Џорџ Бест (англиски: George Best) (22 мај 1964 - 25 ноември 2005) — северноирски професионален фудбалер кој настапувал на позицијата крило за Манчестер Јунајтед и репрезентацијата на Северна Ирска. Во 1968 година, тој го освоил Европскиот куп со Јунајтед и бил именуван за Европски фудбалер на годината и за Фудбалер на годината според Сојузот на фудбалски писатели. Според ирскиот фудбалски сојуз и управниот орган на репрезентацијата, тој бил „најдобриот играч што некогаш го облекол зеленот дрес на Северна Ирска“.[1]

Џорџ Бест
Бест во националниот дрес 1976
Лични податоци
Полно име Џорџ Бест
Роден на 22 мај 1946(1946-05-22)
Роден во Белфаст, Северна Ирска
Починал на 25 ноември 2005(2005-11-25) (возр. 59)
Починал во Лондон, Англија
Висина 5 ст 9 ин (1.75 м)
Позиција Крило
Среден ред со напаѓачки задачи
Младинска кариера
1961–1963 Манчестер Јунајтед
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1963–1974 Манчестер Јунајтед 361 (137)
1974Џуиш Гилд (позајмен) 5 (0)
1974Данстејбел Таун (позајмен) 0 (0)
1975 ФК Стокпорт Каунти 3 (2)
1975–1976 ФК Корк Селтик 3 (0)
1976 Лос Анџелес Ацтекс 23 (15)
1976–1977 ФК Фулам 42 (8)
1977–1978 Лос Анџелес Ацтекс 32 (12)
1978–1979 Форт Лаудердејл Страјкерс 28 (6)
1979–1980 ФК Хибернијан 17 (3)
1980–1981 Сан Хосе Ертквејкс 56 (21)
1980–1982 Сан Хосе Ертквејкс (фудбал во сала) 21 (33)
1982 Си Би 2 (0)
1982 ФК Хонгконг Ренџерс 1 (0)
1983 АФК Борнмут 5 (0)
1983 Брисбејн Лајенс 4 (0)
1983 Озборн Парк Галеб 1 (1)
1983 ФК Њунитон Таун 0 (0)
1984 ФК Тобермор Јунајтед 0 (0)
Вкупно 604 (238)
Репрезентација
1964–1977 Северна Ирска 37 (9)

Роден и израснат во Белфаст, Бест ја започнал фудбалската кариера во Англија во Манчестер Јунајтед, кои го забележале неговиот талент на возраст од 15 години. Тој бил многу успешен во Јунајтед, постугнувајќи 179 гола на 470 настапи во период од 11 години. Неговиот стил бил карактеристичен по брзината, рамнотежата, користењето на двете нозе, можноста да постигнува голови и лесно да поминува одбранбени играчи. Бест неочекувано го напуштил Јунајтед релативно рано во 1974 година на 27 години, но се вратил во фудбалот во голем број на клубови низ целиот свет, но таму поминувал многу кратко време и конечно се пензионирал во 1983 година на 37 години. Во меѓународниот фудбал, тој постојано бил одбиран кога бил подготвен и настапил на 37 натпревари за Северна Ирска и постигнал девет голови во периодот од 1964 до 1977 година. Сепак, играта на неговиот репрезентација не овозможила да се покаже неговиот талент во европските или светските првенства.

Талентот и харизмата на Бест биле толку големи што тој станал еден од првите фудбалери кои биле и славните личности, но неговиот екстравагантен животен стил довел до различни проблеми, од кој најголем бил алкохолизмот, од кој страдал до крајот на животот. Овие проблеми влијаеле на него на и вон фудбалскиот терен низ целата неговата кариера и во време создавале контроверзија.[2] За својата кариера често кажувал дека: „90% од парите ги трошев на жени, алкохол и брзи автомобили. Останатиот дел го трошев на глупости“.[3] По завршувањето на фудбалската кариера, проблемите со финансиите и здравјето продолжиле. Тој умрел во 2005 година на возраст од 59 години поради компликациии од имуносупресивните лекови кои морал да ги пие откако контроверзно добил дозвола за пресадување на црн дроб во 2002 година.[4] Продолжил да пие и после пресадувањето на црниот дроб.[5] Бест двапати бил во брак со две поранешни модели, Енџи Бест, а потоа и Алекс Бест. Неговиот син, Калум Бест, е роден во 1981 година од неговиот прв брак.

