Јане Сандански
За истоимената населба, видете Јане Сандански (населба).
Јане Сандански | |
---|---|
18 мај 1872 — 22 април 1915 | |
македонски револуционер | |
Прекар: | Сандан-паша • Пиринскиот цар • Старикот |
Роден во: | Влахи, Пиринска Македонија |
Починал во: | Попови Ливади, Горноџумајско, Пиринска Македонија |
Служба во: | Македонско национално движење |
Период на служба: | 1895 — 1915 |
Чин: | војвода на Македонската револуционерна организација |
Единици: | Четнички институт |
Командува/л со: | Македонска револуционерна организација |
Битки/војни: | Борба за Македонија • Илинденско востание • Прва балканска војна • Втора балканска војна |
Други занимања: | чирак • молбописец • управник на затвор |
Јане Сандански, познат како Пиринскиот Цар, Сандан-паша и Старикот[1]:2-3 (18 мај 1872 — 22 април 1915) — македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација.
Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија, во семејството на Иван Сандански. Во текот Руско-турската војна од 1877 година неговите родители и соселани биле принудени да избегаат во Горна Џумаја. Неговиот татко бил знаменосец на една од македонските чети во Кресненското востание. По задушувањето на востанието, семејството Сандански се засолнало во Дупница, каде Јане го минал детството. Таму, тој завршил основно училиште и два класа од прогимназијата, а подоцна станал кондураџиски чирак и му помагал на својот татко во полските работи. Во 1892 година бил регрутиран во бугарската армија. По завршувањето на воената служба станал молбописец кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител.
Во 1895 година дошло до раздвижување на македонската емиграција во Бугарија и, под налет на настаните, Сандански како четник активно учествувал во Мелничкото востание. Во текот на Грчко-турската војна од 1897 година, Врховниот комитет режирал втора прошетка по Македонија. Притоа била формирана чета под водство на Крсто Захариев, а Сандански бил еден од четниците кои требале да навлезат во Македонија. По враќањето во Бугарија, тој влегол во друштвото Младост кое имало за цел самообразование на своите членови и будење на регионот. Во февруари 1899 година бил назначен за управник на дупничкиот затвор. Истата година, Никола Малешевски го детално го информирал за дејноста на Македонската револуционерна организација и ја организирал првата негова средба со Гоце Делчев. Малешевски и Гоце успеале да го привлечат Сандански кон Внатрешната организација и нејзините цели. Заедно со Димо Хаџи Димов, тој го реорганизирал дупничкото македонско друштво на Врховниот комитет од Софија и започнал активност за приближување кон Внатрешната организација.
Во април 1901 година, за првпат, со осумчлена чета, Сандански агитирал во името на Организацијата. Истата година, тој и Христо Чернопеев во околината на Разлог решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа, д-р Хаус го одложил патувањето, па затоа се решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон, која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 година бил платен откупот, а на 23 февруари грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во селото Градошорци. Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. Од левата страна на Струма, околу Пирин, борбата против врховизмот ја предводел Сандански. Во Делвино, тој пред селаните кристално јасно ги претставил идејните разлики помеѓу двете организации. Истата агитација Сандански ја повторил и во селата Марлево и Хрсово. Но, и покрај силниот отпор на Внатрешната организација, на 22 септември (стар стил) 1902 година започнало т.н. Горноџумајско востание. Подготовките за востанието во Серскиот револуционерен округ ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Сандански. На Крстовден, 27 септември, здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа, тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, а Сандански се повлекол кон Кресна.
По востанието, во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта од кои подоцна ќе произлезат две струи. Кризата и поделбите кои се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во мелничко. Врховистите биле начекани во заседа од Сандански. Во престрелката загинале седум врховисти, а шест биле ранети. За време на Рилскиот конгрес, истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување. Во летото 1906 година започнале подготовките за вториот редовен конгрес, меѓутоа тој пропаднал. На 28 ноември 1907 година, по наредба на Сандански, Тодор Паница ги убил Борис Сарафов и Иван Гарванов. По ликвидацијата, бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници. Во втората половина на мај 1908 година се одржал Мајскиот конгрес каде било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација.
Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз пристигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј, а на 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот манифест до сите народности во империјата.
Во последните денови од октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Сандански, во содејство со востанатите селани, организирани и вооружени како селска милиција под раководство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободиле Мелник. Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска.
По Балканските војни, Сандански се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Закон за простување на македонските револуционери. Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници за борба против политиката на Фердинанд, меѓутоа заговорот пропаднал. По неуспешната акција, Сандански западнал во разочараност и се вратил во Роженскиот манастир кај Мелник. На 10 април, кај месноста Блатата била поставена заседа во која Сандански бил убиен. Неговото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. Неговите останки се наоѓаат во црквата Св. Св. Кирил и Методиј.
Веднаш по ослободувањето и создавањето на современата македонска држава, македонскиот народ му оддал видно признание на својот голем син. Јаневата личност и дело редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име.
Потекло
Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност.
— Христо Андонов-Полјански [2]
Во западните падини на Пирин, околу бујните и пенести води на Влахина Река (Кркиица) се наоѓа селото Влахи. Делирадев истакнува дека еден дел од селото се нарекувало Санданското маало, зошто така се викала така никој не можел да објасни, ниту народот, ниту научната етимологија.[1]:1
Другите маала во Влахи се нарекувале: Вачковци, Дебел Даб, Дранолово, Клегиште, Косовец, Ново Село (порано се сметало за посебно село), Полена (исто како Ново село) и Шемето.[1]:1 Над Влахи се издигаат снежни врвови, а под него се наоѓа проломот на Струма - Кресненската Клисура. Меѓу населението биле раширени приказни и песни за вили од сините езера, а речиси сите раскажувале за подвизите на Дедо Иљо Малешевски, прочуениот ајдутин.
Во таа сиромашна несреќа и поетичен мир на 18 мај 1872 година во семејството на Иван Сандански се родило момченце кое го крстиле Јане.[1]:2 Ова име е видоизменица на Иван или Јоан. Кога малиот Јане имал четири или пет години, започнала Руско-турската војна од 1877 година, а неговите родители и соселани биле принуден да избегаат во Горна Џумаја. Малиот Јане бил пренесен во мајчините раце, а семејната бедна покуќнина од облека, ќебиња и постелнина - натоварени на коњ биле пренесени во градот. Горна Џумаја, испразнета од Османлиите под налетите на руската армија, му давала бедно гостопримство на Јане, а неговиот татко Иван, исто како и на Пирин, се мачел да го прехрани своето семејство. Јане растел сред бегалската несреќа.[1]:3 На Берлинскиот конгрес било решено Македонија да остане во рамките на Османлиското Царство спротивно на надежите на македонскиот народ за слобода, без разлика на политичката и административна форма, под која таа требало да биде дадена.[1]:4 Македонците, жестоко излажани во своите надежи, на 5 октомври (стар стил) 1878 година го кренале Кресненското востание, познато уште како и Македонско востание.
Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуционер учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер од тоа време поп Коста Буфски од с. Буф-Леринско и неколкумина македонски војводи. Голема улога во подготовките и одвивањето на востанието ќе имаат и штотуку формираните т.н. благотворителни комитети Единство, кои ги организирале мирните но и вооружените протести и акции против решенијата на Берлинскиот конгрес кои имале главно негативен карактер во однос на Санстефанскиот мировен договор кој во целост бил во корист на Бугарија. Најважни од нив биле Софискиот и Џумајскиот комитет кои всушност играле и раководна улога во востанието. Знаменосец на една од македонските чети кои учествувале во востанието, бил таткото на Јане, Иван Сандански.[1]:5 По задушувањето на востанието и приближувањето на османлиските сили во Џумајската област, семејството Сандански се засолнало во Дупница, Бугарија.[1]:5
Младост
Уште од малечок, кога маало со маало се тепавме со камења, секогаш ја земав ролјата на комита.
— Јане Сандански [3]
Во Дупница, пограничен град и преполн со бегалци, Јане го минал детството. Судбината на неговото семсјтво, не се разликувала од останатите бегалски семејства, а Иван Сандански започнал да се занимава со земјоделство за да ги прехрани своите блиски.[4]
Јане завршил основно училиште и два класа од прогимназијата. Потоа станал кондураџиски чирак, околу 2-3 години. Истовремено му помагал на својот татко во полските работи. Уште како мал, Јане читал сè што му било на дофат на неговите раце, но претпочитал револуционерна литература: Под ропство на Иван Вазов, Записите на бугарските востанија на Захариј Стојанов, биографиите на Васил Левски и Христо Ботев. Во своите спомени, Јане истакнува дека биографијата на Левски му оставила најсилен впечаток [4][5].
Во 1892 година, Јане бил регрутиран во бугарската армија, а својот воен рок го отслужил во 13-от пешадиски полк во Ќустендил. Во касарната, како бугарски граѓанин исполнил еден долг кон државата во која живеел [4], меѓутоа уште позначајно било стекнатото воено искуство за неговата идна дејност како четник и војвода за слободата на Македонија. Во 1894 година, бил ослободен од воената служба и се вратил во Дупница, каде што кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител, станал молбописец - работа која ја извршувал во следните две и пол години, а по завршувањето на стажот станал самостоен молбописец. Во овој период се одржувал контакти со дупничката градска интелигенција - учителите, чиновниците и адвокати, кај кои бил омилен соговорник [4].
Идеологија, погледи и организациски способности
Сандански, по потекло од Пиринска Македонија, им припаѓаше на таканаречените словеногласни Македонци. Тој тврдеше дека како што се ослободија од турскиот јарем грчката нација, српската и бугарската, дојде часот да се ослободи и македонската нација. За да Македонија стане цела и сосем независна држава, Сандански проповедаше дека сите жители, без исклучок, не се ниту Бугари, ниту Грци ниту Куцовласи, макар и да зборуваат на македонски славјански дијалект како и самиот тој, или на грчки или на куцовлашки идиом, сите жители на Македонија се чисти Македонци, потомци на античките Македонци на Филип II и на Александар... Бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест. Сандански заедно со Делчев, протагонисти и двајцата за време на Илинденското востание, стана опасен за Бугарија и бугарските шовинисти решија да го ликвидираат, бидејќи неговата агитација не одеше во прилог на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, зашто тој култивираше кај Словеномакедонците македонска национална свест. И неговото убиство, всушност, беше извршено од самите Бугари.
Јане немал широко образование, поради сиромаштијата одвај завршил прогимназија. Но по природа бил надарен со ум, снаодливост и впечатливост. Со својот ум, правилно ги проценувал случувањата и донесувал правилни одлуки. Еден дел од старите војводи имал одбивен однос кон учителите и воопшто кон интелигенцијата, меѓутоа Сандански се опкружил со великолепни интелектуалци кои ги виделе неговите дарби на водач и му помогнале во неговата револуционерна дејност. Меѓу нив биле: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Стојо Хаџиев, Таската Серски, Димо Хаџи Димов и други, а имал блиски контакти и со Никола Харлаков, иако не бил негов четник [8].
Јане Сандански не бил основоположник на главните идеолошки и политички линии на македонското револуционерно ослободително движење. Такви биле Ѓорче Петров и Гоце Делчев, кои ги поставиле основните принципи на македонската борба: 1) зачувување на внатрешниот карактер на борбата: самостојност 2) државна обособеност на Македонија [8]. Меѓутоа, тој се пројавил како најфанатичен приврзаник и најдоследен спроведувач на таа внатрешна идеологија [8]. Јане не бил социјалист, туку национален револуционер со радикални разбирања [8], какви што биле насекаде сите национални револуционери. Поголемиот дел од неговите соработници од интелигенцијата биле под влијание на социјализмот, меѓутоа тоа не влијаело врз неговата дејност.
Ставовите на Јане многу јасно се определени од Христо Силјанов, учесник и историчар на македонското револуционерно движење. Меѓу останатото тој напишал: Јане ја разви тезата дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување со Бугарите... Сите кои агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување со Бугарија, треба непријателски да бидат пречекани од ВМОРО, така како што се пресретнуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети [9]. Според истиот автор, Јане објаснувал дека: треба да се работи за пробудување на сознанието кај масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и треба да се борат за извојување на своја слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат [9]. Овие погледи на Јане се потврдуваат од голем број на различни извори. Оттука, Родолофо Фоа во весникот Л'Италија ал'Естро (L’Italia all’Estro), пишува дека Јане проповедал дека:
Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави: во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци[10]
Јане ја бранел и ја афирмирал политичката и националната посебност на Македонија и Македонците [11]. Овие констатации на научниците се изведени од сведоштвата пред сè на идејните противници Јане и од други независни извори од различна провиниенција. Низ нив може да се проследат ставовите на Јане за политичката и за националната посебност на Македонија и Македонците во однос на Бугарија. Меѓутоа, борбата на Јане против врховизмот треба да се толкува како борба на две спротивни поимања за решавање на македонското прашање, од кои во она на врховизмот значајно влијание имала бугарската политика, додека спротивставеноста со бугарската политика била политички и национално принципиелна [11]. Во сите објаснувања со врховистите, Јане потенцирал разликата помеѓу врховниот комитет и Внатрешната организација. Тој истакнувал дека врховистите се орудие на бугарскиот кнез и заробеници на бугарската политика. Ставовите на Јане не биле насочени против Бугарија и бугарскиот народ, туку против бугарската политика кон Македонија [11]. Сред македонската борба, Јане се пројавил и како организатор од голем ков [8]. Таа негова особина блеснала со аферата Стон. Но тој не бил само организатор во тесна смисла на зборот: на конспирации и атентати. Подоцна се пројавил како одличен организатор на народните маси. Во времето на Гоце Делчев, Внатрешната организација брзо растела и земала масовен карактер, меѓутоа најмасовна, најдисциплинирана и најборбената организација имало во Серскиот револуционерен округ, под водството на Јане [8].
Според доктор Зоран Тодоровски, тезата дека Сандански сметал што треба да се работи меѓу Македонците и да им се објаснува дека тие се посебна нација е наводна. Тој имал исти погледи и ставови како и другите македонски дејци од левицата и десницата, т.е. се сметал себеси за Бугарин.[12] Истото го потврдува и академикот Иван Катарџиев кој смета дека ни левицата ни десницата на ВМОРО не ја доведувала во прашање својата бугарска провениенција.[13] Постојат и броjни податоци, кои ги потврдуваат овие ставови.[14][15][16][17]
Кон македонскиот пантеон
Вмешувањето на врховистите во македонското ослободително дело дало повод да се мисли дека тоа се поттикнува и раководи од надвор, Кнезот Фердинанд и бугарската влада преку врховистичките чети сакаат да ја обезличат Организацијата и да ја искористат за свои цели. Ние решително се спротивставивме на Вашите офицери зашто го знаевме нивното воспитание, нивните интимни замисли. Тие се луѓе кои дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, затоа тие не можат да бидат друго, освен нивни слепи и послушни орудија. А, пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците... вие ја сакате слободата на Македонија... како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас - внатрешните и Вас - врховистите
— Јане Сандански [18]
Мелничко востание
Тогаш од Рилскиот манастир дојде една организирана чета, што ја водеше Стојо од с. Скрижево (Драмско), што порано девет години едноподруго бил ајдук во Македонија, та во 1892 г. дошол во Бугарија и во Дупница се зафатил со трговија. Кога решиле во 1895 г. да се кренат на востание, му доверија една чета, во која влегов и јас. Четата набројуваше околу двестемина, со 12-мина офицери, меѓу кои беа Давидов, Жостов, Атанасов, Димитров. Имаше и студенти - Прличев, Мирасчиев и др.
— Јане Сандански [5]
Дел од темата „Пантеон на бессмртните предводници на македонската револуционерна епопеја“ |
---|
Поврзано
|
Во 1895 година, дошло до раздвижување на македонската емиграција во Бугарија, под налет на настаните, Јане зел активно учество. Првата провокација била направена околу година дена по основањето на Македонската револуционерна организација и затоа таа сѐ уште не можела сериозно да се спротивстави. Организатор на првите чети во Македонија бил Македонскиот комитет подоцна познат како Врховен комитет од Софија на чело со Трајко Китанчев.
