Амфибрах — вид ритмичка стапка што се состои од три слога кои се следат еден по друг на следниов начин: ненагласен, нагласен и ненагласен. Во песните со трисложна метрика (дактил, анапест и амфибрах), меттричкиот образец е речиси доследно остварен, додека јамбот и трохејот дозволуваат својствени отстапувања од метричкиот образец. Ненагласените слогови се означени со U, а нагласените со -. Шемата на амфибрахот е: U – U. Границите на зборовите ретко се совпаѓаат со границите на ритмичката стапка. Амфибрахот потекнува од Стара Грција, каде долгите и кратките гласови наизменично се менувале. Во слогонагласениот стих, наизменично се менуваат нагласените и ненагласените слогови. Амфибраските стихови можат да бидат долги од 2 до 16 слогa, но најчести се 5, 6, 8, 9, 11 и 12 слогови.

Примери

уреди

Во македонскиот јазик за да се постигне амфибрах стихот започнува со неполнозначен збор кој не се нагласува (акцентира), а продолжува со трисложен или двосложен збор кој е нагласен на првиот слог.[1]

О теш/ко/то! Зур/ли штом ди/во ќе пис/нат, (ненагласен – нагласен – ненагласен)
штом та/пан ќе грм/не со под/зе/мен е/кот
во гра/ди/ве зош/то жал лу/та ме стис/ка,
во о/чи/ве зош/то ми на/ви/ра ре/ка…

(„Тешкото“ – Б. Конески)

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Ритмички стапки и ритмички комбинации“. Македонски јазик. Посетено на 21 август 2024.