Горно Лисиче
Горно Лисиче (познато едноставно и како Лисиче или село Лисиче поради поранешниот статус на рурално населено место) — населба и предградие во Општина Аеродром во градот Скопје. Горно Лисиче е најстаро и најголемо по површина од сите други „Лисичиња“ односно Долно Лисиче, Лисиче, и Ново Лисиче, населени места кои токму поради Горно Лисиче го содржат топонимот Лисиче во нивните имиња.
Горно Лисиче | |
![]() Според стрелките на часовникот, почнувајќи од горе лево: улицата „Горно Лисиче“, улицата „Ѓорѓи Капчев“, зградите во Горно Лисиче, улицата „Тодор Чангов“ | |
Координати 41°58′29.0748″N 21°29′19.3776″E / 41.974743000° СГШ; 21.488716000° ИГДКоординати: 41°58′29.0748″N 21°29′19.3776″E / 41.974743000° СГШ; 21.488716000° ИГД | |
Општина | Општина Аеродром |
Област | Каршијак |
Површина | 3,66 км2 |
Пошт. бр. | 1000 Скопје |
Повик. бр. | +(389)(0)2 |
Шифра на КО | 25054, 25554, 25169 |
Надм. вис. | 237 м |
Слава | Петровден[1] |
![]() |
Географија и местоположба уреди
Горно Лисиче е голема населба во рамничарскиот дел на Скопското Поле во алувијалната рамнина на реките Вардар и Маркова Река. Населбата се наоѓа на 5 километри источно од центарот на Скопје. Расположено е на десниот брег на реката Вардар и непосредно до вливот на Маркова Река во Вардар. Граничи со населените места Долно Лисиче на исток, Пинтија на југ, на запад со Ново Лисиче, Реонски Центар и Лисиче и на север граничи со реката Вардар. Низ Горно Лисиче тече Усјанскиот Канал,[2] кој потоа се влева во реката Вардар.
Во минатото, Горно Лисиче било дел од областа наречена Слив на Маркова Река, површина која па била поделена на Долни Села, Горни Села, и Каршијак. Горно Лисиче спаѓало во Долни Села заедно со Долно Лисиче, Морани, Студеничани, Драчево, Љубош, Батинци, Дрежница, Варвара и Сушица.[3]
Потекло на поимот уреди
Името на селото Лисиче спаѓа во онаа група населени места кои влечат корен од животинскиот вид лисица. Според старите преданија, кои во текот на генерациите се пренесувале меѓу жителите на Горно Лисиче, на просторот кадешто сега се наоѓа населбата, некогаш имало многу лисици. Во тоа време селото се наоѓало на околу 700 метри подалеку од сегашната населба, покрај самата утока на Маркова Река во Вардар. На сегашното место на населбата имало ниви и ледини. Затоа лисиците тука во голем број живееле и крстареле во потрага за храна по околните селски населби. Целата област (каде што се наоѓаат Горно и Долно Лисиче) луѓето ја викале лисичка земја.[4]
Оваа верзија ја прифатил и етнографот д-р Јован Хаџи-Васиљевиќ. Тој во врска со ова го запишал следново:
„Селата (во скопска околија, н.з.) коишто добиле име по разни животни се следниве: Кози Дол, Враништа, Песја Чука, Кучково, Орланци, Лисиче, Лисичка Дупка, Пиштиорли, Вучи Дол, Кокошињец, Вучило Веки (Бардовци), Пужавина, Чавчини итн“.[5]
Со научното истражување на д-р Љубица Станковска се потврдило фактот дека името на селото потекнува од зоонимот лисица. Според неа:
„Тоа е етничко име добиено со топонимизација на некогашниот етник во множина лисичани, образуван од постарите топоними Лисича (Планина), Лисиче (Место) со етничката наставка - ани, непалативната варијанта на наставката - јани. Придавните компоненти Лисича, Лисиче се образуваат со придавната наставка - јь, а во основата се наоѓа апелативот лисица (Canis vulpes).
Зоонимот лисица < старословенски лисица е општословенска лексема која потекнува од прасл. лисица, а за врска се претпоставува коренот leip-so. Во старословенскит се употребувал и апелативот лисъ "лисица".
Наполно идентичен ојконим е името на исчезнатото село Лисичане (Скопско). Основата на името на селото Лисиче обично се изведува од зоонимот лисица. Село Лисиче има и во Велешко.
Ојконимот Лисиче претставува елиптично име добиено со супстантивизација на придавката од постарата синтагматска форма Лисиче (село), а при неговото образување учествувала придавната наставка - јь, во формата за се. р.-је.