Пред смртта, Бест бил изгласан на 16-тото место во изборот за ФИФА Светски играч на векот во 1999 година според Интернационалната федерација за фудбалска историја и статистика и бил еден од 22-те лица кои влегле во Англиката фудбалска сала на славните во 2002 година; Во 2004 година бил изгласан на 19-тото место во јавниот избор на Златниот јубилеј на УЕФА, а од Пеле бил именуван за еден од 125-те најдобри живи фудбалери во светот.[6] По неговата смрт, за неговиот 60-ти роденден, Градскиот аеродром во Белфаст бил преименуван во Градски аеродром Џорџ Бест како признание за неговата фудбалска брилијантност. Според ББС, посетителите на неговиот јавен погреб во Белфаст го паметеле како „убаво момче со убава игра“.[7] Описот не неговото место во фудбалската историја е најдобро искажан во реченицата: „Марадона - добар, Пеле - подобар, Џорџ Бест (анг. најдобар)“.

Млади години и семејството

уреди

Џорџ Бест бил прво дете на Дики Бест (1919-2008) и Ен Бест (1922-1978). Пораснал во Крегаг, источен Белфаст. Бест бил воспитан во презвитеријанската религија.[8] Татко му бил член на Порткаловиот ред и како момче, Бест го носел знамето во неговалата локална ложа. Во автобиографијата, Бест споменал дека Редот бил многу важен за неговото семејство.[9] Тој имал четири сестри; Керол, Барбара, Џули и Грејс и еден брат - Ијан. Таткото на Џорџ починал на 16 април 2008 година, на возраст од 88 години, во болницата Алстер во Дандоналд, Северна Ирска.[10] Мајката на Бест починала од кардиоваскуларна болест поради алкохолизам во 1978 година, на возраст од 55 години.[11]

Во 1957 година, на 11 години, откако го завршил основното училиште, се запишал во гимназијата Гросвенор, но наскоро почнал да денгуби бидејќи во тоа училиште се играло рагби. Потоа Бест се префрлил во средното училиште Лиснасараг каде што можел да се концентрира на фудбалот. Додека растел, тој бил навивач на Гленторан и Вулверхемптон Вондерерс.[12]

Клупска кариера

уреди

Манчестер Јунајтед

уреди

На 15 годишна возраст, скаутот на Манчестер Јунајтед, Боб Бишоп, го пронашол Бест во Белфаст, а телеграмата која му ја пратил на менаџерот Мет Базби гласела: „Мислам дека ти најдов генијалец“.[13][14] Неговиот локален клуб Гленторан претходно го одбил бидејќи бил „премногу мал и слаб“.[15] Потоа, Бест отишол на проба кај главниот скаут на Јунајтед Џо Армстронг кој подоцна го потпишал. Кога првпат се преселил во новиот клуб, Бест набрзо станал носталгичен и останал само два дена пред да се врати во Северна Ирска.[16] Потоа се вратил во Манчестер и поминал две години како аматер, бидејќи англиските клубови не смееле да тренираат млади играчи до Северна Ирска; Тој добил работа како доставувач по течението на каналот во Манчестер и така можел да тренира со клубот двапати неделно.[17]

Бест дебитирал во Првата англиска лига на 17 години на 14 септември 1963 година против Вест Бромвич Албион на Олд Трафорд во победата од 1-0.[18] Потоа бил вратен во резервите, пред да го постигне првиот гол во вториот настап во победата од 5–1 против Барнли на 28 декември.[18] Менаџерот Мет Базби од тогаш го задржал во тимот и до крајот на сезоната 1963/1964 имал 26 настапи, потигнувајќи шест гола. Таа сезона Манчестер Јунајтед завршиле втори, четири бода зад Ливерпул. Исто така, стигнале во полуфиналето од ФА Купот, каде што поразот од Вест Хем Јунајтед му оневозможило на Бест да постави нов рекорд; Во финалето Хауард Кендал, играчот на Престон Норт Енд станал најмладиот играч кој играл во финале на ФА Купот (тој е роден на ист ден со Бест).[19]

Иако противниците често користеле груба игра за ја спречат неговата техничка способност, Базби се погрижил Бест да се справи со таквите тешки предизвици преку свиреп и некогаш брутален тренинг.[20] Во сезоната 1964/1965, неговата прва целосна сезона како првотимец, Бест му помогнал на Манчестер Јунатед да ја освои титулата.[21] Победата од 1-0 на Еланд Роуд се покажала како решавачка бидејќи победникот бил одлучен на гол-разлика меѓу „Црвените Ѓаволи“ и нивните соперници Лидс Јунајтед; Но Лидс успеале да се одмаздат на некој начин со тоа што ги победиле Манчестер Јунајтед во полуфиналето на ФА Купот.[21] За време на целата сезона, Бест придонел со 14 гола во 59 настапи.[21]

