Дедо Иљо Малешевски

македонски ајдутин и револуционер

Илија Марков, познат како Дедо Иљо Малешевски или Иљо Војвода (28 мај 1822, Берово17 април 1898, Ќустендил) — македонски ајдутски и востанички војвода.[1][2][3][4][5][6][7] Кон средината на XIX век, создал ајдутска дружина и дејствувал во областа на Источна Македонија, главно во Малешевијата. Во летото 1859 година преминал во Србија. Во оружениот судир помеѓу Србите и Османлиите во Белград (5 јуни 1862) предводел 400 македонски доброволци во т.н. Иљова легија или Македонски одред.[8]

Илија Марков
18221898

македонски ајдутин и револуционер
Прекар:капетан Иљо • дедо Иљо • Кара Иљо • Иљо Малешевски • Иљо Војвода
Роден во:Берово, Македонија
Починал во:Ќустендил, Бугарија
Служба во:Македонско национално движење
Период на служба:18491878
Чин:војвода
Единици:Иљова легија
Битки/војни:Српско-турска војна • Руско-турска војна • Српско-бугарска војна • Македонско востание
Одличја:национален херој
Други занимања:земјоделец • ајдутин
Споменик на Иљо во Благоевград
Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев со четата, дел од спомениците Лавови на мостот Гоце Делчев во Скопје
Биста на Дедо Иљо Малешевски во истоименото основно училиште во Берово

Учествувал со македонски доброволци во Српско-турската војна во составот на Руско-македонскиот баталјон. Бил тешко ранет и се лекувал во Србија, а потоа заминал во Романија. Со македонски доброволци (ополченци) се борел и во Руско-турската војна во ослободувањето на Бугарија. Се истакнал во борбите на Шипка.

По ослободувањето на Ќустендил, со 150 македонски доброволци се одвоил од руската армија и учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Со своја чета од 200 до 300 востаници учествувал во Македонското востание. Опеан е во народните песни.

Потекло

Самите малешевци, кои имале широки и длабоки желби, но биле потиснати, може да се рече дека повеќе од многу нивни сонародници и соплеменици во другите краишта, токму затоа што биле компактна и патријахална маса, мечатаеле за што појака одмазда над Турците и секого од своитe одмаздници го кителе со најубавото што го имале зачувано во многу песни и традиции...

— Јован Хаџи Васиљевиќ, Иља војвода - Малешки

Малешево

Иљо Марков води потекло од Малешево, познато како Малеш, Малешевија и сл. Малешево е затворена планинаска котлина во горниот тек на реката Брегалница. На исток се наоѓа планината Кадилица која ја оделува Малешевската котлина од долината Струма. На југ се издига Плачковица која е висока 1754 м. Малешево со околните планини создало добри услови за дејствување на ајдутите. Пошумените планини биле добро засолништво.

Малешево било познато уште во средниот век. Во еден документ на византискиот цар Василиј II се спомнува Малесован (Малешево) како област која влегувала во Моровиздската епископија. Во некои од списоците на Охридската архиепископија од XI и XII век, Моровиздската епископија се именува како Малешевска (i Malesova), a епископот како малешевски (malesovis). Од овие податоци укажуваат дека во Малешево било развиено христијанството и под јурисдикција на Охридската архиепископија, каква била состојбата во наредните векови не е познато поради недостаток на податоци.

Во османлискиот период, Малешево било махија (реон) и било составен дел од каза (околија). Во третата четвртина на XIX век, неколку малешевски села влегувале во Ќустендилската каза, која била составен дел од Нишкиот вилает. По 1880 година, овие села биле приклучени во Кочанската каза, а кон крајот на XIX век била создадена одела Пехчевска, односна Малешевска каза, која во одреден период влегувала во рамките на Солунскиот санџак.

Берово

За историјата на Берово, родното место на Иљо, се знае мошне малку. Според Ј. Павловиќ името на Берово има врска со името на некој сточар Беро или Бероње, чие име произлегува од името Берислав или Берое. Меѓу селата Работо и Мачево се наоѓа Берова Ливада, каде што во минатото имало сточарска колиба и пасишта за стоката, кои веројатно биле во сопственост на споменатиот Беро. Според некои истарѓувачи, Беро заедно со други сточари се населил на местото на денешното Берово, каде што формирале големо село кое со текот на времето прераснало во гратче уште пред доаѓањето на Османлиите во Македонија. Во текот на османлиското владеење, Пехчево бил османлиски административен центар, а Берово бил центар на христијанскиот народен дух, отпор и просвета.

