Западно Римско Царство

Западно Римско Царство — назив за западната половина на Римското Царство по административната поделба што била воведена од страна на царот Диоклецијан во 286 година. Во потесна, но и во поширока смисла, овој термин се однесува на западната половина на царството во периодот помеѓу смртта на царот Теодосиј I (395 г.) и соборувањето на последниот западноримски цар Ромул Августул (476 г.) што било изведено од страна на водачот на варварските наемници во Италија, Одоакар.

Во теоријата, Римското Царство и по 286 г., односно 395 г. било едно, единствено и неделливо. Во пракса, по 286 г. со царството раководеле неколку владетели, обично еден на Исток, друг на Запад[1]. Теоретски гледано, последниот владетел на обединетото царство бил Теодосиј Велики, кој пред смртта во 395 г. го поделил помеѓу своите два сина – на постариот Аркадиј му го оставил Истокот, а на помладиот Хонориј, Западот. После тоа, западните цареви најпрвин владееле од Милано, а по 402 г. и од Равена. По 407 г. почнало забрзаното слабеење на Западното Римско Царство како резултат на нападите на варварите (Готи, Вандали, Франки и др.) кои почнале да се населуваат во рамките на границите на империјата. По 455 г. Западноримскиот цар делотворно владеел само со Италија, а на 4 септември 476 г. Ромул Августул бил соборен. Последниот кој имал титула на цар бил Јулиј Непот, кој починал во Далмација во 480 г. По 476 г., односно 480 г., варварските владетели на Италија, како на пример Одоакар и Теодорих, се сметани за гувернери на римскиот цар (од Цариград).

Источноримскиот (византиски) цар Јустинијан I се обидел во 6. век да ја обнови римската власт на Запад и неговите војсководачи ја зазеле Италија, Африка и средоземниот брег на Хиспанија. И покрај напорите кои ги вложил Јустинијан, со огед на ситуацијата во која се нашла Имеријата по неговата смрт сите освоени територии не останале под Визнатиска власт уште долго. Византија на југот на Италија е присутна до 1071 година, но политичкото и духовно влијание кое Цариград го има на Западот во голема мерка се намалува најпрво со формирањето на Светото Римско Царство, а потоа и со Големиот раскол.

Римско освојување на Западот

уреди

Римскиот Исток и Запад

уреди

Во текот на II век п.н.е. Републиката станала доминантна сила на Средоземјето, која постепено се ширела во поглед на државните територии и политичкото влијание, и кон хеленистичкиот Исток и кон “варварскиот“ Запад. На Истокот, каде што грчкиот јазик веќе бил јазик на политичката и културната елита, Римјаните вовеле нов систем на државна организација. И покрај тоа, културите и традициите на древните народи од Истокот, како што биле Египќаните, Еврeите, Сиријците и Грците, нивниот начин на живот изграден околу градските населби, просперитетот на трговијата и занаетчиството и другите богатства, опстанале, само што сега биле вклопени во римските државни рамки. По уништувањето на Картагина во 146 г. п.н.е. на западното Средоземје веќе немало поголеми и поорганизирани држави кои можеле да бидат на исто рамниште со Римската. Иако тоа не била првобитната намера, римските освојувања на Хиспанија, Галија и Британија, како и на африканските провинции, со текот на времето им ја донеле средоземната цивилизација и нејзините навики, како градскиот начин на живеење, градителските и техничките достигнувања и културата на пишуваниот збор. Иако и на запад постоеле грчки и феникиски колонии, културата на западниот дел на Римското Царство останала латинска. Исто така, Римјаните со текот на времето во својот систем ја инкорпорирале политичката елита на Западот, така што, за разлика од хеленистичкиот Исток, на Западот можеле да се најдат аристократски земјопоседнички фамилии.

 
Адријановиот ѕид претставувал постојана бариера кон варварите во Каледонија (Шкотска). Ѕидот што го подигнал наследникот на Адријан, Антонин Пиј помеѓу 142 и 144 г. бил напуштен веќе во 164 г.

Разликите помеѓу Истокот и Западот многу ретко се истакнувале, понекогаш и поради политичка пропаганда, на пример, за време на граѓанската војна помеѓу Октавијан и Марко Антониј[2]. Кога Октавијан пропаднатата република ја претворил во монархија, т.е. во Римско Царство 30 г. п.н.е., почнало конечното обликување на Западот. За време на долгото владеење на првиот римски цар Октавијан Август (30 г. п.н.е. - 14 г. н.е.) римските легии го завршиле освојувањето на Пиринејскиот Полуостров, и конечно Галските територии биле организирани како провинции. Римскиот обид да се прошират границите на исток сè до реката Лаба не успеал поради постојаниот отпор на германските племиња, така што Октавијан Август на крајот одлучил Империјата на запад се потпре на природната граница на реката Рајна. Сепак, наследниците на август не се придржувале на неговиот завет, така што Клавдиј во 43 г. почнал со освојувањето на Британија, а во 44 г. го приспоил дотогашното Царство Мавританија. Иако во втората половина на I век, Римјаните редовно упаѓале на територијата на денешна Шкотска, постојаната граница била утврдена со Адријановиот ѕид помеѓу вливот на реката Тајн на исток и заливот Солвеј на запад. Римското освојување на Западот го завршил Веспазијан (69-79 г.), кој го зазел Агри Декуматес (Agri Decumates), просторот помеѓу Мајна и извориштето на Дунав[3].

Граѓански војни и востанија во I и II век

уреди

Во принцип, Римската власт, и на Исток и на Запад, во текот на I и II век се соочувала со два големи предизвика: востанијата на потчинетите племиња и градови и политичките кризи кои се појавиле како резултат на бунтовите на легиите. Бунтовите на легионерите биле далеку од сериозни, бидејќи војската важела за еден од најсилните политички фактори во царството. Ако некој амбициозен провинциски намесник или воен командант ја придобиел поддршка на војската, тоа речиси редовно водело до узурпација на империјалната власт и до граѓанска војна.

Во текот на I век имало неколку бунтови на келтското и германското население. Во Британија, во 60 г., востание против римските власти покренала кралицата на племето Ицени, Боудика, но Римјаните лесно победиле следната година. Друго важно востание е Батавското (во Долна Германија, односно денешна Холандија), под раководство на романизираниот аристократ Гај Јулиј Цивилис, кој се обидел да извлече корист од неприликите во Рим текот на Годините на четворицата цареви. Цивилис, наводно, се кренал на бунт за да го поддржи претендентот Веспазијан, но на крајот бил поразен и убиен во 70 г., кога станало јасно дека тој сака да отцепи дел од царската територија.

 
Римското Царство во 117 г. во времето на владеењето на Трајан. Освојувањата на Трајан во Месопотамија ги напуштил неговиот наследник Адријан, додека Дакија (денешна Романија) ја евакуирал царот Аурелијан во 270 година.

Настаните од 69 г. покажале дека римските легии, распоредени на границите на империјата, веќе се поделени во четири регионални групи (Британија, Рајна, Дунав, Еуфрат), во кои генералите, па и обичните војници, се обидувале да се наметнат како арбитри во политичките превирања. Легиите од Рајна првпат се побуниле во 14 г., по смртта на Октавијан Август и се обиделе да го присилат Германик, внук на новиот цар Тибериј, да се нафати на царската власт. Сериозни услови за тоа имало во 68 г. кога намесникот на Лионската Галија Гај Јулиј Виндекс, уште еден романизиран аристократ, овој пат со галско потекло, се побунил против фискалната политика на Нерон. Пред да биде поразен, Виндекс го повикал Галб, гувернерот на Тараконска Хиспанија, да го преземе престолот. Бидејќи Галб имал на располагање само една легија, многу побројните легионери во германските покраини го извикувале името на царот Вителиј, кој конечно бил поразен во битката со веќе споменатиот Веспазијан, фаворитот на источните легии..

Слична поделба меѓу легиите се одиграла и во 193 г., по атентатот врз царот Пертинакс. Овојпат три на британски легии, на кои им се приклучила и една хиспанска, во цар го произвеле Клавдиј Албин. Тој, сè до 196 г.. владеел заедно со Септимиј Север, кој на крајот и го отстранил во почетокот на 197 г. Цената на граѓанската војна било уништувањето на Лугдунум (денешен Лион) од страна на осветољубивиот Септимиј Север. Дотогаш најголемиот град во римската Галија, Лугдунум, никогаш повеќе не бил обновен.