Овој Комитет бил организација на македонска емиграција која се залагала автономија за Македонија и тие сакале да го привлечат вниманието на Големите сили за решавање на Македонското прашање но целата акција била злоупотребена од бугарскиот двор и влада [19]. За акцијата биле ангажирани 40 офицери од Бугарската армија, меѓу нив се нашле: Стојчо Гаруфалов, Антон Бозуков, Петар Начев, Васил Мутафов, Борис Сарафов, Димитар Атанасов, Димитар Жостов, Јордан Венедиков и други. Офицерите биле поставени за командири на одредите. Како водачи на теренот, кој го познавале, биле поставени старите арамиски војводи, како: Кочо Љутата, Дедо Димото, Никола Геројот, Кочо Мустракот, Дончо Златков, Дедо Анго Константинов и други [20]. Војводите добиле строги упатства да не го напаѓаат мирното турско население, да не преземаат самоволни акции, да не вршат грабежи и да си ја плаќаат храната. Биле формирани четири поголеми одреди и неколку помали чети.
Акција станала позната како Мелничко востание, на воен план завршила катастрофално имало голем број на загинати, ранети и заробени. Во текот на Мелничкото востание бил во третиот одред, познат како Серска дружина и се состоел од 200 души. Негов командир бил резервниот капетан Ст. Димитров, а војвода бил Стоју Костов Скрижовски познат како Дедо Стоју. Во одредот се нашле и Георги Иванов Геројски (подоцна познат како Марко Лерински), Кирил Прличев и Димитар Мирасчиев. Одредот немал конкретна задача, според Јане Сандански во одредот имало 13 офицери кои не сакале да навлезат длабоко во османската територија и затоа се движеле по границата.[21] По акцијата бугарската влада ја откажала поддршката за Македонскиот комитет и почнала да ги собира плодовите од оваа авантура.
Имено во почетокот на 1896 година кнезот Фердинанд I бил признат за законски владетел на Бугарија од Русија, западноевропските држави како и од Отоманското Царство, а Бугарија себеси се претставила како фактор од кој зависи безбедноста и мирот на Балканскиот Полуостров [22]. Меѓутоа таа авантура била преседан за идните акции или како што истакнал Крум Христов:
Трајко Китанчев со својот авторитет ја покривал подготовката на првата престапна авантура на дворот, која отвора цела ера на врховистички престапи кон Македонија [23][24]
Втора врховистичка провокација
Јас пак си се вратив во писарницата кај вујко ми во Дупница. Оттогаш се заинтересирав посериозно да навлезам во делото, но беше тешко, не знаев ништо поодредено. Знаев само за Комитетот во Софија. Дури во 1896 година разбрав дека и внатре во Македонија има револуционерна организација. Во 1897 година, во текот на грчко-турската војна, некои офицери - капетан Венедиков и Морфов, не подлагаа, велејќи ни: „Одете сега во Македонија, а потем ќе дојдеме и ние" (разбравме дека тоа се однесува за бугарската армија).
— Јане Сандански [5]
Во текот на Грчко-турската војна од 1897 година, Врховниот комитет режирал втора прошетка по Македонија. Офицерите Јордан Венедиков и Морфов во Бугарија успеале да заведат повеќе Македонци и да ги наговорат да влезат во Македонија. Била формирана чета под водството на Крсто Захариев од село Ореховец-Серско. Најголемиот дел од четниците кои биле врбувани за акцијата, своите пушки ги добиле од офицерите. Јане Сандански бил еден од четниците кои требало да навлезат во Македонија, тој својата пушка ја купил од браќата Иванови. Венедиков и Морфов, пред заминувањето на четниците им се обратил со следните зборови: Одете сега во Македонија, а по вас и ние ќе тргнеме [25].
Тие алудирале на бугарската армија. Врховистичката чета најпрво поминала низ Кресна, а над селото Пирин имала судир со аскерот. Без жртви успеала да се повлечат кон Неврокопско и Банска Река, каде што имале уште еден судир, повторно без жртви. Четата својот последен судир го имала кај селото Љапово. Во овој судир Јане Сандански бил ранет во левата рака, а четникот Никола од Петричко загинал. По оваа борба, четата се вратила во Бугарија.
Целата акција била отрезнувачка за Сандански, кој се зарекол дека додека не дознае како стојат работите со македонското дело, нема да станува никому орудие [25]. Акцијата на офицерите немале реална шанса за успех. Бугарската влада во тој период не го поддржувала Врховниот комитет, а во текот на војната прокламирала неутралност. Овој обид за реприза на мелничката авантура ги освестил заведените Македонци. Оваа акција била пресвртница во животот на Јане, кој својата револуционерна дејност ја започнал како активист на Врховниот комитет. Впрочем, Јане подоцна се пројавил како најголем непријател на врховистите и бескомпромисен борец против големобугаризмот.
Освестување
Во тоа време мене веќе работите во Македонија ми беа прилично ујаснети; многу работи узнав од Малешевски, а од друга страна и од Делчев, со кого за првпат се сретнав во 1899 г. во Дупница, дома кај мене. Делчев убаво ми ги објасни целите на внатрешната организација. Тој беше дојден во Дупница како претставник на внатрешната организација. Веднаш разбрав дека Делчев е навистина човек што потенко и подробно знае за Организацијата и сè за неа и каква цел си поставува таа.
— Јане Сандански [5]
По враќањето во Бугарија, Сандански бил разочаран од својата дотогашна дејност . Тој веќе знаел повеќе за постоењето на Македонската револуционерна организација. Сандански бил убеден дека треба целосно да ја испита состојбата во македонската ослободителна борби и само потоа повторно да се вклучи во македонското дело. Во овој период, Сандански влегол во друштвото Младост околу учителот Иван Димитров, кое се спротивставило на конзервативниот круг на Димитар Радев. Друштвото имало за цел самообразование на своите членови и будење на регионот. Друштвото имало читална и библиотека, а во еден период Сандански бил одговорен за нив. Во ноември 1897 година, друштвото со облека, храна и домување им помага на бегалците од Виничката афера и организира протестен митинг против посетата на премиерот Константин Стоилов во Цариград. По штрајкот на дупничките наставници во декември 1899 година, шестмина наставници биле отпуштени и протерани од Дупница, а претседателското место во Младост го презел Сандански. Како раководител на Младост, Сандански одржувал контакти со Димо Хаџи Димов [26]. Во февруари 1899 година Јане Сандански бил назначен за управник на дупничкиот затвор.
Истата година, Никола Малешевски го детално го информирал за дејност на Македонската револуционерна организација и ја организирал првата Јанева средба со Гоце Делчев. Малешевски и Гоце успеале да го привлечат кон Внатрешната организација и нејзините цели. Заедно со Димо Хаџи Димов го реорганизирал дупничкото македонско друштво на Врховен македонски комитет од Софија и започнал активност за приближување кон Внатрешната организација. Во почетокот, Сандански бил потпретседател, Георги Паничаревски - претседател, а Хаџи Димов секретар, меѓутоа по отпуштањето на учителите, раководењето со друштвото го презел Сандански [27]. Во јули 1900 година, Сандански заедно со Малешевски бил делегат на дупничкото друштво на VІІ македонски конгрес во Софија [28]. На Конгресот, Сандански бил против промената на членот четири од Статутот на Врховниот македонски комитет, според кој македонското прашање требало да се реши со дипломатија, а не со револуција. Набргу потоа дошло до заладување на односите помеѓу ТМОРО И ВМК, а во редовите на самиот Врховен македонски комитет дошло до судир и расцеп на две крила сарафисти и цончевисти. Во текот на судирот помеѓу приврзаниците на Борис Сарафов и Иван Цончев, Сандански имал иста позиција како и Внатрешната организација [29]. На VІІІ македонски конгрес, повторно со Малешевски бил делегат и ја поддржал резолуцијата на Никола Габровски за соработка помеѓу двете организации [30], меѓутоа без мешање на Врховниот комитет во работите на Внатрешната организација. Во своите спомени, Јане за овие настани истакнува:
Со Ѓорче Петров се запознав во 1899 г. во Софија. Во 1900 г., кога почна борбата против Сарафов, тогаш веќе застанав на страна на внатрешната организација. Врховниот комитет имаше купено тогаш 500 долги и 75 куси манлихерки. Нив ги испратија до мене, како претседател на друштвото, за да ги скријам. Јас ги сокрив. Потем се скаравме, бидејќи Врховниот комитет тогаш си правеше собрание со Цончев и др. [5]
Во април 1901 година, Христо Чернопеев со својата чета влегол во Горноџумајско. Тој требало да им се спротивстави на сарафистите и да го подготви населението да не се подава никому освен на внатрешните и Гоце Делчев. Во истиот период, Јане Сандански, за првпат, со 8-члена чета агитирал во името на Организацијата. Јане со својата чета навлегол на исток од Струма и во текот на три месеци ги обиколил селата: Бистрица, Хрсово, Марлево, Градлево, Србиново, Мечково и други.
Аферата Мис Стон
Веќе обземени од мислата да грабнеме некого, намислив да отидеме во Разлог, па некако да ги натераме протестантите од Организацијата, без да се сетат зошто, да сторат така, што од Солун да дојде мисионерот доктор Хаус. Отидовме двајцата во Банско, момчињата ги оставивме во планината, едно поради тоа што во селото имаше војска, а пак второ и поради тоа што во селото имаше малцина членови на Организацијата. Од разговорите со протестантите разбравме дека би било тешко да се доведе Хаус во Банско, но узнавме дека токму во тоа време дошла некоја Американка, на име мис Стон. Јас се пораспрашав и разбрав дека таа е важна личност. Му кажав на Чернопеева, и тој се согласи да ја грабнеме.
— Јане Сандански [5]
По Солунската провала, ТМОРО се нашла во тешка положба, голем дел од организациската мрежа била разоткриена, комитетите посебно во Солунскиот окружен комитет биле обезглавени, а речиси целиот Централен комитет бил фатен и осуден. Затоа по Солунската провала се преземени дејствија за закрепнување на организацијата, а како главно прашање се наметнале финансиските средства. Во летото 1901 година се одржало советување во Ќустендил на кое присуствувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев и тие заклучиле дека: ситните грабежи само го нарушуваат престижот на Организацијата, а не придонесуваат за нејзино финансиско закрепнување [25]. Оттука, Сандански предложил да го киднапира кнезот Фердинад при неговата посета на Рилскиот манастир но оваа иницијатива на Сандански била отфрлена од страна на Гоце Делчев и предложил војводите да спроведат акции за собирање на пари но надвор од границите на Бугарија. Во 1901 година некаде околу Петровден, Јане Сандански, Христо Чернопеев и Сава Михајлов подготвиле план за киднапирање на Сулејман-бег од Горна Џумаја но поради болест на бегот таквата акција била откажана. Бидејќи таа акција била одложена Сандански и Чернопеев се нашле во Разлошко и решиле да го грабнат д-р Хаус кој бил протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Грабнувачите биле облечени во турска облека и требало меѓу себе да говорат на турски јазик за да се остави впечаток дека грабнувањето го направиле Турци. Во караванот кој бил чекан се наоѓале: Мис Стон, Катерина Ушева, Катерина Цилка со нејзиниот маж Григор, три учителки, две ученички и други [25].
Четата од безбедносни причини се движела ноќе и постојано го менувала правецот на движење за да не бидат откриени. Кај селото Сушица третиот ден на жените им било откриено дека се грабнати за откуп, а Чернопеев ги предупредил дека ако се обидат да избегаат ќе ги убијат. Од своја страна Мис Стон истакнала дека нема да им даде повод за такво нешто меѓутоа кога дознала колкава сума на пари бараат за неа таа се исплашила, имено станувало збор за 25.000 лири односно 101.000 долари. Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов не очекувале дека сета акција ќе се усложни и дека таа ќе трае 6 месеци [25]. Како главен проблем се јавило чувањето на заложниците на безбедно место и за тоа бил задолжен Сандански. Опасности доаѓале од османлиските потери во Пирин, дејствијата на бугарските сили во пограничните делови со што престојот на бугарска територија бил оневозможен, а како дополнителна опасност претставувала врховистичката чета на Дончо Златков . Затоа четата морала постојано и брзо да се движи меѓутоа таквото движење било отежнато од фактот што станувало збор за жени, а Мис Стон тогаш имала 55 години додека пак Цилка била бремена во петти месец што било откриено по грабнувањето. Дополнителен проблем претставувал врховистичкиот војвода Дончо Златов кој сакал да им ги одземе жените на комитите и притоа се обидел со разни дејствија да го оствари тоа. Во село Тросково, каде Јане Сандански со жените и дел од четата престојувал, дошло до престрелка со Дончо и неговите 78 четници [25].
На 22 декември 1901 година (стар календар), Цилка се породила, а бебето било крстено Елена во чест на Мис Стон. Четата се здобила со нов член, а бројот на заложничките се зголемил на три со што положбата станала покомплицирана. На 20 јануари 1902 година од Цариград тргнал специјален вагон со обезбедување во кои се наоѓале парите. Американското дипломатско претставништво вршело притисок да биде прекратено движењето на турската војска во Горнаџумајско, а обезбедувањето да ги остави парите таму каде што Гарџиоло ќе побара. Кога турските власти насетиле дека парите ќе бидат предадени на нејзина територија ја прекратиле соработката со американското претставништво, а по престигнувањето на парите во Демир Хисар дошло до засилување на турските сили. Од Демир Хисар, Пит и Гарџиоло се упатиле кон Горнаџумајско, обезедувањето ги оставило во Разлог, а тие заминале во Банско. На 31 јануари 1902, во куќата на Константин Петканчин имало средба меѓу Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и преговарачите. На оваа средба Хаус во името на владата на САД ги прифатиле барањата. Откако биле извршени сите подготовки, 104 килограми на злато биле предадено. На 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци, во непосредна близина на Струмица [25].
Сандански, Крсто Асенов и Сава Михајлов со чета преку Разлошко и Доспат, парите ги префрлиле во Бугарија. За нивно трошење била формирана четиричлена комисија. Дел од парите добиле учесниците во акцијата, а комитетот во Горна Џумаја добил 150 лири. Tреба да се истакне дека најголемиот дел од парите добиени од оваа афера биле потрошени во борбата против врховизмот. Целата афера извршила голема афирмација на македонското револуционерно дело во меѓународната јавност и дипломатија. Тоа се случило уште првиот ден од нивното ослободување во Струмица. Во тамошната протестантска црква Мис Стон рекла:
Да се помолиме за тие браќа во гората, кои работат за слободата на своите браќа и кои покажаа кон нас поголеми грижи, отколку што покажаа нашите родители. Тие ги изложија своите животи за да нè заштитат [25]
Борбата со цончевистите
Планот беше на народот да му се објаснува целта на Организацијата, за што се подготвува, да се објасни дека не е вистина оти Организацијата не мисли за востание, меѓутоа, не тогаш кога сакаат врховистите. Им објаснувавме во што се разликуваат врховистите од нас. Им велевме, дека тие се луѓе на дворецот, дека сакаат да ги предберат во свои раце нишките на Организацијата, за да можат да си играат како сакаат со ослободителното дело.
— Јане Сандански [5]
Очекуваната пенетрација од страна на Сарафовиот комитет, била реализирана од страна на Комитетот Михајловски-Цончев. Генералот веднаш по Деветтиот македонски конгрес започнал со организирање и вооружување на врховистичките чети. Во летото 1901 година, од левата страна на реката Струма се нашла врховистичката чета на капетанот Јордан Стојанов, а од десната страна четата на Пашалијата. Затоа, Јане и Сава Михајлов ги обиколиле селата во Горноџумајско, Мелничко и Разлошко. Од десната страна на Струма, агитирале Крсто Асенов и Чернопеев. Внатрешните дејци ги повикале првите врховистички чети на јавен двобој пред населението, меѓутоа тие го одбиле предлогот [25].
Врховистичката пенетрација во Македонија била олеснета поради зафатеноста на војводскиот и четничкиот кадар на Организацијата со грабнувањето на Мис Стон. Во текот на врховистичката пенетрација, на виделина излегле значајните разлики помеѓу ТМОРО и ВМОК. Христо Силјанов истакнува дека причина за судирот помеѓу двете организации е незадоволството на надворешните од дејците на Внатрешната организација, затоа што тие не им дозволувале ни најмало учество во македонското револуционерно движење. Понатаму, Силјанов заклучува дека: Единствен начин да се избегне судирот беше Внатрешната организација наскоро да одлучи за востание - едно востание со сите изгледи да биде режирано и раководено оттука (Бугарија б.н) [31]. Меѓутоа, разликите помеѓу двете страни биле посуштински. Иван Цончев, Стојан Михајловски, дури и тогашниот претседател на ЦК на ТМОРО биле Бугари. Сите тие, македонското дело го гледале низ бугарска призма. Цончев не бил Македонец и верно ја исполнувал задачата што му ја доверил кнезот Фердинанд. По преземањето на ВМОК од страна на Цончев и неговите приврзаници, Комитетот станал предводник на дворската политика и сака да го заземе полното раководство на македонското движење, за да го искористи за политички цели на големобугаризмот и на круната.
