Естетика (од грч. αἰσθητικός - aisthetikos; осет, впечаток, восприемање) — дел од филозофијата кој се занимава со уметноста или традиционално определена како наука за убавото. Во поново време, естетиката честопати се нарекува и филозофија на уметноста. Овој поим честопати се поврзува и со филозофските размисли за сетилноста, перцепциите, убавото и воопшто чувствата кои ги добиваме судрени со едно уметничко дело. Овој поим понекогаш подразбира множество на ставови и гледишта на една култура или уметничко движење (на пример јапонска естетика или естетиката на романтизмот). Во секојдневниот говор, под „естетско“ се подразбира нешто допадливо за сетилата, односно нешто кое поседува физички одлики кои се складни, хармонични и убави.

Танчери на современ танц.

Предмет на естетиката

уреди

Главни поими со кои се занимава естетиката се: убавото, возвишеното, вкусот, уметноста, комичното, трагичното, експресијата, творештвото итн. Филозофите од оваа област во главно ги поставуваат следниве прашања: Каде е убавото, во објектот или во умот на набљудувачот?, Како се градат естетичките судови?, Како ја оценуваме уметноста?, Кои одлики го прават еден предмет убав, допадлив или грд?, Што е уметност? итн. Во поново време, естетичките проблеми се во допир со проблемите и истражувањата на науки и дисциплини како: историјата на уметноста, психологијата на уметноста, социологијата на уметноста и семиологијата на уметноста.

Во книгата „Естетичка скепса“, италијанскиот философ Џузепе Ренси тврди дека естетичкиот суд секогаш е субјективен и дека не може да тежнее кон апсолутното. Тоа произлегува оттаму што никако не може да се оспори некој кој претпочита еден автор од друг, еден композитор од друг. Според него, во естетиката не постојат вистина и заблуда, туку само вкусот на поединецот. Според философот Етјен Жилсон, човечкиот разум не може ниту да го допре процесот на уметничкото создавање, туку тој го оценува уметничкото дело отпосле, дури кога тоа е создадено, но не може да го оценува во текот на создавањето. Поради тоа, во естетиката нема никаква вредност принципот на противречноста. Наспроти науката, која се развива и во која докажаната теза ја побива спротивната, во уметноста една теза не ја укинува спротивната.[1] Слично на него, историчарот на уметноста Серџо Бетини, во современата уметност само нишка го дели ремек-делото од грдотијата, така што за современата уметност не може корисно да се разговара.[2] Според Жилсон, само преку проучување на струите и промените на вкусот на поединците може уметничките дела да се распоредат во времето и така да се класификуваат според критериумите на можната естетска вредност.[3] Иако на теориски план е невозможно да се побие оној што претпочита пар скинати најлонски чорапи од Мона Лиза, сепак, од една до друга епоха постои согласност на мнозинството, т.е. определен број колективни индикации кои не можеме да ги занемариме. Оттука, ако естетичкото проучување се претвори во статистичко проучување на вкусот и „модата“, можеби ќе се роди некоја норма што би им била корисна на уметниците и на „потрошувачите“ на уметноста. Меѓутоа, според Еуџенио Монтале, со тоа нема да се избегне субјективизмот при оценувањето на вкусот на поединците.[3]

Во есејот „За поетот“, српскиот поет Јован Дучиќ тврди дека уметноста не може да се објасни, туку само да се почувствува и тоа ја прави супериорна во споредба со другите човечки творби. На уметноста не ѝ е потребно толкување, зашто не е можно да се толкува она што со толкувањето не може да се поправи. вкусот за убавина е вроден кај сите луѓе, зашто примитивниот човек почнал да ги слика ѕидовите на пештерите пред да знае да зборува. Но, ако поединецот не поседува вродено уметничко чувство, не вреди да му се толкува убавината. Толкувањето на убавото само довело до тоа да се нивелираат вкусевите и луѓето да почнат да следат некоја општа формула за убавината. Во текот на историскиот развој, вкусевите станале повеќе колективни отколку поединечни, повеќе сугерирани отколку инспирирани. Затоа, низ историјата постоеле заеднички вкусеви кај културните народи. Но, колективниот вкус не е единствен и апсолутен, туку се разгранува на поединечни вкусеви во согласност со темпераментот на поединецот. Во секое уметничко дело има нешто општо, апсолутно и нешто релативно, лично. Првото одговара на вкусот на сите луѓе, а второто одговара на личниот темперамент и на расата. За првото може да се зборува со надеж дека сите ќе се сложат со нас, но не може да се дискутира за второто. Затоа, во уметничкот суд не постои експеримент или принцип, туку само чувство и каприц; не се суди со памет и со метод, туку со темпераментот. Затоа, уметничката критика е непотребна. Уметничкиот критичар е туѓинец таму каде завршуваат колективниот, а почнуваат поединечниот вкус и суд. Сепак, критиката ќе постои, но само како наука. Таа е наука за човековиот дух, но само кога е во прашање човеко-уметник. Предмет на уметничката критика се особините на писателот кои се во врска со делото.[4]

Историски развој на естетиката

уреди
 
Виножито често има естетична молба.

Во историјата оние прашања кои денес ги изучува естетиката, биле изучувани во рамки на најразлични дисциплини, во главно во рамките на општата филозофија. Во оваа смисла како посебна, формално изделена дисциплина естетиката се издвојува од филозофијата во XVIII век, од страна на германскиот филозоф Александер Баумгартен, кој ја дефинира како „наука за сетилното познание“.

Наводи

уреди
  1. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 116-117.
  2. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 118-119.
  3. 3,0 3,1 Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 119.
  4. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 271-275.