Македонско национално движење

Македонското национално движење е процес на културно, национално, државно-политичко будење и осамостојување на македонскиот народ. Движењето започнало во 1802 година со употребата на народниот говор, наместо црковнословенскиот јазик, во пишаната реч, а продолжило со манифестирање на македонскиот културно-историскиот идентитет, па сè до барања за обнова на Охридската архиепископија, изградба на посебен македонски литературен јазик. Процесот завршил во 1944 година со формирањето на македонска национална држава, на која и претходела македонска ослободителна револуционерна борба [1][2].

Преродбеничко движење уреди

 
Кирил Пејчиновиќ

Македонското национално движење започнува со развојот на македонските градови во првата половина на 19 век. Со напредокот на трговијата и занаетчиството се создале услови за отворање на келијните училишта.

Со отворањето на овие училишта се јавила и потребата од книги на народен јазик со кирилично писмо. Отука се почнало со печатење на првите книги на македонски народен јазик од страна на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ [3].

Во овој период се започнува и со собирање и печатење на македонското усно народно творештво, печатници со црковнословенски шрифт отвориле Теодосиј Синаитски и Даскал Камче, а грчкото писмо за текстовите на македонски народен јазик користеле Киријак Држилович и Павел Божигропски.

Покрај овој развој, паралелно доаѓа и до подем во црковната архитектура и уметноста, во фрескосликарството, иконописот, копаничарството и живописот), а развој има и во музиката и театарот, таков обид направил Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

Во текот на 40- тите и 50-тите години на 19 век дошло до засилување на преродбеничкиот процес, а во текот на 60- тите и 70-тите доаѓа до Борбата против Цариградската патријаршија и вториот бран на Унијатското движење (1873 - 1874). Како последица од овие случувања доаѓа до посилно изразување на македонската самобитност и во 1875 година, Ѓорѓија Пулевски го објавил Тријазичниот речник [4][5].

Отпор на Македонците кон туѓите пропаганди уреди

Руско-турските војни придонеле да дојде до развој на словенската свест во Македонија и стремежот за ослободување од Османлиското Царство.

Новата историска категорија - нација, во Македонија се појавува по судирот на словенизмот со грцизмот на црковен и јазичен план. Оваа е период на словенобугаризмот но преку неа се доаѓа и до судир со самиот бугаризам, отпорот кон бугарското влијание се гледа во македонското спротивставување кон бугарските учебници.

Првата македонска национална свест се манифестира преку Кукушката унија во 1859 година.

Романтизам во докажувањето на македонската инивидуалност уреди

Романтизмот во докажувањето на македонската инивидуалност е тесно поврзан со развојот на македонската национална мисла и конституирањето на македонската нација.

При своето национално конституирање, Македонците наишле на странските пропаганди, кои ја негирале самобитноста на македонскиот народ и затоа младите македонски дејци се свртеле кон Романтизмот како средство за разграничување од грцизмот и бугаризмот, докажувајќи дека Античките Македонци се Словени, што претставувало антиисториско тврдење [6].

Повикувањето на Античка Македонија било дистанца од Бугарите, а словенскиот корен на Античките Македонци било дистанцирање од Грците, како одговор на нивните посегања кон Македонија и кон Македонците.

Борба за обнова на Охридската архиепископија уреди

Движењето за обнова на Охридската архиепископија, која била укината во 1767 година, започнало со Борбата против Цариградската патријаршија. Во 50 - тите година на 19 век, незајакнатите македонски општини поединечно почнале да настапуваат пред Патријаршијата со барања со отстранување на грчките владици и нивно заменување со лица од словенско потекло [6], меѓутоа подоцна барањето на словенсите владици било заменето со барање на владици од домашно, македонско потекло [6].

 
Базиликата "Света Софија", катедрален храм на Охридската архиепископиja (11 - 14 век)

Кон крајот на 60 - тите години на 19 век борбата против Патријаршијата привршувала. Во тој период македонските црковно - училишни општини еднотстранично се откажувале од власта на грчките владици. Во оние области каде било по доминантно присуството на гркоманите, граѓаните ја продолжиле борбата за преземање на општините.

Високата порта под притисок на руската дипломатија и грофот Игнатиев била подготвена да го реши црковниот спор, кој бил именуван како грчко - бугарска расправија, без да се земат во предвит потребите и барањата на населението од Македонија за автокефална црква, црковниот спор бил решен единствено во полза на Бугарите.

