ОУ „Гоце Делчев“ - Горно Лисиче

основно училиште


Основно училиште „Гоце Делчев“ (официјално: Основно општинско училиште „Гоце Делчев“ - Горно Лисиче; скратено: ООУ „Гоце Делчев“) — централно основно училиште во скопската населба Горно Лисиче, Општина Аеродром.[1] Училиштето е најстаро во Општина Аеродром, отворено во 1880 година, а на моменталната местоположба се наоѓа од 1924 година.

Гоце Делчев
Поглед на училиштето
Поглед на училиштето
Поглед на училиштето
Место
Општина: Општина Аеродром
Наречено по: Гоце Делчев
Нас. место: Горно Лисиче
Адреса: ул. „Горно Лисиче“, бр. 23
Местоположба

Карта

Основни информации
Основано: 1880; пред 143 години (1880)
Директор: Даница Соколова
Настава на: македонски и албански
Контактни информации
Мреж. место www.ougocedelcevgl.edu.mk

Училиштето е именувано по македонскиот национален херој Гоце Делчев.

Историја

уреди

Ова училиште било отворено во 1880 година и тогаш се наоѓало веднаш до возобновената селска црква. Дотогаш децата од Горно Лисиче на училиште оделе во соседното село Драчево. Во училиштето наставата се изведувала на бугарски јазик и со бугарски учебници, бидејќи било раководено од Бугарската егзархија со цел ширење на бугарското влијание сред македонското население. Затоа учителите биле назначувани и плаќани од Егзархијата. Во училиштето била организирана настава за ученици од двата пола. По почетокот нивниот број бил околу 20. Прв учител бил Мице Мирковски, родум од Горно Лисиче. Училиштето во селото работело до 1912 година, односно до почетокот на Балканските војни. Од 1880 до 1912 година, други учители биле Анушка Мијаковска од Горно Лисиче, и Блажо и Ѓорѓија од Булачани. Од 1912 до 1918 година, училиштето не работело.[2]

По завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, Вардарскиот дел на Македонија бил приклучен кон новосоздадената држава на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Со новата држава биле променети имињата на сите училишта со имиња на српски личности и настани од српската историја. Така, ова училиште го добило името „Св. Сава“ според првиот архиепископ на Пеќската архиепископија, Свети Сава.[3]

 
Делот на училиштето кој постои уште од 1924 година.

Просториите на дотогашното училиште продолжиле и понатаму да се користат за настава која започнала во 1919 година. Првите учители биле Бошко и Вера Потпориќ. Тие наставата ја изведувале на српски јазик и се залагале меѓу учениците да го внесат српскиот дух и да докажат дека македонскиот народ е дел од српскиот. Тие во училиштето работеле од 1919 до 1930 година. Поради зголемениот број на ученици, тогашните простории во црквата станале претесни. Под силно влијание на тогашните учители, во 1924 година била изградена нова училишна зграда во која наставата се изведува и денес. Новоподигнатата училишна зграда била една од ретките во целата скопска околија, целосно изградена од цигла, а не како другите од плитар. Имала две училници, една наставничка канцеларија и простории за живеење на учителите. Од 1930 до 1941 година, за нови учители биле поставени Миќо и Рола Димитриевиќ. Од 1924 до 1940 година учеле околу 80 ученици.[4]

За време на бугарската окупација на Вардарскиот дел на Македонија (1941-1944) училиштето продолжило со работа под името „Цар Симеон“. Во тој период, наставната програма работела да ги изучи и обликува македонските деца како Бугари. Во тие четири години, учители биле: Димитар поп Андреев од село Кожле (Скопско), Борис Прванов од село Бежаново (Пловдивско), Здрава Иванова од Бугарија, Христо П. Симов, Димитар Андреев и други. Во текот на март 1944 година целото училиште, со исклучок на една училница, било искористено од бугарската војска за стационирање на една чета бугарски војници. Поради тоа, било отежната наставата и околиските училишни власти од Скопје барале војниците да го напуштат училиштето, особено поради тоа што таму било складирано поголеми количини на оружје и муниција. Поради неправилната настава со воено присуство, учителите го напуштиле училиштето и се вратиле во Бугарија. На местото на бугарските војски во училиштето, од септември до ноември 1944 година, биле стационирани германски војници со целата своја опрема.[5]

По ослободувањето на Македонија во ноември 1944 година, биле преземени мерки за санирање на оштетувањата во училитшето настанати по повлекувањето на Германците од селото. По ослободувањето на Горно Лисиче на 13 ноември 1944 година, во училишните простории за кратко време биле стационирани воени единици и материјал на македонската војска.[6]

Учебната година, за првпат изведувана на македонски јазик, започнала во тешки услови и скудни средства на 22 јануари и траела до јуни 1945 година. Учители биле: Викторија Корен (прво одделение), Панчо Пандилов (второ), Драгица Пандилова (комбинирано трето и четврто) која специјално завршила забрзан учителски курс. 64 ученици ја посетиле првата кратка учебна година. Почетокот на новата учебна 1945-46 година, извесно време пак доцнел поради стационирани на помали единици на македонската војска во училиштето. По нивното заминување, наставата започнала на 14 ноември 1945 година со настава на македонски јазик. Полниот тогашен назив на училиштето бил Народно основно училиште „Гоце Делчев“ - Горно Лисиче, Околија Драчевска. Одлуката за основање и почеток на работата на училиштето најпрво дал Околискиот народен одбор - Скопје во 1945 година, а одлуката подоцна ја потврдило Општинското собрание на Кисела Вода - Скопје (поради новата административна поделба) со потврда бр. 05-20171 од 21.12.1965 година. Согласно со оваа потврда и со тогашните важечки закони, училиштето официјално било регистрирано во Окружниот стопански суд во Скопје со решение УС бр.19/66, регистерски лист број 285, страна 169, свеска втора.[7]

