Едгар Алан По

(Пренасочено од Едгар алан)

Едгар Алан По (англиски: Edgar Allan Poe, 19 јануари 18097 октомври 1849) — американски писател, поет, уредник, критичар, еден од главните претставници на американскиот романтизам и предвесник на симболизмот. Најпознат по своите мистериозни и раскази за макабрата, По е еден од првите американски раскажувачи и се смета за творец на детективската и криминалистичката проза. Исто така, нему му се припишува и заслугата за појавата на научната фантастика.[1]. Тој е првиот познат американски писател кој живеел само од пишување, што се резултирало во финансиски тежок живот и кариера.

Едгар Алан По
Дагеротип на По сликан во 1848 г.
ЗанимањеПоет, раскажувач, книжевен критичар
ЖанрХорор раскази, детективски раскази, криминалистички раскази
Книжевно движењеРомантизам
Сопруг/аВирџинија Елајза Клем По
Потпис

Животопис

уреди

Раѓање и рано образование (18091825)

уреди

По е роден како Едгар По во шкотско-ирско семејство во Бостон, Масачусетс, како второ дете на Елизабет Арнолд Хопкинс По и Дејвид По Џуниор, патувачки глумци, венчани на 14 март 1806 година. Вилијам Хенри Леонард По бил неговиот постар брат, а неговата сестра се викала Розали По.[2] Татко му го напуштил семејството во 1810 година.[3] Неговата мајка умрела во Ричмонд, Вирџинија, на 8 декември 1811 година, од туберкулоза и крајна сиромаштија, а на 26 декември истата година, По бил земен во домот на Џон Алан (по претпоставка, негов кум), успешен трговец со тутун од Ричмонд, и неговата жена Френсис, кои претходно немале деца. Иако неговото средно име, дури и во енциклопедиите, често е напишано „Ален“, неговото вистинско име било „Алан“ и е земено од неговото второ семејство. Розали По била посвоена од семејството на Вилијам Макензи, а брат му Хенри останал во Балтимор, со бабата и дедото. Џон Алан никогаш законски не го посвоил Едгар.[4][5]

Во 1815 година, По заминал со семејството Алан во Британија, каде стекнал класично образование во Шкотска и во Англија, во периодот меѓу 1815 и 1820 година. Најпрвин, тој учел во интернатот на госпоѓа Дибор, каде меѓу останатите предмети, учел географија, правопис и катехизам на англиската црква, а во 1818 година продолжил во училиштето на Пречесниот Џон Брансби, чиј опис е верно пренесен во неговиот расказ „Вилијам Вилсон“, каде и самиот доктор Брансби се спомнува со неговото име. На 20 јули 1820 година, Едгар и неговото семејство тргнале назад во Ричмонд, Америка. Таму, По ги посетувал училиштата на Џозеф Х. Кларк и Вилијам Берк. Во текот на школувањето, По бил забележан како добар боксер и пливач, иако немал силна телесна градба.[5] Исто така, во овој период, најверојатно во ноември 1824 година, По ја напишал „Last night, with many cares and toils oppres'd / Weary, I laid me on a couch to rest —“ — неговата најрана сочувана песна. Таа не била објавена во текот на неговиот живот, ниту пак била искористена во некоја негова подолга песна.[4] Во март 1825 година, По го напуштил училиштето на Берк и се запишал во улилиштето на доктор Реј Томас. Истиот месец, вујкото на Џон Алан, Вилијам Голт, умрел во Ричмонд, а по негова желба, Џон Алан бил именуван за наследник.

Универзитетот, армијата и венчавката со Вирџинија (18261837)

уреди
 
Вирџинија По, сликана по нејзината смрт.

Во 1826 година, во текот на 11 месеци, По студирал на Универзитетот на Вирџинија, покажувајќи особен интерес за францускиот и латинскиот јазик, но поради неговите големи коцкарски долгови, неговиот очув му го прекратил школувањето. Неговото враќање во Ричмонд било обележано со една лична трагедија: неговата љубов од детството – Сара Елмира Ројстер, по барање на нејзините родители, веќе била свршена за богатиот стопанственик Александар Шелтон. Разочаран, По отишол во Бостон, каде што го користел името Хенри Ле Рене. Таму, под псевдонимот „Бостонец“, во 1827 година, По ја објавил свјата прва книга Тамерлан и други песни (Tamerlane, and Other Poems).[5]

Истоврмено, По се занесувал со идејата да отпатува во Грција за да се бори за нејзината слобода, но наместо тоа, принуден од сиромаштијата, на 26 мај 1827 година, По се приклучил кон армијата, под името Едгар Алан Пери, каде стигнал до чинот наредник. Но, по смртта на неговата маќеа, Џон Алан го отпуштил По од армијата и му помогнал да се префрли во Американската воена академија во Вест Поинт. Пред да замине во Вест Пинт, во 1829 година, во Балтимор, По ја издал втората збирка поезија Ал Арааф, Тамерлан и помали поеми (Al Araaf, Tamerlane, and Minor Poems). Поради недисциплина, По бил отпуштен од академијата, бидејќи бил отсутен од сите вежби и часови во текот на една цела недела. Оттука, тој заминал во Њујорк, каде во 1831 година ја објавил збирката Поеми (Poems), посветена на американските кадети и која содржи неколку ремек – дела, од кои дел го покажуваат влијанието на Џон Китс (John Keats), Перси Биш Шели (Percy Bysshe Shelley) и Семјуел Тејлор Колриџ (Samuel Taylor Coleridge).[6]