Бидејќи во именскиот фонд на словенските јазици името на животното е познато и како лично име, при објаснувањето на етимологијата на овие топонимски единици може да станува збор и за изведување од личното име Лисица“.[6]
Историја уреди
Среден век уреди
Првите пишани извори за Горно Лисиче потекнуваат од почетокот на XIV век, односно од 1300 година. За првпат селото со името Лисиче (но не е сигурно дали тогаш физички претставувало една населба со Долно Лисиче) се споменува во повелбата на српскиот крал Милутин (1282-1321), издадена на обновениот манастир „Св. Ѓорѓи“ кај Скопје. Со оваа повелба српскиот крал му подарува имот на манастирот „Св. Ѓорѓи“. Во оваа повелба се наведува патот кој води во Лисиче, а доаѓал од Скопје.[7]
За патот кој водел во Лисиче во своите проучувања напишал и Миодраг Пурковиќ. Тој во својата опсежна студија за пописот на селата рамките во средновековната држава, објавена во 1940 година, за селото Лисиче го запишал следново:
„Лисиче, во 1300 година се споменува патот кој води во село Лисиче, денес Горно и Долно Лисиче во Скопје“.[8]
Името Лисиче, односно Лисичани (можеби се однесува на исчезнатото скопско село Лисичане) е документирано и во грамотата на Михаил IX Палеолог од 1299 со која се подаруваат имоти на Манастирот „Св. Никита“ кај Скопје, како и во преводот на грамотата на Андроник II Палеолог за истиот манастир од 1299-1300 година, дополнета со Милутиновата грамота од 1308 година, со која се потврдени приложувата и дарувањата на римскиот цар Андроник II Палеолог на тој манастир на Скопска Црна Гора.[9]
Османлиски период уреди
Името на селото било Акбаш, што е раса на турско куче, до периодот пред 1800 година, а причината за ова е што важело за сточарско и овчарско село што било во добар дел населено од Турци. Со почетокот на преселувањето на денешните староседелски родови во селото, името било вратено во Лисиче.
Географот и етнолог Јован Трифуноски во книгата „Слив Маркове Реке“ дава податоци според кажувањата на селаните. На почетокот на XVIII век, населбата страдала од колера. Сепак, и до денес постојат голем број на староседелци кои живеат повеќе векови во населбата. После колерата, започнале доселувања од другите предели на Македонија и тоа Овче Поле, Прилепско, Велешко и скопските села под Китка.
На крајот на XIX век, Горно Лисиче било во административната единица Каршијак Кол кој бил дел од Скопската каза, на Отоманското Царство.[3]
Кралство Србија уреди
Со настанувањето на Првата балканска војна, Османлиската држава не можела да се носи со балканските сојузници и нејзината војска постепено губејќи се повлекувала од своите положби. Така, Горно Лисиче де факто потпаднало под српска воена власт кога во соседното Драчево влегла коњичката дивизија на Првата моравска бригада на 30 октомври 1912 година.[10] Во тој период, Горно Лисиче припаднало во Скопската Околија[3] која била дел од поголемиот Скопски Округ. Во 1914 година, Министерството за внатрешни работи на Србија го поделила округот на општини, при што Горно Лисиче потпаднало во новосоздадената Општина Драчево.[11]
Кралство СХС/Југославија уреди
Со новиот Видовденски устав, според новата територијална промена, Горно Лисиче влегло во Скопскиот Округ кој бил дел од Скопската Област. Местото и понатаму останало во Општина Драчево.[12] Според службените статистички податоци на државата, Горно Лисиче во 1921 година имало 58 домаќинства и 560 жители.[13] Почнувајќи од 1923 година, преку великосрпската колонизација, во селото започнале да се доселуваат Срби, но и други народности.[14] Во 1930 година, местото се зголемило и имало 78 домаќинства со 770 жители.[15]
Втора светска војна уреди
Во Втората светска војна, односно за време на Априлската војна во 1941 година, Кралството Југославија било освоено од германските војски. Со тоа Вардарскиот дел на Македонија потпаднал под германска воена власт. На 7 април 1941 година, германските сили влегле во Скопје.[16] На 18 април, поголемиот дел на Вардарска Македонија бил предаден на Царството Бугарија. И за време на овој воен период, Горно Лисиче останало да биде во Општина Драчево во составот на Скопската околија. Во 1941 година, Горно Лисиче имало околу 1000 жители, според статистиката на бугарскиот државен апарат.[17]
Веднаш по бугарското заземање, биле правени обиди за вооружен отпор на страна на членовите на Комунистичката партија кои врбувале луѓе и уште истиот април била создадена кандидатска група за членови на КП од неколкумина Лисичани. Таа група требала да ја побива политиката на тековната бугарска власт.[18]
Во 1944 година, кога Народноослободителната борба на Македонија бил во полн тек и кога Бугарија капитулирала, германската војска поставила одбрана на Скопје на неколку точки во периферијата на градот. Дел од таа одбранбена линија се наоѓала во Горно Лисиче кое било силно утврдено. Целта на оваа линија била заштита на железничката пруга Велес-Скопје за безбедно повлекување кон север. Со партизанскиот напад врз драчевската станица на 29 септември 1944 година, борбените дејствија се префрлиле кон територијата на Горно Лисиче. На 21 октомври, Втората македонска бригада веќе била сместена во околијата на Горно Лисиче за да се борат против германските единици во селото. На 25 октомври, диверзантската група „М“ поставила мина на железничката пруга кај Горно Лисиче, која експлодирала кога поминал еден германски воз. На 28 октомври, диверзантската група „М“ дејствувала со сечење на телефонските мрежи на противавионската артилерија, кои се наоѓале кај Горно Лисиче. Отткако бил ослободен Велес на 9 ноември, Третата, Дванаесеттата и Шестнаесеттата македонска бригада добиле наредба да се префрлат во Драчево и Горно Лисиче заради конечен напад на Скопје. Борбите за Горно Лисиче започнале на 13 ноември во раните утрински часови. Германските сили биле приморани да се повлечат во Скопје со што селото било ослободено. Веќе 03:30 часот започнал општиот напад на Скопје.[19]
