Историја на Германија

(Пренасочено од Древна Германија)

Историјата на Германија е проследена преку создавање на германските племиња, нивното преселување познато и како големата преселба на народите, создавањето на Франкија, нејзино разделување и создавање на Источна Франкија, обединување на германите и создавање на Кралство Германија односно Светото Римско Царство. Историјата на Германија продолжува со создавањето на Рајнскиот Сојуз, Германскиот Сојуз, револуцијата од 1848 година и обединувањето на Германија, создавањето на Германскиот Рајх и Германското Царство, преку двете светски војни, разделувањето на Германија и нејзиното повторно обединување во 1990 година по падот на комунизмот.

Дел од темата Германија

Историја на Германија

Рана историја

Германи
Голема преселба на народите
Франкија
Источна Франкија
Кралство Германија
Свето Римско Царство
Германска експанзија
Kleinstaaterei

Создавање на нацијата

Рајнски Сојуз
Германски Сојуз
Германска револуција од 1848
Северногермански Сојуз
Обединување на Германија

Империјализам

Германско Царство
Прва светска војна
Вајмарска Република
Нацистичка Германија
Втора светска војна

Период по 1945

Окупација
Источна Германија
Германска Демократска Република
Обединување на Германија

Германија
Портал:Германија

И покрај тоа што до 1871 година не постоела германска нација, сепак историјата на Германија започнала во ерата на германските племиња. Зборот “Германија“ за првпат бил употребен од страна на Римското Царство, кој го употребувала за териториите кои се наоѓале северно од Дунав и источно од реката Рајна. По големата преселба на народите, франките успеале да ги потчинат западните германски племиња. Императорите на германите себеси се гладале како директни наследници на Римското Царство и од 1806 година нивната империја била наречена Свето Римско Царство, која опфаќала голем дел од Средна Европа. Кога Франкија била разделена, во нејзиниот источен дел (денес Западна Германија) била создадена Источна Франкија под раководство на Лудвиг I. Хенрик I станал првиот цар на Германија во 919 година. Во 962 година, Отон I станал првиот император на Светото Римско Царство.

Германски племиња уреди

Се смета дека појавувањето на германските племиња како етнос се случило во времето на бронзената доба или најдоцна во времето на железната доба.[1] Германските племиња потекнуваат од јужна Скандинавија и Северна Германија кои започнале со своето населување кон југ, исток и запад во 1 век п.н.е. Тие влегле во контакт со келтските племиња во Галија како и со персиските, балтичките и словенските во Источна Европа. Многу малку е познато за раната историја на германите. Она кое е познато е нивните воени конфликти со Римското Царство.

 
Распространување на германските племиња

Во времето на римскиот цар Октавијан Август и под раководство на римскиот генерал Публиј Квинтилиј Вер започнала Битката за зазимање на германските територии, кои се простирале од реката Рајна до Урал. Во тоа време германите се запознале за првпат и со римската тактика и нивното воено искуство, но и покрај големината на Римското Царство, тие успеале да ја задржат својата идентичност. Во 9 година германите им нанеле голем пораз на генерал Публиј Квинтилиј Вер во битка на Тевтобургската планина. Според легендата, императорот Октавијан Август долго време не можел да се помири со поразот, имајќи секојдневни кошмари. Териториите на кои се наоѓа денешна Германија останале надвор од границите на Римското Царство. Во околу 100 година, германите се населиле по Дунав и Рајна, зазимајќи голем дел од територијата на денешна Германија. Во 3 век веќе се појавиле голем број на германски племиња, од кој најпознати биле: алемани, франки, чати, саксонци и други. Во 260 година, германските племиња започнале да ја преминуваат својата граница, зазимајќи некои територии од Римското Царство [2].

Франки уреди

Меровинзите завладеале со Северна Галија во 486 година. Во текот на 5 век и 6 век тие исто така завладеале со неколку германски племиња и кралство и ги поставиле под своја контрола како автономни грофовии. Франкиските колонизатори биле принудени да се преместат во новоосвоените територии. На локалните завладеани германски племиња им било дозволено да ги зачуваат своите закони, но биле принудени да ја променат својата религија.

