Алкохолизам

(Пренасочено од Алкохоличари)

Алкохолизам или алкохолна зависност, хронична болест позната по потребата по алкохол. Луѓето кои страдаат од ова заболување се познати како алкохоличари. Тие не можат да го контролираат своето пиење дури ниту кога станува директна причина за сериозна штета, вклучувајќи медицински заболувања, брачни проблеми, загуба на работата или сообраќајни незгоди. Медицинската наука сѐ уште ја нема откриено точната причина за алкохолизмот, но истражувањето покажува дека генетички, психолошки и социјални фактори помагаат во неговото развивање. Алкохолизмот сѐ уште не е излечен, но најразлични третмани можат да им помогнат на алкохоличарите да го избегнат пиењето и да си го вратат здравиот живот.

„Сокак на џинот“ од Вилијам Хогарт (1751)

Луѓето асоцираат било кој вид на претерано пиење со алкохолизам. Но лекарите и научниците познаваат дека нестабилностите поврзани со алкохолизмот се појавуваат како резултат на континуирана лоша состојба. Тие претпочитаат да го користат терминот алкохолна зависност или алкохолизам за да ги одвојат најсериозните неправилности предизвикани од алкохолот. Поимите злоупотреба на алкохол и проблеми со пиењето се однесуваат на помалку сериозни алкохолни проблеми како резултат на претерано пиење.

Алкохолната зависност се развива различно кај секој поединец. Но, одредени симптоми ја карактеризираат болеста. Алкохоличарите развиваат силна потреба за пиење и покрај свесноста дека пиењето им создава проблеми во животот. Тие страдаат од недостаток на контрола, односно неможност да сопрат со пиењето кога веќе почнале. Алкохоличарите стануваат физички зависни од алкохол. Кога ќе престанат да пијат по период на тешка злоупотреба на алкохол, тие страдаат од непријатни физички симптоми, кои вклучуваат гадење, потење, тресење и вознемиреност, познати како симптоми на враќање. Алкохоличарите развиваат поголема толеранција на алкохол, односно, тие треба да пијат големи количини на алкохол за да стигнат до интоксикација. Светската Здравствена Организација (СЗО) забележува дека друго однесување кое е познато кај луѓе со алкохолна зависност е барањето можности за да пијат алкохолни пијалаци – многу почесто од другите активности и брзо враќање на старите навики за пиење по периоди на апстинирање.

Општа состојба

уреди

Алкохолната зависност е распространета ширум најразлични општества низ светот. Статистиките покажуваат дека алкохолната зависност допрела и до успешни бизнис директори, талентирани механичари, работници, архитекти и членови на цркви од сите религии. Научниците сѐ уште не се дефинирале типичен карактер на еден алкохоличар и тие не можат да предвидат со потполна сигурност кои пијачи прогресивно ќе развијат алкохолна зависност. Употребата на алкохол варира зависно од социјалното, културното или религиозното потекло на поединецот. Некои индувидуи не пијат воопшто – околу една третина од возрасното население во САД, на пример, кое е над 18 години, апстинираат од алкохол. Други пијат како дел од социјалниот обичај. Сè уште, некои пијат често и во прекумерни количини. Тие кои страдаат од алкохолна заисност пијат за да ја задоволат неконтролираната потреба за алкохол за да ги одбегнат непријатните физички симптоми на враќање.

СЗО проценува дека скоро 62 милиони луѓе ширум светот патат од алкохолна зависност. Општата состојба на болеста варира во различни земји. Во Р Македонија се регистрирани 527 лица болни од алкохолизам во 2002 година, што е приближно 0.02% од населението, додека вистинската бројка на луѓе зависни од алкохол се проценува дека е поголема. За споредба, во САД се проценува дека има околу 15 милиони луѓе кои имаат проблеми поврзани со нивната употреба на алкохол. Од нив, 8.1 милион мажи и жени имаат алкохолна зависност, или приближно 3% од населението. Мажите имаат трипати поголема веројатност да станта алкохоличари во однос на жените, додека луѓето над 65 години имаат најмали стапки на алкохолизам. Во Македонија, но општо и во светот, луѓето кои почнуваат да пијат на рана возраст имаат голем ризик да станат алкохоличари. Проценките кажуваат дека 40% од луѓето кои почнале да пијат на возраст под 15 години ќе станат евентуално алкохоличари во некој момент од својот живот. Овие поединци имаат четири пати поголеми шанси да станат алкохоличари во однос на оние кои го одложувале пиењето до својата 21 година.