Според податоците објавени од Стефан Верковиќ, во втората половина на XIX век Малешевската каза влегувале следните населени места: Пештово, Негрево, Смоово, Својмирово, Мачово, Чифличе, Митрохи, Митрошинци, Владмирово, Русенодинча (Родмерци), Ратово, Берово, Пештово, Умлене и Радово, Според една статистика од крајот на XIX век, Пехчевската (Малешевска) каза се состоела од три реони: Малешево, Пијанец и Осоговија со 45 села. Според овие податоци, Берово имало 2300 жители.

Семеен род

Според Ј. Џ. Васиљевиќ семејството Иљо припаѓало на родот Мутракинови, кои се викале Кализовци и Маркови. П. Хитов истакнува дека таткото на Иљо се викал Марко, а по него се нарекол Марков. В. Стојанов го именувал како Иљо Марков. Во документите од 60-тите години на XIX век е именуван како капетан Иљо, а потоа како дедо Иљо. Се сретнува и како Кара Иљо, Иљо Малешевски и сл. Во постарата литература се сретнува како Иљо Војвода.

Рани години

Иљо војувал со турските хајти над 20 пати, а тоа се случило уште во тоа време, кога тој ниту мислел да стане ајдутин. Кога Иљо, се наоѓал во Рилскиот манастир, како падур, тој разбивал турски разбојнички чети повеќе од 10 пати...

— П. Хитов, Моето патување по Стара планина
 
Рилски манастир

Во постарата литература како дата на раѓање на Иљо Малешевски е наведена 1805 година, меѓутоа во 1867 година Васил Д. Стојанов запишал дека таа година Иљо имал 45 години, од што произлегува дека е роден во 1822 година. Според Ј. Х. Васиљевиќ, Иљо во 1865 година имал најмногу 50 години, односно дека е роден во 1815 година.

Во конзуларните извештаи од 1860-1862 година се наведува дека Иљо имал една ќерка од околу 10 години и два малолетни сина од околу 5 до 8 години. Од овој податок може да се заклучи дека Иљо веќе околу 12 до 15 години бил оженет. Во едно писмо на неговата жена Стојанка - Цона напишано во околу 1860 година, која исто така потекнувала од Берово, пишува дека таа се омажила пред 11 години, односно околу 1849 година.

Пред своето одметнување, Иљо се занимавл со земјоделство и други општи работи во Берово и низ Македонија. Во зима и напролет, тој организирал по малешевските и околните села - аргати и аргатки и како нивни впредводник во летото ги водел на работа по големите чифлици во Скопското и Серското поле. Уште во овој период, Иљо бил шетан човек, познавал повеќе луѓе и се научил и свикнал да предводи луѓе, да се расправа со османлиските бегови и да се пресметува со рабојниците. Иако бил неписмен, оставал впечаток на просветен човек. Бил великодушен, полн, широкограден и јак, средно восок со јуначко тело. Според еден негово современик, Иљо имал:

... долги црни коси, црн мустак, испечено лице, орлов нос, долгунесто лице, јасно и убаво чело и големи црни очи, мил поглед...

Постојат повеќе верзии за годината и причините за одметнувањето на Иљо. Според една од верзиите, Иљо пред да стане ајдутин, при спасувањето на својата сестра од потурчување, убил еден од Турците и се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските Турци и беровскиот буљукбашија Габо Парамун решиле да се пресметаат со него затоа што сметале дека тој ги извршил сите убиства на Турците и сите палежи во Берово.

Во Берово се раскажувала дека неговиот постари брат Станко бил скаран со еден Турчин, поради некоја нерасчистена сметка од собирањето на десетокот, кои тие заедно го го вршеле. Според писмото на Цона, судирот настанал поради тоа што кога Иљо побарал од бајракатарот Мехемед да му ги плати трите оки на масло што му ги дал Иљо на вересија, тој се налутил и решил да го убие. Односно не една, туку повеќе причини биле потик Турците да ги нападнат Иљо и неговиот брат Станко на нивата каде што работеле, кај местото Селце. Во текот на нападот Станко бил смртно ранет, а Иљо во десната рака. Станко пред да умре успеал да убие еден од напаѓачите. Судирот се пренел во колибата изградена во нивата, каде што Иљо го заклал буљукбашијата Габа, а убил и двјца сејмени , по што усепал да избега ранет. По овој настан Иљо станал ајдутин.

Повеќето автори кои пишувале за животот на овој македонски ајдутин се согласуваат дека убиството на неговиот брат е причината за неговото одметнување, меѓутоа во историската литература се сретнуваат различни години. Најверојатно одметнувањето на Иљо се случило по неговата женидба со Цола. Таа во едно писмо истакнува дека:

... пред 11 години го зедов за стопан Илија Марков и родив со него три деца (Никола, Јован и една девојка). Кога дојде лани Зејнел паша во Ќустендил... мене со трите деца ме пратија во Ќустендил во затворот, каде што седам една година и просиме да се храниме со децата...

