ФК Манчестер Јунајтед

англиски фудбалски клуб
(Пренасочено од Manchester United)

ФК Манчестер Јунајтед (англиски: Manchester United F.C.) — професионален фудбалски клуб од Манчестер, Англија, кој се натпреварува во Премиер лигата, највисокото фудбалско натпреварување во англискиот фудбалски систем. Познат под прекарот "Црвени ѓаволи", клубот бил основан под името Њутн Хит во 1878 година, го променил своето име во Манчестер Јунајтед во 1902 година, и започнал да игра на сегашниот стадион Олд Трафорд во 1910 година.

Манчестер Јунајтед
Грб на Манчестер Јунајтед
Целосно имеФудбалски клуб Манчестер Јунајтед
ДржаваАнглија Англија
ПрекарЦрвени Ѓаволи (The Red Devils)[1]
Основан1878; пред 145 години (1878), како „Њутн Хит“
1902; пред 122 години (1902) како „Манчестер Јунајтед“
Бои          црвена и бела
СтадионОлд Трафорд
Капацитет74.879
СопственикМанчестер Јунајтед д.о.о. (NYSEMANU)
СопретседателСАД Џоел и Аврам Глејзер
МенаџерХоландија Ерик тен Хаг
ЛигаПремиер лига Премиер лига
2022-2023Премиер-лига, 3. место
Мреж. местоОфицијално мрежно место
Домашни бои
Гостински бои
Резервни бои
Тековна сезона

Манчестер Јунајтед е најуспешен клуб во Англија, со освоени рекордни 20 национални титули, 12 титули во ФА Купот, 5 титули во Лига Купот и рекордна 21 титула во ФА Комјунити шилд. Клубот исто така трипати ја освоил УЕФА Лигата на шампионите, еднаш УЕФА Лигата на Европа, еднаш УЕФА Купот на победниците на куповите, еднаш Суперкупот на УЕФА, еднаш Интерконтинеталниот куп и еднаш Светското клупско првенство. Во сезоната 1998–99, клубот станал прв во историјата на англискиот фудбал кој во една сезона успеал да ги освои титулите во Премиер лигата, ФА купот и Лигата на шампионите.[2] Во сезоната 2016–17, со освојувањето на Лигата на Европа, Манчестер Јунајтед станал само петти клуб во историјата кој ги освоил сите три клупски натпреварувања на УЕФА.

Во минхенската авионска несреќа во 1958 година загинале осум играчи на клубот. Во 1968 година, под водство на Мет Базби, Манчестер Јунајтед станал првиот англиски клуб кој го освоил Европскиот куп. Алекс Фергусон со клубот освоил 38 титули како тренер, вклучувајќи 13 титули во Премиер лигата, 5 титули во ФА купот и 2 титули во Лигата на шампионите помеѓу 1986 и 2013 година.[3][4][5] Моментален тренер на клубот е Оле Гунар Солшер.

Во сезоната 2015–16, Манчестер Јунајтед бил фудбалски клуб со најголема заработка во светот со годишен приход од 689 милиони евра,[6] и највреден фудбалски клуб во светот во 2017 година, проценет на 2.86 милијарди фунти.[7] Од јуни 2015 година, клубот е највреден фудбалски бренд во светот, со проценка дека вреди 1.2 милијарди долари.[8][9] Откако започнал да циркулира на Лондонската берза во 1991 година, клубот бил купен од Малколм Глејзер во мај 2005 година за речиси 800 милиони фунти, со што клубот бил повлечен од берзата, за во август 2012 година повторно да биде понуден со првична јавна понуда на Њујоршката берза. Манчестер Јунајтед е еден од најпопуларните клубови во светот,[10] и негови најголеми фудбалски конкуренти се Ливерпул, Манчестер Сити и Лидс Јунајтед.

Историја

уреди

Почетоците на клубот (1878–1945)

уреди
 
Табела која го покажува напредокот на Манчестер Јунајтед во англиската лига 1892-93 да се претстават

Клубот е основан под името Њутн Хит (англ. Newton Heath L&YR F.C.) во 1878 година, како клуб на работниците од железницата „Ланкашир и Јоркшир“ од Њутн Хит. Во тоа време дресовите биле зелено-златни. Првите 15 години играле на малото игралиште „Норт Роуд“ (англ. North Road), кое се наоѓало во близина на идната железничка станица Манчестер Пикадили (англ. Manchester Piccadilly). Во 1893 година клубот се преселува во блиското гратче Клејтон, на улицата Бенк. Претходната година клубот почнува да се натпреварува во фудбалската лигата, и ги раскинува врските со железницата со што се осамостојува и го менува името во Њутн Хит Наскоро после тоа во 1902 година, клубот е на работ на банкрот, со долгови од 2.500 фунти, при што им е затворен стадионот.

