Македонија во Првата светска војна

Непосредно пред започнувањето на Првата светска војна Македонија била поделена на три дела, а македонскиот народ се наоѓал под власта на Србија, Бугарија и Грција. По започнувањето на Првата светска војна сите три држави извршиле мобилизација на население од Македонија во своите војски, при што биле мобилизирани околу 200 илјади луѓе - во српската околу 50 илјади, во бугарската околу 120 илјади и во грчката околу 20 илјади души.[1]

Македонскиот фронт
Борби покрај грчката граница, 1916
Српската вардарска дивизија
Бугарски војници

Пред влегувањето на Бугарија во војната биле формирани диверзантски чети под раководство на Тодор Александров кои ја извршиле Валандовската афера во март 1915 година. По влегувањето на Бугарија во војната таа извршила масовна мобилизација при што била формирана 11-та македонска дивизија и во нејзиниот воен формациски состав вклучила 33.046 Македонци. По нападот на бугарската армија, српските сили биле принудени на се повлечат од Вардарска Македонија, а бугарската војска избила на српско-грчката граница утврдена со Букурешкиот мировен договор. Во пролетта 1916 година српско-грчката граница започнала да се формира како Солунски фронт, кој се протегал од Охридското Езеро до Струмскиот Залив во Егејското Море, со мали отстапувања кон Лерин и Битола.

Со влегувањето на Бугарија во војната доаѓа и до промена во поделбата на Македонија. Бугарија ги освоила Вардарска Македонија, каде била формирана Македонската воена инспекциска област, дел од источна Егејска Македонија и Пиринска Македонија која ја добила со Букурешкиот договор. Останатиот дел од Егејска Македонија бил како и дотогаш во рамките на Грција, односно под воена управа на Антантата.

Пролетта 1916 година, потпомогната од своите германски и австроунгарски сојузници, Бугарија ја освојува Рупелската Теснина и, навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија, ги зазема градовите Сер, Драма и Кавала. Кон средината на август истата година бугарските сили, предводени од генерал Климент Бојаџиев ги разбиваат трупите на Антантата на просторот Добро Поле - Баница - Лерин и продирајќи кон Костур го заземаат Лерин со околните населби. Во жестокиот судир кај Горничево, српско-француските трупи ја пробиваат одбраната на бугарската Прва армија, принудувајќи ја на повлекување. На 19 ноември тие ја заземаат Битола. По тешките тримесечни борби офанзивата на силите на Антантата спласнува и настанува затишје на целиот фронт.

Во текот на 1917 и првата половина на 1918 година, се водат повеќе позициони борби од локално значење кај р. Струма, Црна Река и долж Вардарската Долина, кои нема да предизвикаат некои поголеми територијални промени.

На 15 септември 1918 година силите на Антантата предводени од францускиот маршал Франше Д'Епере, започнуваат силна офанзива против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија на просторот Ветерник - Сокол. Борбите се пренесуваат во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Под жестокиот притисок на сојузниците бугарско-германските трупи се приморани на повлекување кон север и бугарската граница. Сојузниците заземаат повеќе делови во вардарскиот дел на Македонија. На 29 септември 1918 година Бугарија е принудена да потпише примирје согласувајќи се да ја напушти Вардарска Македонија. Ги задржува само Пиринска Македонија и Струмичката област со градот Струмица, која ќе ја загуби подоцна во корист на Србија со Нејскиот мировен договор од 1919 година.

Офицери од 11-та пешадиска македонска дивизија, на левата страна од попот е полковникот Борис Дрангов
Черепи во костурницата на Кајмакчалан

Првата светска војна ја раздвижува македонската емиграција. Непосредно по влегувањето на Бугарија во војната, Крсте Петков Мисирков побарал да се обедини Македонија и да се оформи како автономна политичка единица. Во Швајцарија било формирано македонското друштво за Независна Македонија, тие побарале да се формира самостојна и независна Македонија која подоцна би можела да влезе во рамките на една балканска федерација. Македонската емиграција во Бугарија била поделена и имала различни погледи за судбината на Македонија. Привременото претставништво на „поранешната Внатрешна организација“ да се формира Автономна Македонија во нејзините географски и етнички граници, а од другата страна бил Извршниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации и групацијата околу Тодор Александров, тие побарале автономија на Македонија, а ако не може, тогаш таа цела да се присоедини кон Бугарија.