Криза и обновување

уреди

Кризата во III век на Западот

уреди

До почетокот на III век романизацијата била успешно завршена, така што и политичката и воената елита почнале да играат поважна улога во животот на Царството. Убиството на младиот цар Александар Север се случило токму на Рајна во 235 г. и го означило почетокот на полувековната воена анархија. Сепак, за разлика од првите векови на Царството, посветеноста на римската војска кон внатрешната напнатост им ја отворила вратата варварските племиња, кои од крајот на II век биле во постојано движење во долниот Дунав и Рајна. Варварските напади биле насочени првенствено кон грабежи, и иако тие не биле премногу деструктивен, биле несистематски и чести, што на римските власти им ја отежнувала организацијата на одбраната. Покрај тоа, на Исток, наместо на Парќанската држава, во 224 г. дошло до воспоставување на Персиското царство на династијата Сасаниди, кое се покажало како мошне опасен и агресивен непријател на Рим. Во текот на III век Сасанидите предводеле упади на римски територии, чија кулминација биле случувањата од 259 г. кога римскиот цар Валеријан бил фатен и однесен во заробеништво во Персија, каде што подоцна починал. Заканата од правец на Персија барала постојано внимание на римските владетели и ангажман на речиси една четвртина од воените ресурси на империјата.

 
Монети на галоримскиот цар Постум кој, во склад со модата од III век, носи радијална круна. На реверсот е прикажана божицата на победата Викторија, заради величење на успесите на Постум.

За полесно да го брани загрозеното царство, Валеријан се посветил на одбраната на Истокот, а европските провинции ги препуштил на неговиот син Галиен. Галиен првенствено се посветил на заштитата на регионот околу Дунав и Италија, и токму за време на неговите походи во Панонија во Галија дошло до државен удар. Локалниот намњесник на германските покраини, Постум, во 260 г. се прогласил за цар и неговата власт ја прифатиле Галија, Британија и Хиспанија. Постум се обидел да се наметне како колега на Галиен, но не успеал. По пропаста на походот против узурпаторот, во 263 г. Галиен го оставил Постум непречено да владее со крајниот запад на Римското Царство. Во историографијата, државата на Постум, која имала свој паралелен сенат, магистрати, одреди на гарда и сл. Обично се нарекува Галоримско или едноставно Галско царство. Сепак, Постум себеси се сметал за римски цар, а не за основач на некој нов државен или политички ентитет. Всушност, неговиот случај илустрира дека локаланата аристрократија и населението, доколку не би добиле навремена и соодветна помош од централните власти, лесно можат да се свртат кон локалниот узурпатор и во него да најдат достоен владетел и заштитник.

Примерот со Постум не бил осамен, туку и Зенобија, кралицата на Палмира, успеала да завладее со источните римски провинции од Египет до Мала Азија (260-273 г.). Меѓутоа, една низа од наследници на Галиен успеала да ја поврати рамнотежата и повторно да го обедини царството. Клавдиј II Готски (268-270 г.) од ГалоРимското Царство ја оттргнал Хиспанија и Нарбонската Галија, а конечен удар му задал Аврелијан со победата кај Шалон на Марна во 273 г. Во текот на битката, соперничкиот цар Тетрик I со својот истоимен син пребегнал кај Аврелија и благодарејќи на тоа подоцна бил поштеден и награден со намесништво во јужна Италија. Претходно Аврелијан го совладал и го припоил источното царство на Зенобија. Така, Римското Царство, по првпат после 260 г., повторно било обединето. Уште еден од војничките цареви, Проб (276-282 г.), бил во можност да ги спречи нападите на варварите во областите на Рајна и да ги обнови локалните градови кои биле разорени и запуштени во претходниот период. Двајца узурпатори, Прокул и Бонос, кои во 281 г. во Келн заеднички се прогласиле за заеднички владетели, биле лесно победени и ликвидирани. Она што било загрижувачко, а што ќе се покаже како голема опасност во иднина, е тоа што Прокул и Бонос ја уживале помошта на Франките од источниот брег на Рајна.

Тетрархијата и династијата на Константин

уреди

Со реформите на Диоклецијан започнува периодот на институционализација на заедничкото владеење и неговото поврзување со територијалната поделба на Царството[4]. Во 286 г. Диоклецијан за свој заеднички владател во ранг на август го поставил својот стар воен другар Максимијан, кој на управување ја добил територијата западно од Дрина и северноафриканскиот рт Сирт. Кога заповедникот на римската флота на Ламанш, Караусиј, се одметнал и се прогласил за цар во Британија, Диоклецијан решил да го прошири царскиот колегиум. Двајцата августи, во 293 г., добиле заеднички владетели и помошници – цезари: Диоклецијан го добил Галериј, а Максимијан - Констанциј I Хлор. Во 296 г. Констанција ја повратил Британија и со тоа ја прекинал можноста да се повтори историјата на царството на Постум. Истата година цезарот однел неколку победи против Алеманите, додека во 297-298 г. Максимијан ги смирил бунтувањата на племињата на Маврите во северна Африка.

 
Тетрарси, порфирна група од почетoкот на IV век која денес се наоѓа во Венеција. Статуата ги претставува деперсонализираните цареви за да го прикаже единството на царскиот колегиум. Воените униформи и рацете на дршките од мечевите ја демонстрираат одлучноста на тетрарсите.

Диоклецијан и Максимијан доброволно се повлекле од власт на 1 мај 305 г. и местото август им го препуштиле на дотогашните цезари. Цезар на Констанциј станал штитеникот на Галериј, Север II на кого му биле доверени Панонија, Италија и Африка, додека со остатокот од царството владеел Констанциј I Хлор. Тетрархискиот систем почнал да се руши кога на 25 јули 306 г. Констанциј починал во Јорк, при што насобраната војска, спротивно од плановите на Диоклецијан, за нов цар го избрала синот на Хлор, Константин. Примерот на Константин набргу го следел и синот на Максимијан, Максенциј, кој за цар на Рим се прогласил со поддршка на сенатот и преторијанците. За разлика од Константин, Максенциј никогаш не бил признат за легитимен цар, но со помош на својот татко, кој се вратил од политичката пензија, успеал да го тргне Север. Накратко, западниот дел од царството бил поделен помеѓу неколку амбициозни владетели. Најпосле, Константин Велики го ликвидирал таткото на својата сопруга, Максимијан, во 310 г. во Битката кај Милвискиот мост, во близина на Рим. Откако на другиот владател кој владеел со него, Лициниј, во 316 г. му ги одзел сите подунавски и балкански територии, освен дијацезата Тракија, Константин ретко се враќал на Запад, поминувајќи го времето во подготовки за натамошни походи. Во 324 г. Лициниј бил отстранет и конечно Константин се наметнал за единствен владател на Римското Царство. Трајна царска резиденција подигнал на Босфорот, на местото на древниот Византион и го нарекол Нов или Втор Рим. Меѓутоа, уште додека бил жив, новиот град неговите современици почнале да го нарекуваат Цариград. Градот бил планиран како раскошна царска резиденција, каква што веќе биле Трир во Германија или Сирмиум (денешна Сремска Митровица) во Подунавјето, но веќе во средината на IV век ги добил сте привилегии како и Рим и со тоа de facto станал втора престолнина на царството. Со тоа политичкиот центар на Римското Царство бил поместен на побогатиот и понаселен Исток.

