Миладиновци

село во Општина Илинден
За преродбениците, видете Браќа Миладиновци.

Миладиновци (старо име: Аџилари) — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Миладиновци

Поглед на селото Миладиновци

Миладиновци во рамките на Македонија
Миладиновци
Местоположба на Миладиновци во Македонија
Миладиновци на карта

Карта

Координати 41°58′41″N 21°38′57″E / 41.97806° СГШ; 21.64917° ИГД / 41.97806; 21.64917
Регион Скопски Регион
Општина Илиден
Население 1.272 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1042
Шифра на КО 25088, 25588
Надм. вис. 336 м
Слава Илинден
Миладиновци на општинската карта

Атарот на Миладиновци во рамките на општината
Миладиновци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Геодетска карта на Миладиновци.
 
Глетка од селото Миладиновци и автопатот „Александар Македонски“

Миладиновци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина, на околу 10 километри оддалечност од општинското средиште Илинден, и на околу 20 километри оддалеченост од градот Скопје.[2] Селото е сместено на крајниот источен раб на Скопското Поле, на преодот кон ридските предели кон долината на Пчиња. Поточно, селото Миладиновци лежи на дното на широката долина на аголот помеѓу источниот и североисточниот раб на Скопското Поле.[3] Односно, селото Миладиновци е сместено на отворот од широката долина која се спушта од масивот на Скопска Црна Гора, а во која се сместени селата Бучинци, Мршевци и Бујковци, поточно на нејзиниот отвор во пространата рамина на Скопското Поле. Селото се наоѓа веднаш од левата страна на автопатот „Пријателство“ и од десната на железничката пруга кон Куманово и Белград. Миладиновци е рамничарско село, расположено на надморска височина од 265 метри.[2] Атарот на селото зафаќа површина од 14,6 км2, од кои обработливото земјиште зафаќа површина од 700 хектари, а пасиштата 625 хектари.[2] На атарот на Миладиновци речиси и воопшто нема шуми, кои покрај од стопански се значајни и од еколошки аспект во однос на загадувањето на воздухот од издувните гасови кои се испуштаат од рафинеријата за нафта „ОКТА“. Поради тоа, првата акција за пошумување „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ на 12 март 2008 е одржана во Миладиновци, кога на ридовите источно од селото на површина од 74 хектари биле засадени 200.000 зимзелени садници од борови и елови дрвца.[4] Миладиновци е село од збиен тип, издолжено од североисток кон југозапад под влијание на правецот на протегање на долината во која е сместено[3].

Геостратегиска важност на местоположбата

Селото се наоѓа на најповолната и стратешки најзначајната географска местоположба во Македонија, па и пошироко во регионален меѓународен контекст. Имено самото село се наоѓа на местото каде што се вкрстуваат двата меѓународни пан-европски сообраќајни коридори 10 (север-југ) и 8 (исток-запад), а воедно претставува и крстосница во правец на Овче Поле и Источна Македонија поради што во 2014 година е започната изградбата на нов модерен автопат на делницата Миладиновци - Штип, со кој за време од половина час сообраќајно ќе се поврзуваат главнот град Скопје со Штип и пошироката област на Источна Македонија[5]. Со тоа Миладиновци ќе претставува средишна (централна или гравитациска) точка за патниот сообраќај во Македонија, како крстосница во сите четири правци исток, запад, север и југ. Непосредно веднаш до самото село Миладиновци (на околу 500 метри) се наоѓа и Аеродромот „Александар Велики“. Во селото Миладиновци е сместена и истоимената железничка станица на меѓународната железничка пруга Скопје - Куманово - Белград (а во иднина и Софија), која уште во отоманско време била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун[6], а денес поради непосредната близина на рафинеријата „ОКТА“ железничката станица е најзначајна и најголема товарна станица за нафта, нафтени деривати и горива во Македонија. Во однос на снабдувањето со нафта на блиската рафинерија, во близина на Миладиновци минува и нафтоводот од Солунското пристаниште. Исто така, огромната геостратешка значајност на местоположбата на Миладиновци се потврдува со фактот што тука се наоѓа и предвидената траса на пловниот канал кој ќе ги поврзува долините на реките Вардар и Морава како дел од големиот пловен канал Дунав - Морава - Вардар - Солун, со што со бродски сообраќај би постоела можна поврзаност на Егејското и Средоземното Море со Северното Море и Атлантскиот Океан. Ваквата извонредно значајна географска местоположба како точка на спојување и вкрстување на патниот, воздушниот, железничкиот и потенцијално водниот сообраќај го прави Миладиновци најзначајно сообраќајно средиште или според научната терминологија на геополитиката и геостратегијата - „гравитациски центар на Македонија[7]. Ваквата извонредно значајна местоположба како центар на сообраќајната гравитација (според концептот на Клаусевиц) и непосредната близина на стратешки значајни објекти како најголемиот аеродром, рафинеријата за нафта, најголемата индустриска зона го прави Миладиновци и стратешки важно и едно од најзначајните места од воено-безбедносен аспект во Македонија[7].

