Бразда или Салаково — месност, односно превој на Салакова Планина - Караџица, кој воедно претставува и вододелница помеѓу долините на Маркова и Кадина Река. Претставува зарамнет преслап кој се наоѓа на надморска височина од 1611, 1622 и 1638 метри заграден од Драчевски Рид висок 1951, 1939, 1947, 1979 на југозапад и возвишението-врвот Каљаја висок 1710 метри на североисток.

Поглед на Салаковска Планина од месноста Бразда (Салаково)

Крали Марко прокопува бразда уреди

Месноста Салаково се наоѓа на левиот брег на Салаковска Река на која во оваа месност по вештачки пат е прокопан јаз (бразда), по кој дел од водите се влеваат во долината на Маркова Река, додека остантите води по природното течение продолжуваат да течат и се влеваат во Кадина Река. Името Бразда оваа месност го добила според преданието во кое се вели дека Крали Марко[1], како и на други места, така и тука со својата сабја тој процепувал карпи и планини и ја пропуштал водата. Според тоа предание, порано, всушност, водите на езерото (Салаковски Езера) истекувале преку Кадина Река во велешкиот Вардар, бидејќи издигнатата карпа им пречела да истечат во Скопско[2]. Бидејќи му била потребна водата во изградбата на Марковиот манастир, тој ја процепил височината, направил преграда каде што истекувала водата во Кадина Река и дел од водата пуштил да тече во спротивен правец во Скопско[2].

Збегот Салаково уреди

Според преданија кои се пренесувале од колено на колено меѓу жителите на Драчево, а кои сè уште се живи и присутни помеѓу мештаните и сточарите од Црн Врв во оваа месност[3], во месноста Салаково во минатото живееле најстарите драчевски семејства кои потоа се вратиле и го обновиле Драчево на денешното место. Најверојатно спза време на турските зулуми по повлекувањето на австриската војска и задушувањето на Каропошевото востание, поголем дел на жителите на тогашното село Драчево избегале и се засолниле во месноста Салаково, во масивот на планната Караџица[4]. Тоа бил непристапен и шумовит предел идеален за засолнување на незаштитеното население. Дека тука најверојатно голем дел од месното население нашло засолниште зборува и називот на месноста Драчевска планина односно Драчевски Рид кој се издигнува веднаш на југозапад над самиот превој и месност Бразда (Салаково), која повторно, според преданијата, била користена за напаасување на стоката на драчевци во летниот период[4]. Во Салаково, драчевчани живееле засолнети скоро еден век, по што тие што преживеале повторно, во крајот на 18 и почетокот на 19 век, се вратиле во живеалиштата на нивните предци, заради што според усните народни преданија, Салаково е историско место за драчевчани, предел кој ги спасил од сигурна смрт и целосно истребување[4]. Родови доселени од селиштето Бразда-Салаково на Мокра Планина (Караџица) кои го возобновиле Драчево кон крајот на XVIII век се: Јаковчевци, Дашковци, Муровци, Кечовци, Серовци (името го добиле од потсмев), Трифуновци, Газиновци, Домазетовци, Крџовци, Манчовци, Арсовци, Штрковци[5]

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. Ф. Трифуноски, Јован (1958). „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“ (српски). Филозофски факултет Скопје. стр. 183.
  2. 2,0 2,1 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 193. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. Според кажување на сточар од с.Црн Врв, забележале Марио Шаревски и Зоран Тодоровски, на 19.06.2016
  4. 4,0 4,1 4,2 Малковски, Ѓорѓи (2007). Драчево од античко време до денес. Скопје: Месна заедница „Драчево“ - Драчево. стр. 42.
  5. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 112