 
Царството во периодот на тетрархијата

По смртта на Константин во 337 г. се покажало дека Западот и понатаму е политички понестабилната половина на Царството. Најстариот син на Константин, Константин II, во 340 г. бил убиен во судирот со помладиот брат Констанс I, кој оттогаш владеел со Западот, од Британија до Илирик. Една деценија подоцна, во 350 г. Констанс бил срушен од власта во заговор, по што владател на Западот станал високиот офицер со полуварварско потекло Магненциј. Тој во почетокот се обидувал да се склучи примирје со преостанатиот син на Константин, владателот на Истокот, Констанциј II, но сепак започнале непријателствата. Како цезар на Истокот, Констанциј го поставил својот роднина Констанциј Гал, со што си обезбедил лојалност на династијата, а самиот тој тргнал во борба против Магненциј, која била добиена во тешката битка кај Мурса (денешен Осиек) во 351 г. После тоа, во 353 г. Магненциј извршил самоубиство, а недоверливиот Констанциј во 354 г. го погубил цезарот Гал, кој наводно подготвувал бунт. Пред враќањето на Исток, каде што го чекала војна со Персија, на 6 ноември 355 г. во Милано, Констанциј го прогласил својот братучед по чичко, Јулијан, за цезар на кого му е доверена грижата над границата кај Рајна. Учениот Јулијан покажал големо војничко умеење и ја зацврстил римската граница на Рајна со важни победи над Алеманите и Франките. Кога Констанциј му побарал дел од војската поради војната со Персија, легионерите се побуниле и го прогласиле Јулијан за август. Тој вмарширал на Балканот и го обезбедил важното регрутно и со руди богато подрачје, но граѓанската војна била избегната така што Констанциј, на патот кон Запад, починал во Мала Азија на 3 ноември 361 г. После тоа, Јулијан продолжил на Исток и се впуштил во амбициозен поход на Персија, при што загинал на 26 јуни 363 г.

Конeчната поделба

уреди

Почетокот на Големата преселба

уреди

По краткото владеење на царот Јовијан, офицерите собрани во Никеја за цар го избрале Валентинијан I. Уште при церемонијата на преземање на цасрката должност на 26 февруари 364 г., војниците се заканиле со бунт, но Валентинијан ги смирил ветувајќи им дека ќе именува заеднички владател со себе, со што би се избегнала граѓанска војна во случај на негова прерана смрт. Тој го исполнил ветувањето, така што на 28 март истата година во Цариград, својот помлад брат Валенс го прогласил за август-совладател. Нешто подоцна, во близина на Наис (денешен Ниш) браќата го поделиле царството и административниот персонал на два дела, а потоа во Сирмиум, и воените единици. Најзападните територии со кои владеел Валенс биле Тракија во Европа и Киренајка (денешна Либија) во Африка. Валентијан на Рајна водел долга и успешна борба со Алеманите, но најпосле умрел во Бригециона (денешен Комаром во Словачка) во 375 г. како последица на пукање на крвен сад. Го наследил веќе дезигнираниот наследник, синот од првиот брак, Грацијан, но бидејќи тој бил во далечниот Трир, офицерите средиле пред панонската војска да се покаже четиримесечниот Валентинијан II, син на покојниот цар од вториот брак. Расцепот во војската бил спречен и младиот Грацијан владеел во слога со намесниците на уште помладиот Валентијан, на кого му биле препуштени Италија, Илирик и Африка.

 
Колосот од Барлета, статуа на римски цар од IV век, највероjатнo на Валентинијан I. Статуата по традиција е донесена од Цариград по 1204 г. и по бродоломот е донесена во Барлета, Италија. Рацете и нозете се додадени во периодот на ренесансата.

Меѓутоа, голем удар за римскиот свет дошол од исток, каде што во средината на IV век готските племиња биле во постојани приближувања под притисокот на номадските Хуни, кои стигнале во краиштата северно од Црно Море. Хуните покориле разни готски групи, како и Сарматите, Аланите и други народи. Готските пратеници побарале од Валентијан, кој бил трајно вмешан во војната со Персија, да ги прими на територијата на Царството. Во 376 г. тој го дозволил тоа и племето Тервинзи го поминало Дунав и се населило во Тракија. По нив, спротивно на договорот, следеле Грејтунзите и еден дел од Аланите. Случувањата избегале од контрола, посебно кога Готите, поради махинациите на локалните римски великодостојници, се побуниле во 377 г. и почнале да го пљачкосуваат Балканот. Валентијан побрзал од исток, и не чекајќи го внукот Грацијан кој доаѓал, на 9 август 378 г. влегол во отворена битка кај Адријанопол[5] (денешно Едрене, на границата меѓу Бугарија и Турција). Резултатот од битката бил катастрофален бидејќи Готите ја уништиле целата римска војска и го убиле царот[6]. По овој незапаметен пораз, Грацијан за свој источен колега го именувал искусниот војсководач Теодосиј I. Во текот на долготрајната Готска војна, Теодосиј I на крајот ги смирил Готите со дипломатски, а не воени средства. Според договорот од 3 октомври 382 г. Готите, како римски сојузници, биле населени во дијацезата Тракија, а за возврат морале на Римјаните да им испраќаат воени одреди. Новината била во тоа што овие сојузници биле населени на територијата на Царството, што живееле според сопствени закони и војувале под команда на своите водачи.

Варвари и епископи

уреди

Со Теодосиј започнува и клучниот пресврт во христијанизацијата на Римското Царство. Имено, христијаните во првите три века по Исус Христос биле особено бројни во источните провинции на царството, додека поголеми заедници на Запад имало во големите градови како Рим, Картагина и Лугдунум, како и во средоземните провинции. Константин Велики по 312 г. го примил христијанството и ги запрел сите прогони. Кога под негова власт царството било обединето, под царско покровителство, во 324 г. бил одржан Првиот вселенски собор во Никеја, при што се донесени низа одлуки кои се однесувале на догматските и дисциплинарни прашања, бидејќи дотогашната христијанска црква функционирала во тешки услови. Како последица на овој неединствен развој во црквата се појавиле и ралични теолошки и различни дисциплинарни толкувања (на пример, во кои денови треба да се пости). Најзначајно теолошко прашање на Никејскиот собор било прашањето за аријанството, учењето на Ариј од Александрија, кое било осудено како ерес. Иако подоцнежните цареви, како Констанциј II и Валенс го прифатиле аријанството и со сила се обиделе да наметнат единство во црквата, ова учење до крајот на IV век престанало да ја ужива поддршката во царството. Меѓутоа, најпрвин Готите, а потоа и другите варварски народи, како Вандалите и Бургундите го примиле христијанството во аријанска форма, со што дошло до нова поделба на линијата Римјани – варвари.

 
Христијански симболи: Лабарум, воено знаме со христограм на врвот, на реверсот на монетите на цар Константин. По Константин христијанските симболи полека станале дел од римската царска и воена иконографија.

Константин направил уште еден преседан откако одредни судски инстанци им ги доверил на христијанските епископи, со што тие се стекнале и световна моќ. Покрај тоа, христијанската црква добила право да прима подароци и завештенија, со што набргу добила и голема економска моќ. Исто така, Константин за започнал практиката за мешање во теолошките и дисциплинарните прашања, што во пракса значело дека царската власт со законски мерки ќе се бори против следбениците на учењата што црквата ги прогласила за ерес. Од друга страна, Константин ја започнал и традицијата на задужбина, односно изградба на цркви, а нешто подоцна и манастири. До крајот на IV век, само уште еден цар, внукот на Константин, Јулијан, бил поддржувач на традиционалното паганство.

Меѓутоа, на Запад паганите биле далеку побројни, и што е уште поважно, политичката елита претставена во римскиот сенат главно се држела до традиционалната римска вера. Така, Грацијан, по наговор на влијателниот епископ Амвросиј Медиолански, во 382 г. наредил да се тргне древниот Олтар на победата од салата на Сенатот и ги укинал државните субвенции за паганските култови. На жалбата на сенаторите царот одговорил така што ја отфрлил традиционалната титула на римски правосвештеник (pontifex maximus) и му ја препуштил на епископот на градот Рим, т.е. на папата. Нешто порано, во 381 г. во Цариград, Теодосиј го свикал Вториот вселенски собор кој уште еднаш го осудил аријанството. Меѓутоа, најтрајна последица од соборот била воспоставувањето хиерархија на епископиите во христијанската црква, според која по римскиот епископ, кој ја уживал предноста како наследник на главата на апостолот, Свети Петар, следувал епископот на новата царска престолнина – Цариград (кој според легендата го основал братот на Петар, Свети Андриј Првонаречен).

