Џорџ Гордон Бајрон

британски поет

Џорџ Гордон Бајрон, шестиот барон Бајрон (Лондон, 22 јануари 1788 - 19 април 1824, Мисолонги) — англо-шкотски поет и водечка фигура во романтизмот.[1][2][3] Тој бил олицетворение на слободен човечки дух во бунтот против поредокот и рамките на тогашното општество, па оттука и неговата голема популарност кај европските народи, кои биле под јаремот на туѓинскиот и на домашниот деспотизам.

Џорџ Гордон Бајрон
Портрет на Лорд Бајрон од Томас Филипс
Роден/аЏорџ Гордон Бајрон
22 јануари 1788(1788-01-22)
Лондон
Починат/а19 април 1824(1824-04-19) (возр. 36)
Етолија-Акарнанија, Отоманско Царство
ЗанимањеПоет, политичар
Книжевно движењеРомантизам
Сопруг/аАна Изабела Бајрон
ДецаАда Лавлејс
Потпис
Портрет од Ричард Вестал, непознат датум.

Меѓу неговите најпознати дела се Странствувањето на Чајлд Харолд и Дон Жуан. Последново дело останало недовршено по неговата смрт. Тој бил сметан за еден од најголемите европски поети кој сè уште се чита.[4]

Бајроновата слава се потпира не само на неговото пишување, но и на неговиот живот, кој вклучувал екстравагантно живеење, бројни љубовни афери со двата пола, сомнежи, разделувања, гласини за скандалозна врска со својата полусестра и евентуална смрт од треска по неговото патување да се бори на грчка страна во Грчката војна за независност; за што тој е грчки национален херој. Тој е опишан од Каролина Лем како „луд, лош и опасен да се познава“.

Познат е и по неговата ќерка Ада Лавлејс, чија работа на Аналитичката машина со Чарлс Бебиџ се смета за еден од основачките документи во областа на информатиката, а самата важи за првиот програмер во историјата.

Биографија и дело

уреди

Според признанието на самиот Бајрон, татко му бил голем авантурист и извршил грабнување на три жени.[5] Иако потомок на осиромашено благородништво, сепак, на десетгодишна возраст, Бајрон се стекнал со титулата лорд и живеел во замокот на своите предци, а по завршените студии во Кембриџ станал член на Домот на лордовите. Меѓутоа, никогаш слободарскиот дух на „куциот Аполон“ (како што го нарекувале, зашто со едната нога куцал) не се вклопувал во калапот на својата средина. На негативниот прием на неговата прва стихозбирка Часови на бездејство (1807), Бајрон одговара со остра сатира - Англиските барди и шкотските критичари (1809), во која ги напаѓа неприкосновените авторитети на англиската критика, но и поетите. По слабиот приме на неговата прва збирка, во младешка резигнација ја напуштил Англија и заминал на пат по средоземјето (Шпанија, Албанија, Грција, Турција). Меѓутоа, неговиот настап во Горниот дом во одбрана на лудистите, разгневените англиски работници, му донел многу нови непријатели меѓу конзервативното англиско благородништво и конечно, по скандалот околу неговиот развод, бил принуден засекогаш да ја напушти Англија. Извесен период живеел во Швајцарија, а последната година од животот ја поминал во Грција, воодушевен од грчката борба за национално ослободување.[6]

Творештво

уреди

Својот најзнаковит претставник англискиот романтизам го наоѓа во бујната, нескротлива и поетична личност на Џорџ Гордон Бајрон. Неговите стихови се израз на длабоко проживеаното искуство на непомирлив бунтовник пред конформизмот на сопствената средина, прогнаник, романенпоет задоен со чувството на светската тага и пламен поборник против ропството и тиранијата.

На негативниот прием на неговата прва стихозбирка Часови на бездејство (1807), Бајрон одговорил со остра сатира - Англиските барди и шкотските критичари (1809), во која ги нападнал неприкосновените авторитети на англиската критика, но и поетите. Во текот на неговото патување по средоземјето (Шпанија, Албанија, Грција, Турција) ја напишал поемата Странствувањето на Чајлд Харолд (1812-1818), која по враќањето дома му донела неочекувана слава. За време на двегодишното патување по средоземјето ги создал и поемите: Ѓаур (1813), Абидоската свршеница (1813), Гусар (1814), Лара (1814). Во Швајцарија, меѓу другите, ги создал и драмите Манфред (1817), Каин (1821), Визија на небесното судење (1822). Неговото најобемно дело, хумористично-сатиричната поема Дон Жуан, која претставува духовита, пикарска, бурлескна и разновидно распослана слика на современоста, која во најголемиот дел е сатира на англиските манири на убаво и прифатливо општествено однесување, останува недовршена.[6]

Значење и влијание

уреди

Гете имал високо мислење за Бајрон, сметајќи го за голем иноватор кој драмскиот јазол го расплетува над сите очекувања и скеогаш подобро отколку што се очекува. Гете го оценил Бајрон како „голем само тогаш кога создава поетски; штом философира, тој е дете.“ Според него, Бајрон никогаш не успеал да размислува за себе, но сè што направил било успешно и затоа може да се каже дека кај него инспирацијата ја заменува рефлексијата, т.е. „до своите дела, тој доаѓал како жените до убавите деца; тие не мислат на тоа и не знаат како.“ Гете го сметал Бајрон за голем талент, за роден талент и кај ниеден друг поет нема таква поетска сила, а во сфаќањето на надворешното и во јасното согледување на минатите состојби тој е исто толку голем како Шекспир. Бајрон го искажувал она што го чувствувал и тоа го довело во нераазрешив судир со светот. Според Гете, иако Бајрон умрел млад, книжевноста не изгубила ништо со тоа, зашто Бајрон не можел да продолжи понатаму; тој го достигнал својот творечки врв и без оглед што би можел да создаде подоцна, не би можел да ги прошири границите на својот талент. Во несфатливата песна на своето дело „Страшниот суд“, тој го создал она највисокото за кое бил способен.[7] Но, исто така, тој го критикувал Бајрон кој, иако никогаш во животот не се потчинувал на никаков закон, најпосле му се покорил на најглупавиот закон на трите драмски единства.[8]

Германскиот филозоф Фридрих Ниче го истакнува Бајрон како еден од омилените автори, изјавувајќи дека е „длабоко сроден со Бајроновиот Манфред“ и дека во присуство на Манфред никој не смее ниту да го спомне Фауст.[9] Според Јован Дучиќ, заедно со Џон Китс и со Перси Шели, Бајрон е најголемиот англиски лирски поет.[10] Исто така, Дучиќ смета дека поетите од типот на Бајрон се повеќе опасни и духовни, отколку душевни. Од друа страна, тој смета дека Бајрон засекогаш ќе остане како поет кој луѓето го читаат на возраст од дваесетина години, зашто тој ги опеал страстите и идеите на младиот свет.[11]

Наводи

уреди
  1. Марчанд, Лезли А. (15 април 2019). „Lord Byron“. Encyclopædia Britannica. Лондон, Обединето Крластво.
  2. "Byron and Scotland", Роберт Џ. Х. Морисон.
  3. „Lord Byron (George Gordon)“. Poetry Foundation (англиски). 30 декември 2018. Посетено на 22 јануари 2021.
  4. Паскал Гилевски, Раде Силјан, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 128 - 132
  5. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 58-59.
  6. 6,0 6,1 Раде Силјан, Прилози за наставата по литература, Матица Македонска, Скопје, 2001 стр. 38-40.
  7. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 57-59.
  8. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 76.
  9. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 53.
  10. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 301.
  11. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 293.