 
Манчестер Јунајтед 1905-1906

Точно кога требало клубот да биде затворен, претседателот на претпријатието Манчестер Бруерис (англ. breweries=пиварници), господинот Ј. Х. Дејвис, решил да инвестира во клубот, со што го спасил од пропаѓање. Според легендата, Хери Стафорд, капитен на клубот, им го покажувал своето наградувано куче бернардинец на спонзорите на клубот. Тогаш Ј. Х. Дејвис сакал да го купи кучето, но Хери Стафорд тоа го одбил и успеал да го убеди Дејвис да инвестира во клубот и да стане негов претседател. Наскоро е одлучено клубот да го смени името. Имало повеќе предлози меѓу кои Манчестер Централ и Манчестер Селтик, но на крајот, на предлог на италијанскиот имигрант Луис Роче, е одлучено клубот да се преименува во Манчестер Јунајтед. Така, службено Манчестер Јунајтед, почнал да постои од 26 април 1902 година. Исто така претседателот Дејвис одлучил да ги промени клупските бои и ги избрал црвената и белата како бои на Манчестер Јунајтед.

По оставката на Џејмс Вест на 28 септември 1902 година, за спортски директор на клубот е назначен Ернест Мангнал. Тој ја добил довербата и задачата да го внесе клубот во прва лига. За малку ќе му успеело уште во првата сезона кога клубот завршува на 5-та позиција во втората лига. Тогаш, Мангнал, одлучил во клубот да донесе нови играчи, меѓу кои голманот Хери Могер, во одбраната Дик Дакворт и напаѓачот Џон Пикен. Меѓутоа најголем впечаток оставил друг одбранбен играч по име Чарли Робертс, кој во клубот пристигнал од Гримсби Таун за тогаш рекордни 750 фунти, во април 1904 и му помогнал на клубот да стигне до 3-то место во сезоната 1903-1904, со што ги делел само бод од второто место кое водело во повисок ранг.

Наскоро потоа, во сезоната 1905-1906, го освоиле второто место и со тоа добиле прилика за првпат да играат во првата лига под новото име. Својата прва прволигашка сезона клубот ја завршува на 8-мото место. Во 1907 година, градскиот соперник Манчестер Сити е под истрага дека на некои свои играчи давал плата повисока од тогаш дозволената. Фудбалскиот сојуз клубот го казнил со 250 фунти, а на осумнаесет играчи им забраниле доживотно да не играат за Сити. Тоа го искористиле Јунајтед и во клубот пристигнале играчи како Били Мередит (велшкиот волшебник) и Санди Трнбал. Новите играчи имале право да заиграт за клубот дури наредната сезона, па така дале голем придонес за освојувањето на титулата во 1907-1908. Во таа сезона клубот имал 10 последователни победи и завршил со 9 бода предност пред второ пласираната Астон Вила.

Следната сезона освојуваат уште 2 трофеја Черити Шилд и ФА Купот. Најголеми заслуги за освојувањето на трофеите имале Трнбал и Мередит кои одлично ја одиграле целата сезона, а Турнбул го постигнал победничкиот гол во финалето од ФА купот. За следната титула клубот морал да чека 2 години со освојувањето на титулата во сезоната 1910-1911. Во меѓувреме клубот се преселил на нов стадион Олд Трафорд. Првиот натпревар на новиот стадион се одиграл на 19 февруари 1910 година против Ливерпул, доживеале пораз 3-4 и покрај водството од 3-0. Без трофеј останале наредната сезона 1911-1912 која била и последна сезона под раководство на Мангнал, кој после 10 години во Јунајтед преминал во Манчестер Сити. Таа сезона е и првата од наредните 41 кога Јунајтед ќе ја освои титулата повторно.

Наредните 10 години клубот постепено ослабувал, па во 1922 година испаднал во втора лига. Во 1925 година се враќаат во првата лига но веќе 1931 повторно отпаѓаат во втората. За време на Втората светска војна, клубот паѓа на најниската 20 позиција во втора лига, која воедно е и најниска во историјата на клубот. Уште еднаш влегле во првата лига, за веднаш да испаднат и повторно се вратат во прва лига во сезоната 1938-39. Го освоиле 14-то место со што сиобезбедиле понатамошно играње на прволигашки фудбал.

