Убиство на Јане Сандански

Убиството на Јане Сандански било извршено на 22 април 1915 година кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп. Бил нападнат од 7-8 души кои биле вооружени со пушки и најверојатно биле од неврокопската чета на ВМРО, еден од нив го заобиколил и го застрелал во грб.[1] Се претпоставува дека нападот бил организиран од Стојан Филипов, а како физички убиец бил посочен Андон Качарков. Судот сепак ги оправдал поради недостиг на докази. Трупот на Јане бил пронајден од карванџии.

Дел од темата „Јане Сандански

На околу 200 м источно од Роженскиот манастир е црквата Св Свети Кирил и Методиј, изградена во 1914 година од страна на Јане Сандански. Таму се наоѓа и неговиот гроб. По известувањето за заговорот против него, Фердинанд најверојатно ја поддржувал идејата за ликвидација на Јане, но на неговиот погреб испратил венец, кој е поставен од Јонко Вапцаров. На надгробната мермерна плоча се читаат неговите зборови: „Да живееш, значи да се бориш. робот - за слобода, а слободниот - за совршенство".

Причини

уреди
 
кнезот Фердинанд

По почетокот на Првата светска војна и Валандовската афера од 1915 година која имала за цел да ја внесе Бугарија во оваа војна. Сандански и неговите приврзаници се спротивставиле на таквата политика, правејќи обид да ја спречат акцијата и војната. Во есента 1914 година кога Пиринска Македонија била во рамките на Бугарија, повеќето од македонските револуционери, а меѓу нив и Сандански, биле во своите родни краеви во Македонија под Бугарија, или во Софија. Во тоа време Сандански живеел во Мелник, како легален бугарски граѓанин.

Во периодот помеѓу есента 1914 и зимата и пролетта 1914/1915 година имало повеќе средби помеѓу Сандански и македонските револуционери. Тие дискутирале по повеќе прашања: политиката на Фердинанд, положбата на Македонците под српската и грчката власт, нивното масовно мигрирање во Бугарија, за очајната положба на македонските емигранти во Бугарија.

Сандански и неговите соистомисленици решиле да се организираат преку собирање на свои приврзаници и евентуални сојузници, а како противници на политиката на војна се изјасниле: Крсто Станчев Раковски, познат активист на Балканската Социалдемократска Федерација и анархистот Михаил Герџиков. Нивната цел била борба против политиката на Фердинанд и владата на Радославов, барајќи патишта и начини:

по кои да се избегнат нови катастрофи и разурнувања [2].

Сметајќи го Фердинанад за носител на политиката на погроми и катастрофи, одлучиле тој да биде ликвидиран и новиот режим во Бугарија да биде прокламиран во името на народновластието и против империјалистичката војна и реваншот [2][белешка 1]. Атентатот врз Фердинанд требало да го извршат македонските и тракиските револуционери, а воведувањето на народовластието требало да го спроведат политичките партии на Бугарија, кои зад себе имале поголема маса приврзаници. Заради преговори со водачите на политичките партии во Бугарија била избрана тричлена делегација во состав: Јане Сандански - претставник на македонските револуционери, Михаил Герџиков - претставник на одринските и Крсто Станчев - претставник на бугарските новинари и општественици. Меѓутоа не бил постигнат договор со политичките партии. Дел од нив биле вчудовидени, дел уплашени, дел малодушни и не го одобрувале тој, според нив, анархистички чин.

 
Телото на Сандански

Меѓутоа најголемо изненадување им приредил бугарскиот егзарх Јосип I кој пред делегацијата ги заредил лошотиите кои Фердинанд и ги нанел на Бугарија... и дека додека тој е жив нема да дозволи на бугарските воени и граѓански водачи да се еманципираат од неговото (Фердинандовото б.н.) туторство, од неговото влијание, од моралниот гнет во кој ги држел. Затоа, на крајот, Егзархот истакнал:

Благословена да е раката која ќе го кутне Фердинанда. Кој ќе го стори тоа ќе биде најголем благодетел на Бугарија [2].

