Македонски комитет,[1] Врховен македонски комитет,[2] Врховен македоно-одрински комитет [3] — раководно тело на македонските емигрантски друштва. Оваа асоцијација во 1900 година ќе го промени своето име во Македоно-одринска организација. Организацијата е создадена од страна на македонската емиграција, од Бугарија и Романија, всушност за време на нејзиното создавање била повикана сета македонска емиграција, и од таму каде што немало организирани друштва. Во неа членувале Македонци, а помалку Бугари.[4] Официјалната цел на организацијата била автономија на Македонија и Одринско, врз основа на членот 23 од Берлинскиот конгрес. Комитетот е забранет во Бугарија по одлуката за негово растурање на Министерскиот совет на Бугарија од 31 јануари 1903 година, а се распушти во 1905 година, по Рилскиот конгрес.

Македонски комитет
Функционира 18951905
Водач Трајко Китанчев
Борис Сарафов
Иван Цончев
Цели Ослободување на
Македонија и Одринско
Подрачја Османлиско Царство
Македонија
Одринско
Бугарија
Идеологија Врховизам
Поважни дела Мелничко востание
Тушимско востание
Горноџумајско востание
Поголеми напади Мисија на Атанас Јанков
Статус револуционерно-ослободителна
Разписка (Сметка) за членски внос на ВМОК
Облигација на ВМОК од 1903 година

Обединување

уреди
 
Трајко Китанчев

Трајко Китанчев како претседател на Братскиот сојуз на 19.02.1895 година ја повикал македонската емиграција да испрати свои делегати на конгресот кој требало да се одржи на 19 март 1895 во Софија.

Целта на собирот бил организирање за да може да се преземе дејност преку која би се подобрила положбата на Македонија, и тоа дејност врз основа на членот 23 од Берлинскиот конгрес, а требало да се искористи меѓународната положба на Турција искомплицирана со Ерменското прашање. На конгресот свои делегати требале да испратат македонските друштва од Бугарија и Романија но требало да присуствуваат и Македонци и од таму каде што немало организирани македонски друштва.

Конгресот своето заседание го започнал на 19 март, а со својата работа завршил на 28 март 1895 година во Софија. На него присуствувале 60 претставници на македонските друштва, братства и колонии во Бугарија и Романија. Конгресот, останал во историјата познат под името І македонски конгрес на кој дошло до обединување на македонската емиграција и до обединување на македонските друштва на чело со Македонскиот Комитет.

Во првиот комитетот влегле: претседател Трајко Китанчев, потпретседател Наум Туфекчиев, Ил. Георгов - Касиер и двајца советници Д. Матов и Андреј Љапчев.[5]

Хиерархија

уреди

Сите македонски емигрантски друштва во Бугарија претставувале единствена организација чие седиште се наоѓало во Софија. На чело на организацијата стоел еден Комитет кој бил составен од претседател, потпретседател, касиер, секретар и неколку советници. Бројот на членовите не бил фиксен и се менувал со текот на времето. Ако во првиот комитет на чело со Трајко Китанчев имал 15 члена, комитетот под претседателство на Данаил Николаев се состоел од 12 члена. Комитетот ја координирал и предводел дејноста на македонските друштва.

Над самиот Комитет како законодавно тело стоел Конгресот кој се состоел од делегатите на македонските друштва. Комитетот би должен да ги спроведува одлуките на конгресот. Со уставно-статутарните акти било предвидено дека конгресот треба да заседава еднаш годишно.

Организацијата била пооставена врз централистички основи, а македонските друштва како дел од општата организација морале да ги извршуваат инструкциите на Комитетот, доколку тие не ги почитувале обврските и правилата зацртани со уставно-статутарните акти или се спротивставувале на комитетот, тогаш друштвата можеле да бидат исклучени од самата организација [6].

Македонскиот комитет за разлика од ТМОРО била легална организација која својата дејност ја извршувала јавно и честопати со знаење на бугарските власти.

Првите статутарни акти

уреди
Дел од темата
Македонски комитет
 

Решенијата на І македонски конгрес добиле форма на устав. Во уставот биле регулирани: целта, средствата, организацијата и задолженијата на друштвата, комитетот, бирото, на конгресот и делегатите. Потоа следеле општите решенија.

Цел на македонските друштва е придобивање за населението во Македонија и Одринско полна политичка автономија автономија, приложена и гарантирана од Големите сили [6]
(а тоа можело да се постигне преку: б.н) влијание врз бугарската влада и општествено мнение во Бугарија и Европа преку: а) Печатно слово, б)агитација во другите балкански држави за заедничко дејствување во корист на автономија, в) агитација и митинзи, г) поддржување на избор за пратеници во Народното собрание на лица кои се обврзуваат да дејствуваат за постигање на целта на македонските друштва, д) испраќање на делегати и меморандуми до Големите сили, е) воопшто преземање мерки диктирани од силата на условите [6]

Некои од позначајните членови:

Член 3: Сите македонски друштва во Бугарија претставуваат единствена организацијана чело со 2-член комитет со седиште во Софија [6]

Член 4: Македонските друштва во Бугарија да се именуваат како македонски, а во Романија како Македонско Благотворително друштво [6]

Член 13: Член на македонските друштва можел да биде секојшто сочувствува со со нивната цел доколку е препорачан од 3 членови на друштвото кон кое сака да се запише [6]

Член 14: Секој член од македонските друштва по прашањето за автономија на Македонија и Одринско се задолжува да ја поддржува секоја бугарска влада, која дејствува за постигање на таа цел и да настојува да влијае врз онаа влада која би ја игнорирала [6]

Член 36: Комитетот бил ополномошен од Конгресот да влегува во односи и договори за заеднички дејства со асоцијации од други народности, кој проследуваат слична цел македонските друштва [6]

1895 - 1897 година

уреди

Првите активности

уреди

Организирањето на четите кое го започнал Трајко Китанчев во својство на претседател на Братскиот сојуз, продолжило и по формирањето на МК но сега со поддршка на бугарската влада и бугарскиот кнез, а особено со поддршка на воениот министер Рачо Петров. Спонзори и организатори на четите биле браќата Иванови, познати лиферанти со оружје, тие ги доопремувале четите и ги препраќале во Дупница [7]. Офицерите од бугарската армија исто така учествувале во движењето. Бугарските погранични сили ги пропуштале четите да ја минуваат границата, а понекогаш им оставале и сандуци со муниција, на местата каде четите минувале [8].

Истовремено со оваа дејност, Комитетот започнал и со дипломатска активност, имено во Лондон, нејзините претставници Константин Колчов и Васил Диамандиев имале средба со Вилјам Гладстон, а во Виена со рускиот дипломатски претставник Алексеј Борисович Лобанов. На претставниците на Македонскиот Комитет им било истакнато дека не треба да дејствуваат со чети и востание, туку со културно работење меѓу населението во Македонија и само на таков начин македонската интелигенција вистински би работела за себе, а не за Австрија која сакала да излезе на Егејското Море. Тоа во Софија му било пренесено и на Трајко Китанчев [9].

Во меѓувреме МК и Трајко Китанчев имале контакти со бугарскиот кнез и бугарскиот премиер Константин Стоилов. Притоа Стоилов се обидел да ја контролира активноста на МК и нејзината дејност да ја искористи во интерес на бугарската политика [10].

Мелничко востание

уреди
 
Четата на Кочо Љутата и Дончо Златков

За акцијата биле ангажирани 40 офицери од бугарската армија, меѓу нив се нашле: Стојчо Гаруфалов, Антон Бозуков, Петар Начев, Васил Мутафов, Борис Сарафов, Димитар Атанасов, Димитар Жостов, Јордан Венедиков и други. Офицерите биле поставени за командири на одредите.

Како водачи на теренот, кој го познавале, биле поставени старите арамиски војводи, а меѓу нив се нашле: Кочо Љутата, Дедо Димото, Никола Геројот, Кочо Мустракот, Дончо Златков, Дедо Анго и други. Војводите добиле строги упатства да не го напаѓаат мирното турско население, да не преземаат самоволни акции, да не вршат грабежи и да си ја плаќаат храната. Биле формирани четири поголеми одреди и неколку помали чети.

Четите на МК во месеците јули и јуни 1895 година ја минале турската граница по што доаѓа до таканареченото Мелничко востание кое на војнички план доживеало целосна катастрофа. Во голема мера за неуспехот на акцијата придонеле кнезот и премиерот Стоилов, бидејќи ја затвориле границата и со посебен закон го забраниле вооружувањето и организирањето на четите [11]. МК со своето окружно под бр. 141 од 18 мај 1896 година го искажал своето незадоволство истакнувајќи:

Комитетот е во состојба да изјави пред целиот свет дека ветувањата и надежите се наполно осуетени. Тие се осуетени на начин кој не остава место за никакви идни илузии... бугарската влада прифатила мерки, кои не можат да ја подобраат положбата на Македонија[12].

Поддршка од кнезот Фердинант

уреди

По неуспешното Мелничко востание, бугарската влада на чело со Стоилов ја откажале својата поддршка за Македонскиот комитет, а во самиот Комитет дошло да раздор и внатрешни обвинувања за неуспехот.

 
кнезот Фердинант
 
Данаил Николаев вториот претседател на Врховниот Македонски Комитет

Поради тоа бил свикан ІІ македонски конгрес кои траел од 3 до 16 јануари 1895 година. На овој конгрес организацијата го менува своето име во Врховен Македонски Комитет, а за претседател бил избран генералот Данаил Николаев кои бил во врска со кнезот Фердинанд I, подоцна Николаев ќе поднесе оставка на претседателската функција и ќе стане аѓутант на кнезот.

Стремеж да се потчини МРО

уреди

На 28.12.1895 година комитетот испратил писмо Централниот комитет на Македонската револуционерна организација во кое се насетуваат првите стремежите на Комитетот да биде главен раководител на целото македонско револуционерно дело.