Тој го постигнал првиот гол во натпреварот од Черити Шилдот во 1965 година кој се одиграл на Олд Трафорд и завршил со резултат 2-2 против Ливепул.[22] Бест навистина се прославил на 19 години, кога постигнал два гола во четвртина-финалето од Европскиот куп против Бенфика на Естадио да Луз на 9 март 1966 година. Португалските медуми го нарекле „O Quinto Beatle“, или „Петтиот Битл“. Неговиот талент и харизма наскоро го направиле омилен на јавноста и медиумите. Имал и други прекари како што се „Момчето од Белфаст“, а често бил нарекуван и Џорџи или Горди на белфастски акцент.[23] Сепак, Јунајтед не успеал да освои трофеј во сезоната 1965/1966, а Бест бил повреден од 26 март па сè до крајот на сезоната со свиткано колено по старот на еден играч од Престон Норт Енд.[24] Сепак, персоналот на Јунајтед тврделе дека лигаментот му е малку повреден за да го задржат Бест на теренот до крајот на сезоната.[24] Тој не му верувал многу на медицинсиот персонал на Јунајтед, па потајно го посетил физиотерапевтот на Гленторан, кој му ги наместил лигаментите со болна постапка.[25] Неговиот последен натпревар таа сезона бил на 13 април, каде што играл со преврзано колено, а Јунајтед загубиле со 2-0 од Партизан Белград на стадионот Партизан.[26]

Сезоната 1966/1967 повторно била успешна и Манчестер Јунајтед ја освоил титулата со разлика од четири бода. Бест изјавил дека „Ако првенството се решаваше на домашните натпревари, ќе победуваваме секоја сезона. Овој пат нашите настапи на гостински терен ја направија разликата. Бевме во одлична форма“.[27] Целата сезона ја играл во добра форма и постигнал 10 гола на 45 настапи. Потоа им помогнал на Црвените Ѓаволи да го поделат Черити Шилдот по ремито од 3-3 со победниците во ФА Купот, Тотенхем Хотспар. Тој бил првиот настап кој бил емитуван во боја на Британската телевизија.[28]

Бест постигнал два гола против соперниците Ливерпул во победата од 2-0 на Енфилд, а постигнал и хет-трик против Њукасл Јунајтед во победата од 6-0 во претпоследниот натпревар од сезоната. Сепак, поразот на домашен терен од локалните соперници Манчестер Сити скапо ги чинел, бидејќи Сити ја освоиле титулата со два бода повеќе од Јунајтед. Сепак, сезоната 1997/1998 ќе биде запамтена меѓу навивачите на Јунајтед по освојувањето на Европскит куп. Откако ги поразиле Хиберниан од Малта, Јунајтед ги поминале и југословенските Сараево со победата од 2-1 на домашен терен. Бест му асистирал на Џон Ештон за првиот гол, а потоа го постигнал и вториот. По тој натпревар Џофри Грин од „Тајмс“ го опишал како: „Главна фигура на шаховската табла... Играч полн со имагинација, играч кој се однесува како магионичар на теренот“. Во четвртина-финалето, Јунајтед го победил полскиот клуб Горник Забже со вкупен резултат од 2-1 и успале да ја одржат таа предност на смрзнувачки температури пред 105 000 гледачи на стадионот Силесиан. Иако на тој наптревар загубиле со 1-0, Бест го опишал поразот како „еден од нашите најдобри настапи, ако се земат предвид тешките околности“ Во двобојот против шест-кратниот шампион Реал Мадрид во полуфиналето, Бест го постигнал единствениот гол на домашен терен после удар од 13 метри кои Алекс Степни го опишал како еден од најдобрите голови на Бест. Во реваншот на Сантјаго Бернабеу, Бест бил добро маркиран од Мануел Санчис Мартинес, но единствениот пат кога успеал да го помине, Бест му нафрлил на Бил Фолкс, кој дал гол и израмнил на 3-3, по што Јунајтед победиле со вкупен резултат од 4-3. Неколку денови откако се вратил во Англија, како најдобар стрелец во Првата лига (го делел првото место со Рон Дејвис од Саутемптон со по 28 гола), Бест ја добил наградата Фудбалер на годината и станал најмладиот играч кој воопшто ја примил оваа награда. Во финалето на Европскиот куп на Вембли, Манчестер Јунајтед се соочиле со португалска Бенфика. Во регуларниот дел, натпреварот завршил со резултат од 1-1 и почнале да играат продолженија. По само 3 минути во продолженијата, Бест успеал да го “издрибла“ голманот Хосе Енрике и постигнал гол. Потоа, Брајан Кид и Боби Чарлтон постигнале по уште еден гол и натпреварот завршил со резултат од 4-1. Оваа победа не била најдобириот момент само во кариерата на Бест, туку и на Манчестер Јунајтед, ако се земе предвид дека, 10 години претходно, поголемиот дел од Базбиевите Бебиња загинале во минхенската авионска несреќа. Бест ја добил и наградата за Европски играч на годината во 1968 година, откако добил повеќе гласови од Боби Чарлтон, Драган Џаиќ и Франц Бекенбауер. Тоа значело дека тој освоил три главни почести во клупскиот фудбал на возраст од само 22 години (титули во Првата англиска лига и Европскиот куп и Европски играч на годината). После тоа, неговото пропаѓање полека започнало.