Франска империја уреди

По пропаѓањето на Западното Римско Царство, Франките создале своја империја под раководство на Меровинзите, потчинувајќи ги другите германски племиња. Швабија во рамките на Франкија станала грофовија во 496 година по Битката кај Tолбиjак. Кралот Хлодовик I веќе ги имал зеземено поголемиот дел од територијата на денешна Германија и покренал нови походи кон Саксонија, додека југоисточниот дел од денешна Германија останале под власта на Остроготите. Во 531 година, Саксонците и Франките го зазеле кралството Турингија. Саксонското население се населило во областа Унштрут. Во времето на разделувањето на Франкија, нивните германски територии биле дел од Австрија. Во 718 година, Карл Мартел започнал воени дејствија против Саксонија, поради фактот што таа му ја откажала својата помош за Неустрија. Во 751 година, Пипин III ја примил титулата крал, а самата титула му била дадена од страна на Црквата.

 
Франска империја

По смртта на Хлодовик I, кралството му било поделено помеѓу неговите синови, но со помош на силната војска која ја поседувале тие продолжиле со проширување на кралството. Обидот за обединување на Хлотар I бил неуспешен и по неговата смрт во 561 година кралството доживеало повтоено разделување. Од него биле формирани нови четири држави: Австразија на север со престолнина Ремс, Неустрија на запад со престолнина Париз, Аквитанија на југозапад со престолнина Бордо и Бургундија на југоисток со престолнина Орлеан. Од 7 век меровингските кралства започнале да слабеат во поглед на својата моќност. Власта во тие држави била заземена од страна на министри кои се нарекувале мајордоми. Со текот на времето, помеѓу овие министри започнало да се појавува конкурентност и соперништво. Мајордомот на Австразија, Пипин II успеал да ги победи Неустрија и Бургундија во 687 година и да ги стави под негова надлежност. Така тој го обединил кралството, и покрај тоа што кралството се состоело од повеќе кралеви. Неговиот син, Карло Мартел (714-741) ја продолжил завојувачката политика, а во 732 година успешно се справил и со маврите. Пред неговата смрт, тој го разделил кралството на своите синови. Од нив, Пипин III се покажал како најспособен при раководството. Најважно од неговото владеење е тоа што тој се прогласил за крал и ја оформил династијата на Каролинзите.

Среден век уреди

Син на Пипин III e Карло Велики (768-814), најпознатиот и најмоќниот крал на франките. Во текот на своето владеење, тој водил војни со саксонците (772-804), лангобардите (774), словените (789-812), баварците (788) и аварите (791-802).[3] Пред неговата смрт, Франкија се простирила од Атлантскиот Океан и Ламанш до Рим, Елба и Панонија. Островот Бретан останал под власта на галите. На југ, неговота држава се простирила до Шпанија и на исток до Картинија, Австрија, Данска и Чешка. Државата била разделена на 230 мали административни единични грофовии. Со грофовиите управувале грофови кои имале правни и административни функции. Еден од најголемите успеси на Карло Велики е крунисувањето му за император од страна на папа Лав III на 25 декември 800 година. Византија, која се наоѓала од другата страна на Европа ја признала оваа титула на Карло Велики.

Во периодот од 843 до 880 година,по големиот број на конфликти, Франкија била разделена на неколку делови. Германското Царство се појавила како наследник на западното франкиско кралство или Западна Франкија. Од 919 до 936 година, германските народи (Франки, Ваварци, Саксонци, Шваби) се обединиле под раководство на Анри Саксонски, кој ја земал титулата крал. За првпат, поимот кралство (царство) на германците ("Regnum Teutonicorum") се добавило кон Франкија, макар што "Teutonicorum" во почетокот означувало нешто поблиску на царство на германските племиња отколку на германско царство. Во 936 година, Отон I бил крунисан за цар во Ахен[4]).. Тој ја засилил кралската власт назначувајќи епископи и опати за кнезови на империјата и преку тоа ја оформил и националната црква. Во 951 година, Отон Велики се оженил за кралицата Аделхајд, преку кој тој ја добил титулата Ломбард. Веќе во 962 година, Отон Велики бил крунисан за император во Рим, зазимајќи го наследството на Карло Велики. Преку тоа, Отон Велики обезбедил и голема поддршка од страна на папата.