Ова ќе биде потврдено во февруари 1896 година, кога ваквото стојалиште, генералот Николаев го пренел на Гоце Делчев. Конечно комитетот својата политика кон МРО ја изразува отворено во писмото од 20.03.1896 година во кое било посочено дека организацијата без дозвола на ВМК не смее да презема каква било активност во Македонија.

Даме Груев остро протестирал против оваа писмо, бидејќи меѓу другото стоело дека Груев дал поддршка за таквото стојалиште на ВМК и веројатно било лага со цел да се предизвика раздор во Централниот комитет. Како и да е Комитетот не се откажал од намерата да ја потчини организацијата.

Проект за реформи

уреди

Кон крајот на февруари 1896 година поради бугарско-турските преговори, Врховниот комитет изработил еден проект за реформи во Османлиското Царство.

Проектот заедно со крата во март му бил претставен на бугарскиот премиер Константин Стоилов и македонските друштва, а со писмото од 23.2.1896 година бил известен и Централниот комитет на Македонската револуционерна организација. Во писмото било побарано Организацијата преку своите комитети да даде гласност на реформите.

Не е познат ставот на Организацијата кон овој предлог.

Мистериозна понуда

уреди

По Солунскиот конгрес на ТМОРО, ВМК и понудил на организацијата една мистериозна понуда [4] во која од организацијата се бара да испрати свој претставник во Софија за да биде организиран канал за пренесување на пушки од Англија. Во Софија заминал Ѓорче Петров, притоа тој имал средба со генералот Николаев и тој на Ѓ. Петров, му пренел дека Комитетот од англиската влада добила пушки за Македонија и дека тие ќе ги дадат на организацијата. Николаев не понудил никакви конкретни докази за пушките, а од своја страна Ѓ. Петров го известил Централниот комитет во Солун и тој започнал со подготовки за пречек на оружјето, но сета работа излегла како блеф. Според некои историчари тоа било обид за потчинување на организацијата од страна на Комитетот.[4]

Последен обид на Николаев

уреди

Врховниот Македонски Комитет на чело со генералот Николаев, својот последен обид за потчинување на организацијата го направил кон крајот на 1896 година кога во Солун се нашол полковникот Анастас Јанков. Тој имал средба со членовите на ЦК и нудел пари и оружје, а исто така предложил, ТМОРО и Врховниот Комитет да бидат единствена организација, но неговиот предлог бил одбиен. Јанков пред луѓето од ЦК требал да покаже дека Врховниот Комитет ја има поддршката на кнезот Фердинанд и дека има свои офицери во армијата [13].

Втора врховистичка провокација

уреди

Во текот на Грчко-турската војна во 1897 година офицерите Јордан Венедиков и Морфов го организирале вториот врховистички продор. Имено тие во Бугарија успеале да убедат одреден број на Македонци да навлезаат во Македонија. Била формирана чета под команда на Крсто Захариев, а во четата се нашол и Јане Сандански. Во април 1897 година чатата се нашла во Македонија, таа најпрво поминале низ Кресна, а кај селото Пирин имале судир со аскерот по што се упатиле кон Неврокоп и Банска река, каде што имале уште едена борба. Последниот судир со турскиот аскер, четата го имала кај с. Љапово притоа загинал четникот Никола, а Јане Сандански бил ранет. По овој судир четата се повлекла кон Бугарија. Сета акција немала реална шанса за успех, имено бугарската влада повеќе не го поддржувала комитетот, а од друга страна пак таа била неутрална во Грчко-турската војна со цел за да добие отстапки од Високата порта во корист на бугарската пропаганда во Македонија.

1897 - 1901 година

уреди

Опаѓање

уреди

По оставката на генералот Данаил Николаев, претседателствувањето со Комитетот го презел Јосиф Ковачев, но голем дел од членовите на Комитетот дале оставка и моралo да се свика нов конгрес. Притоа ослабнувањето на ВМК се гледа во неможноста да ги собере сите македонски друштва, или барем поголем дел од нив. Тоа влијаело врз бројот на делегатите и друштвата кои присуствувале на конгресите. На IV македонски конгрес од предвидените 38 друштва требало да присуствуваат 40 делегати, меѓутоа на конгресот имало само 22 делегати од 20 друштва. Слично се случило и на V македонски конгрес, а новите раководства што биле избрани на овие конгреси не можеле да ја извршуваат својата дејност. Позициите на Комитетот биле уште повеќе ослабени со одлуката на бугарската влада за трговски агенти во Македонија да бидат поставени видни членови на Врховниот Комитет. Меѓу нив се нашле: Тома Карајовов, Никола Наумов, Димитар Ризов и др, а тие биле поставени за трговски агенти во летото 1897 година [14].

Стремежот на задграничните претставници да го контролираат Комитетот

уреди

Увидувајќи ја ослабената положба на Врховниот комитет, ТМОРО решава индиректно да го стави ВМК под своја контрола. Затоа Ѓорче Петров започнал силна агитација во Бугарија и сакал да најде лице кое ќе има силен авторитет да застане на чело на Комитетот и да ја зацврсти неговата позиција.

 
Ѓорче Петров
 
Борис Сарафов шестиот претседател на Врховниот Македонски Комитет

Сарафов и Антон Бозуков се понудиле но тие не биле по мерка на ТМОРО, а Петров барал лице кое имало поголема улога во бугарското општеството. Притоа тој имал средби со голем број на македонски интелектуалци од Бугарија и се сретнал со учителот Паунчев во Варна, адвокатот Панов и адвокатот Иван Иванович. Исто така имал средба и со Димитар Благоев но сите го одбиле. Работат премногу им изгледала опасна.

На крајот Ѓ. Петров морал да се задоволи со Борис Сарафов. Задграничните претставници на ТМОРО направиле договор со Сарафов и неговите приврзаници, односно ТМОРО ќе ја поддржи кандидатурата на Сарафов за претседател на Комитетот, а за возврат Врховниот комитет нема да презема никакви дејства без знаење и согласност на задграничните претставници [15].

На 1 мај 1899 година во Софија започнал VІ македонски конгрес на кој Борис Сарафов бил избран за претседател на Комитетот, со поткрепа на Ѓ. Петров и Гоце Делчев. Затоа не треба да зачудува изјавата на Сарафов: Ние сме фирмата, а Ѓорче е комитетот[16], Ѓорче Петров во своите спомени тоа и го потврдува со зборовите: Ние го уредивме Сарафовиот комитет, тој беше наш продукт [17].

Како и да е Сарафов во својот прв мандат давал голема материјална и финансиска поткрепа за ТМОРО. За време VІІ македонски конгрес било констатирано дека за потребите на ТМОРО биле дадени 11.990 златни левови и 23.327, 20 левови во сребро [18].

Меѓутоа, Сарафов бил од далеку од тоа да биде послушник на ТМОРО. Уште од самиот почеток тој почнал со заткулисни игри, неговата цел било да ја преземе токму тој ТМОРО во свој раце и тоа било евидентно за време на преговорите помеѓу ТМОРО и Бугарското тајно револуционерно братство кога Сарафов се наметнал како посредник и претендирал да биде раководител на целото македонско револуционерно дело, поради што ќе дојде до судир со ЦК и ЗП на ТМОРО.

Договор на Сарафов

уреди
Македонска револуционерна
организација (МРО)
 

По самото составување на Комитетот, Сарафов финансиски и морално ја помагал ТМОРО, меѓутоа уште додека се составувал комитетот Сарафов планирал да го заземе ЦК на ТМОРО. Имено, тој направил договор со полковникот Иван Цончев и потполковниците Атанас Јанков и Стефан Николов. Според овој договор Цончев требало да даде оставка на офицерската должност и да го зазеде претседателското место во Комитетот, а Борис Сарафов со 14 до 16 офицери требало да навлезе во Македонија да го преземе Централниот комитет и потоа да се крене востание [19]. Било предвидено територијата на Македонија да се подели на 14 востанички окрузи на чело со по еден офицер, а полковникот И. Цончев со големи сили да навлезе од Бугарија. За планот не требало да дознаат Гоце Делчев и Ѓорче Петров[20]. Подоцна кога Сарфов и Иван Цончев ќе дојдат во судир, за овој договор преку Сарафов ќе дознае Ѓ. Петров.

Мајска спогодба

уреди
 
Врховниот комитет на чело со Сарафов
 
Облигација со подпис на Сарафов

Офицерите и покрај договорот со Сарафов не се осмелиле да дејствуваат без согласност на задграничните претставници и затоа им предложиле во Централниот комитет да влезаат двајца офицери како претставници ВМК, а истовремено околу 16 офицери да бидат распоредени по окрузите на ТМОРО во Македонија. Гоце Делчев и Ѓорче Петров во принцип не го отфрлиле предлогот. Отука призлегла компромисната мајската спогодба. Таа била потпишана на 1 мај 1900 година, ТМОРО бил претставен од Гоце Делчев и Ѓорче Петров додека Врховниот комитет бил застапуван од полковникот Иван Цончев, потполковниците Јанков и Стефан Николов, поручникот Стојчо Гаруфалов и Атанас Мурџев [21]. Спогодбата предвидувала:

а) да му се предложи на ЦК во својот состав да прими 2 членови , во кои ВМК има полна доверба;

б) по нивниот прием во ЦК, ВМК станува клон на ЦК, а ЦК ќе има решавачки збор по сите прашања за делото;

в) да му се предложи на ЦК за раководители на реоните да прифати воени лица испратени од Софија;

г) тие даваат клетва според Правилникот на ТМОРО, го почитуваат тој Правилник и ги прекинуваат сите врски по делото со Бугарија. Во таа смисла исклучок се прави само по наредба на ЦК;

д) ЦК да ја прекине приватната коресподенцијапо делото со задграничните прествници и раководителите на реоните, а исто важи и за членовите на ВМК со Македонија; ѓ) при какви било околности лицата од сегашниот состав на ВМК остануваат неразделно поврзани со ТМОРО;

ж (е) со овој протокол се понништуваат старите писма за регулирање наодносите помеѓу ТМОРО и ВМК [22]

По потпишувањето на спогодбата Врховниот комитет се обидел да ги протурка предлозите. Тие го предложиле капетанот Димитар Венедиков за член на ЦК на ТМОРО, а за Битолскиот револуционерен округ бил предложен поручникот Софрониј Стојанов. Меѓутоа Венедиков одбил да замине за Солун, додека пак Софрониј поради Поп Ставревата провала не можел да замине за Битола и затоа било решено тој да оди во Солун. Софрониј Стојанов во Македонија пристигнал во декември 1900 година, во Солун престојувал под името Хаџиасенов како претставник на друштвото Бугарија, и таму се задржал до Солунската афера, и откако му биле издадени од страна на Иван Хаџи Николов пет бланко потврди за офицерите во случај на востание, се вратил во Бугарија.

