Јане Сандански и Илинденското востание
Прашањето за востание во ТМОРО се наметнало постепено, под притисок на врховистичката провокација од септември 1902 година. На 24 декември (стар стил) 1902 година Гарванов испратил окружно со кое ги поканил делегатите за Конгрес. Конгрес бил закажан за 2 јануари (стар стил) 1903 во Солун.[1] На 3 јануари (стар стил) 1902 година, солунските делегати ја донеле одлуката за востание, а следниот ден било решенео тоа да биде посеместно и стратешко, без да се определи дата за негов почеток. Во однос на одлуката за кревање на востанието, Сандански во своите спомени истакнал: Споменатата вест морално не утепа; сосем друго мислевме за Организацијата, друго агитиравме, а сосем поинаку излегуваше. Веќе немав ни лице, ни срце да агитирам како порано. Ги оставив момчињата да агитираат. Просто плачевме. [1]
Хронологија
уредиВо Караќој, Неврокопско се одржало советување на војводите од Серскиот револуционерен округ. На ова советување биле: Димитар Гуштанов, Атанас Тешовалијата, Дедо Иљо Крчовалијата, Јане Сандански, Христо Куслев, Михаил Чаков, Пејо Јаворов, Иван Атанасов Грчето и др. На една затворена средба помеѓу Делчев, Јаворов, Гуштанов и Сандански било договорено да се вложат усилби за измени на Солунското решение, алудирајќи на карактерот на дејствата. На советувањето Сандански настапил со зборовите: Многу сте подраниле да кревате востание! и негодувал поради прибирањето на Сарафов. Во Солун, Даме Груев и Гоце Делчев се договориле востанието да се одложи за подоцна. Отука, Даме требало да го анимира Конгресот на Битолскиот, а Гоце-Серскиот револуционерен округ. На пат за Ловчанската корија на Али-Ботуш, каде што го закажал Конгресот на Серскиот револуционерен округ, Гоце запрел во селото Баница, каде што загинал.[1]
Подготовките за востанието во Серско ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Јане Сандански. Сандански се нашол во Бугарија за да се снабди со воени матерјали и за да собере чета. Во Бугарија Јане Сандански се задржал еден месец. Откако собрал 50 души кој биле вооружении со манлихери и берданки, се вратил во Серски револуционерен округ, а со него биле Пејо Јаворов, Никола Наумов, Димитар Стефанов и други.[1]
Во Мелничко Сандански одвои околу 8 души под водство на Мирчо Кипров и ги испратил за Драмско. Во меѓувреме дошло до недоразбирање помеѓу Сандански и Пејо Јаворов. Последниот сметал дека тоа било поради соперништво. Самиот Јаворов инсиситирал да се постигне спогодба со врховистот Јурдан Стојанов кој се зацврстил во Горноџумајско. Сандински од своја страна пак сакал да го разоружа. Јаворов сметал дека тој треба да застене на чело на четата на загинатиот Гуштанов, но Јане Сандански го назначил Мирчо Кипров. Сето тоа придонело Јаворов зедно со поручниците Наунов и Танушев да се врати во Бугарија. Јане Сандански спровел широки подготовки во Мечничко. Биле собрани 60 000 кг. пченица, биле испечени 6 000 оки пексимит, се собрале и резрви на брашно, околу 250 оки сирење, опинци и други материјали. Востанието во Серскиот револуционерен округ требало да почне подоцна.[1]
Во пресрет на востанието, врховистичките четите на чело со Цончев, полковникот Атанс Јанков и Стефан Николов почнале да се групираат на границата на Серскиот револуционерен округ. Бидејќи влијанието на врховистите било ограничено само во еден дел од територијата на Македонија, тие реално можеле да учествуваат во востаничките дејствија кои се одвивале на територијата на Серскиот револуционерен округ. Врховистите во Серскиот округ се сретнале со Јане Сандански и неговите приврзаници.