“Светото тројство“ на Бест, Ло и Чарлтон останало делотворно во сезоната 1968/1969. Сепак, новите играчи на клубот не се докажале многу и Јунајтед ја завршил сезоната на 11-тото место пред Базби да се пензионира. Бест подоцна изјавил дека постојано имал чувство дека тој го носи целиот товар на тимот на својот грб. Постигнал 22 гола на 55 натпревари, а само тој и Денис Ло постигнале повеќе од шест лигашки голови. Во Интерконтиненталниот куп, навивачите и играчите со нетрпение го очекувале двомечот со аргентинскиот тим Естудиантес де ла Плата. По натпреварите кои завршиле со пораз од 1-0 на Естадио Камило Сисеро и реми од 1-1 на Олд Трафорд, Бест изјваил дека никој тим не играл повалкано од аргентинскиот. Во натпреварот на домашен терен, Хосе Хуго Медина го клоцнал и плукнал Бест, по што тој му удрил тупаница, па и двајцата играчи биле испратени во соблекувалната.

И покрај лошата форма во лигата, Јунајтед успеал да стигне до полуфиналето на Европскиот куп (имале релативно лесни противници во ирскиот Вотерфорд Јунајтед, белгискиот Андерлехт и австрискиот Рапид Виена) каде што биле поразени со вкупен резултат од 2-1 од Милан. На Сан Сиро, Милан победиле со 2-0, а на реваншот на Олд Трафорд, голманот Фабио Кудичини бил херој на Миланезите бидејќи дозволил да прими само еден гол.

Јунајтед малку се подобрил под водство на новиот меначер Вилф Мекгинис, но сепак завршиле на осмото место во сезоната 1969/1970. Бест постигнал 23 гола, вклучуваќи и шест во победата од 8-2 против Нортемптон Таун во ФА купот. Во 2002 година, британската јавност го изгласала ова постигнување на 26-тото место на списокот од 100 најдобри спортски моменти. Базби се вратил како менаџер во декември 1970 година, но сепак и сезоната 1970/1971 завршила без трофеј. Бест почнал да запаѓа во неволји поради дисциплината; Фудбалскиот сојуз го казнил што добил три жолти картони за непримерно однесување, а Јунајтед го суспендирале на две недели откако го пропушил возот за натпреварот на Стемфорд Бриџ за да помине викенд со глумицата Синеад Кјузак.

Под менаџерската палка на новиот менаџер Френк О’Ферел, Јунајтед завршил на осмото место во сезоната 1971/1972. Најдобрите игри на Бест вклучувале хет-трикови против Вест Хем Јунајтед и Саутемптон, како и голот против Шефилд Јунајтед откако успеал да помине четири противнички играчи. Сепак, исто така добил црвен картон на натпреварот против Челзи, бил предмет на смртни закани и не отишол на тренинг цела недела во јануари за да помине некое време со Колин Мур, Мисот на Велика Британија во 1971 година.

Со 27 голови на 54 настапи, Бест завршил како најдобар стрелец на тимот по шеста и последна сезона. По крајот насезоната, Бест најавил повлекување од фубалот, но сепак се појавил на претсезонските тренинзи и продолжил да игра. Пропаѓањето на Јунајтед продолжило во сезоната 1972/1973, во која Бест бил дел од “старата гарда“ во тимот, играчи кои ретко разговарале со новите и помалку талентирани играчи. Фрустриран поради лошата форма на клубот, Бест исчезнал во декември зи за да се забавува во ноќните клубови во Лондон. Поради тоа, бил суспендиран и ставен на трансфер-листата со цена од 300 000 £. Откако О’Ферел бил заменет од Томи Докерти, Бест најавил повлекување по вторпат. Сепак, се вратил на тренинзите на 27 април. Последниот натпревар на Бест за клубот бил на 1 јануари 1974 година против Квинс Парк Ренџерс на Лофтус Роуд, кој Јунајтед го загубиле со 3-0. Три дена подоцна не дошол на тренинг и Докерти го отпуштил, иако Бест тврдел дека Докерти го измамил. Тој бил уапсен под обвинение за крадење на крзнено палто, пасош и чековна книшка од Марџори Волис, но потоа бил ослободен од сите оптужби.

Јунајтед испаднале во Втората англиска лига во сезоната 1973/1974.