Една година подоцна, во март, се вратил во Балтимор, каде почнаал да пишува раскази, со цел да заработува за живот. Таму, По живеел со својата тетка Марија Клем (Maria Clemm), нејзината единаесетгодишна ќерка, Вирџинија Елајза Клем (Virginia Eliza Clemm) и нејзиниот брат Хенри. Тогаш, По започнал да ја пишува и својата единствена драма Политичарот (The Politician). Во октомври 1833 година, неговиот расказ „Порака најдена во шише“ (A Manuscript Found in a Bottle) ја освоил наградата од 50 долари на конкурсот спонзориран од балтиморскиот весник Саботен гостин (Saturday Visitor). Награадата го спасил По од гладот и ја поттикнала неговата литературна кариера. Истовремено, овој успех, на По му овозможил познанство со Џон П. Кенеди, а преку него и со Томас Вајт, уредникот на Јужниот литературен гласник (Southern Literary Messenger). Така, во јули 1835 година, По бил назначен за помошник-уредник на „Јужниот литературен гласник“ од Ричмонд, но по неколку недели бил отпуштен, поради проблемите со алкохолот. Малку подоцна, на 22 септември 1835 година, во Балтимор, По тајно се венчал со својата братучетка Вирџинија, која тогаш имала 13 години, а тој имал 27 години.[6]

Откако ветил дека ќе се однесува добро, По бил вратен на неговото работно место. Тој го одржал ветувањето и работел како уредник на Саботниот гостин до јануари 1837 година. Во текот на овој период, тиражот на весникот се зголемил од 700 на 3.500 примероци.[2] Во него, По објавил неколку свои поеми, литературни критики и раскази. На 16 мај 1836 година, Едгар Алан По и Вирџинија Клем и официјално се венчале.

Писателска зрелост и кариера (18381849)

уреди

Во 1837 година, По се преселил во Њујорк, каде останал две години. Додека бил во Њујорк, во 1838 година, Едгар Алан По го објавил својот единствен романАвантурите на Артур Гордон Пим“ (The Narrative of Arthur Gordon Pym), кој (како и речиси сите негови раскази) ја комбинирал фактичката стварност со неговите најлуди фантазии. Подоцна, Авантурите на Артур Гордон Пим, приказна која до денес не е целосно сфатена и разработена, му послужила на Херман Мелвил (Herman Melville) како инспирација за неговиот роман „Моби Дик“. Инаку, неколку децении подоцна, во 1897 година, Жил Верн го објавил двотомниот роман Сфингата од ледените полиња, кој бил замислен како продолжение на Поовиот роман (поради што често е преведуван и како Мистеријата за Артур Гордон Пим) и кој раскажува за доживувањата на екипажот од бродот Халбран (Halbrane) кој се обидува да одгатне што се случило со Пим.

 
Едгар Алан По во 1844 година

Во 1839 година, По се преселил со семејството во Филаделфија, каде летото станал помошник-уредник на Бартоновото списание за џентлмени (Burton’s Gentleman’s Magazine) во Филаделфија. Таму, По се посветил на пишувањето кратки раскази и ги напишал „Лижеја“, „Вилијам Вилсон“ и „Пропаста на куќата на Ашерови“ (The Fall of the House of Usher), во кој натприродниот ужас го достигнува самиот врв на човечкото сфаќање. „Пропаста на куќата на Ашерови“ содржи една кратка студија на паранојата, за која денес се знае дека му припаѓа на некој Поов познаник, а не на самиот По.

Подоцна, во 1839 година, во два тома, биле испечатени неговите Гротески и арабески (Tales of the Grotesque and Arabesque), кои не доживеале финансиски успех, но денес се сметаат за едно од најважните дела во американската литературна историја. Тука, на едно место се собрани „Пропаста на куќата на Ашерови“, „Вилијам Вилсон“, „Беренис“ „Лижеја“ и „Порака најдена во шише“. Во јуни 1840 година, По дал отказ во Бартоновото списание за џентлмени, но во 1841 година повторно се вратил и станал уредник на неговиот наследник Греамово списание за дами и џентлмени (Graham’s Lady’s and Gentleman’s Magazine), во кое истата година ја издал првата модерна детективска приказна „Убиствата во улицата Морг“ (The Murders in the Rue Morgue). Истовремено, во текот на двете години поминати во ова списание, По напишал голем број одлични есеи и литературни критики, во кои ја бранел тезата за вистинскиот метод на критичкиот суд и го напаѓал национализмот.[7]

Вечерта, на 20 јануари 1842 година, Вирџинија доживеала прскање на еден крвен сад додека пеела и свирела на клавир. Крвта почнала да тече низ нејзината уста и тоа бил првиот знак дека е болна од туберкулоза. По тој настан, таа долго време се борела со болеста, а По, загрижен и скршен од болеста на својата млада жена, почнал да пие поинтензивно. Во 1843 година, со расказот „Златната бубачка“ (The Gold Bug), По ја освоил наградата од 100 долари на конкурсот организиран од филаделфскиот весник '„Долар“ (Dollar Newspaper), што му дало голем публицитет. Поради постојаните судири со редакциите на списанијата, во 1844 година, По повторно заминал за Њујорк, каде живеел во крајна сиромаштија, без постојана работа. Таму, тој ја напишал „Измамата со балонот“ (The Baloon Hoax) за весникот „Сонце“ (Sun), по што станал помошник-уредник на „Вечерно огледало“(Evening Mirror), под контрола на Н. П. Вилис, кој оттогаш бил негов доживотен пријател. Токму тука, на 29 јануари 1845 година, во секцијата '„Американски разгледи“ (American Review), се појавила поемата „Гавранот“ (The Raven) (кај нас преведена од страна на Гане Тодоровски под насловот „Гарванот“), која преку ноќ му донела национална слава, но не и пари. Тогаш, По станал уреник на Бродвејскиот журнал (Broadway Journal), неделник со краток век на постоење, во кој тој повторно ги објавил своите раскази во текот на 1845 година. Истата година, во животот на По се појавила веќе заборавената поетеса Френсис Сарџент Лок Осгуд (Frances Sargent Locke Osgood). Вирџинија не се противела на нивната врска, но Поовите јавни допишувања со неговата литературна љубов предизвикале голем скандал. Меѓу неколкуте поеми што По ѝ ги посветил на Френсис особено се истакнува „Љубичица“ (A Valentine), која во себе содржи загатка, чие решение е нејзиното име, добиено кога ќе се земат првата буква од првиот стих, втората од вториот итн. Неговата збирка поезија '„Гавранот и останати поеми“ (The Raven and Other Poems), како и изборот од неговите '„Раскази“ (Tales), исто така, биле отпечатени во 1845 година.[7]