Ерата на Сер Мет Базби (1945–1969)

уреди
 
"Бебињата" на Базби во 1955 година во Данска

Во 1945 година за менаџер на клубот е назначен Мет Базби (англ. Matt Busby). При назначувањето тој поставил невообичаени услови за работа во тоа време. Инсистирал сам да ја бира екипата, сам да одлучува кој играчи ќе ги доведе во клубот и сам да ги води тренинзите. Всушност, поради тие услови тој бил избркан од Ливерпул, бидејќи таму сметале дека тоа се работи на управата. Меѓутоа, Јунајтед ги прифатил неговите иновативни идеи. Првото засилување кое го донел Базби не бил играч туку помошник тренер Џими Марфи. Наскоро, невообичаениот пристап кон водењето на клубот почнало да дава резултат. Клубот бил трипати по ред второпласиран во првенството на Англија и тоа во сезоните 1947, 1948 и 1949, а во 1948 го освоиле и ФА Купот. Тие успеси најмногу се постигнати благодарение на 3 играчи радени во Манчестер: Стен Пирсон, Џек Роули и Чарли Митен (стрелци во финалето од ФА Купот) како и Аленби Чилтон.

Чарли Митен го напушта клубот во 1952 година и заминува во потрага за подобра плата во Колумбија. Истата година клубот конечно ја освојува титулата. Меѓутоа, Базби знаел дека за клубот не се доволни само искусни играчи и почнал да регрутира играчи од младинската школа на клубот. Во почетокот на младите играчи, како Роџер Бирн, Бил Фоулкс, Марк Џонс и Денис Вајлет, им било потребно време да се прилагодат на играта па затоа во сезоната 1953 завршиле на осмото место. Меѓутоа, набргу потоа во сезоната 1956, Јунајтед станува првак, притоа просечната старост на играчите била 22 години, а биле постигнати и 103 гола. Меѓу најперспективните играчи на клубот, кои тогаш имале прекар бебињата на Базби бил Данкан Едвардс. Момчето од Дадли, дебитирало со дресот на Јунајтед во 1953 година со само 16 години. Тие кои го гледале како игра зборувале дека тој може да игра на било која позиција и дека станува збор за најдобар играч што дотогаш се појавил. Во сезоната 1956-57 повторно стануваат прваци и играат во финалето на ФА Купот, каде се поразени од екипата на Астон Вила. Следната сезона Јунајтед станува првиот англиски клуб кој се натпреварувал во Европскиот куп. Стигнале до полуфиналето каде се поразени од екипата на Реал Мадрид. На патот кон полуфиналето ја оствариле и најголемата победа во историјата на клубот (до денес), победувајќи го белгиски Андерлехт со 10-0 на Мејн Роуд.

 
Плакета на Олд Трафорд во спомен на оние кои загинале во авионската несреќа во Минхен

Голема трагедија го погодува клубот наредната сезона. После натпреварот со Црвена Ѕвезда во Европскиот куп, се урнал авионот при полетувањето од аеродромот во Минхен, каде слетале да наполнат гориво. Така на 6 февруари 1958 година трагично ги губат животите 8 играчи на Јунајтед и тоа: Џеф Бент, Роџер Бирн, Еди Колман, Данкан Едвардс, Марк Џоунс, Дејвид Пег, Томи Тејлор и Лиам „Били“ Уилан. Во трагедијата животот го загубиле уште 15 луѓе меѓу кои и тројца членови на управата Волтер Крикмен, Берт Вејли и Том Кери. Како причина за трагедијата се наведува растопениот снег на крајот на пистата поради кој авионот губел брзина и не можел да полета. После 2 неуспешни обида, авионот конечно полетува но губи контрола и паѓа врз куќи (за среќа ненаселени) кои се наоѓале во близина на аеродромот. И покрај тоа што бил тешко повреден голманот Хери Грег, плашејќи се да не експлодира авионот ги извлекува на сигурно Боби Чарлтон (дебитирал за клубот само 18 месеци порано) и Денис Вајлет. На лице место загинале 7 играчи, а Данкан Едвардс им подлегнал на повредите наредниот ден во болница. Меѓу преживеаните бил и Џони Бери, но поради тешките повреди морал да ја прекине кариерата. Минхенските доктори немале голема надеж за Мат Базби дека ќе преживее, но за среќа тој се опоравил од тешките повреди и бил пуштен од болница после 2 месеци.

Почнале да се шират гласини дека клубот ќе се повлече од сите натпреварувања, но тоа не се случило и клубот продолжил да се натпреварува под раководство на помошник тренерот Џими Марфи. И покрај несреќата, таа сезона играле во финалето на ФА Купот каде биле поразени од Болтон. Наредната сезона УЕФА понудила на Англискиот сојуз во Европскиот куп да се натпреваруваат и шампионот Вулверхемптон и Јунајтед во чест на загинатите, но тоа било одбиено од страна на англичаните. Таа сезона Јунајтед го освојува второто место во домашното првенство што е одличен резултат за екипа која загубила 9 играчи.

