Август (лат.: Augustus = "величествен", "возвишен", или "почитуван") е староримска титула што за првпат на 16 јануари 27 г. п.н.е., како когномен (прекар), од страна на Сенатот му била дадена на царот Гај Јулиј Цезар Октавијан[1] и која потоа вообичаено им се давала на блиски роднини на царот. Женска форма на титулата е Августа.

Монета од периодот на царот Диоклецијан - на десната страна се гледа титулата август

Иако употребата на когноменот Август воопштено се сфаќа само како начин за идентификување на царот Октавијан Август, ова донекаде е погрешно; всушност, тоа е најзначајниот назив поврзан со името на царот, иако не претставувал некаков вид на официјална законска титула сè до III век, кога на царскиот престол седнал Диоклецијан. Оттогаш називот станал повеќе формален, укажувајќи на единствен владетел на Империјата, во чии раце била концентрирана сета моќ.

Грчкиот еквивалент на титулата е sebastos, или хеленизирано augoustos. По падот на Империјата користењето на зборот не било невообичаено како име што им се давало на мажите во Европа кои имале аристократско потекло, особено во земјите на Светото Римско Царство.

Поврзано уреди

Наводи уреди