 
Куќата на По во Бронкс

Во 1846 година, По се преселил во една куќичка во Фордхем (Fordham), денес дел од Бронкс, Њујорк, каде пишувал за '„Годиевата книга за дамите“ (Godey’s Lady’s Book), од мај до октомври 1846 година. Списанието се занимавало со озборување и грубо скицирање на личностите на денот, работа која на По му донела судска тужба. Тука По бил восхитен од камбаните на Фордхемовиот универзитет, што подоцна го инспирирало да ја напише песната „Ѕвона“ (The Bells). Во овој период, семејството на По живеело во крајна беда, така што немале пари ниту за огрев.

На 30 јануари 1847 година, умрела неговата жена Вирџинија, а По, обземен од тага и разочарување доживеал нервен слом при што лекарите му дијагностицирале „болни промени на едната страна на мозокот“. Не можејќи да ја поднесе самотијата, По помислувал на самоубиство. Во 1847 година, тој ги напишал песната „Јулалума“ и еејот „Пределот Арнхајм“. Следната година, По заминал во Провиденс (Providence, Rhode Island) за да ја запроси поетесата Сара Хелен Витман со која кратко време бил свршен. Исто така, По имал кратки, но платонски врски и со Ени Ричмонд (Annie Richmond) и со Сара Ана Луис (Sarah Anna Lewis), која финансиски го издржувала. Во 1848 година, ја објавил песната во проза „Еурека“ (Eureka), трансцендентално објаснување на универзумот, кое ја разработува тезата за соништата како единствената реалност. Во 1849 година, По заминал на југ, но пак се вратил во Ричмонд, каде конечно се свршил со Елмира Ројстер, неговата љубена, сега веќе вдовицата Шелтон, и со неа поминал едно среќно лето, со само еден или два испади. Истовремено, тој уживал во друштвото на своите другари од детството, но и во полуромантичното пријателство со младата поетеса Сузан Арчер Тели (Susan Archer Talley). Во текот на 1849 година, По работел интезнивно и ги напишал „Ѕвона“, „Анабел Ли“, „За Ани“ итн. Сепак, алкохолот дефинитивно му го нарушиле здравјето и неговите пријатели собрале парична помош за да му овозможат лекување.[8]

Смрт: причини и теории

уреди
 
Споменик во дворот на Презветаријанската Црква во Балтимор од 1875 година

На крајот на септември 1849 година, По заминал во Ричмонд, каде го одржал предавањето „За поетскиот принцип“ и со добиениот хонорар заминал за Балтимор. Таму, откако на една роденденска забава пиел во име на здравјето на славеничката, неговата жед за алкохол почнала да ја надминува неговата самоконтрола. На 3 октомври, По бил пронајден во полусвесна состојба на една клупа во Балтимор, каде веројатно поминал неколку денови, по што бил однеен во болницата на Вашингтонскиот колеџ,[9] каде умрел на 7 октомври. По не бил доволно свесен во ниту еден момент за да објасни како се нашол во неговата состојба и носел алишта што не му припаѓале нему. Неговите бладања биле обележани со повторувањето на еден збор „Рејнолдс“, личноста која до ден-денес е непозната за истражувачите на животот на По. В. Т. Бенди, еден од истражувачите на животот на По, смета дека По извикувал „Херинг“ (вујкото на Едгар се викал Хенри Херинг), а некои извори тврдат дека последните зборови на По биле „Нека Бог ѝ помогне на мојата бедна душа“.[8][10]

Точната причина за смртта на Едгар Алан По е сѐ уште нејасна. Доктор Снодграс бил уверен дека алкохолот ја предизвикал неговата смрт и се обидувал на секаков начин да ја популаризира неговата теорија. Сепак, како што покажуваат подоцнежните наоди, доктор Снодграс бил строг поборник против консумирањето алкохол и дел од фактите ги извештачил за да ги поддржи своите предрасуди. Доктор Џон Моран, кој бил присутен пред Поовата смртна постела, во својот извештај од 1885 година, запишал: „Едгар Алан По не умре како последица од труење, ниту пак неговиот здив и тело имаа мирис на алкохол“. Сепак, ова е само еден извадок од неколкуте негови извештаи, кои често се контрадикторни, па неговото сведочење не може безрезервно да се прифати. исто така, како причина за смртта на По не смее да биде исклучена ниту колерата. Така, додека бил во Ричмонд, во 1849 година, По им пишувал писма на својата тетка Марија Клем (на 7 јули) и на својот пријател Е. Х. Н. Патерсон (на 19 јули и 7 август) во кои вели дека можеби се заразил со колера во Филаделфија. Покрај ова, колерата е и една од главните теми во неколку од неговите раскази („Маската на црвената смрт“, „Сфингата“, „Бон-Бон“).

Подоцна биле развиени бројни теории за смртта на По, вклучувајќи и некои што сметаат дека По умрел како последица од ретка мозочна болест, од дијабетес, од недостаток на клучни ензими во неговото тело, од сифилис или од беснило. Теоријата за беснилото е предложена од доктор Мајкл Бенитез кој смета дека симптомите пројавени кај По пред смртта се класични во случај на беснило.[11] Покрај ова, мачките се чест мотив во неговите раскази, па можно е По да бил гризнат од побеснета мачка или некое друго животно заразено со оваа болест. Постои и една теорија, која тврди дека По бил дрогиран и искористен како пион во обидот на една група измамници да се наместат локалните избори кои се случувале истиот ден кога По бил пронајден во бесознание. Поради отсуство на документи и доказен материјал (скоро сите документи што зборуваат за смртта на По се издадени барем десетина години по неговата смрт; дури и неговата посмртница, ако воопшто постоела, е изгубена), најверојатно вистинската причина за смртта на По засекогаш ќе остане тајна.