 
Амвросиј Медиолански на римски мозаик од V век изработен во миланската црква посветена на канонизираниот Амвросиј. Влијателниот епископ денес се смета за еден од четирите татковци на Латинската (Римокатоличката) црква, а како светец се почитува и меѓу православните.

Без поддршката на Сенатот, а наскоро и на војската, Грацијан бил убиен во 383 г. во судирот со Магн Максим, командантот на британските легии. После тоа, војсководачот на Валентијан, Баутон, кој имал франачко потекло, успеал да ги блокира алпските превои и новата узурпација била разрешена со дипломатија. Магн Максим бил признат како западен август, чија власт ја признале Британија, Галија, Хиспанија и Африка. Кога во 387 г. западниот август го прекршил договорот и ја нападнал Италија, младиот Валентијан и неговата мајка побегнале кај Теодосиј во Солун. По низа тешки борби на Балканот, Теодосиј, со помош на готските одреди, успеал во 388 г. кај Аквилеја да го порази и да го погуби Магн Максим. Потоа Теодосиј се задржал на Запад сè до 391 г. до кога поважните позиции им ги препуштил на своите луѓе. Неговата посета на Запад била значајна од повеќе причини. Првата била таа што се покажало дека во царскиот колегиум источноримскиот владател е посилен партнер, кој својот избор за совладател може да му го наметне на Западното царство. Вториот аспект било јавното покајание, откако Амвросиј Медиолански го екскомуницирал Теодосиј, низ што царот поминувал со месеци за да се искупи за колежот на околу 7000 бунтовници од Солун. И најпосле, Амвросиј влијаел во 391 г. царот да издаде низа декрети кои биле насочени против паганството. Паганството воопшто не било потполно задушено со овие закони, но бројни традиционални обичаи биле укинати. На пример, бил распуштен колегиумот на весталките и изгасен е вечниот оган на Веста, претскажувањето на иднината по пат на ауспициј станало казниво, а најпосле, во 393 г. биле укинати древните Олимписки игри. Јавното потчинување на Теодосиј на епископот Амвросиј и низата антипагански мерки го означиле крајот на паганството. Теодосиј се вратил на исток и го оставил франкот Арбогаст како врховен воен заповедник на Западот (magister militum). Во рацете на Арбогаст се наоѓала сета власт и младиот Валентинијан во неколку наврати му се пожалил на Теодосиј за неговото владеење. Најпосле, официјално на 15, мај 392 г. Валентинијан извршил самоубиство, но во Цариград почнале сомневањата дека Арбогаст го убил царот. Веќе на 22 август 392 г. за западноримски цар е прогласен Евгениј кој, иако номинално бил христијанин, им пружил поддршка на паганите. Теодосиј одбил да го признае Евгениј за нов цар, туку својот деветгодишен син Хонориј го прогласил за август на Западот на 23 јануари 393 г. Прогласувањето на Хонориј било исто што и објавување војна и Теодосиј започнал нов поход на Запад и на 6 септември 394 г. ги поразил Евгениј и Арбогаст во битката на Фригид. (денешна граница меѓу Италија и Словенија), со што повторно, слично на Константин, го обединил Римското Царство под своја власт.

Слабеење

уреди

Две царства

уреди

Теодосиј Велики неочекувано починал во Милано на 17 јануари 395 г. Сепак, Хонориј веќе бил произведен во август на Западот, токму како и неговиот постар брат Аркадиј, кој бил август на Истокот уште од 383 г. Смртта на Теодосиј во 395 г. обично се смета за пресвртна и дефинтивна година за поделба на единственото Римско Царство на Западно и Источно (Византиско) царство. Меѓутоа, во теорија, Царството и понатаму било единствено и неделливо, а замислената граница требало да се движи, во Европа по реката Дрина, а во северна Африка до врвот Сирт. Западно од оваа линија владеел Хонориј, а источно – Аркадиј.

 
Поделба на Римското Царство во 395 година по смртта на Теодосиј I. Со бели линии се означени границите на денешните држави.
  Западно Римско Царство
  Источно Римско (Византиско) царство

Разидувањето на двата царски сентра, Милано и Цариград, современиците најдобро го согледувале низ соперништвото на велокодостојниците кои ја имале вистинската власт, чуварот на Хонориј, Стилихон, римски војсководач со вандалско потекло, и низата достоинственици на Аркадиј. Стилихон, инаку зет на царското семејство, тврдел дека Теодосиј му ја доверил грижата над двајцата негови синови, а неговата популарност кај германските одреди го правела опасен противник за царевиградските намесници. Меѓутоа, по веста за смртта на Теодосиј, Готите населени во тракија во 382 г. се побуниле и побарале да се направи нов договор со римските власти. Како римски сојузници, Готите дале големи жртви во текот на граѓанските војни на Теодосиј и сега повторно побарале ревизија на договорот. Здружени, потомците на Тервинзите и Грејтунзите, за свој крал го избрале Аларих од фамилијата Балти. Во понатамошниот период тој направил обединување на двете гранки на Готите кои оттогаш биле познати под заедничкото име - Визиготи. Со воени акции, грабежи и палења Аларих се обидувал да ги натера политичарите од Цариград да преговараат, но по паѓањето на големиот коморник Евтропиј во 399 г. се покажало дека ниеден византиски великодостојник не сака да се дискредитира себеси со преговори со Визиготите. Бидејќи на неговиот народ му била потребно постојано престојувалиште и можност за обработка на земјата, Аларих почнал да соработува со Стилихон.

Грабежот на Рим (410 г.)

уреди

Недостатокот на волја за соработка со Аларих меѓу дворјаните на Аркадиј е резултат на краткорочната доминација на војсководачот на Готите, Гајн. Неговата супериорност меѓу простите жители на Цариград разбудило големо непријателство кон Готите и варварските војници, генерално. Кога Гајн се одметнал и се обидел да избега преку Дунав во 400 г. го фатил и го убил кралот на Хуните, Улдин. Во историските извори тоа било прво спомнување на Хуните северно од Дунав. Се чини дека на долината Волга токму во ова време почнале да се населуваат во областите на север од Дунав и во Панонска низина. Натамошното населување на Хуните во почетокот на V век предизвикало реакција слична на настаните од 375. година, само што сега потешко било огодено ЗападноРимското Царство. Веќе во 405 г. готскиот крал Радагајст ги повел своите луѓе од горниот Дунав во Италија, но во 406 г. Стилихон го поразил и го погубил кај Фиренца. Цената на оваа победа била повлекувањето на главнината на римската војска од Рајна, која исто така ја притискале племињата кои се движеле – Вандалите, Свевите, Аланите, Бургундите... Поради постојаната потреба од луѓе, Стилихон му се јавил за помош на Аларих и потоа му наложил да му помогне на Западното царство во придобивањето на балканските територии. Во зимата 406/407 г. Готите се заседнале во Епир, но римската воена помош никогаш не стигнала, бидејќи во меѓувреме се појавиле неколку нови и сериозни проблеми за Стилихон. Првин, на 31 декември 406 г. групи на Вандали, Силинзи и Хаздинзи ја поминале Рајна во друштво со Свевите и Аланите, а ги следеле Бургундите и Алеманите. Второ, поголема опасност за положбата на царот Хонориј претставувал уште еден узурпатор од Британија, Константин III, кој летото 407 г. го преминал Ламанш и до мај 408 г. ја утврдил својата резиденција во Арелат (денешен Арл). Најпосле, војниците на Аларих, кои една година мирувале, се побуниле и нивниот крал ги повел во Италија, за да изнуди од Стилихон решавање на статусот на Визиготите. Директна последица од овие случувања било преместувањето на резиденцијата на Западот од Милано во посигурната Равена.