Почеток на војната

уреди

Првата светска војна започнала со објавувањето на војна од страна на Австроунгарија на Србија и нападот на 29 јули 1914 година. Пред почетокот на војната односите помеѓу Бугарија и Србија биле мошне затегнати поради Букурешкиот договор. Бугарија не била задоволна бидејќи во споредба со Грција и Србија таа земала помал дел од Македонија. По започнувањето на војната, Бугарија биле една година неутрална по што влегла во војната на страна на Централните сили.

Мобилизација на Македонците

уреди
 
Етничко знаме на македонците

Дел од темата
Македонци

Култура
Книжевност · Уметност
Фолклор · Музика · Носии
Кино · Кујна · Спорт
· Архитектура

Историја
Национална преродба
НОБ (1941-1944)
НОФ (1945-1949)

Државност
АСНОМ
Н.Р Македонија (1944-1991)
Р Македонија (од 1991)

Распространетост
Албанија · Бугарија
Грција · Србија
Македонска дијаспора

Тематски
Православна Црква
Македонци муслимани
Македонски јазик


Ангажирањето на Србија во војната против Австроунгарија имал одраз и во Вардарска Македонија која се наоѓала под српска власт. Од почетокот на војната па сè до влегувањето на Бугарија во судирот, во октомври 1915 година, српските власти во Вардарска Македонија регрутирале 53.088 души во српската војска. Од нив 44.496 биле Македонци, 8.482 Турци и Албанци и 111 Евреи.

Воените обврзници од Вардарска Македонија биле испраќани да се борат на фронтот во западна Србија против силите на Австроунгарија. Регрутацијата и самата војна не биле прифатени од регрутираните Македонци, Турци, Албанци и другите. Многумина од нив уште при регрутирањето, испраќањето на воена вежба или при воените подготовки, изостанувале, бегале или се сокривале. Многумина од нив на самиот фронт дезертирале, ги минувале Дрина и Сава предавајќи се на австроунгарските власти.

Австроунгарија и Бугарија постигнале договор според кој заробените Македонци биле третирани како Бугари. Отука тие биле ослободени од заробеништво и преку Романија биле испратени во Бугарија каде што повторно биле регрутирани меѓутоа сега во бугарската армија. По окупацијата на Вардарска Македонија од страна на Царството Бугарија, новите бугарски власти спровеле нова мобилизација во овој дел на Македонија.

Бугарија извршила најмасовна регрутација и мобилизација на Македонците во Пиринска Македонија и помеѓу македонската емиграција во Бугарија. Пред нападот врз Србија во есента 1915 година, бугарската Врховна команда ја создала 11-та македонска дивизија и во нејзиниот формациски состав вклучила 33.046 Македонци.[1] Покрај регрутацијата на Македонците во составот на бугарската регуларна армија, бугарските власти регрутирале Македонци и во диверзанските чети под раководство на Тодор Александров. Грција која објавила неутралност исто така спровела регрутација во Егејска Македонија со која биле регрутирани околу 20.000 Македонци.

Дипломатски игри

уреди
 
Фердинанд I
 
Фердинанд и кајзерот Вилхем II во Ниш, тогаш под бугарска окупација

По започнувањето на војната, Бугарија се држела неутрално меѓутоа започнала дипломатски контакти со двете завојувани страни.

Силите на Антантата за да ја придобијат Бугарија на своја страна, најпрво и ја понудиле територијата на исток од Злетовска река и Брегалница до нејзината утока на реката Вардар, како и територијата на исток од Вардар до под Гевгелија, при што не би се прекинал контактот меѓу српската и грчката граница. На Бугарија требало да и се отстапи и територија од 2.000 км2 од страна на Грција. Во оваа територија влегувале Сер, Драма и Кавала, односно на Бугарија и биле отстапени териториите кој таа ги загубила со Букурешкиот договор.

