ФК Манчестер Сити

англиски фудбалски клуб
(Пренасочено од Манчестер Сити)

ФК Манчестер Сити (англиски: Manchester City F.C.) — професионален фудбалски клуб од Манчестер, Англија. Основан во 1880 година под името Сент Маркс (Вест Гортон), клубот го добил денешното име Манчестер Сити во 1894 година. Од 2003 година својте домашни натпревари ги играат на стадионот Етихад, кој го заменил Мејн Роуд нивниот поранешен дом уште од 1923 година.

Манчестер Сити
Целосно имеФудбалски клуб Манчестер Сити
ДржаваАнглија Англија
ПрекарГраѓани
Основан1880; пред 143 години (1880)
Бои          светлосина и бела
СтадионЕтихад
Капацитет55.017[1]
СопственикCity Football Group
ПретседателОбединети Арапски Емирати Халдун Ал Мубарак
МенаџерШпанија Пеп Гвардиола
ЛигаПремиер лига Премиер лига
2023-2024Премиер лига, 1. место
Мреж. местоОфицијално мрежно место
Домашни бои
Гостински бои
Резервни бои
Тековна сезона

Клубот најголеми успеси остварил кон крајот на 1960. години и почетокот на 1970. години, кога успеал да ги освои англиското првенство, ФА Купот, Лига Купот и УЕФА Купот на победници на куповите под водство на тренерите Џо Мерсер и Малколм Елисон. По поразот во финалето од ФА Купот во 1981 година, клубот доживеал пад, кој кулминирал со испаѓање во трета лига на англискиот фудбалски систем во 1998 година. Откако успеал да се врати во Премиер лигата во 2000 година, клубот во 2008 година бил купен од страна на Abu Dhabi United Group и оттогаш станал еден од најбогатите во светот. Од 2011 година, Манчестер Сити освоил 14 големи титули, вклучувајќи четири титули во Премиер лигата.

Во сезоната 2018–2019, Манчестер Сити бил петти најпрофитабилен фудбалски клуб со остварен годишен приход од 568,9 милиони евра.[2] Во 2019 година, списанието Форбс проценило дека клубот вреди 2.69 милијарди долари.[3]

Историја

уреди

Основање и успесите во првите педесет години (1879-1930)

уреди

Клубот бил формиран во 1880 година, под името Сент Маркс, по иницијатива на Артур Конел (ректорот на црквата Сент Маркс во Западен Гортон) и неговата ќерка Ен Конел. Нивната цел била да се обидат да го спречат насилството на локалните банди и алкохолизмот преку воспоставување нови активности за локалните мажи, додека високата невработеност го измачувала источен Манчестер, поточно областа Гортон. Сите мажи биле добредојдени да се приклучат, без оглед на верата.

Црковен крикет клуб бил формиран во 1875 година, но не постоел еквивалент за зимските месеци.[4] Во врска со ова, Конел, со помош на чуварите на црквите Вилијам Бестоу и Томас Гудбехер, основал црковен фудбалски клуб во зимата 1880 година наречен „Сент Маркс Вест Гортон“, понекогаш запишан и како „Западен Гортон (Сент Маркс)“.[5]

Првиот натпревар во аналите на овој клуб бил регистриран на 23 ноември 1880 година, против друг црковен тим од Маклесфилд. Сент Маркс го загубиле натпреварот со 2-1 и добиле само еден натпревар за време на нивната инаугуративна сезона 1880–1881, со победа над Сталибриџ Кларенс во март 1881 годинa.[6]

 
Составот на Манчестер Сити кој го освоил ФА Купот во 1904 година.

Во 1884 година, клубот се споил со друг, „Гортон Атлетик“, но спојувањето траело само неколку месеци, по што клубовите повторно се разделиле, а претставникот на Западен Гортон сега бил наречен „Гортон А.Ф.К.“ додека Гортон Атлетик се преименувал во „Вест Гортон Атлетик“.[7] Во 1887 година Гортон А.Ф.К. станал професионален клуб, а ова вклучувало и преместување на местото на домашниот терен во Хајд Роуд, со што се сменило и името на клубот во „Ардвик А.Ф.К.“, во чест на новата локација на клубот во источниот дел од градот.

Ардвик стекнал поголема слава во 1891 година, освојувајќи го Сениор купот на Манчестер за првпат во својата историја совладувајќи го Њутн Хит со 1-0 во финалето.[8] Овој успех имал позитивен ефект врз Фудбалската алијанса, која го прифатила Ардвик како дополнителна франшиза за сезоната 1891-1892. Подоцна Алијансата се споила со Фудбалската лига во 1892 година, така што Ардвик станал член на Втората дивизија. Финансиските проблеми во сезоната 1893-1994 година довеле до реорганизација на клубот, и на 16 април 1894 година тој станал ФК Манчестер Сити.

Освојувањето на титулата во Втората дивизија на фудбалската лига во 1899 година, му ги донела на клубот првите почести и промоција во највисоката фудбалска лига во Англија, Првата дивизија. Неколку години подоцна клубот го постигнал најголемиот успех во својата историја, откако на 23 април 1904 година, совладувајќи го Болтон Вондерерс со 1-0 во Кристал Палас го освоил најпрестижниот елиминационен турнир[9] во англискиот фудбал, ФА Купот. Клубот бил близу до освојување на двојната круна, но на крајот сепак во лигата завршиле втори со три бода помалку од шампионот Венздеј. Во сезоните по нивниот триумф во ФА Купот, клубот бил обвинет за финансиски нерегуларности, а сето тоа кулминирало со суспензија на седумнаесет играчи во 1906 година, вклучувајќи го и капитенот Били Мередит.[9] Бесот на навивачите на Сити бил уште поголем кога многу од суспендираните играчи отишле да играат за локалниот соперник Манчестер Јунајтед, формирајќи го јадрото на тимот Јунајтед кој ја освоил Првата дивизија за време на сезоната 1907-1908.

Во 1920 година се случил пожар кој ја изгорел и уништил главната трибина Хајд Роуд, по што клубот во 1923 година одлучил да се пресели на својот нов стадион на Мејн Роуд во Мос Сајд во јужниот дел на Манчестер.[10] Новиот стадион бил со капацитет од 100,000 гледачи и ќе биде важен дел од историјата на клубот, а поради својот висок капацитет го добил прекарот Вембли на северот.