Историја

уреди
 
Спомен обележјето на војводата Васил Аџаларски во селото Миладиновци

Денешното село Миладиновци е формирана кон крајот на XVIII век[3]. Според едно предание селото го основале доселеници од прилепското село Мажучиште, кои тука се населиле за да се засолнат од потерата која ги барала поради убиство на некои арачлии[8]. Дел од преданието вели дека овие доселеници уште во стариот крај во Прилепско имале проблеми со турските власти поради нивната поврзаност и помагање на македонските ајдутските чети. Друга малку повидоизменета верзија вели дека селото го основале („туриле колец“) турскиот род Алиловци (од „Оросан во Арабистан“[9]), а веднаш по нив на имотот на чифликот на Ракип-бег се доселиле предците на македонскиот род Трајанковци, кои пребегнале од Прилепско откако таму двајцата браќа близнаци Трајан и Трајко убиле некој човек (Турчин - даночник т.е. „арачлија“) при што тука дошол Трајан, а Трајко заминал на Овче Поле[10]. Кон крајот на XVIII век најплодната земја на селскиот атар припаѓала на познатиот силен Ракип-бег, а на нивната земја до пред крајот на турското владеење биле основани уште 3 чифлици на кои работеле само македонските христијански жители, додека постојано населените муслимански семејства имале своја земја[11]. Уште за време на отоманското владеење жителите Македонци од селото се одликувале со голем слободљубив, револуционерен и македонски непокорлив родољубив дух, поради што селото дало повеќе познати борци за слободата на Македонија, меѓу кои и двајца познати скопски војводи. Во 1880 во селото се родил Васил Аџаларски познатиот скопски и кумановски војвода на ВМОРО, а две години подоцна во 1882 во истото село се родил неговиот братучед Трифун Аџаларски исто така самостоен војвода во Скопско и Кичевско, кои своите прекари ги земале од тогашното име на селото кое било Аџалари.

Во XIX век, селото било дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

Кон крајот на XIX век во 1896 година во записите во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“, македонскиот револуционер Ѓорче Петров, за селото Миладиновци, тогашно Аџарлари, запишал дека тоа било основано од некој ага пред околу 250 години и дека во неговата непосредна близина во месноста Оџино Трло се случил бојот меѓу Френк-Омер-паша кој бил испратен во Скопско да го потчини одметнатиот Хамзи-паша[6], и селото било дел од Скопската каза, во Отоманското Царство. Понатаму за селото Ѓорче Петров запишал дека само 5-6 куќи му биле независни, додека сите останати биле чифлици, а поради неговата значајност во него било планирано да биде отворен пазар за околните села од Блатото (Блатија)[6].

Во времето на заминувањето на отоманската власт во 1912 година, селото било затечено со околу 50 куќи од кои 30 муслимнски (турски и албански) и 20 христијански - македонски.[11] Од чифчиството жителите на селото се ослободиле околу 1921 година кога најголемиот дел добиле земја преку т.н. српска аграрна реформа, додека помал дел ја откупиле земјата од муслиманските сопственици[11]. По Втората светска војна околу 80 хектари обработливо земјиште од атарот биле заземени од аеродромот, а околу 150 хектари преземало државното земјоделско стопанство „Скопско Поле“[11].