Кон крајот на 1901 година, врховизмот пуштил корења во Македонија и покрај жилавиот отпор на Внатрешната организација. ВМОК успеал да создаде свои бази во Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ. Силјанов истакнува дека:... кон крајот на летото 1901 година врховистите веќе ги контролирале Џумајско, Петричко и Малешевско, со исклучок на неколку села, Врховниот комитет веќе имаше и внатрешна основа за востание. Растројството и деморализацијата зафатија делови и во други соседни и подалечни реони, но тие беа зачувани од врховистичката контрола. Разлошко, Мелничко, Неврокопско и Демирхисарско со својата издржливост најмногу помогнаа врховистите да се ограничат на споменатите реони. Пионер на врховизмот во Македонија бил арамијата Дончо Златков. Цончевиот комитет се декларирал како бранител на моралот и чистотата на делото, а во Македонија користел арамии, контрабандити и разни други отпадници од Внатрешната организација. Без помошта на тие внатрешни пионери... помачно би проникнал и едвај ли некогаш би успеал (Врховниот комитет б.н)... Дончо и неговите колеги се претходници и патоводители, кои ги отворија дверите на Пиринското царство за капетан Јурдан Стојанов, Софрониј Стојанов, Тодар Саев, Лефтеров и други офицери... за да го подготват востанието [31].
Цончевистите биле опасни непријатели, не само на Организацијата туку и на целото македонско дело. Оттука, внатрешните дејци решиле да придобијат што поголем број на сојузници во борбата против Цончев. Во овој период, своите услуги ги понудил Борис Сарафов. На 25 март 1902 година, Сарафов преку писмо до Задграничното претставништво побарал средба со Гоце. Тој потенцирал дека во минатиот период потполно се согласувал со Гоце и Ѓорче Петров, а сега некаков си нов фактор, Гарванов, заседнал во Солун, кому вие му ги исполнувате заповедите и кому ќе треба и ние да му палиме свеќи преку вас, за да станеме добри работници [32] На крајот од писмото, Сарафов запрашал: ... дали ние сме македонски револуционери или бугарски патриоти? [32].
На Организацијата и биле потребни сите кои можеле да го поматат планот на Цончев. Оттука, Сарафов успеал да се доближи до Организацијата, бил тивко прифатен и рехабилитиран преку Ѓорче Петров и Гоце. Против рехабилитацијата на Сарафов, истапил ЦК на Иван Гарванов. На 4 јули 1902 година, ЦК испратил писмо до Задграничното претставништво во кое известил дека гемиџиите, кои биле под влијание на Сарафов, со својата дејност правеле проблеми за Организацијата, затоа било потенцирано: Ако Принцот, мисли со тукашните Орцевци да ја ослободува Македонија, тешко нему и нам [25]. На вклучувањето на Сарафов во Организацијата, како и на неговиот план да замине за Пирин, остро се спротивставил Јане Сандански, кој се заканил дека ќе се отцепи [25].
Горноџумајското востание
Го запрашав, како смета тој, дали разликите меѓу нас и врховистите се само во тоа, дали да биде едниот или другиот. Тој не веруваше во агитациите на врховистите, што стасуваа дотаму да им велат дека при осветувањето на Шипченскиот храм ќе дојдат руски војски и сл.. Овој Мицо добро ги разбираше нештата, не се заведе од врховистите. Сенокос беше единствено село што не беше заведено и не востана.
— Јане Сандански [5]
Во мај 1902 година, ВМОК имал конкретен план за делување: 1) Стојан Михајловски и Иван Цончев документирано да ја изложат неодржливата положба на населението во Горноџумајско и Малешевско пред министер-претседателот на Бугарија Стојан Данев и министерот за внатрешни работи Александар Људсканов; со што била побарана согласност на бугарската влада за претстојното врховистичко востание. 2) Цончев и потполковникот Стефан Николов да влезат во Македонија и да извршат инспекција до Вардар, по што требало да се одлучи дали ќе се објави востание. 3) Полковникот Атанас Јанков веднаш да замине со чета во Битолскиот револуционерен округ [25].
Јанков требало да ја пресече Македонија од Горна Џумаја до Костурско, неговото крајно одредиште. Неговата мисија била добро осмислена и имала повеќе цели. Со продорот во Македонија требало да се одвлече вниманието на ТМОРО и истовремено да се истошти, со што би се олеснило предвиденото Горноџумајско востание. Полковникот Атанас Јанков требало да го одвлече и вниманието на османлиските војски, со што повторно се олеснувал продорот во Горноџумајско. Со разбранувањето на македонското население, требало да се остави впечаток пред меѓународната јавност дека целото движење е резултат на лошата турска власт.
Зад целото врховистичко востание стоеле бугарските фактори. Министерот за внатрешни работи,Људсканов, на прашањето на српскиот дипломатски претставник, колку има вистина во гласовите дека при прославата на Шипка, ВМОК ќе организира востание во Македонија, тој одговорил дека според неговите сознанија ќе има некој обид, но тоа нема да биде во септември, туку во август, веднаш по завршувањето на Конгресот. Тој потенцирал дека бугарската влада презела мерки за да го неутрализира движењето. Људсканов сметал дека целото движење ќе биде неуспешно, меѓутоа дека бугарската влада не може да ги спречи луѓето да не направат некаква будалштина. Но, всушност бугарската влада и Фердинанд стоела зад таа будалштината [25].
Бугарскиот двор, преку некои институции, главно преку Военото министерство и армија, ги насочувал дејствата на Цончевиот комитет. Во практика бугарскиот кнез ги реализирал своите планови во владата и армијата по линијата на Военото министерство. Фердинанд во ВМОК дејствувал преку генералот Иван Цончев, а како клучен координатор на Фердинандовата политика се јавува воениот министер, генералот Паприков. Според Димитар Димески: Неговата (Паприков б.н) улога на поттикнувач на Горноџумајската авантура на генерал Иван Цончев... е несомнена [33] Според Ѓорче Петров, врховистичкото востание на Цончев било со поддршка на кнезот со две цели: 1) Да се испрати еден фишек за да може подготвуваното востание од Организацијата, да се искористи на дипломатски план. 2) Владата на Радославов на лесен начин да го привлече патриотскиот елемент на своја страна, за да го искористи во партиски цели, без да мисли дека е можно едно сериозно востание [25]. Полковникот Јанков на 29 мај (стар стил) 1902 година од Софија заминал за Македонија, а на 4 јули ја минал границата. Со неговото навлегување во Македонија, започнала врховистичката агитација за востание. Тој бил придружува од офицери и подофицери од бугарската армија. Секаде каде што минал; Џумајско, Малешевско, Струмичко, Гевгелиско, Воденско, па до Костурско, оставал свои приврзаници и сеел раздор, истовремено повикувал на востание. Христо Силијанов истакнува: Настојувајќи да се наложи во цела Македонија, Врховниот комитет кон крајот на летото го испрати отаде Вардар полковникот Јанков со голема чета. Тоа беше дрзок и безумен обид да се искористат надве-натри, за бунтарската политика на врховизмот [31] Мисијата на Јанков во југозападна Македонија била неуспешна, ТМОРО успеала да спречи една поголема врховистичка провокација во овој дел на Македонија, но работите во Серскиот револуционерен округ се одвивале поинаку.
Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. Од левата страна од Струма, околу Пирин, борбата против врховизмот ја предводел Јане Сандански. Во Делвино, Јане пред селаните кристално јасно ги престтавил идејните разлики помеѓу двете организации. Тој потенцирал дека врховистите се луѓе на бугарскиот двор и дека тие сакаат да ги фатат нишките на Организацијата за да можат да си поиграат со македонското дело. Јане го посочил примерот од 1895 година, кога кнезот издејствувал сопствено признавање и укажал дека ТМОРО се токми за востание, кога сите ќе бидат подготвени и без да се надеваат на надворешна помош. Јане укажал и на врховистичката агитација: Вие станувајте, од таму иде Русија, од тука иде Бугарија. Според Сандански, македонското прашање не е бугарско, туку европско и дека Бугарија и да сака да го решава сама, не може. Ние треба да го поставиме на меѓународна почва [25]. Истата агитација, Сандански ја повторил и во селата Марлево и Хрсово. Но и покрај силниот отпор на Внатрешната организација, на 22 септември (стар стил) 1902 година започнало т.н. Горноџумајско востание. Христо Силјанов истакнува: Борбата беше релативно куса, но страдањата - многу долги. Маките на населението започнаа од првиот ден: селото Железница беше запалено уште со доаѓањето на аскерот. Пожарите, измачувањата, обесчествувањата и грабежите опфатија 15 села во Горно-џумајската и во Разлошката околија. Во првата околија најмногу настрадаа селата-Железница, Србиново, Градево, а во втората: Елешница, Долна Драглишта и др. Убиени беа 37 мажи и 8 жени, измачувани 304 мажи и 134 жени, силувани 111 моми и жени, ограбени 807 куќи, запалени 67 [31]. Горноџумајското востание од 1902 година и најавените врховистички акции за наредната година, влијаеле и во друг правец. Тие го предизвикале решението за Илинденското востание од 1903 година.
Илинденското востание
Позборував со Делчева за востанието. Му реков: „Многу сте подраниле да кревате востание!" Му го реков тоа со иронија. Делчев одговори: „Што да се прави, излегоа многу бегалци од Петричко и др., и врховистите ќе ги употребат пак да се води борба со нив, а од друга страна и другарите сакале да се крене востание, на пр. Стефан Димитров, бившиот делегат, се откажал да се занимава со македонското прашање, штом не се решава за кревање востание. Затоа требало да се преземе барем терористичка акција". Јас му приговорив дека терористичка акција ќе повлече одмазди од страна на Турците и ете ти пак востание. „Ами ние зошто агитиравме против врховистите и зошто пред народот зборувавме поинаку?!" Освен тоа силно го прекорив Делчева што го прибрале и Сарафов, толку компромитиран и сл. Јас се согласив на терористички акции во смисла да се преземаат само од четите, и тоа на пруги и мостови, далеку од селата. Најпосле со Делчев постигнавме согласност против секакво кревање востание и тој и Коштанов останаа да напишат во таа смисла.
— Јане Сандански [5]
Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени материјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружении со манлихери и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други. Во Мелничко Сандански одвои околу 8 души под водство на Мирчо Кипров и ги испратил за Драмско. Во меѓувреме дошло до недоразбирање помеѓу Сандански и Пејо Јаворов. Последниот сметал дека тоа било поради соперништво. Самиот Јаворов инсистирал да се постигне спогодба со врховистот Јурдан Стојанов кој се зацврстил во Горноџумајско. Сандански од своја страна пак сакал да го разоружа [25].
Во август 1903 година, со претходна дозвола на ЗП, започнале да навлегуваат првите врховистички чети. Првата поголема врховистичка групација броела 160 души и била под раководство на капетанот Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив, пристигнале Цончев и Атанас Јанков со околу 350 до 400 души. Во Серскиот револуционерен округ се нашле околу 500 до 600 души под команда на врховистичките војводи. И покрај договорот за соработка, повторно на виделина излегле идејните разлики помеѓу двете страни. Цончев, иако ги прифатил условите на Внатрешната организација, не можел да се ослободи од своите бугарски видувања на нештата. Иван Цончев во преписката со Пржеваљски истакнал: Целта е оваа, Македонија со своите партизански дејствија да ја исцрпи Турција, а потоа слободна Бугарија да удри со својата свежа, добро организирана армија [25]. И повторно, како и во минатото, Сандански при средбата со врховистите ги претставил разликите помеѓу внатрешните и надворешните. Јане истакнал дека:
вмешувањето на врховистите во македонското ослободително дело дало повод да се мисли дека тоа се поттикнува и раководи од надвор, Кнезот Фердинанд и бугарската влада преку врховистичките чети сакаат да ја обезличат Организацијата и да ја искористат за свои цели. Јане продолжил: Ние решително се спротивставивме на Вашите офицери зашто го знаевме нивното воспитание, нивните интимни замисли. Тие се луѓе кои дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, затоа тие не можат да бидат друго, освен нивни слепи и послушни орудија. А, пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез... Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците... вие ја сакате слободата на Македонија... како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас - внатрешните и Вас – врховистите [25]
На Крстовден, 27 септември, здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2.000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко [25].
Расцепот на Македонската револуционерна организација
Решението на македонското прашање се гледа преку оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација, затоа да се агитира врз меѓународна основа и да се неутрализираат пропагандите, обединување на населението во Македонија околу идеалите на Организацијата со што ќе се отстрани опасноста од поделба на Македонија од страна на балканските држави.
— Директива за идната дејност на Организацијата [34]
По востанието во Софија се одржале првите повостанички советувања на Организацијата. Овие советувања се одржале во периодот од декември 1903 до февруари 1904 година, на нив учествувале истакнати раководители, војводи и началници, главно прашање кое било разгледувано е каков да биде правецот на делување по неуспешното востание. На овие советувања дошло до оформување на две гледишта, од кои подоцна ќе произлезат две струи, едната концепција била претставена од Христо Матов кој се залагал за зачувување на централистичкиот принцип, а другата струја се залагала за децентрализација и демократизација на Организацијата. На советувањата преовладала концепцијата за децентрализација и демократизација предводена од серчани[35]. Оттука произлегла Директивата за идната дејност на Организацијата изработена од Димо Хаџи Димов, Димитар Мирасчиев и Димитар Стефанов со што биле поставени основите на Реформска струја. Како одговор на Директивата, Христо Матов ја создал брошурата Основите на Организацијата од Брут (бг. основитѣ на Организацията отъ Брутъ) во мај 1904 година. Во брошурата биле претставени пет принципи околу кој ќе се групира Конзервативна струја. Главните прашања околу кој се судриле дејците на Организацијата, се прашањето за централизација или децентрализација, односно демократизирање, како и крајната цел на самата Организација, односно автономна Македонија или оформување на Македонија како самостојна политичка единица во рамките на една балканска федерација.
Кризата и поделбите кој се појавиле по Илинденското востание, во текот на 1904 и 1905 година се продлабочиле. Во овој период дошло до прегрупирање на силите, најистакнатите дејци на македонското револуционерно движење тргнале во барање на сојузници и приврзаници за наметнување на сопственото влијание. Влијанието на Даме во Битолскиот револуционерен округ по Илинденското востание опаднало, тој презел и една обиколка низ Солунскиот округ и пошироко за наметнување на своето влијание, но ова обиколка не ги постигнала посакуваните резултати. Прилепскиот конгрес покажал дека Даме има различни погледи од Пере Тошев и Ѓорче Петров, по прашањето за идното устројство на Организацијата. Даме бил во лоши односи и со Борис Сарафов, кој преку поедини војводи го ширел своето влијание во Македонија. Поради централистичките погледи, Даме бил на спротивната страна од Јане Сандански и серчани, како и со дејците на Струмичкиот револуционерен округ. Тој ги расипал односите и со Атанас Лозанчев, со него во ноември 1904 година имал и физички судир [36][37].
Во август 1904 година во Софија се вратил Ѓорче Петров. Тој истакнал дека Даме е уморен и дека е потребна негова замена ако сакаат да ја продолжат и завршат борбата на Организацијата. Петров тогаш бил во коалиција со Петар Поп Арсов, Пере Тошев и Јане Сандански. Оваа групација се залагала за демократизација на Организацијата, прекинување на врските со било која бугарска влада и распуштање на актуелното Задгранично претставништво. Според српскиот дипломатски претставник во Софија - Симиќ, во декември 1904 година македонското револуционерно движење било поделено на 4 групи, една околу Борис Сарафов, кон неа клонеле Ѓорче Петров и Васил Чакаларов, друга околу Матов - Татарчев, трета околу Даме и четврта анархистичка, околу која се вртеле Петар Поп Арсов, Михаил Герџиков, Димитар Мирасчиев и други, тие биле групирани околу весникот Револуционерен лист. Симиќ истакнал дека највлијателна група била онаа на Даме, а нејзин најекспониран претставник во Бугарија бил Иван Гарванов [38]. Симиќ исто така истакнал дека дошло до зближување меѓу Даме, Гарванов и Иван Цончев, а на спротивната страна дошло до зближување меѓу Пере Тошев, Лозанчев, Сарафов и Ѓорче Петров [38].