Уставно-статутарни промени

уреди
 
Статутот од 1900 г.

Одлуката за промена на уставно-статутарните акти била донесена VІІ македонски конгрес. Во промената на Статусот на ВМК учествувала 5-члена комисија која била предводена од П. Генадиев. Бугарскиот историчар Константин Пандев дозволува дека Ѓорче Петров учествувал во работата на комисијата при изработката на главните членови. Промените во статутот биле под влијание на ТМОРО.

член 1. Целата на организацијата е полна политичка автономија за Македонија и Одринско, која ќе биде приложена и гарантирана од големите сили.

член 2. Организацијата ќе дава морална и матерјална поткрепа за македоно - одринскиот роб и во тој дух организацијата била преименувана во ВМОК.

Четничка школа

уреди

Во пролетта 1900 година под раководство на Христо Саракинов, Димитар Венедиков и Петар Дрвингов била отворена школа за поготовка на луѓе кој требало да се испратат во внатрешноста на Македонија. За потребите на школата во ноември била формирана т.н касарна за момчиња, под раководство на Дрвингов. Со дозвола на бугарската влада меѓу македонската емигарција биле формирани доброволни чети во кои требало да влезаат и одреден број на официри и војници. За овие чети бил задолжен Христо Саракинов. Откако се усложнила ситуацијата на комитетот, четите биле преименувани во стрелачки дружини[23]

Врховниот комитет и Солунската провала од 1901 година

уреди

На 23.01.1901 година во Солун започнала Солунска аферата која била една од најтешките за ТМОРО. Имено целиот Централен комитет бил затворен додека пак оваа провала го исфрла Бугаринот Иван Гарванов, со што ТМОРО зазема друг правец на дејствување. Дел од историчарите при расветлувањето на причините за Солунската афера сметаат дека е можно учество на Врховниот комитет на чело со Борис Сарафов во провалата [24], притоа се истакнува дека Комитетот имал свој човек кој го поткажал ЦК на турските власти. Се става под знак прашање улогата на Софрониј Стојанов [25], како можен предавник, меѓутоа за тоа нема конкретни докази, а еден од најголемите предавници за време на провалата, Милан Михајлов бил човек на Борис Сарафов и како таков тој пристигнал во Солун.[4] Гоце Делчев и Ѓорче Петров во окружното од март 1901 година испратено до револуционерните комитети во Македонија, било истакнато дека Солунската афера е внатрешен удар против ТМОРО, а обидот за востание на Врховниот комитет е надворешен удар против ТМОРО [26]. По провалата, Сарафов се обидел да се наметне над Делчев, но тој ги одбил сите предлози и барања на Сарафов.

види: Солунска афера

Падот на Сарафов

уреди
 
Христо Саракинов

Сарафовиот судир со задгранините претставници

уреди

Набргу по Солунската афера паднал и Комитетот на Борис Сарафов. Сарафов од своја страна дошол во судир со Задграничните претставници на ТМОРО, со новоизбараната бугарска влада на чело со Петко Каравелов, но и со Иван Цончев. Гоце Делчев и Ѓорче Петров ја знаеле амбицијата на Сарафов за преземање на целото македонско револуционерно дело во свои раце, и затоа тие во согласност на ЦК на ТМОРО намерно го одолговлекувале спроведувањето на Мајската спогодба. Тоа придонело да дојде до влошување на односите помеѓу двете организации. Гоце Делчев бил обвинет дека сака да стане врховен командант на сите востанички сили [27], и дури бил физички нападнат во просториите на врховниот комитет од страна на Христо Саракинов [28]. Биле влошени односите и со Ѓорче Петров кој спротивно на Мајската спогодба ја продолжил дирекната коресподенција со ЦК. Сарафов пак од своја страна успеал да го придобие Никола Зографов кој бил пунктов началник на ТМОРО во Ќустендил [29][30] . Поради оваа постапка биле прекинати односите помеѓу двете организации кон крајот на 1900 година [30], а од своја страна Врховниот комитет од почетокот на 1901 до мај 1902 година не даваал никаква помош за ТМОРО. Помошта била обновена кога на чело на ЦК на ТМОРО ќе застане Иван Гарванов [30].

Сарафовиот судир со бугарската влада

уреди

Повод за судир со бугарската влада бил теророт кој Сарафов го спроведувал. За самиот судир најмногу придонеле двете убиства во Романија, најпрво бил убиен Кирил Фитовски, а потоа Стефан Михаљану кој бил уредник на весникот Peninsula Balkanika, тој бил убиен поради натписи во весникот кои биле насочени против ТМОРО [31], но овие убиства ги влошиле односите помеѓу Бугарија и Романија [32]. Бугарската влада го предупредила Сарафов дека ќе му покаже каде му е местото, но тој од своја страна истакнал дека има поддршка меѓу војниците и офицерите и дека ќе се спротивстави.

Сарафисти и Цончевисти

уреди

Влошената положба го принудила Сарафов да го повика Иван Цончев да застане на чело на Комитетот според претходно постигнатиот договор, од своја страна Цончев во Софија се нашол во јануари 1901 година. Меѓутоа во меѓувреме доаѓа до Солуската афера и Сарафов под влијание на своите блиски и пријатели го менува решението сметајќи дека ќе може да владее и со Врховниот и со Централниот комитет. На тој начин Цончев бил измамен и ќе дојде до поделба на Врховниот комитет на две крила: Сарафисти и Цончевисти. Меѓутоа, судирот меѓу двете крила бил решен од страна на бугарската влада кога 23 март 1901 година Борис Сарафов бил уапсен со дел од комитетот и бил обвинет за двете убиства. Апсењето и судењето на членовите на Комитетот било политичка фарса со цел да им се овозможи на Цончевистите да го преземат Комитетот во свој раце, а Иван Цончев успеал во тоа на VІІІ македонски конгрес, односно на IX македонски конгрес [33].

Нова мајска спогодба

уреди

Бидејќи мајската спогодба од 1.05.1900 година не била спроведена, таа станала предмет на разговори меѓу новиот состав на Комитетот и ТМОРО. На оваа средба ТМОРО била претставена од Гоце Делчев, д-р Владимир Руменов и Михаил Герџиков, а како трета група која учествувала во овие преговори, била претставена од Иван Цончев и полковникот Стефан Николов.

Во овие преговори преовладува тенденцијата на Врховниот комитет да се наметне над ТМОРО иако нејзината самостојност била потенцирана во овие разговори [34], а од овие преговори произлегла новата мајска спогодба од 16 мај 1902 година и со неа било предвидено да се постават двајца офицери во ЦК на ТМОРО, како воени специјалисти кој би можеле да го помогнат делото. Овие двајца офицери би требало да имаат еднакви права и должности со останатите членови на ЦК.

Било договорено поставување на офицери при секој округ на ТМОРО во Македонија и овие офицери имале исто така еднакви права како и раководните тела на окрузите. Од друга страна, првата на задграничните претставници биле ограничени бидејќи тие можеле да присуствуваат во работата на Врховниот комитет само по прашањата кои се однесувале за ТМОРО.

Двете организации се договориле дека каналите и пунктовите на бугарска територија се неприкосновена сопственост на ТМОРО, додека пак магацините со оружје по бугарската граница, да бидаат под контрола на Врховниот комитет. Поради последната точка Ѓорче Петров сметаал дека Делчев се потклизнал, бидејќи станувало збор за 700 - 800 пушки кои биле складирани од Сарафов и тој сакал да ги предаде на ТМОРО, дополнително на тоа Ѓорче Петров истакнува дека:

Со тие пушки после не тепаа [35]

Прекинување на односите помеѓу двете организации

уреди

Иван Цончев го презема Комитетот

уреди
 
Иван Цончев
 
Иван Гарванов

Кон крајот на јули и почетокот на август 1901 година се одржал IX македонски конгрес. Во текот на овој конгрес цончевистите успеваат да го замемаат Врховниот комитет во свој раце. Претходно претставниците на ТМОРО, Владимир Димитров и Иван Кепев поднесуваат оставка, а за време на конгресот од раководните позиции во Врховниот комитет се отстранети приврзаниците на Сарафов. За претседател на комитетот бил избран Стојан Михајловски додека пак Иван Цончев бил избран за потпретсдател. На тој начин комитетот се нашол во рацете на Цончев и тој веднаш започнал со подготовките за кревање на едно востание во Македонија кое му требало на кнезот Фердинанд I.