Современа македонска држава уреди
Со признавањето на македонскиот народ и создавањето на современата македонска држава, дошол до општ извесен етничко/политичко македонско-српски судир. Со оглед дека Горно Лисиче претходно доживеало доселување на српски колонисти, и откако колонистите биле иселени за време на војната, Лисичаните Македонци се исплашиле за враќање на Србите колонисти и во 1945 година нападнале две колонистички куќи во селото.[20][21] Во почетокот на истата година, во селото била основана месната селска работна задруга.[22] Согласно усното предание, Лисичани не сакале да се придружат на задругата и како одговор, комунистичката власт доселила жители на Брезница (во денешно северозападно Горно Лисиче) и Роми (во денешно југоисточно Горно Лисиче) со цел да постои и функционира лисичката селска задруга. Според Законот за територијална поделба на Федерална Македонија и неговата Уредба од 21 ноември 1945 година, Горно Лисиче припаѓало под Драчевската Околија, Скопски Округ.[23] Согласно Законот на административна територијална поделба на Народна Република Македонија од 3 јануари 1947 година, Горно Лисиче било седиште на Горнолисичкото Подрачје, единица на Скопската Околија. Во тоа подрачје спаѓале и Долно Лисиче и Усје.[24] На 23 ноември 1948 година, МИО Горно Лисиче (вид на мала административно единица) било укинато.[25] На 19 мај 1949 година, МИО Горно Лисиче повторно била воспоставена. На истиот датум, споениот Месен народен одбор на Горно Лисиче, Долно Лисиче и Усје бил подреден на Народниот одбор на Вториот реон на Град Скопје.[25]
На 18 септември 1950 година, според новата административна поделба, односно според Законот за административно-територијална поделба на Народна Република Македонија, Горно Лисиче како седиште на МНО Горно Лисиче, останало во Вториот реон на Град Скопје.[26] На 30 декември 1950 година, било издадено Решение за одредување на матични подрачја и со тоа, при Месниот народен одбор во Горно Лисиче, била отворена канцеларија за водење матични книги.[27] Согласно 1952 година, Горно Лисиче припаѓало под Општина Драчево.[28] Според новата административна поделба од 1955 година, Горно Лисиче припаѓало под Општина Кисела Вода.[29] Според Законот за подрачјата на околиите и општините во Народна Република Македонија од 1957 година, Горно Лисиче останало под Општина Кисела Вода.[30] За општите избори на 23 март 1958 година, Горно Лисиче било припаѓало во Изборната околија Кисела Вода III.[31]
21 век уреди
На 31 декември 2009 година, Министерството за транспорт и врски преку јавно наддавање продало 13 јавни градежни парцели што се наоѓаат на северозападната територија на Горно Лисиче, на кои дотогаш според деталниот урбанистички план требало да бидат градени станбени згради, големи трговски единици и деловни градби. Од продажбата на ова земјиште, државата инкасирала околу 2,2 милиони евра.[32] Согласно јули 2022 година, на тој појас се наоѓаат 24 станбени згради и една деловна зграда.
Стопанство уреди
Поради местоположбата и големината Горно Лисиче е економски доста развиено подрачје. Денес населението се занимава претежно со секундарни и терциерни стопански дејности, а еден дел се занимава и со градежништво и градинарство-земјоделство за сопствени потреби. Во Горно Лисиче работат и расадникот за овошки и цвеќе „Цветан Димов“, земјоделски продавници и аптеки, авто-сервиси и отпади, индустриско-занаетчиски погони и стоваришта („Еуромилк“, „Шипад“, „Пилко“), угостителски објекти, приватни лекарски ординации и училишта за странски јазици.
Порано, најголем дел од населението се занимавало со земјоделство особено со градинарство и производство на зеленчук и ран зеленчук под пластеници. Најзастапени градинарски производи биле: пиперка, домат, зелка, марула, морков, кромид, компир, млад кромид и лук, а од житните култури: пченица и пченка.
Во ноември 1946 година, била одобрена и регистрирана од страна на Кооперативната комисија, првата кооперација во Горно Лисиче.[33]
Во февруари 1953 година, државните власти го најавиле планираното вложување за изградба на мелницата „Шар“.[34] Истиот период, Фабриката за стакло била во изградба која била градена во подалечната периферија на Горно Лисиче.[34][35] Во јануари 1955 година, била основана и регистрирана Земјоделската задруга „Братство-единство“.[36]
Во октомври 1969 година, со решение од Град Скопје, било ставено под ликвидација трговското претпријатие за големо и мало „Лисичанка“.[37] Истиот месец, Земјоделската задруга „Братство-единство“ ја основала својата втора продавница за колонијални стоки, продавница која овојпат била сместена во Горно Лисиче. Во февруари 1972 година, продавницата била регистрирана во Окружниот стопански суд.[38]
Во мај 1970 година, било пуштено во употреба складиштето на словенечкото претпријатие Раденска кое се занимавало со продажба на минерална вода.[39] Истиот месец, бил регистриран во Регистарот на производители на саден материјал, овошниот расадник „Цветан Димов“.[40]
Во јануари 1971 година, Окружниот стопански суд ја внел во Регистарот на задругите, лисичката подружница на Земјоделската задруга „Мерис“ од Студеничани, односно продавница за колонијални стоки.[41]
Демографија уреди
Горно Лисиче од одамна било поголема селска населба во Скопската Котлина, но по Втората светска војна и забрзаната индустријализација на непосредната околина (изградбата на фабриките: ОХИС, Хемтекс, Стакларница, Цементарница, ТИПО), започнува огромен доселенички бран на луѓе од цела Македонија. Поради големиот број на жители, Горно Лисиче е второ населено место по големина надвор од потесното градско подрачје на Скопје, по Драчево.