Како што е понапред споменато, Миладиновци е сместено на самиот крај на пространата суводолица, по која според народно предание некогаш течела рекичката од селото Никуштак на кумановската страна од гребенот на Скопска Црна Гора. На почетокот на XIX век по смртта на споменатиот Ракип-бег, кумановските бегови се засилиле и ископале вештачко корито на споменатата речица која на тој начин истекува во Куманово[11].

Источно од селото на два одвоени рида се наоѓа селската црква „Св. Илија“ со селските гробишта која започнала да се гради во 1930[8], а била изградена во 1945 година. Пред тоа на тоа место постоела постара градба на храм, која била запалена од германската војска во 1915 година.[11] Оваа стара црква била изградена на местото на еден голем камен крст, за кој било верувано дека го штити селото од град.[11]

Потекло и значење на името

уреди

Од своето основање до денес селото носело повеќе различни имиња. Во времето кога се основало и во текот на отоманското владеење по некој Турчин кој бил аџија селото било наречено и се викало Аџалари[3]. Во различни извори селото познато и под неколку различни облици на ова име како Хаџалари, Аџилари, Аџаларе. Ова име останало во секојдневна употреба од жителите на селото сè до првите години по завршувањето на Втората светска војна,[11] а денес е речиси сосема заборавено и непознато како од најголемиот дел на жителите така и од мнозинството граѓани на регионот и државата. По заминувањето на отоманската власт и во периодот меѓу двете светси војни, новата окупаторска српска (подоцна кралскојугословенска) власт го променила името на селото во Александрово[12][13] во чест на српскиот крал Александар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна, бугарската окупаторска власт името на селото го преименувала во Василево,[8] во чест на Васил Аџаларски или на бугарскиот револуционер Васил Левски. На самиот крај на Втората светска војна со ослободувањето на Македонија, селото го добило денешното име Миладиновци во чест на двајцата големи и значајни македонски преродбеници браќата Миладиновци[8]. Денес, сите жители на селото единствено го знаат и употребуваат само името Миладиновци. Истото е случај и со целата македонска јавност која во службената, административна, научна и секојдневна употреба за именување на селото го користи и познава само името Миладиновци.

Стопанство

уреди

Поради својата местоположба Миладиновци уште во минатото имало доста развиен и значаен стопански и економски живот пред сѐ врз основа на земјоделството и сообраќајот. Како што беше споменато според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров уште во отоманско време Миладиновци била значајна и најголема собирна товарна станица за житото наменето за трговија на пазарите во Скопје и Солун[6]. Во основа железничката станица во тогашно Аџарлари била наменета да ги собира производите од селата во Блатото (областа Блатија) и преку неа се носело жито во Скопје[14] Понатаму во своите записи од 1896 година Ѓорче Петров за селото Миладиновци запишал дека таму се планирало да се отвори пазар за околните села од Блатото (Блатија), при што спахилакот на селото изнесувал 4200 златни гроша, а данокот изнесувал 16000 златни грошеви[6]. Населението на селото Миладиновци и денес во најголема мера опстојува од земјоделство поради самата местоположба на селото во плодната рамнина на Скопското Поле. Најповеќе се одгледуваат житните култури најмногу пченица, пченка, потоа и јачмен и 'рж), градинарските култури под оранжериско производство (пластеници) и отворено (пипер, домат, краставици, кромид, лук, морков, марула, спанаќ, грашок), а во голема мера се застапени и индустриските култури (луцерка, граор, фуражна пченка и детелина). Мнозинството од земјоделските производи се пласираат на пазарите во Скопје, а мал дел се ориентирани и за извоз. Жителите на селото одгледуваат и стока, во најголем дел крави, а во помал ден свињи и живина. Во непосредна близина на селото Миладиновци на околу 300 метри оддалеченост се наоѓа рафинеријата за нафта „ОКТА“ и еден дел од неговото население е вработено во рафинеријата. Во селото Миладиновци постојат и две приватни производствени погони - фабрички хали од преработувачката и градежната индустрија во која се вработени жители од селото. Дел од жителите на селото се вработени и во индустриските капацитети во блиската слободна индустриска зона „Бунарџик“, а дел се занимаваат и со други дејности како работници во градежништвото, ѕидари, занаетчиски работници, автопревозници на товарни камиони и возила во државата и странство и стопански дејности во градот Скопје.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948594—    
1953594+0.0%
1961806+35.7%
19711.001+24.2%
19811.315+31.4%
ГодинаНас.±%
19911.454+10.6%
19941.429−1.7%
20021.276−10.7%
20211.272−0.3%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано како Аџарлар со христијанско и муслиманско население, каде имало 24 христијански[15] и 12 муслимански домаќинства[16]. На овој попис биле забележани 89 мажи христијани, со 10 новороденчиња и 38 мажи муслимани со 2 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 198 жители.