Во 1033 година, Светото Римско Царство го уништило кралството Бургунди ставајќи го под нејзина контрола во времето на Конрад II. За време на управувањето на неговиот син, Хенри III, Светото Римско Царство ја подржила клуниакската реформа на црквата, забраната на симонијата и безбрачноста на свештениците. Во ова време, империјата била под власта на папата во позадина.

Следувал конфликтот помеѓу Анри IV и папа Григориј VII. Папата сакал да си ја врати својата раководна улога во Западна Европа, и германскиот цар да му стане вазал. Хенри IV попаднал во тешка положба и бил принуден да отиде кај Григориј VII, за да бара помилување. Императорот отишол во резиденцијата на папата во Каноса. Бил принуден неколку денови да го чека папата гладен и необлечен. По неколку денови папата го примил и му простил. Со оваа победа над императорот, папата во Западна Европа уште повеќе добил можност за наложување на христијанството како и подоцната поддршка за крстоносните војни. Во 1222 година се дошло до привремено помирување помеѓу Хенри V и папата.

Периодот од 1096 до 1291 година претставува епохата на крстоносните војни. Биле создадени религиозни рицарски ордени, од кој најпознати се: Витези-Темплари, Малтешкиот ред и Тевтонскиот ред.

Од 1100 година започнале да се градат нови градови во близина на замоците, дворците на епископите и манастирите. Во градовите започнале да се создаваат општинските права и слободи. Некои градови станале слободни империски центри, кои не биле зависни од кнезовите или епископите. Единствено биле потчинети кон императорот. Градовите биле управувани од страна на патрици. Германската колонизација и основањето на нови градови и села започнала кон исток во регионите на Бохемија, Шлеска, Померанија и Ливонија, кои биле населени претходно претежно со словени. Во периодот од 1152 година до околу 1190 година во времето на владеењето на Фридрих I од династија Хоенштауфен, империјата ги заладила односите со Guelph. Австрија била претворена во одделна грофовија по силата на Privilegium Minus од 1156 година. Барбароса се обидел да ја задржи својата контрола врз Италија. Во 1177 се дошло до договор помеѓу императорот и папата во Венеција.

Во 1180 година, Анри Лав бил прогонен од страна на месните жители и Баварија се дала на Ото од династијата Вителсбах, династија која со Баварија раководела сè до 1918 година. Од друга страна пак, Саксонија била разделена.

Во периодот од 1212 година до 1250 година, Фридрих II создал модерна, професионално административна држава во Сицилија. Преку тоа тој ги подновил своите планови за завлдување на Италија, кое довело до создавање на нов конфликт со папството. Борбата со папата целосно ја исцрпила државата. По неговата смрт паднала и неговата династија Хоенштауфен. Следувал период на безвластие односно период во кој немало император. Врз основа на Златната була од Римини, големиот водач на Тевтонските витези Херман вон Салца и војводата Конрад I од Масовије заедно ги нападнале Старите Пруси во 1226, за да ги покрстат во крстоносниот поход на Прусите. Тогаш витезите биле обвинети за малверзации во полската управа и образување на независната Монашка држава на Тевтонски витези. Редот ја губи својата цел кога соседна Литванија го прифаќа христијанството. Сместен во Прусија, Редот почнува походи кон своите христијански соседи, царството Полска, Големо војводство Литванија и Република Новгород, откако целосно го асимилира Ливонијскиот ред. Благодареније на своите достигнувања, Редот постигнува голема градска економија, вработува голем број на европски трговци и станува морска сила на Балтичкото Море.

За време на владеењето на Максимилијан I од 1493 до 1519 година, императорот се обидел да направи големи реформи во царството, создавајќи Врховен императорски суд, воведувајќи императорски данок, силата на Рајхот се зголемила. Но и покрај воведените реформи, империјата била изложена на разделување на нејзините територии. Неуспешните преговори помеѓу императорот Лудвиг IV и папата во 1338 година довеле до создавање на Рензенскиот договор, во кој договор било договорено по избирањето на еден император тој ја преземал таа функција без да чека потврда од папата.