Кашинскиот настан
Организацијата не предвидува скорешен крај на непријателствата. Напротив, судејќи според врховистичките подготовки и закани за одмазда на Кашина, таа предвидува дека борбата сè повеќе се засилува... резервниот полковник Јанков, штом влегол во внатрешноста, до своите истомисленици испратил окружно писмо да се убива секој повиден член на Организацијата. Од своја страна, и Организацијата е подготвена да прибегне кон најголемите крајности - убиствата во Кашина тоа го покажуваат - дури да оди дотаму, борбата да ја пренесе овде, во Софија, од каде што се испраќаат и инспирираат агентите на врховистите во Македонија.
— Христо Силјанов [39]
Серскиот револуционерен округ на Внатрешната организација по востанието не случајно бил зафатен од нов бран на врховистичка пенетрација. Серскиот округ бил тврдина на Сандански и неговите приврзаници, најголемите непријатели на врховизмот и јадрото на реформската струја која се појавила во Организацијата по востанието. Врховистите сметале дека со завладувањето на Серскиот округ, ќе можат полесно да навлезат во останатите револуционерни окрузи во Македонија. По новата врховистичка пенетрација, повторно на виделина излегле идејните разлики помеѓу двете страни. Како најголема врховистичка пречка за освојувањето на Серскиот округ се покажал Јане Сандански. Иван Цончев и неговите приврзаници, со поддршка на бугарскиот кнез Фердинанд, презел иницијатива за освојување на Мелничкиот револуционерен реон и ликвидирање на Старикот [40].
Мелничкиот револуционерен реон се наоѓал во рацете на Јане и неговите приврзаници, истовремено тој бил тврдина на серчани и имал стратешко значење во Серскиот револуционерен округ. Врховистичката тенденција за ликвидирање на Јане произлегувала од надежта дека со отстранувањето на најопасниот и најогорчениот противник на врховизмот ќе се постигнат две цели: создавање на поволни услови за освојување на Серскиот револуционерен округ и обезглавување на реформската струја во ТМОРО, со што дополнително Организацијата однатре ќе ослабела [40].
Реализацијата на овој план му била доверена на капетан Јордан Стојанов. Во април 1905 година, здружените врховистички чети под команда на капетанот го започнале походот во Мелничко. Кашинчани, од врховистичките четници Димитар Филчев од Кашина и Златан од Игралиште, го дознале времето и правецот на врховистичкото заминување. Оваа информација, му помогнала на Јане навремено да ја постави заседата. Во ноќта помеѓу 6/7 април (стар стил) 1905 година, врховистите заминале од Кашина и се упатиле кон селото Ковачево. Во 23 часот и 30, врховистите биле начекани од Јане Сандански [40]. Во заседата учествувале четата на Јане во јачина од 30-35 души, четата на Таската Серски во јачина од 15 четника и четата Атанас Тешовалија со 15 четника и 4-5 селани, сè на сè околу 70 души. Врховистите биле 54 души. Во престрелката загинале 7 врховисти, а 6 биле ранети. Од заседата успеале да се извлечат Јордан Стојанов и Иван Господарев. Другите врховисти се предале и биле разоружени. Следниот ден, 6-мина од врховистите што биле заробени, биле изведени пред револуционерниот суд поради своите злосторства кон населението. Од нив, четворица биле осудени на смрт и на 8 април (стар стил) 1905 година биле ликвидирани. Останатите двајца биле ослободени.
Веднаш по погубувањето, Јане одржал говор пред другите врховисти и остро ја осудил нивната дејност. Меѓу останатото, рекол: дека сме иделе во Македонија само да си го поминеме времето и сме биле плаќани од кнезот и поддржувани од владата, дека нашата цел била да ја освоиме нивната татковина Македонија, и да го направиме кнезот крал, дека тие не сакале Македонија да ги плаќа долговите на Бугарија и сл. Им рекол дека се тие Внатрешна организација и дека нив не ги сака народот и дека немаат потреба од бугарски пушки, бугарска помош, од егзархијата, пцуел (ругал) сè бугарско и сл. [40].
Рилскиот конгрес
Организацијата за напред по никаков начин не може да трпи на своја територија никакви други групи и корпорации... Таа ќе ги прогонува по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи подлежат на сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното дело и злосторниците на нашата татковина, каде и да се наоѓаат тие, биле членови на Организацијата или не... Организацијата со своите нови наредби дава широка слобода за членување во неа... без разлика на народност, место на раѓање и убедување... гореизложеното решение му отвора пристап во Организацијата на секого и со секого се надева да ги види во своите редови обединети силите на сите искрени и вистински приврзаници на ослободителната револуционерна борба против турскиот режим во Македонија и Одринско.
— Соопштение до групата македонски дејци наречени Врховисти
И покрај поделбата и диференцирањето на фракциите во Организацијата, најголемиот дел од дејците биле на став дека излезот од таквата состојба може да се најде само преку еден општ конгрес, кој би го воспоставил повторно единството во македонското револуционерно движење.
Меѓутоа патот до општиот конгрес траел 2 години. Нему му претходеле Струмичкиот конгрес од 1904 година, Прилепскиот конгрес и Скопскиот конгрес од јануари 1905 година. Во летото 1905 година се одржале два конгреса на Солунскиот револуционерен округ, конгресот од јуни и конгресот од август. Потоа се одржал Струмички конгрес од 1905 година и Серскиот конгрес. Со тоа се создале услови за свикувње на општиот конгрес.
Кон крајот на септември 1905 година во Софија се собрал најголем број од делегатите кои требало да присуствуваат на Конгресот. Во главниот град на Бугарија биле извршени дополнителни советувања на кои дошло до недоразбирање околу местото за одржување на Конгресот. Јане Сандански побарал Конгресот да се одржи во Македонија и на тој начин да се повлече: чисто внатрешниот карактер и полната независност на Организацијата [39]. Сепак најголемиот број од делегатите посочиле дека Конгресот не треба да биде вознемируван од никого и затоа предложиле тој да се одржи надвор од границите на Македонија. По преговорите било постигнато компромисно решение Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир, во близината на македонската граница.[39]. Конгресот го имал следниот дневен ред:
- 1. Извештај за минатата дејност и сегашната положба во Организацијата по окрузи и околии
- 2. Идната дејност на Организацијата
- 3. Устројство и управа на Организацијата;
- а) административен оддел
- б) судски оддел
- в) финансиски оддел
- г) културно - економски оддел
- 4. Литература и печат
- 5. Односот и поведението на Организацијата спрема разните теченија; a) спрема сите пропаганди б) спрема бугарскиот државнички национализам и егзархија в) спрема врховистите, емиграцијата и јавноста во Бугарија г) спрема одделни организациски групи внатре и надвор
- 6. Тактика на Организацијата
- 7. Отчет за дејноста на ЦК и Задграничното претставништво[39]
Најдолго време распрвале, дваесет дена, за точката три, односно идното устројство на Организацијата. Според Христо Силјанов по ова прашање дошле во судир две струи кои имале различна концепција по ова прашање. Двете струи Силјанов ги нарекува: радикално-реформска и умерено-конзервативна [39]. На овој Конгрес најистакнати претставници на првата групација биле Пере Тошев, Ѓорче Петров и Јане Сандански, тие ја имале наклонетоста на најголемиот број на делегати. Ова крило се залагало за децентрализација и демократизација на Организацијата, широка примена на изборното начело. На страната на оваа група застанал и Борис Сарафов сакајќи на тој начин да добие амнестија од обвиненијата. На чело на другата групација застанал Даме кои се залагал за зачувување на централистичкиот хиерархиски поредок. Меѓутоа тој ја немал поддршката на најголемиот број на делегати и затоа бил подготвен на компромис, а зад него застанале Аргир Манасиев, Борис Мончев, Лазар Маџаров, Стамат Икономов и Добри Даскалов.[39] По дваесетдневна расправа меѓу двете групи, Конгресот ги прифатил новиот Устав и Правилник на Организацијата. Христо Силјанов истакнува дека новоусвоените акти биле компромисно решение меѓу двете групации: со чувствително наклонување на лево[39] и дека отстапките за компромисот биле направени од умерено-конзервативното крило. Иако Христо Силјанов истакнува дека бил постигнат компромис, во постарата литература преовладува ставот дека влијанието на левицата преовладал на овој конгрес. Дополнителна конфузија е поделбата на левица и десница, кога е познато дека Борис Сарафов застанал на страната на радикално-реформското крило кое во постарата литература се нарекува како лево крило, а Даме бил на чело на умерено-конзервативната струја, во постарата литература познато како десно крило.
И покрај струењата бил постигнат компромис и бил усвоен новиот Устав и Правилник според кој Организацијата добила ново официјално име: Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО)[39]. Врз основа на штотуку усвоените нови акти за членови на ЦК биле избрани: Дамјан Груев, Пере Тошев, Тодор Поп Антов, во Претставничкото тело влегле - Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов, за уредник на Револуционерен лист бил избран Димо Хаџи Димов. За ревизори на Организацијата биле избрани Иван Гарванов, Никола Пушкаров и Борис Сарафов, меѓутоа тие не ја прифатиле должноста.[37].
Одговорноста на Борис Сарафов како и на другите дејци на Организацијата биле оставени на крајот од дневниот ред, бидејќи ова прашање било најделикатно. Сарафов бил обвинуван од сите страни и за секакви дејствија, дека земал пари од српската влада, за пропуштање на српски чети, за препраќање на свои чети во Македонија, давање пари на разни службеници со што предизвикувал раскол и расипништво. Според Христо Силјанов фактите биле толку силни што Сарафов: не можел, а да не се чувствува за грешник[39]. Главни обвинители на Конгресот биле Јане Сандански и серчани. Тие биле поддржани од струмичаните како и од реформските делегати, а против Сарафов биле и делегатите од Битолскиот и Солунскиот округ под влијание на Даме, нивен гласноговорник бил Борис Мончев [39]. Сарафов морал да се брани и затоа го обвинил Јане Сандански за пасивност при Илинденското востание, а на Дамјан Груев му дофрлил што дозволил да биде грабнат од просрпскиот војвода Мицко Крстевски.
Единствен кој застанал на страната на Сарафов бил Ѓорче Петров кој пак добил поткрепа од страна на Пере Тошев дека амнестирањето на обвинетите е најдобро решение со што би се разрешило заплетканото прашање. Улогата на миротворец требало да ја одигра непомирливиот противник на Сарафов, самиот Јане Сандански. На изненадување на многумина Сандански истакнал дека во минатото сите грешеле, дека е потребно сплотување и помирување, да се остави минатото. Во тој дух се изјаснил и Ѓорче Петров, а поддршка дал и Даме. На крај конгресот изгласал општа амнестија за сите обвинети вклучително и за Сарафов [39]. На конгресот преовладал духот за постигнување на компромис и возобновување на единството. Со новиот устав и правилник во Организацијата требало да се воведе широка децентрализација и демократизација од највисоките до најниските раководни тела. Mеѓутоа единството кое било воспоставено траело кратко.
Вториот редовен конгрес
Избраните делегати се собраа на договореното место, но конгресот не се одржа. Се одржаа само неколку подготвителни состаноци, колку да се констатира непомирливоста на двата блока и да се доведат работите до целосен расцеп. Улогата на малото камче, кое ја превртува претоварената кола, во дадениот случај ја одигра спорот за местото на конгресот.
— Христо Силјанов [39]
Составот на новиот централен комитет бил компромис помеѓу фракциите во самата Организација. Даме како член ЦК ја претставувал Конзервативната струја, а Пере Тошев Реформската струја, додека пак Тодор Поп Антов бил близок со серчани. Даме и Пере Тошев стоеле на различни стојалишта во поглед на многу прашања и тоа го отежнувало функционирањето на Централниот комитет и самата Организација. Тодор Поп Антов бил легален член, за разлика од останатите кои биле нелегални, тоа придонело да биде отежната комуникацијата помеѓу нив. Недоразбирањата помеѓу членовите на ЦК, особено меѓу Даме и Пере Тошев, биле пречка за повторното воспоставување на единство во Организацијата. Ефтим Спространов истакнува дека и по Рилскиот конгрес, дејците во Организацијата се делат на три групи: Ѓорче Петров-Борис Сарафов, Даме Груев-Христо Матов и трета околу Пере Тошев, Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов. Според Спространов: Првите се за интереси и сакаат да се држат за да јадат, вторите за стариот ред во управувањето на Организацијата, а последните - за новиот Правилник[41]. Српскиот дипломатски претставник во Софија, Св. Симиќ во својот извештај од 3 ноември 1905 година, соопштил дека Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов (бугарски општественик) припаѓале на т.н. слободномисливи и се приврзаници на Сандански [42]. Во еден друг извештај од 30 мај 1906 година Симиќ истакнува дека Борис Сарафов и Ѓорче Петров нерадо се сретнуваат со Поп Арсов, Груев, Гарванов и другите и дека меѓу нив сè поголем замав зема старата недоверба па секоја група работи сама за себе [42]. Разликите биле преголеми, оттука Организацијата и по една година од Рилскиот конгрес се наоѓала во старата состојба на внатрешни поделби и расправии [43]. Причините за разединувањето помеѓу Петар Поп Арсов и Димитар Стефанов (бугарски општественик) на една страна и Ѓорче Петров на друга, лежеле во слабостите на Ѓорче кон Борис Сарафов [42]. Поп Арсов и Стефанов биле незадоволни од сојузот помеѓу Ѓорче и Сарафов, оттука тие сè повеќе се свртувале кон серчани и струмичани со кои идејно биле блиски и ја зацврстиле својата соработка со Јане Сандански [42].
Во услови на поделби и разединувања, во летото 1906 година започнале подготовките за Вториот редовен конгрес на ВМОРО кој требало да се одржи до крајот на тековната година. Во рамките на подготовките, Серскиот округ го одржал својот Втор редовен конгрес во селото Ловча. Кон крајот на ноември во Софија почнале да пристигнуваат делегати од цела Македонија за одржување на неопходните претконгресни средби. За време на советувањата дошло до целосно слевање на веќе покојниот Даме Груев, Иван Гарванов и Борис Сарафов, кои заемно си ги признале своите делегати [42]. Имено, Сарафов, Гарванов, Христо Матов, Христо Татарчев и Петко Пенчев го имале изгубено правото да бидат делегати на предвидениот конгрес, затоа што долго време биле надвор од територијата на ВМОРО. Во претходниот период помеѓу конзервативните групи постоела извесна нетрпеливост и соперништво, но во овој момент заедничката омраза кон Јане Сандански ги обединила [42]. Во текот на советувањата во Софија, серчани го наметнале прашањето за местото на одржување на претстојниот конгрес, истовремено инсистирале тој да се одржи во Македонија. Од своја страна, конзервативната група побарала да се предаде оружјето и муницијата од пограничните пунктови, кои биле под контрола на Јане Сандански, на една мешовита комисија. Предлогот бил одбиен. Петар Поп Арсов и Сандански биле непопустливи пред барањата на конзервативците, а Пере Тошев се држел резервирано [42].
Во текот на советувањата во Софија спорни биле три прашања: 1) местото на одржување на конгресот 2) предавање на оружјето од пограничните пунктови 3) верификација на делегатските мандати како најспорно прашање [42]. На едно собрание околу полноќ, дошло до заострени дискусии околу последното прашање, а дошло и до демонстративно напуштање на седницата од страна на Петар Поп Арсов, Христо Чернопеев, Крсто Б’лгаријата, Стојо Хаџиев, А. Станоев, Д. Икономов и други. Меѓутоа сепак бил постигнат компромис, било одлучено конгресот по вторпат да се одржи во Рилскиот манастир [42]. На првиот ден од Коледе, Претставништвото испратило покани до сите делегати повикувајќи да заминат за Рилскиот манастир, но многумина делегати од конзервативното крило ги вратиле назад поканите[42].