Отука бил подготвен проект за создавање на оделна бугарска црква. Со вмешувањето на Високата порта во црковното прашање тоа излегло од рамките на црковен спор.

Притоа биле понудени два проекта: создавање на бугарска автономна црква надвор од Патријаршијата и прашањето за македонските епархии, дали да останат под Патријаршијата или да влезат во идната бугарска автономна црква. Ваквата поставеност на црковното прашање, кај: македонскиот народ создал збрка околу судбината на Македонија, бидејќи црковното прашање на некој начин се идентификувало со националното прашање. Сите градски слоеви, вклучувајќи го и селанството, не можеле да останат рамнодушни кон таквото решавање на црковното прашање, бидејќи и при евентуално останување под патријаршиската јурисдикција или, пак, присоединување кон Бугарската црква, тоа би значело пропаѓање на борбата на македонскиот народ што со децении ја води за еманципација на црковен план [6].

По создавањето на Бугарската егзархија Македонците не се откажало од стремежот за обнова на Охридската архиепископија. Во првата половина на 70-те години на 19 век силна активност пројавило солунското граѓанство.

Дејноста за обнова на Архиепископијата брзо се проширила во Македонија но и во македеонската колонија во Цариград. Во северниот дел на Македонија посебно се истакнале градовите Скопје и Велес која јасно истапиле против грчката пропаганда но и на засилениот бугаризам.

Меѓутоа руската дипломатија сметала дека таквото движење за обнова на Охридската архиепископија не е во нејзин интерес и затоа таа побарала од Високата Порта да се отстрани Митхад-паша од Солун, а меѓу другото било побарано егзархот Антим да го предупреди владиката Натанаил Кучевишки да престане со агитацијата за обнова на Архиепископијата.

Борбата за обнова на Охридската архиепископија влегла во нова етапа кога кон движењето се придлужил епископот Нил Изворов. Тогаш солунската црковно-училишна општина писмено се обратила кон останатите македонски општини како и до македонската колонија во Цариград, во ова обраќање солунската општина побарал останатите да се изјаснат по прашањето за обнова на Охридската архиепископија.

 
Теодосиј Гологанов

Тие се обратиле до Англиканската црква бидејќи англискиот конзул Блонт од Солун им ветил поддршка од англиската влада. Меѓутоа одговорот бил негативен. Затоа 6 општини потоа се обратиле до германската протестанска црква и до американската протестанска црква, но од политички причини биле одбиени од двете цркви. Откако биле одбиени од протестанските цркви решиле да се обратат до Римокатоличката црква. Шесте јужномакедонски опшини ја прифатиле унијата со Римокатоличката црква, а тоа придонело да дојде до раздвижување на граѓанството во останатите општини во Македонија, некој од нив собрале потписи за приклучување кон унијата и во вид на молби ги испратиле до католичките мисии, меѓутоа во некој од општините не биле донесени конкретни одлуки.

Високата Порта водејќи сметка за своите интереси го отстранила Нил Изворов од Македонија и го преместила во Цариград, а од Солун бил отстранет и валијата Митхад-паша кој се залагла за обнова на Охридската архиепископија. Со овие мерки бил нанесен удар врз движењето за обнова на Архиепископијата, а тоа придонело да дојде до колебање меѓу македонското граѓанство, посебно на она од Солун.

Во 1890 година 120 охридски граѓани испратиле барање до Цариградската патријаршија за обнава на Охридската архиепископија. Во барањето било истакнато:

Ние, Словените од Македонија, отсекогаш сме имале своја црква, Охридска архиепископија... Денес ние би сакале одново да си ја вратиме... Покрај тоа што Бугарите не измамија и излажаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи, ја менуваат сета наша лика и прилика. Ние тоа не можеме повеќе да го трпиме и несакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите предци. Сега ние се оделивме од Бугарите и сами сочинуваме словенски општини во Македонија, и сочинуваме самостоен народ. Како такви ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта. Ние си најдовме и наши учители кои ги плаќаме и издржуваме [7]

Митрополитот Теодосиј Гологанов ги согледал штетните влијанија на странските пропаганди во Македонија и опасноста за македонскиот национален индивидуалитет. Отука тој презел и конкретни мерки. Имено, најпрво го отстранил директорот на скопското училиште Антон Наследников бидејќи бил Бугарин [8].