Според рускиот конзул Н. Геров, Зејнел паша го посетил Ќустендил во 1859 година. Отука произлегува дека Иљо се оженил со Цона во 1849 година и една година подоцна се одметнал. Ликвидирањето на Турците од страна на Иљо имало голем одглас кај народот. Кај него пристигнувале повеќе луѓе за да станат ајдути или да побараат помош.

Ајдутство

Иљо војвода со својата дружина, според можностите, го чувал својот крај од разбојниците, ги придружувал трговците и карваните по опасните патишна и одврем навреме ги казнувал насилниците за нивните злосторства, вршени врз христијаните. Затоа Турците го сметаат капитан Илија за разбојник и месните началства постојано се трудат да го фатат, но поради доброто расположение на христијанското население од областа, тој лесно се крие пред прогонувањата... походите на Иљо се многубројни. За нив се зборува различно, но сите се согласуваат во тоа дека тој е многу снаодлив и премногу внимателен. Со овие квалитети и со својата совршена трезвеност, тој може да се крие толку долго време од прогонствата на властите...

— Ристо Поплазаров, Ајдустскиот војвода Иљо Марков - Малешевски
 
Ќустендил
 
Дедо Иљо во ајдутска носија

Од бројните незадоволни луѓе, Иљо избрал 15 души и ја формирал својата ајдучка дружина со свое знаме кое имало сива боја. Прв негов бајрактар бил Стојмен кој се истакнал со својата храброст и доследност. Како последен негов бајрактар се спомнува Ценко Грленецот. Иљо имал и сопствен печат со натписот:

Капитан Иљо Марков

Меѓутоа не е позната годината од која го користел овој печат. За другите соборци на Иљо многу малку се знае. Тој 3 до 4 пати формирал нова дружина, но се познати имињата на ајдутите од неговата прва дружина. Во неa влегувале: Стоимен, Мито Заго, Ѓорѓи Голчо, Ѓорѓи Попчев, Станко Парата, Димитрија, Стојко, Ѓорѓи, Шестопрст, Чангуљ, Демир и др. Како пријатели на Иљо се споменуваат: Ристе од Разловци, Димитрија (Демир) од Русиново, Ѓорѓи Ајката и др. Од сите овие десетмина се од Берово. Отука во народните песни се пее дека: идат ајдути, ајдути беровци.

Во литертаурата може да се сртене дека во дружината на Иљо имало и Турци, а според некои автори, Иљо за да му даде општонароден карактер на бунтот и за да ги чува христијаните од нападите на муслиманите, на некои од своите ајдути им дал турски имиња или прекари.: Димитар - Демир, Атанас - Џафер, Димо, Димитрија - Ченгул, Ристе - Џабире и слично.

Учество во балканските национални борби

 
Споменик на Чукур чешма
 
Иљо во 1862 година

Во 1860 година, Иљо со својата чета се префрлил во Србија, каде нашол погодна почва дејствување. Кнезот Михајло Обреновиќ III од Србија направил центар на востаничката и националната активност на Балканот [9]. Во 1861 година се вклучил во Првата бугарска легија [белешка 1] и станал помошник на Георги Раковски при воената подготовка на Легијата. На 3 јуни 1862 година, на Чукур чешма дошло до инцидент помеѓу турското и српското население, а Османлиите го бомбардирале Белград. Во борбите, Иљо војвода се истакнал со својата храброст и му било доверено знамето на Легијата.

По растурањето на Легијата од српската влада, Иљо со дел од своите ајдути заминал за Крагуевац. Кога османлиските власти разбрале за неговото учество во борбите во Белград, повторно го уапсиле неговото семејство и го затвориле во Скопје. Неговото смејство било посетено од бугарскиот просветен деец Најден Геров, кој им помогнал.

По 2 години престој во Крагуевац, Иљо се вратил во Белград, каде што бил награден од Михајло Обреновиќ III со ореден и титула, а му била доделена и пензија од 150 динари. Зел активно учество со чета од 300 луѓе, заедно со своите синови Никола и Иван, во Српско-турската војна од 1876-78 година.

На крајот на војната, во село Демиград во големите борби помеѓу Срби и Османлиите, Иљо бил тешко ранет. Како последица од ранувањето, му биле извадени две ребра и останал инвалид со десната рака. За покажаната храброст во војната бил награден со српскиот "Таковски" орден за храброст.