Меѓутоа кога веќе било видливо дека Србија ја губи војната со Австроунгарија, и дека постои опасност Централните сили да воспостават контрола врз Балканот, Антантата испратила дипломатска нота со која на Бугарија и била понудена целата територија на Вардарска Македонија под услов да и објави војна на Османлиското Царство.

Бугарија на 4 септември 1915 година потпишала конвенција со Централните сили за влегување во војната на нивна страна. Со конвенцијата Австроунгарија и ја гаранатирала на Бугарија целата територија на Македонија предвидена како спорна и неспорна зона во рамките на Бугарско-српскиот договор од 1912 година, како и извесни територии од самата Србија.

Валандовска афера

уреди
 
Тодор Александров во четничка униформа
 
Валандовската чета

Подготовките на Бугарија за влегување во војна биле во насока на тоа во Македонија да се создадат услови кои би испровоцирале нејзино вклучување во истата заради наводната заштита на населението, кое тие го сметале за бугарско. Во таа насока Бугарија сакала да ги исползува на своја страна разните македонски организации, пред сè ВМРО, заради исполнување на нејзините намери. За да започнат вооружените провокации на територијата на Србија, преку бугарската влада на Радославов од страна на Австроунгарија биле дадена парична сума од околу 25 милиони златни круни, кои за таа цел биле наменети на користење на ВМРО на Тодор Александров.

Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македодонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт. Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австроунгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт и ја предизвикале Валандовската афера.[2][3][4]

 
Чета на Тодор Александров во Првата светска војна

Комбинираниот напад на четите на ВМРО и турските чети, бил извршен токму во овој дел на Македонија на 20 март. Притоа првичната цел на нападот била да се изврши уништување на мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово. На чело чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов, Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу 1.000 души.

Акцијата ги раздвижила српската војска, жандармерија и четниците од паравоената организација Народна одбрана. Тие како одмазда за дејствувањето на комитските и турските чети спровеле терор во источниот дел на Вардарска Македонија при што настрадале Валандово, Берово, Пехчево и Радовиш. Голем број на македонски селани биле уапсени, претресувани и убивани, а голем број на села во овој реон биле запалени.

Убиство на Јане Сандански

уреди
 
Телото на Сандански

Јане Сандански жестоко се спротивставил на Валандовската акција. Неговото спротивставување кон оваа акција, како и конфронтациjaта со Цар Фердинанд и бугарската влада го ставаат во целосна политичка изолација.

Иако Сандански бил амнестиран од Бугарскиот парламент во 1914 година, ВМРО на Тодор Александров не ја повлекла смртната пресуда од 1908 година. Неколку дена по Валандовската афера, на 21 април 1915 година, по наредба на Тодор Александров и во согласност со Цар Фердинанд, тој е убиен[5] во заседа поставена од подрачната Неврокопска чета. Има претпоставки дека дека нападот бил организиран од воjводата Стојан Филипов, а за физички убиец се смета четникот Андон Качарков. Судот сепак ги оправдува поради недостиг на докази.

Нападот врз Србија

уреди
 
Манифест со кој Бугарија влегла во војна
 
Повлекување на српската војска

Акцијата на Бугарија, преку дејствување на диверзанстските чети во Вардарска Македонија, завршиле во октомври 1915 година со општа мобилизација и влегување на Бугарија во војна со Србија. Под притисок на австроунгарските и бугарски војски, српските сили биле принудени да се повлечат од Вардарска Македонија, која се нашла под власта на Царството Бугарија. При гонењето на српската војска дошло до жестока битка при Криволак на Вардар во која српските сили биле поразени и принудени да се повлекуваат кон западна Македонија и Албанија. По овој судир бугарската армија успеала да се пробие до српско-грчката граница, определена со Букурешкиот договор, каде што застанала.