Потоа презел акција за отстранување на сите проегзархиски чиновници од црковно - училишната општина преку организирање на нови избори. При изработката на списокот на учители за учебната 1891 - 92 година ги отстранил имињата на сите учители кои биле родум од Бугарија и ги заменил со Македонци.

Во почетокот на октомври 1891 г. за првпат почнал јавно да ја критикува Егзархијата заради посегањето по самостојноста на македонските црковни општини и нејзината великобугарска политика, предлагајќи отфрлање на туѓите цркви – цариградската и егзархиската.

Поради таквата дејност тој бил отстранет од страна на Бугарската егзархија.

Афирмација на македонскиот народен јазик уреди

 
Кузман Шапкарев

Во борбата за народен јазик во образованието уште во првата половина на 19 в. се појавува потребата за печатење на македонски народен јазик. Отука Теодосиј Синаитски ја отворил своја печатница во Солун, а Даскал Камче во Ваташа. Има обиди и за отворање на словенско одделение при грчката печатница на Киријак Држилович во Солун.

Потребата за учебници на македонски народен јазик се обиделе да ја задоволат Анатолија Зографски, Партенија Зографски, а подоцна и Димитар Македонски и Димитар Узунов, Кузман Шапкарев и Ѓорѓија М. Пулевски.

Обиди за објавување граматика на македонскиот народен јазик направиле Димитар Миладинов, Партенија Зографски, Георги Динката, Венијамин Мачуковски), но само Ѓорѓија Пулевски успеал во тоа печатејќи го првиот дел од Слогница речовска во 1880.

Пралелно дошло и до еднон процес за задоволување на потребата од литератрура на македонски народен јазик. Во 60-тите и 70-тите години на 19 век се појавуваат стиховите на Константин Миладинов, Константин и Андреја Петкович, Рајко Жинзифов, Григор Прличев и Ѓорѓија Пулевски, а од 90-тите години се пројавуваат литературни творби на Војдан Чернодрински, Марко Цепенков, Петар Поп Арсов и др.

Фолклор, научна мисла и весници уреди

Се започнало и со собирање и објавување на македонскиот устен фолклор (Стефан Верковиќ, Браќата Миладиновци, Ѓорѓија Пулевски, Иван Јастребов, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Антон Поп Стоилов, Васил Икономов, Петар Драганов и др.

Паралелно со тоа се појавува и македонската научна мисла: Константин Миладинов, Ѓорѓија Пулевски, Георги Баласчев, Трајко Китанчев и други.

Обиди за сопствен печат со весниците: Македонски глас, Македонски лист, Македонија, Глас Македонски, Балкански гласник, Балкан и други.

Револуционерно ослободителна борба уреди

 
Револвер и кама, симболи на револуционерна Македонија

Револуционерното ослободителна борба започнува пред самиот Берлински конгрес со Разловечкото востание (1876), доброволците во Српско-турската и Руско-турската војна

По Берлинскиот конгрес, македонскиот народ своето незадоволство од неговите одлуки ги изразил преку Кресненското востание, Македонската лига со Народното собрание на Македонија и Привремената влада на Македонија со Уставот за државното уредување на Македонија.

Со равојот на револуционерното движење дошло и до развој на националната свест преку Лозарското движење, Друштвото Вардар, Македонскиот клуб во Белград (1902) и со Македонското научно-литературно другарство во С. Петерсбург и неговата национална програма со што се заокружил предилинденскиот период.

Илинденското востани организирано и раководено од Македонската револуционерна организација утврдило државносната свест на народот, а МНЛД со воведување на македонскиот јазик првпат во службена употреба (чл. 12 од Уставот, 1903) и со неговата научна кодификација и практична примена во книгата Мисирков - За македонцките работи е довршена.

Афирмација на македонскиот национален индивидуалитет уреди

 

Во постилинденскиот период Вардар (1905), научно ги прокламирал националните приоритети на македонскиот народ: македонската нација, македонскиот јазик, македонската црква и културно-националната автономија. Со тоа и започнува клучниот момент на македонското национално движење .

Обидите на Другарството за отворање училишта на македонски јазик и дејноста на Македонската колонија во Петроград (1911 - 1917), како ополномоштен претставник на македонскиот народ пред Европа, ги поставуваат основите на епохата за конечна афирмација на културно-националната мисла за национално-политичко ослободување и државно конституирање на Македонија.

Истапувања против поделбата на Македонија уреди

Со Букурешкиот договор, Македонија била подделена, а по Првата светска војна и Версајскиот договор таквата подделеност била потврдена.