Руско-турска војна (1877-1878)

 
Споменикот на Шипченската битка
 
Слика на пушката на Иљо Војвода
 
Бугарија според Санстефанскиот договор

Руско-турската војна го затекнала Иљо во болница. Со незалечени рани заминал за Свиштов каде се ставил на услуга на руската команда, која му го доделила чинот капетан и му доверила една т.н волна чета. Одредот го одвел во Ловечко, каде дејствувале во тилот на османлиските сили. При преминувањето на Балкан Планина бил во западниот одред на генерал Јосиф Гурко. По солободувањето на Софија, Иљо бил поставен за командант на сите доброволечки чети и бил назначен во одредот на Јуриј Задерновски, девизиски началник на 4-от улановски харковски полк, кој имал задача да ги гони Османлиите во насока Радомир-Ќустендил. На 27 декември бил ослободен Радомир, на 2 јануари 1878 година — Дупница.

На 4 јануари 1878, добил наредба да се упати кон Ќустендил. На 8 јануари 1878 влегува со своја чета во селото Конјаво. Испратил неколку доброволци во Ќустендил да пуштат глас дека тој доаѓа како авангарда на руската војска и дека треба градската општина да преговара со него за предавање на градот без борба. Измамата на дедо Иљо успеала и Времената управа на градот Ќустендил испратила делегација во Софија при генерал Арнолди. Тој од своја страна во Ќустендил го испратил полковникот Задерновски со еден ескадрон на руска војска. На 11 јануари 1878 четата на Иљо, заедно со руските војници, влегле свечено во Ќустендил.

На 12 јануари, поради офанзивата на бројната османлиска војска која пристигнувала од Крива Паланка, Иљо и руските сили биле принудени да се повлечат. На 17 јануари една силна руска единица, на чело со генералот Мајендорф и четата на Иљо повторно го ослободиле Ќустендил. По наредба на командант на градот, поручникот Н. Савојски, Иљо го разоружал население по турските села.

По ослободувњето на Ќустендил, во почетокот на 1878 година, дедо Иљо Марков со 150 македонски доброволци учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Тој бил пречекан со големи почести од месното население. Го собрал оружјето од Турците и помагал во организирање на месната власт.

Дедо Иљо Марков — Малешевски бил во Сан Стефано, кога во март 1878 година бил попишан Санстефанскиот мировен договор меѓу Руското царство и Отоманското Царство. Но под притисок на големите сили, Австроунгарија, Велика Британија и Франција кои не биле задоволни од проширувањето на руското влијание на Балканот, како и на Грција и Србија кои не посакувале создавање на голема Бугарија, кратко трае овој „прелиминмарен договор“ за создавање на т.н. „Бугарско Царство“ во кое би влегол поголем дел Македонија. Само неколку месеци подоцна, по Берлинскиот конгрес со кој претходниот станува неважечки, бројни турски војски повторно се враќаат во Македонија. Родното место Берово останува под турска власт, а Дедо Иљо со семејство останува да живее во Ќустендил. За неговите заслуги Народното собрание му одобрува пензија од 220 лева месечно.

Македонско востание

 
Дедо Иљо Малешевски и Димитар Поп Георгиев со четата, дел од спомениците Лавови на мостот Гоце Делчев во Скопје
 
Димитар Поп Георгиев

Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски и познатиот македонски револуицонер учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски кој две години претходно бил главен водач на Разловечкото востание, познатиот македонски војвода од тој период Стефо Николов, познатиот македонски револуционер од тоа време поп Коста (Буфски) од с.Буф-Леринско и неколкумина македонски војводи.

На состанокот одржан на 8 септември во Рилскиот Манастир, свикан од Натанаил на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата дедо Иљо Малешевски било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја. На повикот се одзвале повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието. Пред почетокот востанито Иљо испратил проглас во кој било истакнато:

Македонци нашата мајка стана и плаче со горчлив крик под турскиот оган и јатаган. Крвта на нашите родители е пролеана, синови и браќа викаат да се крене оружје против петвековните поробувачи и насилници, нашите малтретирани мајки, жени и сестри кои се под неподносливото и нечовечко турско однесување, плачат над нашите уништени домови и го чекаат нашиот одговор. Македонски и бугарски херои! Нашиот свет лав 'ржи преку нашите македонски гори и долини и не повикува сите да земеме оружје. Каде и да сете, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце, да ги спасиме тие невини жртви од ова валнако и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаа својата крв за грчката и српската слобода...Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите..... сè уште стои на алексинаскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода...Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници, дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски планини, Македонски востанички комитет[10]


Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 109 турски војници.

Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите зацртани планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.