Според пописот од 1948, Горно Лисиче имало 1.849 жители. Од нив 895 биле од машки пол, додека 954 биле од женскиот пол.
Според пописот од 1953, Горно Лисиче имало 1.847 жители. Од нив 908 биле од машки пол, додека 939 биле од женскиот пол.
Следува табела според народностите во пописот од 1953 година:
Народност | Вкупно |
Македонци | 1,426 |
Албанци | 79 |
Турци | 189 |
Роми | 89 |
Власи | 0 |
Срби | 46 |
Бошњаци | 0 |
Други | 0 |
- Забелешка: Доколку се соберат сите народности во вкупен број, збирот бил 1.849 жители што се спротивставува на веќе наведената вкупна бројка на население од 1.847 жители.
Според пописот од 1961, Горно Лисиче имало 2.608 жители. Од нив 1.275 биле од машки пол, додека 1.333 биле од женскиот пол.
Следува табела според народностите во пописот од 1961 година:
Народност | Вкупно |
Македонци | 2,131 |
Албанци | 238 |
Турци | 60 |
Роми | 0 |
Власи | 0 |
Срби | 49 |
Бошњаци | 0 |
Други | 130 |
Според пописот од 1971, Горно Лисиче било статистички споено (под статистичкиот назив Скопје дел - Кисела Вода) со останатите населени места во Општина Кисела Вода. Повторно, според пописот од 1981, Горно Лисиче било статистички споено (под статистичкиот назив Скопје дел - Кисела Вода) со останатите населени места во Општина Кисела Вода. Таа статистичка целина имала 87.792 жители.
Следува табела на народносната структура на населението:
Народност | Вкупно |
Македонци | 76.079 |
Албанци | 1,224 |
Турци | 756 |
Роми | 1.005 |
Власи | 395 |
Срби | 4.367 |
Бошњаци | 0 |
Други | 3.966 |
Според пописот од 1991, Горно Лисиче повторно било статистички споено (под статистичкиот назив Скопје дел - Кисела Вода) со останатите населени места во Општина Кисела Вода. Таа статистичка целина имала 119.158 жители.
Следува табела на народносната структура на населението:
Народност | Вкупно |
Македонци | 103.266 |
Албанци | 1,146 |
Турци | 925 |
Роми | 1.474 |
Власи | 690 |
Срби | 5.611 |
Бошњаци | 0 |
Други | 6.046 |
Според пописот од 1994, Горно Лисиче било статистички споено (под статистичкиот назив Скопје дел - Кисела Вода) со останатите населени места во Општина Кисела Вода. Таа статистичка целина имала 116.877 жители.
Следува табела на народносната структура на населението:
Народност | Вкупно |
Македонци | 104.209 |
Албанци | 1,817 |
Турци | 900 |
Роми | 1.101 |
Власи | 860 |
Срби | 4.872 |
Бошњаци | 0 |
Други | 3.118 |
За време на пописот од 2002, Горно Лисиче за првпат, по пописот од 1961 година, било водено како независна статистичка единица. Тогаш местото имало 18.233 жители, и се состоело од 5.095 домаќинства и 5.484 станови.[42] Според народносниот состав, жителите биле поделени на:[43]
Народност | Вкупно |
Македонци | 16.408 |
Албанци | 721 |
Турци | 93 |
Роми | 357 |
Власи | 98 |
Срби | 405 |
Бошњаци | 20 |
Други | 121 |
Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, населбата Горно Лисиче одново не била независна статистичка единица и била статистички споена (под статистичкиот назив Скопје - Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Јане Сандански, Лисиче, Мичурин, Ново Лисиче, Острово, Реонски Центар. Таа статистичка целина имала 75.108 жители.