Победените српски сили при повлекувањето од Македонија одвлекле неколку илјади македонски селани, особено од источниот дел на Вардарска Македонија, кои како коморџии се движеле и се повлекувале со српската војска кон Албанија. Поразената српска војска од Србија и Вардарска Македонија преку Албанија се истовариле на островот Крф. При повлекувањето Македонците, Турците и Албанците кои биле регрутирани во српската армија се разбегале од единиците и се прибрале во своите краишта кои веќе биле заземени од новите бугарски власти.

Како резултат на овој успешен бугарски воен поход против Србија, под власта на Царството Бугарија се нашла цела Вардарска Македонија, дел од источна Егејска Македонија и Пиринска Македонија која ја добила со Букурешкиот договор. Останатиот дел од Егејска Македонија бил како и дотогаш во рамките на Грција.

Единаесетта пешадиска македонска дивизија

уреди
 
Борис Дрангов
 

Во есента на 1915 година Единаесеттата пешадиска македонска дивизија ја нападнала Србија во правец кон Вардарска Македонија во составот на Втора бугарска армија и имала значајно учество во успешните битки кај Струмица, Кавадарци, Неготино и Криволак против српски и француски експедициски трупи.

Во 1916 дивизиjата била префрлена на источниот сектор на Македонскиот фронт, каде успешно извршила напад во текот на бугарската офанзива меѓу реката Места и реката Струма против британските експедициски трупи.

Во 1917 воените дејствата продолжиле, а во 1918, кога одделни бригади биле префрлени во составот на неколку различни позиции, дел од неа учествувал во успешната заштитна Битка кај Дојран на 18 и 19 септември 1918, во која биле победени многу посилни британски и грчки трупи.

Потоа во текот на офанзивата на Антантата во Вардарска Македонија Единаесетта пешадиска македонска дивизија отстапила во добар ред до денешниот Благоевград каде била демобилизирана.

Македонски (Солунски) фронт

уреди

Создавање

уреди
 
Француски војници во Солун, 1915

Од крајот на 1915 година, бугарско-грчката граница (демеракациона линија) од Охрид со Струмскиот Залив стана фронтовска линија и систем на борбени позиции и утврдувања со бројни задфронтовски логори и бази. Фронтот започнал да се создава во пролета 1915 година кога во Солун истовариле околу десет илјади француски и англиски војници. Тие требало да и помогнат на српската војска против Австроунгарија. Француско-англиските сили стапиле во акција по влегувањето на Бугарија во војната, кога навлегле во Вардарска Македонија за да го спречат бугарскиот продор во овој дел на Македонија, меѓутоа претрпеле пораз и се повлекле во своите логори кај Солун, а бугарската армија избила на српко-грчката граница [6][7].

По поразот на Србија и повлекувањето на нејзината војска, во пролетта 1916 година француско-англиските сили биле бројно зајакнати и во содејство со српските сили кои пристигнале од Крф, како и со извесни италијански и руски сили, се прегрупирале и ги зазеле територии од јужната страна на фронтофската линија во Егејска Македонија. Речиси истовремено, бугарската, германската и австроунгарската војска, потпомогнати од помали турски единици се расположиле на северната страна од фронтот.

Воени дејствија

уреди
 
Руската бригада на генерал Дитерихс во марш кон Македонија

Во мај 1916 година, со претходна согласност на Германија и Австроунгарија, бугарската војска ја зазеле Рупелската теснина, а потоа го окупирале источниот дел од Егејска Македонија, заземајќи ги градовите Сер, Драма и Кавала. Грчката влада не дала речиси никаков отпор, а нејзиниот четврт корпус бил разоружан и префрлен на запад од реката Струма. Во август 1916 година бугарско-германските сили извршиле успешна офанзива против единиците при секторот три на српската армија меѓу Добро Поле - Баница и Лерин. Српските сили биле разбиени, а бугарско-германската армија продрела до Костур, освојувајќи повеќе населени места и градот Лерин.

Во септември 1916 година француско-српските сили, откако претходно се прегрупирале, започнале контраофанзива и гиу принудиле бугарско-германските сили да се повлечат на почетните позиции на Кајмакчалан. По овој успех фарнцуско-српските сили започнале офанзива и во текот на двомечени борби на завојот на реката Црна и во праваевц на Битола да ја разбијат бугарско-германската одбрана. Во текот на оваа офанзива Битола била освоена од силите на Антантата, а бугарско-германските сили биле принудени да се повлечат по височините на Пелистер и на северозапад од Битола.