Вториот ФА Куп, првата шампионска титула и испаѓање (1930-1950)

уреди

Во 1930-тите години, Манчестер Сити стигнал до две последователни финалиња во ФА Купот: губејќи од Евертон во 1933 година, пред да го освои купот победувајќи го Портсмут во 1934 година. Во финалето 1933 година, тие биле немоќни да му се спротивстават на силниот Евертон предводен од Дикси Дин и биле поразени со убедливи 3-0, меѓутоа при доделувањето на медалите тогашниот капитен на Сити, Сам Коуан, рекол дека ќе се врати следната година за да победи. Неговите зборови се обвистиниле и Сити се вратиле на Вембли следната година каде во финалето го совладале Портсмут со 2-1 и му овозможиле на Коуан да го подигне пехарот од вториот освоен куп во историјата на клубот. Коуан, исто така, станал првиот и досега единствен играч на Манчестер Сити кој го претставувал клубот во три финалиња на ФА Купот (играл и во финалето во 1926 година во кое загубиле од Болтон).

Манчестер Сити конечно станал шампион на Англија, откако во сезоната 1936-1937 ја освоиле својата прва титула во Првата дивизија со три бода повеќе пред вториот Чарлтон Атлетик. Со тоа завршило долгогодишното чекање на приврзаниците на светлосините, откако претходно клубот неколку пати бил близу до овој успех завршувајќи втор во сезоните 1903-1904 и 1920-1921. Сепак, веќе следната сезона им приредила вистински шок на сите симпатизери на клубот, кога Манчестер Сити како бранител на титулата испаднал од лигата завршувајќи на претпоследното место, и покрај тоа што постигнале најмногу голови во дивизијата.[11] По одигрувањето на следната сезона во Втората дивизија во која клубот завршил петти и не успеал да избори промоција, првенствата биле прекинати поради почетокот на Втората светска војна.

Кога првенствата продолжиле, во сезоната 1946-1947, Сити си го вратил статусот на фаворит и ја освоил петтата своја титула во Втората дивизија под водството на нивниот поранешен играч и капитен Сам Коуан.

Новите куп успеси и ново испаѓање (1950-1965)

уреди
 
Скулптура на голманот Берт Траутман, во музејот на Манчестер Сити.

Во педесеттите години од минатиот век, Сити, користејќи тактика наречена „Реви план“, стигнале до нови последователни финалиња на ФА Купот по втор пат во својата историја, и идентично како во 1930-тите, тие го загубиле првото и го освоиле второто, во 1955 и 1956 година, соодветно. Во првото финале тие биле поразени од Њукасл Јунајтед со 3-1. Голот на Боби Џонстоун во последните минути од првото полувреме му донел израмнување на Сити и на одмор резултатот гласел 1-1, но во првите 15 минути од вториот дел играчите на Њукасл постигнале два гола и го решиле натпреварот. Следната година, во финалето одиграно во 1956, Манчестер Сити го победил Бирмингем Сити со 3-1. Тоа било едно од најпрепознатливите финалиња на ФА Купот на сите времиња, а останало запаметено по голманот на Граѓаните, германецот Берт Траутман, кој продолжил да го игра натпреварот и покрај тоа што го скршил вратот.

Освен споменатите успесите во куповите, Сити немале поголеми успеси во Првата дивизија во текот на оваа декада, завршувајќи само еднаш четврти во сезоната 1955-1956 и еднаш петти во сезоната 1957-1958. Почетокот на следната декада донел уште полоши денови за клубот и набргу потоа дошло до ново испаѓање од елитната дивизија за време на сезоната 1962-1963. Веднаш по испаѓањето во 1963, Џорџ Појсер бил назначен за менаџер, но тој неуспеал да го спречи падот на клубот. Сезоната ја завршиле на единаесеттото место во Втората дивизија, што бил нивниот најнизок пласман во клупската историја.[12]

Години на слава (1965-1979)

уреди
Куп на победниците на куповите 1970[13]
29 април 1970 - Пратер, Виена

  Манчестер Сити - Гурник Забже  

2 - 1

  Манчестер Сити: Кориган, Бук, Бут, Хеслоп, Пардо, Дојл (54' Бојер), Тауерс, Оукс, Бел, Ли, Јанг. Тренер: Мерсер.

  Гурник Забже: Костка, Ослизло, Флоренски (Деја), Олек, Горгон, Латоха, Вилчек (Сковронек), Шолтисик, Банаш, Шарински, Љубански.
Тренер: Матјас.

Судија:   Паул Шилер
Стрелци: Јанг   11', Ли   43' (пен..), Ослизло   68'
Гледачи: 7.968

Во 1965 година Џо Мерсер бил назначен за нов менаџер, додека Малком Елисон за негов помошник. Веќе во првата сезона под раководството на овој тандем Манчестер Сити ја освоил титулата во Втората дивизија и се вратиле во Првата по двегодишно отсуство. Во следната сезона, тимот, засилен за време на летниот трансфер пазар, со потписите на Мајк Самерби и Колин Бел, успеал да избори опстанок завршувајќи на петнаесеттото место: одлучувачки за постигнувањето на оваа цел биле последните седумнаесет натпревари, во кои Сити загубиле само четири пати.

На крајот од сезоната 1967-1968 Манчестер Сити успеа да ја освои втората титула во својата историја: главните моменти на сезоната биле натпреварот против Тотенхем (кои се емитувал на телевизија и во кои Сити победил со 4-1) наречен The Ballet on Ice (балетот на мраз) поради снегот што го покрил теренот тој ден, победата со 3-1 на Олд Трафорд против Манчестер Јунајтед (иден шампион Европа и соперник на Граѓаните во борбата за титулата) во дербито, и натпреварот во последното коло од првенството, победата со 4-3 против Њукасл Јунајтед, што на Сити му ја донела шампионската титула. Сепак, славата не траела долго затоа што само неколку дена подоцна Јунајтед го освоил Европскиот куп на шампиони, станувајќи првиот англиски клуб на кој му успеал овој подвиг. Страниците во весниците биле преполни со текстови за Црвените ѓаволи и успехот на Сити паднал во заден план. Во следната сезона, и покрај тоа што клубот завршил на тринаесеттото место на табелата во првенството и бил елиминиран во првото коло од Европскиот куп од турскиот Фенербахче, клубот ја продолжил својата серија на освојување трофеи со успех во ФА Купот.

Освојувањето на националниот куп му овозможило на Манчестер Сити да игра во Купот на победниците на куповите за сезоната 1969-1970: откако ги елиминирале Атлетико Билбао, Лирс, Академика Коимбра и Шалке 04, Граѓаните стигнале до финалето во Виена во кое се соочиле со полскиот Гурник Забже, кого го победиле со 2-1, за првиот европски трофеј во историја на клубот. На крајот на сезоната Манчестер Сити го освоил и Лига купот, со што станал првиот англиски клуб кој освоил национален и европски турнир во истата сезона.