Следува табела на народносната и демографската структура на населението:
|
|
Родови уреди
Според податоците од 1950 година, како родови во Горно Лисиче се спомнуваат:[44][бл 1]
Македонски уреди
- Прнѕовци (8 к.), Спасевци (2 к.), Нацовци (1 к.), Митковци (2 к.), Брусевци (1 к.), Грџовци (1 к.), Докинчевци (4 к.), Тодевци (4 к.), Стамболовци (1 к.), Ацковци (5 к.) и Трпчевци (3 к.), се сметаат за најстари староседелци во селото. Првите два рода некогаш биле еден род. Во родот Митковци живее домазет од селото Добри Дол, со подалечно потекло од Прилепско;
- Крапачовци, често погрешно изговорено и како Крпачовци, Карпачовци, и погрешно запишани како Крапчевци (8 к.) од Јован Трифуноски, се доселени од село Крапа, Порече, во околу 1800 година, почнувајќи од првиот доселеник предок Блажо, и син му Петре кој се родил во Г. Лисиче. Презимињата на фамилијата се обично Блажовски или Петровски;
- Дандаровци (2 к.), доселени од Трубарево, а во Драчево имаат истоимени роднини. Најстаро познато потекло имаат од селото Драчевица на Китка. Од околу 1850 до 1900 година, веќе живеле во Горно Лисиче;
- Брезовчани (7 к.), поделени на Ѓоревци (1 к.), Стевановци (3 к.), Трпевци (2 к.) и Синадиновци (1 к.), се доселени од селото Пуста Брезница со подалечно потекло од Порече. Поточно, Ѓоревци од Манастирец, Стевановци од Ковач, Трпевци од Томино Село, и Синадиновци од Здуње;
- Мерсељовци (5 к.), доселени од селото Пагаруша. Таму припаѓале на родот Јуцовци, со подалечно потекло од мијачкото село Жировница. Поради брачните врски со Турците, почнал да преовладува и турскиот јазик помеѓу припадниците на овој род;
- Градовчани (4 к.) и Бошковци (4 к.), доселени од планинското село Градовци. Од таму се доселиле браќата Цветан, Крсте, Стевко и Бошко, а денешното население на овие родови потекнува од браќата Цветан и Бошко;
- Козаровци (6 к.), доселени од некогашното село Козарево, кое се наоѓало во атарот на селото Света Петка;
- Газиновци (4 к.), доселени од Драчево, таму имале роднини, и припаѓале на групата староседелски родови по потекло од Бразда-Салаково;
- Велешковци (11 к.), доселени од средината на XIX век од Велешко;
- Полтурчиновци (7 к.), доселени од средината на XIX век од Драчево, таму имале истоимени роднини, а подалечно потекло од Кумановско;
- Мирковци (6 к.), по потекло од некое село во Овче Поле, од таму се населиле прво во Долно Лисиче, па потоа прешле во Горно Лисиче во XIX век;
- Ѓорговци (6 к.), доселени од средината на XIX век од Долно Лисиче;
- Неделковци (5 к.), наречени и Прилепци, доселени од Прилепско во средината на XIX век;
- Љубошани (1 к.), доселени од средината на XIX век од селото Љубош;
- Стојановци (1 к.) и Дамевци (1 к.), доселени од Прилепско, а тука живеат од XIX век;
- Кочовци (1 к.), доселени во 1918 година од Велес;
- Џоле (1 к.), доселени по 1918 година од Тетово;
- Симиќ (1 к.) и Милиќ (1 к.), доселени во 1923 година од Тетово;
- Серафин (1 к.), доселени во 1923 година од Крива Паланка;
- Митрини (1 к.), доселени во 1923 година од некое село во Порече;
- Пагарушани (1 к.), доселени од селото Пагаруша, по Втората светска војна;
- Шиндровци (8 к.), доселени од Драчево, каде што имале роднини Шиндра;
- Василковци (7 к.), доселени од селото Долно Лисиче;
- Становци (4 к.), доселени од Драчево, таму имале роднини;
- Бардовчани (4 к.), доселени од селото Бардовци;
- Џиковци (4 к.), доселени од од селото Инџиково;
- Маџарчани (3 к.), доселени од Маџари;
- Трубачевци (3 к.), доселени од селото Трубарево;
- Киселчани (3 к.), доселени од Кисела Вода;
- Мијаковци (3 к.), доселени од некое село во мијачкиот крај;
- Поповиќи (2 к.), доселени од селото Кучевиште;
- Стојан (1 к.), доселени од селото Говрлево, каде што биле староседелци;
- Петровски (1 к.), доселени од Штипско;
- Анѓелковци (1 к.), доселени од селото Ракотинци;
- Сиљанов (1 к.), доселени од селото Брест во Порече;
- Марко (1 к.), доселени од Тетово;
- Несторовци (1 к.), доселени од Драчево;
- Анѓеле (1 к.), познати и како Поречанци, доселени од некое село во Порече;
- Костевци (1 к.), доселени од некое село во Кумановско;
- Анѓеле (1 к.) и Коле (1 к.), доселени од селото Булачани.
Ромски уреди
- Алитовци (2 к.);
- Амиговци (3 к.);
- Дане (1 к.);
- Демировци (1 к.), доселени од турско време, но не знаеле од каде;
- Рушитовци (1 к.);
- Садиковци (1 к.);
- Џеладин (1 к.), доселени од селото Трновац кај Бујановац;
- Џеферовци (1 к.), доселени од селото Шишево.
Српски уреди
- Васиќи (1 к.), доселени во 1923 г. од околината на Крушевац;
- Петровиќи (1 к.), доселени во 1923 г. од околината на Пожаревац;
- Стојановиќ (1 к.), доселени во 1923 г. од околината на Призрен;
- Милачиќи (1 к.), доселени во 1923 г. некаде од Србија;
- Кргиќ (1 к.), доселени од Панчево или околината.