 
Стилихон и неговото семејство, копија на диптих од слонова коска изработен околу 395 г. чиј оригинал денес се чува во Монца. Стилихон е прикажан со симболи на моќта на врховен војсководач, а левата плоча ја прикажува неговата сопруга Серена, братаница на царот Теодосиј Велики, и синот Еухериј

Стилихон со поткуп краткотрајно го решил прашањето за Визиготите, но и неговата хегемонија на дворот била при крај. Од Цариград стигнала вест дека на 1 мај 408 г. починал царот Аркадиј и престолот му го оставил на својот малолетен син Теодосиј II. Стилихон и Хонориј потоа јавно се судриле околу прашањето кој од нив двајца ќе патува во градот на Константин и ќе ги реши тамошните проблеми. На крајот, непријателите на Стилихон ја пуштиле веста дека восјководачот се подготвува да оди на Исток само за да го симне од престолот малиот Теодосиј и да го постави својот син Еухериј за источноримски цар. Ваквите гласини во Павија предизвикале бунт на војниците во кој настрадале приврзаниците на Стилихон. Самиот стилихон бил обвинет за предавство и бил убиен во Равена на 22 август 408 г. Неговото убиство предизвикало реакција кај сите оние кои биле антиварсварски расположени, така што биле убиени семејствата на околу 13.000 готски војници во Италија. Овие ветерани на Радагајст, кои биле во служба на Рим во 406 г., сега му се придружиле на Аларих.

Откако ги преминал Алпите, готскиот крал во 408 г. го опседнал Рим и го натерал Сенатот да му плати огромна откупнина. Сенаторите побарале од царот, кој бил заштитен со ѕидините и мочуриштата на Равена, да попушти и да склучи поволен договор со Аларих. Исто така, и кралот бил подготвен на компромис и побарал Готите да се населат на тлото на провинцијата Норик и да се снабдуваат со годишното количество жито што ќе го одреди Хонориј. И овојпат царот останал неумолив и во 409 г. Аларих повторно го опседнал Рим, и за уште посилно да го уцени Хонориј, средил градскиот перфект Атал Приск да биде прогласен за август. Бидејќи на Хонориј верна му останала пребогатата дијацеза Африка, Аларих во јули 410 г. го симнал од престолот Атал и започнал нови преговори. На местото на договрениот состанок, на околу 12 км од Равена, визиготскиот крал и неговата придружба ги нападнал римски одред под команда на готскиот заповедник Сар, инаку стар непријател на Аларих. Аларих побеснел и ги повел своите луѓе кон Рим, каде на 24 август 410 г. на Визиготите им биле отворени градските порти. Следувал тридневен грабеж на Рим, која ги згрозила учените провинцијалци, како што биле Аврелиј Августин и Јероним, но всушност тој грабеж не бил разорен. Како поддржувач на аријанското христијанство, Аларих плански ги поштедил римските цркви и обезбедил придружба за христијанското свештеништво. Немало убивање, но Готите ја запалиле зградата на Сенатот. Натоварени со пленот и водејќи угледни заробеници, меѓу кои била и полусестрата на Хонориј, Гала Плацидија, Визиготите тргнале кон југот на Италија. Аларих сакал оттаму да го пренесе својот народ во сигурноста на северна Африка, но бура ги уништила подготвените бродови. Наскоро, како последица на замор, Аларих умрел, а нов крал на Визиготите станал неговиот шура Атаулф.

Обидот за обнова

уреди

Додека Визиготите ја пустошеле Италија, а Константин III владеел со Галија, Вандалите, Аланите и Свевите во 409 г. ги поминале Пиринеите и помеѓу себе ги поделиле провинциите на западот на Хиспанија. По оваа поделба, која поконечна завршница добила во 411 г. , Вандалите Силинзи ја зазеле Бетика, Аланите, кои можеби биле најдоминантната од четирите варварски групи, зазеле две провинции, Картагинесис и Лузитанија, а Вандалите Хаздинзи и Свеви ја зазеле северозападната провинција Галеција.

За тоа време, насилно влијание на дворот во Равена остварил Флавиј Констанциј, наследникот на Стилихон на местото врховен воен заповедник (magister militum). Бидејќи Готите веќе ја напуштале Италија, тој ја реорганизирал римската војска и прво се свртел против узурпаторот Константин, кој бил убиен во 411 г., а потоа и против извесниот противник на царот Јовин, кој бил поразен во 413 г. Јовин се покажал како особено незгоден бидејќи ја уживал поддршката на Визиготите на Атаулф, кои ја промениле страната благодарејќи на подмитувањата. Најпосле, Констанциј ги присилил Визиготите да се повлечат во јужна Галија каде што Атаулф ги зазел Нарбона и Марсеј. Слично како Аларих, Атаулф се обидел да ги натера Хонориј и Констанциј да попуштат така што Приск Атал повторно го прогласил за римски цар. Покрај тоа, во јануари 414 г. Атаулф, спротивно на желбите на Хонориј, се оженил, според римските обреди, со полусестрата на царот Гала Плацидија. Констанциј набрзо наредил општа блокада на јужна Галија така што на Визиготите, кои од 408 г. биле во постојано движење, наскоро им снемало храна. Атаулф се обидел да се снајде така што упаднал на Пиринејскиот Полуостров, но бил убиен во 415 г. од страна на поддржувачите на Сар по падот на Барсин (денешна Барселона). Кога Валиј ја зацврстил својата власт над Визиготите, се согласил на условите на Констанциј, што подразбирало повторно прифаќање на статусот на сојузници и враќање на Плацидија во замена за огромен товар житарици.

 
Солид (златник) на Констанциј III. На реверсот се слават победите на царот. Констанциј е прикажан со воено знаме и Викторија (победа) во рацете, како го гази поразениот непријател.

Визиготите, заедно со Римјаните, во периодот од 416 до 418 г. извршиле неколку походи против варварските племиња населени во Хиспанија. Во овие борби силинзите биле потполно истребени, додека Аланите исто така, поднеле големи жртви. Преживеаните побегнале кај кралот на Вандалите Хаздинзи Гундерих и му ја понудиле својата верност и круната на Аланите. Гундерих ја прифатил понудата и оттогаш ја носел титулата крал на Вандалите и Аланите.

Од друга страна, констанциј не сакал Визиготите да се зацврстат во Хиспанија, па во 418 г. трајно ги населил на бреговите на Гарона во Аквитанија. Визиготите ги добиле градовите Бурдигалу (Бордо) и Толосу (Тулуза), а Царството го задржал средоземниот брег. Во Аквитанија, Визиготите добиле можност да ги уживаат приходите на две третини од земјишниот фонд. Веројатно им бил отстапен добар дел од земјата на царскиот имот, но веројатно и локалните земјопоседници биле приморани да се откажат од дел од земјиштето во корист на дојденците. Робовите и колоните кои дотогаш ја обработувале земјата останале на своите места, но рентата што ја плаќале го променила сопственикот. Ваквата политика го најавила јазот помеѓу провинциските крупни земјопоседници и царскиот двор.

Успесите на Констанциј на краток рок придонеле за теритоеријалното обновување на ЗападноРимското Царство. Во 417 г. тој бил награден со раката на Гала Плацидија, а на 8 февруари 421 г. Хонориј го прогласил за свој совладетел. Сепак, обновувањето се покажало како краткотрајно, пред сè затоа што Царството веќе не можело да го обнови претходниот фискален систем. Британија, која по традиција римските легии ја напуштиле во 407 г., веќе не била вратена под контрола на Равена и островот наскоро станал плен за Саксонците, Англите и Јитите. Западот на Хиспанија исто така бил надвор од дофатот на римските даночници, а и останатите краеви на Италија и Галија биле измачени од воените разорувања. Според законот на царот Хонориј од 412 г. италијанските провинции јужно од Рим, за да се помогне нивното опоравување, требало да плаќаат само една петтина од претходниот данок. Состојбата не се подобрила ни до 418 г., кога на споменатите провинции данокот им бил намален на една седмина. Исто така, и римската војска, посебно на границата на Рајна, во првите децении на V век тешко настрадала. Според Списокот на достоинството (Notitia Dignitatum)[7], ЗападноРимското Царство располагало за 25% помалку од расположливите подвижни, елитни воени единици (comitatus) отколку во 395 г. Квантитативно гледано, војската во 420 г. била побројна од порано, но нејзините можности и опременост биле на пониско ниво.

Крајот на римскиот Запад

уреди

„Последниот вистински Римјанин“

уреди

Воздигнувањето на Констанциј за август никогаш не било прифатено во Цариград, но тој конфликт бил брзо надминат откако мажот на Плацидија умрел на 2 септември 421 г. Гала Плацидија, сега мајка на малиот Валентинијан, се обидела да обезбеди наследство на престолот за својот син, но во 422 г. била протерана и се скрила во Цариград на дворот на Теодосиј II. Хонориј, кој немал деца, умрел на 15 август 423 г. и неговата смрт довела до нови беспошттедни борби кои практично ги уништиле сите придобивки од напорите на Констанциј.