Во почетокот на јули 1879 година престанале секакви востанички дејствија, но со доаѓањето на Османлиите во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25 000 - 30 000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населението од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото населението почнале да се доселуват муслимани од Бугарија.

Подоцнежни години

 
Иљо Малешевски со своите воени одликувања
 
Спомен куќа во Ќустендил
 
Гробот на Иљо Малешевски во Ќустендил

И покрај поодминатата возраст, со својата чета учествувал во Српско-бугарската војна од 1885 година Неговата четата била дел од Радомирскиот отред [11] кој бил под команда на Димитар Поп-Георгиев Беровски. Се борел кај Брезник, Сливница, Врање, Краиште и с. Извор. Поради своето учеството во војната на бугарска страна, српската влада му ја одзела пензијата доделена од кнезот Михајло Обреновиќ III.

Во 90-тите години, кога почнува активно дејствување на македонската револуционерна организација во Македонија и Одринско, Иљо војвода со интерес ги следел настаните и ги помагал револуционерите кои поминувале низ Ќустендил. Дедо Иљо војвода дава вредни совети за изградба на Македонската револуционерна организација.

Уште додека беше жив Дедо Иљо станал легенда, а неговата храброст и јуначки дела се испеани во многу народни песни. За покажаната храброст во војните одликуван е со повеќе ордени од страна на српската, руската и бугарската власт. Умира во Ќустендил во 1898 година, Погребан бил со највисоки почести во присуство на бројни пријатели и прврзеници. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдучки војвода. Дедо Иљо Малешевски е опеан во македонската народна песна „Ајде, ред се редат“:

Ајде, ред се редат, мале,
Ајде, ред се редат,
Кочански сејмени, мила мале,
Кочански сејмени...
... Ајде, ќе го барат, мале,
Ајде, ќе го барат,
Иљо арамија, мила мале,
Иљо арамија.
Ајде, не ми било Иљо,
Ајде, не ми било,
Покрај Крива Река, мила мале,
Покрај Крива Река.
Ајде, тук ми било Иљо,
Ајде, тук ми било,
Во Солуна града, мила мале,
Во ладна меана.
Ајде, го служела, мале,
Ајде, го служела,
Мома Македонка, мила мале,
Мома Македонка. [12]

Дедо Иљо Малешевски во уметноста

Белешки

  1. Иако легијата се именува како Прва бугарска легија, во неа учествувале многумина истакнати македонски дејци, тоа се гледа од нивните презимиња или пркари: Христо Македончето, Димитар Македонски (Димитар Поп-Георгиев Беровски) д-р.. види: „Документи за българското Възраждане от архива на Стефан И. Веркович 1860-1893“, София, 1969, Издателство на Българската академия на науките, стр. 69.

Извори

  1. Кресна и Разлог
  2. Сознанија за Дедо Иљо Малешевски[мртва врска]
  3. Зоран Тодоровски, Војводата Дедо Иљо Малешевски во архивската документиција, "Војводата Дедо Иљо Малешевски и неговото време", Берово 2000,128-129
  4. A certificate, issued by the Field Quarters of the Russian Army in the field, decorating the Bulgarian voyvoda Iliya Markov (Grandfather Ilyo) with a Russian medal. December 4th, 1878 [1]
  5. "A number of Bulgarian volunteers took part in the 1877-1878 war...their voivods were: Ilyo Markov, D Trifonov, G. Pulevski..." a document of a Russian officer in the 1877-1878 Russo-Turkish war (1904) Болгарское ополчение и земское воиску (in Russian), p.56-59.
  6. Панайот Хитов, "Моето пътуване по Стара планина и животопис на някои български стари и нови войводи", II изд., с. 85-87(English: Panayot Hitov, "My journey along Stara planina and biographies of some Bulgarian old and new voivods" p. 85-87)
  7. Коте Попстоянов "Тридесет години назад. Исторически записки по първото македонско въстание през 1876 г." (English: Kote Popstoyanov, "Thirty years ago. Chronicles of the first macedonian uprising in 1876")
  8. Македонска енциклопедија
  9. Guy Gauthier, Les Aigles at les Lions, Histoire des monarchies balkaniques, Éditions France-Empire, 1996
  10. Научен архив, Българската академия на науките, София, (НА-БАН-С),Фонд: Сбирка IX, оп. 1, а.е. 55, л. 1.
  11. Венедиков, Й., История на доброволците от Сръбско-българската война 1885 година, София, 1985, Издателство на отечествения фронт
  12. "Ајде , ред се редат"
  13. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 84-85.
  14. „Белешка за авторот“, во: Велко Неделковски, Втората смена. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2010, стр. 136.

Надворешни врски