Цончев и Гарванов

уреди

По Солунската афера во јули 1901 година во Солун, полтронот на Цончев, полковникот Стефан Николов имал контакти со ТМОРО и со бугрскиот трговски агент Атанас Шопов. Според Шопов, полковникот Николов дошол за да може лично да се запозане со револуционерните комитети и состојбата во Македонија. На средбата со Шопов, полковникот Николов истакнал:

(ВК ќе се б.н) постави на совршено легална и културна почва, во хармонија со законите на земјата [36]

Најверојатно полковникот Стефан Николов алудирал на хармонијата која постоела помеѓу кнезот Фердинанд I и Иван Цончев [4] . При оваа посета на Солун од страна на полковникот Николов најверојатно била договорена средбата помеѓу Иван Цончев и Иван Гарванов. Гарванов по излегувањето од затвор [37] се нашол во Софија и имал средба со Цончев. На оваа средба Гарванов истакнал:

Организацијата, јас ќе ви ја предадам вам, но под услов ние да си останеме оделни таму, а вие тука [38]

Меѓутоа треба да се истакне дека постојат неколку верзии за тоа што точно Гарванов му рекол на Цончев. Според Владов, Гарванов изјавил дека во Македонија не треба да има ништо, бидејќи таму луѓето биле уапсени и се било растурено, и затоа треба да постои само ВМОК, кој би требало да раководи со револуционерното делото во Македонија и Бугарија [4] . По неколку дена Граванов се откажал од овој став и почнал да ја истакнува поребата од ЦК на ТМОРО. Според касиерот на ВМОК Георги Белев, Гарванов истакнал:

Генерале, треба да се одземе таа разбојничка организација од внатре [39]

Најверојатно Гарванов на оваа средба на Цончев му ветил дека ќе му ја предаде ТМОРО во случај на едно евентуално востание во Македонија.

Судир на Цончев со задграничните претставници

уреди

Иван Цончев сметајќи дека ја имаа поддршката на Гарванов, се свртел против задграничните претставници на ТМОРО притоа сакал да воспостави дирекна коресподенција со Централниот комитет на Внатрешната организација и почнал да го игнорираа ЗП. Цончев меѓу другото истакнал дека:

...Задграничните претставници се главната, ако не и единствената причина за досегашните недоразбирања... делегатите ( се мисли на Гоце Делчев и Ѓорче Петров б.н), кои досега ништо друго не правеле, освен да сеат раздори, да трошаат средстава на тукашната организација (ВМОК б.н) и да се издигнат во трета организација, која неодоворна за ништо, била вистинска господарка и на двете организации (ВМОК и ТМОРО б.н) [40]

Под притисок на Цончев, Делчев и Ѓорче Петров морале да се откажаат од должноста задгранични претставници, но одруга страна Гоце Делчев успеал да го одели Гарванов од Иван Цончев. Гарванов имајќи ја поткрепата од Дамјан Груев и Делечев се спротивставил на Цончев, оваа дистанцирање на Гарванов нема никогаш да му биде простено од цончевистите, и тие по неговото убиството во 1907 година ќе истакнат:

Така му треба, предавник [41]

Раскинување

уреди

Цончев откако ја зацврстил својата позиција во комитетот, се нафрлил врз пунктовите на ТМОРО во Бугарија. На 24.08.1901 година, Стојанов началникот на Ќустендилскиот реон, разоружал и предал двајца работници на ТМОРО на бугарските власти.

 
Тодор Саев
 
Ефрем Чучков

Во некое од ќустендилските села по наредба на Атанас Мурџев бил тепан работник на ТМОРО, а по наредба на Тодор Саев, јавно бил тепан Ефрем Чучков и тоа пред куририте на ТМОРО. Поради ваквата постапка на Саев, Дупничкото друштво ги прекинало врските со Врховниот комитет, и затоа друштвото на 20.11.1901 година било исклучено од ВМОК.

Поради сите овие постапки новите задгранични претставници, Туше Делииванов и Димитар Стефанов поднеле нови барања до ВМОК. Била побарана 30-километарска зона на бугрската територија, пункт во Софија, пари за Задграничното претставништво, остантите пунктови на ТМОРО во Бугарија и за издавање на еден весник во Македонија, отстранување на Тодор Саев од Дупница.

ВМОК намерно ги одолговлекувал преговорите и истовремено презел активности за нарушување на авторитетот на ТМОРО меѓу македонското население. Пушките кои ТМОРО ги платил на Врховниот комитет, а комитетот за нив добил расписка не биле испорачани. Врховниот комитет притоа истакнал дека нема пушки, дека не веруваат во пунктовите на Никола Малешевски и дека ќе ги вратат парите.

Дополнително Врховниот комитет побарал причина за барањата на задграничните претставници, откако ги добиле ја потврдиле мајската спогодба, а по десетина дена повторно се откажале од неа и било побарано од нив да продолжаат преговорите помеѓу двете организации.

На 2.11.1901 година ВМОК испратил окружно до своите друштва во кое било истакнато дека односите помеѓу двете организации се во хармонија и дека се дејствува во согласност со протоколот кој бил утвреден зеднички.

Задграничните претставници на 8.12.1901 година поставиле ултимативен рок од 48 часа за отповикување на окружното од страна на ВМОК, a бидејќи тоа не било направено, на 14.12.1901 година задграничните претставници ги известиле македонските друштва дека ТМОРО за секогаш ги прекинува контактите со овој состав на Врховниот комитет [42].

Врховистички чети во Македонија

уреди

Горноџумајско

уреди
 
Четата на Јурдан Стојанов

Иван Цончев веднаш откако го презел комитетот во свој раце започнал со организирење и препраќање на чети во Македонија. Овие врховистички чети биле составени од разни арамии и морално пропаданти луѓе. Пионири на врховизмот во Македонија биле: Хаљо, Дончо Златков, Иван Карасулијата, Ангел Спанчовалијата, подофицерот Лазов.

Во летото 1901 година од левата и десната страна на реката Струма се нашле две врховистички чети. Едната под команда на капетанот Јурдан Стојанов а другата на чело на Пашалијата. Присуството на овие врховистички чети на територијата на Македонија неминовно воделе кон судир со четите на ТМОРО. Набргу во овеј крај се нашла четата на чело со Сава Михајлов и Јане Сандански и тие ги повикале врховистичките чети на јавен двобој пред населението, но врховистите од своја страна одбиле.

Во октомври 1901 година во селото Лагадош се нашла врховистичката чета на чело со подофицерот Михаил Лазаров [43]. Тој дошол во судир со Сава Михајлов при што бил разоружен и принуден да се врати во Бугарија [44].

Овој судир во Лагадош бил повод за Дончо Златков да се нафрли и врз Горно Џумајско, тој од своја страна испратил неколку заканувачки писма до Сава Михајлов во кој од него побарал да бидаат вратени запленетите врховистички пушки од Лагадош, во спротивно се заканил дека ќе запали се.

Истовремено врховистичите чети презеле разни активности за поткопување на авторитетот на ТМОРО кај македонското население. Врховистите агитирале дека тие ќе доставаат пушки и тоа за безпари, и на тој начин успеале да привлечаат дел од незадоволното население, првенствено она кое дало пари а не добило пушки, кон нив се приклучиле и оние на кои ТМОРО насила им собирала пари како и разни работници на ТМОРО кој на разни начини се огрешиле кон оваа организација.

На тој начин кон ВМОК се придружил Смилјан Димитров, раководителот на ТМОРО од село Падеж, тој кај себе ја прибрал повторно вратената врховистичка чета која била разоружана кај Лагадош [45].

Демихисарско

уреди

Во есента 1901 година во демихисарско се нашле две врховистички чети едната на Дончо Златков, а другата на Касапчето. Тие дошле во судир со четата ТМОРО предводена од дедо Иљо Крчовалијата. При овој судир Дончо бил ранет и се вратил во Бугарија додека пак Касапчето и Ангел Спанчовалијата подоцна биле разбиени на Пирин [46]. Дончо Златков откако ќе закрепне во Бугарија ќе се најде во Петричко и отворено ќе застане на страната на Иван Цончев.

Петричко

уреди
 
Стојчо Бакалчето
 
Дончо Златков
 
Иван Карасулијата

Пионир на врховизмот во Петричко бил Стојчо Бакалчето, поранешен раководител на ТМОРО во селото Игуменец. Бакалчето во почетокот на 1901 година злопотребил 12 лири на ТМОРО и поради тоа бил осуден на смрт но успаал да ја избегне ликвидацијата и да издејствува помилување [47]. Но овој настан кај Бакалчето предизвикла да се оддалечи од ТМОРО, а кога дознал од весниците за судирот помеѓу ТМОРО и Врховниот комитет, решил да застане на страната на ВМОК и го поканил врховистичкот војвода Дончо Златков да дојде во областа Каршијак. Таму Дончо на селаните им говорел дека:

Бугарија и Русија ќе помогнат и дека не треба да се даваат пари за пушки, туку секој да каже каква пушка сака и сам да си дојде до границата за да му се предаде. Оставете ги внарешните, тие не мислат за вашата слобода [48]

Во летото 1901 година Дончо со својата врховистичка чета се нашол во областа Каршијак и успеал на своја старана да спечали повеќе раководители и работници на ТМОРО. Меѓу нив биле: поп Трендафил од Палат, учителот Цоне од Гореме, поп Иван од Долна Рибница и деградираниот војвода на ТМОРО Алексо Поројлијата. Тие здружени со Дончо стапиле во контакт со Врховниот комитет и ја започнале борбата за Петричко со четите на ТМОРО. Дончо и Алексо Поројлијата на измама успеала да го ликвидираат петричкиот војвода на ТМОРО, Кецакаров [49], по што дошле во судир со четата на дедо Иљо Крчовалијата. Во селото Чуричане, Дончо ги убедувал селаните да ја предадат на Турците четата на Крчовалијата. Во селото Долна Рибница врховистите ја предале здружената чета на Григор Иванов и Атанас Тешовалијата по што тие морале да се повлечат од овој крај.

Струмичко

уреди

Кон крајот на август 1901 година во Струмичко се појавува првата врховистичка чета. На чело на оваа чета стоел Хаљо кој бил поранешен убиец на бугарскиот премиер Стефан Стамболов [50]. Хаљо со себе ги донел двајцата отпадници на ТМОРО, Васил Пеливанов и Иван Карасулијата [51]. Оваа чета броела од 20 - 30 души и успеале да се пробијаат до селото Нивичино. Во ова село тие стапиле во контакт со Атанас Нивички кои бил раководител на ТМОРО во ова село, од него биле побарана храна и канал за понатамошен премин. Атанас Нивички не знаел дека станува збор за врховистичка чета, но таа му станала сомнителна и затоа испртил двајца курири со писмо кое требало да го предадаат на првата чета на ТМОРО која ќе ја сретнаат. Писмото го добил Михаил Герџиков, и тој за четата го известил Гоце Делчев. Делчев од своја страна издал нардба за протерување на врховистичката чета од територијата на ТМОРО. Хаљо најверојатно насетил дека му се подготвува стапица и затоа се упатил кон Малешевско и тука со себе го зел разбојникот Петар Уже. Четата на Хаљо била гонета од Атанас Нивички и Михаил Герџиков по што врховистичката чета била принудена да се врати во Бугарија.

Врховистички бази во Македонија

уреди

Кон крајот на 1901 година врховизмот успеал да фати корени и да создаде свој бази во Североисточна Македонија. Според Христо Силјанов речиси сите села во Малешевско, Горноџумајско и Петричко биле под контрола на врховистичките чети. Во врска со првите врховисти во Македонија, Сиљанов истакнува дека ВМОК без помошта на разбојниците и разните декласирани елементи многу тешко би можел да постигне успех, додавајќи дека:

... Дончо и неговите колеги се претходниците и патоводителите, кои ги отворија дверите на Пиринското царство за капетан Јурдан Стојанов, Софрониј Стојанов, Тодор Саев, Лефтеров и другите офицери... за да подготваат едно востание [52]

1902 - 1905 година

уреди

Опозиција

уреди
Податотека:Ефтим Спротстранов.jpg
Ефтим Спротстранов

Писмото на задграничните претставници, од 5 март 1902 година, до македонските друштва во Бугарија ги раздвижило оние дејци кои биле опозициски настроени кон комитетот Михајловски-Цончев, а некои од друштвата започнале со испраќање на делегати за свикување на вонреден конгрес. Врховниот комитет ги отфрлил обвинувањата на Организацијата, истакнувајќи дека независноста и самостојност на ТМОРО за него отсекогаш биле свети принципи [53].

Во Пловдив, се одржал учителски собир на кој Димо Хаџи Димов го прочитал рефератот Македонското прашање и учителот [54]. Хаџи Димов јасно ја разоткрил политиката на Врховниот комитет и бугарската влада кон Македонија, тој меѓу другото истакнал:

Ние не мислиме за Бугарија, но ќе си ја пазиме Македонија. Немојте и вие да мислите за Македонија, туку пазете си ја Бугарија[54].

Учителскиот собир усвоил резолуција со која била осудена политиката на Врховниот комитет и бугарската влада кон Македонија [55]. Комитетот Михајловски-Цончев, со својата политика, ги предизвикала сите кој не се согласувале со таквото делување. Дошло до раздвижување на едно опозициско движење, кое било кординирано од Ѓорче Петров, иако тој стоел настрана од движењето.

Опозиционерите во соработка со ТМОРО ја истакнале потребата од една чиста македонска политика, посебна македонска црква и афирмација на посебноста на макеоднскиот народ [4]. Тома Карајовов, во јануари 1902 го сондирал Ефтим Спротстранов, Карајовов се повикал на едно писмо од Цариград и потенцирал:

Македонија да започне своја, независна политика, чисто македонска. Никогаш да не се мисли за присоединување кон Бугарија, и во тоа да се убеди Европа. Тогаш ќе може да се постигне тоа што го сакаме [56].

Карајовов има и консултации со унивезитетските професори Шишманов и Георгов. Првиот сугерирал дека може да се започнат преговори со Австроунгарија, која биола заинтересирана за Македонија. Подоцна Димитар Стефанов го поканила Спротстранова да напише нешто во Дело, во смисла дека населенеието во Македонија само треба да си ја извојува слободата, без да се надева на помош од надвор [56].

На 22 февруари 1902 година, се одржало советување на кое присуствувале: Христо Станишев, Димитар Ризов, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Никола Наумов и Ефтим Спротстранов. Карајовов ги информирал за ставовите на офицерите од русофилската и русофопската фракција во Бугарија, и едните и другите решавањето на македонското прашање го гледале преку договор со Србија и поделба на Македонија на сфери на влијанија [56]. Отука, бидејќи областите на исток од Струма биле неспорно бугарски, а на запад од Вардар неспорно српски, затоа Цончев својата активност ја насочил на територијата помеѓу реките Вардар и Струма. Учесниците во советувањето се обврзале да работат за зачувување на целовитоста на Македонија [56].

Владимир Руменов земајќи ја предвид делбеничката политика на бугарската влада, претпочитал Унија со Римокатоличката црква или австриска окупација на Македонија [56]. Тој предложил:

да се оделиме, да почнеме чисто македонска политика [56].

Во тој контекст предложил оделување на Бугарската егзархија од Кнежевството и нејзино прогласување за покровител на Славјаните во Турција, по изговор дека се возобновува Охридската патријаршија, во чии синодот требало да влезат македонските владици, седиштето на црквата и понатаму требало да остане во Цариград [56]. Руменов истакнал дека ако Егзархијата го одбие предлогот тогаш македонските владици да се откажат од Егзархијата и да формираат оделна црква [56]. Според Руменов, таквата идеја не требало да се пласира преку органот на ТМОРО, туку преку некој друг весник [56]. Тој предложил да се испечатат неколку броја непосредно пред конгресот на Врховниот комитет за да се види дека постои нов движење, за да можат делегатите да бидат подготвени [56], а дури потоа да се започнат преговори со Егзархијата. Тие знеле дека Егзархот како страшен бугарофил, тешко ќе прифати [56], зато требало да му се пренесе дека:

целта не е да се создаде нова народност во Македонија, туку да се зачува цела, неразделна. Ако, тој се согласи и се прогласи за Егзарх на макеоднските бугари или македонски славјани (така нека се нарекуваме), тогаш лесно и без големи стресови ќе постигнеме се [56].

Според Руменов, ако егзархот не се согласел тогаш требало да се започне агитација сред македонските владици за да се отцепат од Егзархијата и да формират Синодот и самостојна црква [56]. Со овие идеии, Спротстранов го започнал Калајџиев, а тој требало да ги запознае битолскиот митрополит Григориј и раководителот на ТМОРО во Охрид, Кецкаров [56]. На 20 јули 1902 година Спротстранов му пишал на Јаким Дедов во Белград, истакнувајќи дека:

Одамна, брате, проповедам да оставиме настрана какво е христијанското население во Турско по народност, туку да погледнеме на неговите маки и страдања. Зошто да гледаме на него како на бугарско или српско, туку да погледнеме како на христијанско и општословенско [56].
 
Право

Опозициските статвови соодветено место зазеле и во весникот Право, обновен од Никола Наумов. Во овој весник како одговор на политиката на комитетот Михајловски - Цончев, од името на ТМОРО се почнало со афирмирање на макеоднскиот карактер на Организацијата и нејзиното сфаќање за македонскиот народ. Биле објавени повеќе статии, а во една од нив било истакнато дека:

Внатрешната револуционерна организација ќе му даде на секој да реазбере дека работи за единството и независноста на Македонија, како слободна држава на Балканскиот Полуостров. Таа организација, давала и во иднина ќе дава докази дека не е агент на никоја од балканските држави, туку агент само на македонската слобода и независност. Со таквите докази таа постепено ќе ги отстранува племенските разлики во Македонија и ќе го организира идниот, ако и разнобоен, но способен да се самоуправува мирно и тивко, македонски народ [57].

Весникот во своите настојувања да ја разобличи политиката на Цончев, истакнал: Тој (Цончев б.н) добро знаеше дека внатрешните дејци со никакви ветувања и по никоја цена нема да ја доверат судбината на Македонија во неговите генералски раце, кои секогаш можат да се стават во услуга на бугарскиот двор или бугарската влада [58].

Раскол

уреди

Во Комитетот постепено се формирале две основни крила - едно на генерал Цончев, кој ја имал поддршката на дворот, кон оваа крило главно клонеле офицерите, а меѓу нив се нашле - Стефан Николов, Антон Бозуков, Анастас Јанков, Александар Протогеров, Владимир Каназирев, Христо Саракинов, Јордан Стојанов, Димитар Думбалаков, како и војводите Дончо Златков, Васе Пехливана и други [59]. Другото крило се состоело од сарафистите, анархистите и приврзаниците на ТМОРО. На Х конгрес, во 1902 година, делегатите на крилата се делат на два оделни конгреса и се појавуваат два Врховни Комитетета и две организации. Вториот комитет, на чело со инженер Христо Станишев и Тома Карајовов, исто така, издава весник Реформи. Неговите приврзници биле Антон Страшимиров, Димитар Ризов, Пејо Јаворов, Никола Наумов.

Горноџумајско востание

уреди
 
Атанас Јанков

Првата активност за започнување на врховистичкото востание во Македонија ја почнал полковникот Атанас Јанков. Во средината на 1902 година, Јанков со голема чета навлегол во Македонија и се движел од Џумаја до Костурско. Поминувајќи низ Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско и други места, Јанков оставал свои приврзаници и го повикувал населението на востание. Меѓутоа ТМОРО успеала со својата дејност да го спречи објавувањето на Врховистичкото востание во Костурско.

Во текот на оваа акција на полковникот Јанков во југозападна Македонија започнало Горноџумајското востание. Со востанието биле зафатени Горноџумајско, Мелничко, Петричко, Малешевско, Струмичко и Разлошко. Оваа акција на Комитетот ја ослабнал и сериозно ја загрозил организациската мрежа на ТМОРО.

Меѓутоа треба да се истакне дека Горноџумајското востание успеало да ги раздвижи дипломатите на големите сили околу македонското прашање и да ги предизвика таканаречените Падарски реформи.

Еден дел од историчарите сметаат дека оваа акција на Комитетот придонела Централниот комитет на ТМОРО да го свика когресот на кој било поставено прашањето за востание во престојната 1903 година. По Горноџумајското востание претседателот на Централниот комитет Иван Гарванов сакал да дојде до помирување со Врховниот Комитет, а Иван Цончев за таквото помирување го поставил условот за кревање на востание во пролета 1903 година.

Од своја пак страна Иван Цончев на 10 декември 1902 година (стар стил) испратил повик до офицерите Македонци и Одринци да ја напуштат бугарската армија и да се вклучат во идното востание.

Забрана на Врховниот комитет

уреди

Откако ТМОРО донела одлука за кревање на востание, бугарската влада за да ја симне одговорноста од идните борби во Македонија донела одлука за забрана на Врховниот комитет. Со оваа одлука требало да се симне меѓународниот притисок од Бугарија, да се покаже добра волја кон Отоманското Царство и да се намали турската војска на бугарско - османлиската граница. На 31 јануари 1903 година Министерскиот совет на Бугарија на чело со Кнезот Фердинанд I ги донел следните мерки:

1. Растурање на ВК по администартивен пат, затворање на неговите клубови и конфискација на коресподенцијата; 2. Да се приведаат неговите водачи и да се предаат на судот; 3. Да се удвои контролата по границата и да се формираат подвижни жандармериски одделенија [60]

На 1 февруари 1903 година просториите на ВМОК биле затворени, коресподенцијата запленета, а Иван Цончев, Стојан Михајловски, Атанас Јанков и дуги биле уапсени. Неколку дена подоцна Министерството за надворешни работи на Бугарија им наредило на своите службеници да немаат никакви контакти со Врховниот комитет бидејќи тој бил надвор од законот.

Илинденското востание и врховистите

уреди
 
Генерал Иван Цончев со чета на Врховниот комитет.

Во април 1903 година ВМОК се созема од удари нанесе од бигарската влада. Организацијата продолжила да издава документи, а Стојан Михајловски, кој продолжува со претседателствувањето на Комитетот, прави успешна јавна кампања против владата на Стојан Данев.

Во април генерал Цончев се враќа во Софија, а весникот "Реформи", повторно да излегува под редакцијата на Илија Гологанов. Постепено организацијата ја возобновува својата структура во Бугарија, во форма на добротворни братства.

Во пресрет на востанието четите на Врховниот комитет, на чело со Иван Цончев, полковникот Јанков и Стефан Николов се групираат на границата на Серскиот револуционерен округ, откако меѓу двете организации е постигнат писмен договор за помош.

Во Валовишко врховистката четата на Љубомир Стоенчев заедно со внатрешната чета на дедо Иљо Крчовалијата на 9 септември во месноста Ливада во Пирин води борба. На 12 септември таа повторно се судрила со отоманските сили кај месноста Мали и по еднодневен бој се повлекува во Бугарија. Во Мелничко врховистките чети на Јордан Стојанов, Петар Дрвингов и Димитар Зографов се здружуваат со внатрешните на Јане Сандански, Михаил Чаков и Стојан Млчанков во здружена чета од 160 души, а на 30 август водат борба кај Света Троица.

На 31 август единица од 400 лица, под команда на полковник Јанков и генерал Цончев и на војводите на ВМОК Христо Танушев, Иван Ботушанов, Никола Лефтеров и Димитар Атанасов се бори во месноста Гарваница, а на 1 септември се води борба во село Пелистер. На 4 септември четите на војводата на ТМОРО Спиро Петров и оваа на ВМОК на чело со Константин Настев водат заедничка борба со турските сили кај месноста Кукли во која загинува Спиро Петров.

Мисија на Георги Белев во Македонија

уреди

Во средината на мај 1904 година, во Солун пристигнал Георги Белев, касиер на ВМОК. Тој имал задача да преговара со претставниците на Организацијата. Белев постојано зборува дека контактирал и преговарал со членовите на Централниот комитет, меѓутоа ЦК еден месец порано бил распуштен и всушност тој преговарал со членовите на Солунскиот окружен комитет.[61] Белев во Солун стапил, преку Васил Мончев, во контакт со Димитар Мирчев, Христо Поп Коцев, Петар Поп Арсов и други. Предлозите на Белев биле едноствано одбиени од страна на Димитар Мирчев и Христо Поп Коцев со образложение дека за тоа е потребна согласност од окружните раководители преку еден референдум.

Кашина

уреди
 
Панорама на Кашина
 
Јордан Стојанов

По Илинденското востание, Организацијата и Комитетот на Цончев ја продолжиле борбата. Две години по востанието позициите на Комитетот во Поројско и Гевгелиско биле ослабени поради смрта на Алексо Поралијата и Иван Карасулијата во борба со аскерот. Во внатрешноста на Македонија, приврзаниците на Цончев биле принудена да дејствуваат со месните комитети на Организацијата.

Во поствостаничкиот период, приврзаниците на Цончев си поставиле задача во Пострумската област да ја избришат секоја трага на Организацијата и да навлезат во Разлошко, Мелничко, Кресненско и Струмичко. Луѓето на Цончев имале за цел: да ги заземат селата кои биле верни на Организацијата, да ги отстранат нејзините раководители, членови и приврзаници, посебно учителите [62].

Особено жестоки во прогоните биле бившите арамиии, Дончо Златков, Гоше Пелтека, Атанас Чифлигаров, како и поранешни организациски луѓе кои се огрешил на разни начини кон Организацијата и се приклониле кон Врховниот комитет. Во текот на нападите, врховистите вршеле убиства, палење на куќите, закани и наредби до селаните да не се потчинуваат на Организацијата [62].

Во селото Добрилаки, четите на Атанас Чифлигаров и Бакалчето го убиле организацискиот раководител затоа што не се потчинил на врховистичките наредби. Во селото Игуменец оваа здружена чета запалила 5 куќи. На 19 април 1905 година четата на Ботков го опколила Чакарското малоо во селото Сенокос, а врховистичкиот војвода влегол во куќите на Чакарски, Доско и Хр. Тренкови, откако не ги пронашол бараните лица го претепал таткото на Трнко, за да му каже каде се неговите синови. Во текот на оваа акција биле измачувани мајката и жената на Ив. Чакарски [62].

Оваа политика на Врховниот комитет на Цончев го засилил анагонизмот меѓу двете Организации и борбата помеѓу нив добила на жестина. Во декември 1904 година, потпоручникот Партениев ги собрал четите на Бакалчето, Васе Пеливанов и други, здружената чета броела околу 60 души. Партениев имал за цел на навлезе во селото Костурино, Струмичко. Меѓутоа сите обиди на врховистичките дејци да го заземат Струмичко биле неуспешни.

 
Јане Сандански

Капетанот Јордан Стојанов, со цел конечно да се пресмета со Јане Сандански, презел голем поход во Мелничко. На 7 април 1905 година кај селото Кашина, здружената чета на капетан Стојанов попаднала во заседа поставена од Сандански. Во борбата загинале 9 - мина врховисти, меѓу нив биле: Партениев (заклан многу жестоко), Јанков, Давитков, Бељовалијата и др. Капетанот Стојанов бил ранет и одвај успеал да се повлече, а 37 души од неговата чета биле разоружани и вратени назад за Бугарија [62]. Борбата кај Кашина покажала дека врховистичките чети се немоќни пред Организацијата, меѓутоа по кашинскиот настан борбата добила уште повеќе на жестина.

По Кашина, луѓето на Цончев го засилиле притисокот врз селата кој биле на страната на Организацијата. Полковникот Атанас Јанков, кој се подготвувал да замине за родното село Загоричани за да се одмази на андартите, со својата чета се задржал на Пирин и дејствата ги насочил против Организацијата. Григор, четник на Јанков, во едно свое писмо истакнал дека:

Овие денови ќе го префрлиме Пирин за да слеземе во Банско - протстрана рамнина, каде што треба да ги извршиме пресудите над некои села, кои морално и матерјално помогнале за рабивање на една наша чета. Таму ќе има оган и нож, којшто може тоа ќе го прави [62].

Борбата помеѓу двата табора продолжила, секогаш кога имале можност си поставувале заседи, а борбите се воделе со голема жестокост. Кон крајот на мај, врховистичкиот војвода Кочо Лефтеров ја опколил и ја нападнал малешевската чета на Душо Желев. Во Струмичко се случиле неколку крвави борби, поради обидите на врховистите да го заземат Струмичко и да протераат Христо Чернопеев. На 23 мај се разврзала најжестоката борба во Струмичкиот округ. Врховистичката чета на поручникот Настев се судрила со струмичката организациска чета. Во борбата се вклучиле и врховистичките чети на Александар Протогеров и Лефтеров [62]. Борбата траела 5 часа, а во неа загинале шесмина врховисти и двајца организациски четници. Во јуни. Чернопеев и Левтеров имале нова борба во која загинале неколку врховисти.

Во летото 1905 година, врховистите се обиделе да го заземат Одринско. Четата на врховистичкиот војвода Ѓумушев навлегла во Ахчелебиско, но на 3 јули била опколена и принудена да се предаде [62].