Албански уреди
- Абдиловци (4 к.), доселени во 1927 г. од селото Доган кај Урошевац, подалечно потекло од северна Албанија;
- Азизовци (8 к.), доселени во 1927 г. од селото Заскок кај Урошевац, подалечно потекло од северна Албанија;
- Амедовци (2 к.), доселени во 1927 г. од селото Кошаре кај Урошевац, подалечно потекло од северна Албанија;
- Маљовци (6 к.), доселени од некое село кај Гнилане, подалечно потекло од северна Албанија.
Турци уреди
- Феим (1 к.), доселени се по Првата светска војна од Скопје.
Општествени установи уреди
- OУ „Гоце Делчев“ - едно од најстарите скопски училишта
- „Буба Мара“ - објект „Лавче“ - градинка отворена во 2016 година
Администрација и политика уреди
Горно Лисиче е поделено на три урбани заедници: Горно Лисиче - Југ, Горно Лисиче - Запад, Горно Лисиче - Север.[45]
Според Деталниот урбанистички план 1997-2002, Горно Лисиче било поделено на неколку плански единици:
Т.н. планска единица Горно Лисиче - дел I се наоѓала во крајниот северозапад на Горно Лисиче. Границата на планската единица Горно Лисиче - дел I, на југоисток започнувала кај раскрсницата помеѓу улиците „Тодор Чангов“ и „Благоја Мучето“ и границата одела по улицата „Тодор Чангов“ која води кон североисток. Кога улицата „Тодор Чангов“ би дошла на раскрсницата со планираниот пробиен булевар „АСНОМ“ (постоечката улица „Киро Атанасовски Налбатот“), границата вртела кон северозапад и го следела текот на споменатиот булевар. Штом „АСНОМ“ би дошол на раскрсницата со улицата „Февруарски поход“, границата врти кон југозапад. Во овој правец, каде што завршува „Февруарски поход“, било планирано пробивање на истата улица која благо вртела лево и доаѓала на планираната раскрница со улицата „Благоја Мучето“. „Благоја Мучето“ е кратка граница на планската единица, бидејќи речиси веднаш улицата доаѓала на раскрницата со „Тодор Чангов“.[46]
Т.н. планска единица Горно Лисиче - дел II се наоѓала во средишниот север на Горно Лисиче. Границата на планската единица Горно Лисиче - дел II, на југозапад започнувала кај раскрсницата помеѓу улиците „Тодор Чангов“ и планираниот булевар „Јане Сандански“ (речиси се поклопува со денешните улици „Гаврил Константиновиќ“ и „Тодор Чангов 20“) и границата одела по улицата „Тодор Чангов“ која води кон североисток. Кога улицата „Тодор Чангов“ би дошла на раскрсницата со планираниот пробиен булевар „АСНОМ“ (постоечката улица „Киро Атанасовски Налбатот“), границата вртела десно кон југоисток и го следела текот на споменатиот булевар (воглавно се поклопува со денешната улица „35“). Штом „АСНОМ“ би дошол на раскрсницата со улицата „Ѓорѓи Капчев“, границата врти кон југозапад. Кога „Ѓорѓи Капчев доаѓа на раскрсницата со планираниот булевар „Јане Сандански“ (се поклопува со денешната улица „Ѓорѓи Капчев 1“ кога потоа самата преоѓа во улицата „Тодор Чангов 20“), границата врти десно односно кон северозапад и доаѓа на раскрсната точка со „Тодор Чангов“.[47]
Т.н. планска единица Горно Лисиче - дел III се наоѓала во средишниот дел на Горно Лисиче. Границата на планската единица Горно Лисиче - дел III, на југоисток започнувала кај раскрсницата помеѓу улиците „Горно Лисиче“ и „Ѓорѓи Капчев“ и одела по улицата „Горно Лисиче“ која кон запад преоѓа како улица „Ѓорѓе Андреевиќ - Кун“. Откако „Ѓорѓе Андреевиќ - Кун“ се пресекувал со улицата „Димитар Благоев“, границата продолжувала кон север се до улицата „Благоја Мучето“ и границата продолжувала како што е поставена улицата „Тодор Чангов“ која оди кон североисток. Кога „Тодор Чангов“ би се сретнал со проектираниот бул. „Јане Сандански“ (од истиот правец малку пред раскрсницата меѓу денешните „Тодор Чангов“ и Гаврил Константиновиќ), границата вртела кон исток и во суштина планираниот булевар би ја следел денешната улица „Тодор Чангов 20“. Кога оваа улица се спојува со ул. „Ѓорѓи Капчев“, границата одела кон југозапад и ја следела „Ѓорѓи Капчев“ се до раскрсницата со ул. „Горно Лисиче“.[48]
Културни и природни знаменитости уреди
- Цркви
- Црква „Св. Апостоли Петар и Павле“
- Црква „Св. Великомаченик Георгиј“ - осветена на 10 март 2013 година[49]
- Паркови и зеленило
- Парк „Бановина“ - место за разонода во средиштето на Горно Лисиче
- Парк „Лисиче“ - во февруари 2015 година, започнала изградбата на парк на кејот на реката Вардар.[50] Во јули 2016 година, паркот бил пуштен во употреба.[51]
Редовни настани уреди
Од 1978 г., секое лето во чест на македонскиот национален празник Илинден на крајот на јули, се организира и тргнува традиционалниот коњанички марш од Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ до градот Крушево.