И покрај оваа постапка на конзервативците, припадниците на реформската група на чело со Сандански, заминале за Рилскиот манастир. Непосредно пред манастирот, Михаил Даев во полупијана состојба предизвикал инцидент, во текот на кој двајца месни врховисти биле убиени, а еден бил ранет [42]. Оваа случка и послужила на бугарската полиција како повод за блокада на Рилскиот манастир. Сандански и останатите делегати ја согледале стапицата, по што го напуштиле местото и ја минале границата. Следниот ден, 2 јануари 1907 година, во селото Рила пристигнал Петар Поп Арсов и тука дознал за инцидентот и веднаш се вратил во Софија. Борис Сарафов и Михаил Даев уште во Софија планирале да направат некоја провокација со која требало да се спречи одржувањето на конгресот [42], затоа што нивното мнозинство на Конгресот не било сигурно [42]. Христо Силјанов тенденциозно тврди дека реформската група била во малцинство и се состоела од 12 делегати и затоа го напуштиле местото.
Заминувањето на Сандански и неговите приврзаници од Рила го искористиле конзервативците за да ги обвинат серчани дека го провалиле Конгресот. По ова прашање, Ванчо Ѓорѓиев истакнува: Меѓутоа, провалувањето дошло од самите конзервативци. Тие дури и не се појавиле на местото закажано за одржување на Конгресот. Предизвиканиот инцидент од страна на М. Даев, враќањето на поканите за учеството на Конгресот, непојавувањето на местото на одржување на Конгресот, и секако, појавата на бугарската полиција кај Рилскиот манастир, не биле случајни. Тоа била смислена саботажа од страна на конзервативците со цел да го прикријат своето отсуство од Конгресот [42]. По пропаѓањето на Конгресот, конзервативците се собрале во Ќустендилско и конституирале свое советодавно собрание. Тие во своето изложение ги прогласиле за непрактични и неприменливи нормативните акти на ВМОРО од Рилскиот конгрес од 1905 година. На крајот, си избрале свои задгранични претставници: Иван Гарванов, Борис Сарафов и Христо Матов за Солунскиот, Битолскиот и Скопскиот револуционерен округ [42].
Советувања
Навистина, Ѓорче и Пере, поблиски до серчани во однос на реформаторството можеа на почетокот да го спречат Јане да го направи фаталниот чекор и да застанат како посредници и помирувачи меѓу едните и другите. Но, тие не го направија тоа. Скруполозниот П. Тошев, молчеливо ја поддржа акцијата на серчани.
— Христо Силјанов [39]
Речиси истовремено, реформската група на ВМОРО одржала свое советување во почетокот на февруари 1907 година. Советувањето се одржало на чифлигот на браќата Башавелови во Големо Село, Дупничко. На Советувањето учествувале: Петар Поп Арсов, Димитар Стефанов (бугарски општественик), Пере Тошев, Јане Сандански, Крсто Б’лгаријата, Христо Чернопеев, С. Хаџиев, М. Даев, П. Китанов, Д. Икономов и др.
На собирот биле разгледани три генерални прашања: 1) како да се попречи врховистичкото влијание 2) што да се преземе во Скопскиот, Солунскиот и Битолскиот округ што биле зафатени од српската и грчката пропаганда 3) внатрешните разногласија [42].
На Советувањето се појавиле два предлога. Првиот бил од Јане Сандански кој побарал серчани да испратат свои чети во Скопскиот затоа што таму имале луѓе кои биле пријателски наклонети кон нив и оттаму да се изврши влијание во Битолско и Солунско. Од друга страна, Христо Чернопеев поаѓал од фактот дека тие се дејци на Внатрешната организација, а не само на одделни окрузи и оттука предложил самиот да замине за Битолско, а Сандански по сопствен избор, да замине за Солунско или Скопско, каде што требало лично да ја поведе борбата против надворешните влијанија [42]. Предлогот на Чернопеев бил поддржан од страна на Петар Поп Арсов и шестмина учесници. На крајот не било донесено единствено решение.
Во пролетта 1907 година во Софија било одржано советување на кое присуствувале: Петар Поп Арсов, Јане Сандански, Стоју Хаџиев, Крсто Б’лгаријата, Петар Ангелов, Лазар Плавев и Алексо Мартулков. На ова советување било решено да се вооружат две чети кои требало да заминат за Скопскиот округ. Крсто Б’лгаријата и Петар Ангелов требало да останат во Скопско, а Алексо Мартулков и Лазар Плавев требало да заминат за Велешко и да го поддржат реонскиот војвода Дачо Јотов Крсто [42]. Учесниците на советувањето тргнувале од становиштето дека од Велешко лесно може да се изврши влијание во Втората револуционерна област на Македонија [42]. За овие настани, Ванчо Ѓорѓиев истакнува:
Неодржувањето на Вториот општ конгрес на ВМОРО, како и постапките и одлуките на двете јасно издиференцирани крила кои меѓусебно се нарекле лево и десно, претставува почеток на крајот на постоењето на единствената македонска револуционерна ослободителна организација на единствената и цела македонска територија[42]
Кулминацијата на судирот
За жал, а можеби и за среќа на организацијата истовремено, истакнатите разлики не сè повеќе од една етикета. Практиката кај Пелистер и на Пирин е еднаква. Ако сакате, примената на револуционизмот и интернационализмот во границите на можноста ќе ја сретнете секаде на друго место, но не и на Пирин. Таму владее еден грозен терор од цели 5 години и таму организацијата се крепи предимно на играта на мечот. Да се убиваат секоја година со десетици невини селани и истовремено да се врши мирна културна работа, - тоа е противречно. Сандански вешто ги крие под маската на тие идеи своите амбиции да ја игра ролјата на Делчев и Груев, но за несреќа, тој е мошне малечок и по ум, и по срце за слична улога. Посебно за неговите другари. Тие можеби се вдахновуваат од поискрени намери, но голем дел од нив се робови не на реалноста, туку на своите доктринерски апстракции. Тие прават обиди на грбот на македонското население.
— Христо Матов [44]
Во почетокот на 1907 година, судирот меѓу конзервативната и реформската струја на ВМОРО добил нова димензија, а кон крајот на истата година ја достигнал и својата кулминација. Времето на заемни отстапки и компромиси веќе било само минато [42]. Решенијата сега се барале преку нишанот на оружјето. Првите вооружени инциденти биле предизвикани од страна на конзервативците.
На 26 јануари 1907 година, Мише Развигоров го нападнал ќустендилскиот пунктовен началник Петар Ангелов, кој бил приврзаник на Сандански и Петар Поп Арсов [42]. Истовремено, Борис Сарафов и Иван Гарванов започнале со отворено поттикнување на војводите во Македонија, од типот на воденскиот војвода Тодор Иванов, да се удри со куршум по сите душмани [42]. Како такви биле именувани: Поп Арсов, Александар Станоев, Стефан Димитров и особено, Сандански и Чернопеев [42].
Во мај 1907 година, приврзаниците на Сарафов и Иван Гарванов, во содејство со бугарската полиција, во ќустендилско го разоружале Крсто Б’лгаријата и го спровеле во Софија. Овие провокации биле прифатени од Јане Сандански, само што тие во своите планови предвидувале ликвидирање на самите инспиратори на судирите. За тоа дознаваме од едно писмо на П. Христов до П. Ацев од 26 мај 1907 година. Во него било истакнато дека Сандански и Христо Чернопеев во тоа време јавно биле поттикнувани од Петар Поп Арсов, а потајно од Пере Тошев и Ѓорче Петров, да донесат решение за ликвидација на Гарванов и Сарафов [42].
Во овој период официјалните бугарски фактори, ги согледале непријателствата помеѓу двете крила и последиците што можат да произлезат од тоа, а со цел да не ја испуштат севкупната контрола врз македонското револуционерно движење, во март 1907 година презеле чекори за помирување помеѓу сите групи на Внатрешната организација, но тоа било безуспешно [42]. Во октомври 1907 година, за да ги придобијат автономистите на Петар Поп Арсов на своја страна, бугарските власти во Софија вработиле неколкумина од нив како државни службеници. Претседателот на бугарското Народно собрание Добри Петков, во договор со Поп Арсов, вработил неколку Македонци во собранието со месечна плата од 60 лева. Бугарските фактори сметале дека со овие мерки ќе ги придобијат овие луѓе за бугарските интереси и дека ќе го елиминираат постојниот страв од оваа, за нив сепаратистичка струја [42]. Овие постапки на бугарските власти за наводно измирување меѓу групациите, не предизвикале никаква промена во односите меѓу двете спротивставени страни. Всушност, односите уште повеќе се заостриле меѓу групациите на ВМОРО.
Ликвидацијата на Борис Сарафов и Иван Гарванов
Имено, убиството е акт на амбицијата на Сандански да ја заземе организацијата. Покојните му беа пречка на неговиот пат и тој требаше да ја отстрани. Сандански залудно се обиде да се наложи по легален начин. На вториот конгрес Сарафов дејствуваше самостојно и Сандански откако се виде во незначително малцинство, го осуети конгресот. Оттогаш датира неговото фактичко отцепување и неговото завршно решение да ги убие своите противници.
— Христо Матов [44]
Во почетокот на ноември 1907 година, Сандански пристигнал во Софија каде што одржал неколку советувања со своите сомисленици. Едно од главните прашања на овие собири, бил односот кон Сарафов и неговите приврзаници. На советувањата учествувале: Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и Димитар Стефанов (бугарски општественик) (тројцата легитимни претставници), Пере Тошев (член на ЦК на ВМОРО), Христо Чернопеев, Димо Хаџи Димов, Иван Харизанов и други. Јане Сандански доминирал на овие советувања. Според Ќамилов, Старикот истакнал:
треба да се работи за пробудување на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека за извојување на својата слобода треба да се борат без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги поробат[9]
Сандански укажал дека: сите што агитираат било во Македонија, било надвор од неа на база: ослободување и обединување на Бугарите, од ВМОРО треба да бидат дочекани непријателски, така како што се дочекуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети [9]. Оваа алузија се однесувала на Сарафов и Гарванов [42]. На советувањата имало одделни предлози за помирување, меѓутоа Сандански не се откажал од своите намери. Вечерта на 28 ноември 1907 година, самопрогласените задгранични претставници во домот на Принцот, на улица Осогово, 36, договориле средба со Тодор Паница, нивниот нов приврзаник [9]. Кога Сарафов ја привршувал својата вечера, пристигнал Иван Гарванов. Малку подоцна пристигнал Тодор Паница, вооружен со два наганта. На гостинот му биле понудени мезе и чаша вино, но Паница одбил. Во разговорот со Сарафов и Гарванов, дознал дека Христо Матов нема да присуствува на средбата [9]. Матов ги известил дека поради неодложна работа нема да дојде на средбата. Сарафов и неговите двајца гости се повлекле во друга соба, каде што разговорот меѓу нив течел спокојно. Околу 11 часот, Паница станал да си оди, а Сарафов и Гарванов станале да го испратат. Кога пристигнале до влезната врата, се слушнале зборовите: Уште едно прашање? а во истиот момент се слушнале два истрела. Веднаш дотрчале домашните кои се стаписале од ужасот: Сарафов и Гарванов, облеани во крв, умираа. И двајцата беа погодени со по еден смртоносен удар. Сарафов беше застрелан во левото слепо око, а Гарванов во левото уво [9]. Тодор Паница веднаш го напуштил местото, а набргу во домот на Сарафов пристигнале еден полициски инспектор и судски истражувач, во придружба на еден софиски репортер, кој вака ја опишал глетката која ја затегнал:
Во антрето, до влезната врата, Сарафов паднал, потпрен на левиот ѕид, со спуштена глава вдесно, со раширени нозе и раце - една отворена, другата со свиткани прсти. Гарванов паднат на грбот, со главата легната на десната нога на Сарафов, испружен во ходникот со раширени нозе кон внатрешноста. И двајцата со бледи лица изгледаат како заспани... Под труповите и наоколу големи локви крв која продолжуваше да тече. Околу безживотните трупови горко плаче остарениот татко на Сарафов, неговата мајка, неговите браќа, сестра му, снаа му и неговите блиски [9]
По двојното убиство, бугарските власти уапсиле околу 50 души. Меѓу нив биле: Чернопеев, Крсто Б’блгаријата, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Стојно Стојнов, Ст. Кемилев, д-р К. Д. Списаревски, Ал. Радославов, браќата Харизанови и други. Неколку дена подоцна, со одлука на бугарското Народно собрание бил затворен Антон Страшимиров, народен пратеник од редовите на радикалната партија, тој бил обвинет како интелектуален соучесник [9]. На 13 декември 1907 година, софискиот градоначалник наредил: да се фатат и да се затворат, каде и да се наоѓаат: Јане Сандански, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Тодор Паница [9]. На крај бугарските судови ги осудиле на смрт Сандански и Паница, откако ги прогласиле за разбојници.
По убиството на Сарафов и Гарванов, утрото на 29 ноември 1907 година Христо Матов ги собрал повидните војводи и раководители на конзервативната струја кои се наоѓале во Софија, за да ја разгледаат новонастанатата состојба. Со двојното убиство се срушиле сите мостови и опции за соработка помеѓу двете групи во Македонската револуционерна организација. Матов веднаш презел мерки за продолжување на работата на самопрогласеното Задгранично претставништво и по телефон го повикал Тодор Александров од Бургас, доверувајќи му ја благајничката работа, која претходно ја вршел Гарванов [9]. Александров станал десна рака на Матов, и оттогаш почнува неговото брзо искачување [9]. Главната задача која си ја поставил Матов била свикување на нов конгрес. Конгресот требаше да се свика по секоја цена и во најкус рок [9]. Подготовките за Ќустендилскиот конгрес завршиле релативно брзо и се одржал во првите денови на март 1908 година во селото Жабокрт, Ќустендилско. На него присуствувале: Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков, Христо Шалдев, Тодор Александров, Васил Чакаларов, Климент Шапкарев и други [9]. Едногласно за претседател на конгресот бил избран Христо Матов, а за секретари Климент Шапкарев и Петко Пенчев. Делегатите разгледале повеќе прашања, а кон крајот на март Бирото на конгресот објавил една Декларација [9]. Во неа биле објавени решенија за повеќе прашања кои се однесувале на Македонија и македонското револуционерно движење.
По прашањето за убиствата на Сарафов, Гарванов и Даев било одлучено: Откако ги разгледаа фактите за убиствата на Гарванов, Сарафов и Даев, а имајќи ги во вид и самопризнанијата и објаснувањата на виновниците, содржани во нивното отворено писмо, Конгресот заклучи дека убиството е мотивирано со стремежот на неговите автори да ѝ се наметнат со недопустливи средства на Организацијата. Сакајќи да ги зачува единството и дисциплината во Организацијата и да го искорени системот на самоволијата и заканите во отвореното писмо за нови убиства, Конгресот одлучи потписниците на отвореното писмо, како и физичките убијци да се исклучат од редовите на Организацијата и да се сметаат за нејзини непријатели [9].
Со Ќустендилскиот конгрес се ставил крај на Македонската револуционерна организација и се поставиле темелите на идната Внатрешна македонска револуционерна организација, позната како Автономистичка. Сандански и серчани биле обвинети за непријатели на Организацијата поради убиството на Сарафов и Гарванов, меѓутоа разликите биле посуштински. Двете страни имале дијаметрално различни концепти за решавање на македонското прашање. Христо Силјанов истакнува дека во преден план на конзервативците била целосната воена подготовка на населението и дека не треба да се троши време и сили за неважни работи [9], односно дека Еволуционизмот на серчани е побиен [9]. Меѓу останатото, конзервативците истакнале дека не можат да ѝ го одречат природното право на Бугарија да се грижи за судбината на своите сонародници во Турција [9] и дека: Нашите патишта со МладоТурците не се сретнуваат... Нас иднината на турската држава не нè интересира и не можеме да ја врзуваме судбината на нашата татковина со судбината на разноверните и разнојазичните племиња, народи и раси... [9]. Овие погледи на Христо Матов биле во целосна спротивност со стремежот на Сандански и неговите приврзаници за зачувување на целосна Македонија преку реорганизација на Османлиското Царство и сочувување на нејзиниот територијален интегритет.
Нова програма
Ние навистина не можеме да ѝ го одземеме правото на Бугарија да се грижи за своите сопствени собраќа зад Рила, но ние ја сакаме хармонијата на нејзината политика со нашата. Особено, по таа точка не можат да се изнесат никакви конкретни обвинувања, освен земањето или неземањето на средства од официјални извори, кое што не ја условува самостојноста.