Бест играл во Јунајтед кога броевите на дресовите биле доделувани според позицијата на која играле играчите. Кога Бест играл како десно крило, какошто најчесто играл во Европскиот куп во сезоните 1966 и 1968, тој го носел бројот 7. Како лево крило, каде што играл во првата сезоната и скоро цела сезона 1971/1972 го носел бројот 11. Во поголем дел од сезоната 1970/1971 играл како десен играч за врска, па носел дрес со бројот 8. Тој играл како лев играч за врска (и го носел бројот 10) во 1972 година кога првпат заминал од Јунајтед, но потоа се вратил на бројот 11 во пролетта во 1973 години пред да замине засекогаш. Бест еднаш дури и го носел бројот 9 за Јунајтед, бидејќи Боби Чарлтон бил повреден, на 22 март 1969 година на Олд Трафорд, постигнувајќи го единствениот гол во победата од 1-0 против Шефилд Венсдеј. Вкупно, Бест имал 470 настапи за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања во период од 1963 година до 1974 година и постигнал 179 голови. Во следната деценија, тој почнал значително да пропаѓа и сменил многу клубови, вклучувајќи настапи во Јужна Африка, Ирска, САД, Шкотска и Австралија.

Подоцнежни години

уреди

Играјќи само пет натпревари за Џуиш Гилд во Јужна Африка, Бест подлегнал на критики бидејќи пропуштил неколку тренинзи. За време на краткиот престој во тимот, тој бил главната причина што тимот привлекувал илјадници гледачи на натпреварите.

Бест кратко настапувал и во Корк Селтик во декември 1975 година и јануари 1967 година. Дебитирал во Ирската лига против Дрохеда Јунајтед на 28 декември. Одиграл само три лигашки натпревари; другите два биле против Бохемианс и Шелборн, но и покрај тоа што привлекувал голема публика, не успеал да постигне гол, ниту да импресионира. Бидејќи имал краток договор со Корк, неговиот неуспех бил причина да биде отпуштен, па така заминал од клубот.

Формата малку му се вратила додека настапувал за англискиот второлигаш Фулам во сезоната 1976/1977, покажувајќи дека, иако повеќе не бил толку брз, сепак ја задржал техниката. Во понатамошниот живот, Бест изјавил дека уживал во периодот поминат на Кревен Котиџ, иако не освоил никакви почести.

Бест настапувал за три клуба во САД: Лос Анџелес Астекс, Форт Лодердејл Страјкерс и Сан Хосе Ертквејкерс; исто така, играл и за Детроит Експрес на нивната европска турнеја. Бест уживал во анонимноста која ја имал во САД и бил успешен на теренот, постигнувајќи 15 гола на 24 натпревари во првата сезона со Астеките и бил именуван за најдобар играч од средината во Американската фудбалска лига во втората сезона. Тој и менаџерот Кен Адам го отвориле клубот „ Bestie's Beach Club“ во седумдесететите години и го работеле до 90-тите.

Бест создал возбуда кога се вратил во Велика Британија да игра за шкотскиот клуб Хиберниан. Клубот бил во лоша форма и се соочувал со испаѓање од првата лига, пред да го потпишат Бест. Претседателот на клубот, Том Харт, добил известување од еден новинар на Единбург Ивнинг Њуз дека Џорџ е слободен. Иако Бест не успеал да го спаси тимот од испаѓање во втората лига, бројот на гледачите значително се зголемил. Неговиот прв натпревар на Истер Роуд го посетиле четири пати повеќе гледачи од порано. Тој бил избркан од Хиберниан откако отишол да пие со Францускиот рагби тим, кои биле во Единбург за да играат против Шкотска. Една недела подоцна, сепак се вратил во клубот.

Следната сезона играл како позајмен играч за Сан Хосе Ертквејкерс, а за последен пат се вратил на Истер Роуд во 1984 година за натпреварот во чест на Џеки Мекнамара против Њукасл Јунајтед. Во третата сезона во САД, Бест постигнал само еден гол на 12 натрпевари. Неговите трансфери во Форт Лодердејл и Сан Хосе исто така завршиле неуспешно, бидејќи неговите лични демони повторно почнале да преземаат контрола над неговиот живот. Откако не успеал да потпише со Болтон Вондерерс во 1981 година, тој бил поканет како гостин и играл на три натпревари за два тима од Хонгконг (Си Би и Ренџерс) во 1982 година.

При крајот на 1982 година, менаџерот Дон Мегсон го потпишал 36-годишниот Бест за Бурнемаут кој настапувал во Третата англиска лига и Бест останал таму до крајот на сезоната 1982/1983, а потоа конечно се пензинорал од фудбалот на возраст од 37 години.

Џорџ Бест играл на за Нури Таун на пријателскиот натпревар против Шамрок Роверс во август 1983 година. Исто така настапил на четири натпревари за Бризбејн Лајонс од Австралијанската национална фудбалска лига во сезоната 1983 година. Бил поканет и на егзибициониот натпревар меѓу Ди Вај и Менли Варинга кој се одржал на 27 јули 1983 година; Ди Вај победиле со 2-1, а Бест го постигнал победничкиот гол.

