Симонија — црковно злосторство кој се однесува на купување позиции во црковната хиерархија, наречена според Симон Маѓесникот, кој се појавува во Дела апостолски 8:18-24. Според Новиот завет, Симон Маѓесникот им понудил на апостолите Петар и Јован пари за да може да ја пренесува моќта на Светиот Дух врз оние на кои ќе им ги положи рацете. Ова е потеклото на поимот симонија[1], но тој исто така се однесува на сите форми на трговија со духовни вредности за пари.[2][3] Симонијата била едно од важните прашања во текот на Борбата за инвеститурата.

Данте разговара со папата Никола III, фрлен во пеколот заради неговата симонија, во дрворез на Гистав Доре од 1861 г.

Црквата во средниот век

уреди

Мешањето на световната со духовната власт во средниот век предизвикувало бескрајни проблеми со симонијата и обвинувања за симонија. Световните владетели сакале да ги вработуваат образованите и централно организирани свештеници во нивните администрации и често се однесувале кон нивните духовни позиции како додавки на нивните световни административни улоги.

На териториите под власт на муслимански владетели, како Османлиското Царство, била задржана црковната структура од претходниот период како дел од државниот апарат одговорен за раководење со христијанското население. „Црквата во отоманскиот период претставувала институција на системот и била задолжена за многу работи, меѓу кои, на пример, било и собирањето данок.“[4]

Православна црква

уреди

Епископот Хераклејски г. Климент, секретар на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, има изјавено дека „симонија“ е древен израз со кој се означува корупцијата.[5]

„Своето име го добил според Симон кој на апостолите им нудел пари за да добие свештеничка власт. Големиот авторитет за црковното право д-р Никодим Милаш вели: за симонија виновен е не само оној кој за пари ракополага или произведува во ерархиски степени, туку и оној кој го прима ракополагањето за пари, а исто така и сите оние кои посредуваат во тоа. Според тежината на овој престап секому му е допуштено да подигне тужба за симонист, и без разлика се прима секој сведок, и потполно се уважува неговото сведоштво, освен во еден случај, ако се докаже дека свесно настојува да клевети. А според истата тежина на престапот, и заради тоа што со симонијата се руши целата зграда на црковниот организам, за симонијата каноните налагаат најстрашни казни: епископ, кој ќе се затекне во симонија од кој било вид се расчинува. Оној кој добил ракополагање или какво било достоинство на еден од овие начини кои погоре ги споменавме, подлежи на анатема откако ќе биде расчинет од чинот кој незаконски го добил. Лицата пак, кои посредувале во такви беззаконски дејствија, ако припаѓаат на клирот биваат расчинети, а мирјаните подлежат на анатема“, вели Епископот Хераклејски г. Климент.

Римокатоличка црква

уреди

Канонскиот закон на Католичката црква за симонија ги сметал и дела неповрзани со продажба на титули и позиции, туку со продажба на духовна власт: продажба на прилози, земање наплата за исповед, опрост на гревови, венчавање или погреб, како прикривање на смртен грев или примање назад во црквата на непокајници поради материјална полза. Дефинирањето на тоа што спаѓа или не спаѓа во симонија било прецизно правно одредено: според еден коментатор, доказ за тоа дека симонијата била широко раширена практика е бројот на зачувани еклезијастички пресуди за тоа што е, или не е симонија.

Симонијата има многу наштетено на моралниот углед на Римокатоличката црква. Данте Алигиери ги сместува симонистите во осмиот круг на Пеколот во неговата Божествена комедија. Тој раскажува за средба со папата Никола III кој е закопан со главата надолу, додека стапалата му се полеани со врело масло, како во божемно крштевање. Данте пишувал дека и неговите современици, папата Бонифациј VIII и папата Климент VI, ги чека истата судбина заради истиот грев. Писателите од раната ренесанса, како Николо Макијавели и Еразмо ја осудувале симонијата, додека Блез Паскал го критикувал нерационалниот начин на кој се бранеле обвинетите за симонија.

Англиканска црква

уреди

Англиканската црква исто така се борела со оваа практика по нејзиното одвојување од Рим. Иако англискиот закон ја сметал симонијата за прекршок,[6] таа била третирана како еклезијастичко прашање, а не како злосторство. Казната била губење на позицијата и сите привилегии, како и раскинување на односот со лицето што ја доделило функцијата. Важни случаи од оваа област се оние на Томас Вотсон, бискупот на велшката бискупија Св. Давид од 1699 г.[7] и на деканот од Јорк, Вилијам Кокбурн во 1841 година[8]. Симонијата и ден денес се смета за прекршок, при што Круната има право да интервенира и да одземе титули, а прекршителот треба да плати и казна од 1000 фунти според законот за симонија од 1588.[9]

Наводи

уреди
  1. The Reader's Encyclopedia (1965), New York: Thomas Y. Crowell Company, vol.2, p.932, "Simon."
  2. Smith (1880)
  3. Halsbury 832
  4. Вангели, А. „Деконструкција на митот за МПЦ“ Архивирано на 19 април 2012 г. првобитно објавено во Глобус на 02.03.2010, реобјавено на блогот Вуна 10.06.2010. Пристапено на 22.12.2011.
  5. Незири, Џ. и Николовски, М. (2008) „Корупција во име на Бога“[мртва врска], Вечер. Пристапено на 22.12.2011.
  6. 3 Coke's Institutes 153–156
  7. Handley, S. (2004) "Watson, Thomas (1637–1717)", Oxford Dictionary of National Biography, Oxford University Press, accessed 21 Aug 2007 (subscription required)
  8. The Times, 10 April 1841, p.6 col.b, reprinted from the Cambridge Advertiser
  9. Simony Act 1588 "[1]", The UK Statute Law Database, Office of Public Sector Information, accessed 22 Jan 2010

Библиографија

уреди
  • Lord Mackay of Clashfern (ed.) (2002) Halsbury's Laws of England, 4th ed. Vol.14, "Ecclesiastical Law", 832 'Penalties and disability on simony'; 1359 'Simony' (see also current updates)
  • Smith, W. (1880). A Dictionary of Christian Antiquities: Being a Continuation of the 'Dictionary of the Bible'. J.B. Burr Pub. Co. стр. "Simony".
  • Weber, N. A. (1913) "Simony", Catholic Encyclopaedia'