Едгар Алан По е погребан во дворот на Вестминстерската презветаријанска црква,[12] сега дел од Универзитетот во Мериленд[13] во Балтимор.

Зад гробот — мистеријата за човекот со црн плашт

уреди
 
Церемонијата по повод повторниот закоп на Едгар Алан По на 17 ноември 1875, во Вестминстерската гробница

Дури и по својата смрт, По предизвикувал низа контроверзии околу својата смрт. Поради неговата слава, учениците на универзитетот собрале пари за повторно да го закопаат По, овој пат поблиску до предната врата. Преместувањето било извршено на 1 октомври 1875 година, а церемонијата била одржана на 17 ноември.

Денес, гробот претставува вистинска туристичка атракција. Почнувајќи од 1949 година, во раните утрински часови на Поовиот роденден — 19 јануари — еден мистериозен човек наречен Тајниот поклоник (Poe Toaster, toast — здравица), облечен во црн плашт, со шал наметнат над усните и со сребрен бастун во десната рака, клекнувал пред гробот на поетот, одржувал здравица со коњак од марката „Мартел“ и полупразното шише заедно со три ружи ги оставал на гробот. Се смета дека ружите се наменети за По, за неговата жена Вирџинија и за неговата тетка Марија Клем, сите закопани на истото место. Неколкупати, човекот во црн плашт оставал порака на гробот, а една од нив гласела: „Едгар, јас сѐ уште не те заборавив.“[14]

Во 1993 година, текстот на пораката гласел: „Факелот ќе биде пренесен.“[15] Многумина сметале дека со оваа порака, првиот Poe Toaster сакал да каже дека е болен и дека наскоро ќе умре и во 1999 година, претпоставките се оствариле: новата порака велела дека човекот во црн плашт починал. Сепак, традицијата не престанала, така што до ден-денес, на 19 јануари, на гробот на По се појавува истата сенишна фигура и го повторува својот чуден ритуал.

Долги години се мислело дека Џеф Џером, кустосот на блиската Поова куќа-музеј, е човекот со црн плашт. Затоа, во 1983 година, на 19 јануари, Џером поканил 70 луѓе на гробот на По. Во чест на роденденот на поетот, тие пиеле по чаша амонтиљадо, шпанско шери кое е дел од еден од Поовите раскази, и ги читале неговите хорор-приказни. Околу еден часот по полноќ, една сенишна фигура претрчала меѓу нив и, на општо изненадување, веднаш исчезнала зад источниот ѕид на гробницата. По обичај, на гробот имало три ружи и полупразно шише француски коњак.

Во 1990 година, на магазинот LIFE му било дозволено да прати фотограф и да го слика човекот во црн плашт. Сликата излегла во јулското издание на магазинот, но не овозможила идентификација на мистериозниот посетител. Оттогаш, никој не успеал да го фотографира мистериозниот Poe Toaster.[16]

Мемоарите на Грисволд

уреди

На денот на Поовиот погреб, една долга посмртница се појавила во New York Tribune, потпишана со „Лудвиг“. Текстот почнувал со зборовите: „Едгар Алан По е мртов. Умре во Балтимор пред два дена. Оваа изјава можеби ќе зачуди многу, но малкумина ќе бидат тажни поради неа.“[17] Посмртницата била препечатена во многу весници низ целата земја. За кратко време, „Лудвиг“ бил идентификуван како Руфус Грисволд, непознат уредник и антологичар, кој чувствувал омраза кон По од 1842 година, кога По напишал критика на една од Грисволдовите антологии, која Руфус сметал дека е само лажна пофалба на неговото дело. Иако секогаш биле учтиви во јавноста, непријателството меѓу нив постојано се развивало. Оваа посмртница, за многу критичари, претставувал обид на Грисволд да си ги израмни сметките со својот вечен непријател.

Грисволд напишал и биографски „Мемоари“ за По, вклучени во неговите собрани дела, во кои го прикажува По како неморален, пијан, полулуд зависник од дрога. Оваа биографија била сосема различна во однос на било која што се појавила за По и денес се верува дека дел од податоците за Поовиот живот се фалсификувани, со цел Грисволд да ги оправда своите мислења. Грисволдовата книга била веднаш отфрлена од оние кои добро го познавале По: сепак, во пошироки размери, таа била брзо прифатена, зашто била и најопширен запис за животот на По, а и успевала да го задржи раскажувачкиот глас кој По го користи во своите раскази. До 1875 година, кога Џон Инграм ја објавил својата биографија за По, не се појавува ниту една друга книга посветена на животот и делото на По. Сепак, до тој момент, претставата на Грисволд за Едгар Алан По веќе била раширена, не само во Америка, туку и во најголем дел од светот. Дури и модерната претстава за ликот на По, во мала или поголема мера, се заснова на оваа првична биографија.

Есеите на По

уреди

Во својот есеј „Поетскиот принцип“, По расправа дека не постои долга поема, зашто, според него, врвната цел на уметноста е естетиката, односно, причината поради која таа постои е да побуди чувства кај читателот, нешто што може да трае само краток временски период (онолку колку што е потребно да се прочита лирска песна, да се изгледа драма или да се погледне слика). Тука, По го изложува и своето мислење дека еден еп, ако воопшто сака да има некаква вредност, мора да е претставен како збир од неколку кратки делови, сите насочени да побудат едно исто чувство кое ќе ја воздигне душата.

