Малешевска Котлина

Малешевска Котлина или Беровска Котлина — котлина во крајниот источен дел на Македонија и зафаќа површина од 192 км2. Од сите страни е заградена со планини и тоа: на север со Голак и Бејаз Тепе, на југ со Огражден, на исток со Кадиица и Влаина и на запад со Плачковица и Обозна. Овие планини се богати со шуми во кои преовладуваат буката, дабот и елата.[1]

Поглед на Малешевскта Котлина од селото Будинарци

Освен тоа тие изобилуваат со сочни пасишта, дивеч и со лигнит. Рудникот „Брик“ располага со резерви на лигнит доволни за 25 години експлоатација со просечно производство од 90 илјади тони годишно.

Котлината е висок предел во источниот дел на Република Македонија. Го зафаќа изворскиот слив на реката Брегалница, до нејзината клисура над с. Разловци. Тоа е опколено со Малешевските Планини и со разграноци на Влаина, Голак и Плачковица, а е отворено само накај север по долината на Брегалница. Преку Малешевијата водат две регионални сообраќајници. Едната го поврзува на север со Пијанец и на југ со Струмичката Котлина, а другата го поврзува на запад со Кочанската Котлина и на исток со долината на Струма.

Првпат се спомнува во една повелба на византискиот цар Василиј II во 1020 г. Малешевци претежно се занимаваат со сточарство, овоштарство и со производство на компири.[2][3]

Котлината има средна надморска височина од 900 метри и спаѓа меѓу највисоките наши котлини со Мариово и Преспа. Во пролетниот и летниот период Малешевската котлина има изглед на зелена оаза поради непрегледните ливади и пасишта. Сликата и пејзажот го надополнуваат и многубројните овоштарници со сливи, круши и јаболка со кои котлината е надалеку позната.

Низ котлината течат реките Брегалница и Ратевска Река. Над селото Ратево е подигната акумулацијата Ратево чии води се користат за поливање но истовремено служат и како резервни води за наводнување на оризовите полиња во Кочани, кои преку езерото Калиманци пристигнуваат и во Овче Поле.

Населението во Малешевската Котлина се одликува со традиционална гостољубивост и револуционерна прадедовска традиција. Во првите бурни настани пред илинденскиот период населението масовно се приклучило кон Разловечкото и Кресненското востание.

Во котлината постојат поволни можности за развој на туризмот. Тоа го овозможуваат месностите Малешево и Абланица.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948 19.017—    
1953 20.438+7.5%
1961 20.048−1.9%
1971 19.949−0.5%
1981 20.227+1.4%
ГодинаНас.±%
1991 20.456+1.1%
1994 19.829−3.1%
2002 19.458−1.9%
2021 14.873−23.6%
Извор: Податоците од 1948-2002 се според официјалните пописи[4]

Во времето на османлиското владеење управно средиште на Малешевијата било Пехчево (тогаш „Османија“); а потоа оваа улога ја презема Берово. Во Малешевијата има 14 села и две градски населби – Берово и Пехчево. Од селата, 8 ѝ припаѓаат на општината Берово, а 6 на општината Пехчево. Населбите се од збиен тип и се населени со Македонци. Во с. Црник има Турци и Роми. Бројот на населението е во стагнација. Во 1961 г. овде живееле 20.048 жители, и во 2002 г. скоро исто толку – 19.458 жители.

Наводи

уреди
  1. Marković, Jovan Đ (1967). Geografske oblasti Socijalističke Federativne Republike Jugoslavije. Zavod za izdavanje udžbenika Socijalističke Republike Srbije.
  2. Ј. Павловиќ, Малешево и Малешевци, Београд 1928;
  3. Малеш и Пијанец, Природни и социо-географски одлики, МАНУ, Скопје, 1980.
  4. „Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година)“. Државен завод за статистика.