Учителите во учебната 1945-46 биле: Ламбе Нестороски (прво одделение) и Танкосава Л. Нестороска (второ) од Струга, Васил Савевски (комбинирано трето и четврто), кој од 5 декември бил заменет од Нада Димовска учителка со завршен Втор педагошки курс. Раководител бил Ламбе Нестороски. Од учебната 1946-47 година, училиштето започнало да има четири паралелки. Следната учебна година учеле 181 ученик, 90 машки и 91 женско. Учебната 1950-51 присуствувале 213, следната 215 ученици. Во меѓувреме биле вработени нови учители, меѓу кои и Драги Илиевски од Горно Лисиче. Од учебната 1957-58 година, училиштето имало шест паралелки од прво до четврто одделение. Поради зголемувањето на учениците, училиштето станало осумгодишно наместо четиригодишно. Во 1961 година, училиштето било проширено со нови шест училници на приземје. Во 1978 и 1987 година, дополнитело било проширено со нови училници на двата ката, а во 1986 година била изградена мала спортска сала. Од 1974 година, била воведена настава на албански јазик од прво до четврто одделение.[8]

Во учебната 1986-87, во училиштето учеле 814 ученици, од кои 87 деца во две групи забавиште. Тогаш 12 паралелки имало од прво до четврто и 12 од петто до осмо одделение на македонски јазик, додека 3 на албански јазик при што најстарата паралелка била комбинирана (трето со четврто одделение). 680 учеле на македонски, а 47 на албански јазик. Тогаш биле вработени 34 просветни работници. Учебната 2002-03 година, постоеле 21 паралелка (прво до осмо) на македонски и четири (прво до четврто) на албански јазик. Наставата била двосменска во 14 учебни простории. Наставниот кадар бил 27 лица. Тогашен директор бил Драгица Нешевска.[9]

Во текот на учебната 2012/13 година во централното училиште во Горно Лисиче, наставата ја следеле вкупно 424 ученици од прво до осмо одделение во 19 паралелки на македонски наставен јазик. Во одделенска настава имало 237 ученици распоредени во 11 паралелки. Во предметната настава бројот на ученици изнесувал 187 со по две паралелки во генерација, односно вкупно 8 паралелки. Во подрачното училиште во Долно Лисиче, наставата ја следеле вкупно 214 ученици во 10 паралелки од прво до осмо одделение, и тоа во одделенска настава биле 126 ученици во 6 паралелки и 88 ученици во предметна настава во 4 паралелки. Во наставата на албански наставен јазик, реализирана само во централното училиште, имала 62 ученици и била распоредена во две комбинирани паралелки: од прво до трето со 32 ученици и четврто до петто со 30 ученици. Вкупниот број на ученици што ја следеле наставата во централното и подрачното училиште изнесувала 700 ученици распоредени во 34 паралелки.[10]

Во учебната 2016/17 година, училиштето имало 681 ученици, од кои 351 биле машки, а 330 биле женски. Во статистиката биле вклучени и учениците од подрачното училиште.[11]

Директори

уреди
  • Илија Коцевски - Јанко (1962-1963)
  • Александар Ристовски (?-ноември 1979[12])
  • Василе Марчески (в.д.) (ноември 1979[12]-април 1980[13])
  • Миле Николовски (април 1980[13]-?)
  • Бистрица Станковска (2003-2007)[14]
  • Александар Кузмановски (?-2018[15])
  • Бистрица Станковска (26 септември 2018[14]-2023)
  • Даница Соколова (2023[16]-до денес)

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Листа на активни регистри“. Министерство за образование и наука. Посетено на 2024-11-22.
  2. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 103.
  3. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 103-104.
  4. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 104-105.
  5. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 105.
  6. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 106.
  7. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 106-107.
  8. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 107-109.
  9. Малковски, Ѓорѓи, уред. (2002). Горно Лисиче - Скопско. Скопје: Црковен одбор на Црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ - Горно Лисиче. стр. 110-111.
  10. „Лична карта на училиштето“. ОУ „Гоце Делчев“ преку web.archive.org. 2012. Архивирано од изворникот на 2018-01-29. Посетено на 15 март 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  11. „Локален акционен план на Општина Аеродром за период од 2017 до 2023 година“ (PDF). Скопје: Општина Аеродром. 2017. стр. 45. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-01-29. Посетено на 29 јануари 2023.
  12. 12,0 12,1 „Регистар на организациите на здружениот труд“ (PDF) (24). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 9 јули 1980: 482. Архивирано (PDF) од изворникот 27 март 2024. Посетено на 27 март 2024. Наводот journal бара |journal= (help)
  13. 13,0 13,1 „Регистар на организациите на здружениот труд“ (PDF) (30). Службен весник на Социјалистичка Република Македонија. 17 септември 1980: 604. Архивирано (PDF) од изворникот 27 март 2024. Посетено на 27 март 2024. Наводот journal бара |journal= (help)
  14. 14,0 14,1 „Директор“. ОУ „Гоце Делчев“. 23 февруари 2023. Архивирано од изворникот на |archive-url= requires |archive-date= (help). Посетено на 9 мај 2024.
  15. „Директор“. ОУ „Гоце Делчев“. Архивирано од изворникот на 16 септември 2018. Посетено на 9 мај 2024.
  16. „Директор“. ОУ „Гоце Делчев“. Архивирано од изворникот на 6 мај 2024. Посетено на 9 мај 2024.