Во 1971 година, Мерсер бил назначен за генерален менаџер на тимот, отстапувајќи му го местото менаџер (тренер) на првиот тим на неговиот асистент Малком Елисон: во неговата прва сезона Сити се бореле за освојување на титулата, наоѓајќи се во март на првото место во поредокот со минимална разлика од четири бода во однос на гонителите. Сепак, резултатската криза во самиот финиш од првенството предизвикала клубот да се лизне на четвртото место. По овој неуспех, навивачите го означиле играчот Родни Марш како главен виновник[14] (чие купување во меѓувреме ја оптоварило финансиската состојба во клубот), кој подоцна ја признал својата вина.[14] Во следната сезона тимот бил напуштен од двоецот Мерсер-Елисон, чии односи во меѓувреме се оладиле: Мерсер заминал во Ковентри Сити, додека Елисон поднел оставка во средината на сезоната.

 
Капитенот Дејвид Вотсон, голманот Џо Кориган и Кени Клементс го предводат тимот на Манчестер Сити на Сан Сиро за натпреварот од Купот на УЕФА 1978-1979 против Милан.

Почетокот на сезоната 1973-1974 бил означен со неколку промени на клупата на клубот, кој сега бил под контрола на новиот претседател Питер Сволс: сезоната како тренер ја започнал Џони Харт, но бил отпуштен во октомври во корист на поранешниот капитен Тони Бук, кој пак функцијата му ја предал на Рон Сондерс само неколку дена подоцна. Бук се вратил на клупата на крајот на сезоната, останувајќи таму до 1979 година, освојувајќи го Лига купот во 1976 и стигнал до второто место во лигата во сезоната 1976-1977, завршувајќи го првенството на еден бод зад Ливерпул.

Падот (1979-1989)

уреди

Во 1979 година, Малком Елисон се вратил на клупата на тимот, и потрошил големи пари на доведување нови засилувања како Аса Хартфорд, Гари Овен, Питер Барнс и Стив Дејли, кои подоцна се покажале како неуспешни. Во следната сезона, под водството на Џон Бонд (кој ја презел функцијата од Елисон по крајот на сезоната 1979-1980), Сити стигнале до финалето на ФА Купот каде се соочиле со Тотенхем: натпреварот завршил нерешено 1-1 (благодарение на погодокот и автоголот на Томи Хачинсон) и неизбежно било преигрување за да се добие победникот. Во вториот натпревар, Тотенхем откако заостанувале со 1-2 на дваесеттина минути до крајот успеале со два гола за шест минути да го свртат резултатот и да го победат Сити со 3-2, а победничкиот гол дошол по фантастична соло акција на аргентинецот Рики Виља кој бил двоен стрелец во тој натпревар.

Во средината на сезоната 1982-1983, додека тимот се наоѓал во средината на табелата, Бонд бил разрешен по дискусија со управата и заменет со неговиот помошник Џон Бенсон: тој потег скапо го чинел клубот, бидејќи по заминувањето на Бонд тие забележиле катастрофален пад во перформансите под водството на Бенсон (освојувајќи само 11 бодови во 19 натпревари) и сезоната завршила со најлошото можно сценарио - испаѓање во последното коло од сезоната по поразот од Лутон Таун (кој исто така се бореле за опстанок и успеале во целта благодарение на победата над Сити) кога и нерешено би им било доволно за да се спасат. Потоа бил ангажиран нов менаџер, Били Мекнил, кој откако замалку не успеал во првата сезоната да избори промоција, тоа го сторил во 1985 година кога ги вратил Ѓраѓаните во највисокото ниво. Престојот на Манчестер Сити во Првата дивизија овој пат бил краток: откако успеале да го избегнат испаѓањето во сезоната 1985-86, клубот испаднал на крајот на сезоната 1986-1987, откако Мекнил му го отстапил место на сонародникот Џими Фрицел. За враќањето во елита по две сезони поминати во Втората дивизија, Манчестер Сити му благодари на Мел Макин, кој во 1989 година изборил промоција со освојувањето на второто место во втората лига.

Подобрување, првите сезони во Премиер лигата и уште еден пад (1987-1998)

уреди

Макин бил отпуштен во ноември 1989 и бил заменет со поранешниот менаџер на Евертон, Хауард Кендал. Откако обезбедил опстанок во претходната сезона, Кендал се вратил во Евертон во ноември 1990 и бил заменет на клупата од 34-годишниот играч за врска на клубот, Питер Рид. Сити ја завршиле сезоната 1990-1991 на петтото место и го повториле истиот пласман и во следната година, но не се квалификувале за Купот на УЕФА затоа што во тоа време тоа право им припаѓало само на второ и третопласираните екипи. Во сезоната 1992-1993, инаугуративната сезона на Премиер лигата, тимот завршил деветти. Тоа бил добар резултат, но сепак Рид бил отпуштен само по две одиграни кола за време на сезоната 1993-1994. Таа сезона била проблематична за Сити и шеснаесеттото место во лигата кое го постигнал новиот менаџер Брајан Хортон не било доволно за да го смири гневот на навивачите, под чии притисок потклекнал и претседателот Питер Сволс, кој контролата врз клубот ја предал на поранешниот славен играч на клубот Френсис Ли.

Првенството 1994-1995 донело катастрофална втора половина од сезоната која го спуштила Сити на седумнаесеттото место, две места над зоната за испаѓање. Хортон бил ослободен од функцијата пред крајот на сезоната и бил заменет со менаџерот на Саутхемптон Џејмс Алан Бол. Бол се обидел да спроведе револуција во тимот, залагајќи се за продажба на многу од битните „шрафови“ низ текот на годините и вметнувајќи бројни надежни млади играчи во тимот, вклучувајќи го и 22-годишниот играч за врска од Грузија, Георги Кинкладзе. Почетокот на сезоната бил ужасно лош, со освоени само два бода во првите единаесет натпревари, но добрата серија резултати во месец ноември влела надеж дека Сити може да се бори за спас и опстанок во лигата. Сепак, испаѓањето дошло во последниот ден од сезоната, и тоа не било избегнато само поради гол-разликата, иако клубот имал ист број бодови како Ковентри Сити и Саутхемптон два клуба кој на крајот останале во Премиер. Така, клубот се најде повторно во втората лига по седум последователни сезони играње во највисокото ниво.