 
Гала Плацидија и нејзините деца, августата е прикажана десно, нејзината ќерка Хонорија во средината, а синот Валентинијан III лево.

Бидејќи во Равена немало претставник на старата династија на Теодосиј, за цар бил избран високиот претставник на бирократијата Јован, но намесникот на дијацезата Африка, Бонифациј, одбил да го прифати неговиот избор, а потоа тоа го сторил и источноримскиот цар Теодосиј II. Потоа Теодосиј испратил војска во Равена која го тргнала узурпаторот Јован, а потоа, на 23 октомври 425 г., Валентинијан III бил прогласен за август на Западот во Рим.

Целата акција била вистинска демонстрација на единството на Римското Царство и на династијата на Теодосиј. Меѓутоа, три дена по погубувањето на узурпаторот, во Италија се појавил восјководачот Аециј кого Јован го испратил по помошните хунски одреди. Аециј, кој некогаш бил заложник кај Готите , а потоа и кај Хуните, ги распуштил своите сојузници и за возврат добил место на врховен заповедник на римската војска во Галија (Magister militum per Gallias). Гала Плацидија се обидела да владее како регент во име на својот малолетен син, и за таа цел одржувала рамнотежа меѓу спротивставените восјководачи. Меѓутоа, кога во 433 г. Аециј го поразил и последниот соперник, царевицата била принудена да му даде почесна титула на патрициј и да го прогласи за врховен командант на римските војски на Западното царство. Од тој момент, па сè до својата смрт во 454 г. Аециј de facto бил владетел на ЗападноРимското Царство.

Додека Римјаните во периодот по смртта на Констанциј потонале во период на меѓусебни судири, варварските племиња ја презеле иницијативата. Визиготите се побуниле во два наврата, во 427 и 439 г., но Аециј и во двата случаја успеал да ги порази и да ги натера да го почитуваат договорот од 418 г. Франките и алеманите биле отфрлени на левиот брег на Рајна, а Бургундите, кои се населиле во околината во околината на Вормс, повторно со помош на Хуните, во 437 г. биле победени во борбата во која загинале нивниот крал Гундахар и околу 20.000 војници. По страдањето, кое ќе послужи како историска основа за познатиот средновековен Еп за Нибелунзите, Ациј ги населил Бургундите во околината на Женевското езеро во 443 г. За возврат на помошта што Хуните му ја дале на Царството ја добиле дијацезата Панонија, односно римските територии меѓу Сава и Тиса. Меѓутоа, Аециј во Галија и Италија успеал да ги надвладее варварите и да го одржи оптовареното Царство, но кога Вандалите и Аланите ја зазеле Африка, на Западното Римско Царство му бил зададен натешкиот удар дотогаш. Под водство на Гејзерих, Вандалите и Аланите во 429 г. го преминале Гибралтарскиот мореуз и до 439 г. ги зазеле најбогатите римски провинции на Африка – Африка Проконзуларис, Бизанцена и источна Нумидија, како и Картагина, најголемиот град на западното Средоземје после Рим. Падот на Африка ги оставил Италија и Рим без драгоцените испораки на жито, а царската благајна без голем дел од годишниот буџет. Аециј на помош го повикал источноримскиот цар Теодосиј II и во почетокот на 441 г. здружената флота на двете царства, која броела преку илјада бродови, се собрала на Сицилија. Меѓутоа, бидејќи Хуните сериозно и се заканиле на Византија, воената акција била прекината уште пред да започне, а во 442 г. Гејсерих бил признат како пријател и сојузник. ЗападноРимското Царство ја повратило контролата над далечната Мавританија и дел од Нумидија, но во рацете на Вандалите останале плодните и богати делови на Африка. Сепак, Гејсерих морал да се обврза дека ќе плаќа данок во жито и дека ќе го испрати својот син Хунерих како заложник во Равена.

"Бичот Божји"

уреди

Некаде околу 433 г. Хуните кои во првите децении на V век биле познати како пљачкосувачи и наемници, се обединиле под власта на двајцата браќа Блед и Атила[8]. Веќе во 441 г. тие ги разориле Виминациум и Сингидунум и во своите напади стигнале сè до околината на Цариград. Новост за Римјаните било тоа што Хуните, за разлика од другите варвари, добро го познавале користењето на справите за опсада, што им овозможувало да ги заземаат големите и добро утврдени градови на римскиот Балкан. Во 443 г. Атила го тргнал својот брат и се смета дека веќе тогаш владеел со разнородните варварски племиња (Готи, Скири, Сармати, Словени...) од Дунав до Кавказ. Накратко, царството на Атила дотогаш било невидена варварска империја во која Хуните биле само еден, но пресуден и одлучувачки фактор. Атила наизменично го ограбувал Балканот и го терал источноримскиот двор постојано да ја покачува висината на данокот. Најпосле, во 450 г. Теодосиј бил наследен од својот зет Маркијан, кој одбил да му плаќа данок на хунскиот крал. Бидејќи на Балканот многу малку останало за ограбување, а Хуните без флота не можеле да се префрлат во богатата Мала Азија, Атила решил да трне во поход на Западното Римско Царство. Според една верзија на случувањата, сестрата на Валентинијан, Хонорија, одбила да се омажи за сенаторот што и го одредил брат и, па на Атила му го испратила својот прстен со печат и го замолила да ја заштити. Овој инцидент хунскиот крал го протолкувал како брачна понуда и како мираз ја побарал половината од Царството. Истовремено, му напишал писмо на Аециј, кој веројатно му бил стар познајник, дека доаѓа да ги казни непријателите на Царството.

 
Походот на Атила во Галија во 451 г.: картата ги прикажува уништените галски градови и движењето на војската на Атила пред пресудната битка на Каталаунските полиња.

Атила собрал огромна варварска војска, која освен од Хуни била составена од Готи, Херули, Скири, Гепиди и многу други, додека Аециј, исто така, собрал шаренолика војска во која имало Римјани, Бургунди, Салиски Франки, Келти од Бретања, а на која, со посредство на галскиот сенатор Авит, и се придружил и визиготскиот крал Теодорих I со своите луѓе. Во април 451 г. војската на Атила упаднала во Галија, разорила неколку градови на северозападот и потоа се обидела да го заземе Орлеан за да обезбеди сигурен премин преку Лоара. Аециј ја прекинал опсадата и тргнал да ја брка војската на Атила на исток. На Каталаунските полиња, веројатно недалеку од денешниот град Троа, дошло до тешка битка меѓу двете војски со нерешен исход. Резултат од битката било натамошното повлекување на Атила, но и согласноста на Аециј понатаму да не ги брка Хуните, кои во толку многу претходни прилики му биле корисна противтежа со другите варвари. Хуните непречено се вратиле во Панонија и Атила уште наредната година упаднал во Италија. Походот на Италија во 452 г. се претворил во низа опсади и војниците на Атила разориле неколку големи градови, вклучувајќи ги и царските резиденции Аквилеја и Милано. На Атила му се отворил патот кон Рим, но набрзо примил високи римски претставници меѓу кои бил и папата Лав I. Хунскиот крал примил богата откупнина и се согласил да се повлече во Панонија. Според хроничарот Хидациј, во текот на долгите опсади меѓу војската на Атила се појавила епидемија, а неговите војници редовно ги вознемирувал Аециј чија војска била засилена со источноримските војници што ги испратил Марцијан. Атила повторно се вратил во Панонија и во почетокот на 453 г. умрел по една од неговите бројни брачни прослави.

