Рупелска Клисура
Рупелска Клисура (грчки: Ρούπελ или Στενωπό του Ρούπελ, Стенопо ту Рупел) — живописна клисура на реката Струма во Валовишко, Егејска Македонија, меѓу источните планини на планината Беласица на запад, и западните падини на Сенгелска Планина (наречена и Рупелска Планина) на исток. Го поврзува малото Марикостенско Поле во Пиринска Македонија на север со Серското Поле на југ. Клисурата е наречена по денес напуштеното село Рупел.[1]
Клисурата е од епигенетско потекло и е всечена во терциерни и кристалински карпи, кои ги сочинуваат западните делови на Сенгелска Планина, односно источните делови на Беласица. Долга е околу 10 км, а средната надморска височина изнесува 60 м. Се одликува со несиметрични долински падини — западните кон Беласица се стрмни, а источните кон Сенгелска Планина се налегнати. Низ Рупелската Клисура дува северниот рупелски ветар на југ кон Серското Поле.[2]
Клисурата почнува јужно од селото Драготин, сместено веднаш до граничниот премин Кулата-Драготин на 69 м.н.в. и се протега на југ. По околу 5 км е неговото средиште, на подрачјето на поранешното село Рупел, на надморска височина од 60 м. Северозападно од малото селце Лутра, реката Струма излегува од клисурата на 52 м.н.в. и навлегува во северниот дел на Серското Поле[3].
Низ клисурата минува еден од главните воздушни коридори за преселба на птиците од Европа кон Африка, наречен „Аристотелов пат“.
За време на Првата балканска војна, на 22–23 октомври 1912 г. Седмата рилска дивизија на Бугарската армија настапувала низ ова место и ја совладала Рупелската Клисура. Нејзината Трета бригада го окупирала Валовишта, со што е прекратена турската власт во него. Дивизијата продолжила да напредува кон Солун, во кој влегла на 27 октомври 1912 г. по извојуваната победа во Битката кај Ајватово.
По целата должина на клисурата, во правец север-југ во должина од 10 км поминува делница од Европската магистрала Е79.
Напоредно со патот низ клисурата поминува и 10-километарска делница од железничката линија Софија – Горна Џумаја – Кулата – Атина. Во 1941 г. низ клисурата бугарската окупациска власт ја пробила и последната делница од 14 км, на одредиштето Софија - Валовишта. Таа е свечено откриена на 8 декември 1941 г. од министерот за јавни работи Димитар Василев. Со враќањето под на грчка власт, железницата е уништена и сообраќајот по неа е запрен цели 20 години, до нејзиното повторно отворање.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Мичев, Николай и др (1980). Географски речник на България. София: Наука и изкуство. стр. 418.
- ↑ „Θεσσαλονίκη: Βαρδάρης και Χορτιάτης „χρωματίζουν" το κλίμα“. Μακεδονία. Архивирано од изворникот на 2014-06-20. Посетено на 23 април 2013.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ Енциклопедия „България“, Издателство на Българската академия на науките, том 5, София 1986, с. 836