Испаѓањето во понизок ранг овојпат, за разлика од претходните случаи во кои клубот брзо го наоѓаше патот назад во највисокото ниво, било многу посериозен проблем и тие се мачеле да опстанат во Првата дивизија (која по основањето на Премиер лигата станал второ ниво на фудбалскиот систем во Англија). Во сезоната 1996-1997 завршиле на 14. место, менувајќи неколку тренери: Бол бил отпуштен во последните месеци од 1996 година и заменет од Стив Копел, кој пак поднел оставка по неколку недели поради прекумерниот притисок, па по краток период во кој должноста ја вршел привремениот менаџер Фил Нил, сезоната ја завршиле со Франк Кларк на клупата. Проблемите во клубот продолжиле и во следната сезона кога Сити бил принуден во уште поголема битка за опстанок во Првата дивизија. По малку повеќе од година дена работа, Кларк бил отпуштен во средината на февруари, оставајќи го клубот во последните 5 на табелата. Неговата замена, Џо Ројл, наследил многу лоша ситуација. Тој го добил последниот натпревар од сезоната, совладувајќи го со 5-2 на домашен терен директниот конкурент за опстанок Стоук Сити, но победата била бескорисна, бидејќи другите три екипи вклучени во битката за спас - Портсмут, Квинс Парк Ренџерс и Порт Вејл - ги освоиле трите бода во својте натпревари. Така, Сити испаднале во Втората дивизија, англиската трета лига, за прв пат во нивната историја. Делот на Манчестер каде што се навива за небесно-синиот клуб останал потиштен откако го допреле дното, додека на другата страна на градот навивачите на Јунајтед имале многу поводи за радост бидејќи нивниот клуб бил доминантен и на домашната и на европската сцена.

Искачувањето од третото ниво назад во Премиер лигата (1998-2001)

уреди
 
Пол Диков (лево) го постигнува израмнувачкиот гол за Сити во последните секунди од финалето на плејофот на Втората дивизија против Џилингем.

По испаѓањето, клубот претрпел перипетија надвор од теренот, со преземањето од страна на новиот претседател Дејвид Бернштајн. Сезоната во третата лига никако не била лесна, но навивачите никогаш не недостасувале на трибините покажувајќи ја својата наклонетост кон тимот, иако сега морале да се соочат со мали екипи, понекогаш дури и од предградијата на Манчестер како Меклсфилд Таун и Бери. Сезоната ја завршиле на третото место, зад Фулам и Волсол, што значело дека ќе мора да играат плејоф за да можат да се вратат во второто ниво. Откако ја минале првата пречка наречена Виган Атлетик, Сити се пласирал во финалето на Вембли против малиот Џилингем, кој никогаш до тогаш во својата историја не играл во повисок ранг на натпреварување од третото ниво. Натпреварот бил многу изедначен, но оддеднаш Сити се нашол во многу тешка ситуација кога тимот предводен од Тони Пјулис на брзина постигнал два гола во 82-рата и 87-мата минута. Се чинело готово и Џилингем за првпат во својата историја ќе избори промоција во втората лигата. Уште една сезона во Втората дивизија би бил претежок удар за прифаќање за навивачите на Сити и погубна за клубот. Сепак во последните минути од натпреварот настапило потполно лудило: во последната 90-та минута Кевин Хорлок го пронашол патот на топката до мрежата и ја намалил негативата на Сити на еден гол. И тогаш, во последните секунди од судиското продолжение кога тимот очајнички тргнал во напад по израмнување, еден обид за удар кон голот на Џилингем на еден од играчите на Сити бил изблокиран, но топката се одбила до напаѓачот Пол Диков кој успеал да го изедначи резултатот на 2-2 за огромна радост на навивачите на Граѓаните. Ова легендарно враќање во натпреварот, останало во сеќавање по лизгањето на колена по тревата при ликувањето на стрелецот Диков, кој во тој момент станал икона на клубот. Враќањето во натпреварот му донело голема психолошка предност на некогашниот англиски шампион, па при изведувањето на пеналите голманот Ники Вивер ја заклучил мрежата на Сити примајќи само еден гол од четири пенали на Џилингем за да ја прослават промоцијата. Но, и покрај оваа победа со неверојатен пресверт, Сити уште еднаш останале во сенка на својте градски соперници кои ја освоиле Лигата на шампионите неколку дена подоцна на сличен начин против Бајерн Минхен.

Веќе во следната сезона тимот на Ројл се изборил за директна промоција во Премиер лигата, освојувајќи го второто место пред Ипсвич Таун, кое го постигнале во последното коло благодарение на победата со 4-1 на Ивуд Парк над Блекбурн Роверс.[15] Очекуваното враќање од навивачите на Манчестер Сити во Премиер лигата било реализирано во најкус можен рок.

Во сезоната 2000-2001, сепак, „небесно-сините“ испаднале од Премиер лигата по само една сезона помината во елита и тоа на едно коло пред крајот на првенството. За првпат во историјата на Премиер лигата, сите три клуба кои испаднале биле познати уште пред изигрувањето на последното првенствено коло. Иако се засилиле со неколку звучни имиња меѓу кои и освојувачот на Златната топка за 1995 година, напаѓачот Џорџ Веа, Сити не успеале да навлезат во потребниот ритам во текот на целата сезона, завршувајќи на 18. место со само 8 остварени победи. Веднаш по завршувањето на сезоната Ројл бил отпуштен.[16]

Стабилизирање под водството на Киган и Пирс и доаѓањето на Шинаватра (2001-2008)

уреди
 
Кевин Киган, менаџерот кој го претворил Сити во стабилен прволигаш во периодот 2002-2005.

Иако навивачите биле против тоа Ројл да биде отпуштен, тоа сепак се случило во мај 2001, кога како негов наследник на клупата дошол поранешниот селектор на англиската репрезентација, Кевин Киган. Во неговата прва година на чело, сезоната 2001-2002, Киган донел во Манчестер неколку влијателни играчи како Ејал Берковиќ, Али Бенарбија и Стјуарт Пирс. Промоцијата овојпат многу полесно била изборена, откако клубот ја освоил титулата во Првата дивизија, соборувајќи го клупскиот рекорди по бројот на освоени бодови (освоиле 99 бода). Напаѓачот Шон Гоутер постигнал 30 голови, а неговиот соиграч Дарен Хакерби додал уште 26.