По особено внимание посветувал токму на естетскиот аспект на уметноста. За По, самата уметност е духовно искуство. Во голем број од неговите раскази, ликовите (особено Родерик Ашер од „Пропаста на куќата на Ашерови“) го постигнуваат овој естетски идеал преку посветеност, поради што често се опсесивни и изолирани од светот. „Овалниот портрет“, исто така, ја разработува посветеноста, но овојпат предметот на посветеност е токму уметничкото дело.

По бил голем поддржувач на теоријата за уметноста заради уметност, многу години пред Теофил Готје да го искова познатиот француски слоган l'art pour l'art. Токму поради ова, тој бил голем противник на дидактичноста, сметајќи дека моралот и етиката не треба да постојат во рамките на поезијата и уметноста, кои исклучиво треба да се фокусираат на создавање на убаво дело. По го критикувал Џејмс Расел Лауел (James Russell Lowell) во еден од своите разгледи, обвинувајќи го за преголема дидактичност и поучност и тврдејќи дека песната треба да се пишува '„само поради песната“. Во можеби својот најпознат есеј „Филозофија на композицијата“, По наложува дека најпрвин треба да се напише крајот на едно дело, а дури потоа неговиот остаток. Веројатна инспирација за ваквото мислење на По, било писмото што Чарлс Дикенс му го испратил на 6 март 1842 година, во кое тој вели:

Околу темата за „конструкцијата“ на „Калеб Вилијамс“, дали знаеш дека Годвин го напишал наназад, — прво последниот том, — а потоа, откако го прикажал ловот на Калеб и катастрофата, чекал со месеци, барајќи начин да разјасни што направил? [1]

По се осврнува на ова писмо во својот есеј. Литературното влијание на Дикенс врз По може да се забележи и во расказот „Човекот од толпата“. Описот на распадот на градот многу му должи на Дикенс, а на некои места, намерно, од текстот на По, одекнува јазикот на Дикенс.

Исто така, По бил бранител на „магазинската литература“, односно тврдел дека расказите, односно „приказните“ како што тогаш биле нарекувани, кои обично биле сметани за „вулгарна“ и „ниска“ уметничка форма како и списанијата во кои биле издавани, може да стојат рамо до рамо со романите и еповите. Неговата упорност во одбраната на уметничката вредност на расказот е еден од главните фактори кој го овозможил идниот развиток на овој заборавен жанр.

По често вклучувал елементи од псевдонауката во своите раскази, а особено е забележително присуството на френологијата [18] и физиогномијата.[19]

По обично обработува само по едно човечко чувство во своите раскази: во „Предавничко срце“ се фокусира на вината, а во „Пропаста на куќата на Ашерови“ се фокусира на стравот. На овој начин, и во расказите, По го бара естетскиот идеал во обидот да ја воздигне душата, побудувајќи само едно човеково чувство.

Личност и дело

уреди

Двојството во личноста на По

уреди

Најконтроверзниот податок во Поовата биографија е неговата чудна двојност. Огромната разлика во тврдењата на неговите современици укажува на постоењето на две личности во неговото тело. Така, кон оние што ги сакал, По бил нежен и посветен, а оние пак, кои биле предмет на неговата остра критика, во По гледале раздразлив и арогантен ексцентрик, а многумина го обвинувале за неморалност и недостаток на етички принципи.

Најголем дел од делата на По се поврзани со чувствата на длабок ужас и тага, но во нормални услови, поетот бил сосема пријатна личност: зборувал брилијантно, главно за литературата, и читал сопствена и туѓа поезија со глас признат по својата ненадминлива убавина; им се восхитувал на Вилијам Шекспир (William Shakespeare) и на Александер Поуп (Alexander Pope); и имал прекрасна смисла за хумор, па често им се извинувал на посетителите на неговиот дом што немал галениче гавран. Од една страна, По бил идеалист и визионер, а неговата жед за совршенство била и душевна и фантазерска. Неговата чувствителност кон убавината (овој збор, По секогаш го пишувал со голема буква[20]) и слаткоста на жената е инспирација за неговите најтрогателни и најлирски песни („На Елена“ (To Helen), „Анабел Ли“ (Annabel Lee), „Јулалај“ (Eulalie), „На Една во Рајот“ (To One in Paradise)), како и на безмалку тонските прозни химни на убавината и љубовта во неговите кратки раскази „Лижеја“ (Ligeia) и „Елеонора“ (Eleonora). Во „Израфел“ (Israfel), неговата фантазија го изнесува надвор од материјалниот свет и го носи во некоја земја од соништата. Ваквото расположение кај По, особено ги карактеризирало последните години од неговиот живот.

Уште поопшто, во стиховите, како што се оние во „Долината на Немирот“ (The Valley of Unrest), „Ленор“ (Lenore), „Гавранот“ (The Raven), „За Ени“ (For Annie) и „Јулалум“ (Ulalume) и во расказите во кои По ги заобиколува познатите искуства што светот може да ги понуди, тој тоа го прави на еден свој специфичен начин, преку морничави мисли, импулси и стравови. На ваков начин е изградена фабулата на неговите приказни за смртта („Пропаста на куќата на Ашерови“, „Маската на црвената смрт“ (The Masque of the Red Death), „Фактите во случајот за М. Волдемор“ (The Facts in the Case of M. Valdemar), „Предвремениот закоп“ (The Premature Burial), „Овалниот портрет“ (The Oval Portrait), „Сенка“ (Shadow)), во расказите за извештаченоста и злосторствата („Беренис“ (Berenice), „Црниот мачор“ (The Black Cat), „Вилијам Вилсон“, „Палаштвото на изопачените“ (Imp of the Perverse), „Бочвата Амонтиљадо“ (The Cask of Amontillado), „Предавничко срце“ (The Tell-Tale Heart)), неговите раскази за преживување после конечното распаѓање („Лижеја“, „Морела“ (Morella), „Меценгерштајн“ (Metzengerstein)), и неговите раскази за празнотијата, бесмилата и фаталноста на човековиот живот и сфаќања („Состанокот“ (The Assignation), „Човекот од толпата“ (The Man of the Crowd)). Дури и кога По не се одлучува своите ликови да ги вмеша во судир со мистериозни сили или да ги фрли во беспомошната сенка на неминливите патишта кои водат кон Бездната на Непознатото, тој сѐ уште го користи мотивот на неизбежно страдање и маченичко предавање во прегратката на очајот, како средство за да предизвика болно треперење на нервите („Бунарот и нишалото“ (The Pit and the Pendulum)) и неговото гротескно откритие речиси секогаш ги внесува марионетите на труповите и бавното распаѓање на волшебната театарска сцена која на својот редовен репертар ја има претставата Трагедија чиј морничав крај спие под завесата на Освојувачот Црв (The Conqueror Worm) и самата Смрт.