— Христо Матов [44]
Меѓутоа левицата во македонското ослободително движење не се откажала од борбата. Серчани и струмичани се договориле за свикување во внатрешноста на конференција или конгрес на Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ за изработка на општа платформа за понатамошната дејност. Во втората половина на мај 1908 година, во Банско, а потоа во Пирин во месноста Ечмиште се одржал Мајскиот конгрес [4], познат и како Ечмишки советувања. Работата на Конгресот траела десет дена, а на него присуствувале истакнати претставници на реформската струја на Македонската револуционерна организација. Меѓу нив биле: Христо Чернопеев, Павел Делирадев, Мишо Шкартов, Г. Огњанов, Сандански, Александар Бујнов, Чудомир Кантарџиев, Георги Скрижовски и др.
Во текот на Конгресот, Јане се осврнал на сите проблеми пред кои било исправено македонското револуционерно движење. Во стремежот да се објаснат позициите на двете групации, да се откријат причините за судирот, да се расветли неуспехот за зачувување на целоста на движењето за кое Јане ги обвинил Сарафов, Матов и Гарванов како и сите оние што ги поддржувале, во своето излагање Јане направил ретроспективен осврт на развојот на Внатрешната организација [45]. Задржувајќи се на проблемите за соработка со другите струења и групи во револуционерното движење, Јане истакнал дека серчани се подготвени за соработка и борба за преовладување на постојните недоразбирања и за воспоставување на единство.
Меѓутоа, кога ја истакнал таа подготвеност, Јане јасно нагласил дека серчани не се за соработка по секоја цена. За нив таквата соработка можела да се воспостави само врз принципите на независност на организацијата и бескомпромисната борба против надворешните влијанија. На Конгресот бил формулирана јасна политика кон Бугарија и нејзиното мешање во внатрешните работи на целото македонско револуционерно движење. Конгресот заклучил:
Како силно заинтересирана по своите длабоки економски и политички цели при решавањето на македонското прашање, Бугарија прва започнала со исползување на ослободителното дело за своите државнички и династички интереси. На тој начин таа уште од самиот почеток ја компромитира независноста на Организацијата и го предизвикува вооружениот курс на туѓите пропаганди, од што земјата се претвори во арена на постојани пустошења. За да ја намали важноста на револуционерната Организација и да ја оттргне од нејзиниот природен развој, Бугарија ги употребува сите средства да сее раздор меѓу дејците во внатрешноста, стремејќи се со тоа да ја претвори во свое орудие... Ценејќи ја високо својата независност, Организацијата се објавува најкатегорично против таа политика на Бугарија, третирајќи ги нејзините орудија, подеднакво со орудијата на другите пропаганди [45]
Крајно недоверливи кон надворешните сојузници и окупирани со секојдневните практични проблеми на борбата, реформистите имале потреба од изградување на политика за кардиналното прашање, ослободувањето на Македонија и нејзините идни односи со соседните држави. Оттука, на Конгресот било поставено прашањето за Балканска федерација. Делегатите сметале дека само во рамките на една федерација може да се решат сите проблеми на Балканот, а истовремено ќе дојде до економско и културно издигање на балканските народи. Тие во федерацијата гледале лек за лекување на сите болести на Балканот и затоа заклучиле дека тоа обединување на балканските народи ќе се реши на лесен начин без секакви потреси [45], а во тоа Македонија ќе послужи како главен јазол за балканското сојузување. Од јаболко на раздор таа ќе стане помирувач на закараните нации [45]. По прашањето на организациски план, било решено да се формира нова организација под името Македоно-одринска револуционерна организација и распуштање на четничкиот институт. Идејата за Балканска федерација и новата организација, по два-три месеца станале основа за формирање на легалната Народна федеративна партија [4].
Јане Сандански и Младотурската револуција
Драги сотатковинци,Толку долго очекуваниот зрак на слободата изгреа. Нашата измачена татковина се прероди. Срамниот апсолутизам е во агонија. Против него востана целиот народ во лицето на сите нации што го составуваат. Револуционерниот повик на нашата братска Младотурска револуционерна организација наиде на радосен одѕив во душата на толку измачениот народ. И народот-роб стана господар. И неговата света пресуда е: Смрт на апсолутизмот! Смрт на угнетувачите!
— Јане Сандански [46]
Младотурската револуција од 1908 година создала услови за крупни внатрешни промени во животот на Османлиското Царство. Новите власти сакале да ја трансформираат Империјата во уставно-парламентарна држава и да ја интегрираат во европските заедници на слободните народи. По јули 1908 година, месеците биле исполнети со бурни политички манифестации: братимење на Македонците и Турците, амнестирање на илјадници македонски политички затвореници, ликвидација на странските вооружени пропаганди и др.
Решителното застанување на Јане на страната на младоТурците, наеднаш и многукратно му ја зголемила популарноста, значењето, политичката тежина и влијание. Тој бил постојано следен од дипломатско-конзуларните претставници и новинарски известувачи, кои воедно испраќање информации за него. Во јулските денови на 1908 година, приврзаниците на Јане се легализирале и влегле во градовите каде што биле пречекани од младотурските комитети со свечени собири и масовно учество на населението. Јане најпрво влегол во Неврокоп, каде што од балконот на општинската заграда одржал револуционерен говор пред околу 15.000 луѓе. На 15 јули 1908 година, Јане со воз пристигнал во Солун. На железничката станица бил пречекан од специјална младотурска делегација предводена од Енвер Беј [47], а на 18 јули 1908 година, Јане излегол со познатиот Манифест до сите народности во империјата. Манифестот бил лично потпишан и прочитан од Јане Сандански.
Меѓутоа, Јане не се ограничил само на соработката со младоТурците. Во веќе споменатиот весник Дневник била објавена статијата Јане и Грците, во која биле пренесени интересни фрагменти од грчкиот весник Кери, во кој од грчки аспект биле апострофирани неколку ставови на Јане. Во бројот од 1 август 1908 година, во Кери меѓу останатото било напишано дека:
Сандански... е носител на голема идеја, која треба да ни го привлече вниманието нам, на Грците. Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за Сан-стефанскиот договор и за присоединување на Македонија кон Бугарија. Едноподруго обнародува прокламации, со кои ги исмева... самите славјаногласни Македонци, кои се стремат за присоединување на македонските земји кон Бугарија... сега Сандански, кој нема никакви односи со луѓето во Софија... се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на Елините и славјаногласните Македонци. Како што вели, тој ја подава својата десница за соработка помеѓу Елините и славјаногласните за македонската татковина... Македонскиот елинизам има потреба од време и спокојство, за да се развие, а за тие две нешта може да помогне Сандански, кој ќе ги помири Елините Македонци со славјаногласното македонско население. Тој може да помогне... да се вратат тие под Вселенската патријаршија, откако ќе ја напуштат Бугарската егзархија, да го изучуваат елинскиот јазик и елинската книжевност, да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува славјаногласниот македонски јазик заедно со елинскиот. Тие нешта не се мачни и лесно може да се убеди Сандански бидејќи се надеваме во неговите македонски погледи и неговото конечно одделување од бугарската борба [11]
Јане Сандански и Балканските војни
Ако ги кренеше четите и милицијата во помош на бугарската армија, тоа би значело дека се става под команда на царските генерали и дека го поткрепува бугарскиот цар!... Кога собираше потписи од кметовите на селата во Мелничко и испраќаше писмо до големиот везир, Јане сè уште веруваше дека злосторствата на младотурската власт се само одделни изолирани предизвикувања. Сега сфаќаше дека се лажел. Новото потисништво (на МладоТурците б.н) можеше да се премавне или преку револуција или преку војна... Во средина не може да останеме... Од двете зла треба да го избереме помалото - да ја помогне царската армија!
— М. Николов [48]
Серските револуционери на чело со Јане Сандански во источна Македонија, како и други македонски револуционерни национални сили, биле против војната, затоа што знаеле дека војната ќе доведе до ново поробување и поделба на Македонија [49]. Меѓутоа, не можејќи да ја спречат војната, а при непостоење, за тоа време, на друг начин за ослободување на Македонија од османлиската власт, биле принудени и сами активно да се вклучат во војната против Империјата [49]. Оттука, Јане Сандански и другите македонските револуционери станале субјект, односно конкретен сојузник на српските, грчките и бугарските војски.
Веднаш по создавањето на Балканскиот сојуз и првите подготовки за војната против Империјата, Јане Сандански и неговите приврзаници во источна Македонија разбрале дека: тие, во дадениот судбоносен момент за животот на македонскиот народ, не би можеле да останат надвор од настаните. Иако санданистите знаеја дека војната што ја готват сојузниците нема да донесе ослободување, туку освојување и поделба на Македонија, тие не можеа, а да не се придружат кон Балканскиот сојуз и да не учествуваат во прогонувањето на Турците од Македонија и од Балканот [49].
Во јуни 1912 година во Солун било одржано советување во кое учествувале Јане, Александар Бујнов, Тодор Паница, Таската Серски и други раководители од Серскиот округ. Советувањето имало за цел да го определи ставот и односот на серчани кон војната. На собирот било одлучено тие да земат активно учество во идните воени дејствија и со таа цел заминале во источна Македонија, за да се подготват за претстојната војна. Организирањето на населението во Серскиот округ се одвивало во специфични услови, имено во истиот момент се уфрлувале македонски чети од Бугарија, кои биле организирани и раководени од Тодор Александров, Александар Протогеров и други. Во последните денови на октомври 1912 година, уште пред доаѓањето на силите на Седмата бугарска дивизија, четата на Јане Сандански, во содејство со востаните селани, организирани и вооружени како селска милиција под раководство на Сандански, по кратка борба со османлискиот аскер, на 27 октомври 1912 година го ослободите Мелник. Додека османлиските сили се подготвувале за борба кај Рупелската Клисура, Сандански со своите чети и вооружени селани ги зазел сите доминантни точки на теснината и се подготвувал за напад врз османлиските сили. Од еден извештај на началникот на Седмата рилска дивизија дознаваме дека Јане со својот одред бил целосен господар на Струмската долина, од Мелник до Рупелската Клисура.
Триста четници од одредот на Јане Сандански, во содејство со бугарската коњичка група на мајорот Цонев, на 8 ноември 1912 година, влегле во Солун, пред влегувањето на главнината на бугарската војска, а заедно со грчките трупи на престолонаследникот Константин, веднаш по предавањето на Солун од страна на османлискиот командант Таксим-паша [49].
Подоцна Сандански е вклучен во штабот на новоформираната 15-та Штипска дружина на Македонско-одринското ополчение.[50] Во пролетта 1913 година, таа учествува во акциите на бугарската армија во Одринско. Во истото време претставници на Привремената албанска влада ѝ прават предлог на Бугарија за почеток на заеднички дејствија против српската окупаторска власт во Македонија. Потпирајќи се на Бугарско-српскиот договор од пред војната, бугарската влада не поддржува унија со Албанците против Србија. Во мај 1913 година, сепак се разбира дека Србите се откажале од договорот и не отстапуваат на Бугарија дури неприкосновената зона во Македонија, што ја направило војната неизбежна. Како резултат на ароганцијата на српските и грчките окупаторски сили, сериозни сомнежи за иднината на Македонија го потиснуваат Сандански и тој се става целосно во служба на бугарската влада. Како резултат, тој бил испратен како специјален полномошник на Бугарија, да преговара со новоформираното албанска влада за заедничката борба против Србија и Грција.
Но, во меѓувреме во јуни почнува Втората балканска војна и Сандански ја прекинува својата мисија, и се враќа во Софија. По враќањето, тој ја известува владата дека успеал да се договори за заеднички воени дејствија со Албанците против српските окупатори. За да го потопат договорот на Сандански, Србија и Грција веднаш испраќаат свои амбасадори во Албанија, нудејќи им територијални придобивки во замена за откажување од борбата. При овие ветувања Албанците се откажуваат. Во меѓувреме, по Битката кај Кукуш, Бугарите се повлекуваат безредно на север. Тогаш четата на Јане Сандански ја зазема Рупелската Клисура и со тоа ги прекинува врските на грчката војска. Ова овозможува бугарската армија да се прегрупира да се зајакне во Горноџумајско, каде ги запрела Грците. По Втората балканска војна и поделбата на Македонија Сандански се повлекува во Бугарија.
Амнестија
Се дава амнестија на македонските револуционери: Јане Сандански, Александар Бујнов, Чудомир Кантарџиев, Георги Скрижовски и Тодор Паница за сите престапни дејствија поврзани со нивната досегашна револуционерна дејност извршени од нив до 17 септември 1912 година во пределите на Бугарија и Европска Турција.
— Законот за простување на македонските револуционери [11].
По Балканските војни, Сандански се вклучил во политичкиот живот на Царството Бугарија. Иако прифатил добар дел од теоријата на социјализмот, не станал социјалист.
Пред 1912 година, Сандански клонел кон Либералната партија на Васил Радославов. Меѓутоа, по дефинитивната поделба на Македонија и поразот на Бугарија во Втората балканска војна, Радославов предводел една коалициска влада и се залагал за зближување на Бугарија со Тројниот Сојуз.
Оваа политика предизвикала разочарување кај Сандански. Подоцна поранешните серчани, кои веќе биле бугарски граѓани, го поткрепувале Александар Малинов [51].
Во 1913 година се одрежале избори за бугарското народно собрание, а серчани и струмичани ја поддржале списокот на Демократската партија и нивните кандидати. Во јули 1914 година, по иницијатива на Демократската партија, Народното собрание го изгласал т.н. Законот за простување на македонските револуционери [11]. По амнестијата, Јане имал средба со Павел Делирадев на која истакнал:
Черњо (Христо Чернопеев кој во тоа време бил бугарски пратеник б.н) си го исполни ветувањето, но амнестијата никако не ме радува. Види ќе се поопуштам малку и фердинандовите мекерата (подлеци, подлизурковци б.н) ќе ме пречукаат. Тој насекаде расправа дека ми бил вечен голем доброжелател и пријател, но јас му верувам, колку што му верував на Абдул Хамид. Крунисани подлеци се тие [4]
За овие случувања, Ванчо Ѓорѓиев истакнува: Евидентно, Сандански со своите ставови бил голема пречка за бугарската политика кон Македонија. Оттука бугарскиот прогон против него бил неминовен. Убиството на Сарафов и Гарванов послужило како параван за официјализирање на прогонот. Подоцнежната амнестија на Сандански, прокламирана со Законот за простување на македонските револуционери... претставува само пародија [11].
Заговорот против Фердинанд
Некаква историја пишуваат оние револуционери (врховистите од Софија) и не се срамат да прескокнат цели настани само поради тоа што треба да го спомнат омразеното име на палачот Јане Сандански. Тој не постои за нивната историја. Епохата и борбите, кои ги создаде тој заедно со своите приврзаници, исто така не постојат. Населението кое како бог го сакаше својот Старик и трчаше по него и неговите другари со занес и во голем број како што ретко голем општествен деец можел да собере околу себе и да го приврзе за себе, за револуционерните историчари исто така не постои. Неговиот надгробен крст го гледаме исправен и во самата историја.
— Димо Хаџи Димов [52]
Во есента 1914 година, во полниот разгор на австриско-српскиот судир, кога Пиринска Македонија била во составот на Бугарија, мнозина македонски револуционери и Јане Сандански, токму во подготовките и почетокот на четнички акции во Македонија под Србија и Грција под раководство на ВМРО на Александров, биле во своите родни краеви во Македонија под Бугарија, или во Софија. Во тоа време Јане Сандански главно живеел во Мелник, како легален граѓанин. Во периодот од есента 1914 и зимата и пролетта 1914/1915 година имало чести средби помеѓу Сандански и македонските револуционери. Тие дискутирале околу неколку најболни прашања, и тоа: прво, за политиката на Фердинанд и неговиот круг кои готвеле нова авантура за Македонија, со цел да ја завладеат во целост, второ, за страдањата на Македонците под српскиот и грчкиот терор и нивното масовно мигрирање во Бугарија и трето, за очајната положба во која се нашле македонските емигранти во Бугарија, речиси без никаква егзистенција. Тргнувајќи од таквата неснослива положба во која се нашол македонскиот народ, овие револуционери барале начини како да ја сопрат новата реваншистичка војна и интервенционистичката четничка акција.
Јане Сандански и неговите соборци решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални прогресивни сојузници за борба против политиката на Фердинанд и на неговите помагачи во лицето на владата на Радославов. Сандански и неговите другари се поврзале со некои одрински револуционери, кои во однос на реваншистичката големобугарска политика имале исти погледи, барајќи патишта и начини по кои да се избегнат нови катастрофи и разурнувања. Сметајќи го Фердинанд за носител на политиката на погроми и катастрофи, одлучиле Фердинанд да биде ликвидиран и новиот режим во Бугарија да биде прокламиран во името на народновластието и против империјалистичката војна и реваншот [53]. Ликвидацијата на Фердинанд требало да ја извршат македонските и тракиските револуционери, додека воведувањето на народовластието требало да го спроведат политичките партии на Бугарија, кои зад себе имале поголема маса приврзаници.