Како подготовка со цел да се оствари подобар пласман следната сезона во Премиер лигата и клубот да се задржи таму подолго од претходниот пат, Киган довел неколку квалитетни и искусни играчи во летото 2002 како Никола Анелка, Петер Шмајхел и Марк-Вивиен Фое. Во текот на оваа сезона, Сити го победил Ливерпил на Анфилд и освоил четири бодови од пресметките со градскиот соперник Манчестер Јунајтед. Напаѓачите биле во добра форма: новото засилување Анелка постигнал 14 гола, а Гоутер 7. Ѓраѓаните ја завршиле сезоната на одличното деветто место, обезбедувајќи го опстанокот многу порано. На крајот од сезоната, клубот изборил пласман во Купот на УЕФА, квалификувајќи се преку УЕФА Ферплејот. Сезоната 2002-2003, исто така, била последната сезона во која Сити настапувале на Мејн Роуд, стадионот кој клубот го оставил по 80 години за да се пресели на Градскиот стадион во Манчестер со капацитет од 48.000 седишта, првично изграден за да биде домаќин на Комонвелтските игри 2002.

Клубот и неговите приврзаници останале вчудовидени кога Марк-Вивиен Фое, играчот кој бил на позајмица во претходната сезона во Манчестер Сити и бил несомнено еден од најдобрите играчи на Сити во сезоната,[17] починал додека играл за својата репрезентација, Камерун, за време на Купот на конфедерации во натпревар против Колумбија. Во 72-рата минута од натпреварот, Фое колабирал во кругот на центарот од игралиштето,[18] без да има други играчи во негова близина.[19] По обидите да го реанимираат на теренот, тој бил изнесен надвор од теренот, каде добил реанимација и кислород. Медицинските екипи минале 45 минути во обид да го рестартираат неговото срце, и иако тој сè уште бил жив по пристигнувањето во медицинскиот центар на стадионот, по кратко време починал, и покрај напорите да му се спаси животот.[18]

Во летото 2003, во Сити пристигнале уште неколку искусни играчи како: Стив МекМанаман, Паул Босвелт, Дејвид Симан и Михаел Тарнат, но и покрај тоа сезоната 2003-2004 била тешка за клубот. Тие останале застрашени со мала шанса за испаѓање до претпоследниот натпревар во сезоната, сепак завршувајќи на безбедното 16-тото место на табелата со гол-разлика +1. Меѓу резултатите постигнати во првенството за одбележување е уште една победа над лутиот соперник Манчестер Јунајтед, овојпат со 4-1 во нивното прво соочување на новиот стадион на Сити. Тие стигнале до петтото коло на ФА Купот каде испаднале од Манчестер Јунајтед, елиминирајќи го претходно Тотенхем со 4-3 на Вајт Харт Лејн во еден од најлудите натпревари во историјата на натпреварувањето, со неверојатен пресврт откако губеле со 3-0 на полувремето и имале играч помалку.[20][21] Сепак, најголемото разочарување се чини дека било испаѓањето во второто коло на Купот на УЕФА од полскиот Гроцлин и покрај нерешениот вкупен резултат 1-1 поради правилото за гол во гости. Одново Анелка бил предводник на клубот со 24 постигнати голови во сите натпреварувања, но се истакнале и некои млади играчи како Џои Бартон и Шон Рајт-Филипс.

 
Стјуарт Пирс, менаџер на Сити во периодот 2005–2007.

Киган ја напуштил екипата во март 2005 година и бил заменет со привремениот менаџер Стјуарт Пирс.[22] Тој ја завршил сезоната со Сити на осмото место, не успевајќи замалку да го одведе клубот во квалификациите за Купот на УЕФА, што било доволно убедливо за раководството да го задржи трајно на функцијата.[23] Последниот натпревар во сезоната против Мидлсбро останал запаметен по одлуката на Пирс да го внесе во игра голманот Ники Вивер на место на играчот за врска Клаудио Рејна во последните минути од натпреварот, така што му овозможил на 198 сантиметри високиот голман Дејвид Џејмс да игра во нападот, и покрај тоа го што имал напаѓачот Џон Макен на клупата.[24] Сити дури имале подготвен дрес со број 1 за играч во поле, кој Џејмс го носел откако бил преместен напред и овој експеримент се покажал донекаде успешен бидејќи во последните минути од натпреварот (при резултат 1-1) бил досуден пенал за Граѓаните, кој Роби Фаулер го промашил и со тоа згаснала шансата Сити да се пласира во Европа.[25]

 
Натпревар меѓу Манчестер Сити и Ливерпул во април 2007.

Во сезоната 2005-2006, тимот започнал добро, но кон крајот имале пад во формата - 9 порази на последните 10 натпревари - што ги спуштило на петнаесеттата позиција во конечниот поредок. Пирс не успеал да донесе подобрување ниту во следната сезона, во која Сити воделе битка за опстанок и ќе се покаже многу тешка за клубот.[26] Сепак, добрата серија кон крајот на март и почетокот на април 2007, во која клубот забележил три гостински победи во низа и реми без голови на домашен терен против Ливерпул им била доволна да си го осигураат опстанокот завршувајќи на 14. место со 42 освоени бода. Исто така, се пласирале во четвртфиналето на ФА Купот, што бил нивен најдобар пласман во ова натпреварување уште од сезоната 1992-1993, каде биле елиминирани од Блекбурн Роверс со 2-0.

 
Таксин Шинаватра, контроверзниот сопственик на клубот во периодот 2007-2008.

По завршувањето на сезоната 2006-2007, Пирс бил отпуштен. Во текот на летото, клубот преминал во сопственост на поранешниот тајландски премиер Таксин Шинаватра, кој го купил Манчестер Сити за 81,6 милиони фунти.[27] Еден од неговите први потези било назначување на поранешниот селектор на Англија, Свен-Јоран Ериксон за нов менаџер.[28]

Ериксон потрошил околу 45 милиони фунти на нови играчи, меѓу кои најскапи биле трансферите на Роландо Бјанки, Елано, Ведран Ќорлука и бугарите Валери Божинов и Мартин Петров, и тргнал добро во сезоната 2007-2008 забележувајќи три победи на почетокот од првенството (вклучувајќи ја и онаа над Манчестер Јунајтед), но во вториот дел од сезоната тимот не издржал и завршил на деветтото место. Покрај тоа, клубот забележал и некој срамни резултати во текот на сезоната, како што биле поразот со 6-0 од Челси на Стемфорд Бриџ и поразот со 8-1 од Мидлсбро во последното коло од првенството.