Меѓутоа макеоднските дејци не се откажале од своите национални претензии, тоа го потврдуваат: програмското писмо на Битолскиот кружок, Општомакедонската конференција во Велес (декемврри 1912), меморандумите на Македонците (1 март и 7 јуни 1913), Картата на Македонија по програма на македонските народници (1913) на македонски јазик, основањето и дејноста на Словеномакедонското национално - просветно друштво Св. Кирил и Методија (1912) и Рускомакедонското благотворно друш- тво Св. Кирил и Методија (1913) во Петербург, статиите на Чуповски, Г. Георгов, К. Мисирков и други во рускиот печат и особено во списанието Македонскиј голос (Македонски глас) (1913 - 1914).

Меѓу двете светски војни уреди

Овој период бил особено бурен, по поделбата на Македонија, настапил период на разочарување, внатрешни расправии и обвиненија [белешка 1], но дејците на македонското национално - преродбеничко движење не се откажале од својата дејност. Мисирков продолжува со објавување на своите статии (Софија, 1922 - 1925), а Чуповски во Русија (1923).

Меѓу двете светски војни, Коминтерната го признава македонскиот културно-национален ентитет и македонскиот јазик како посебен во словенскиот свет и со тоа на меѓународно ниво го помогнува преродбенскиот процес за конечното решение [9] на Македонското прашање. Во 20 - те и 30 - те години на 10 век се печатени дваесетина разни весници и списанија со македонската национална програма:

Во Бугарија:
легални:
Македонско знаме (1932 - 1934),
Македонска младеж(1933 - 1934)
Македонски вести(1935 - 1936)
Македонска земја (1936)
Гоце (1938)
Илинден (1939) и др.
нелегални:
Револуција (1931)
Македонска револуција
Обединист и Ножот (1935)
Македонско единство (1936) и др.
Во Југославија:
Наш весник (1937)
Луч (1937 - 1938)
Наша реч (1939 - 1941)
Во Европа и Америка:
Македонско дело (1925 - 1935)
Балканско здружение (1931 - 1934)
Трудова Македонија (1934 - 1938)
Народна волја (1938 - 1978)
Единство (1936 - 1940)
Македонски глас (1935 - 1939)
Народна трибуна (1936 - 1939)

Во 30-тите години на 20 век. се издадени поголем број посебни пубикации: Васил Ивановски, Идеитe и задачитe на македонското прогресивно движение во Бугарија (1933), Ангел Динев, Македонските славфони (1938), Ламбрев, Македонското прашање и балканското единство (1938), Коста Веселинов, Национално поробени народи и национални малцинства (1938), Борци за народна слобода: Хр. Ботев, Гоце Делчев, Љубен Каравелов и Џузепе Гарибалди (1940).

Во овој период биле објавени или поставени на сцена драмите македонски јазик на: Никола Киров Мајски, Васил Иљоски, Антон Панов, Ристо Крле и др, а се отпечатени и стихозбирките на Волче Наумчески, Венко Марковски, Кочо Рацин и Коле Неделковски.

Создавање на македонска држава уреди

 
Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце

Во текот на Народноослободителната борба, се испечатени двете книшки на Рациновите Народно- ослободителни песни (1943), второто издание на Рациновите Бели мугри (април 1944), стихозбирката на Ацо Шопов Песни (1944), и поетските книги на Венко Марковски: спевот Партизани и стихозбирките Орлите на Македонија, Низ пожарите на Елада и Песни (1944).

На првото заседание на АСНОМ во манастирот св. Прохор Пчињски на 2 август 1944) се конституира современата македонска држава, како Демократска Федерална Македонија во рамките на Демократска Федеративна Југославија и е инаугуриран македонскиот како литературен јазик со што започнува државниот живот и развиток на македонската нација и култура.

Белешки уреди

Извори уреди

  1. Блаже Ристовски, Македонскиот народ и македонската нација, Скопје, 1983
  2. Драган Ташковски, Раѓањето на македонската нација, Скопје, 1966
  3. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година
  4. За македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, Култура, Скопје, 1967.
  5. Блаже Ристовски, Ѓорѓија Пулевски, Македонски фолклор, 1973.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  7. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
  8. С. Димевски, Митрополитот скопски Теодосиј, живот и дејност ( 1846 - 1926), Скопје, 1965.
  9. Македонска Енциклопедија