„Моби Дик“роман на американскиот писател Херман Мелвил. Авторот му го посветил делото на американскиот писател Натаниел Хоторн, „во знак на восхит кон неговиот гениј“.[1]

Моби Дик
Moby-Dick; or, The Whale
Корицата на првото американско издание на Моби Дик, издадено во ноември 1851
АвторХерман Мелвил
ЗемјаСоединети Држави
ЈазикАнглиски
Жанр
Издавач
  • Ричард Бентли (Обединето Кралство)
  • Харпер & браќата (САД)
Издадена
18 октомври 1851 (Обединето Кралство)
14 ноември 1851 (САД)
Страници635 (американско издание)
813.3
Клас. КБPZ3.M498 Mo3

Содржина

уреди

Романот се состои од 135 глави и епилог.

  • Глава 1-21: Еден морнар, кој се претставува како Исмаил, се подготвува да замине на лов на китови. За таа цел, тој најпрвин оди во градот Њу Бедфорд, каде преспива во бедна кафеана, заедно со домородецот Квиквег. Утредента, Исмаил го разгледува градот, а потоа во малата црква го слуша проповедот на поранешниот морнар, отец Јавор, кој ја раскажува библиската приказна за Јона. Истиот ден, Исмаил се спријателува со Квиквег, кој му раскажува за своето потекло: тој живеел на некој далечен остров, каде татко му бил поглавар, но еден ден тајно се качил на брод и така пристигнал во христијанскиот свет. Утредента, Исмаил и Квиквег се качуваат на мал брод и се упатуваат кон островот Нантјукит. За време на пловидбата, Квиквег се остакнува така што го поправа скршениот јарбол, а потоа извлекува еден млад човек кој тоне во морето. Во Нантјукит, по наговор на Квиквег, Исмаил избира брод со кој ќе испловат — стариот брод „Пиквод“ со кој командува капетанот Ахав, кој на последното патување ја загубил едната нога. Утредента, и Квиквег е примен на работа на бродот како харпунер. По потпишувањето на документите, еден непознат човек ги предупредува Исмаил и Квиквег за претстојаната работа на бродот под команда на капетанот Ахав. Истовремено, бродот се снабдува со залихите потребни за долготрајното патување.[2]
  • Глава 22-53: Најпосле, на Божиќ, „Пиквод“ испловува во Атлантскиот Океан, а по некое време, на палубата најпосле се појавува капетанот Ахав, човек со мрачно расположение чии основни надворешни белези се лузната на лицето и вештачката нога направена од китова коска. Ахав е затворен во себе, измачуван од некоја мисла, и не разговара со никого, но целиот екипаж му се потчинува без поговор. Еднаш, Ахав го собира целиот екипаж на палубата и ја прогласува потерата по Моби Дик, големиот бел кит кому сака да му се одмазди бидејќи тој му ја откинал ногата. Екипажот со воодушевување го прифаќа повикот, со исклучок на првиот офицер Старбак, но и тој му се покорува на капетанот. Во тоа време, по бродовите што половат ширум морињата се шири легендата за Моби Дик, огромниот бел кит со голема грба кој им нанесува страшни несреќи на морнарите. Истовремено, белината на тој кит предизвикува силно непријатно чувство кај Исмаил. Еден ден, по долготрајна пловидба, екипажот на „Пиквод“ забележува јато китови. Тогаш, од палубата ненадејно излегува група непознати морнари за кои претходно знаел само Ахав. Неколку чамци веднаш се пушта во потера по китовите, но токму кога се доближуваат до јатото започнува силна бура и ловот пропаѓа. Повеќето чамци успеваат навреме да се вратат на бродот, а чамецот во кој се наоѓаат Исмаил и Квиквег се превртува. Сепак, бродот го забележува потонатиот чамец и ги спасува морнарите.[3]
  • Глава 54-110: Во близината на ’Ртот на Добрата Надеж, „Пиквод“ се разминува со бродот „Таун-Хо“, а еден негов морнар раскажува за случката во која Моби Дик го растргнал заменикот на капетанот. Во една прилика, пловејќи во близината на Јава, екипажот на „Пиквод“ здогледува џиновска лигна за која помислува дека е кит. По некое време, подофицирот Стаб и неговиот екипаж го убиваат првиот кит кого потоа го дерат за да го издвојат салото, неговата глава ја отсекуваат и ја бесат на едната страна од бродот, а остатокот од телото го фрлаат во океанот. Во друга прилика, „Пиквод“ се разминува со бродот „Јеровоам“ и дознаваат за случката во која Моби Дик го убил офицерот на бродот. По определено време, екипажот на „Пиквод“ лови уште еден кит и неговата глава ја обесува на другата страна од бродот. Додека од главата на китовите се ваѓа најфиното масло, се случува несреќа и еден морнар потонува во океанот, заедно со китовата глава, но Квиквег уште еднаш ја покажува двојата храброст и успева да го спаси. По некое време, „Пиквод“ се среќава со германски брод и токму во тој миг крај нив минува јато китови и двата брода ги пуштаат своите чамци во лов на еден стар, повреден кит. Вештите морнари на „Пиквод“ успеваат да го уловат китот, но тоа е попусто, зашто нивниот плен тоне во океанот. Подоцна, пловејќи во близината на Јава, бродот гони големо јато китови, истовремено бегајќи од гусарите. Додека трае ловот, еден чамец останува опколен од голема група китови, но благодарение на големата вештина и прибраност, морнарите успеваат да се спасат неповредени. Во друга прилика, „Пиквод“ се среќава со француски брод, натоварен со два мртви кита при што Стаб го искористува неискуството на капетанот на бродот и го убедува да се ослободи од мртвите китови и така од едниот успева да го извлече скапоцениот сив килибар. Следната средба е со англиски брод чиј капетан останал без едната рака во борбата со Моби Дик. За време на посетата на бродот, на капетанот Ахав му се оштетува вештачката нога и тој му наредува на дрводелецот да му направи нова. Квиквег, пак, се разболува и, претчувствувајќи ја смртта, нарачува да му направат ковчег, но тогаш неочекувано оздравува, изјавувајќи дека сè уште не е подготвен да умре.[4]
  • Глава 111-135: По долго патување, бродот „Пиквод“ конечно запловува во водите на Тихиот Океан. Уверен дека сигурно ќе налета на Моби Дик, каптеанот Ахав сам си прави посебно цврст харпун, а при неговата изработка употребува и малку крв од морнарите. Неколку недели подоцна, „Пиквод“ се разминува со еден брод од Нантјукит, кој по успешниот лов се враќа дома. Набргу, во Јапонското море, „Пиквод“ го зафаќа силен тајфун кој предизвикува неколку оштетувања. Тогаш, офицерот Старбак го убедува Ахав да се откажат од натамошната пловидба, а него го поддржуваат и морнарите, но Ахав ги спречува. Невремето го уништува бродскиот компас, па Ахав изработува нов. Невремето поминува и додека бродот плови кон екваторот, еден морнар во несреќен случај потонува во океанот. Подоцна, „Пиквод“ се среќава со бродот „Ракила“ кој во обидот да го улови Моби Дик загубил еден чамец во кој се наоѓал малиот син на капетанот. Капетанот на „Ракила“ го моли Ахав да му помогне во потрагата по изгубениот чамец, но Ахав ладнокрвно одбива и „Пиквод“ отпловува понатаму. Сознанието дека Моби Дик е некаде во близината го прави Ахав нестрплив и тој се искачува горе на јарболот за да го набљудува океанот при што еден јастреб му ја краде шапката. Набргу, „Пиквод“ се разминува со уште еден брод, кој известува за петмина убиени морнари во борбата со Моби Дик. Најпосле, Ахав го здогледува Моби Дик и три чамци поаѓаат во лов по него, меѓутоа китот го уништува чемцот на Ахав, но во последне миг пристига бродот „Пиквод“, спасувајќи ги морнарите. Следнито ден продолжува потрагата по Моби Дик кој е погоден од неколку харпуни, но повторно ги уништува чамците при што на Ахав му ја крши вештачката нога, а морнарот Парс го губи животот. Третиот ден, Ахав се поздравува со Старбак и го продолжува ловот на Моби Дик при што цело време неговиот чамец го следат ајкули, како предвесници на несреќата. Повторно, китот ги оштетува чамците, а морнарите го здогледуваат полураспаднатото тело на Парс кое со себе го влечка Моби Дик. Неочекувано, китот го напаѓа бродот и го оштетува така што бродот потонува со сите морнари, а Ахав е сведок на сето тоа. Потоа, Моби Дик повторно се враќа кај чамецот на Ахав, кој исто така потонува во океанот.[5]
  • Епилог: Во нападот на Моби Дик, заедно со останатите морнари, и Исмаил е исфрлен во водата, но тој е зафатен само од работ на вртлогот што го предизвикува тонењето на „Пиквод“. Тогаш, водата го исфрла мртовечкиот ковчег своевремено направен за Квиквег и Имслаил влегува во него, спасувајќи се. Тој плови по океанот во текот на едно деноноќие, а утредента го спасува бродот „Ракила“ кој цело време пловел во околината, барајќи ги двајцата исчезнати сина на капетанот.[6]

Осврт кон романот

уреди

„Моби Дик“ претставува епопеја за човечкиот освојувачки и борбен дух, за страдањата и искушенијата и за борбата со злото, борбата со природата, но и борбата со сопственото Јас. Всушност, „Моби Дик“ ја симобилизра гогантската космичка борба меѓу доброто и злото. Исто така, романот е големо дело за ловот на китовите во кое авторот сакал да даде исцрпно објаснуавње на сите прашања, служејќи се со алегорија и со иронија. Делото е алегорично зашто во него се опишува животот на еден брод-китоловец, а всушност се докажува повисоката смисла на постоењето; исто така, алегоријата е присутна и во ликовите кои се само варијации на неговото Јас. На почетокот од делото изгледа дека тоа е романсирана повест за ловот на китови, но потоа се покажува дека тоа е мит, и тоа митот на САД од 19 век — борбата на човекот со деструктивните сили. Слично на Шекспировите драми, „Моби Дик“ е полн со драмска двосмисленост и може да се толкува на различни начини: според некои, Моби Дик е олицетворение на дивата природа, други докажуваат дека тој е митска претстава на длабоката потсвесна енергија на човештвото, некои книгата ја толкуваат како епопеја на класната борба итн.[7]

Во анализата на делото се поставува едно интересно прашање: зошто Мелвил го избрал китот, кој е мирољубив, а не ајкулата, како симбол на злото, крволочноста и алчноста. Мелвил се повикува на Библијата, Аристотел, Плиниј, Лине и други автори, но го користи и своето знаење на искусен морепловец, за да докаже дека китот не е тајна и детално пишувајќи за него, настојува да ја тргне мистификацијата поврзана со него. Меѓутоа, романот е далеку повеќе од книга за риболовот: во неа, риболовот е испреплетен со фабулата, а потоа е потиснат во втор план, по што Мелвил ја напушта фабулата и обемно ја опишува градбата на китот и прави разни дигресии, па сето тоа го напушта и прави драмски пресврт, заострувајќи го судирот меѓу ликовите и препуштајќи Ахав да зборува низ моќни монолози во кои е присутна патетика, како и библиска и драмска сила. Тука доминира Ахав, кој е исполнет со демонски дух, страшен човек кој тргнал да го победи светот, кој сака да ја дознае крајната вистина за нештата, но страда од самоизмама, верувајќи дека Моби Дик е олицетворение на целото зло во светот. Самиот Мелвил бил скепрички интелектуалец кој сакал да верува, но постојано го гризел сомнежот и така во него се бореле верата и сомнежот, материјализмот и идеализмот. Затоа, тој си игра со идолите и божествата, им се потсмева со недвосмислена иронија, а тоа било голема смелост за неговото време. Често, тоа го прави невешто и упростено за што повеќе да му се доближи на читателот, за да ја соголи вистината и поефикасно да ја разбие илузијата. Иако не се определил дефинитивно во однос на верата, Мелвил свесно или несвесно го разурнал митот за богот-творец на кого му го спротивставил човекот-творец, исто како што го направил двосмислен и митот за судирот меѓу доброто и злото. Неговиот став не е доследно материјалистички и рационалистички завршен, но тој генијално го одразил тој вечен судир, зачудувачки приближувајќи им се на современите сфаќања.[8]

Во бројните реминисценции и дигресии, Мелвил постојано пишува за современото општество со ненаметлива иронија. На пример, кога вели дека „мангуп-рибата е на располагање за ловење на секој кој може прв да ја фати“, а потоа неа ја споредува со Америка за време на Колумбо, Полска за рускиот цар, Грција за Турците, Индија за Англија и Мексико за САД. Уште повеќе, тој ги нарекува мангуп-риби и човековите права и слободи, човечките сфаќања, земјината топка, па дури и читателите!Наспроти овие места, проткаени со хумор, на други места во книгата Мелвил е премногу сериозен во својата трагична поетска визија на човечките страдања и постојаната борба во која човекот му се спротивставува на универзумот при што таа борба трае вечно без оглед на цената која се плаќа. Во таа смисла, „Моби Дик“ е митска епопеја за вечната човекова борба која ја претставува смислата на целокупното постоење.[9]

Моби Дик како мотив во уметноста и во популарната култура

уреди

Наводи

уреди
  1. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 12.
  2. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 13-123.
  3. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 124-280.
  4. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 281-551.
  5. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 552-654.
  6. Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 655-656.
  7. Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 7-8.
  8. Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 8-9.
  9. Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 9-10.
  10. IMDb, Moby Dick (пристапено на 7.5.2023)
  11. IMDb, Moby Dick (пристапено на 7.5.2023)
  12. IMDb, 2010: Moby Dick (пристапено на 7.5.2023)
  13. YouTube, Bernard Herrmann: Moby Dick (1936-38) (пристапено на 7.5.2023)
  14. Discogs, Led Zeppelin – Led Zeppelin II (пристапено на 7.5.2023)