Личности уреди
- Борис Змејковски - еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник во првиот собраниски состав од 1990 година, учесник на првиот коњички Илинденски марш во 1978 година
- Саит Ристовски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[52]
- Авдил Амет Незировски (1927-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ[52]
Култура и спорт уреди
Со почетоци од 1920 до 1940 година, постои фудбалскиот клуб Горно Лисиче, кој денес се натпреварува во Третата фудбалска лига - Север (3. ранг), а инаку е поранешен учесник во Првата македонска лига во сезоната 2013/14, и повеќекратен учесник во Втората македонска фудбалска лига.
Јавен превоз уреди
- Автобуски услуги
Низ Горно Лисиче сообраќаат 4 автобуски линии од ЈСП Скопје:
- 7 - Хемтекс - Карпош III
- 17 - Островска - Касарна Илинден
- 27 - Вардарска - Дом на Печат
- 33 - Долно Лисиче - Дом на Печат (оваа линија само минува низ Горно Лисиче)
- 5 - Ново Лисиче - Дексион (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- 15 - Ново Лисиче - Карпош IV (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- 15А - Ново Лисиче - Карпош IV (преку булевар Илинден) (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- 35 - Ново Лисиче - Станица Север (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- 59а - Ново Лисиче - Гробишта Бутел (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- 23 (приватен превоз) - Дом на Печат - Ченто (оваа линија минува меѓу Ново Лисиче и Горно Лисиче)
- Железнички услуги
Во Горно Лисиче постои и железничката станица ЖС „Лисиче“, преку која се патува од Скопје до крајните одредишта Битола, Кочани и Гевгелија.
Иселеништво уреди
- Најдо Георгиевски, поет и наставник по македонски јазик во Гетеборг, Шведска
Горно Лисиче во уметноста и културата уреди
- Горно Лисиче - Скопско - книга за Горно Лисиче од д-р Ѓорѓи Малковски, 2002 година
- Лисичаните комитите - песна од Благица Павловска, 2002 година
Галерија уреди
-
Улицата „Ѓорѓи Капчев“
-
Улицата „Тодор Чангор 20“
-
Улицата „Горно Лисиче“
-
Поглед на јужниот дел на Горно Лисиче од надвозникот на пругата
-
Седиштето на УЗ Горно Лисиче - Југ
-
Седиштето на УЗ Горно Лисиче - Запад и УЗ Горно Лисиче - Север
-
Последниот мост кој ја преминува Маркова Река пред да се влее во Вардар
Белешки уреди
- ↑ Бројот на колена/генерации е до 1958 година, односно според издавањето на книгата „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“ на Јован Трифуновски. Бројката на денешните генерации е различна, а воопшто оваа книга има дискутабилна точност.
Наводи уреди
- ↑ „Горно Лисиче подготвено за Петровден“. Општина Аеродром. 11 јули 2019. Архивирано од изворникот 2023-02-12. Посетено на 12 февруари 2023.
- ↑ „Исчистени коритата и косините на Вардар и Усјански канал“. mkd.mk. 2 јуни 2015. Архивирано од изворникот 2015-06-07. Посетено на 12 февруари 2023.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 11. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 18. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Д-р Васиљевиќ, Јован Хаџи, уред. (1930). Скопље и негова околина. Белград. стр. 191.
- ↑ Д-р Станковска, Љубица, уред. (1995). Македонска ојконимија. книга 1. Скопје. стр. 188-189.
- ↑ Грујиќ, Радослав, уред. (1936). Три хиландарске повеље, Зборник за историју Јужне Србије и суседних области. книга 1. Скопје. стр. 10.
- ↑ Пурковиќ, Миодраг, уред. (1940). Попис села у средновековној Србији, Годишњак Скопског Филозофског факултета. книга 4. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 112.
- ↑ Мошин, Владимир, уред. (1975). Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија. том 1. Скопје. стр. 218.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 38. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 39. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 44. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 46. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 45. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 48. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 57. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 58-59. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 61. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 62-63. ISBN 9989-57-150-3.
- ↑ Ачкоска, Виолета (1993). Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 - Докторска дисертација (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 57. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2022. Посетено на 2 јули 2022.
- ↑ Ачкоска, Виолета (1993). Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 - Докторска дисертација (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 59. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2022. Посетено на 2 јули 2022.
- ↑ Ачкоска, Виолета (1993). Аграрот и селото во Македонија 1945-1955 - Докторска дисертација (PDF). Скопје: УКИМ. стр. 242. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 јули 2022. Посетено на 2 јули 2022.
- ↑ „За определуене на бројот, територијалните подрачја и седиштата на околијите и месните народни одбори“ (PDF). Службен весник на Федерална Македонија. 27 ноември 1945. стр. 149–150. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-05. Посетено на 3 септември 2023. line feed character во
|title=
во положба 76 (help) - ↑ „Закон на административна територијална подела на Народна Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 30 јануари 1947. стр. 30. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-05. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ 25,0 25,1 „Указ за ставање вон сила на точка 5, е и став А на точка 11 од член 1 на указот за одделување, соединување, укинување и промени на граници на административно-територијални единици“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 13 јуни 1949. стр. 112. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-07. Посетено на 7 септември 2023.