Со оваа офанзива фронтовската линија се поместила на север од Битола. Кон крајот на 1916 година започнало позициско војување и оваа промената била последна која се случила на Солунскиот фронт.

Пробив

уреди
 
Франше Д'Епере
 
Британски војници на Солунскиот фронт, 1918

На 14 септември 1918 година силите на Антантата започнале офанзива. Најсилниот напад во почетокот се почувствувал на секторот Сокол - Добро Поле - Ветерник. Во останатите сектори притискот бил насочен кон задржуваање на бугарско-германските сили на нивните позиции, сè додека не биде пробиена позицијата кај Добро Поле. Носител на овој притисок врз бугарските сили била втората пешадиска и шестанесетата колонијална пешадиска француска дивизија кои на 16 септември успеале да ги принудат бугарските сили да се повлечат. Разбиените бугарски сили биле од првата бугарска армија и се повлекле кон Кавадарци. Истовремено со пробивот кај Добро Поле биле направени и други пробиви кај Гевгелија, Дојран, Битола и други места. Се создале услови за навлегување на силите на Антантата во Вардарска Македонија, а пред нивното напредување, бугарско-германските сили отстапувале во внатрешноста.

На 23 септември француските и српските сили влегле во Прилеп. На 27 септември бил освоен Велес, а на 29 септември и Скопје. Со падот на овие градови офанизвата на Антантата била прекратена, а бугарско-германските сили во Вардарска Македонија биле поразени. Во текот на оваа офанзива во заробеништво паднале околу 100.000 души и голем воен материјал.

Оваа општа состојба ја принудила Бугарија на 26 септември во Струмица да побара примирје. По тридневни преговори во Солун, бугарската делегација и командата на генералот Франше Д'Епере, на 29 септември 1918 година, потпишале примирје. Според договореното бугарската армија требало да се повлече на својата граница од Букурешкиот договор.

Положбата на Македонците во војната

уреди

Македонска воено-инспекциска област

уреди
 
Рачо Петров

По освојувањето на Вардарска Македонија била формирана Македонско воено-инспекциска област. Таа била поделена на девет окрузи, од кои седум биле на македонска територија, а Призренскиот и Приштинскиот надвор од Вардарска Македонија.[8] Исклучивата власт се наоѓала во рацете на генерал-губернатор на Македонската воено инспекциска област, а неговот седиште се наоѓало во Скопје. Оваа должност до 1918 година ја извршувал Рачо Петров, а бил наследен од Стефан Тошев. Тој преку воено-полициските и цивилните власт управувал со областа. Управата била спроведувана и преку окружните и околиските началници, како и преку општинските и селските претседатели и комитети. Формално егзистирале окружни, околиски, општински и тричелни комисии на чело со претседател. Во 1918 година била извршена реорганизација на административно-управната поделба на Вардарска Македонија. Македонско воено-инспекциска област била укината, биле укинати постојните комисии, а Вардарска Македонија била поделена на два бригадни окупациски реона.

Пиринска Македонија и источниот дел од Егејска Македонија со Букурешкиот мировен договор и биле дадени на Бугарија и тие уште од 1913 година се наоѓале во рамките на бугарската држава и го сочинувале Струмичкиот округ.

Во мај 1916 година, бугарската армија ја зазеле територијата помеѓу реките Струма и Места, вклучително и егејскиот брег. Оваа територија била организирана на сличен начин како и Вардарска Македонија и вклучена во Драмската воено-инспекциската област зад секторот на фронтовската линија од Демир Хисар до Струмскиот Залив, под управа на воениот гувернер, генералот Александар Танев.

Бугарската држава го третира македонскиот народ како дел од бугарското национално ткиво и било прогласено обединување со Бугарија. Веднаш по освојувањето на Вардарска Македонија се пристапило со регрутација на Македонците во бугарската армија. Според некои извори во регрутните списоци биле вклучени околу 80.000 души.