Доаѓањето на шеикот Мансур и новата славна ера (2008-денес)

уреди

На 2 јуни 2008, Ериксон бил отпуштен, и заменет од дотогашниот менаџер на Блекбурн Роверс, Марк Хјуз.[29][30] Веднаш потоа, започнале проблемите на сопственикот Шинаватра со тајландските власти, при што неговите сметки и богатството од 800 милиони фунти во Тајланд останало замрзнато, а тој не сакал да се врати во земјата за да го расчисти своето име.[31] Целта да се врати славната ера во Сити, поставена од Шинаватра само една година претходно, сега изгледала осудена на пропаст,[32] но она што наскоро се случило никој во Манчестер Сити тогаш веројатно не можел ни да го замисли.

На 1 септември 2008, Шинаватра склучил договор за продавање на клубот на, во тоа време, претежно непознат арапски конзорциум наречен Abu Dhabi United Group.[33] Оваа аквизиција нај на крај засекогаш ќе го промени текот на неконзистентната историја на Манчестер Сити. Така претседател на клубот станал арапот Халдун Ал Мубарак, а сопственоста врз компанијата ја преземал сонародникот Мансур бин Заид Ал Нахјан.

 
Бразилската ѕвезда Робињо од Реал Мадрид, била првиот потпис на арапските сопственици.

По појавата на богатата арапска компанија, клубот бил во центарот на најважните и најсензационални преговори на пазарот. На истиот ден кога се случила промената на сопственоста, клубот му плати 32,5 милиони фунти на Реал Мадрид за да ја купи бразилската ѕвезда Робињо.[34] Во јануари 2009, клубот претставил понуда од 120 милиони евра до екипата на Милан за нивниот играч Кака.[35][36][37] На 19 јануари 2009 година, кога трансферот на Кака кај Граѓаните се чинел веќе дефиниран,[38] играчот ја одбил понудата.[39] Сепак, за време на јануарскиот трансферен прозорец раководството успеало да доведе две засилувања, Крег Белами од Вест Хем Јунајтед и голманот Шеј Гивен од Њукасл Јунајтед. Сезоната 2008-2009 под водството на Хјуз била резултатски многу неконзистентна. Лесните победи против Вест Хем Јунајтед, Сандерленд, Портсмут, Стоук Сити и Арсенал биле комбнирани со разочарувачки порази, главно надвор од дома. Добрата форма на крајот на сезоната, му овозможила на Сити да се бори за освојување на седмото место на табелата, но поразот од Тотенхем во претпоследниот натпревар од сезоната ставил крај на нивните надежи и сезоната ја завршиле на десеттото место. Домашните куп натпреварувања донеле понатамошна непредвидлива форма: тие биле поразени во второто коло на Лига купот од Брајтон енд Хоув Албион, членот на Лига Еден, по изведувањето пенали,[40] додека во ФА Купот, Сити се соочиле со Нотингем Форест на домашен терен во третото коло, и загубиле со високи 3-0.[41] Најголемиот успех во оваа сезона бил постигнат во Купот на УЕФА, каде биле елиминирани во четвртфиналето од германскиот Хамбургер со вкупен резултат 4-3.

 
Карлос Тевес, играл за Манчестер Сити во периодот 2009-2013.

За време на летниот пазар во 2009 година, Манчестер Сити се потврдил како клуб со големи финансиски средства, трошејќи над 100 милиони фунти за набавки на нови звучни имиња како: Гарет Бари, Роке Санта Крус, Карлос Тевес, Емануел Адебајор, Коло Туре и Џолеон Лескот. Почетокот на сезоната 2008-2009 во Премиер лигата бил успешен, откако Сити тргнале со 4 победи во исто толку натпревари (вклучувајќи ја и победата над Арсенал). Сепак до 15-тото коло иако имале само еден пораз - кој дошол во градското дерби против Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд со 4-3 - клубот не можел да ја задржи формата од првите кола забележувајќи низа на последователни нерешени резултати. Победата со 2-1 на домашен терен над Челси на почетокот на декември дала надеж дека работите конечно ќе тргнат во права насока, но поразот со убедливи 3-0 на гостувањето кај Тотенхем бил кобен за менаџерот Хјуз; иако три дена подоцна тој го победил Сандерленд со 4-3, сепак само неколку часа по натпреварот Хјуз бил отпуштен.[42]

Наследникот на Хјуз, италијанецот Роберто Манчини, со 11 победи, 6 нерешени и 4 порази во 21 натпревар на клупата го одвел тимот до петтото место во крајниот поредок - најдобриот пласман на Сити од 1992 година - и пласман во новоформираната Лига Европа.[43] Сепак, самиот крај на сезоната оставил горчлив вкус, бидејќи големата цел на Ѓраѓаните пласманот во Лигата на шампионите не била постигната, откако во претпоследното коло биле поразени на домашен терен од Тотенхем во директниот судир за четвртата позиција.

Следната сезона, благодарение на новите засилувања како Давид Силва, Александар Коларов, Марио Балотели, Јаја Туре, Џејмс Милнер и Џером Боатенг, Манчини успеал да ја постигне целта која му побегнала во претходната сезона. Манчестер Сити се пласирале во Лигата на шампионите по 43 години отсуство од најсилното европско натпреварување, завршувајќи на третото место во Премиер лигата со еднаков број бодови со второпласираниот Челси. Сепак, круна на одличната сезона било освојувањето на првиот трофеј по 35 години чекање: екипата предводена од Манчини го освоила ФА Купот совладувајќи ги на својот пат до успехот Лестер Сити (4-2), Нотс Каунти (5-0), Астон Вила (3-0) и Рединг (1-0), стигајќи до полуфиналето каде го совладале Манчестер Јунајтед со 1-0, а со истиот резултат во финалето биле подобри и од Стоук Сити. Во двата последни натпревари на турнирот, стрелец на одлучувачките голови за Сити бил Јаја Туре.

Бои, дресови и амблеми

уреди

Бои и дресови

уреди
 
Играчите на Манчестер Сити со традиционалната светлосина и бела опрема за време на натпреварот со Реал Мадрид на 21 ноември 2012.
 
Един Џеко во гостинскиот дрес на Манчестер Сити за сезоната 2011-2012.