Во Канада, близу 600,000 луѓе, или 1.9% од 15 години па нагоре, се алкохолни зависници, а бројот на машки зависници е двоен во однос на бројот на женските зависници. Највисикота стапка на болеста кај Канаѓаните е меѓу 20 и 24 години возраст. Во Канада анкетирани се сегашни и минати алкохоличари и секој петти испитаник признал дека пиењето им наштетило во одреден момент од животот, вршејќи ефект врз нивната работа или финансиска состојба.

Алкохолната зависност постигна критични пропорции во Русија, каде 40 проценти од мажите и 17 проценти од жените се алкохоличари. Алкохолизмот е казнлив прекршок во Русија. Алкохоличарите кои одбиваат болнички третман можат да бидат затворени во работнички кампови. По нивното ослободување тие тешко наоѓаат вработување, а ако се фатени како пијат пак, тие се враќаат во затворите. Зафатите на владата да го контролираат пиењето со затворање на фабриките за дестилација, пиварите и баровите резултираше со контраефект. Наместо решавање на проблемот, таквите тактики само создадоа широко распространет црн пазар за алкохол, како и земја полна со луѓе кои ги кријат своите проблеми со пиењето.

Во азиските земји како Јапонија, алкохолната злоупотреба стана социјален проблем преку последната декада. Во овие земји, пиењето е скоро потребно кога се склучува бизнис. Баровите станаа продолжување на канцелариите, места каде клучни одлуки се донесувани. Личност која ќе одбие покана за пијалак после работа, прави ризик да не напредува во компанијата. Алкохолот е многу пристапен во Јапонија. Постојат машини на улиците на Токио кои служат лименки со саке или пиво. Во последните 30 години, алкохолното конзумирање во Јапонија е зголемено за двапати.

Физички ефекти на алкохолот

уреди

Етил алкохол, или етанол, е присутен во разни количини во пива и вина и во дестилирани пијалаци – виски, џин и рум. Кога една личност конзумира алкохол, стомакот и органите за варење бргу го апсорбираат. Од таму алкохолот патува преку крвта низ целото тело, вршејќи влијание скоро на секое ткиво. Поголеми дози на алкохол ги пореметуваат функциите на централниот нервен систем, вклучувајќи го мозокот. Колку е повисоко нивото на алкохол во крвта, толку е поголемо оштетувањето. Како што крвта минува низ црниот дроб, ензимите го разложуваат алкохолот на безопасни производи кои се елиминирани од организмот 6 до 8 часа подоцна. Но стапката со која алкохолот се акумулира во телото може да биде поголема со стапката со која организмот го елиминира, а со тоа се зголемува концентрацијата на алкохол во крвта. Како резултат, алкохолот останува во организмот, создавајќи ефекти на интоксикација неколку часа откако е проголтана последната голтка алкохол. Мали количини на алкохол можат да ја ослободат напнатоста или измореноста, да го зголемат апетитот и да имаат аналгетски ефект кој ја отапува болката. Поголеми количини ги потиснуваат повисоките мисли, ја зголемуваат самодовербата и го намалуваат стравот, напнатоста и вината. Кога личноста ќе стане интоксицирана или пијана, болни или посрамотувачки ситуации стануваат помалку заканливи и со прогресијата на пиењето, говорот стаува гласен и неповрзан. Пореметеното расудување може да биде причина за нерационално однесување, а физичките рефлекси и мускулната координација стануваат забележително нарушени. Ако пиењето продолжува, следува целосна загуба на физичката контрола, завршувајќи со губење на свеста и можна смрт.