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 169 жители.[17]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, во Аџалари живееле 260 жители, од кои 195 Македонци[18] и 65 Турци.[19] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Аџалари имало 208 Македонци[18], под врховенството на Бугарската егзархија.[20]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, името му се заменува со Александровац, како дел од Општина Бунарџик и има 259 жители.[21]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци, 50 Турци и 50 други жители.[22]

Движењето на бројот на жители во селото Миладиновци во минатото се пораснало од 806 жители во 1961 година од кои 548 Македонци, 100 Албанци, 79 Срби, 19 Турци, 10 Црногорци, 5 Хрвати и 45 неопределени на 1429 жители во 1994 година од кои 1072 Македонци, 277 Роми, 16 Срби, 2 Турци и 62 останати[2]. Порано во селото живееле и поголем број на муслимани Турци и Албанци кои биле доселени кон крајот на XIX и почетокот на XX век, а кои започнале масовно да се иселуваат по 1912 година[9] при што до педесеттите и шеесеттите години на XX век речиси целосно се иселиле. Миладиновци забележува голем прираст на своето население во педесеттите и шеесеттите години на XX век, со големиот број на доселеници Македонци, во најголем дел од кривопаланечкиот крај, а во помал број и од околните скопски ридско-планински села во долината на Пчиња како Дивље, Сушица, Ќојлија, Горно Коњари, селата по долината на Пчиња во јужниот дел на Кумановско, Овче Поле (Свети Николско), Велешко итн.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.276 жители, од кои 1.195 Македонци, 2 Турци, 62 Роми, 34 Срби и 19 останати.[23]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.272 жители, од кои 1.101 Македонец, 1 Албанец, 70 Роми, 31 Србин, 13 останати и 56 лица без податоци.[24]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 260 208 594 594 806 1.001 1.315 1.454 1.429 1.276 1.272
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[25]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[26]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[27]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[28]

Родови

уреди

Во Миладиновци денес живее огромно мнозинство од православни Македонци кои биле мнозинство и во минатото кога имало и помал број на Турци, и многу мал број на српски и албански родови.

Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се.[29]

Турски

  • Доселеници: Алиловци (1 к.) доселени се кон крајот на XVIII век од местото Оросан во Арабистан. Го знаат следното родословие: Кадрија (жив на 72 г. во 1953 година) Мустафа-Али-Дервиш-Абдула (Али-Ефенди), кој се доселил. Од старото место се иселиле три семејства. Една останала овде, втората отишла во селото Текија (Имеровци), а третата се населила во селото Љуботен, таму потоа се албанизирале; Узеировци (1 к.) по потекло се Јуруци. Доселени се од Свети Николе; Елезовци (1 к.) доселени се од селото Црн Врв. Потекнуваат од предок Албанец. Поддалечно потекло имаат од северна Албанија; Јакуповци (2 к.) доселени се од селото Вражала во сливот на Кадина Река. Потекнуваат од предок Албанец, поддалечно потекло од северна Албанија.