Во почетокот на 60-сетите, Базби почнал да гради нова екипа. Во клубот довел играчи како Денис Ло и Пет Креранд, притоа грижејќи се и за младите играчи. Тогаш во сениорската екипа дошол еден од најдобрите играчи на клубот во целата негова историја, детето од Белфаст, Џорџ Бест. Брзоногиот играч можел да пробие низ секоја одбрана без разлика колку добра била таа. Клубот го освојува ФА Купот во 1963 година, но во првенството завршува на 19 место. Освојувањето на купот бил голема мотивација и клубот наредните две сезони завршува на второ место, а во сезоните 1965 и 1967 стануваат прваци. Најголемиот успех на клубот доаѓа 1968 година кога станува првиот англиски клуб кој го освојува Европскиот куп (денешна Лига на шампиони). Во финалето е поразена португалска Бенфика со 4-1, предводена од Еузебио. Прогласени се и 3 играчи од клубот за најдобар европски играч Боби Чарлтон, Денис Ло и Џорџ Бест.

Мет Базби го напушта клубот во 1969 година и него го наследува тогашниот тренер на резервната екипа Вилф Мекгинис.

Периодот од 1969 до 1986

уреди
 
Брајан Робсон бил капитен на Манчестер Јунајтед 12 години, најдолго од било кој друг играч.[11]

Екипата предводена од Мекгинис го зазела разочарувачкото осмо место во сезоната 1969-70, па после слабиот старт и нередната сезона Мекгинис е сменет и вратен да го тренира резервниот состав, а за тренер повторно се враќа Базби. И покрај тоа што по неговото враќање екипата бележи позитивни резултати, само после 6 месеци, Базби го напушта клубот засекогаш. Во меѓувреме клубот загубил и неколку важни играчи меѓу кои и Ноби Стајлс и Пет Серанд.

Менаџерската функција му е понудена на Џок Стајн, кој со Селтик го освоил Европскиот куп. Но, и покрај усниот договор тој во последен момент се откажал и за менеџер е назначен Френк Оферел. Тој се задржал на тоа место многу кратко - само 18 месеци, но успеал да доведе неколку млади талентирани фудбалери, меѓу кои Мартин Бјухен кој бил купен од Абердин за 125.000 фунти.

Томи Дохерти станува менаџер кон крајот на 1972 година. „Докторот“ успеал да го спаси клубот од испаѓање, но тоа не му пошло од рака во сезоната 1974, откако клубот го напуштиле „златната тројка“: Бест, Ло и Чарлтон. Денис Ло во 1973 година преминува во градскиот соперник Манчестер Сити и постигнал гол против, со што клубот испаднал во втората лига.

Во клубот се донесени Лу Макари, Стјуарт Хјустон и Брајан Гринхоф со цел да ги заменат на Бест, Ло и Чарлтон, но никој не бил толку добар како нив.

Уште во првиот обид клубот изборил враќање во елитата со помошта на младиот Стив Копел кој дошол од Транмере Роверс. Истата сезона успеале да се пласираат во финалето на ФА Купот кеде се поразени од екипата на Саутхемптон. До финалето успеале да дојдат и во 1977 година и овој пат го освоиле, победувајќи го Ливерпул со 2-1. И покрај добрите резултати и големата популарност меѓу навивачите Доерти е отпуштен, поради аферата која ја имал со жената на физиотерапевтот.

Негов наследник бил Дејв Секстон во 1977 година. Под негово раководство клубот играл дефанзивен фудбал што воопшто не им се допаѓало на навивачите, кои биле навикнати да гледаат напаѓачки фудбал, како што претпочитале Дохерти и Базби. Најголеми засилувања биле Џо Џордан, Гордон Мекквин, Гери Бејли и Реј Вилкинс, но дефанзивниот стил на Секстон не донел резултати, при што само еднаш во 4 години завршиле на второ место и еднаш играле во финалето на ФА Купот каде биле поразени од Арсенал. Поради неуспесите Секстон е отпуштен во 1981 година, иако Јунајтед ги добил последните 7 натпревари под негово водство.

Негов заменик бил Рон Аткинсон, кој веднаш по доаѓањето го соборил тогашниот рекорд за трансфер доведувајќи го Брајан Робсон од Вест Бромвич. Сите предвидувале блескава кариера на Робсон, дури дека ќе биде најдобриот играч во средината во историјата на клубот, подобар дури и од Данкан Едвардс. Во клубот се донесени и играчи како Џеспер Олсен, Пол Мекграт и Гордон Страхан, како и Норман Вајтсајд и Марк Хјуџис од јуниорската екипа. Со овој состав клубот го освоил ФА купот двапати за три години, во сезоните 1983 и 1985. Во сезоната 1985-86 важат за најголеми фаворити за освојување на шампионската круна и ја започнуваат сезоната со 10 последователни победи. Веќе во октомври имаат 10 бодови повеќе од најблискиот конкурент. Во продолжение на сезоната формата на екипата драстично опаѓа и сезоната ја завршуваат на 4-то место. Лошата форма продолжила и на почетокот на следната сезона, клубот се наоѓал во зоната на испаѓање и во ноември 1986 година Рон Аткинсон добил отказ.