- ↑ „Закон за административно-територијална поделба на Народна Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 26 септември 1950. стр. 195. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-04. Посетено на 7 септември 2023.
- ↑ „Решение за одредување на матични подрачја“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 30 декември 1950. стр. 278. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-07. Посетено на 7 септември 2023.
- ↑ „Закон за поделбата на Народна Република Македонија на околии, градски општини и општини“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 28 април 1952. стр. 1–7. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-05. Посетено на 2 јуни 2023.
- ↑ „Закон за подрачјата на околиите и општините во Народна Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 29 јуни 1955. стр. 237. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-05. Посетено на 14 април 2023.
- ↑ „Закон за подрачјата на околиите и општините во Народна Република Македонија“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 13 јули 1957. стр. 328. Архивирано (PDF) од изворникот 2016-03-04. Посетено на 18 септември 2023.
- ↑ „Одлука за поделбата на територијата на Народна Република Македонија во изборни околии за избор на народни пратеници во републичкиот собор на Народното собрание на општите избори кои се распишани за 23 март 1958 година“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 5 јануари 1958. стр. 3. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-11-09. Посетено на 9 ноември 2023.
- ↑ „Продадени 13 парцели во Горно Лисиче“. dnevnik.com.mk. 15 јануари 2010. Архивирано од изворникот на 16 јануари 2010. Посетено на 1 јули 2022.
- ↑ „Регистрација на Кооперации од Кооперативната комисија при Владата на Н.Р.М.“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 15 ноември 1946. стр. 368. Посетено на 3 септември 2023. line feed character во
|title=
во положба 45 (help) - ↑ 34,0 34,1 „Документација кон Законот за општествениот план на Народна Република Македонија за 1953 година“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 7 февруари 1953. стр. 21. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-17. Посетено на 17 септември 2023.
- ↑ „Мали огласи“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 9 јуни 1953. стр. 130. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-17. Посетено на 17 септември 2023.
- ↑ „Регистрации на стопанските организации“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 23 ноември 1955. стр. 498. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-17. Посетено на 18 септември 2023.
- ↑ „Ликвидации“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 30 јануари 1970. стр. 37. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-02. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ „Регистар на задругите“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 11 февруари 1972. стр. 53. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-03. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ „Регистар на претпријатијата и дуќаните“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 18 мај 1970. стр. 207. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-02. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ „Дополнување на објавата за запишување во Регистарот на производители на саден материјал“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 27 мај 1970. стр. 219. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-02. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ „Регистар на задругите“ (PDF). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 25 јануари 1971. стр. 29. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-09-02. Посетено на 3 септември 2023.
- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија - Книга X“ (PDF). Државен завод за статистика. 2002. стр. 18. Архивирано (PDF) од изворникот 2010-04-01. Посетено на 3 јануари 2022.
- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија - Книга X“ (PDF). Државен завод за статистика. 2002. стр. 64. Архивирано (PDF) од изворникот 2010-04-01. Посетено на 3 јануари 2022.
- ↑ Трифуноски, Јован (1958). Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања. Скопје: Филозофски факултет.
- ↑ „Урбани заедници“. Општина Аеродром. Архивирано од изворникот 2016-03-27. Посетено на 20 август 2016.
- ↑ „Предлог - Планска програма за изработка на детален урбанистички план за градска четврт ЈИ 06, блок ЈИ 06.02, Општина Аеродром“ (PDF). Тајфа Архитекти ДООЕЛ, увоз-извоз Куманово. Општина Аеродром. септември 2022. стр. 178. Посетено на 2 септември 2023.
- ↑ „Предлог планска програма за изработка на детален урбанистички план за градска четврт ЈИ 04, блок ЈИ 04.03, Општина Аеродром“ (PDF). Тајфа Архитекти ДООЕЛ, увоз-извоз Куманово. Општина Аеродром. септември 2022. стр. 168. Посетено на 2 септември 2023.
- ↑ „Планска програма за изработка на детален урбанистички план за градска четврт ЈИ 06, блок ЈИ 06.06 и ЈИ 06.07, Општина Аеродром, Скопје“ (PDF). Друштво за трговија и услуги „Билд Урбан“ ДООЕЛ Скопје. Општина Аеродром. септември 2022. стр. 223. Посетено на 18 август 2023.
- ↑ Осветена црквичката „Св. вмч. Георгиј“ во н. Г. Лисиче Архивирано на 5 март 2016 г. Македонска православна црква - Скопска епархија. 11 март 2013
- ↑ ПОЧНА ИЗГРАДБА НА НОВ ПАРК ПОКРАЈ КЕЈОТ НА ВАРДАР[мртва врска] aerodrom.gov.mk 11 февруари 2015
- ↑ ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА НАЈГОЛЕМИОТ ПАРК ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ aerodrom.gov.mk 28 јули 2016
- ↑ 52,0 52,1 Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 63. ISBN 9989-57-150-3.
Надворешни врски уреди
„Горно Лисиче“ на Ризницата ? |