На 11 август (стар стил), ЗП го известило Сандански, како началник на воените сили во Пиринско дека востанието во Битолскиот округ започнало, а востанието го зафатило и II востнички округ-Кожув. Задграничното претставништво меѓу останатото истакнало дека: ... Врховистите веќе навлегуваат во Џумајско и во Кресна. Јанков со наше, и со одобрение на Чернопеев, можеби ќе влезе во Малеш. Дрвингов божем се токми за кон Беласица, а Стоенчев за Петричко... Со Врховистите формално овде помеѓу нив и нас ништо не е сторено, но откако се виде дека во Битолскиот крај се случуваат чуда, тие се најдоа излорирани и сами предложија: а) колку суми ќе соберат, нам, на Претставниците да ни се предадат; б) нема веќе Врховен комитет... [1]
На 12 август 1903 година ЗП испратило ново писмо до Серчани во кое известило: ... Во земјата навлегуваат и врховистичи чети, колку што ги има: треба да ви биде јасно и прифатливо ова што овде се случи меѓу нив и нас – тие се ставаат на наша полна услуга внесувајќи ги сите парични средства на наше располагање, дури и сите сили на нивните војнички тела таму. Ние овде нив ги сметаме како морална сила која што ќе му помогне на општото дело. Тие не претендираат на ништо особено; според тоа ние не можевме и немавме право да ги игнорираме нив како сила; зашто ќе пропуштевме еден случај кога можеме да го искористиме; а ќе им дадевме можност сами да навлезат, природно со претензии; а поради несовесноста ќе наштетевме на вистинските интереси на делото, намести да му служиме. [1]
Од 18 до 20 август 1903 година во месноста Ливада во близината на село Пирин, се одржал Конгрес на Серскиот округ. Претседател на Конгресот бил Димитар Стефанов, а меѓу делегатите биле Јане Сандански, Мирчо Кипров, Димитар Николиев, Иљо Крчовалијата, Симеон Молеров, браќата Колчагови и други. Конгресот одлучил востанието во Серскиот револуционерен округ да започне на 27 септември 1903 година (Крстовден), тоа да биде партизанско проследено со терористички акции, да не се вовлекува населението, да започне во Демирхисарско во јужниот дел на Округот, да се изврши атентат на мостот на Струма, да се пресечат телеграфските линии. Во раководното тело на Серскиот округ влегле Димитар Стефанов, Александар Радославов и Симеон Витанов.[1]
Во август 1903 година, со претходна дозвола на ЗП, започнале да навлегуваат првите врховистичките чети. Првата поголема врховистичка групација броела 160 души и била под раководство на капетанот Јурдан Стојанов и Љубомир Стоенчев. По нив, пристигнале Цончев и Атанас Јанков со околу 350 до 400 души. Во Серкиот револуционерен округ се нашле околу 500 до 600 души под команда на врховистичките војводи. И покрај договорот за соработка, повторно на виделина излегле идејните разлики помеѓу двете страни. Цончев, иако ги прифатил условите на Внатрешната организација, не можел да се ослободи од своите бугарски видувања на нештата. Иван Цончев во преписката со Пржеваљски истакнал: Целта е оваа, Македонија со своите партизански дејствија да ја исцрпи Турција, а потоа слободна Бугарија да удри со својата свежа, добро организирана армија. [1]
И повторно, како и во минатото, Сандански при средбата со врховистите ги претставил разликите помеѓу внатрешните и надворешните. Јане истакнал дека: вмешувањето на врховистите во македонското ослободително дело дало повод да се мисли дека тоа се потикнува и раководи од надвор, Кнезот Фердинанад и бугарската влада преку врховистичките чети сакаат да ја обезличаат Организацијата и да ја искористаат за свои цели. Јане продолжил: Ние решително се спротивставивме на Вашите офицери зашто го знаевме нивното воспитание, нивните интимни замисли. Тие се луѓе кои дале клетва за верност на бугарскиот кнез и на бугарската држава, затоа тие не можаат да бидат друго, освен нивни слепи и послушни орудија. А, пак ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури ни со бугарската тиранија и бугарскиот кнез... Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците... вие ја сакате слободата на Македонија... како средство, како етапа за идно завојување и присоединување, а кај нас слободата, автономијата на Македонија е легална во основа како цел. Ете каде е големата разлика меѓу Нас - внатрешните и Вас – врховистите. [1]
За соработката помеѓу ВМОК и ТМОРО во текот на Илинденското востани, Христо Силјанов истакнува дека востанието го стави: Врховниот комитет во една особена состојба. Тој ги имаше сите услови да прославува... Луѓето кои претходната есен направија се за да ја дигнат на бунт Македонија, не можеа да седат на страна макар што востанието беше одлучено и прогласено од нивните противници... Силјанов понатаму заклучува дека ВМОК немал време ни можност да дејствува со своите чети освен во сопстевните и погранични реони, а тоа значело дека врховистите требало да соработуваат со своите довчерашни непријатели. Христо Силјанов истакнува дека: ... Цончев ги понуди на Внатрешната организација своите услуги и почна... да организира чети. Од негова страна тоа беше патриотски и логично... Генерал Цончев се помири со таа неумолива неопходност, решен да ги направи од своја страна неопходните отстапки, за да постигне соработка со Сандански и со неговите другари.