Ерата на Сер Алекс Фергусон, пред тројната круна (1987-1999)

уреди
 
Алекс Фергусон е менаџер на Манчестер Јунајтед од ноември 1987

Алекс Фергусон пристигнал во клубот од Абердин како наследник на Рон Аткинсон и од зоната на испаѓање успева да го донесе клубот до 11 место на табелата. Наредната сезона 1987-88 година клубот ја завршува на второто место, а Брајан Мекклер станува првиот, после Бест, играч на Јунајтед кој постигнал повеќе од 20 голови во една сезона.

Меѓутоа, наредните две сезони клубот не играл според очекувањата како и неколкуте засилувања кои ги привлекол Алекс Фергусон. Тој во 1990 година бил пред отказ, но победата од 1-0 над Нотингем Форест во 3-то коло од ФА Купот со голот на Марк Робинс му ја спасува кариерата. Подоцна го освојуваат ФА Купот со победа над Кристал Палас.

Јунајтед го освојува за првпат Куп на победниците на куповите во 1991 година, победувајки ја шпанска Барселона во финалето. Наредната сезона е разочарувачка бидејќи го губат првенството од лутиот соперник Лидс. Истата 1991 година клубот излегува на Лондонската берза, акциите достигнуваат вкупна вредност од 47 милиони фунти.

Доаѓањето на Ерик Кантона во ноември 1992 година се покажа како многу значаен момент за клубот. Тој заедно со играчите како Гери Палистер, Денис Ирвајн и Пол Инс како и младиот талент Рајан Гигс се најзаслужни за освојувањето на лигата во 1993 година. За првпат после 1967 година Манчестер Јунајтед е шампион. Следната сезона за првпат во својата историја ја освојуваат двојната круна (лигата и ФА купот). Успеваат да ја одбранат титулата следната година со помошта на харизматичниот Рој Кини, кој пристигна во клубот од Нотингем Форест и набрзо стана капитен на екипата. Истата 1994 година е тажна година за Јунајтед, бидејќи е пропратена со смртта на легендарниот менаџер и директор на клубот Сер Мат Базби кој почина на 20 јануари 1994 година.

Во сезоната 1994-95, Ерик Кантона добива осум месеци суспензија поради напад на навивач на Кристал Палас, кој го навредил на расна основа. Наредната сезона клубот завршува на втората позиција во лигата и е поразен во финалето на ФА купот од Евертон. Тогаш Фергусон ги разлутил навивачите со продажбата на неколку клучни фудбалери и доведувањето на млади играчи од јуниорската екипа, меѓу кои Дејвид Бекам, Гери Невил, Фил Невил и Пол Сколс. Младите играчи за изненадување играле многу добро и како резултат на добрата игра таа сезона повторно ја освоиле двојната круна во 1996 година. Тоа е првпат во историјата некој англиски клуб двапати да ја освои двојната круна. Тој потфат е познат како „дабл-дабл“.

Сезоната 1996-97 победуваат во лигата и Ерик Кантона го објавува своето повлекување од фубалот на 30 години. Наредната 97-98 ја запознуваат добро но на крајот завршуваат втори зад лутиот соперник Арсенал.

Тројна круна (1998-1999)

уреди

Сезоната 1998-99 е најуспешна во историјата на Манчестер Јунајтед. Тогаш станал првиот европски клуб кој ја освоил тројната круна (Премиер лигата, ФА Купот и Лига на шампиони) во една иста сезона. Лигата ја освоиле со победата во последното коло над Тотенхем Хотспар со 2-1. Тоа бил првиот чекор кон тројната круна кој Алекс Фергусон го објаснува како најтежок.

Во финалето на ФА Купот е совладан Њукасл Јунајтед со 2-0 со головите на Теди Шерингам и Пол Сколс.

Во последниот натпревар за сезоната, во финалето на Лигата на шампионите е поразен минхенски Баерн Минхен. И покрај тоа што до 90-тата минута од натпреварот резултатот бил 1-0 во корист на германците, со два гола во продолжението - еден на Теди Шерингам и еден на Оле Гунар Солшер, Јунајтед станал првак на Европа. Ова финале се смета како еден од најголемите “камбекови“ во историјата на Лигата на шампиони. Тогаш Алекс Фергусон ја добива титулата Сер, за исклучителни заслуги во фудбалот.

Неверојатната сезона клубот ја завршува со победа од 1-0 во финалето на Интерконтиненталниот куп, над бразилскиот Палмеирас во Токио.

