Зелениково
Зелениково — село и седиште на истоимената Општина Зелениково, во околината на градот Скопје.
Зелениково | |
Поглед на Зелениково и мал дел од Станица Зелениково со црквата Св.Ѓорѓија | |
Координати 41°53′12″N 21°35′12″E / 41.88667° СГШ; 21.58667° ИГД | |
Општина | Зелениково |
Население | 1.107 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1053 |
Шифра на КО | 25142 |
Надм. вис. | 245 м |
Зелениково на општинската карта Атарот на Зелениково во рамките на општината | |
Зелениково на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Зелениково, се наоѓа во крајниот југоисточен дел на Скопската Котлина од десната страна на реката Вардар[2] непосредно пред почетокот на Таорската Клисура и претставува седиште на истоимената општина. Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 235 метри[2]. Атарот на селото е заеднички со железничката населба Станица Зелениково, која е дел од ова село, сместена кај железничката станица Зелениково, само 1 километар од селото Зелениково. Со градот Скопје е поврзано со локален патен правец, на оддалеченост од 25 километри. На југ и запад од селото се издига ридски предел, а кон исток рамничарска алувијална долина на брегот на реката Вардар.
Историја
уредиСелото Зелениково е доста стара населба и се претпоставува дека тука имало населби уште од периодот на антката со оглед на близината на археолошкиот локалите Таор и археолошките пронајдоци во околината. Во селото Зелениково постои познатиот стар манастир кој е повторно изграден во XIX век, а кој бил најпрвин изграден уште пред доаѓањето на Турците.
Денешното село Зелениково настанало пред 260 години на синорот на раселеното село Џиглигово[3]. Веднаш по основањето Зелениково било почифличено и дадено како награда на некој турчин-муслиман од Скопје кој се истакнал во војната со некоја христијанска земја[3]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Зелениково запишал дека е село расположено до Вардар со една разрушена црква и древни знаменитости[4]. Можно е за овие овие древни знамиенитости Јордан Хаџи-Константинов - Џинот да ги сметал остатотицте од блискиот древен град Тауресиум. До пред крајот на отоманското владеење во Зелениково чифлици имале браќата Јакуп и Зеќир-бег и нивните роднини Џавид и Ќамил-бег, а помал чифлик успеал да направи и еден Македонец муслиман од селото Пагаруша по име Исен ефендија, сите овие чифлик-сајбии имале свои субаши кои ги застапувале во селото, а биле од околните планински села[5]. Една од беговските кули со препознатлив изглед постои и денес во селото Зелениково и е во крајно лоша и разрушена состојба. Од чифлигарството селаните Македонци успеале да се ослободат во периодот од 1912 до 1925, кога се стекнале со сопственост на земјата која ја обработувале преку откупување или аграрна реформа[6].
Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.
За настанокот и развитокот на населбата Станица Зелениково од најголемо значење биле сообраќајот и трговијата[7]. Железничката станица на пругата Скопје - Солун била изградена уште во 1873 година[7]. Во 1928 година куќа изградил Арсовски Диме, трговец од Велес, кој бил првиот доселеник кој се населил околу станицата за постојано, а по него започнало да се доселува и друго население, претежно трговци и занаетчии[7]. До крајот на Втората светска војна во Станица Зелениково имало 3 бакалници, 2 меани и по една фурнаџиска, месарска, кројачка, берберска и ковачка работилница, а преку оваа населба се вршела и трговијата и извозот на дрва и ќумур од планинските села од поречието на Кадина Река[8]. Поради својата централна положба за повеќе села од поречието на Кадина Река и Таорската Клисура во ова место и денес е седиштето на Општина Зелениково и централното основно училиште и сите административни и поголеми економско-стопански објекти. За време на Втората светска војна бил изграден регулационен план за населбата, а населението започнало со изградба на црква која сакале да ја посветат на Свети Наум[8].
По ослободувањето и големиот развој во шеесеттите и седумдесеттите години на XX век во Зелениково и Станица Зелениково започнува да се доселува огромен број на македонско население од блиските и соседни села Градовци, Ново Село, Пакошево, а се доселиле и Македонци од други поблиски и подалечни краишта како селото Карабуниште и други села во Велешко, па дури и од краишта во Западна Македонија како Охридско и Кичевско, претежно како работници на железничката пруга, но и како земјоделци.
Населбата Станица Зелениково е основана на земјиште што припаѓало на соседното село Страхојадица[9], поради тоа во шеесеттите години на ХХ век муслиманите од тоа село кои се иселувале во Турција дел од своите имоти ги продале на Бошњаци од областа Санџак во Србија и Црна Гора кои исто така биле на пат за иселување во Турција, па така сосема на самиот крај на населбата после железничката станица и последната станица на автобусот 67 има помал број на куќи во кои живеат Бошњаци.
Потекло и значење на името
уредиСелото Зелениково го добило своето име поради растението зеленика (лат. Buxus, позната и како шимшир), која е многу застапена на ридовите над Зелениково[6]. Од дрвото на ова растение се изработуваат дрвени порти, греди и музички инструменти како кавали по кои се познати свирачи кои и денес живеат во Зелениково. Дополнително објаснување е извонредно зелената околина на селото Зелениково во чиј атар нема карпести или голи места.
