем и згрижувањето на сирачињата, биле прашања на коишто им се приоѓало со особен интерес.
Во Битола се отвора женска гимназија и дом за деца без родители. Во мисионерската станица во Битола се одржувааат редовни евангелски служби под водство на мисионерите, додека пак сопругите на мисионерите се грижеле за библиската и медицинската активност на станицата.
Битолската мисионерска станица, следејѓи го духовниот живот во Радовиш (каде што проповедал Никола Бојаџиев), во 1886 година отвора евангелска заедница, а нешто подоцна отвора и во Раклиш.
Во струмичкото село Моноспитово, Евангелска црква била отворена во 1884 година, а по неколку години во Муртино се формира евангелска заедница.
Во 1898 година, организираната црква броела 60 члена, а со својата самопрегорна работа многу се истакнал Костадин Грачанов.
Во Колешино, првата Евангелска црква се организира во 1899 година, а првата проповед ја одржал пастирот Кимов, од струмичката црква, во домот на Мане Изев, на 19 мај 1890 година.
Во 1906 година, на парцелата, која што ја подарил Димитруш Ицев, била изградена првата Евангелска црква. По нејзиното запалување на истото место била изградена нова црква.
Мисионерската станица во Солун, е отворена во 1894 година. Со неа раководел д-р Џон Хаус. Во овој мисионерски центар, особен акцент бил ставен на работата со затворениците од Беас Куле.
Отворањето на евангелската заедница во Кукуш (1885), е резултат на бројните посети на мисионерите од Солун, како и од активностите на книжарите Христо Зрнев, Димитар Кардалев и Никола Тренчев. Нешто подоцна, евангелски заедници се организираат на север од Кукуш, во Горни и Долно Тодорак.
Во 1896 година евангелска заедница се отвора во Воден, во 1897 во Драма, а во 1898 во Ениџе Вардарско. На 23 август 1899 година, во Солун се одржува единствената конференција на евангелските работници од Македонија, која што ја раководеле д-р Џон Хаус, д-р Едвард Хаскел и Мис Елен Стон.
Во околината на Солун, а во делокруг на активностите на Солунската мисионерска станица, во 1904 година, д-р Џон Хаус го формирал земјоделско-индустриското училиште. Во училиштето, покрај редовните евангелски богослужби, односно религиозното образование, се врши и континуирано земјоделско образование.
Ова образование треба да помогне за подобро и поуспешно извршување на земјоделските работи, секако користејќи ги придобивките на современата технологија. Не случајно и првиот трактор на Балканот бил донесен во земјоделско-индустриското училиште во Солун. Но, сепак, најголемо и најсензационално светското внимание било свртено со заробувањето на американската мисионерка Мис Елен Стоун.
Целата светска јавност со огромен интерес го следела текот на ослободувањето на славната мисионерка, која подоцна се докажала како голема заштитничка на македонското дело и обвинителка на Турците [1].
Методи на ширење
уредиПротестантството зачекорува на балканските простори, преку првите американски мисионери, кои пристигнуваат после официјалното воспоставување на дипломатските односи на Америка со Отоманското Царство. Во Цариград, во 1831 година американските мисионери ја основаат првата мисионерска станица во тогашната Империја.
Со отворањето на првото мисионерско седиште, се создаваат изгледни можности за планско делување и ширење на протестантските идеи, првенствено меѓу христијанското население, бидејќи припадниците на исламот коишто се преобраќале, биле казнувани со смрт.
Цариградската мисионерска станица, од самото свое формирање развила низа активности, опфатени во три насоки: литературна, образовна и евангелизаторска. Скромното образование, маргиналната општествена улога, која што ја имале христијаните во Отоманското Царство, биле појдовни позитивни моменти кои ветувале „остварливи можности“ за поширока и потемелна евангелизација, односно „покрстување“ на православните верници во протестанти.
За теренска работа на мисионерите неопходен бил преводот на Библијата и обезбедувањето литература на матичниот јазик на населението. Поради тоа прво се отпочнувало со превод на Библијата, преку печатење на брошури кои ги појаснувале библиските содржини.
За да можат сите тие содржини да бидат разбирливи за корисникот, неопходно било негово културно издигнување и просветување. За таа цел, се отворале училишта, курсеви, семинари и се организирале најразлични видови на контакти со народот, кои имале образовни цели. Мисионерите се спуштиле меѓу обичниот свет, им понудиле утеха на многумина кои се наоѓале на самото дно на општественото скалило.
Устројство
уредиПротестантите формираат мали верски заедници, во кои воспоставуваат цврсти примарни контакти. Во овие заедници поединецот максимално ја развива својата поединечност, преточена низ поединечното пристапување, делување, убедување, а во исто време поединецот е постојано свесен и сигурен дека припађѓа на една цврста заедница во која има свое место и која што е постојано присутна во неговото социјално делување.
Таа е заедница во која постои цврста двонасочна комуникација, вметната во самата нејзина основа. Нејзината основа пак се темели на безграничната верба и благодарност кон личноста и делото на Исус Христос. Па според тоа, малите верски заедници се најавтентичните, а во исто време и најчистите облици на човековото религиозно живеење.
Првите христијански заедници биле моделот според кој се организирале протестантските заедници, додека пак изворното христијанство било модел на вистинското христијанство, а Библијата била најсветото нешто во рацете на протестантските верници.
Односот на Македонците кон протестантската пропаганда
уредиМакедонците кон оваа пропаганда приоѓалe надевајќи се дека ќе наидат на заштита од страна на содветните дипломатски претставници во Отоманско Царство, во овој случај американските и англиските конзули или пак други официјални лица.
Меѓутоа со текот на времето кај Македонците се создала негативна конотација во однос на протестантските мисионери и нивната дејност. По завршувањето на Аферата мис Стон и по ослободувањето, мис Стон се нашла во Солун и таа во куќата на американскиот конзул Х. Лазаро истакнала дека:
„ | ... грабнувачите не се разбојници, туку луѓе на Организацијата која има за цел да ја ослободи Македонија... тие биле грабнати бидејќи со мисионерската дејност ги одвраќале македонските луѓе од нивната национална религија - православието. Таа истакнала дека таква судбина ги очекува сите протестатски мисионери доколку не престанат ги збунуваат православните [2] | “ |
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Вестители на истината, редактор Христо Христов Куличевã, Второ раширено издание, Издателство, "Бãлгарско библеиско дружество" ООД, 1994, стр. 89
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
Странски пропаганди во Македонија |
---|