На 8 август 1988 година, бил одржан натрпевар во чест на Бест на Виндзор Парк. Во публиката биле и Сер Мет Базби и Боб Бишоп, скаутот кој го открил, а на теренот, меѓу другите, настапувале и Освалдо Ардиљес, Пет Џенингс и Лиам Брејди. Бест постигнал два гола, еден од игра, еден од пенал.

Интернационална кариера

уреди

Џорџ Бест настапил 37 пати за Северна Ирска и постигнал девет гола. Од нив, четири ги постигнал против Кипар, а по еден против Албанија, Англија, Шкотска, Швајцарија и Турција.

На 15 мај 1971 година, Бест го постигнал неговиот најпознат “гол“ во кариерата на Виндзор Парк во Белфаст против Англија. Додека Гордон Бенкс, англискиот голман, ја пуштил топката во воздух за да ја шутне, Бест успеал прв да ја шутне топката, која летнала над нивните глави и се упатила кон празниот гол. Бест бил побрз од Бенкс и со глава ја внел топката во празниот гол, но судијата Аластер Мекензи сепак не го признал голот.

Селекторите на Северна Ирска продолжиле да го бираат Бест низ седумдесеттите години, и покрај падот во неговата форма и проблемите надвор од теренот. Сепак, понекогаш повторно ја покажувал својата генијалност; во 1976 година, Северна Ирска била избирана да игра против Холандија во Ротердам за квалификации за Светското првенство во 1978 година. Холандија, која завршила на второто место на Светските првенства во 1974 и 1978 година, и нивната ѕвезда Јохан Кројф, во тој период биле во најдобра форма. Пет минути по почетокот на натпреварот, Бест примил топка на својата половина од теренот. Наместо да додаде, тој продолжил да трча кон противничкот гол, поминал тројца холандски репрезентативци и се нашол очи-во-очи со Кројф. Тргнал кон него, направил неколку дриблизи, а потоа ја протнал топката меѓу нозете на Кројф, посрамувајќи го најдобриот светски играч во тоа време.

Селекторот Били Бинам размислувал да го повика Бест за Светското првенство во 1982 година, но на 36 години и со пад во формата поради возраста и алкохолот, тој не бил избран во тимот на Северна Ирска. Џорџ требал да има многу повеќе настапи за националната репрезентација, но често одбирал да оди да се забавува, неместо да оди на натпреварите.

Приватен живот

уреди

Во првите години на Олд Трафорд, Бест бил срамежлив тинејџер кој го поминувам слободното време играјќи снукер. Сепак, подоцна станал познат по долгата коса, добриот изглед и екстравагантниот стил на живот и се појавил во Top of the Pops во 1965 година. Во шеесеттите години отворил два ноќни клуба во Манчестер: Oscar's и Slack Alice's (кој подоцна станал 42nd Street Nightclub). Иста така поседувал модни бутници, заедно со Мајк Самерби од Манчестер Сити.

Додека играл во САД , Бест се запознал со Анџела Мекдоналд-Џејнс. Тие се венчале на 24 јануари 1978 година во Лас Вегас. Нивниот син, Калум Бест, се родил во 1981 година, но тие следната година се разделиле, а се развеле во 1986 година.

Во 1995 година, тој се венчал со Алекс Перси во Кенсингтон и Челси, Лондон, но се развеле во 2004 година. Немале деца, но се зборува дека Џорџ имал две ќерки од други жени.

Во 2004 година, Алекс Бест се појавила во реалити емисијата I’m a Celebrity… Get me out of Here! и го обвинила Бест дека бил насилен кон неа за време на нивниот брак. За овој проблем се зборувала и во биографската книга „Bestie“ објавена во 1998 година, во која Алекс тврдела дека Џорџ ја удрил по лицето повеќе од еднаш, а тој никогаш не го негирал тоа. Претходно во биографијата е споменато дека тој удрил уште една негова девојка, а бил уапсен и обвинет за напад на келнерката Стиви Слониечка во ноември 1972 година, кога ѝ го скршил носот во ноќниот клуб Ruben’s во Манчестер.Сепак, адвокатот Џорџ Карман, кој често пиел заедно со Бест, успешно го одбранил на судењето во 1973 година.

Френк Еванс, поранешен деловен партнер на Бест, во книгата The Last British Bullfighter од 2009 година, тврдел дека Карман во 1973 година понудил многу пари на некој гангстер од Манчестер за да му ги скрши нозете на Бест, откако дознал дека тој имал љубовна врска со неговата сопруга. Неговата понуда била одбиена заедно со следново предупредување од гангстерот: „Не решавам домашни пролеми и нема да го повредам Џорџ (Бест). Парите може да ги носиш на друго место. Ама ќе го кажам ова – ако му се случи нешто на Џорџ, ќе знам кој го направил тоа и ќе дојдам по тебе“.