Окупација на силите на Антантата

уреди
 
Генерал Сарај
 
Офицери на Антантата

Територијата јужно и западно од фронтовската линија Охридско Езеро - Струма - Струмски Залив од крајот на 1915 и почетокот на 1916 година била окупирана од силите на Антантата. Во пролетта 1916 година францускиот генерал Сарај бил назначен за управувач во Егејска Македонија со седиште во Солун. На 3 јуни 1916 година генералот Сарај објавил воена состојба на сета територија на Егејска Македонија што ја држеле неговите трупи.

Со објавувањето на воената состојба неговите сили ги зазеле поштата, телеграфската и телефоинската станица, зградите на градската управа и полиција, железничката станица, управата на царинарницата и разни други клучни точки во Солун и околината. Генералот Сарај му наредил на грчкиот началник на безбодност и сигурност во Егејска Македонија, со своите органи веднаш да го напушти Солун и овој дел од Македонија. Од Солун, Сарај ја проширил својата управа низ цела Егејска Македонија каде се наоѓале неговите трупи. Сите градови и помали населби, железници и патишта и други објекти биле ставени под упарва на подрачните реони.

Генералот Сарај како гувернер на Егејска Македонија ги принудил сите конзули на државите од Централните сили да го напуштат Солун и тој дел од Македонија. При штабот на генералот Сарај било формирано специјално Трговско биро за развој на француската трговија во Македонија. Бирото финансирано од неколку трговски комори од различни градови од Франција.

Македонска емиграција

уреди
 
Крсте Петков Мисирков
 
Атанас Коцарев

Непосредно по нападот на Австроунгарија на Србија, Крсте Петков Мисирков како претставник на Македонија и од името на Македонската колонија одржал говор во Одеса на 6 август 1914 година во кој истакнал:

Борбата на словенството со германството, по се изгледа, се јавува исто така како конечна ликвидација на целото словенско прашање, на сите очекувања на словенските народи. Манифестот на Августејшиот Главнокомандујушт кон полскиот народ ветува ослободување и обединување на сиот полски народ во една држава. Меѓутоа, во словенскиот свет постои и втора Полска, Полска на Балканскиот Полуостров, херојската, но несреќна Македонија, разделена со Букурешкиот договор на три дела. Македонија, таа втора Полска, исто така има законско право на манифест за нејзиното обединување и за востановување на царството на царот Самоил и на кралот Волкашин. Меѓутоа, иако Македонците и се борат за слободата на Србија и за словенското дело воопшто, како што се бореа тие и за општословенското дело во Првата балканска војна, сепак таа сеулгге нема добиено ннкаков маиифест за обединувањето иа целата Македонија во една држава. [9]

Мисирков ја продолжил својата активност објавувајќи повеќе статии. Во една статија напишал: ... Никакви српско-грчки, ни српско-грчко-романски, ниту бугарско-турски сојузи нема да го затврдат поробувањето на нашата таткобина. Македонија ќе биде самостојна и обединета земја. За тоа гарантираме ние, Македонците. Нас лошо не знаеја и лошо не знаат, но ние ќе се добереме до триумфот на нашето справедливо дело, до толку повеќе што тоа не е во спротивност со ничии интереси и наполно одговара на ослободителните задачи на Русија, Англија и Франција. Ние ги молиме балканските држави само да не ни пречат да ја добиеме независноста и да ни укажат такво гостопримство и поддршка, какво што им укажуваше Русија на Бугарите, на Србите и на Грците до нивното ослободување, а исто така со сите мерки да ја поддржат идејата за автономна Македонија. Сега македонското прашање се решава несомнено полесно отколку до последните балкански војни. Ние ги полагаме нашите надежи на големите држави; тие можат без пролевање крв да ја создадат автономијата на Македонија, која во однос на културата стои многу повисоко, отколку околните држави пред сто години, кога тие ја добија својата независност. Автономијата на Македонија ќе биде најдоброто разрешување на македонското прашање, како за самите Македонци, така и за Србија и за Грција и за Бугарија и за европскиот мир... [10]