Помеѓу Толос, Картагина и Цариград

уреди

Во моментот на смртта на Атила, западноримскиот двор веќе не ја контролирал Британија, околу две третини од Хиспанија, која во тоа време ја зазеле Свевите, делови од Галија, која ја контролирале Визиготите и Бургундите, и северна Африка во која завладеале Вандалите и Аланите. Атила го наследиле трите синови и наскоро хунската превласт ја отфрлиле Гепидите. Според Јорданес, историчар од VI век, по поразот во битката на неидентификуваната река Недау, Хуните се повлекле од средното Подунавје. Наследниците на Атила и понатаму повремено го загрозувале римското Подунавје, но сега биле во постојан судир со претходно потчинетите варварски народи. Исчезнувањето на варварската империја во средна Европа повторно го започнало процесот на понатамошни преселби, делумно и во правец на римските територии.

Исчезнувањето на моќниот непријател и чест сојузник, влијаело и на промената на среќата на Аециј. Под влијание на сенаторот Петрониј Максим, на 21. или 22 септември 454 г. Валентинијан III лично го убил Аециј. Во очите на царот, без притисокот на Хуните, Аециј веќе не бил неопходен. Атентатот само предизвикал нов круг на борби за власт во Рим во текот на кои двајца телохранители на Аециј го убиле царот Валентинијан на 16 март 455 г. Со тоа на Западот исчезнала легитимната династија на Теодосиј и сенаторот Петрониј Максим го наследил престолот еден ден по убиството на царот. Новиот цар веднаш го испратил Авит во Галија да побара воена помош од визиготскиот крал Теодорих II. Тоа била потполна негација на политиката на Констанциј и Аециј за постојан притисок врз Визиготите, како потенцијално најголема опасност по западното царство. Така, Визиготите биле промовирани во главни царски сојузници и во извор на воена моќ. Втората грешка што ја направил Петрониј Максим била тоа што насилно се оженил со вдовицата на Валентинијан, а нејзината ќерка Евдокија ја оженил за својот син. Бидејќи Евдокија веќе била свршена со вандалскиот принц Хунерих, неговиот татко Гејсерих собрал голема флота и најавил дек доаѓа во Рим за да ја исправи навредата за нарушената чест на неговото семејство. На веста дека доаѓаат Вандалите, Петрониј Максим се обидел да побегне од Рим, но на излезот од градот, на 31 мај, по само два и пол месеца владеење, со камења го убил разбеснетиот народ. Пред Гејсерих, кој истиот ден се истоварил на вливот на Тибар, повторно излегол папата Лав I и го замолил вравраскиот крал да го поштеди градот од разорување и убивање и да се задоволи со грабеж. Градските порти на рим им биле отворени на Вандалите на 2 јуни и Вечниот град бил под тринеделен грабеж. Гејсерих со себе во Картагина ја повел царевицата Евдоксија и нејзините две ќерки, од кои Евдокија подоцна била омажена за Хунерих. Неговите војници со себе однеле богат плен, пред сè злато, сребро и бронза, кои можеле да се најдат во Рим. Терминот вандализам, кој обично се поврзува со грабежот на Гејсерих во Рим, се појавил дури во 1794 г. во францускиот јазик.

 
Златник на Петрониј Максимус: царот кој малку владеел е прикажан на реверсот во победнички став кој повеќе ја претставува вообичаената царска иконографија, отколку реалноста.

Кога вестите за пропаста на Петрониј Максим пристигнале во Галија, Авит се прогласил за цар на дворот на Теодорих во Бордо. Галските сенатори во Арл, на 9 јули 455 г., го прифатиле Авит за цар и тој после тоа триумфално тргнал кон Италија, со друштво на визиготските војници. Во страв од Визиготите, двајата највлијателни војсководачи во Италија, Мајоријан и Рицимер, го прифатиле избраниот варварски крал, а Теодорих II успеал и во она што не им пошло од рака ниту на Аларих, ниту на Атаулф. Од друга страна, сега Теодорих добил одврзани раце да војува против Свевите во Хиспанија. Визиготите тешко го опустошиле Пиринејскиот Полуостров и ги потиснале Свевите кон северозападот на Хиспанија. Со тоа Теодорих ја проширил својата влст на западниот дел на Хиспанија. Слично направиле и Бургундите кои ја зазеле долината на Рона сè до Лион, а Гејсерих ја освоил Мавританија, Нумидија и Триполитанија, како и Корзика, Балеарските Острови и Сицилија. Авит, кој во Италија бил прикажан како штитеник на Визиготите, не бил признат за цар од страна на источноримскиот двор. Додека Теодорих војувал по Хиспанија, Авит бил убиен во средината на 456 г.

Рицимер, кој по татко бил Свев, а по мајка внук на визиготскиот крал Валиј, сега врховен командант на западноримската војска (magister militum), го поддржал својот римски колега Мајоријан, кој на 1 април 457 г., бил прогласен за цар, по подолг период во текот на кој источноримскиот цар Лав I форлмално бил владетел на обединетото царство. Овојпат, византискиот цар го признал Мајоријан за совладетел и признавањето го обележал така што Мајоријан, на 28 декември, бил прогласен за цар по вторпат. Изгледа дека главната цел на владеењето на Мајоријан била да ја преземе Африка од Вандалите и заради тоа се обидел да ја обнови римскта власт во јужна Галија и Хиспанија, од каде сакал да тргне во поход против Вандалите. Иако Мајоријан ги натерал Визиготите и Бургундите да попуштат и повторно ги присилил да ги почитуваат сојузничките односи, неговите планови за поход на Африка не се оствариле. Командантот на римската војска во Илирик, Марцелин, летото 461 г. ги избркал Вандалите од Сицилија, а римската флота од околу 300 бродови била разместена по пристаништата на Хиспанија, од Нова Картагина (денес Картагина) до Илик (денес Елче). Итриот Гејсерих сепак насетил од кој правец е планиран главниот напад и вандалската флота ги нападнала и ги запалила римските бродови пред да испловат кон Африка. Поразен пред вистинската битка, Мајоријан тргнал назад во Италија, но на 2 август, на патот бил уапсен од страна на поддржувачите на Рицимер и бил лишен од царските инсигнии. Мајоријан ја изгуфил поддршката на сенаторите ккои се обидел да ги оданочи за да стекне повеќе средства за своите воени планови. Рицимер го симнал од престолот, токму кога Мајоријан ги распуштил галските одреди, и го убил пет дена подоцна.

Конечното паѓање

уреди

На 19. неомври 461 г. нов западноримски цар станал Либиј Север, благодарејќи само на волјата на Рицимер. Против таквиот избор се побунил врховниот командант на римската војска во Галија, Егидиј, стар соборец на Мајоријан, но и Лав I одбил да го признае Либиј Север. Најпосле, и Гејсерих истакнал свој кандидат за престолот, Олибриј, кој бил баџанак на Хунерих. За да го натера Рицимер да го прифати Олибриј и попатно да освои уште некоја територија, Гејсерих редовно ги ограбувал бреговите на Италија. За да се одржи на власт Рицимер морал успешно да ја брани Италија, а за тоа мубила потребна помошта на источноримскиот цар. Во ноември 465 г. Либиј Север е тргнат од престолот и започнале долготрајни преговори меѓу Рицимер и Лав I.

 
Монети на Либиј Север со монограмот на Рицимер: спротивно на обичаите, монограмот на врховниот командант на војската, Рицимер (RCM), го краси реверсот на парите и укажува на вистинскиот владетел со царството.

Дури на 12 април 467 г. за цар бил прогласен источноримскиот војсководач Антемиј, зет на Маркијан и некогашен противкандидат на Лав. Набргу Антемиј стигнал во Италија во придружба на илирските одреди на Маркијан. Рицимер станал зет на Антемиј и ја испразнил ризиницата на источноримскиот двор, вложувајќи 103.000 фунти злато (околу 46 тони) за да го исфинансира походот над Вандалите. Во јуни 468 г. флота од 1.100 бродови со околу 30.000 војници испловила од Цариград по команда на шурата на Лав, Василиск. Во исто време, Маркијан и неговите одреди од Илирик повторно ја зазеле Сицилија, а потоа и Сардинија. Севкупно, римската војска можела да брои околу 50.000 вооружени луѓе. Веројатно планот на Василиск бил да го заземе градот Утика и оттаму да тргне во напад по копно на вандалската престолнина Картагина. Римската флота се укотвила кај ртот Бон, но токму како и во 461 г., Гејсерих стапил во акција пред Василсик да има шанса да го оствари својот план. Вандалите, користејќи го поволниот ветар што дувал од североисток, запалиле неколку бродови кои потоа ги испратиле во правец на римската армија. Според описот на Прокопиј, ексепдицијата ја зафатила вистинска катастрофа, голем број бродови биле зафатени од огнот, дел од војниците и морнарите се удавиле, а еден дел биле зарабени. Василиск побегнал назад во Цариград и се измолил за прошка благодарејќи на својата сестра, царевицата Верина. Источноримската ризница била потполно исцрпена и со својата економска и штедлива политика ја опоравил и наполнил дури царот Анасатасиј I, во почетокот на VI век.