Домашните бои на Манчестер Сити се небесно сина (дрес) и бела (шорцеви). Потеклото на боите кои се употребуваат во опремата кога клубот е домаќин е нејасно, но постојат докази дека клубот носи сина боја уште од далечната 1892 година или порано. Гостинскиот дрес традиционално бил во костенлива боја, но во последните години биле користени и други бои како сива, црна, темносина, виолетова и зелена боја. Во сезоната 2011-2012 година, тие имале пругаст втор дрес со црвено-црни верикални ленти, инспириран од оној што Ѓраѓаните го носеле во 1969 и 1970 година, еден од најуспешните периоди во историјата на клубот и тој одново им донел среќа.

За подетален преглед на дресовите на Манчестер Сити кликнете тука.

Амблеми

уреди

Првото официјално лого на Манчестер Сити датира од 1960-тите години на минатиот век. Тоа бил кружен грб со штит поделен на два дела: во горната половина имало брод, кој го претставувал каналот во Манчестер (Manchester Ship Canal), додека во долната половина биле нацртани три жолти дијагонални ленти на црвена позадина, кои ги симболизирале трите реки кои течат низ градот - Ервел, Ирк и Медлок.

Во 1972 година, овој амблем го доживел првиот рестајлинг: трите ленти на дното биле заменети со црвената роза на Ланкастер, што го претставувала округот Ланкашир.

Во 1997 година било воведено ново лого на кое се прикажувал штит поставен пред златен орел на сина позадина, штитот бил поделен на два дела како претходното лого и исто така ги претставувал бродот на врвот и трите дијагонални ленти на дното (сега во бела боја, на светлосина позадина). Латинското мото Superbia in Proelio (превод на мак. Гордост во битката) било ставено под штитот, додека три ѕвезди биле вметнати во горниот дел над штитот и орелот и служеле чисто за украсни цели.

Тековниот грб бил воведен почнувајќи од сезоната 2016-2017 и е инспириран од оној што го користел клубот во шеесеттите години. Логото се вратило повторно во форма на круг и внатре содржи мал штит поделен на два дела: во горната половина има брод, кој го претставува каналот за бродови во Манчестер, додека во долната половина ја има црвената роза на Ланкастер, која го претставува округот Ланкашир. Отстрането е латинското мото Superbia in Proelio (превод на мак. Гордост во битката) и зборовите Фудбалски клуб покрај името на клубот.

Стадиони

уреди
 
Стариот Мејн Роуд.
 
Новиот Етихад.

Пред да биде урнат во 2004 година, стадионот Мејн Роуд бил местото каде што Манчестер Сити ги играле домашните натпревари цели 80 години.

Кога Мејн Роуд бил инаугуриран, стадионот бил најголемото спортско место на фудбалски клуб во Англија и втор во земјата по Вембли. Рекордната посетеност на овој стадион била забележана во 1934 година, кога 84.569 гледачи присуствувале на натпреварот од ФА Купот помеѓу Манчестер Сити и Стоук Сити.

Сезоната 2002-2003, била последната во која Манчестер Сити играле на Мајн Роуд, а последниот натпревар бил одигран на 11 мај 2003 година.

Следната сезона Манчестер Сити се преселиле да играат на нивниот нов дом, Градскиот стадион во Манчестер, новоизграден стадион со капацитет од 48.000 седечки места, изграден за да биде домаќин на Игрите на Комонвелтот. Клубот потрошил околу 35 милиони фунти за некои работи на новиот стадион, вклучувајќи ја и изградбата на Северната трибина. Новиот стадион бил отворен со победа од 2-1 над Барселона, со головите на Никола Анелка и Тревор Синклер.[44]

На 8 јули 2011 година, Манчестер Сити постигнал договор со Etihad Airways, со што на компанијата и се дале правата на името на стадионот, кој бил преименуван во стадион „Етихад“. За возврат, клубот би добил 150 милиони фунти во следните 10 години. Тоа бил најбогатиот комерцијален договор во историјата на Премиер лигата: го надминал оној од 2006 година помеѓу Арсенал и Емирејтс (200 милиони за 15 години).

Спортска опрема и спонзори

уреди
Спортска опрема
Спонзори на дресовите

Играчи

уреди

Моментален состав

уреди
Бр. Позиција Играч
2   ОД Кајл Вокер
3   ОД Рубен Дијас
4   СР Калвин Филипс
5   ОД Џон Стоунс
6   ОД Нејтн Аке
7   ОД Жоао Кансело
8   СР Илкај Гундоган
9   НП Ерлинг Браут Холанд
10   СР Џек Грилиш
14   ОД Емерик Лапорт
16   СР Родри
Бр. Позиција Играч
17   СР Кевин де Бројне
18   ГМ Стефан Ортега
19   НП Хулијан Алварес
20   СР Бернардо Силва
21   ОД Серхио Гомес
26   СР Ријад Марез
31   ГМ Едерсон
33   ГМ Скот Карсон
47   СР Фил Фоден
80   СР Кол Палмер
82   ОД Рико Луис

Извор: Мрежното место на Манчестер Сити

Повлечени броеви

уреди

Од 2003 година, Манчестер Сити го повлекле од употреба дресот со број 23 во сеќавање на Марк Вивиен Фое, нивен поранешен играч кој настапувал за клубот како позајмен од францускиот Олимпик Лион кога се случила неговата смрт. Тој починал на терен за време на натпревар кој го играл со неговата репрезентација, Камерун, на Купот на конфедерациите 2003.[46]

Менаџери

уреди
Менаџери на Манчестер Сити

Управа и стручни кадри

уреди
 
Халдун Ал Мубарак, моментален претседател.

Управен одбор

уреди
Позиција Име
Претседател   Халдун Ал Мубарак
Спортски директор   Чики Беригистан
Извршен директор   Феран Соријано
Технички директор на City Football Group   Родолфо Борел
Директор на City Football Academy   Брајан Марвуд
 
Пеп Гвардиола, моментален менаџер.