Бест имал епизодна улога во британската комедија Persie во 1971 година. Во 1984 година, Бест направил албум за фитнес со Мери Ставин кој се викал Shape Up and Dance. Во мај 2000 година, бил издаден биографскиот филмот Best, со Џон Линч во главната улога. Рок групата The Wedding Present го крстиле својот прв албум George Best, а на корицата на албум бил Бест во црвениот дрес на Манчестер Јунајтед. По неговата смрт, Брајан Кенеди и Питер Кори издале песна која се вика George Best – A Tribute...

Во 2007 година, списанието GQ го прогласило Бест за еден од 50-те најмодерни мажи во изминатите 50 години.

Бест има најмалку шест автобиографии и одобрени биографии:

  • Bestie (со Џо Лавџој),
  • The Good, The Bad and The Bubbly (со Рос Бенсон)
  • Blessed: The Autobiography (со Рој Колинс)
  • George Best: A Celebration (Берни Смит и Морин Хант)
  • Scoring at Half Time (со Мартин Најт)
  • Hard Tackles and Dirty Baths (со Хари Херис)

Алкохолизам

уреди

Бест страдал од алкохолизам во поголем дел од полнолетството, водејќи кон многубројни контроверзии, а на крајот, и негова смрт.

Во 1981 година, додека играл во САД, Бест украл пари од торбата на една жена што не ја познавал за да може да си купи за пиење. „Седевме во бар на плажата, а кога таа стана да оди во тоалетот, јас се наведнав и ги земав парите што ги имаше во торбата“.

Во 1984 година, Бест отслужил три-месечна затворска казна поради возење во пијана состојба и напад врз полицаец. Божиќната ноќ во 1984 година, тој ја поминал зад решетки и настапувал како играч за затворот Форд Опен.

Во септември 1990 година, Бест се појавил во емисијата Wogan на ББС во пијана состојба и почнал да псуе. Подоцна се извинил и рекол дека тоа му бил најлош настан поради алкохолизмот.

Во март 2000 година, на Бест му било дијагностицирано сериозно оштетување на црниот дроб. Во август 2002 година, тој имал успешно пресадување на црн дроб во Лондон. Пресадувањето било изведено на трошок на граѓаните, одлука која била контроверзна поради алкохолизмот на Бест. Контроверзијата повторно се појавила во 2003 година, кога тој бил забележан како пие шприцер во јавност.

На 2 февруари 2004 година, Бест повторно бил обвинет за возење под дејство на алкохол и му биле забрането да вози 20 месеци.

Смртта

уреди

Бест продолжил да пие и понекогаш го забележувале во неговиот локален паб во Сарбитон, Голем Лондон. На 3 октомври 2005 година, Бест бил примен на интензивна нега во приватната болница Кромвел во Лондон, поради инфекција на бубрезите предизвикана од имуносупресивните лекови кои ги користел за да го спречи телото да го одбие трансплантираниот бубрег. На 27 октомври, весниците објавиле дека Бест бил блиску до смртта и испратил последна порака на неговите сакани. Прво, состојбата на Бест се подобрила, но пак се влошила во ноември. На 20 ноември, британскиот таблоид News of the World објавила фотографија од Бест по негово барање, на која тој бил легнат во неговиот болнички кревет со напишана порака во рацете која гласела „Не умирајте како мене“.

На 25 ноември 2005 година, докторите ја сопреле терапијата. Тој умрел на 59 години поради инфекција на белите дробови и откажување на повеќе органи.

Премиер лигата најавила минутен молк пред сите натпревари кои се играле тој викенд. Ова било игнорирано на многу терени, бидејќи гледачите решиле една минута да аплауридаат во негова чест. Првиот натпревар на Олд Трафорд по смртта на Бест бил во Лига купот против Вест Бромвич Албион, клубот против кој дебитирал за Манчестер Јунајтед во 1963 година. Пред натпреварот, кој Јунајтед го добил, неговиот поранешен соиграч Сер Боби Чарлтон одржал говор. Синот не Бест, Калум, неговите поранешни соиграчи и живите играчи од тимот на Вест Бром кои играле против него во неговото деби, се придружиле на тогашниот тим на Јунајтед на теренот за едно-минутиниот молк, а гледачите држеле фотографии од Бест, кои биле делени пред натпреварот.