Заради преговори со водачите на политичките партии во Бугарија била избрана тричлена делегација во состав: Јане Сандански - претставник на македонските револуционери, Михаил Герџиков - претставник на одринските и Крсто Станчев - претставник на бугарските новинари и општественици - левичари. Разговорите со водачите на политичките партии во Бугарија дале поразителни резултати. Дел од нив биле вчудовидени, дел уплашени, а дел малодушни и не го одобрувале тој, според нив, анархистички чин. Најголемо изненадување, според пишувањето на Михаил Герџиков, им приредил бугарскиот егзарх Јосиф I кој пред изненадената делегација: ги заредил лошотиите кои Фердинанд ѝ ги нанел на Бугарија... и дека истиот сè додека е жив „нема да дозволи на бугарските воени и граѓански водачи да се еманципираат од неговото (Фердинандовото б.н.) туторство, од неговото влијание, од моралниот гнет во кој ги држел" [53]. И затоа, на крајот, егзархот рекол: Благословена да е раката која ќе го кутне Фердинанда. Кој ќе го стори тоа ќе биде најголем добротвор на Бугарија [53]. И покрај ваквиот став на егзархот, на Сандански му станало јасно дека акцијата на неговите и тракиските истомисленици останала тесен заговор без поширока политичка поддршка.
Бугарските владејачките фактори веќе разбрале за планираната акција и започнале со прогон и затворање на луѓето кои го планирале убиството на Фердинанд, односно кои се приклучиле кон обидот да се изгради блок од претставници на разни граѓански политички партии што го поддржувале ликвидирањето на Фердинанд. По тој повод биле обвинети и затворени и Александар Стамболиски, водачот на Бугарскиот земјоделски национален сојуз и други видни бугарски општественици. Ова се совпаѓа со Валандовската афера, на кои настани Сандански бил огорчен противник.
Убиството на Сандански
Одвај ли може да дојде под сомневање како фактот дека убиството е извршено од политички побуди, така и тоа дека в гроб легна извонредно силна и крупна фигура, можеби една од најблескавите фугури кои во последните две децении работеа на Балканот.
— Василиј Василевич Водовозов [54]
По неуспешниот заговор против бугарскиот цар, Сандански западнал во разочараност и се вратил во својот манастир кај Мелник. Тука се случил еден настан кој претходел на убиството на Старикот. Кога Бугарија го барала виновникот за она што станало по завршетокот на Втората балканска воjна, еден познат младич со својот автомобил го прелетал пиринското царство на Сандански, наоѓајќи за потреба да му испрати многу поздрави со зборовите: Речете му на Сандански дека за сето што стана мојот татко не е виновен![55] Она што е интересно е фактот дека младичот кој го прелетал пиринското царство со автомобил бил синот на бугарскиот цар, Борис III [55]. Димитар Митрев истакнува дека:... поздравот до Сандански, е само обланда на константниот страв од акциите на човекот што беше најопасниот Фердинандов противник, и не само обланда, но и една перфидија...[55].
На 20 април 1915 година, Сандански заминал од Роженскиот манастир за Неврокоп. По пат преспал во родното село Влахи. Следното утро продолжил сам, без придружба и заштита. Кај месноста Блатата, била поставена заседа и бил отворен оган врз него. Јане Сандански паднал од коњот и ја скршил ногата, меѓутоа престрелката продолжила. Нападот бил извршен од околу седум до осум души вооружени со пушки. Напаѓачите биле од неврокопската реонска чета на ВМРО на Тодор Александров. Еден од нив успеал од зад грб да го застрела Сандански[56]. Според некои извори, организатор на убиството на Сандански бил Стојан Филипов, а како физички убиец се посочува Андон Качарков. Подоцна судот ги ослободил поради недостиг на докази. Јаневото тело било пронајдено од еден караван, по што било пренесено во Роженскиот манастир. На околу 200 метри источно од овој манастир се наоѓа црквата Св. Св. Кирил и Методиј изградена во 1914 година, под ктиторство на самиот Сандански. Во близината на црквата се наоѓа неговиот гроб, а на надгробна мермерна плоча се читаат неговите зборови:
Да живееш значи да се бориш. Робот - за слобода, а слободниот - за совршенство
По известувањето за заговорот против него, Фердинанд веројатно ја поддржал идејата Јане да биде ликвидиран, но на погребот испратил венец кој бил поставен од Јонко Вапцаров. Во своите спомени, Ванчо Михајлов приложува едно писмо за кое тврди дека е испратено од Иван Балабанов. Од него дознаваме: Не беше за мене тајна дека Сандански влегуваше многу често во Дворецот (т.е. кај Фердинанд) преку северната врата и мене ми правеше впечаток дека таму влегуваше со револвер во џебот... Дали тој се сметал за лошо платен за тоа што го извршувал и станал непријател на Фердинанд ќе можете вие подобро да оцените... Чудни се - да го употребам најмекиот израз - тие средби на Сандански со царот, - тој Сандански, кој се истакнуваше како заколнат непријател на врховизмот... Голема недоумица и сомничави прашања кај многу современици предизвикувал фактот што цар Фердинад испратил венец за да биде положен врз гробот на Сандански, наскоро откако бил убиен. Венецот е положен од Иван Вапацаров, родум од Банско (таткото на поетот Никола Вапцаров, четникувал во четата на Ј.Сандански б.н). Самиот Вапцаров повторуваше дека таа работа никако не може да ја разбере - цар Фердинанд испраќа венец за Сандански... [57].
Дарко Митревски во својата колумна под наслов Санданиста! истакнува: Кој точно стои зад убиството на првенецот на републиканската мисла и огорчениот антимонархист, можеме само да нагаѓаме. Извесно е дека кнезот (во тоа време веќе цар) Фердинанд бил меѓу првите што испратиле венец на неговиот гроб. А како што рекол дон Вито Корлеоне: Варди се од оној што прв ќе ти изрази сочувство [58].
На 15 април 1915 година весникот Народ, под наслов Јане Сандански убиен, напишал: Сандански претставуваше во својот карактер едно високо совпаѓање на смелост и далеквидост, на благородството и непроменлива тврдост, на здрав практички разум и на пламено револуционерно чувство. Тие негови квалитети беа направиле од него еден предводник на револуцијата што го слушаат и што без прекин го следат сите, кои го сакаат и неминовно го засакуваат сите што вистински го познаваат како човек и револуционер. И не е лесно да се класифицира еден самостоен општественик, еден оригинален ум, еден голем човек каков што беше Сандански. Не би се рекло дали смееме да го наречеме демократ или социјалист... Но во целост тој беше она што беше, тој беше Сандански. Колку и да позајмуваше од лево, тој беше самосвесен и самобитен создател на едно самостојно револуционерно движење, кое фаќаше длабоки корени во свеста на поробениот македонски народ [55].
Чествување
Околу името на Сандански - уште во времето на животот - грее орелот на легендата. Но тоа е легенда неоптоварена со елементи на митоманија и ослободена од секаква апстрактност. Легенда, која крие во себе еден целосно непринуден масовен пиетет кон човекот што во својата длабоко свесна револуционерна повест знаеше да биде и беше незаменлив народен предводник. И не е никаква иронија што неуморниот борец против тиранијата на султани и цареви ја доби симболичната определба - Пирински цар. И во неа стана сенародна легенда. Определувајќи го така - народот го потцртуваше неговото превосходство над крунисаните туѓинци. Превосходство на оној чие живеење се оствари како длабоко слевање со народот.
— Димитар Митрев [55]
Веднаш по ослободувањето и создавањето на современата македонска држава, македонскиот народ му одал видно признание на својот голем син. Јаневата личност и дело, редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име: СУ „Јане Сандански“ - Струмица, СУ „Јане Сандански“ - Битола, ЖС „Јане Сандански“, ОУ „Јане Сандански“ - Чаир и др. Во Македонија тој се слави како еден големите чинители во создавањето на македонската национална држава.
Во 2011 година, бил поставен споменик на Јане Сандански во истоимена населба во скопската општина Аеродром, Скопје. Споменикот е излеан е во бронза, а идејното решение е на авторот Гоце Давидов. По повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија бил официјално отворен Музејот на македонската борба, во кој меѓу останатото се наоѓа и една восочна фигура на Сандански [59]. Во Бугарија Јане се смета за еден од контроверзните бугарски револуционери. Во периодот помеѓу 1944-1957 година од страна на бугарската држава бил почитуван како македонски национален херој [60]. Во Бугарија во чест на Јане во 1949 година е преименуван градот Свети Врач во Сандански. На неговиот гроб во Роженскиот манастир се организираат комеморативни настани по повод годишнината од неговата смрт. Во научната историографија се објавени поголем број на документи и друг пишан материјал за животот и револуционерната дејност на Јане, придружени со по некоја фотографија како историско-илустративен изворен материјал. Денес, науката располага со мал број на тридимензионални предмети[61] што му припаѓале на Јане Сандански. Во Музејот на Македонија се чуваат и се заштитуваат неколку предмети кои му припаѓале на овој македонски револуционер.[62]
Јане Сандански е опеан во повеќе македонски народни песни. Така, неговата смрт се оплакува во песната „Кога падна на Пирина“.[63] Исто така, тој се споменува и во песните „Буките развиват браќа“[64] и во „Песна за Крушевската Република“:
- Во илјада деветсто и третата година,
- се создаде република во славно Крушево,
- македонска република прва на Балканот.
- Претседател први беше
- тој Никола Карев,
- со македонски војводи сите Илинденци,
- Даме Груев, Питу Гули и
- Јане Сандански.
Спомени, биографии, архивски материјали и печат
Јас повеќепати сум се среќавал со Сандански во различни моменти од неговиот живот. Малкумина луѓе на Балканскиот Полуостров ми имаат оставено таков силен, таков целосен и таков длабок впечаток каков што ми има оставено овој поборник за македонската независност. Од него зрачеше најпотполна храброст, самоконтрола, и огромна, непоколеблива енергија. Се чувствуваше дека со својот тивок, длабок глас, тој умее да дава наредби, кои во критичните моменти никој не се решаваше да не ги исполни. Неговото огромно честољубие беше совршено видливо… Макар што му недостигаше сериозно образование, тој беше човек со голем ум, со превосходно познавање на Македонија и македонскиот народ, и со истенчено чувство да се ориентира во политичките прашања на секој даден момент. Сред македонското селанство, Сандански уживаше огромна популарност…
— Василиј Василевич Водовозов [65]
Спомените на Јане биле објавени на бугарски јазик [66], а подоцна биле преведени на македонски јазик [67][68]. Овие спомени настанале со примена на диктатот како методски пристап кон земање на сеќавања, односно со усно диктирање на запишувачот. Јане своите спомени му ги изнел на бугарскиот филолог Љубомир Милетич во неколку наврати, непосредно по неуспешниот крај на Илинденското востание, почнувајќи од 14 јануари 1904 година.
Јане Сандански како еден од главните двигатели на македонското револуционерно движење во голема мера го привлекол вниманието на македонската и странската историографија, особено бугарската. Тој како револуционер и човек оставил длабоки траги во македонската и балканската стварност и силно ехо кај неговите следбеници [69]. За неговиот живот и револуционерна дејност се објавени повеќе дела во македонската и странската историографија. За Јане пишувале и неговите најблиски соработници во нивните спомени. Името и делото на Јане се содржи во разни документи, заеднички усвоени програми, решенија, писма, кои можат да послужат како изворен материјал за историјата на Македонија и Сандански [69]. Во текот на Јаневата револуционерна активност биле печатени повеќе весници кои биле органи на неколку организации и политички партии: Револуционерен лист, Конституциона зора, Македонски глас и др.
По повод 90 години од убиството на Јане Сандански во Скопје на 20 и 21 октомври 2005 година бил одржан научен собир под наслов: Јане Сандански и македонското ослободително дело, nа собирот биле поднесени реферати и соопштенија кои подоцна биле поместени во истоимен зборник, објавен во 2007 година [70]. Во овој научен зборник беа објавени неколку нови документи кои открија нови сегменти од револуционерната дејност на Јане кои дотогаш беа непознати во историската наука. Од овој зборник може да се издвои статијата Јане Сандански и посебноста на Македонија и Македонците од Ванчо Ѓорѓиев. Овој автор објавува повеќе документи и други публикации поврзани со дејноста на Јане. Меѓу нив е и написот на д-р Карло Блинд објавен во лондонскиот Пал мал газета на 5 јули 1905 година. Во написот, меѓу останатото, дознаваме дека:
Сандански се претставува како единствен претставник - Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава... Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает се зел за основа на тој нов experanto. Новиот македонски јазик требало да ги истисне српскиот и бугарскиот јазик кој се зборувал во Бугарија и Србија. [11]
Ако се анализираат бугарските публикации, од релативно поново време, може да се заклучи дека тие се контрадикторни и противречни. Речиси истовремено бугарските автори го оценуваат Јане како една од најспорните фигури во македонското ослободително движење, личност која е виновна за започнувањето на физичките пресметки помеѓу македонските револуционери [71]. Бугарските автори не забораваат да му дофрлат: Дејноста на Јане роди (македонски б.н) национален сепаратизам, познат како македонизам, којшто дава отровни плодови и до денес [72]. Меѓутоа, бугарскиот историчар Цочо Билјарски има сосема различни погледи. Тој во предговорот на Јане Сандански: Спомени објавени во 2007 година истакнува: Децении веќе личноста и делото на бугарскиот револуционер Јане Сандански ја возбудува нашата и странската јавност. Неговото име се користи како знаме на антибугарската пропаганда, поради непознавањето не само на неговото дело, туку и на неговите спомени, како и на сеќавањата на неговите другари и соборци... Интересно во овој случај е дека еден од најкоравите и непопустливи Бугари, дисциплиниран до педантизам, ригорозен кон другите, но уште повеќе строго кон себе, стана знаме на антибугаризмот и на македонизмот [73].
Мисли
- „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот - за совршенство"
- „Не бугарска Македонија сакаме ние, туку Македонија на Македонците, Македонија ослободена од тиранијата." - Писмо до Грците, жители на Мелник, 1904 година.
- „Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам, и ако тоа се случи тој ќе ја добие својата слобода."
- „Ние треба да работиме за будење на сознанието кај македонските маси дека се тие самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да не ослободат, ќе дојдат всушност, да не поробат".
- „Вие (врховистите) ја сакате слободата на Македонија и Одринско како етапа на идните Ваши завојувања и анексии, додека кај нас слободата е легната во основата како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас - Внатрешните и Вас - Врховистите"!
- “Да, Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе. Нејзината слобода не ќе биде подарок, туку крвав откуп, платен со илјадници жртви, какви што ние дадовме и продолжуваме да даваме".
- „Првпат агитирав во смисла да се постави Организацијата самостојно, да се почувствува населението слободно, на тој начин што ќе се отстранува од турските власти и што ќе се концентрира власта во рацете на Организацијата, така што населението на дело да види малку слобода, да ја осети таа слобода и да ја засака".
- „Ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други тирани, па ни со бугарска тиранија и бугарскиот кнез. Ние се бориме Македонија да стане автономна, независна, слободна држава, Македонија на Македонците!".
- „Јас не очекувам брзо ослободување на Македонија. Тоа може дури и да не дојде додека сум жив, но јас сакам да го зачувам народот и да го организирам и ако тоа стане, тој сам ќе си ја извојува својата слобода".
- “Ние не ја мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси".
- "Да пиеме за слободна и автономна Македонија за која се бореа и дадоа скапи жртви сојузените балкански народи" - на банкетот во Солун, по повлекувањето на Турците 1912 година.