Од друга страна, По е познат по длабоките и јасни опсервации на мигновени детаљи, како во кратките, но содржајни описи во својот единствен роман, но исто така и во воведите на своите раскази кои речиси незабележливо ја поставуваат сценографијата за остатокот од драмата. Блиско поврзана со ова е неговата моќ за рационализација и разумно разработување. Тој се гордеел на сопствената логика и внимателно ја пласирал во своите раскази за со секој нареден да докаже дека поседува многу повеќе од она што претходно било изложено; на тој начин, мисленото разглобување, разоткривањето на злосторствата и читањето на тајните записи се особини што стануваат основни одлики на неговите Легран и Дипен. Така, По го создал аналитичкиот расказ, кој го навестил детективскиот рсказ и кој бил предвесник на научно – фантастичните раскази.

Истата двојност се забележува и во неговата уметност. Тој бил способен да напише ангелска или чудна поезија со безмалку совршен осет за ритам и привлечност на зборот, или лирска проза што воздивнува со раскошна убавина и сугестивност, со очигледно одбегнување на присилената инспирација; сепак, понекогаш запишувал морбиден психолошки проблем или скицирал сиже со безмилосна суровост во тежок и сув стил. Во Поовите ремек – дела, двојноста на неговиот карактер, на неговиот ум и на неговата уметност се споени во една хармонична мелодија, која тонски, структурално и движечки е делотворна колку и Бетовеновата симфонија: таа е беспрекорен склоп на, на прв поглед, недопирливи и несфатливо различни фрагменти.

Романтизмот во делата на По

уреди

Раѓајќи се и формирајќи се во времето на доминацијата на романтизмот, во творештвото на По неизбежно се чувствува влијанието на романтизмот, како и неговата опседнатост со окултното и сатанското. Така, борбата меѓу човечкиот разум и недостижното постојано варира во неговите творби при што некогаш претежнува разумот, а другпат победуваат мрачните сили или смртта. Романтичарскиот белег во делото на По најмногу се гледа во неговото раширување на границата на возможното и воздигнувањето над реалноста. На пример, во неговите песни, безграничната љубов на поетот кон мртвата девојка ја тера умрената да се врати во светот на живите.[21]

Во повеќето песни на По како мотив се јавува смртта во сите нејзини облици, а најчесто лирскиот херој е љубовник кој ја оплакува мртвата сакана. Така, уште во песната „На Елена“ од 1831 година, По ја гради идеалната визија за загубената љубов, која понатаму се повторува во неговите песни. Притоа, во повеќето негови песни, женските имиња се или варијанта на едно исто име (Хелен, Елена, Елеонора, Ленора, Линор итн.) или пак произлегуваат од името на неговата мајка Елизабета, зашто ги содржат согласката „л“ и самогласката „е“ (Морела, Лујели, Јулејлума, Мадлен, Анабел Ли, Лижеја, Лејлиџ итн.). На тој начин, женските имиња во поезијата на По се идентификуваат со неговата мајка или со Елена од Троја, но во секој случај станува збор за идеална убавина.[22]

Во првата збирка на По „Тамерлан и други песни“, По го користи митот, според каноните на романтичарската поезија, а во неговите стихови пулсира одгласот на Бајрон. Во своите стихови, По се нарекува „неизлечлив поет“, но тука се работи само за вербална патетика. Дури во втората збирка „Ал Арааф, Тамерлан и помали песни“, По го оставил Бајрон како свој модел, а во третата збирка „Песни“ од 1831 година, Бајрон и Водсворд биле целосно напуштени, но во неа се чувствува силното влијание на Семјуел Колриџ, Ерснт Хофман и германската идеалистичка филозофија.[23]

Поетскиот метод на По

уреди

Кога се зборува за поезијата на По треба да се забележи дека, за разлика до неговите современици, По бил школуван во Европа. оттука, тој бил отворен кон достигнувањата на егзактните науки, а во неговото творештво сè е подредено на логиката. По како поет бил строг версификатор, така што, како што забележува Тин Уевиќ, овој поет не смееме да го објаснуваме само со виното, ниту да го третираме како жртва на алкохоличарската неумереност. Напротив, во неговиот космос владее строга логика.[24]

По не е спонтан автор, иако спаѓа во таканаречените еруптивни творци. Најдобар доказ за тоа е неговиот есеј „Филозофија на композицијата“ во кој го објаснува настанокот на песната „Гавранот“, како и другите есеи во кои ги објаснува принципите на уметноста. Кај него постои интелектуално осознавање на поетскиот чин, кој е бавно созревање, мачно бришење и дополнување на мислата.[25]

Освен две песни од најраната возраст („Тамерлан“ и „Ал Арааф“), сите песни на По се лирски кратки и сублимирани. Вушност, во „Филозофијата на композицијата“, По вели дека „она што го нарекуваме долга песна е само низа од куси песни, односно низа од куси поетски впечатоци“. Оттука, По се залагал за кратка песна, зашто песната треба да ја возбуди душата, а според психичката нужност, сите силни возбуди се кратки. На тој начин, По дошол до заклучокот дека “ должината на песната треба да биде во математички ооднос со нејзината врендост“.[26] Понатаму, според По, „песната стои во спротивност на делата со научна вредност, зашто таа го има како свој непосреден објект задоволството а не вистината“, со што По се јавува како еден од предвесниците на современиот артизам.[27]

Во „Филозофијата на композицијата“, По посветува големо внимание на версификацијата. Во таа смисла, тој истакнува дека „можните разновидности на ритамот и на строфата се навистина бескрајни; па сепак, со столетија, никој во поглед на стихот не остварувал, ниту е обидувал да оствари нешто ново“. Оттука, тој смета дека за да се дојде до новото треба да се бара напорно, а за да се дојде до новото треба повеќе одречување од фантазија. Така, во своите песни, По постојано ја употребува алитерацијата, трохејот го плете со нови комбинации на внатрешни рими и со нов размер ги употребува дактилот, анапестот и амфибрахот и гради нова строфика и чудна еуфонија во поезијата. Во неговата поезија, сè е музика, а метриката му е совршена, т.е. според зборовите на Бодлер, таа е „правилна како украс од кристал“.[28]

По како литературен критичар

уреди

Како критичар, По ја акцентирал точноста и прецизноста на јазикот, ритамот и структурата. Тој ги формулирал правилата за пишување краток расказ и се залагал за обединување на античките единства: расказот треба да обработува потполно дејство кое ќе се случува во текот на еден ден и на едно место. Покрај овие единства, тој ги воведол и единствата за расположение и ефект. Сепак, По не бил екстремен во бранењето на своите погледи, туку им се восхитувал на подолгите дела, а понекогаш ги величал и алегориите и дидактичките текстови, доколку нивната поента не е грубо и сурово предадена. По се восхитувал најмногу на оригиналноста, дури и во делата што многу се разликуваат од неговите, поради што, често бил неочекувано дарежлив критичар за делата на многу мали писатели.

Влијанието на По

уреди

Генијот на По бил многу рано препознат во Европа. Тој станал славен најпрвин во Франција и во Русија, а дури подоцна во неговата татковина. Всушност, на почетокот, додека во Европа растела славата на По, американската критика го премолчувала неговото творештво.[21] Никој не го промовирал повеќе По во светски рамики, па и во САД, од двајцата француски поети – Шарл Бодлер и Стефан Маларме. На пример, Маларме ја напишал песната „Гробот на Едгар По“ (Le tombeau d'Edgar Poe).[29] Улогата на По во обликувањето на француската литература е огромно и на поетско и на критичарско ниво. Симболизмот го смета По за свој создавач и го ословува со блескавата титула Големиот учител. Тој се потпира на неговата „Филозофија на композицијата“, се раѓа од неговата чудовишна Фантазија и ги користи неговите поеми за да ја обликува модерната теорија за чистата поезија.

Денес, веќе не постојат никакви дилеми во однос на големината на делото на По. Така, еден од попознатите толкувачи на творештвото на По, Маркус Канлиф вели дека „човек може и да не го сака, но не може да премине рамнодушно преку него... Само неколку песни и неколку раскази и По има право да биде наречен голем автор“, а Ван Вик Брукс и Ото Брекман го нарекуваат „литературен гениј без споредба на американската сцена“. И Бернард Шо се изразил многу пофално за По, тврдејќи дека „Америка родила двајца големи писатели — Едгар По и Марк Твен“.[21]

Францускиот писател Жорис-Карл Уисманс се изразува пофално за „парадоксалните мистификации“ на По, нарекувајќи го „мајсторот на Индукцијата“. Според Уисманс, во книжевноста По прв ги открил незадржливите пориви на кои им се потчинува волјата, а исто така, ако не го опишал, тогаш прв го обзнанил депресивното влијание на стравот врз волјата. Токму на таа точка, на летаргијата на волјата, По го насочил своето истражување, анализирајќи ги ефектите на тој отров, укажувајќи на симптомите на неговото ширење, на растројствата што почнуваат со немир, продолжуваат со ужасен страв, избувнуваат конечно во ужас, кои ја обезумуваат волјата. Покрај тоа, По на некој начин ја изострил смртта, ја направил поинаква, воведувајќи во неа алгебарски, натчовечки елемент.[30]

Во 2012 година, режисерот Џејмс Мектајгју (James McTeigue) го снимил филмот „Гавранот — Смрт од расказот“ во кој фиктивно се прикажани последниет денови од животот на По.[31]

Извори

уреди

Наводи

уреди
  1. Stableford, Brian. „Science fiction before the genre“. The Cambridge Companion to Science Fiction, уредено од Edward James и Farah Mendlesohn. Cambridge: Cambridge University of Press, 2003. pp 18-19.
  2. 2,0 2,1 Allen, Hervey. Introduction to The Works of Edgar Allan Poe (Вовед во Делата на Едгар Алан По), P. F. Collier & Son, New York, 1927.
  3. „Хронологија на животот на По“. Архивирано од изворникот на 2007-05-18. Посетено на 2007-01-19.
  4. 4,0 4,1 Едгар Алан По, Маската на Црвената Смрт, Темплум, Скопје, 2003.
  5. 5,0 5,1 5,2 „Хронологија“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 65.
  6. 6,0 6,1 „Хронологија“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 66.
  7. 7,0 7,1 „Хронологија“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 67.
  8. 8,0 8,1 „Хронологија“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 68.
  9. Washington College Hospital на Fayette Street во Балтимор, позната и како "Washington University of Baltimore", затворена е во 1851 година. Болницата е повторно отворена како Church Home во 1854, и е преименувана неколкупати и тоа во Church Home and Infirmary, Church Home and Hospital, Church Home Hospital, за конечно да остане со името Church Hospital. Во 1999 година, Church Hospital е затворена, а блиската Johns Hopkins Hospital го купува имотот. Главната зграда на Church Hospital, која ја вклучува и првобитната зграда на болницата во која умира По, е потоа преименувана во Church Home Building. Ако прашате граѓанин на Балтимор каде умрел По, скоро секој пат ќе ви одговорат дека умрел во "Church Home Hospital".
  10. Lord help my poor soul во оригинал.
  11. Benitez, R. Michael, „Мистеријата за Едгар Алан По“, University of Maryland Medical News (24 септември 1996) Архивирано на 1 декември 2006 г..
  12. Напис на Baltimore Sun Архивирано на 30 септември 2007 г. за Westminster Hall.
  13. Универзитет во Мериленд - Факултет за Право homepage.
  14. Edgar, I haven't forgotten you во оригинал.
  15. The torch will be passed во оригинал.
  16. Зад гробот - извадок од книгата на Трој Тејлор Архивирано на 13 февруари 2007 г. Опширен текст, а ја содржи и сликата на човекот во црн плашт објавена во LIFE магазинот.
  17. Содржината на целата посмртница (на англиски) може да ја најдете на Wikisource под името Death Of Edgar Allan Poe. Само кликнете на врската и директно ќе бидете пренесени на страницата. Ако сакате да ја видите страницата на Wikisource посветена на Едгар Алан По (голем број поеми, раскази, есеи), кликнете овде.
  18. Edward Hungerford. "Poe and Phrenology," American Literature 1 ("По и Френологијата", Американска Литература 1) (1930): 209-31.
  19. Erik Grayson "Weird Science, Weirder Unity: Phrenology and Physiognomy in Edgar Allan Poe" Mode 1 ("Чудна наука, почудно единство: Френологијата и Физиогномијата кај Едгар Алан По" Том 1) (2005): 56-77. Исто така извадок од текстот има и на интернет.
  20. Едгар Алан По, Одбрани песни, избор и препев на Гане Тодоровски, Култура, Скопје, 1986.
  21. 21,0 21,1 21,2 Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 54.
  22. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 58.
  23. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 60-61.
  24. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 55.
  25. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 56.
  26. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 57.
  27. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 61.
  28. Гане Тодоровски, „Поезијата на Едгар Алан По“, во: Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969, стр. 63.
  29. Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. 74-75.
  30. Карл Уисманс, Наспроти. Скопје: Темплум, 2011, стр. 265-271.
  31. Gavran - Smrt iz priče, američko-španjolsko-njemački film (2012.) (пристапено на 9.6.2023)

Општи извори

уреди
  • George E. Woodberry, The Life of Edgar Allan Poe, Boston (1885), revised (1909).
  • James A. Harrison (ed.), The Complete Works of Edgar Allan Poe, Virginia edition, 17 volumes, New York (1902).
  • Killis Campbell (ed.), The Poems of Edgar Allan Poe, Boston (1917).
  • Hervey Allen, Israfel: The Life and Times of Edgar Allan Poe, two volumes, New York (1926).
  • Едгар Алан По, Поеми (На български от Г. Михайлов), София (1926).
  • Collected Works of Edgar Allan Poe, Walter J. Black Inc, New York (1927).
  • Killis Campbell, The Mind of Edgar Allan Poe and Other Studies, Cambridge (1932).
  • Arthur Hobson Quinn, Edgar Allan Poe: A Critical Biography, New York, Appleton-Century-Crofts, Inc. (1941), ISBN 0-8018-5730-9.
  • John Ward Ostrom (ed.), The Letters of Edgar Allan Poe, two volumes, Cambridge (1948).
  • T.S. Eliot, From Poe to Valéry, New York (1948).
  • Marie Bonaparte (translated by John Rodker), The Life and Works of Edgar Allan Poe, London (1949).
  • Edgar Allan Poe, Selected Prose and Poetry, Rinehart Editions, Toronto (1950).
  • Edgar Allan Poe, Crni mačak, Zora, Zagreb (1952).
  • Edgar Alan Po, Odabrana dela, Nolit, Beograd (1954).
  • Patrick F. Quinn, The French Face of Edgar Poe, Carbondale (1957).
  • Edward H. Davidson, Poe. A Critical Study, Cambridge (1957).
  • Эдгар По, Избранное, Государственное издательство художественной литературы, Москва (1958).
  • Richard Wilbur, Poe,Dell Publishing Company, Inc., New York (1959).
  • Thomas Ollive Mabbott (ed.), Collected Works of Edgar Allan Poe, three volumes (I and II Tales and Sketches, III Poems), The Belknap Press Of Harvard University Press, Cambridge, Massachusetts, London, England (1978).
  • Raymond Foye (ed.), The Unknown Poe, City Lights, San Francisco, CA. (1980).
  • Kenneth Silverman, Edgar A. Poe: Mournful and Never-ending Remembrance, Harper Perennial, New York, NY (1991).
  • Frederick S. Frank and Anthony Magistrale, The Poe Encyclopedia, Greenwood Press, Westport, Connecticut and London, England (1997), ISBN 0-313-27768-0.
  • Edgar Allan Poe, et al., The Classics of Style, The American Academic Press (2006), ISBN 0-9787282-0-3.

Дела на По на македонски јазик

уреди
  • Едгар Алан По, Поезија, Македонска книга, Скопје, 1969.
  • Едгар Алан По, Одбрани песни, (избор и препев на Гане Тодоровски), Култура, Скопје, 1986.
  • Едгар Алан По, Маската на Црвената Смрт, Темплум, Скопје, 2003.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:

За Едгар Алан По

уреди

Дела

уреди


  Статијата „Едгар Алан По“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).