Кога падна на Пирина
Кога падна на Пирина — патриотска, родољубива песна која го слави ликот и делото на големиот македонски револуционер Јане Сандански.
„Кога падна на Пирина“ | |
---|---|
Песна | |
Јазик | македонски |
Објавена | ~ 1960-70 |
Жанр | македонски патриотски песни |
Композитор(и) | Венко Темеќаров |
Автор на песната е Венко Темеќаров — македонски композитор и деец од Пиринска Македонија, роден во 1942 г. во село Мусомишта, Неврокопско.[1][2]
Податоци за оваа песна за првпат се објавени во книгата „Жестокоста на бугарскиот национализам и неговите слуги против Македонците“ од неодамна починатиот Јордан Костадинов (1932 – 2019), кој бил еден од основачите на ОМО „Илинден“ и кој своевремено трипати бил затворан заради Македонија од страна на бугарскиот комунистички режим. Се претпоставува дека песната е настаната во 1960-те години на 20 век.[2]
Песната е веќе обнародена и прифатена како народна песна. Некои изведувачи кои ја имаат препеано се: Васка Илиева, Гоце Арнаудов, Борис Трајанов, Казухиро Котецу и многу други.
Опис
уредиПесната ги опева последните мигови од животот на Јане Сандански преку негов симболичен разговор со три сокола, кои ги претставуваат трите делови на етничка Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска). Секој сокол му нуди да појде со него да најде лек. Едниот сокол сака да го носи горе в Пирин Планина, вториот долу до Белото Море, додека третиот да го однесе крај Вардарот. Јане Сандански, ги замолил да го остават да си умре, а неговата мајка Македонија, се надева дека ќе роди други синови кои ќе ја ослободат.
Кога падна на Пирина,
ранет Јане Сандански,
полетаа три сокола
и на Јане збореа:
- Ајде Јане со нас појди,
ние лек ќе најдеме.
Мајка Македонија
за таков јунак лек ќе најде.
Први сокол проговара:
- Ој ти Јане Сандански,
ајде Јане со нас појди,
горе в' Пирин Планина.
Белким ти ќе оздравиш,
Македонија да ослободиш.
Втори сокол проговара:
- Ој ти Јане Сандански,
ајде Јане со нас дојди,
дур' до белото море.
Белким ти ќе оздравиш,
Македонија да ослободиш.
Трети сокол проговара:
- Ој ти Јане Сандански,
ајде Јане со нас појди,
долу крај Вардара.
Белким ти ќе оздравиш,
Македонија да ослободиш.
- Ој те вие три сокола,
в' срце сум ранет.
Оставај мене тук' да умрам,
лек мене не лекува.
Македонија други ќе роди,
кој ќе ја ослободи.
Наводи
уреди- ↑ „МАКЕДОНСКА НАЦИЈА: Автор на песната „Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански" е Македонец од Пиринска Македонија“. Denesen.mk.
- ↑ 2,0 2,1 „КОЈ Е АВТОРОТ НА ПЕСНАТА „КОГА ПАДНА НА ПИРИНА РАНЕТ ЈАНЕ САНДАНСКИ"?“. Македонска нација.
- ↑ „Кога падна на Пирина | Koga padna na Pirina“. Pesna.org (англиски). Архивирано од изворникот на 2018-08-15.
Надворешни врски
уредиСнимки
уреди- Верзија на Гоце Арнаудов
- Верзија на Васка Илиева
- Верзија на Борис Трајанов и Зоран Џорлев
- Верзија на Казухиро Котецу
Ноти
уреди- Ноти на песната — портал „Пелистер“, проф. д-р Гоце Митревски