Социјални ефекти на алкохолот

уреди

Низ поголемиот дел од историјата, општеството ги гледало луѓето кои пијат како неодговорни, неморални и со слаб карактер. Казнувањето на пијаниците било сметано како потребно за да се заштити заедницата. Во почетокот на XX век, експертите верувале дека алкохолната зависност е резултат на оштетувањето на ткивото од страна на алкохолот. Овие промени создавале континуирана потреба за пиење, така што поединецот бара поголеми количини на алкохол во почести интервали. Сепак, општеството сѐ уште смета дека земањето или одбивањето на пијалак е прашање на лична одлука, односно, сето претерано пиење претставува самоволен акт. Поединецот, според ова, е одговорна за неговото/нејзиното однесување.

Интоксикацијата не се заканува само на поединци кои пијат, туку и на заедницата. Токму затоа општествата околу светот се обиделе да го контролираат прекумерната употреба на алкохол. Некои општества во XIX и XX век изгласале закони кои овозможуваат апсење и затворско казнување за состојба на пијанство во јавност па дури до забрана за производство, дистрибуција и консумирање на алкохолни пијалаци. Денешните експерти ги карактеризираат неправилностите предизвикани од употребата на алкохол како болест која е има многу големо распространување и претставува голем здравствен проблем. Според СЗО, алкохолната зависност и други форми на злоупотреба на алкохол го слабеат глобалното здравје, сметано за 3.5% од сите случаи на заболување ширум светот.

Причини

уреди

Психолошко-генетички причини

уреди

Истражувањата покажуваат дека алкохолизмот се пренесува во семејствата – алкохоличарите имаат 6 пати поголеми шанси од неалкохоличарите да имаат роднина во семејството кој е зависник од алкохол. Истражувачите долго време не знаеле дали овие проблеми се резултат на семејно генетско наследство, или пак резултат на општата средина во семејството, која често вклучува родители-алкохоличари. Испитувањата врз близнаци се обидуваат да откријат дали алкохолната зависност се развива како резултат на генетички фактори, заеднички влијанија на средината, или пак комбинација на двете. Лабораториските истражувања ја споредуваат генетската структура кај луѓе кои се зависници од алкохол со оние кои немаат историја на лични или семејни проблеми со алкохол.

Причини од средината

уреди

Научниците тврдат дека проблемите поврзани со алкохолот се резултат на комплексна интеракција меѓу биолошките влијанија и факторите на средината. Факторите на средината кои можат да влијаат на развивањето на болеста се личното однесување, пријателските влијанија во раниот живот, однесувањето на родителите, социјални и културни мислења кон алкохолот, животен стрес и расположливоста со алкохолни пијалаци. Еднаш кога личноста ќе развие рутина за пиење, факторите на средината заедно со физичките промени здобиени како резултат на тешкото пиење можат да ја засилат постојаната употреба на алкохол.

Психолошки влијанија

уреди

Многу експерти тврдат дека губењето на контрола за пиењето е психолошки поврзано. Студиите покажуваат дека зависници од алкохол ќе пијат прекумерни количини на безалкохолни пијалаци доколку веруваат дека во нив има алкохол. Исто така, доколку им се даде алкохолен пијалак за кој веруваат дека е безалкохолен, нивното однесување во пиењето е слично со она на лица кои не се зависни на алкохол.

Последици по здравјето

уреди

Долгорочната употреба на големи количини на алкохол можат да предизвикат сериозно оштетување на црниот дроб. Во првиот стадиум од болеста, маснотија се акумулира во црниот дроб. Повеќето луѓе не ги препознаваат симптомите на овој стадиум, иако кај повеќето од нив црниот дроб отекува и станува поголем. Некои луѓе добиваат и хепатит, кој ги воспалува и убива клетките на црниот дроб. Други добиваат цироза, неповратлива состојба во која нормалното ткиво на црниот дроб е заменето со оштетено ткиво. Ова ја спречува крвта да минува слободно низ црниот дроб, формирајќи висок крвен притисок во вените кои минуваат низ црниот дроб. Како последица на ова, црниот дроб веќе не е во состојба да ја прочистува крвта од токсичните материи. Затоа епилогот може да биде фатален.