Во периодот од 1346 до 1378 година, Карл IV од Луксембург, крал на Бохемија, преземал големи мерки за да ја издигне повторно императорската власт. Во средината на 16 век, Црната смрт ја опустошила Европа, заедно со територијата на Германија. Следувало прогонувањето на евреите на економска и религиозна основа. Многу од нив успеале да побегнат во Полска. Во времето на Златниот век, во 1356 година било земено решение дека императорот ќе се избира од страна на кралот на Бохемија, на Рејн, графот на Саксонија и маркгрофот на Браденбург, како и од страна на три духовни свештеници односно епископите на Мајнц, Трир и Келн.

Реформација и Триесетгодишната војна уреди

Во почетокот на 16 век, во Светото Римско Царство се појавило големо незадоволство помеѓу населението, кое главно се согледувало од прекумерната власт на Римокатоличката црква.

Со појавата и ширењето на хуманизмот и ренесансата во Европа, дошло до појава на движење за реформирање на Католичката црква. Носители на ова црковно движење биле хуманисти кои ја критикувале простотијата и празноверието на свештениците и калуѓерите и барале црквата да го реформира своето учење и организација. Тоа за првпат се појавило во почетокот на 16 век во Германија. Германија во тоа време била распарчена земја, составена од повеќе мали кнежевства, слободни градови и владеења на императорот, кои биле сосема независни. Феудалците, од најкрупни до најситни, не признавале никаква власт и безмилосно ги експлоатирале селаните. Во таква Германија за император бил избран Карло V Хабсбуршки (1519-1555 ) кој не успеал да ја зацврсти во потполност својата власт, бидејќи владеел и со Шпанија и нејзините колонии (Сицилија и Јужна Италија) и Холандија.

 
Мартин Лутер

Повод за почеток на борбата за реформа на Католичката црква било повторното продавање на индулгенции, наводно за прибирање средства за доградба на црквата Св. Петар во Рим. Творец и водач на реформацијата во Германија бил Мартин Лутер (1483-1546 ), професор по Богословија на Универзитетот во Витемберг. Во 1517 г. на вратата на Витембершката црква ги истакнал своите "95 тези", според кои тој барал Евангелието да биде основен извор на христијанската вера, црквата да биде скромна, да нема многу празници, црковните обреди да се изведуваат на народен јазик, а не на латински (ја превел Библијата), свештениците да се свртат кон народот а не кон трупање на богатство, и да им се даде право на женидба. Движењето било наречено "Лутеранство", според неговото име. За истапувањето на Лутер против Католичката црква и против папата се расчуло низ цела Германија и тој стекнал многу приврзаници од сите слоеви на населението. Но за неговото истапување разбрал и Римскиот Папа и веднаш јавно го осудил неговото учење како Ерес и побарал Лутер да се откаже од 95-те тези на Мартин Лутер. Лутер го одбил барањето, а Папата со папска була (писмо) го исклучил од Католичката црква. Лутер не се уплашил од заканите на Папата, и јавно ја изгорел папската була на плоштад, како резултат на што дошло до раскнување на врските меѓу Лутер и Папата. Учењето на Лутер брзо се ширело низ цела Германија опфаќајки ги сите слоеви на општеството. Преку реформа на црквата богатото граѓанство барало евтина црква која би ги штитела нивните интереси, кнезовите барале одземање на имотите на Католичката црква, и таа да биде потчинета, а селаните и сиромашните граѓани барале освен црковна и реформа во општеството, да се ослободат од феудалната експлоатација. Меѓутоа реформацијата имала и свои противници. Освен папата, еден дел од благородништвото на чело со императорот не го прифатиле учењето на Лутер. На соборот во Вормс 1521 г. тоа било забрането, а Лутер бил прогонет. Тој се засолнал кај германските кнезови кои биле приврзаници на реформацијата.

 
Светото Римско Царство

Во периодот од 1618 година до 1648 година се одвила една од најголемите и најдолгите војни во Европа, позната како Триесетгодишна војна. Главна причина за оваа војна била повторно несогласувањата помеѓу католиците и протестантите. Поводот за конфликтот бил бунтот на протестанското население во Бохемија против императорот. Конфликтот се проширил под контрола на данскиот крал Крисиан IV, шведскиот Густав II Адолф и кардиналот Ришељо од Франција. Територијата на Германија била основното место каде што се водила војната. Како резултат на војната, голем дел од територијата на Германија останале запуштени, државата загубила скоро една третина од вкупниот број на своето население. Војната завршила во 1648 година со потпишувањето на Вестфалскиот договор. Со тој договор, империјата изгубила територии, препуштајќи ги на Франција и Шведска. Холандија официјално ја напуштила Светото Римско Царство.