Распушање на Комитетот

уреди

Рилскиот конгрес од 1905 година на ТМОРО се занимавал и со прашањето на Врховизмот особено со групата околу Иван Цончев. Организацијата сакала еднаш за секогаш да расчисти со Врховниот комитет кој сакал да претвори во втора организација во Македонија и поради тоа двете организации биле во постојан конфликт и судир. Конгресот испратил: Соопштение до групата македонски дејци наречени Врховисти, во кое било истакнато:

Организацијата за напред по никаков начин не може да трпи на своја територија никакви други групи и корпорации... Таа ќе ги прогонува по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи подлежаат на сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното дело и злосторниците на нашата татковина, каде и да се наоѓаат тие, биле членови на Организацијата или не [63].

Меѓутоа и покрај овие зборови во истото соопштение ТМОРО ги поканил Врховистите без разлика на нивната вера, народност и убедување да се приклучат кон организацијата, а својата група да ја растураат и да престанаат со својата активност во Македонија и Бугарија. Сосема неочекувано за многумина, Иван Цончев се обратил писмено до Рилскиот конгрес приваќајќи го барањето на ТМОРО и истакнувајќи дека Врховниот комитет го изгубил своето значење, дека тој се распаднал на повеќе групи, а дека тој е претставник на онаа група во Бугарија. Меѓу другото Цончев истакнал дека сака да постигне единство со ТМОРО и дека ќе ги извести своите приврзаници за тоа. До формално слевање на врховистите во ТМОРО меѓутоа Цончев ги повлекол своите луѓе од Македонија и неговата група престанала да постои.

Претседатели

уреди

Трајко Китанчев (1895)

уреди

- првиот претседател на Македонскиот Комитет. Трајко Китанчев со својот авторитет ја покривал подготовката на првата престапна авантура на дворот, која отвора цела ера на врховистички престапи кон Македонија [64]. Според некои смрта (на Китанчев б.н) била придизвикана од сознанието дека македонското дело со кое раководел Китанчев е злоупотребено и изманипулирано од бугарскиот кнез. Навистина тоа се случило откако бугарските власти ја затвориле границата и почнале со преследување на македонските чети [4].

Данаил Николаев (1895-1897)

уреди

- вториот претседател на Врховниот македонски комиет, оваа функција ја напуштил за да стане аѓутант на кнезот Фердинанд I.

Јосиф Ковачев (1897)

уреди

- третиот претседател на Врховниот македонски комитет, не бил избран од когресот, туку го заменил Данаил Николаев кои поднел оставка.

Христо Станишев (1897-1898)

уреди

- четвртиот претседател на Врховниот македонски комитет, бил избран за време на IV македонски конгрес.

Алексанадар Радев (1898-1899)

уреди

- петтиот претседател на Врховниот македонски комитет, бил избран за време на V македонски конгрес. За време на VІІ македонски конгрес е избран за претставник на ВМК на првата меѓународна мировна конференција во Хаг. Тој добил задача да стапи во контакт со ерменското движење Трошак и заедничи да бидаат претставени Ерменското и Македонското прашање.

Борис Сарафов (1899 -1901)

уреди

- шестиот претседател на Врховниот македонски комитет, на оваа функција дошол со помош на ТМОРО и агитацијата на Ѓорче Петров. Меѓутоа дој доаѓа во судир со ЦК и Задграничните претставници на ТМОРО, затоа што сакал да го преземе ЦК и ТМОРО во свој раце, односно Сарафов сакал да стане раководител на целото македонско револуционерно движење.

Стојан Михајловски (1901-1903)

уреди

- седмиот и воедно последен претседател на Врховниот македонско - одрински комитет, на оваа функција дошол со поддршка на кнезот Фердинанд I. Задачата на Михајловски е да го подготви теренот за влегување на Иван Цончев во Врховниот комитет.

Потпретседатели

уреди

Наум Туфекчиев

уреди

- за потпретседател бил избран на І македонски конгрес. По ІІ македонски конгрес се оделува од ВМК заедно со офицерите и ќе стане претседател на отцепеничкиот комитет кој ќе си го задржи старото име Македонски комитет. Туфекчиев во годишната протурка на весникот Право од јануари 1896 година е посочен како агент на бугарската влада [65]. Меѓутоа не се знае дали ваквиот став во Право е поради тоа што Туфекчиев бил агент или тоа било направено поради дневно политички цели, односно застанувањето на Туфекчиев на чело на отцепениот комитет [4] . Вистина е дека Туфекчиев имал контакти со тогашниот бугарски премиер Константин Стоилов, но мора да се истакне дека и други имале такви контакти и врски.

Јосиф Ковачев

уреди

- бил избран за потпретседтел на ВМК за време на ІІ македонски конгрес, а откако генералот Николаев ќе поднесе оставка, Ковачев ќе застане на чело на комитетот.

Тома Давидов

уреди

- за потпретседател е избран за време на VІ македонски конгрес, по поделбата на ВМОК на цончевисти и сарафисти ќе се најде во Македонија како војвода на ТМОРО.

Владимир Димитров

уреди

- за потпретседател бил избран за време на VІІІ македонски конгрес како претставник на ТМОРО. Кога Цончев ќе смени политиката кон ТМОРО, Димитров и секретрот Иван Кепев исто така од ТМОРО ќе поднесаат оставки од должноста во Врховниот комитет.

Иван Цончев

уреди

- има погрешни податоци дека тој бил претседател на ВМОК, вистина е дека Цончев ја контролирал организцијата но преку С. Михајлов кој бил избран за претседател на комитетот на VІІІ македонски конгрес, а повторно реизбран IX македонски конгрес. Главна задача на Иван Цончев е да крене едно востание во Македонија кое му било потребно на Фердинанд I [66].

Конгреси на организацијата

уреди

Врховниот Комитет и Македонската револуционерна организација

уреди

Односите помеѓу двете организации биле со различен интензитет и динамика, исполнети со притисоци, закани но и заемно почитување и толеранција. МРО и покрај притисоците на ВМК не сакала целосно раскинување бидејќи на тој начин би се лишела од значајните материјални средства на македонската емиграција во Бугарија, од друга страна бил ВМК кој преку контактите со МРО сакал да се наметне како главен раководител на целото македонско националноослободително дело.

Односите помеѓу ТМОРО И ВМК имале своевиден колорит и влијание врз севкупниот развој на ослободителното движење во Македонија [4]

Историски погледи

уреди

Македонскиот односно Врховниот комитет бил организација на македонската емиграција и формално - правно се залагал за автономија на Македонија. Треба да се истакне дека во ниеден официјален документ на Комитетот не се спомнува формулацијата за присоединување на Македонија кон Бугарија.

Од друга страна од нормативните акти се гледа дека Комитетот никогаш целосно не раскинал со бугарската влада и во целиот свои период на егзистирање контактите со бугарското општество и владеачки кругови останале. Македонската емиграција не го увидела својот потенцијал и можноста за искористување на комитетската дејност од страна на бугарскиот двор и влада за остварување на нивните сопствени цели и интереси.

Најголемиот дел од дејците во Комитетот биле Македонци, а бројот на Бугарите бил помал. Треба да се истакне дека во Комитетот од самиот негов почеток па се докрајот на неговата егзистенција постоела силана македонска компоненета. Односно голем дел од неговите дејци се залагале за создавање на самостојна македонска држава, а тоа го потврдуваат голем број на сведоштва. Некој од обвинетите четници во Апелациониот суд во Скопје по Мелничката авантура, истакнале дека:

сакаат да имаат оделна држава со независна управа [67]

Дејноста на Комитетот не бил во согласност со политиката на бугарското кнежевство, а тоа го потврдува и Борис Сарафов во своето интервју со зборовите:

Автономната македонска идеја не скара со бугарската влада. Зар поранао со нас не беше љубезен и внимателен кнезот Фердинант? Зар... Рачо Петров кој со своето Министерствонтолку грижливо се зафати да не скроти, не беше наш соучесник во 1895 година и не ни дозволи да ја минеме македонската граница и да водиме чети? Не фалеа жошто се надеваа дека ние, со своите раце, ќе ги вадиме од огнот македонските костени и ќе им ги дадеме ним како подарок на бугарската влада. Големите луѓе сакаа да јаваат на грбот на малите. Владата мечтаеше за Санстефанските граници, кнезот Фердинанат... го примамуфа ефектот кон своите два венца да го придодаде и третиот - Македонија

— Борис Сарафов, Интервју со Амфитеатров во 1901 година [68]

Дека еден дел од дејците на Комитетот се залагале за самостојна македонска држава се гледа од извештајот на Кузман Дамјанович од 4.03.1899 година во кој тој ја забележал дискусијата на македонските дејци, а меѓу нив се нашле Коста Шахов, Андреј Љапчев и други. Меѓу нив се разврзала дискусија во која било истакнато:

Ама немој ти да веруваш дека револуционерите работат за автономна Македонија, та отпосле да ја присоединат кон Бугарија? Боже чувај! Тоа никогаш нема да биде... Сите ние Македонци, макар каде и да сме, макар и колку и да сме учеле, никој нема да дозволи Македонија да се присоедини кон било кој, туку ќе работиме... кон неа да се присоединат други провинции. Нас иинтелигенцијата, не школувале, а и денес не школуваат Руси, Романци, Срби и Бугари... Но, никој од нас не ќе стане слуга на ниту една по никоја цена, туку веднаш ќе дојде во своето јато, кон кое и ние дојдовме... Ние имаме славен елемент, а нашиот народ е жилав и еднаш добие ли Македонија автономија, тогаш побрзо Бугарија ќе стане македонска, отколку Македонија - бугарска. Ние за тоа имаме шанса... во Бугарија на највисоки места денес се Македонци... без сомнение во свое време денешните великани Македонци по народност ќе пријдат нам и Бугарија ќе биде македонска... веруваме дека тоа ќе биде порано или подоцна... македонија ќе биде држава - републикансака, таа ќе гледа кон себе да привлече и други во сојуз како кантони и така што биде силна држава [4][69]