Тешкото пиење исто така го оштетува и срцевиот мускул. Близу половината од кардиомиопатиите се поврзани со злоупотреба на алкохол. Во ова заболување, десните и левите вентрикули се зголемени, а со тоа е намалена способноста на срцето за пумпање крв. Алколичарите имаат високо ниво на хормонот епинефрин во крвта и недостаток на минералот магнезиум. Оваа комбинација создава тешки аритмии, или нерегуларности во чукањето на срцето, што претставува честа причина за нагла смрт кај тешките алкохоличари. Тие често развиваат и хипертензија, што е главна причина за удар.

Во некои случаи, алкохолот доведува до делириум тременс (алкохолно лудило), кое предизикува збунетост, поспаност, депресија и страшни халуцинации. Во овој стадиум на делириум, кај рацете се појавува неконтролирано тресење, кое може да се прошири на главата и телото. Жените кои пијат претерани количини на алкохол за време на бременоста, водат ризик за да родат дете со фетален алкохолен синдром (ФАС), што е водечка причина за дефекти при раѓањето, комбинација на физички и писихички дефекти, како што се ретардација, мала глава и слаба мускулатура. Некои бебиња изложени на алкохол за време на созревањето на фетусот развиваат фетален алкохолен ефект (ФАЕ), кој вклучува повеќе суптилни симптоми, вклучувајќи проблеми во однесувањето, проблеми со концентрацијата и фокусирањето или немоќноста да мислат апстрактно.

Лекување

уреди

Најдобрите методи за лекување на алкохолизмот варираат, зависно од поединечните медицински и лични потреби. Некои тешки алкохоличари кои го препозанаваат нивниот проблем се лекуваат сами од себе. Некои алкохоличари бараат долгорочна поединечна или групна терапија, која може да вклучи и хоспитализација. А сепак, некои воопшто не бараат третман. Овие луѓе на бараат третман како резултат на комбинацијата од фактори, вклучувајќи го игнорирањето на симптомите на болеста, социјалниот страв од фактот дека ќе биде етикетиран од заедницата како алкохоличар и неволјата да прифати доживотна апстиненција од алкохол како една од целите на лекувањето.

За некои алкохоличари, лекувањето почнува со детоксификација, која безбедно го ослободува пациентот од алкохолот во организмот, а во исто време ги лекува физичките компликации кои создаваат силни симптоми, како делириум тременс или алкохолно лудило. Детоксификацијата обично трае помалку од една недела, а за тоа време пациентите се сместени во специјална установа или посебен оддел од општата или психијатриската болница. Овие установи исто така нудат и продолжен третман за да се помогне на алкохоличарите во нивното закрепнување.

Повеќето програми за лекување делотворно помагаат зависниците да престанат да пијат за некој период, но тие се помалку успешни во превенцијата на повторно враќање на пиењето. Програмите за третман обично содржат дел кој се фокусира да им помогне на алкохоличарите да ја разберат ситуацијата, чувствата и личните интеракции кои го предизвикуваат повторното пиење. Овие програми ги учат луѓето како да се снајдат со овие фактори без повторно да се вратат на пиењето.

Превенција од алкохолна зависност

уреди

Напорот на многу јавни здравствени организации може да овозможи општеството да ги препознае раните стадиуми на проблемите со пиење и да ги охрабри луѓето да направат рана интервенција пред да се влоши ситуацијата. Кампањи за рекламирање, текстови во весниците, вклучени приказни во списанијата и филмови и телевизиски презентации го повикуваат вниманието на проблемот можат да помогнат во превенцијата. Училиштата спонзорираат програми кои им помагаат на учениците да ги препознаат симптомите на алкохолна зависност и да знаат како да добијат помош доколку пиењето стане проблем. Како што јавноста станува се посвесна за здравствените и социјалните последици на болеста, бројот на алкохолно заболени лица може да се намали, а пораните и подобрите третмани можат да доведат до повисоки стапки на излекување.