Период после тројната круна (1999-2006)

уреди
 
Рајан Гигс е најверниот играч во Англиската фудбалска историја.[12]

Јунајтед ја освои Премиер лигата 2000 и 2001, но новинарите овие две сезони ги прогласија како разочарувачки поради неуспехот во Лигата на шампиони. Во 2000 година, клубот стана еден од основачите на G-14, група на водечките европски клубови. Фергусон почна да применува дефанзивна тактика, но тоа не донесе успеси ниту во Европа ниту во Премиер лигата, каде во сезоната 2002 завршија на 3-то место. Во сезоната 2002-03 повторно ја освоија лигата, но наредната сезона не ја одбранија. Сезоната почнала добро но обликот на екипата драстично опадна по осуммесечната суспензијата на Рио Фердинанд поради непојавување на допинг тест. Сепак 2004 година го освоија ФА Купот, победувајќи го во финалето на Милвол.

Сезоната 2004-05 е окарактеризирана како сезона во која екипата не постигнува голови. Главна причина за тоа е повредата на главниот напаѓач Руд Ван Нистелрој. Таа сезона Јунајтед ја заврши без трофеј и на 3-то место во лигата. Не успееја да ја освојат ниту “утешната“ награда, ФА Купот, губејќи на пенали во финалето од Арсенал. Надвор од теренот главна тема беше можноста клубот да биде купен од страна на американскиот магнат Малколм Глејзер.

Јунајтед лошо ја почна и сезоната 2005-06. Капитенот Рој Кин го напушти клубот и премина во Селтик, откако јавно ги критикуваше на некои свои соиграчи поради слабата игра. Таа сезона клубот првпат не успеја да ја мине фазата по групи во Шампионската лига, откако беа поразени од португалска Бенфика. Сезоната беше пропратена и со многу повредени играчи, како Габриел Хајце, Алан Смит, Рајан Гигс и Пол Сколс. Сепак таа сезона Јунајтед го освои Лига купот, победувајќи го во финалето на новиот Премиерлигаш Виган Атлетик со 4-0. Сезоната ја завршија на второто место, кое им овозможи директен пласман во Лигата на шампионите. Таа сезона клубот го напушти еден од најдобрите светски напаѓачи Руд ван Нистелрој и замина во Реал Мадрид поради несогласувања со Алекс Фергусон.

Период на лигашка доминација и повторно искачување на врвот во Европа

уреди
 
Гигс и Невил презентација на трофејот на Премир лигата 2006-07.

Сезоната 2006-07 Јунајтед се вратил на својата препознатлива напаѓачка игра и тактика. Така постигнаа 20 гола повеќе на 32 натпревари од второ пласираниот Челси. Во јануари 2007 клубот потпишал двомесечен договор, на позајмица, со шведскиот напаѓач Хенрик Ларсон. Со негова помош клубот стигна до полуфиналето на Лигата на шампиони, каде бил поразен од Милан (5-3 вкупен резултат)

После четири години, на 6 мај 2007, Манчестер Јунајтед повторно ја освои Премир лигата, откако Арсенал и Челси играа нерешено 1-1, а Манчестер Јунајтед победи ден пред тоа во градското дерби против Манчестер Сити. Toa e 9-та титула во 15 годишната историја на Премиер лигата. Клубот играше и во финалето на ФА Купот но беше поразен од Челси со 1-0 во дополнителното време. Ова финале се играше на новиот Вембли, првпат откако стариот стадион беше срушен седум години порано.

Сезоната 2007-08 Манчестер Јунајтед успеа да ја одбрани титулата, победувајќи го Виган Атлетик со 0-2 во последното коло, а нивниот најблизок конкурент Челси одигра нерешено 1-1 против Болтон. Така Јунајтед со два бода предност ја освои 17-та титула во својата историја.

 
Лига на шампиони 2007-08

На 21 мај 2008. Манчестер Јунајтед победи во првото англиско финале во Лигата на шампиони, победувајќи го лондонски Челси. Во регуларниот тек на натпреварот резултатот беше 1-1. Голот за Јунајтед го постигна Кристијано Роналдо во 27 минута, по прекрасниот центар шут на Вес Браун. Кон крајот на првото полувреме резултатот го изедначи Френк Лампард по една полуконтра и конфузија во одбраната на Манчестер Јунајтед. Во продолжението црвен картон доби напагачот на Челси, Дидје Дрогба. Победникот се доби после изведувањето на пенали. Манчестер Јунајтед победи со 6-5. За Јунајтед промаши Кристиано Роналдо, а за Челси Џон Тери (капитен) и Николас Анелка. Ова е трета титула за Манчестер Јунајтед во Лигата на шампиони.

Наредната сезона 2008-09 Манчестер Јунајтед успеа да го задржи својот најдобар играч во тој момент Кристијано Роналдо кон кој имаше огромен интерест од страна на Реал Мадрид. Тоа се покажа како многу важен потег, затоа што португалецот имаше огромен придонес во освојувањето на 18-тата титула во Англискиот фудбал. Благодарение на тандемот Роналдо-Руни кој постигна 30 голови, Јунајтед ја одбрани титулата со 4 бода повеќе од второпласираниот Ливерпул. Истата сезона екипата стигнува и до финалето на Лигата на Шампионите, но таму не успева да ја одбрани титулата бидејќи во финалето тие губат од Барселона со 2-0.

Следната сезона се случува тоа што не се случи минатото лето и Кристијано Роналдо го комплетира својот трансфер во Реал за сума од рекордни 80 милиони £. Тоа веднаш се почувства и екипата ја губи титулата во Премиер лигата завршувајќи на 2. место зад шампионот Челси. Јунајтед сезоната ја завршува со еден трофеј, освоен е Лига купот, со победа од 2-1 над Астон Вила на Вембли откако головите на Мајкл Овен и Вејн Руни донесоа пресврт во натпреварот. Руни е топ-реализатор на екипата оваа сезона постигнувајќи 34 голови во сите турнири.

Рекордната 19-та титула и заминувањето на Фергусон

уреди

Сезоната 2010-2011 е многу важна во историјта на клубот затоа што тие ја освојуваат својата рекордна 19-та титула во Англискиот фудбал и се издвојуваат како најтрофејна екипа во Англија со една титула повеќе од Ливерпул. Иако Јуанјтед во почетокот на октомври заостанувал цели 9 бодови зад тогашниот водач Челси со една фантастична форма во вториот дел од сезоната Јунајтед го презел врвот. Тие имаа и неверојатен скор на домашен терен од 18 победи и само еден нерешен резултат во 19 натпревари на Олд Трафорд. Титулата била обезбедена на едно коло пред крајот кога Вејн Руни го израмнил резултатот преку реализиран пенал во 73-тата минута со што му донел потребниот бод (1-1) на својата екипа против Блекберн Роверс, за и математички Јунајтед да ја освои рекордната 19 титула. Важен придонес за титулата имал и напаѓачот Димитар Бербатов кој бил најдобар стрелец во првенството со 20 голови.

Екипата била одново финалист во Лигата на Шампионите, но одново е поразен од истиот противник како пред 2 години. Овојпат Барселона победила со 3-1.

После Фергусон

уреди

Стадион

уреди
 
Олд Трафорд

Олд Трафорд или познат како Театарот на соништата, прекар кој го добил од Сер Боби Чарлтон. Во својата скоро 100 годишна историја бил домаќин на многу значајни фудбалски натпревари и дом на многу фудбалери кои оставиле значаен белег во историјата на фудбалот.

Стадионот е дом на Манчестер Јунајтед од далечната 1910 година. Во текот на Втората светска војна е бомбардиран и тешко оштетен. Клубот е принуден да ги игра своите натпревари на стадионот на Манчестер Сити сè до 1949 година кога е завршена обновата на Олд Трафорд.

Денес, Театарот на соништата е нејголем клупски стадион во Англија и еден од најмодерните во светот. Неверојатни 1.705.696 гледачи ги посетиле домашните натпревари на Манчестер Јунајтед во сезоната 2005-06. Во 2006 година е завршена доградбата на северозападниот и североисточниот сектор на стадионот со што капацитетот се зголеми на 76.212 седишта.

Играчи

уреди

Состав

уреди
Бр. Позиција Играч
1   ГМ Давид де Хеја
2   ОД Виктор Лиделоф
3   ОД Ерик Баји
4   ОД Фил Џонс
6   СР Пол Погба
7   НП Алексис Санчес
8   СР Хуан Мата
9   НП Ромелу Лукаку
10   НП Маркус Рашфорд
11   НП Антони Марсијал
12   ОД Крис Смолинг
13   ГМ Ли Грант
14   СР Џеси Лингард
Бр. Позиција Играч
15   СР Андреас Переира
16   ОД Маркос Рохо
17   СР Фред
18   ОД Ешли Јанг
20   ОД Диого Дало
21   СР Андер Ерера
22   ГМ Серхио Ромеро
23   ОД Лук Шо
25   ОД Антонио Валенсија  
27   СР Маруан Фелаини
31   СР Немања Матиќ
36   ОД Матео Дармијан
39   СР Скот МекТоминај

Позајмени играчи

уреди
Бр. Позиција Играч
24   ОД Тимоти Фосу-Менса (во Кристал Палас до 30 јуни 2018)[13]
32   ГМ Сем Џонстон (во Астон Вила до 30 јуни 2018)[14]
43   ОД Камерон Бортвик-Џексон (во Лидс Јунајтед до 30 јуни 2018)[15]