Српскиот дипломатски претставник во Софија, кон крајот на март 1902 година истакнал дека новата врховистичка провокација во Македонија е резултат на судирот кој настанал меѓу поранешното и актуелното раководство на Македонскиот комитет, како и различните погледи за решавање на Македонското прашање. Според него:

Сарафов и неговите приврзаници, а тие ја држат во раце Внатрешната револуционерна организација, не криеја дека сакаат своето држење да го доведат во согласност со династичките интереси на кнезот Фердинанад, кој секогаш настојуваше тајно да раководи со комитетскиот ред и на тој начин како носител и прсетваник на големата бугарска идеја... да ја зачува и зголеми својата популарност [70]

Меѓутоа истиот тој српски претставник истакнал дека:

Сарафов и неговите приврзаници отворено изјавуваа дека ним не им дошло националистички проповеди, туку до политичко ослободување, за кое народот треба да се подготви и воодушеви, за во дадениот час да биде готов да се жртвува. Малку расположени да му служат на политичките интереси на кнезот Фердинад и на славистичките стремежи на бугарските државници, тие се воодушевуваат од идејата за самостојна Македонија, до која, според нивното мислење, во денешните политички услови може да се дојде пос сизеренство на Султанот. И токму затоа што не сакаат да допшуштат автономијата да послужи како мост за подоцнежната бугарска анексија, предизвикаа кај кнезот Фердинад и тогашниот шеф на владата - Каравелов, кој како запален шовинист, прв почна да ги гони (Сарафистите б.н). Само со тоа гонење може да се објасни што на чело на ВК дојде резервниот генерал Иван Цончев и поетот Михајловски, од кои првиот е повереник на кнезот Фединанад, а другиот прврзаник на Каравелов [4][70]

Овој извор јасно истакнува дека определбите на Сарфов биле програмски поблиску до ТМОРО и не се вклопувале во актуелната бугарска политика и тоа било причината за падот на Сарафовиот комитет [4].

Меѓутоа со текот на времето во самиот Комитет влегле луѓе на бугарскиот двор и влада и сето тоа влијаело врз дејноста на организацијата како и во односите помеѓу комитетот и ТМОРО, односно тоа влијаело врз целокупното македонско национално ослободително движење, а постепено Комитетот еволуирал и се приклонил кон големобугарските идеии.

И покрај уставо - статутарни акти и коресподенција и понатаму околу оваа организација постојат голем број на недоречености и контрадикторности, во смисла која е целата на организацијата и чии интереси таа застапувала. Еден дел од историчарите сметаат дека зад автономниот принцип се криела, цел за присоединување на Македонија кон Бугарската држава, додека пак македонските историчари околу ова прашање се поделени, од една страна има стојалиште дека Врховениот Комитет е спроводник на големобугарската политика, други пак сметаат декаа таа е македонска организација, но признаваат, дека во него имало голем број симпатизери на големобугарското дело.

Извори и белешки

уреди
  1. Драган Зографов, Трајко Китанчев, Сб. Софија, 1934.
  2. К. Пандев, „Националноослободително движење во Македонија и Тракија од 1879-1903“, Софија, 1979.
  3. Елдъров, Светлозар, „Върховният македоно-одрински комитет и Македоно-одринската организация в България (1895 - 1903)“, Иврай, София, 2003, стр. 36.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Институт за историја -Филозофски факултет, Скопје, 2003.
  5. Националноосвободителното движение на македонските и тракискийте българи... т. 2, 68-69.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 6,7 Решения на I - и македонски конгрес, Право, I / 25, София, 9.05.1893.3
  7. К. Пандев, Националноослободително движење во Македонија и Тракија од 1879-1903, Софија, 1979, 95.
  8. Спомени на Борис Сарафов...,40.
  9. Атанас Шопов, Дневник...40.
  10. Историја на бугарската дипломатија..., 208.
  11. Национално - ослободителното движење на македонските и тракиските бугари...,73.
  12. В. Гроргиев и С. Трифонов, Историја на Бугарија...,365
  13. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,104.
  14. К. Пандев, Националноослободително движење...,173-174.
  15. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,118.
  16. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,120.
  17. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција...,117
  18. Пандев К., Националноослободително движење..., 229.
  19. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција...,123
  20. Ѓ. Петров, Спомени, Коресподенција...,124
  21. К. Пандев, Националноослободително движење..., 135.
  22. Д. Димески, Гоце Делчев..., 106-107
  23. Спомени на Борис Сарафов
  24. Д. Димески, Гоце Делчев...,111 - 112
  25. Спомени на Иван Гарванов
  26. Гоце Делчев, Писма и други матерјали, 215 и 248
  27. Ѓорче Петров, Спомени. Коресподенција..., 135
  28. Ѓорче Петров, Спомени. Коресподенција..., 158-159
  29. Д. Димески, Гоце Делцев, Битола, 1990, 109.
  30. 30,0 30,1 30,2 Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  31. К. Пандев, Националноослободително движење...,155
  32. К. Пандев, Националноослободително движење...,255-256
  33. К.Пандев, Националноослободително движење..., 261
  34. К. Пандев, Националноослободителното движење..., 272
  35. Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција..., 272
  36. АМ, ф, БГК - Солун, мф, 4277, No. 12.07.1901. (строго доверливо)... Станува збор за доверлив извештај на А. Шопов испратено до Бугарското министерство за надворешни работи и вероисповед...
  37. На 7 јуни 1901 г. во куќата на Никола Ризов во присуство на Иван Гарванов, бил испробуван револвер и дошло до несреќа во која загинал членот на ЦК на ТМОРО, Јаким Игнатиев. Поради неговата смрт, Гарванов и Ризов биле уапсени но набргу биле ослободени поради сведоштвото на таткото на Јаким кој истакнал дека тие не можаат да бидаат виновни, бидејќи биле пријатели... Спомени на Иван Гарванов..., 133 - 134.
  38. Спомени на Иван Гарванов..., 136.
  39. Ефтим Спротстранов, Дневник..., т.1, 181
  40. K. Пандев, Националноослободителното движење..., 277
  41. Ѓорче Петров, Спомени. Коресподенција..., 147.
  42. К. Пандев, Националноослободителното движење..., 281
  43. Х. Силјанов, цит, дело, т1, 161
  44. Спомени на Сава Михајлов..., 87-88
  45. Спомени на Сава Михајлов..., 89
  46. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 142
  47. Спомени на Христо Куслев..., 120
  48. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 143
  49. Спомени на Иван Атанасов Грчето..., 145.
  50. Ефтим Спротстранов, Дневник..., т.1, 49.
  51. Спомени на Михаил Герџиков..., 31.
  52. Х. Силјанов, цит. дело, т.1, 161
  53. Константин Пандев, Националноосвободително движение..., 283
  54. 54,0 54,1 Димо Хаџи Димов, Одбрани дела, том еден, Избор, предговор и редакција Манол Пандевскски, Скопје, 1984
  55. Константин Пандев, Националноосвободителното движение... 283-284
  56. 56,00 56,01 56,02 56,03 56,04 56,05 56,06 56,07 56,08 56,09 56,10 56,11 56,12 56,13 56,14 Евтим Спротстранов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
  57. Право, II/31 (39), 22. 09. 1902, 3
  58. Право, II/26 (34), 15. 08. 1902, 1
  59. Чалгънова, Елена. Владимир Николов Каназирев (1879 - 1962), во: Военно исторически сборник, 2008, стр. 39. Архивирано на 5 февруари 2009 г.
  60. Георгиев Величко и Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, т.1, 1878 - 1912, част втора, София, 1996
  61. Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов... 98
  62. 62,0 62,1 62,2 62,3 62,4 62,5 62,6 "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание
  63. Х. Силяановъ, Ослободителнить борби на Македония, томъ 2..., 389 - 390
  64. Крум Христов,Гоце Делчев,Софија 1955,109
  65. Право, 21.01.1896.,5.
  66. К. Пандев, Националноослободително движење..., 294
  67. П. Шишковъ, Изь четнишкото движение... Ил. Илинденъ, г.XI 3 (203), 13 - 14
  68. Право,I/34,8.07.1895.
  69. А.М.ф. ПО. мф. 451, пов. бр. 150/99, Софија, 4.03.1899.
  70. 70,0 70,1 АМ, ПО, мф. 454, пп. бр. 1109, 27.03.1902.

Литература

уреди
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  • Во Македонија и Одринско, Спомени на Михаил Герџиков, сопштува Л. Милетиќ, Софија, 1928
  • Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  • Димитар Димески, Создавање на Македонската револуционерна организација и нејзината организациона поставеност (1893 - 1895), Историја, XXII/1, Скопје, 1896
  • Димитар Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает 1893-1903
  • Димитар Димески, Гоце Делчев, Скопје, 1994
  • Панде Константин, Национлнотоослободително движение в Македония и Тракия 1893-1903, София, 1979
  • Битоски Крсте, Македонија и кнежевството Бугарија (1893 - 1903), Скопје. 1977
  • 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5
  • Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  • Билярски, Цочо. Статути на Върховния македоно-одрински комитет, во: „Военноисторически сборник“, 1984, №2.
  • Георгиев, Георги. „Македоно-одринското движение в Кюстендилски окръг (1895-1903)", Македонски научен институт, София, 2008.
  • Елдъров, Светлозар. „Върховният македоно-одрински комитет и Македоно-одринската организация в България (1895 - 1903)“, Иврай, София, 2003
  • Татарчев, Христо. Увод, во: „Македонския въпрос, България, Балканите и Общността на Народите“", съставители Цочо Билярски, Валентин Радев, Унив. Изд. „Св. Климент Охридски", София, 1996.
  • Националноосвободителното движение на македонските и тракискийте българи 1878 - 1944, София, т.1 - 1994, т.2 - 1995, т.3 - 1997

Надворешни врски

уреди



  Статијата Македонски комитет е добра статија. Таа исполнува одредени критериуми за квалитет и е дел од инкубаторот на Википедија.