Отвори го главното мени

Состојби во организацијатаУреди

Развојот на македонското националнореволуционерно движење по Илинденското востание се одликува со натамошна поларизација и на крајот со расцеп на силите во него.

Тоа е време во кое вооружените пропаганди на соседните држави на Македонија се во постојан развој, а нивните резултати се крајно тешки за македонскиот народ. Во исто време тоа е период во кој револуционерната организација трпи тешки загуби на кадрите. Под ударите на потерите паѓаат: Никола Карев, Даме Груев, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев и други истакнати револуционери.

Македонското национално ослободително движење на чие чело стоело раководството на Серскиот револуционерен округ по Рилскиот конгрес и уште повеќе по расцепот повела курс кон потполно вообличување на националната физиономија на македонското револуционерно движење кон негово прилагодување кон современите барања. По двете објавени писма по повод убиствата на Сарафов и Гарванов таа ги разобличува сите непријатели на македонската слобода и ја декларира својата готовност со сите средства да ја брани Организацијата од секакви посегнувања.

Одржување на конгресотУреди

Во втората половина на мај 1908 година, во Банско, а потоа во Пирин во месноста Ечмиште се одржал Мајскиот конгрес, познат и како Ечмишки советувања. Работата на Конгресот траела десет дена, а на него присуствувале истакнати преставници на реформската струја на Македонската револуционерна организација. Меѓу нив биле: Христо Чернопеев, Павел Делирадев, Мишо Шкартов, Г. Огњанов, Санадански, Александар Бујнов, Чудомир Кантарџиев, Георги Скрижовски и др.

Во текот на Конгресот, Јане се осврнал на сите проблеми пред кои било исправено македонското револуционерно движење. Во стремежот да се објаснат позициите на двете групации, да се откријат причините за судирот, да се расветли неуспехот за зачувување на целоста на движењето за кое Јане ги обвинил Сарафов, Матов и Гарванов како и сите оние што ги подржувале, во своето излагање Јане направил ретроспективен осврт на развојот на Внатрешната организација [1]. Задржувајќи се на проблемите за соработка со другите струења и групи во револуционерното движење, Јане истакнал дека Серчани се подготвени за соработка и борба за преовладување на постојните неседоразбирања и за воспоставување на единство. Меѓутоа, кога ја истакнал таа подготвеност, Јане јасно нагласил дека Серчани не се за соработка по секоја цена. За нив таквата соработка можела да се воспостави само врз принципите на независност на организацијата и бескомпромисната борба против надворешните влијанија. На Конгресот бил формулирана јасна политика кон Бугарија и нејзиното мешање во внатрешните работи на целото макеоднско револуционерно движење. Конгресот заклучил:

Како силно заинтересирана по своите длабоки економски и политички цели при решавањето на македонското прашање, Бугарија прва започнала со исползување на ослободителното дело за своите државнички и династички интереси. На тој начин таа уште од самиот почеток ја компромитира независноста на Организацијата и го предизвикува воружениот курс на туѓите пропаганди, од што земјата се претвори во арена на постојани пустошења. За да ја намали важноста на револуцонерната Организација и да ја оттргне од нејзиниот природен развој, Бугарија ги употребува сите средства да сее раздор меѓу дејателите на внатрешноста, стремејќи се со тоа да ја претвори во свое орудие... Ценејќи ја високо својата независност, Организацијата се објавува најкатегорично против таа политика на Бугарија, третирајќи ги нејзините орудија, подеднакво со орудијата на другите пропаганди [1]


Крајно недовреливи кон надворешните сојузници и окупирани со секојдневните практични проблеми на борбата, реформистите имале потреба од изградувае на политика за кардиналното прашање, ослободувањето на Македонија и нејзините идни односи со соседните држави. Отука, на Конгресот било поставено прашањето за Балканска федерација. Делегатите сметале дека само во рамките на една федерација може да се решат сите проблеми на Балканот, а истовремно ќе дојде до економско и културно издигање на балканските народи. Тие во Федерацијата гледале лек за лекување на сите болести на Балканот и зато заклучиле дека тоа обединување на балканските народи ќе се реши на лесен начин без секакви потреси [1], а во тоа Македонија ќе послужи како главен јазол за балканското сојузување. Од јаболко на раздор таа ќе стане примирител на закараните нации [1]. По прашањето на организациски план, било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација и распуштање на четничкиот институт. Идејата за Балканска федерација и новата организација, по два-три месеца станале основа за формирање на легалната Народна федеративна партија [2].

Соработка со други политички движењаУреди

Како резултат на одржаниот конгрес не само што дошло до релативно потесно сплотување на прогресивните струења во револуционерното движење, туку биле создадени и претпоставки за соработка со младотурците и со други политички движења во Македонија што би пројавиле за тоа интерес. Овој момнет посебно го потврдува изработувањето и потпишувањето на таканаречената „Неврокопска програма“ во јули 1908 година помеѓу Комитетот на младотурците, Револуцинерниот комитет на Организацијата и грчкиот комитет во Неврокоп.

Трансформација на МОРОУреди

Во август 1908 година новата организација упатила манифест до сите народности во османската империја. Во него се изнесени програмските цели за кои МОРО ќе се бори во условите на Младотурскиот режим. По ова МОРО презела чекори за трансформирање во легална политичка партија која е наречена Народна федеративна партија, која во 1910 год. како и други партии е забранета од страна на младотурскиот режим.

НаводиУреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Иван Катарџиев, Борба до победа, том еден, Пирин се буди и буни, Мисла, 1983
  2. Павел Делирадев, Јане Сандански, Македонски научен институт, Софија, 1946

ИзвориУреди

  • Историја на македонскиот народ том ||| издание на ИНИ 2003 год. Скопје.
  • Историја на македонскиот народм изданија 1972 и 1988 год. Скопје.
  • Спомени од Јане Сандански
  • Спомени од Ѓорче Петров