Неуспехот на римскиот поход над Вандалите од 468 г. денес се смета за настан кој конечно ја запечатил судбината на Западното Римско Царство. Антемиј сега владеел само со Италија и Сицилија директно, додека царската власт ја признавала и северна Галија, која била под управа на синот на Егидиј, Сиагриј. Некаде околу 460 г. римската власт постепено престанала да се чувствува и во провинцијата Норик, меѓу Алпите и Дунав. Според Житието на Свети Северин, кое монахот Евгипиј го составил во 510 г., кога парите од царската ризница престанале да пристигнуваат, римската војска во Норик почнала постепено да се намалува. Така, професионалните војници станале земјоделци и занаетчии кои сè уште жилаво ги бранеле своите населби од грабежите на варварите. Некои градови пак, со текот на времето ја прифатиле власта и заштитата на кралот Ругијац, но други биле постојана мета на напади на Алеманите, Херулите и Остроготите. Според зборовите на хагиографите, до смртта на Северин во 482 г. само ретки римски градови опстанале, додека локалните Романи често биле преселувани во склад со потребите на варварските племиња. Веројатно ситуацијата во Норик може да се примени како илустрација за случувањата во другите делови на римскиот запад. Како и да е, Антемиј веќе не бил во можност да ги брани римските територии северно од Алпите. Братот на Теодорих, Еурих, ја искористил пропаста на походот на Африка и веќе во 469 г. ја проширил власта на Визиготите сè до реката Лоара на север. Големите градови како Арл и Марсеј сè уште биле надвор од дофатот на варварите, но Еурих ги опседнувал скоро секоја година. До 473 г. Визиготите го зазеле и средоземниот брег на Хиспанија. Последниот обид на Антемиј да организира поход на Визиготите завршил со пораз во 471 г. После тоа, Рицимер и дефинитивно се свртел против антемиј, го опседнал во Рим и на крајот го погубил на 11 јули 472 г.

 
Биста на источноримскиот цар Лав I: Бистата, изработена околу 470 г., го прикажува царот Лав кој скоро до самиот крај се обидувал да го спаси ЗападноРимското Царство, дури и по цена на потполно празнење на царевиградската ризница во 468 г.

Бидејќи неговиот штитеник бил во неволја, Лав го испратил Олибриј во Италија за да се обиде да посередува меѓу царот и Рицимер. И пред Антемиј официјално да биде тргнат од престолот, Олибриј бил прогласен за цар во април 472 г. Потоа Антемиј бил симнат од престолот и убиен, но тоа се покажало како последен триумф на Рицимер, бидејќи моќниот восјководач умрел на 18 август. Олибриј не го надживеал долго, бидејќи умрел од хидропсија на 2 ноември истата година. Положбата на Рицимер и улогата на сивата еминенција ја наследил неговиот сестричник Гундобад, принцот на Бургундија. Неговиот избор паднал на Глицериј, командант на гардата на доместиците (comes domesticorum). Глицериј бил прогласен за цар на 3 март 473 г., но набргу останал без најсилната поддршка, откако Гундобад во почетокот на 474 г. ја напуштил италија за да учествува во борбата за престолот во бургундија, откако неговиот татко Гундиох умрел. Глицериј не бил прифатен во Цариград и Лав I му одобрил на командантот на илирската војска Јулиј Непот, сестричникот на Марцелин, да го заземе западноримскиот престол. Во летото 474 г. Јулиј Непот се истоварил во римското пристаниште Остија и потоа без борба влегол во Рим и го натерал Глицериј да го напушти престолот. Глицериј морал да прифати да биде епископ на Салона (денешен Сплит) во Далмација.

Од друга страна, варварските кралства на западот зајакнале во текот на римските судири и Јулиј Непот во 474 г. му ги признал на Еурих сите освојувања во Галија и Хиспанија. Непот ги препуштил градовите кои долго се спротивставувале на Визиготите во замена за Прованса. Истата година Лав ги признал освојувањата на Гејсерих со што Византија практично се откажала од понатамошните потфати на Запад. Во самата Италија, Непот, како човек од истокот, не бил претерано популарен и на 28 август 475 г. ја напуштил Италија и се вратил во Далмација под притисок на командантот на војската Орест, поранешен секретар на Атила. Потоа, на 31 октомври 475 г. Орест го прогласил својот син Ромул за цар. Новиот август Ромул бил сè уште дете на околу десетгодишна возраст и поради тоа бил запомнет под деминутивот Августул. Превратот на Орест не бил прифатен ниту во Цариград, ниту во галскиот Соасон, каде Сиагриј продолжил да кова пари во име на Јулиј Непот кој сега владеел само со Далмација. Орест успеал да го симне од престолот Јулиј Непот, но немал пари за да ја исплати војската која го направила превратот. Варварските одреди на Скирите и Ругијците, кои стапиле во служба на Рим по распадот на царството на Атила барале барем да им се подари земја во Италија. Орест одбил да спроведе населување на варварските наемници во Италија, но за возврат дошло до бунт предводен од поглаварот на Скирите, Одоакар. Тој прво го совладал Орест кај Плацентиј на 28 август, а потоа и неговиот брат Павле на 4 септември 476 г. Младиот Ромул Августул бил симнат од престолот и испратен на еден имот во Кампанија[9].

 
Златник на Одоакар искован во име на источноримскиот цара Зенон: Парите ја потврдуваат формалната власт на Зенон над Италија. Во практиката Одоакар бил независен владетел, прв варварски крал на Италија, древниот центар на Римското Царство.

Откако ги обезбедил своите војници, Одоакар испратил делегација сенатори во Цариград кај царот Зенон. Во исто време Зенон примил и делегација на подзаборавениот Јулиј Непот. Римските сенатори сметале дека нема потреба да се именува западен цар и изјавиле дека ја прифаќаат власта на Зенон. Источноримскиот цар го прифатил нивниотпредлог да го именува Одоакар за патрициј, всушност царски намесник во Италија. Договорот предвидувал Јулиј Непот да остане западноримски цар и дури ја наговестувал можноста за негово враќање во Италија. Одоакар бил против таквото решение и пролетта 480 г. наводно Јулиј Непот бил отруен по налог на Одоакар. Труењето го извршил епископот на Салона, Глицериј, кој сега бил награден со местото архиепископ на Милано.

Со смртта на Јулиј Непот била завршена низата од западноримски цареви. Сепак, симнувањето од престолот на Ромул Августул се смета за пресвртен момент, почнувајќи од Прокопиј кој своите раскажувања за историјата на Италија го започнал со случувањата од 476 година.

 
Западното и Источното Римско Царство во 476 г.: Власта на царевите до 476 г. не се протегала подалеку од Италија, а во Галија и Далмација им припаѓала на локалните римски војсководачи.

Список на западноримските цареви

уреди

Гало-Римското Царство

уреди

Тетрархијата и Константиновата династија

уреди

Нединастиски владетел

уреди

Династијата на Валентинијан

уреди

Династијата на Теодосиј

уреди

Нединастиски владетели

уреди

Литература

уреди
  • J. B. Bury, History of the Later Roman Empire, From the Death of Theodosius I to the Death of Justinian, I, London 1923. — at LacusCurtius - ISBN 0486203980
  • P. Heather, The Fall of The Roman Empire, A New History, London 2005. - ISBN 0330491369
  • D. S. Potter, The Roman Empire at Bay, AD 180-395, London - New York 2004. - ISBN 0415100585
  • E.A. Thompson, Romans and Barbarians, The Decline of the Western Empire, London 1982. - ISBN 029908700X

Наводи

уреди


  Статијата „Западно Римско Царство“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).