И покрај поддршката на Егзархот целата акцијата на Сандански останала тесен заговор без поширока политичка поддршка. Меѓутоа владејачките кругови разбрале за заговорничката иницијатива и власта започнала со прогон и апсење на лицата за кои сметала дека го планирале убиството на Фердинанд. Биле обвинети и затворени Александар Стамболиски, водачот на Бугарскиот земјоделски национален сојуз и други видни бугарски општественици.

Паралелно започнала и Валандовската афера, на кои настани Сандански бил огорчен противник. Случајно или не, неколку дена по Валандовската акција, по наредба на Фердинанд и неговите помагачи околу Тодор Александров, на 21 април 1915 година, во шумите на Пирин, Јане бил убиен.

Историски погледи

уреди

Најистакнат заштитник на внатрешноста на Македонија. Тој е што ги разбиваше четите на Фердинанда и на бугарската буржоазија и ги гонеше дури до Софија. Овој борец за слободата на Македонија и за демократија и мир од заседа го убија... Фердинандовите агенти

— Ангел Динев

Некаква историја пишуваат оние револуционери (врховистите од Софија) и не се срамат да прескокнат цели настани само поради тоа што треба да го спомнат омразеното име на палачот Јане Сандански. Тој не постои за нивната историја. Епохата и борбите, кои ги создаде тој заедно со своите приврзеници, исто така не постојат. Населението кое како бог го сакаше својот старик и трчаше по него и неговите другари со занес и во голем број како што ретко голем општествен деец можел да собере околу себе и да го приврзе за себе, за револуционерните историчари исто така не постои. Неговиот надгробен крст го гледаме исправен и во самата историја

— Димо Хаџи Димов, Ангел Динев, Политичките убиства во Бугарија, НИП "Илинден", Скопје 1951

(Сандански б.н) челник во борбата за самостојна и независна македонска држава, противник на туѓите посегања врз Македонија и особено против државниот врв на Бугарија на чело со Фердинанд, претставува кулминација на драмата што ја доживувало македонското национално и ослободително движење по Илинденското востание. Истовремено тоа е почетокот на личната и колективна трагедија на ветераните на Делчевата ТМОРО..

— Иван Катарџиев

...бугарските шовинисти решија да го ликвидираат бидејќи неговите проповеди не им одеа во прилог, зошто тој се противеше на присоединувањето на Македонија кон Бугарија.Тој го спречуваше славофонското население на Македонија да се смета себеси за бугарско и култивираше македонска национална свест

— Елефтериос Ставридис

...Тој имал исти погледи и ставови како и другите македонски дејци од левицата и десницата, и тој се сметал за Бугарин. За него има малку документација, има повеќе другите што пишуват за него. И она малку што го напишал, кога кажува за населението во Македонија, никаде не спомнува македонски народ како посебен етнос, туку дека: „Во Македонија живеат Бугари, Турци, Албанци...

— Зоран Тодоровски, Уште робуваме на старите поделби. Разговор со приредувачот на Зборникот документи за Тодор Александров, 27.06.2005

Извори

уреди
  1. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 147-148.
  2. 2,0 2,1 2,2 Герджиков И. Михаил, Един малък спомен, "Вгъпоменателен лист" Яне Сандански, София, 23 април 1946

Белешки

уреди
  1. Сандански уште во првите револуционерни денови имал негативно настроение кон кнезот Фердинанд. Во летото 1901 година се одржало советување во Ќустендил на кое присуствувале Гоце Делчев, Јане Сандански и Христо Чернопеев и тие заклучиле дека: ситните грабежи само го нарушуваат престижот на Организацијата, а не придонесуваат за нејзино финансиско закрепнување. Затоа Јане Сандански предложил да го киднапира кнезот Фердинанд при неговата посета на Рилскиот манастир но оваа иницијатив на Сандаснки била отфрлена од страна на Гоце Делчев. Во 1906 американскиот весник The New York Times, повикувејќи се на својот дописник од Виена, објавил информација дека Јане Сандански, македонскиот водач, во шумата Бистрица ја опколил вилата на кнезот Фердинанд со цел да го убие, види Ванчо Ѓорѓиев, „Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година“, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003 и The New York Times, 14 август 1906.

Галерија

уреди

Надворешни врски

уреди