Македонски

  • Доселеници: Трајанковци (40 к.) се делат на Марковци, Пешевци, Здравковци, Трпковци и Николовци. Они се најстар македонски род во селото. Доселени се од некое село во околината на Прилеп (прилепско). Го знаат следното родословие: Донче (жив на 67 г. во 1953 година) Стојан-Веселин-Здравко-Коле-Трајан, кој се иселил со неговиот брат (Трајко) од Прилепско. Трајан дошол во селото Миладиновци, а Трајко отишол во некое село во Овче Поле; Шоповци (12 к.) доселени се од селото Четирце кај Куманово. Го знаат следното родословие: Петре (жив на 53 г. во 1953 година) Васил-Мане-Спасо-Ѓорго. Во старото место направиле некоја беља и се иселиле; Ѓорговци или Цветановци (7 к.) доселени се во XIX век од селото Катланово; Клепевци (1 к.) доселени се исто така во XIX век од некое село кај Свети Николе (Овче Поле); Корелјци (1 к.) доселени се од некое село во Прилепско; Русановци (1 к.) доселени се пред 1912 година од селото Сушица; Црногорци (4 к.) доселени се во 1916 година од селото Бродец на Скопска Црна Гора. Таму припаѓале на родот Дупиновци. Имаат роднини во Маџари и Сингелич; Максимови (1 к.) доселени се во 1926 година од селото Брешко кај Куманово; Сибинови (1 к.) доселени се во 1938 година од селото Младо Нагоричане кај Куманово; Тодоровски (1 к.) доселени се во 1938 година од селото Облавце кај Куманово; Мачорци (1 к.) доселени се во 1938 година од селото Романовце. А таму биле доселени од селото Младо Нагоричане кај Куманово; Балабанци (2 к.) доселени се во 1925 година од селото Нерав кај Крива Паланка. Таму имале истоимени роднини.

Српски род

Албански род

  • Доселеници: Рамадан (1 к.) доселени се од селото Копаница. Уште поддалечно потекло од северна Албанија.

Општествени установи

уреди

Во селото работи деветгодишно основно училиште кое го носи името Браќа Миладиновци, а исто така работат и здравствена амбуланта, пошта и железничка станица[8].

Самоуправа и политика

уреди

Културни и природни знаменитости

уреди

Редовни настани

уреди

Личности

уреди

Личности родени во Миладиновци:

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Од Миладиновци се забележани поголем број постари иселеници во околните места. Од постаро време од Македонците се забележани иселеници во Скопје и Кисела Вода како и селата Ќојлија, Илинден (Белимбегово), Петровец, од муслиманите мал број иселеници се забележани во Скопје и селата Матка и Ќојлија, додека најголемиот дел е целосно иселен во Турција[11]. Во најново време е забележан многу мал број на иселеници во Западна Европа, поточно во Германија.

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.195
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137
  4. „Во Миладиновци се бараше дрвце повеќе“. Утрински Весник, бр.2365, 12.03.2008[мртва врска]
  5. „Започна изградбата на автопатот Миладиновци - Штип“ - Фактор
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.511
  7. 7,0 7,1 Шаревски (Sharevski), Марио (Mario) (2016). „The Eastern Part of the Skopje Valley Around the village of Miladinovci as a Geo-Strategic Center of Gravity of Macedonia“ (PDF). Географски разгледи. 49: 57–68.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 „Чалоски, Томо „Роднокрајски записи - МИЛАДИНОВЦИ". Архивирано од изворникот на 2016-03-10. Посетено на 2014-07-03.
  9. 9,0 9,1 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 139
  10. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-139
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 11,5 11,6 11,7 11,8 Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 138
  12. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955, стр. 137-138
  13. Македонски фолклор. 29 (58-59. изд.). Скопје: Институт за фолклор „Марко Цепенков“. 2001. стр. 215. |access-date= бара |url= (help)
  14. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.323
  15. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  16. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  17. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  18. 18,0 18,1 Македонците биле забележани како Бугари.
  19. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика, София“, 1900, с.207
  20. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  21. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  22. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  23. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  24. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  25. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  26. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  27. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  28. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  29. Трифуноски, Ф. Јован. „Скопско поле“. Скопје, 1955,
  30. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 130. На |first= му недостасува |last= (help)