Бронзено време

период во историјата
(Пренасочено од Бронзено доба)
Трипериоден систем
Холоцен Железно време Протоисторија
Доцно бронзено време  
Средно бронзено време
Младо бронзено време
Бронзено време
Бакарно време (енеолит)    
Младо камено време (неолит) Праисторија
Мезолит / Епипалеолит
Плеистоцен Доцен палеолит  
Среден палеолит
Ран палеолит
Палеолит
Камено време

Бронзено време или бронзена доба — период на пресвртница, кога човекот станува свесен за улогата и значењето на металот во неговиот живот. Особено тоа се однесува на користењето на бронзата, која е легура на бакар и калај, чиј квалитет од своја страна ќе овозможи и поинтензивен економски живот.

Разни орудија од бронзеното време.
Фреска со антилопи од Акротири во Грција.

Се разбира, економскиот живот, го определил и правецот на општествениот, политичкиот и духовниот развој на популацијата која го има прифатено новиот тек на развиток во новооткриената технологија. Рапидниот економски прогрес резултирал со појава на првите европски градови, како што се Троја, Крит, Микена, кои се забележани во подоцнежните епохални литературни извори, како и градење на тврдини и владетелски палати. Во тие рамки се манифестирало и самото религиско сфаќање во склоп на архитектурата, сликарството и скулптурата. Веќе припитомениот коњ и користењето на колата, како во земјоделството, така и во воените походи, овозможиле ширење на сообраќајот, трговијата и комуникацијата дури и со географски најоддалечените области.

Бронзениот период е носител и на појавата на првото европско писмо, што се јавило на Крит. Временскиот распон од III и II милениум п.н.е. меѓу народите кои живеат во Егејската област, веќе го носи печатот на културно развиениот европски дух, додека северните земји сè уште живеат во претходниот стадиум од развојот на човештвото.

Економскиот развој, кој го координирал и севкупниот развиток на квалитетот на живеење, започнал од Југот-Егеја. Таму се изградиле првите европски центри, додека паралелно со нив, во останатите делови од Европа, сè се развивало постепено, со задоцнување, прекриени од слоевите на претходниот развоен стадиум на заедницата.

Како посебна одлика на секоја култура и период, погребувањето е доказ за постоењето на различните одлики меѓу народите. Во бронзенодопскиот период доаѓа до развој на гробови со згрчени покојници, но и до култури на тумули, полиња со урни и рамни некрополи. Носител на сличности за едно исто новопочнато обележје се гледа како меѓу две соседски, така и меѓу две најоддалечени територии.

Македонија во бронзеното време

уреди
 
Керамички садови од бронзено време пронајдени на наоѓалиштето Градиште кај Пелинце

Почетокот на овој период во Македонија се врзува со стабилизацијата на индовропските групи, со нивното продирање, доселување и мешање со автохтоното население. За целокупниот развој на периодот на територијата на нашата земја, сè уште има недостаток од доволно податоци. Единствено со сигурност може да се зборува за фактот, дека овој период на нашето тло се развивал самостојно и започнал порано од северните области.

Оваа територија претставува главен поврзувачки и комуникациски пат меѓу централнобалканскиот регион и Северна Европа со Егеја и континентална Грција, главно преку сливот на реките Морава и Вардар. Важна улога игра и Пелагонија, врзана со Централен Балкан преку долината на Црна Река и Плетварскиот Превој, а преку охридскиот и преспанскиот базен, со долините на Дрим и Девол и јадранскиот брег. Меѓутоа, сигурни хронолошки рамки меѓу бакарното време и почетокот на бронзеното време е тешко да се одредат, како што е тешко да се определи и крајот на периодот општата хронологија за Македонија е добиена по компартивна анализа, направена од В. А. Хертли за Егејските области. Податоци за почетоците на раното бронзено време (пред и до 1900 г. пр.н.е.) потекнуваат од Пелагонија.

Од овој период на Балканот се издвојува Ерменовската група (Пелагониска) застапена во стратиграфијата на населбите во Карамани, Бакарно Гумно и Црнобуки, каде слоевите со наодите се наоѓаат над бакарновремескиот слој. Ерменовската група е распространета во Пелагонија, каде се препознатливи и наоѓалиштата: Ерменово кај Лерин, на крајниот јужен раб од Пелагонија, потоа наоѓалиштето Висок Рид кај селото Букри; наоѓалиштето Тумба кај село Кравари; наоѓалиштето Тумба кај село Барешани; наоѓалиштето Црничани и наоѓалиштето Хераклеја кај Битола. Надвор од Пелагонија, наоди од овој период се познати од наоѓалиштето Црквени Ливади кај селото Враништа близу Струга; од Демир Капија и од Кале во Скопје. Од развиениот (среден) бронзен период (1900-1500 г. пр.н.е.), постојат скудни податоци добиени од наоѓалиштата Тумба кај село Канино и Тумба кај село Радобор во околината на Битола; Прибовце кај селото Лопате (Кумановско); Градина во Демир Капија и други.

Доцниот бронзен период (1500-1200пр.н.е.) досега е најмалку истражен, а основните сознанија се добиваат преку наодите од Варош крај Прилеп. Во ХII век пр.н.е., Балканскиот Полуостров го зафаќаат нови бранови на немири и преселувања, кои со себе го носат и новото време познато како железно време, со што и официјално завршува бронзениот период.

Надворешни врски

уреди