Христо Силјанов е во право кога вели дека Цончев решил да се стави во услуга на Внатрешната организација од патриотски побуди, но тие негови чувства била бугарски, тој не можел поинаку да гледа на револцуионерното дело во Македонија. Од друга страна, Силјанов греши дека Цончев направил отстапка со која требало да се постигне соработката. Напротив, Јане Сандански и серчани ги тргнале настрана идејните разлики и прифатиле да соработуваат со врховистите. Историската величина на Јане, се гледа во тоа што тој го жртвувал својот непомирлив став кон врховистите во интерес на целото македонско револуционерно и национално-ослободително движење. Можеби Илинденското востание било исфорсирано од страна на Гарванов и компанија, како и од страна на Цончев и неговите генерали, луѓе кои имале поинакви погледи за иднината на Македонија и македонскиот народ, меѓутоа многу бргу македонските револуционери се консолидирале и ја презеле сета одговорност во своите раце.
Во Мелничко борбите започнале порано од предвидениот ден за востание. На 12 септември кај св. Троица во близината на село Пирин била откриена здружената чета на Сандански, Димитар Зографов, Петар Дрвингов, Дончо Златков, Михаил Чаков, Јурдан Стојанов и други. Најпрво бил нападнат оној дел кој бил под раководство на Чаков. Во текот на борбата загинал Никола Гевгелиски од четата на Сандански, а битката било констатирано дека недостасувале 6 души од четата на Малчаков, тие биле стражари и затоа лесно биле разбиени од Турците. Сандански истакаал дека Турците изгубиле 80 души. Следниот ден Иван Цончев и Атанас Јанков со околу 200 души кај месноста Гарваница, во близинта на село Пирин, имале судир со акерот, борбата продолжила и следниот ден, а во оваа борба особено се истакнал чехот Антон Вимола. Востаниците имале 7 загинати, а Турците 11 убиени и 11 ранети.
По судирот Цончев и Сандански имале средба какви да бидат понатамошните востанички дејствија, а додоека траеле преговорите во село Пирин кај месноста Куклите дошло до борба. Таа започнала на 17 септември, а во неа учествувале четите на Спиро Петров и подпоручникот Настев. Овие две чети биле нападнати од мелничкиот аскер. Околу пладне пристигнал нов аскер како засилување, а Настев без да го извести Спиро Петров ја напуштил својата позиција. Аскерот најпрво ја зазел положбата на Настев, а потоа го нападнала Петров. Во оваа борба загинале 12 четници од двете чети и војводата Спиро Петров. На Крстовден 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да гонападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибузлук од 2 000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна, а Цончев кон Разлошко. Борбите во Мелничко започнале и завршиле пред официјалниот почеток на востанието во Серскиот округ. Во текот на борбите загинале 40 четници и 22 селани, биле изгорени 40 куќи, Турците имале 190 души загинати.