Алкохолизмот како тема во уметноста и во популарната култура

уреди

Алкохолизмот како тема во книжевноста

уреди

Алкохолизмот како тема во музиката

уреди
  • „Сум се родил мераклија“ — македонска народна песна.[17]
  • „Павле ми пие“ — македонска народна песна.[17]
  • „Долу каде што се тркалаат пијаниците“ (англиски: Down Where The Drunkards Roll) — песна на американското фолк-рок дуо Ричард и Линда Томпсон (Richard & Linda Thompson) од 1974 година.[18]
  • „Смрден пијаница“ (англиски: Stinking Drunk) — песна на американската рок-група Биг Блек (Big Black) од 1986.[19]
  • „Момче напиено со џин“ (англиски: Gin Soaked Boy) — песна на американскиот музичар Том Вејтс (Tom Waits) од 1983 година.[20]
  • „Премногу пиеше“ (англиски: You Had Too Much To Drink) — песна на американската хип-хоп група EPMD од 1989 година.[21]
  • „Брате, чашата ми е празна“ (англиски: Brother, My Cup Is Empty) — песна на австралискиот рок-музичар Ник Кејв од 1992 година.[22]
  • „Цигари и алкохол“ (англиски: Cigarettes & Alcohol) — песна на британската рок-група Оејзис (Oasis) од 1996 година.[23]
  • „Виски-човек“ (англиски: Whiskey Man) — песна на англиската рок-група Ху (The Who) од 1966 година.[24]

Наводи

уреди
  1. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 64.
  2. Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 24.
  3. Суфиски приказни. Скопје: Темплум, 2017, стр. 67.
  4. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 169.
  5. Данил Хармс, Случаи. Скопје: Темплум, 2004.
  6. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 40.
  7. Артур Рембо, Боравак у паклу. Београд: Култура, 1968, стр. 102.
  8. Рајнер Марија Рилке, Искуство тишине. Београд: Paideia, 2014, стр. 41.
  9. „Гиј де Мопасан, Изабране новеле (друга књига). Култура, Београд, 1950, стр. 107-115.
  10. Arapska poezija. Beograd: Rad, 1977, стр. 22.
  11. Arapska poezija. Beograd: Rad, 1977, стр. 39.
  12. Arapska poezija. Beograd: Rad, 1977, стр. 45.
  13. Desanka Maksimović, Izabrane pesme (peto dopunjeno izdanje). Beograd: BIGZ, 1985, стр. 187.
  14. Charles Baudelaire, Spleen Pariza. Zgreb: Mladost, 1952, стр. 110.
  15. Владислав Петковић-Дис, Песме. Београд: Рад, 1960, стр. 26-27.
  16. Ненад Јолдески Wezdensky, Штамата на Енхалон (Мемоари), Темплум, Скопје, 2009.
  17. 17,0 17,1 Антологија на македонската чалгија / Antology of Macedonian Chalgia, Македон мјузик, МАКМ 00106, 2006.
  18. Richard & Linda Thompson ‎– I Want To See The Bright Lights Tonight (пристапено на 23.1.2017)
  19. YouTube, Big Black - Atomizer (Full Album) (пристапено на 14.5.2017)
  20. DISCOGS, Tom Waits ‎– Swordfishtrombones (пристапено на 25 септември 2021)
  21. Discogs, EPMD – Unfinished Business (пристапено на 29.9.2022)
  22. Discogs, Nick Cave & The Bad Seeds ‎– Henry's Dream (пристапено на 9.8.2020)
  23. YouTube, Oasis - Cigarettes & Alcohol (пристапено на 22.5.2017)
  24. Discogs, The Who – A Quick One (пристапено на 9.10.2021)