Стопанство
уредиГлавна стопанска гранка на населението е земјоделството, од што најзастапени се полјоделството и сточарството. Од полјоделските култури најзастапени се житото (најмногу пченица, а потоа и пченка и јачмен), доматот, пиперката (зелена и црвена), кромидот и лукот, краставицата (одгледувани под пластеници и на отворено), морков, магдонос, фуражните култури (детелина, луцерка) итн. Од сточарството во особен подем е козарството поради поволната местоположба на тревнати ридови со ниски грмушки од кои преку брстење се хранат козите, а во помала мерка и краварството. На ридскиот предел застапено е и одгледувањето на лозја и овошни насади.
Во Зелениково работи млекарницата „Млекопроизвод“ која своите производи најчесто ги продава во маркетите и пазарите во Скопје и Велес, а исто така работи и земјоделските претпријатија - задруги „Слобода“ и „Агро-Вардар“. Во станица Зелениково работат и повеќе продавници, супермаркет, земјоделска аптека, ветеринарна станица, фризерница, кафе-бар, ресторан, книжарница, автомеханичарски сервис.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 24 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 86 мажи христијани, со 13 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 198 жители.[10]
Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 149 жители.[11]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Зелениково живееле 195 жители, сите Македонци[12] христијани. Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Зелениково имало 112 Македонци[12], под врховенството на Бугарската егзархија.
После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од општина Градовци и има 103 жители.[13]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[14]
Заедно со Станица Зелениково, селото Зелениково според пописот од 2002 година го имало следниот состав на население:
- жители 1.906
- Македонци 1.627 (85,36 %)
- Албанци 1
- Роми 61
- Срби 18
- Власи 1
- Бошњаци 190
- останати 8
Статистички податоци се водат и одделно за селото Зелениково и Станица Зелениково според пописот од 2002 година, етничкиот состав е следен:
Националност | Зелениково | Станица Зелениково |
Македонци | 697 | 930 |
Албанци | 0 | 1 |
Роми | 61 | 0 |
Власи | 1 | 0 |
Срби | 8 | 10 |
Бошњаци | 0 | 190 |
останати | 4 | 4 |
Селото Зелениково бележи константен пораст на своето население, па така од 356 жители во 1961 година, бројот на населението нараснал на 709 жители во 1994[2], за денес да порасне на 771 жител, а тоа се должи и на високиот наталитет и на емиграцијата на население од околните ридско-планински села (како Градовци на пример).
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.107 жители, од кои 977 Македонци, 29 Роми, 15 Срби, 4 останати и 82 лица без податоци.[15]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 195 | 112 | 277 | 272 | 356 | 409 | 568 | 709 | 709 | 771 | 1.107 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]
Родови
уредиВо Зелениково живеат Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови кои живеат во селото се следниве: Кузмановци и Трпановци се старинци кои живеат од кога е основано селото (можно е да водат потекло од поранешното раселено село Џиглигово или околните села по сливот на Кадина Река), додека доселени се родовите Новевци и Докарановци (двата родови од с. Дејковец), Жужевци (од с. Огњанци), Грујовци, Грбевци, Трпчевци, Николовци и Димишковски (сите од с. Градовци), Арсовски и Васкови (двата родови од градот Велес), Лазови (од Тиквешко), Лефковски (од с. Карабуниште-Велешко), Стојанови (од с. Пакошево), Богдановски (од градот Скопје), Димитровски и др.[20].
Општествени установи
уредиВо Станица Зелениково работи осумгодишното основно училиште „Марко Цепенков“, кое е централно основно училиште за целата Општина Зелениково со истурени паралелки до 5 одделение и во другите околни села. Други општествените установи се поштата и здравствената амбуланта, а исто така работи и приватна здравствена амбуланта. Во селото Зелениково се наоѓа манастирот Свети Архангел Михаил, а во Станица Зелениково црквите Свети Ѓорѓија и Воскресение Христово.
Цркви и манастири
уредиСамоуправа и политика
уредиВо Зелениково, поточно во населбата Станица Зелениково се наоѓа седиштето и општинската зграда на Општина Зелениково во која се одржуваат седниците на советот на општината, а се наоѓаат и канцеларијата на градоначалникот и административната и матичната служба на општината. Во рамките на општинската зграда се наоѓаат и подрачни одделенија на неколку министерства и владини управни агенции од Скопје.
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[21]
- Слатина — населба од неолитско време; и
- Црквиште — кастел од доцноантичко време.
Личности
уредиЛичности родени во Зелениково:
- Илјаз Салиев (1925-1944) — македонски партизан
- Најдо Здравковски (1922-1945) — македонски партизан
- Трпе Божиновски (1920-1945) — македонски партизан
Иселеништво
уредиОд Зелениково се забележани иселеници во селата Таор и Петровец. Во поново време има иселеници и во Драчево, Скопје и во странство Австралија, Германија, Австрија.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.130
- ↑ 3,0 3,1 Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.101
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.82
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.101-102
- ↑ 6,0 6,1 Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.102
- ↑ 7,0 7,1 7,2 Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.99
- ↑ 8,0 8,1 Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.99-100
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.100
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ 12,0 12,1 Македонците биле забележани како Бугари.
- ↑ Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски Ф. Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.100 и 102-103
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
Надворешни врски
уреди„Зелениково“ на Ризницата ? |