Тренерска историја

уреди

Досегашни менаџери

уреди
Години[16] Менаџер Белешки
1878–1892 Непознато
1892–1900   A. Х. Албут
1900–1903   Џејмс Вест
1903–1912   Ернест Магнол
1912–1914   Џон Бентли
1914–1922   Џек Робсон
1922–1926   Џон Чепман Прв менаџер што доаѓа надвор од Англија
1926–1927   Лал Хилдитч Менаџер со најкратко работење во клубот, и единствен играч-менаџер
1927–1931   Хермер Бамлет
1931–1932   Валтер Крикмер
1932–1937   Скот Данкан
1937–1945   Валтер Крикмер
1945–1969   Mет Базби
1969–1970   Вилф МкГинис
1970–1971   Mет Базби
1971–1972   Френк О’Фарел Прв менаџер надвор од Велика Британија
1972–1977   Tоми Дочерти
1977–1981   Дејв Секстон
1981–1986   Рон Аткинсон
1986–2013   Сер Алекс Фергусон Менаџер со добиено најголем број на признанија и со најдолг работен век во клубот.[17]
2013–2014   Дејвид Мојес
2014–2016   Луј ван Гал
2016-2018   Жозе Мурињо
2018-   Оле Гунар Солшер

Трофеи

уреди

Домашни

уреди
1907-1908, 1910-1911, 1951-1952, 1955-1956, 1956-1957, 1964-1965, 1966-1967, 1992-1993, 1993-1994, 1995-1996, 1996-1997, 1998-1999, 1999-2000, 2000-2001, 2002-2003, 2006-2007, 2007-2008, 2008-2009, 2010-2011, 2012-2013
1908-1909, 1947-1948, 1962-1963, 1976-1977, 1982-1983, 1984-1985, 1989-1990, 1993-1994, 1995-1996, 1998-1999, 2003-2004, 2015-2016
1991-1992, 2005-2006, 2008-2009, 2009-2010, 2016-2017
1908, 1911, 1952, 1956, 1957, 1965, 1967, 1977, 1983, 1990, 1993, 1994, 1996, 1997, 2003, 2007, 2008, 2010, 2011, 2013, 2016

Европски

уреди
1967-68, 1998-99, 2007-08
1991
1999, 2008
1991
2017

Рекорди

уреди

Надворешни врски

уреди
Официјални

Наводи

уреди
  1. „Manchester United Football Club“. premierleague.com. Premier League. Архивирано од изворникот на 2015-03-15. Посетено на 9 June 2012.
  2. „BBC ON THIS DAY - 14 - 1969: Matt Busby retires from Man United“. bbc.co.uk.
  3. „The 49 trophies of Sir Alex Ferguson - the most successful managerial career Britain has ever known“. The Independent. London: Independent Print. 8 May 2013. Посетено на 30 October 2015.
  4. Stewart, Rob (1 October 2009). „Sir Alex Ferguson successful because he was given time, says Steve Bruce“. The Daily Telegraph. London: Telegraph Media Group. Посетено на 11 May 2011.
  5. Northcroft, Jonathan (5 November 2006). „20 glorious years, 20 key decisions“. The Sunday Times. London: Times Newspapers. Архивирано од изворникот на 2007-03-09. Посетено на 24 June 2010.
  6. „Man Utd: Premier League club named world's leading revenue-generating club“. BBC Sport. 19 January 2017. Посетено на 20 January 2017.
  7. „Man Utd back on top of Forbes' most valuable list at £2.86bn“. Sky Sports. 6 June 2017. Посетено на 6 June 2017.
  8. „Manchester United is 'most valuable football brand'. BBC News (British Broadcasting Corporation). 8 June 2015. Посетено на 8 June 2015.
  9. Schwartz, Peter J. (18 April 2012). „Manchester United Again The World's Most Valuable Soccer Team“. Forbes Magazine. Посетено на 5 May 2012.
  10. Hamil (2008), p. 126.
  11. Barnes et al. (2001), p. 110.
  12. „Ryan Giggs wins 2009 BBC Sports Personality award“. BBC Sport. British Broadcasting Corporation. 13 December 2009. Посетено на 11 June 2010.
  13. „Fosu-Mensah joins Crystal Palace on loan“. ManUtd.com. Manchester United. 10 August 2017. Посетено на 10 August 2017.
  14. Marshall, Adam (14 July 2017). „Johnstone to spend season at Villa“. ManUtd.com. Manchester United. Посетено на 14 July 2017.
  15. „Borthwick-Jackson joins Leeds on loan“. ManUtd.com. Manchester United. 7 August 2017. Посетено на 7 August 2017.
  16. Barnes et al. (2001), pp. 54–57.
  17. „Managers: Sir Alex Ferguson“. ManUtd.com (Manchester United). Посетено на 3 December 2010.
  Статијата „ФК Манчестер Јунајтед“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).