Падот на империјата уреди

Од 1640 година, Браденбург започнал да ја зголемува својата моќ под раководство на Фридрих Вилхелм. Вестфалскиот мировен договор кој бил потпишан во 1648 година дал уште поголема можност за завладување со Источна Померанија. Била образувана апсолутна форма на управување. Во 1701 година, Фридрих Ванденбургски бил прогласен за крал на Прусија. Од 1713 година до 1740 година, кралот Фридрих Вилхелм I Прусија ја образувал како високо централизирана територијална држава. Во тоа време Луј XIV, крал на Франција, успеал да завладее со делови од Елзас и Лотарингија. Во 1683 година Турците Османлии за првпат доживеале пораз пред портите на Виена од страна на полската армија водена од страна на Јан III заедно со австриските војски под раководство на Карло IV. Унгарија била покорена, а Австрија станала голема светска сила.

Германски Сојуз уреди

По паѓањето на Наполеон, европските монарси и императори се собрале во Виена во 1814 година за да направат план за идното управување на Европа под раководство на австрискиот принц Клеменс фон Метерних. На териториите на веќе поранешната Свето Римско Царство се создал Германски Сојуз од 39 територијални држави и истите биле под влијание на Австрија. Сојузот се состоел од Федерално Собрание (Bundestag), кое се наоѓало во Франкфурт.

Во 1819 година, Карл Лудвиг Занд го убил писателот Август фон Коцебу, кој претходно се подигрувал со либералните студентски организации. Принцот Метерних ова го искористил за свикување на конференција на која учествувале Прусија, Австрија и уште осум држави. По конференциата бил даден почетокот на т.н. следење на демагозите кои ги распространувале своите револуционерни и националистички идеи.

 

Во 1834 година бил создаден нов сојуз наречен Цолверејн (Zollverein), помеѓу Прусија и повеќето германски територијални држави а Австрија била изоставена од сојузот. Незадоволството пред сè од политички и социјален план довел до конфликт во 1848 година. Во мај истата година, германскиот парламент во Франкфурт заседавал во црквата Свети Павле сè со цел да се создадат основите на новиот германски Устав. Но, револуцијата од 1848 година била неуспешна. Кралот Фридрих Вилхелм IV се откажал од императорската круна, парламентот во Франкфурт се распуштил. Германскиот Сојуз се обновил во 1850 година.

Во 1862 година, принцот Бизмарк бил номиниран за главен министер на Прусија како акт против либералната опозиција. Во периодот од 1863 до 1864 година на виделина излегол спорот помеѓу Прусија и Данска во врска со Шлезвиг кој за разлика од Холштајн не бил дел од германскиот сојуз и кој данските власти сакале да го вклучат во составот на Кралство Данска. Ова довело до Германо-Данска војна, во која Прусија поддржана од страна на Австрија ја поразила Данска. Така Шлевсиг и Холштајн биле дадени на Австрија и Прусија. Во меѓувреме, поради недоразбирања се дошло и до војна помеѓу Прусија и Австрија во 1866 година, во која Прусија на крај извојувала победа.

Северногермански Сојуз уреди

Во 1866 година, германската конференција била распуштена. На нејзиното место бил создаден Северногермански Сојуз кој бил раководен од страна на Прусија. Австрија не била дел од сојузот. Овој сојуз постоел од 1867 до 1871 година, во времето на распаѓањето на Германскиот Сојуз и создавањето на Германското Царство. Преку тој сојуз, Прусија добила контрола врз 22 територијални дрќави во Северна Германија и Јужна Германија.

Германско Царство уреди

Вајмарска Република уреди

Вајмарска Република (германски: Weimarer Republik) или официјално Германски Рајх (Deutsches Reich) се нарекува Германија во периодот од 1919 до 1933 год. Овој период е познат како Вајмарски период. Името го добила по градот Вајмар, каде што се одржал национален собир за донесување на нов устав (којшто стапил насила од 11 август 1919 г.) за Германија по поразот во Првата светска војна.