Погреб

уреди

Неготово телото го напуштило семејниот дом на Крегаг Роуд, источен Белфаст после 10:00 во сабота на 3 декември 2005 година. Свечената поворка потоа патувала до Стормонт. Улиците биле полни со повеќе од 100 000 ожалостени луѓе. Погребот бил емитуван во живо на неколку телевизиски канали, вклучувајќи го BBC One. Бест бил закопан покрај мајка му Ени Елизабет Кели во приватна церемонија на гробиштата Роуслон.

Влијание

уреди
  • На 12 октомври 1987 година, британската рок-група Вединг презент (The Wedding Present) го објавила музичкиот албум „Џорџ Бест“ на чија обвивка е прикажана негова фотографија.[29]
  • Во спомен на Џорџ Бест, гадскиот аеродром во Белфаст бил преименуван во Градски аеродром „Џорџ Бест“. Официјалното име и натписот биле откриени на 22 мај 2006 година пред неговото семејство и пријателите. На тој ден, Бест би требало да го слави 60-тиот роденден.
  • Во март 2006 година, авионската компанија Флајби, на еден од своите авиони му го дала името The George Best. Авионот подоцна бил употребен да го однесат семејството на Бест во Манчестер за комеморативната служба.
  • Во јуни 2006 година, Сара Фаберже, пра-правнуката на рускиот царски златар Питер Карл Фаберже била овластена да направи јајце во негова чест. Биле произведени 68 јајца, а профитот од нивната продажба отишол во Фондацијата на Џорџ Бест. Првото јајце од колекцијата сега е изложено на Аеродромот „Џорџ Бест“.
  • За годишнината од неговата смрт, Банката Улстер издала милион комеморативни банкноти од по 5 фунти. Банкнотите се распродале за пет дена. Тие се продавале на интернет-аукција и достигнале цена до дури 30 фунти.
  • Во декември 2006 година Меморијалниот траст на Џорџ Бест организирал добротворна акција за да се соберат пари за изградба на бронзена статуа на Џорџ Бест. До 2008 година, парите сѐ уште не биле собрани додека еден локален деловен човек изјваил дека тој ќе ги даде парите кои недостасуваат за да се заврши тој проект.
  • На 29 мај 2008 година, по повод 40-годишнината од освојувањето на првата титула во Европскиот куп, пред Олд Трафорд е подигната статуа позната по името „Светото тројство на Јунајтед“ на која е претставен Бест, заедно со Денис Ло и Сер Боби Чарлтон.

Наводи

уреди
  1. „Profile of George Best“. Архивирано од изворникот на 2012-11-01. Посетено на 2014-03-27.
  2. Gordon Burn, "The Long Goodbye", The Guardian, 25 November 2005
  3. „Best: Decline of the golden boy“. BBC News. 14 June 2005.
  4. „Football legend George Best dies“ (англиски). 2005-11-25. Посетено на 2017-10-23.
  5. Booth, BY Thair Shaikh and Jenny (2003-07-12). „Back on the drink: George Best arrested by police in pub brawl“ (англиски). ISSN 0307-1235. Посетено на 2017-10-23.
  6. IFFHS' Century Elections. RSSSF.
  7. "A city mourns for the Belfast boy", BBC News Northern Ireland, 3 December 2005
  8. Andrews, David L (2004). Newcastle United: a thematic study. Abingdon, Oxfordshire: Routledge. стр. 135. ISBN 0-415-33333-4.
  9. George Best collarette in exhibition-GrandOrangeLodge.co.uk
  10. George Best's Father, Dickie, Dies Aged 88[мртва врска], Sky News, 16 April 2008
  11. George Best drama: an intrusive film that failed to tell the whole story
  12. Best 2005, стр. 4
  13. „George Best“. Talk Football. Посетено на 5 March 2008.
  14. Stephen McGinty, "Best coming to the end of his life", The Scotsman, 25 November 2005
  15. Anne Cadwallader, "Best too small and light for local club as teen" Архивирано на 13 февруари 2007 г., Tiscali News, 25 November 2005
  16. „George Best Interview from 1972“. Barnjournalen. 1972. Посетено на 10 February 2008.
  17. Best 2005, стр. 3
  18. 18,0 18,1 Best 2005, стр. 1
  19. Best 2005, стр. 34
  20. Best 2005, стр. 43
  21. 21,0 21,1 21,2 Best 2005, стр. 57
  22. „Manchester United 2 – 2 Liverpool“. lfchistory.net. Посетено на 9 October 2012.
  23. Jim White, "Too many knew only the tabloid Best" Архивирано на 12 октомври 2007 г., Daily Telegraph, 28 November 2005
  24. 24,0 24,1 Best 2005, стр. 73
  25. Best 2005, стр. 74
  26. Best 2005, стр. 75
  27. Best 2005, стр. 115
  28. Best 2005, стр. 117
  29. Discogs, The Wedding Present – George Best (пристапено на 9.10.2021)

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: