Дидактика (од грчки: διδάσκειν didáskein, „да поучува“) — „уметност“ и „наука“ за наставата, односно теорија на наставниот процес, а во поширока смисла — теорија и практична употреба на поучувањето и учењето. Сепак, ова е пошироката дефиниција за дидактиката; учењето како процес е предмет на матетиката, па во оваа потесна смисла дидактиката претставува само теорија на наставата, односно оној нејзин дел кој опфаќа поучување или предавање.

Дидактиката е централна дисциплина во педагогијата и е дел од образованието на студентите кои се подготвуваат за работа како наставници, паралелно со нивното стручно образование во одредена наука, јазик, уметност, спорт, итн.

Како основоположник на првата дидактика во совремието се зема Јан Амос Коменски. Раните дидактички модели на наставата од 19 век многу повеќе се однесуваат на наставникот како пренесувач на знаење и предавач, додека во XX век се развива дидактика, или прогресивистичка педагогија (реформаторска педагогија), која е повеќе насочена кон активно вклучување на ученикот во процесот на доаѓање до знаење и стекнување на способности.

Поим и разграничувања од други дисциплини уреди

Дидактиката во потесна смисла се занимава со теоријата на наставата. Според Јан Амос Коменски (15921670), дидактиката претставува „уметност на наставата“, додека матетиката е „уметност на учењето“. Волфганг Клафки прави разлика меѓу дидактиката како теориска наука (која дава одговор на тоа што се подразбира под настава) и методиката, која се занимава со практичните постапки на поучувањето и учењето (објаснува како или на кој начин може да се поучува и учи во наставата). Друг фундаментално спротивен концепт на дидактиката како „поучување преку предавање“ е мајевтиката, која го претставува дидактичкиот аспект на Сократовиот метод, односно „поучување преку разговор“ или „поучување за самоспознание“.

Дидактиката се занимава со содржината, целите и причините за истите во дадена образовна теорија (одговара на што?, зошто?). Меѓутоа, таа независно може да се примени во неколку образовни теории.

Во потесна смисла, дидактиката е наука за поучувањето, за разлика од матетиката, која е наука за учењето.

И двете се нераскинливо поврзани, бидејќи според сегашното сфаќање, не може успешно да поучуваш без истовремено да се запрашаш: Како учат учениците?

—Р. Винкел.[1]

Како „општа дидактика“ таа се занимава со принципите, моделите на поучување/предавање и учење, како и со оправдувањето на воспитно-образовните процеси. Со проучување на поучувањето и учењето на содржина од специфичен наставен предмет, како и со стекнувањето на професионални компетенции за тој предмет, се занимава „општата предметна дидактика“.

Основни дидактички принципи уреди

Поимот „принцип“ (од латински: principum - основа, првично начело) е општа и основна максима, фундаментална основа. Тој се третира како општоприфатено правило, основна состојба и почеток за изведување на некои преднамерни активности и однесување, спроведување на постапки, особено научни. Принципот започнува да дејствува онаму каде има сомневање за веродостојноста и универзалноста на одреден закон во дадена област, или пак кога не постои закон. Во вакви околности, принципите веќе придобиваат сила на однесување, од кое зависат сите останати односи меѓу елементите на еден систем, и затоа нивна основна функција е нормативната, со што се задолжуваат истражувачите да ги разгледаат нивните желби и намери. Принципите се елементи на преддејноста, на самата дејност и на нејзините резултати.

Сите прашања кои произлегуваат во дидактиката (како на пример, кои се целите и задачите на наставата, од што се состои наставниот процес, каков вид на настава постои, како да се артикулира наставата, кои наставни средства да се употребат, итн.) се разгледуваат од аспект на основните дидактички принципи — принципите на наставата, а тие се:

  • Принцип на научност во наставата: водечки принцип, според кој учениците во текот на своето школување треба да усвојуваат само научно докажани знаења;
  • Принцип на прилагоденост на наставата кон возраста (принцип на достапност): кажува дека обемот на знаење кој треба да се усвои од учениците мора грижливо да се одбере, водејќи притоа сметка за тоа колку учениците веќе знаат. Коменски во својата книга „Голема дидактика“ напоменува дека во наставата треба да се оди од полесно кон потешко, од познато кон непознато, од едноставно кон сложено, и од поблиско кон подалечно;
  • Принцип на индивидуализација на наставниот процес: се однесува на негово прилагодување кон секој ученик, водејќи сметка за неговите поединечни способности, со што се цели кон развивање на позитивна мотивација за учење и ослободување на потенцијалните способности на секој ученик;
  • Принцип на систематичност на наставата: наставното градиво треба да биде поделено на логички поврзани целини;
  • Принцип на свесна активност на ученикот: се однесува на психолошката страна на наставата; според него, треба да се согледа на кој начин учениците ги усвојуваат знаењата, каков е нивниот однос кон наставата, колкав е степенот на нивната сопствена активност во процесот на учење, итн. Свесно и активно учење има само кога тој што учи ја осознае целта и значењето на тоа учење. Успешноста на примената на овој принцип зависи првенствено од местото и улогата на наставникот во воспитно-образовниот процес;
  • Принцип на очигледност во наставата: има за цел на учениците да им ја доближи стварноста, односно да им го олесни контактот со истата. Коменски вели дека на човековите сетила треба да им се овозможи соодветна дразба: „што е видливо - за сетилото за вид, што се слуша - за сетилото за слух, што се допира - за сетилото за допир. Ако повеќе сетила можат да регистрираат нешто истовремено, тогаш тоа треба да се изнесе пред нив одеднаш“;
  • Принцип на поврзаност на теоријата со практиката: во природните науки се согледува непосредна поврзаност меѓу теоријата и практиката, додека општествените науки посредно влијаат првенствено на практиката. Работилница, лабораторија, екскурзија се начини на одржување настава во кои доаѓа до израз овој принцип;
  • Принцип на трајност на знаењата, способностите, вештините и навиките: така што истите ќе станат постојана духовна сопственост на ученикот.

Наводи уреди

  1. R. Winkel: Didaktik versus Mathetik? In: DLZ. Nr. 10, 1995.