Силна активност во текот на војната пројавила и македонската емиграција во Швајцарија каде што дејствувале неколку групи на македонски студенти. Од нив особена активност пројавила групата околу д-р Атанас Коцарев, лекар, приватен доцент во Женева, родум од Охрид. Под негово раководство било содадено Македонското друштво за независна Македонија кое имало за цец да ја шири идејата за самостојна Македонија. Друштвото испратило апел за соработка до македонската емиграција во Швајцарија, во него било изложени идеите на друшвото, дека основно човеково право на секој народ е да биде слободен и да располага со себеси, меѓутоа иако Македонија со својот народ претставува единство, таа е несреќно поделена од неоправданите соперништва на соседните држави. Меѓу другото во апелот било истакнато:

Македонија не им припаѓа ни на Бугарите, ни на Грците, ни на Србите, таа им припаѓа на Македонците. Македонија на Македонците [11]

Врз основа на оваа програма дошло до обединување на македонската емиграција во Швајцарија во рамките на еден Генерален совет, а преку него настапиле пред Париската мировна конференција.

Македонското национално движење кон крајот на војната

уреди
 
Ѓорче Петров
 
Тодор Александров

Во текот на војната македонските револуционери и дејци покажале длабока идејно-политичка поделеност и неусогласени ставови по однос на решавањето на македонското прашање.

На една страна се нашле претставниците на левицата која била составена од дејци и револуционери кои учествувале во борбите за ослободување на Македонија во Илинденскиот и постилинденскиот период и кои по прогласувањето на Хуриетот се откажале од вооружените методи на дејствување и се приклониле во барање политички патишта за решавање на македонското прашање. Во оваа група спаѓаа Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Димо Хаџи Димов, како и припадниците на бившиот Серски револуционерен округ на старата Македонска револуционерна организација блиски до идеите на Јане Сандански (Таската Спасов, Александар Бујнов, Тодор Паница, Чудомир Кантарџиев и други). Тие ги усогласиле своите ставови за заеднички настап на Версајската мировна конференција, за која цел го основале Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО.[12] Правно-политичките ставови кои им биле насочени во правец на давање на автономија на Македонија во нејзините етнички и географски граници на мировната конференција им ги застапувал унијатскиот свештеник Пол Христов.

Другиот дел од македонското националноослободително движење го претставувале македонските револуционери и дејци од десницата. Таа во своето дејствување се одликувала по тоа што сметала дека ослободувањето на Македонија можело да се изврши со помош на Бугарија во чии рамки и го гледала решението на македонското прашање. Групацијата околу Тодор Александров и Извршниот комитет на македонските емигрантски братства во Бугарија, од мировната конференција во Версај барала неделивост на етногеографската карта на Македонија и доколку не постоела можност да и се даде автономија, тогаш Македонија да се присоедини кон Бугарија.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Светот го одбележа крајот на кланицата во Првата светска војна“[мртва врска], „Утрински весник", број 2835, среда, 12 ноември 2008.
  2. Гоцев, Димитър. Национално-освободителната борба в Македония 1912 - 1915, Издателство на БАН, София, 1981, стр. 147 - 148.
  3. Националноосвободителното движение на македонските и тракийските българи 1878-1944, Т. III, София, 1997, стр. 342-343.
  4. Димитар Галев, „Белиот Терор во Југоисточна Македонија 1910-1941“, Друштво за наука и уметност, Штип 1991, Валандовско-удовската атака
  5. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 147-148.
  6. Радославов, Васил (1993). България и световната криза. БАН.
  7. Кацаров, Константин (1970). 60 години живяна история. ИК "Прозорец".
  8. Недев, С., Командването на българската войска през войните за национално обединение, София, 1993, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“
  9. Говор на претставникот на Македонците К. Мисирков одржан на општословенското собрание во Одеса на 6 август 1914 г.
  10. „Македонскиј голос, (Македонски глас)”, II, II 29 ноември 1914,205-207.
  11. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969.
  12. Димитар Влахов, Мемоари, Скопје, 1970.