- „Ние водиме борба против вас, врховистите, затоа што сакате да ја потчините Организацијата и да ја направите орудие на бугарскиот дворец. Со вашата оружена интервенција во Џумајско, вие на ослободителната борба и придадовте карактер на вештачко движење кое се инспирира од вас од официјална Бугарија, а не од внатрешноста и од самиот поробен народ. Со тоа вие и го убивате престижот и оставате впечаток дека ние сме орудие на бугарската држава, и со сето тоа му пречите на ослободителното дело. Ние решително им се спротивставивме на вашите офицери зашто го знаеме нивното воспитување, нивните интимни замисли. Тие се луѓе што дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, и тие не можат да бидат ништо друго освен нивни слепи и послушни орудија. А пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија, турските султани со други такви, па ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците. Вие ја барате слободата на Македонија како средство, како етапа на идни освојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија се положени во основата, како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас, внатрешните и вас-врховистите. Ако ги пуштевме вашите другари-офицери во ТМОРО, тие ќе ја водеа оружената борба, тие ќе ги имаа во своите раце четите, бојните јатки, Организацијата, и по таков начин, при слободна Македонија тие ќе му се наложеа на македонското население, тие ќе му диктираа да го бара приклучувањето на Македонија кон Бугарија, како што стана со Источна Румелија во 1885 година. Ние ја месевме погачата, вие ќе ја јадевте."
- „Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците. Вие ја барате слободата на Македонија како средство, како етапа на идни освојувања и присоединувања, додека кај нас слободата, автономијата на Македонија се положени во основата, како цел. Ете каде лежи големата разлика меѓу нас, внатрешните и вас-врховистите. Ако ги пуштевме вашите другари-офицери во ТМОРО, тие ќе ја водеа оружената борба, тие ќе ги имаа во своите раце четите, бојните јатки, Организацијата, и по таков начин, при слободна Македонија тие ќе му се наложеа на македонското население."
- „Ние имаме своја аграрна програма тесно поврзана со нашата општа политичка програма: првата се изразува низ барањето за доделување на земја на селаните, а втората, политичката, се содржи во барањето од Македонија да се создаде автономна област во рамките на Отоманското Царство. А најмногу од се друго се плашиме од тоа нашите „мили пријатели" Бугарите, Србите и Грците, да не дојдат да не „ослободуваат", зошто тие, всушност, ќе дојдат да не поробат."
Рекоа за него
- „Јане ја разви тезата, дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување на Бугарите и дека луѓето на другото течение се предале на бугарската влада. Тој објаснуваше во општи линии, дека треба да се работи за будење на сознанието на масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, затоа што тие кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги заробат. “ - Стефан Кемилев
- „...бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест“ - Елефтериос Ставридис
- „Тој е најпознатиот револуционерен водач во Македонија, а неговото најпознато дело е киднапирањето на Мис Стон и барањето откуп за неа. Неговиот полковник Паница го уби Сарафов. На организацијата на Сандански со право и се припишува тоа убиство. Сандански го контролираше македонскиот регион на Сер, а неговата власт беше толку силна што ниту една друга соперничка организација не можеше да влезе таму.“ - Вашингтон хералд, 25 октомври 1908 година
Поврзано
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Делирадев, Павел (1946). Јане Сандански. Македонски научен институт.
- ↑ Гоце Делчев и неговото време (1978) од Христо Андонов Полјански, страна 65. Издадено од Култура
- ↑ Спомени на Јане Сандански (1995) од Љубомир Милетич, страна 201. Издадено од Култура
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Павел Делирадев, Јане Сандански, Македонски научен институт, Софија, 1946.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 Спомени на Јане Сандански
- ↑ „Елефтериос Ставридис“. Архивирано од изворникот на 2012-08-20. Посетено на 2013-04-08.
- ↑ Елефтериос Ставридис, Завесата на КПГ, 1953
- ↑ 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Биографија на Јане Сандански од Христо Константинов, Софија, 1939
- ↑ 9,00 9,01 9,02 9,03 9,04 9,05 9,06 9,07 9,08 9,09 9,10 9,11 9,12 9,13 9,14 9,15 9,16 9,17 9,18 9,19 "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
- ↑ Марко Дого, Динамитот и полумесецот - Јазикот на националноста во Македонија. (Избор и редакција: Цветан Станоевски), Скопје, 1990, 189
- ↑ 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 11,5 11,6 11,7 Јане Сандански и посебноста на Македонија и Македонците, Ванчо Ѓорѓиев
- ↑ Уште робуваме на старите поделби, Разговор со д-р Зоран Тодоровски, директор на Државниот архив на Република Македонија, 27.06.2005.
- ↑ Академик Иван Катарџиев, „Верувам во националниот имунитет на Македонецот“, интервју, "Форум": "форум - Дали навистина Делчев се изјаснувал како Бугарин и зошто? Катарџиев - Ваквите прашања стојат. Сите наши луѓе се именувале како „Бугари“...".
- ↑ "Сите сме Бугари Тасо, а се тепаме непотребно. Тежи ми таа бескорисна крвнина." Овие зборови се цитирани во спомените на неговиот соработник Атанас Јанев и се објавени во списанието „Ехо“, бр. 5 од 26.05.1972 година.
- ↑ "За да се бориме за слободата со успех, ние тука секогаш го разбираме ова, дека треба да работиме и како националисти, и како Бугари да организираме и подигаме бугарскиот елемент - најдобре погодниот за организација и работа." Из интервју со Јане Сандански за весникот "Камбана", бр. № 325, 16 септември 1908 година.
- ↑ "Ако не се задоволат интересите на Бугарите во Македонија, јас ќе ја бранам Екзархията со оружје во рака." Зборови на Јане Сандански, изречени пред дописникот на весникот "Дневник", за време на формирањето на "Народно-федеративна партија (Бугарска секција)", во Солун и објавени на страниците на весникот на 11 август 1909 година.
- ↑ Објаснувајки го својот идеал за слободна Македонија по повод окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Јане Сандански рекол во 1913 година пред италијанскиот весник “Секуло“ во Тирана: Македонските револуционери, кои по долга и жестока борба со турската тиранија доживеаја да го видат својот копнеж-извојување слобода на Татковината, не можат да допуштат таа да попадне под српско и грчко владение. Тие нема да се повлечат и пред најстрашните терористички средства,за да го реализираат најдлабок копнеж - слободна бугарска Македонија.
- ↑ Г. Ив. Белевъ, На гости у Сандански, Из живота на четите, Ил. Илинденъ, V/6 (46), София, 1933, 5-6.[мртва врска]
- ↑ Независно од злоупотребите на бугарскиот двор и влада, македонскиот комитет е организација на македонската емиграција во Бугарија. Во неа членувале Македонци, а помалку Бугари. Повеќето од нив биле искрени македонски патриоти. Меѓутоа, во МК се вовлекле доверливи луѓе на бугарската политика, разни профитери, кариеристи, авантуристи, случајни сопатници, квазипатриот, дури и арамии. Инволвирањето на таквиот профил во МК, се одразило на неговата активност, а посебно врз македонското ослободително дело и МРО.... види Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт...187
- ↑ Г.Ив.Белев, Въстанието в Североизточна България през 1895 г.Софија 1935,12
- ↑ Спомени на Јане Сандански...,12.
- ↑ За некој, Кнезот и владата биле измамници, а Македонците измамени, Фердинанд и владата си подиграле со патриотските чувства на Македонците... Ванчо Ѓорѓиев,Слобода или Смрт... 202
- ↑ Крум Христов,Гоце Делчев,Софија 1955,109
- ↑ Според некои смрта била придизвикана од сознанието дека македонското дело со кое раководел Китанчев е злоупотребено и изманипулирано од бугарскиот кнез. Навистина тоа се случило откако бугарските власти ја затвориле границата и почнале преследување на македонските чети
- ↑ 25,00 25,01 25,02 25,03 25,04 25,05 25,06 25,07 25,08 25,09 25,10 25,11 25,12 25,13 25,14 25,15 25,16 25,17 25,18 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903, Табернакул - Филозофски факултет, Скопје, 2003
- ↑ Макдермот, Мерсия. За свобода и съвършенство. Биография на Яне Сандански, Наука и изкуство, София, 1987, стр. 41-44.
- ↑ Макдермот, Мерсия. За свобода и съвършенство. Биография на Яне Сандански, Наука и изкуство, София, 1987, стр. 46-49.
- ↑ Билярски, Цочо. Княжество България и македонският въпрос, т.1. Върховен македоно-одрински комитет 1895 - 1905 (Протоколи от конгресите), Българска историческа библиотека, 5, Иврай, София, 2002, стр. 169.
- ↑ Макдермот, Мерсия. За свобода и съвършенство. Биография на Яне Сандански, Наука и изкуство, София, 1987, стр. 54-56.
- ↑ Макдермот, Мерсия. За свобода и съвършенство. Биография на Яне Сандански, Наука и изкуство, София, 1987, стр. 59-60.
- ↑ 31,0 31,1 31,2 31,3 "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933.
- ↑ 32,0 32,1 Ванчо Ѓорѓиев, ВМРО 1893-1903. Поглед низ долументи, Матица Македонска - Скопје, 2013
- ↑ имитар Димески, Гоце Делчев, Јубилејно издание 100 години од смрта на Гоце Делчев (1903-2003), Матица македонска, Институт за историја - Филозофски факултет Скопје, 2003
- ↑ Димо Хаџи Димов, Одбрани дела, уредник Манол Пандевски, Скопје, 1984
- ↑ Димитар Димески, Македонската револуционерна организација по Илинден (во пресрет на окружните конгреси), Годишен заборник на Филозофски факултет, книга, 19 (45), Скопје, 1992
- ↑ Даме Груев, Живот и дело, част I,..., 305
- ↑ 37,0 37,1 36 години во ВМРО - Спомени на Кирил Прличев, издателство ВЕДА-МЖ, 1999, ISBN 954-8090-01-5
- ↑ 38,0 38,1 Ристовски Блаже, Даме Груев во извештаите на српскиот дипломатски застапник во Софија во 1905 година, Зборник - Даме Груев 1871-1906, истражувања и материјали, Битола, 1981
- ↑ 39,00 39,01 39,02 39,03 39,04 39,05 39,06 39,07 39,08 39,09 39,10 39,11 39,12 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943. (бугарски)
- ↑ 40,0 40,1 40,2 40,3 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Димитар Димески, Кашина-симбол на непомирливата антиврховистичка борба на Јане Сандански
- ↑ Евтим Спространов. Дневник, Т.I (1901-1907), Предговор Александър Гребенаров, Съставители: Гребенаров, Ал., Милкана Бошнакова, Георги Царев. С. 1994
- ↑ 42,00 42,01 42,02 42,03 42,04 42,05 42,06 42,07 42,08 42,09 42,10 42,11 42,12 42,13 42,14 42,15 42,16 42,17 42,18 42,19 42,20 42,21 42,22 42,23 42,24 42,25 42,26 42,27 Ванчо Ѓорѓиев, Петар Поп Арсов. Прилог кон проучувањето на македонскотонационалноослободително движење, Матица Македонска, Скопје, 1997
- ↑ Вътрешното състояние на Организацията (II), Революционненъ листъ, No. 6, 14. X 1906, 2
- ↑ 44,0 44,1 44,2 Разговор со Христо Матов по отвореното писмо на Сандански
- ↑ 45,0 45,1 45,2 45,3 Иван Катарџиев, Борба до победа, том еден, Пирин се буди и буни, Мисла, 1983
- ↑ Манифест до сите народности во Османлиското Царство 31 јули 1908 г.
- ↑ Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976,Манол Пандевски-Обидите за убиство и убиството на Јане Сандански во 1915 година.
- ↑ Миладин Апостолов, Јане Сандански, Софија, 1966, 302-303
- ↑ 49,0 49,1 49,2 49,3 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Петар Стојанов - Односот на Јане Сандански кон Првата балканска војна
- ↑ "Македонско-одринското ополчение 1912-1913 година Личен состав" Главно управување со архивите, 2006, стр. 602 - 603, 894.
- ↑ „Обречено родолюбие, ВМРО в Пиринско 1919-1934, Димитър Тюлеков, ISBN 954 – 81 – 87 – 56 – 6, Благоевград 2001“. Архивирано од изворникот на 2008-09-30. Посетено на 2013-08-12.
- ↑ Димо Хаџи Димов, Ангел Динев, Политичките убиства во Бугарија, НИП "Илинден", Скопје 1951
- ↑ 53,0 53,1 53,2 Герджиков И. Михаил, Един малък спомен, "Вгъпоменателен лист" Яне Сандански, София, 23 април 1946
- ↑ В. В. Водовозов, Јане Сандански, Современост, Скопје, бр. 5, 1970
- ↑ 55,0 55,1 55,2 55,3 55,4 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Димитар Митрев-Јане Сандански во светлината на реалистичката револуција
- ↑ Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 147-148.
- ↑ Ванчо Михајлов, Спомени II. 253-255
- ↑ Санданиста![мртва врска]
- ↑ „МАКЕДОНИЈА ЗА ВРЕМЕ НА МЛАДОТУРСКИОТ РЕЖИМ“. Архивирано од изворникот на 2015-03-09. Посетено на 2013-09-24.
- ↑ Ванѓа Чашуле, Од признавање до негирање. Бугарски ставови за македонското прашање. Статии, говори, документи. Култура, Скопје, 1970
- ↑ како што се нарекуваат во музеолошката наука
- ↑ Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Ѓорѓе Миљковиќ-За неколку предмети на Јане Сандански како непосредни и автентични вредности
- ↑ YouTube, Vaska Ilieva - Koga padna na Pirina (пристапено на 13.11.2019)
- ↑ Macedonian Folklore Classics, Kiril Mančevski. Macedonian Radio and Television, MP 41035.
- ↑ "Янъ Санданскiи", Василиј Василевич Водовозов
- ↑ "Движението отсамъ Вардара и борбата съ върховистите по спомени на Яне Сандански, Черньо Пеевъ, Сава Михайловъ, Хр. Куслевъ, Ив. Анастасовъ Гърчето, Петъръ Хр. Юруковъ и Никола Пушкаровъ; съобщава Л. Милетичъ", София, Печатница П. Глушковъ, 1927, поредица "Материяли за историята на македонското освободително движение", Издава "Македонскиятъ Наученъ Институтъ", Книга VII.
- ↑ Спомени на Јане Сандански, Сава Михјалов, Христо Куслев, Иван Анастасов - Грчето, Материјали за македонската национал-револуционерната историја, ИНИ-скопје, Новинско издавачко претпријатие Илинден - Скопје, Скопје, 1951
- ↑ Спомени - Јане Сандански
- ↑ 69,0 69,1 Јане Сандански и македонското национално ослободително движење, Институт за национална историја, Скопје, 1976, Катица Јосифовска - Осврт на неколку книги за Јане Сандански
- ↑ Јане Сандански и македонското ослободително дело : зборник од научниот собир по повод 90 години од убиството на Јане Сандански одржан во Скопје на 20 и 21 октомври 2005 година / [уредувачки одбор Иван Катарџиев претседател, Гане Тодоровски, Крсте Битовски] Скопје : Макаденска академија на науките и уметностите, 2007 (Скопје : Југореклам)
- ↑ Убийството на Яне Сандански
- ↑ Стоян Г. Бояджиев: Истинският лик на Яне Сандански. София, 1994 г.
- ↑ Яне Сандански - Спомени, Синева, 2007, Цочо Билярски, съавтор с Ива Бурилкова
Надворешни врски
„Јане Сандански“ на Ризницата ? |
- Јане Сандански и македонското ослободително дело од Ванчо Ѓорѓиев
- Спомени на Јане Сандански (македонски)
- Спомени на Јане Сандански (бугарски)
- Ванчо Ѓорѓиев „Јане Сандански и посебноста на Македонија и Македонците“, МАНУ
- „Њујорк тајмс“ за убиството на Сандански (англиски)
- Кратка биографија на Јане Сандански од Василий Васильевич Водовозов во книгата "На Балканах", Петроград: Огни, 1917. (руски)
- Биографија на Јане Сандански од Христо Константинов, Софија, 1939. (бугарски)
- Биографија на Јане Сандански од Павел Делирадев, Софија, 1946. (бугарски)
- Биографија на Јане Сандански од Ангел Динев, Скопје, 1948. (македонски)
- „Пирин пее за Гоце и Јане“, Народни песни со кратка историја на родот Сандански, од Борис Сандански, внук на Јане Сандански.
- Македонско-бугарски историски контроверзии
- Makedonija i Bugarija zaedno go posetija grobot na Jane Sandanski
- Одбележани 97 години од убиството на Јане Сандански во Рожен и во Мелник[мртва врска]
- МАКЕДОНЦИТЕ ЌЕ ЗАВИЈАТ ОРО ВО МЕЛНИК[мртва врска]
- Нова провокација кај гробот на Сандански
- Санданисти[мртва врска] - страница за Јане Сандански
Статијата „Јане Сандански“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |