Градошорци
Градошорци — село во Општина Василево, во околината на градот Струмица.
Градошорци | |
Нови куќи на влезот на Градошорци од југозапад од страната на Ангелци | |
Координати 41°28′57″N 22°37′36″E / 41.48250° СГШ; 22.62667° ИГД | |
Општина | Општина Василево |
Население | 1484 жители жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 27019, 27519 |
Слава | Свети Никола |
Градошорци на општинската карта Атарот на Градошорци во рамките на општината | |
Градошорци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Градошорци се наоѓа во Струмичкото Поле, а во јужниот дел на Општина Василево[2]. Градошорци е рамничарско село, расположено на надморска височина од 238 метри[2]. Се наоѓа непосредно од левата страна на патот Струмица - Радовиш, на оддалеченост од 4 километри од градот Струмица[2]. На југоисточната страна се допира и преку магистралниот пат е речиси споено со Василево, а на другиот југозападен крај е наполно споено со селото Ангелци, а од низ него води и се одвојува патот за селата Едрениково и Требичино. Селото Градошорци има и се гради и развива според урбанистички план[2], при што тоа е целосно поврзано со новоасфалтирани улици и е доста добро и убаво уредено со голем број на новоизградени голем и модерни куќи, посебно во правецот на Ангелци какои нови згради и производствени погони на претпријатија во индустриската зона на излезот кон магистралниот пат и во правец на Василево. Атарот на селото зафаќа простор од 8,7 км2, на кој доминира обработливото земјиште на површина од 664,2 ха, на пасиштата отпаѓаат 144,3 ха, а на шумите само безначајни 0,6 ха[2].
Историја
уредиПотекло и значење на името
уредиСелото Градошорци во повеќе пишани историски документи се среќава во неколку различни именски облици, како: Градашорци, Градошор, Гирдошор, Градошори, Гајрошор[3]. Името на оа село е образувано од антропонимот односно личното име Градошор со додавката -ци[3], што би означувало семејна населба, задруга или луѓе кои припаѓаат на Градошор. Потеклото е од старословенскиот збор град со значење на утврдена населба во тврдина, замок, што поврзано со местоположбата во близината на манастирите во Вељуса, Водоча и Царевите кули над Струмица може да укажува на место кое води кон тврдини и утврдувања - градишта.
Отоманско Царство
уредиЕден од најстарите записи за селото Градошорци потекнува од XVI век, односно од 1570 година кога тоа било тимар во посед на некојси Ахмед кој бил еден од писарите на финансиската управа при царскиот двор, во рамки на Струмичката нахија во Ќустендилскиот санџак[4]. Во ова време во селото, запишано како Градошор живееле 49 македонски христијански семејства како и 41 неженет кои произведувале 270 товари пченица, 230 товари мешано жито, градинарски култури, лук, лен, уров, леќа, сено, грозје и вино, се чувале и свињи и пчели и имало 6 воденици за што селото плаќало годишен данок од 18 499 акчиња[4].
Во текот на XIX век, селото било со мешан состав. Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото се состоело од 38 семејства со 123 жители Македонци и 21 Турчин[5][6] На крајот на XIX век, според записите на Стефан Верковиќ од 1889, селото Градошорци се споменува со 511 жители[3]. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 400 жители, од кои 300 Македонци и 100 Турци[5][7].
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 160 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 12 Роми[5][8].
Во екот на револуционерната борба за ослободување на Македонија од отоманското ропство на крајот на XIX и почетокот на XX век, познатиот случај на Аферата мис Стон, на 23 февруари 1902 година грабнатите заложници биле ослободени од Андон Ќосето токму во селото Градошорци.
На 21 август 1905 година, Струмичката чета се судрила со турскиот аскер меѓу селата Ангелци и Градошорци, по коешто војниците извршеле грабежи. Во оваа битка загинал војводата Иван Тодев, познат уште како Бељал Чауш[9].
Југославија
уредиПо крајот на Првата светска војна, според Нејскиот мировен договор, селото било вклучено во составот на Кралство СХС. Во текот на Втората светска војна, во селото бил формиран НОО од страна на Киро Минанов[9]. По крајот на Втората светска војна, Градошорци било вклучено во НР Македонија, во составот на СФРЈ.
Македонија
уредиПо распаѓањето на СФРЈ, селото формално било вклучено во составот на Република Македонија. Според територијалната организација на Република Македонија, селото припаѓа на Општина Василево.
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Градошорци има полјоделска функција[2]. Сместено во плодната рамнина на Струмичкото Поле и крај главните сообраќајни патни врски, селото Градошорци има многу поволна положба која што влијае на високиот степен на економски напредок и развој, за што најочигледен резултат се многубројните новоизградени големи куќи и уреденоста на селот. Како и повеќето околни места, селото Градошорци е едно од најголемите производители на градинарски култури односно на ран зеленчук, кој преку откупните центри во селото и околината покрај тоа што во голема мерка ги снабдува пазарите во Македонија завршува и за извоз. Градошорци е надалеку познато по производството на праз, во чија чест секоја година во селото се одржува манифестацијата Ден на празот[10]. Во Градошорци годишно се произведуваат по 20.000 килограми односно 20 тони праз[11], со што тоа е најголемиот производител на праз во Македонија. Во селото најмногу се одгледува праз од сотрата „камуш“, кој се одликува по неговата ровкост, должината поголема и од еден метар, високиот квалитет и неговите хранливи вредности[10]. Останати градинарски култури кои се одгледуваат на големи површини во Градошорци се: зелката (и пролетната и есенската), пиперот (чушки) - ајварка и остантите видови под пластеници, домати (френки), краставици и корнишони, кромид, лук, марула (зелена салата), морков, грашок, спанаќ, како и значајни површини засадени со лубеници и дињи. Со градинарство се занимаваат речиси сите куќи во селото. Од поледелството во помала мерка е застапено и одгледувањето на жита, пред сè пченка и пченица. Поради ова во Градошорци уште одамна постоела земјоделска задруга[2], а денес активно работат и функционираат десетина приватни земјоделски претпријатија и задруги кои се занимаваат со откуп, продажба и трговија со зеленчук и земјоделски производи. Поради извонредно поволната местоположба, во селото Градошорци на самиот крај веднаш до магистралниот пат Струмица - Радовиш на површина од околу 10 хектари се протега индустриската зона „Градошорци“ во која свои стоваришта, погони и откупно-дистрибутивни центри за зеленчук и земјоделски производи имаат повеќе претпријатија како „Фоли Ком“, „Евромак“ „Елени Комерц“, фирмата за производство за амбалажа за пакување, кеси и вреќи, „Калмак“, како и фирми за мебел, столарство, градежништво, автопревоз како „Столе Комерц“, „Тритерол-Бенц“, „Хит-Бекатон“. Заради ваквите поволни економски услови во селото и зоната работат и повеќе регистрирани трговски претрпијатија и поединци, продавници, берберница, приватни здравствени установи меѓу кои „Ајавнхо“, „Војкан-М“, „Прима Медика“, ТП „Доневи“ итн.
Население
уредиСпоред германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци и 100 Турци.[12]
На пописот од 2002 година, селото имало 1 744 жители. Следува табела на националната структура на населението[13]
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 552 |
1953 | 455 | — | 173 | 23 | — | 2 | — | 1 | 654 |
1961 | 543 | — | 223 | — | — | 2 | — | — | 768 |
1971 | 734 | — | 339 | — | — | 4 | — | — | 1 077 |
1981 | 911 | — | 532 | — | — | 6 | — | 5 | 1 454 |
1991 | 948 | — | 522 | — | — | 6 | — | 15 | 1 491 |
1994 | 984 | — | 486 | — | — | 3 | — | — | 1 473 |
2002 | 1 041 | — | 683 | 5 | — | — | — | 15 | 1 744 |
Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, Градошорци има 1.484 жители.
Следува табела на народносната структура на населението:
Народност | Вкупно |
Македонци | 687 |
Албанци | 0 |
Турци | 648 |
Роми | 0 |
Власи | 0 |
Срби | 0 |
Бошњаци | 0 |
Други | 149 |
Во однос на населеноста селото Градошорци двојно се зголемило и прераснало во голема населба[2]. Така, во 1961 година Градошорци броело 768 жители од кои 543 биле Македонци (70,7 %), а 223 (29,0 %) жители биле Турци, додека во 1994 бројот се зголемил на 1473 жители од кои 984 (66,8 %) Македонци и 486 (32,9 %) Турци[2]. Поради извонредно добрата местоположба на селото во најплодниот дел на Струмичкото Поле крај главните сообраќајни патни правци што воедно овозможува одлични услови за живот, селото Градошорци на следниот попис за само 8 години забележало значителен пораст на своето население за 271 жител или за 15,54%. Овој значаен пораст кој е забележлив и кај Македонците и кај Турците кои живеат во селото се должи најмногу на природниот прираст со раѓање на деца, а во помала мера и на доселување од околните поодалечени ридско-планински села како што се Варварица од чии иселеници во Градошорци е основано т.н. Варваричко маало, Требичино и др.
Родови
уредиСелото Градошорци од минатото па сè до денес е населено со мнозинство Македонци од православна христијанска вероисповед и малцинство на Турци од муслиманска вероисповед. Македонски родови и семејства коишто живеат во Градошорци се: Димитрушеви, Доневи, Христови, Јанушеви, Трајкови / Трајковски, Стојкови, Василеви, Галеви, Лазарови, Вучкови, Белчевски, Ташевски, Петрови, Тасеви, Јаневи, Георгиеви / Ѓорѓиевски, Кирови, Кирчеви, Атанасови, Стојанови, Миткови, Костови, Пандеви, Андонови додека турски семејства се: Асанови, Салиови, Демирови, Реџепови.
Институции и знаменитости
уредиСамоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1802 и 1803 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на Дом на културата.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.525 гласачи.[15]
Редовни настани
уреди- Ден на празот (ноември) - манифестација која има за цел да го промовира празот како земјоделска култура и поднебјето во кое таа најмногу се одгледува.[16][17]
Галерија
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 85. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Митева, Динка (1989). Топонимијата на Струмичко. Скопје: Инситут за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 32.
- ↑ 4,0 4,1 Соколоски, Методија (1982). Турски документи за историјата на македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 127.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 186-187.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 160.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 106-107.
- ↑ 9,0 9,1 Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969.
- ↑ 10,0 10,1 „Во Градошорци по осми пат се одржа манифестацијата Ден на празот“. Василево: Општина Василево. 2 ноември 2015. Посетено на 21 декември 2015.
- ↑ Џ, С (2 ноември 2015). „Градошорци произведува по 20 тони праз годишно“. Скопје: Нова Македонија. Посетено на 17 декември 2015.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Василево ја одржа манифестацијата Ден на Празот“. Општина Василево. 2008. Посетено на 2010-11-15.[мртва врска]
- ↑ Ѓорѓиев, Зоран (13 ноември 2010 - 18:29). „Ден на празот во општина Василево“. Сител. Посетено на 2010-11-15. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help)
Надворешни врски
уреди- Општина Василево Архивирано на 25 јуни 2008 г.
„Градошорци“ на Ризницата ? |