Сепак во овој период официјалното име на државата било „Германски Рајх“, а името „Вајмарска Република“ е употребувано само од историчарите денес. Вајмарската Република била создадена во февруари 1919, а престанала да постои со доаѓањето на Адолф Хитлер на власт во март 1933, кога Германија била позната како Третиот Рајх.

Првиот обид за создавање на либерална демократска Германија пропаднал со доаѓањето на Хитлер и Нацистичката партија на власт, иако уставот од 1919 бил задржан, промените што биле направени во 1933 (познати како Gleichschaltung) тотално го уништиле принципот на слободна демократија. Овие промени во уставот се бележат како крај на Вајмарската Република.

Нацистичка Германија уреди

Нацистичка Германија или Третиот Рајх се однесува на историјата на Германија меѓу 1933 и 1945, кога била под власт на Националсоцијалистичката германска работничка партија, или Нацистичката партија, на чело со Адолф Хитлер како канцелар.

Третиот рајх, користен како синоним за нацистичка Германија, доаѓа од германскиот израз „Drittes Reich“, во превод Трето Царство. Терминот првпат е искористен во 1922 како наслов на книга од конзервативниот писател ван ден Брук. Прифатен е од нацистичките германски пропаганди, која гледала на Светото Римско Царство како прво, Германското Царство (1871 - 1918 второ и својот режим како трето.

Нацистичката партија се обидела да ги измеша традиционалните германски симболи со симболите на партијата со цел да се поистоветуваат. Така партијата користела поими како „Трето Царство“ и „Илјадагодишно Царство“ за да ги поврзе славната историја на Германија и славната иднина.

За време на своето дванаесетгодишно владеење, нацистите пратиле масивни војски низ речиси цела Европа, освен Швајцарија, Шпанија, Лихтенштајн, Шведска, Португалија, Андора, Ватикан и подрачјата крај планината Урал. Како дел од тоа, нацистите ја поддржувале идејата за Голема Германија, со интеграција на сите луѓе со чисто германско потекло. Оваа политика се манифестирала и со уништувањето на околу 11 милиони припадници на разни малцинства (Евреи, Цигани, Словени), политички противници (комунисти, социјалисти, либерали) и социјални групи (инвалиди, хомосексуалци), како и десетина милиони други, како директен или индеректен резултат од воените операции.

По војната уреди

Разделување на Германија уреди

По војната, Германија како поразена страна била окупирана од Сојузниците. По започнувањето на Студената војна, Германија била поделена на Западна Германија, поддржана од Западниот блок, и Источна Германија, поддржана од Советскиот Сојуз. Главниот град Берлин исто така бил поделен на Источен Берлин и Западен Берлин. Во 1961. СССР го изградиле Берлинскиот ѕид, со што и физички го изолирале Западен Берлин од остатокот на Источна Германија. Западните сили продолжиле да трошат огромни средства за да го одржат функционирањето на Западен Берлин како симбол на западниот капитализам и демократија.

Падот на комунизмот уреди

Падот на Берлинскиот ѕид бил првиот чекор во обединувањето на Германија кое се завршило на 3 октомври 1990 година. По колапсот на советскиот модел на комунизмот во светски размери, двете Германии во 1990 биле соединети, иако разликите меѓу истокот и западот, заедно се хроничната невработеност и слабиот економски раст, ќе продолжат да бидат предизвици за земјата.

Денеска, Германија е третата по големина светска економија, по САД и Јапонија. Позната е по железото, челикот, машинеријата и автомобилската индустрија. Германија е земја основач на Европската Унија и нејзина најголема членка по население. Членка е на Обединетите Нации, НАТО и Г8. Нејзин моментален канцелар е Ангела Меркел.

Наводи уреди

  1. Wolf Liebeschuetz (19 May 2015). „6 the Debate about the Ethnogenesis of the Germanic Tribes“. The Debate about the Ethnogenesis of the Germanic Tribes. BRILL. стр. 85–100. doi:10.1163/9789004289529_007. ISBN 9789004289529. Посетено на 2 March 2019.
  2. The Cambridge Ancient History, том 12, стр. 442 ISBN 0-521-30199-8
  3. Nelson, Janet L. (1998), Charlemagne's church at Aachen, 48, History Today, стр. 62–64
  4. Nelson, J.L. (1998). Charlemagne's church at Aachen. History Today, стр. 62-64