Тренерски штаб

уреди
Позиција Име
Менаџер   Пеп Гвардиола
Помошник менаџер   Брајан Кид
Помошник менаџер   Хуан Мануел Лило
Тренер на голманите   Ричард Рајт
Директор на академијата   Џејсон Вилкокс
Менаџер на тимот под 23 години   Енцо Мареска
Менаџер на тимот под 18 години   Карлос Висенс

Титули

уреди

Домашни

уреди
1936–1937, 1967–1968, 2011–2012, 2013–2014, 2017–2018, 2018–2019, 2020–2021, 2021–2022
1898–1899, 1902–1903, 1909–1910, 1927–1928, 1946–1947, 1965–1966, 2001–2002
1903–1904, 1933–1934, 1955–1956, 1968–1969, 2010–2011, 2018–2019
1969–1970, 1975–1976, 2013–2014, 2015–2016, 2017–2018, 2018–2019, 2019–2020, 2020–2021
1937, 1968, 1972, 2012, 2018, 2019

Меѓународни

уреди
1969-1970

Наводи

уреди
  1. „Premier League Handbook Season 2015/16“ (PDF). Premier League. Архивирано од изворникот (PDF) на 6 September 2015. Посетено на 23 May 2016.
  2. „Deloitte Football Money League 2017“. Deloitte. January 2017. Посетено на 16 June 2017.
  3. Ozanian, Mike (6 June 2017). „The World's Most Valuable Soccer Teams 2017“. Forbes. Посетено на 16 July 2017.
  4. Devlin, Mike (2015-04-15). Manchester City: The Secret History of a Club That Has No History (англиски). Amberley Publishing Limited. ISBN 9781445648118.
  5. 1967-, James, Gary (2006). Manchester City : the complete record : every game, every scorer, every player and every attendance, memorable matches, complete history, pen pictures, manager profiles, appearance records. Derby: Breedon. ISBN 1859835120. OCLC 156890195.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  6. Tongue, Steve (2018-09-07). Lancashire Turf Wars: A Football History (англиски). Pitch Publishing. ISBN 9781785314704.[мртва врска]
  7. Gary James, Manchester: The Greatest City (Polar Publishing, 2002), 15.
  8. Clayton, David (2002). Everything under the blue moon: the complete book of Manchester City FC - and more!. Edinburgh: Mainstream publishing. ISBN 1-84018-687-9. pg.17
  9. 9,0 9,1 Manchester: The Greatest City, 59-65.
  10. Bevan, Chris (11 May 2003). „Maine Road through the ages“. BBC Sport. Посетено на 10 September 2011.
  11. „England 1937/38“. league table from RSSSF. Посетено на 29 December 2005.
  12. Ардвик завршиле на 13. место во Втората дивизија во 1894 година, но во тоа време Првата дивизија броела само 16 клубови.
  13. (германски) Statistiche Архивирано на {{{2}}}. на Куп на победниците на куповите 1969-70
  14. 14,0 14,1 Marsh: FA quick to discard experience, преземено на 29 април 2006.
  15. „5 last-day Man City dramas (other than 93:20!)“. mancity.com. 19 мај 2017. Посетено на 2 мај 2021.
  16. „Man City sack Royle“. BBC Sport. 21 May 2001. Посетено на 9 September 2010.
  17. Keogh, Frank (27 June 2003). „Fans unite in Foe grief“. BBC Sport. Посетено на 21 October 2010.
  18. 18,0 18,1 „Cameroon star Foe dies“. BBC Sport. 26 June 2003. Посетено на 21 October 2010.
  19. „Footballer Foe dies during game“. The Guardian. London. 26 June 2003. Посетено на 21 October 2010.
  20. „Tottenham 3–4 Man City“. BBC Sport. 4 February 2004. Посетено на 9 September 2010.
  21. Murray, Scott (5 February 2004). „Great FA Cup comebacks of our time“. The Guardian. London. Посетено на 9 September 2010.
  22. „Keegan ends his reign at Man City“. BBC Sport. 11 March 2005. Посетено на 24 February 2008.
  23. „Man City unveil Pearce as manager“. BBC Sport. 12 May 2005. Посетено на 24 February 2008.
  24. Smyth, Rob; Doyle, Paul (19 February 2010). „The Joy of Six: Inspired substitutions“. The Guardian. London. Посетено на 23 October 2010.
  25. Whittell, Ian (16 May 2005). „Fowler misses late penalty to hand Boro place in Uefa Cup“. The Independent. London. Посетено на 21 October 2010.
  26. „Hughes defends under-fire Pearce“. BBC Sport. 12 March 2007. Посетено на 23 February 2008.
  27. „Thaksin completes Man City buyout“. BBC Sport. 6 July 2007. Посетено на 6 July 2007.
  28. „Eriksson named as Man City boss“. BBC Sport. 6 July 2007. Посетено на 6 July 2007.
  29. „Eriksson leaves Manchester City“. BBC Sport. 2 June 2010. Посетено на 18 August 2010.
  30. McNulty, Phil (5 June 2008). „Hughes becomes Man City manager“. BBC Sport. Посетено на 18 August 2010.
  31. Head, Jonathan (28 July 2008). „Embattled Thaksin faces new trial“. BBC Sport. Посетено на 21 October 2010.
  32. Winrow, Ian (12 August 2008). „Thaksin Shinawatra's crisis ends Manchester City's European dream“. Daily Telegraph. London. Посетено на 4 September 2010.
  33. „Arab group agrees Man City deal“. BBC Sport. 1 September 2008. Посетено на 4 September 2010.
  34. „Man City beat Chelsea to Robinho“. BBC Sport. 1 September 2008. Посетено на 4 September 2010.
  35. Kakà, il Milan vacilla Архивирано на {{{2}}}. Iltempo.ilsole24ore.com
  36. Kaka': tutti i dettagli dell'operazione finanziaria e le scelte tattiche di Hughes Goal.com
  37. Kakà, il Manchester City spenderà 272 milioni Архивирано на 12 декември 2013. News-impianti.com
  38. „Berlusconi: "Kakà resta". Lui: "Ho deciso con il cuore". La Gazzetta dello Sport. 19 јануари 2009. Посетено на 20 јануари 2009.
  39. „Kakà resta al Milan "Ho scelto col cuore, i soldi non contano". la Repubblica. 20 јануари 2009. Архивирано од изворникот на 2021-05-09. Посетено на 20 јануари 2009.
  40. „Brighton 2–2 Man City (5–3 pens)“. BBC Sport. 24 September 2008. Посетено на 20 October 2010.
  41. „Man City 0–3 Nottm Forest“. BBC Sport. 3 January 2009. Посетено на 20 October 2010.
  42. „Manchester City FC has today terminated the contract of Mark Hughes“. mcfc.co.uk. 19 December 2009. Архивирано од изворникот на 2009-12-22. Посетено на 18 August 2010.
  43. „West Ham 1–1 Man City“. BBC Sport. 9 May 2010. Посетено на 18 August 2010.
  44. „Storia degli Stadi - mcfc.co.uk“. Архивирано од изворникот на 29 септември 2006. Посетено на 11 февруари 2008.
  45. Предлошка:Cita news
  46. „Man City retire number 23 shirt“. BBC Sport. 27 June 2003. Посетено на 22 July 2018.

Надворешни врски

уреди