Италијанска култура

(Пренасочено од Култура на Италија)

Од стариот век па до средината на XVII век, Италија се смета за централно место на западната култура и појдовна точка на светските феномени како Римското Царство, Римокатоличката црква, ренесансата, културни и образовни реформи и нов почеток. За време на овој период во Италија се појавиле голем број на познати сликари, вајари, поети, музичари, математичари и архитекти.

Како внатрешните така и надворешните аспекти од западната култура се родени на Италијанскиот Полуостров, било дали се однесуваат на историјата на христијанска вера, граѓански институции, филозофија, право[1], уметност, наука или социјални обичаи и култура. Исто така, оваа земја имала водечка улога во борбата против смртната казна.

Италија била дом на многу познати и влијателни цивилизации, вклучувајќи ги Етрурците, Грците и Римјаните. Во своето минато Италија преживеала миграции, инвазии и била поделена на многу независни држави сè до 1861 година, кога станала национална држава[2]. Поради ова релативно подоцнежно обединување и историска автономија на регионите од кои се состојат Апенинскиот Полуостров, многу традиции и обичаи кои сега се признаени како италијански можат да се идентификуваат по нивни области од кои потекнуваат. И покрај политичкото и социјално издвојување на овие региони, италијанскиот придонес за културно и историско наследство на Европа и светот останува огромен.

Познати елементи на италијанската култура се нејзината уметност, музика, мода и храна. Италија е родно место на операта[3], и со генерации јазикот на операта бил италијански, независно од потеклото на композиторот. Во поглед на драмата Италијанците покажувале склоност кон комедијата; импровизаторски стил познат како Комедија дел артe се појавил во средината на 16 век[4] во Италија и сè уште се изведува денес. Познатиот жанр на танц балетот исто така потекнувал од Италија.

Државата може да се пофали со неколку светски познати градови. Рим бил античка престолнина на Римското Царство и седиште на папата на Католичката црква. Фиренца бил дом на многу уметници од ренесансата, период на големи достигнувања во уметноста[5]. Торино, којшто бил главен град на Италија, денес е еден од светски познатите центри за автомобилско инженерство. Милано е индустриски, трговски и финансиски центар на Италија, а исто и престолнина на модата. Венеција со својот сложен систем на канали и богата културна историја, привлекува туристи од цел свет.

Италија е родно место на најголем број на светски наследства на УНЕСКО (48).[6][7] и според една проценка се смета дека земјата е роден крај на половина од најважните светски уметнички богатства[8]. Според Судот на ревизори, Италија има 3.430 музеи, од кои 409 се во Тоскана, 380 во Емилија Ромања, 346 во Ломбардија и 302 во Лацио. Исто така Италија има 216 археолошки наоѓалишта, 10.000 цркви, 1.500 манастири, 40.000 избрани замоци, кули и тврдини, 30.000 отмени домови, 4.000 градини, 1.000 огромни историски градски центри и многу повеќе.[9].

Уметност

уреди

Архитектура

уреди
 
Фирентска катедрала

Архитектонските остатоци од антиката низ Италија сведочат за величината на културното минато. Историјата на италијанската архитектурата започнува со античките стилови на Етрурците и Грците, напредува во времето на класичната романска ера[10], продолжува кон оживувањето на класичната римска ера за време на ренесансата и еволуира во барокна ера. За време на италијанската ренесанса било вообичаено студентите на архитектура да патуваат за Рим со цел да ги проучуваат античките урнатини и градби како важен дел од нивното образование.

Старата црква Свети Петар веројатно била првата значајна ранохристијанска базилика, стил на црковна градба којшто доминирал во раниот среден век. Црквата се наоѓала на местото каде што е изградена денешната базилика Свети Петар во Рим. Првите значајни градби во средновековен римски стил биле цркви изградени во Италија во текот на 800-те години. Неколку истакнати примери на византиски архитектонски стил од Блискиот Исток исто така биле изградени во Италија. Најпознатата византиска градба е базиликата Свети Марко во Венеција.

Најголемото будење на италијанската архитектура се случило за време на ренесансата. Филипо Брунелески дал голем придонес за архитектонскиот дизајн со куполата на катедралата во Фиренца. Леон Батиста Алберти е друг раноренесансен архитект чијшто теории и дизајни имале огромно влијание на подоцнежните архитекти.[11].

Можеби најголемото достигнување на италијанската ренесанса е базиликата Свети Петар, која била најпрво замислена од Донато Браманте во почетокот на 1500 година. Андреја Паладио со проектирањето на вили и палати во средината и крајот на 1500 година имал влијание врз архитектите од западна Европа.

Барокниот период во 1600 година резултирал со неколку истакнати италијански архитекти кои биле посебно познати по нивните цркви. Најважни архитекти се Џан Лоренцо Бернини и Франческо Боромини. Голем број на италијански архитекти, како Ренцо Пјано, се познати низ светот.[12]

Стрипови

уреди


Официјалното почеток на италијанските стрипови е 27 декември 1908 година, со првото издание на Кориере деи Пиколи. Атилио Мусино го пишувал овој неделник, кој содржел извонреден спектар на ликови, вклучувајќи го и малото црно дете Билболбул, чиишто нестварни авантури се случувале во фантастичната Африка.

Во 1932 година издавачот Лотарио Вечи започнал со издавањето на списанието Џамбо, користејќи исклучително автори од Северна Америка. Списанието достигнало тираж од 350.000 копии во Италија, санкционирајќи ги стриповите како главен медиум. Три години подоцна тој се преселил во Шпанија.

Во декември 1932 година, фирентискиот издавач Нербини го пуштил во продажба во Италија првиот стрип на Дизни, Мики Маус, или Тополино на италијански. Во 1935 година филијалата Мондадори ја презеде франшизата Дизни.

Во 1945 година за време на посетата на Академија за ликовна уметност во Венеција, Хуго Прат во соработка со Марио Фастинели и Алберто Онгаро го создал Асо ди Пиче.

Во 1948 година Џан Лујџи Бонели започнал со долга и успешна серија на вестерн стрипови, почнувајќи со популарниот Текс Вилер. Форматот на овој стрип толку ќе се популаризира што добива свое име - бонелијано, по својот создател. Некои од сериите кои следат по Текс Вилер се Загор (1961 година), Мистер Но (1975 година) и подоцна Мартин Мистери (1982 година) и Дилан Дог (1986 година). Овие стрипови претставуваат целосни приказни во 100+ црно бели страници во џебен формат. Темата секогаш е авантура, било вестерн, хорор, мистерија или научна фантастика. Бонелијано, сè до ден-денес, е најпопуларната форма на стрипови во земјата.

Мода и дизајн

уреди
 
Продавница на Прада во Сингапур

Италијанската модна индустрија е еден од најважните производни сектори на државата и еден од скапоцените камени на круната од брендот „Произведено во Италија“. Сепак Милано се смета како главен град на модата бидејќи голем број на познати дизајнери се наоѓаат таму, а исто така е место каде што се наоѓаат и италијански дизајнерски колекции.

Многу од италијанските врвни модни творци имаат продавници кои можат да се најдат насекаде низ светот. Помеѓу најпознатите и најексклузивните имиња се Армани, Бенетон, Фенди, Гучи, Версаче и Прада. Брендовите за накит, како Булгари и Луксоптика исто така се меѓународно признати, додека Луксоптика е најголема светска компанија за очила.

Милано и Рим годишно се натпреваруваат со други големи меѓународни центри како Париз, Њујорк, Лондон и Токио. Исто така, модното списание Вог Италија се смета за најпрестижно модно списание во светот[13].

Италија исто така е позната во областа на дизајнот, особено внатрешен дизајн, архитектонски дизајн, индустриски дизајн и урбан дизајн. Оваа држава може да се пофали со неколку познати дизајнери за мебел како Џио Понти и Еторе Сотсас и со италијанските фрази како Bel Disegno (убав дизајн) и Linea Italiana (италијанска линија) кои навлегле во лексика на дизајн на мебел[14]. Примери за класични предмети од италијанска бела техника и мебел се машини за перење и фрижидери на Зануси[15], каучи „Њу тон„ од Атриум и постмодернистичка полица за книги на Етор Сотсас, инспирирана од песна на Боб Дилан.

Денес Милано и Торино се државни водачи во архитектонски и индустриски дизајн. Милано е домаќин на најголемиот европски саем за дизајн Фиера Милано[16]. Овој град е исто така домаќин на големи настани поврзани со архитектурата и дизајнот како Фуори Салоне и Салоне дел Мобиле, и е родно место на дизајнерите Бруно Мунари, Лучио Фонтана, Енрико Кастелани и Пјеро Мацони.[17].

Литература

уреди
 
Данте Алигиери, еден од најпознатите поети во средниот век. Неговото дело Божествена комедија е помеѓу највредните во светската литература

Италијанската литература започна по основањето на Рим во 753 п.н.е. Римската или латинската литература била и сè уште е многу влијателна во светот, со многубројни писатели, поети, филозофи и историчари како Плиниј Постариот, Плиниј Помладиот, Вергилиј, Хорациј, Овидиј и Ливиј. Римјаните исто така биле познати по своите усни преданија, поезија, драма и епиграми. Иако повеќето од нив биле инспирирани од Старите Грци, римските епиграми обично биле далеку повеќе сатирични, пишувани понекогаш со непристоен јазик за да се добие интересен ефект. Повеќето од римските епиграми биле натписи или графити.

Основата на модерната италијанска литература на италијански јазик започнала во почетокот на 1200-те години. Кога станува збор за влијанијата за неговото образување, мора да се спомне религиозното заживување предизвикано од Свети Францис од Асиси, којшто се смета за првиот „италијански глас“ во литературата.

Друг италијански глас потекнува од Сицилија. Во дворецот на кралот Фредерик II, којшто владеел со сицилијанското кралство во првата половина на 13 век се пишувале стихови по пример на провансалски форми во подобрена верзија на мајчин јазик. Најважниот поет бил видниот Џакомо да Лентини, познат по откривањето на сонетната форма.

Гвидо Гвиницели се смета за основач на Слаткиот нов стил, школа која додала филозофска димензија на традиционалната љубовна поезија. Ова ново сфаќање на љубовта, искажано со пријатен и слободен стил, влијаело врз некои фирентиски поети, особено на Гвидо Кавалчанти и младиот Данте Алигиери. Божествената комеција од Данте Алигиери е ремек-дело на светската литература, коешто помогнало во создавањето на италијанскиот литературен јазик.

 
Алесандро Манцони, еден од најдобрите италијански автори во 19 век

Двајца важни писатели од 14 век, Петрарка и Бокачо, издвојувале и имитирале дела на антиката и разработувале нивни уметнички ликови. Петрарка станал славен со неговата збирка песни Канционер. Исто толку влијателен бил и Бокачо со делото Декамерон, едно од најпознатите збирки раскази некогаш напишани.

Авторите на италијанската ренесанса напишале многу важни дела. Владетелот од Николо Макијавели еден од најпознатите есеи за политички науки во светот. Друго важно дело од овој период е Бесниот Роланд од Лудовико Ариосто, која веројатно е најславната витешка песна. Дијалогот на Балдасе Кастиглионе во Книгата за дворјанинот го опишува идеалот на совршен дворски господин и на духовната убавина.

Во почетокот на 17 век биле создадени литературни ремек-дела како долгата митолошка поема Адонис од Џамбатиста Марино. Во барокниот период исто така е создадена чиста научна проза од Галилео и од Томазо Кампанела со Градот на сонцето што претставува опис на совршено општество управувано од филозоф-свештеник. Кон крајот на 17 век, Аркадијаните започнало движење со цел да ја вратат едноставноста и класичната воздржаност во поезијата, како во херојските мелодрами на Метастасио. Во 18 век, драмскиот автор Карло Голдони ја заменил Комедија дел арте со целосно напишани драми, кои ја прикажувале средната класа во тоа време.

Романтизмот се совпаѓал со некои идеи на преродбата, патриотско движење што во Италија резултирало со политичко единство и слобода од странска доминација. Италијанските писатели го прифатиле романтизмот во почетокот на 19 век. Периодот на италијанската преродба бил најавен од поетите Виторио Алфиери, Уго Фосколо и Џакомо Леопарди. Свршениците, од главниот италијански романтичар Алесандро Манцони, е првиот италијански историски роман кој ги воздигнува христијанските вредности на правда и провидност. При крајот на 1800 година реалистично литературно движење наречено реализам одигра важна улога во италијанската литература. Џовани Верга бил главниот автор во ова движење.

Движењето наречено футуризам имало влијание врз италијанската литература во почетокот на 1900 година. Филипо Томазо Маринети го напишал делото Манифест на футуризмот каде што се повикува на употреба на јазик и метафори кои ја возвишуваат брзината, динамиката и насилството на ерата на машините. Италијанските литературни фигури на 20 век кои се здобиле со меѓународна слава се Габриеле Дануцио, Лујџи Пирандело и Грација Деледа. Водечки писатели на поствоениот период се Игнацио Силоне, Алберто Моравија, Умберто Еко, Дарио Фо и поетите Салваторе Квазимодо и Еугенио Монтале.

Филм

уреди
 
Федерико Фелини

Италијанската филмска индустрија била основана помеѓу 1903 и 1908 година со три компании: Италијанско филмско општество во Рим, Амбросио филм и Италија филм во Торино. Други компании наскоро се појавиле и во Милано и Неапол.

Раната италијанска филмска индустрија станала светски позната по своите историски спектакли. За време на Втората светска војна, Италија како и другите европски влади, ги пренасочиле суровините од нивните филмски индустрии за воена потреба.

Во 1920 и 1930 година биле режирани неколку важни филмови, меѓутоа италијанскиот филм ја доживеал својата преродба во 1940 година. Во тоа време се појавила нова генерација на режисери како: Виторио де Сика, Роберто Роселини и Лучино Висконти.[18]. Влијанието од војната навело некои од овие режисери да направат филмови кои се фокусираат на општеството и неговите проблеми. Овој поттик резултирал со појавувањето на првото важно поствоено европско филмско движење наречено неореализам. Режисерите на неореализмот првенствено се интересирале за прикажување на секојдневниот живот на обичните луѓе. Тие главно снимале на локации отколку во студио и најчесто користеле непрофесионални глумци. Овие квалитети давале смел, речиси документарен изглед на неокласичните филмови[18].

Во 1950 и 1960 година, реалните комедии се здобиле со меѓународен успех најмногу заради популарноста на италијанските филмски ѕвезди Џина Лолобриџида, Софија Лорен и Марчело Мастројани. Во истиот период, Серџо Леоне помогнал во создавањето на нов филмски жанр, иронично наречен „шпагети вестерн“.

Истовремено, нова група на режисери се здобија со слава од кои најважни се Микеланџело Антониони и Федерико Фелини. Виторио де Сика, Роберто Роселини и Лучино Висконти исто така продолжиле да снимат важни филмски дела. При крајот на 1900 година главните италијански режисери биле Роберто Бенињи, Марко Белочио, Бернардо Бертолучи и браќата Паоло и Виторио Тавијани.

Музика

уреди
 
Џузепе Верди, еден од најголемите оперски композитори

Запишувањето на музички знаци започнало во Италија, оттука италијанските зборови се користеле да искажат како се свири музиката. Затоа сите земји ги присвоиле техничките термини во нивната италијанска форма – доказ за важната улога на Италија во историјата на музиката, особено Фиренца.

Од фолк до класична музика, музиката отсекогаш играла важна улога во италијанската култура. Со тоа што токму таму првпат се појавила опера, Италија ја поставила основата на класичната музичка традиција. Некои од инструментите кои често се поврзуваат со класичната музика, вклучувајќи пијано и виолина[19], се измислени во Италија и многу од постоечките класични музички форми имаат корени во италијанската музика во 16 и 17 век (како симфонија, концерт и соната).

Од средниот век италијанските композитори играле важна улога во музиката. Во 1000-те години италијанскиот калуѓер Гвидо де Арецо, развил револуционерен систем на одбележување и метод на пеење по ноти. Форми на рана италијанска музика биле грегоријанско пеење, трубадурска песна и мадригал.

За време на ренесансата, Џовани Пјерлуиџи де Палестрина напишал ремек-дела за хорска музика за употреба во црковните служби. Првите опери се компонирани во Фиренца во 1590 година. Операта се појавила како уметничка форма во барокниот период. Клаудио Монтеверди е првиот значаен композитор на барокната опера во почетокот на 1600-те години. Други важни композитори од крајот на 1600-те и почетокот на 1700-те години се Алесандро Скарлати, неговиот син Доменико Скарлати и Антонио Вивалди. Алесандро најмногу се прославил со неговите опери, Доменико со композиции на клавијатура и Вивалди со неговите дела за виолина. За време на 1800 и почетокот на 1900 година популарните опери биле композициите на Џузепе Верди, Џакомо Пучини, Винченцо Белини, Гаетано Доницети и Џоакино Росини.

Музичкиот живот во Италија останува исклучително активен, но тој е главно фокусиран во рамките на државата и едвај на интернационално ниво. Единствените италијански поп-пејачи се поп-дивата Мина, со продадени 76 милиони албуми[20] и пејачката Лаура Пузини со продадени 45 милиони албуми.[21][22].

Оперската куќа Ла скала во Милано е позната како една од најдобрите во светот. Има и други познати места за опера вклучувајќи ги Сан Карло во Неапол, театарот Ла Фениче во Венеција и римска арена во Верона. Исто така постојат петнаесет јавни театри и бројни приватни театри во Италија коишто ги промовираат италијанските и европските драми и балет[23]. Познати италијански оперски пејачи се Енрико Карузо, Лучано Павароти и Андреја Бочели.

Наука и технологија

уреди
 
Галилео Галилеј, основач на модерна наука[24]

Постоечките аквадукти, бањи и други јавни градби на античката република и царство сведочат за градежните и архитектонски вештини на Римјаните. Во времето на ренесансата, преродбата на науката резултира со смели размислувања на Леонардо да Винчи (вклучувајќи ги откритијата во анатомија, метеорологија, геологија и хидрологија), напредок во физиката и астрономијата од Галилео Галилеј и усовршување на барометарот од Еванџелиста Торичели.

Во почетокот на 20 век, Гуљелмо Маркони вршел експерименти со електрична енергија и го усовршил безжичниот прием, но поголема заслуга добил грофот Алесандро Волта, еден од пионерите во електричната енергија повеќе од 100 години порано. До крајот на Втората светска војна, работата со јадрена физика на Енрико Ферми, водело до развивањето и на атомската бомба. На 25 септември 2001 година, американскиот конгрес усвои резолуција која официјално го признава фирентискиот имигрант во САД, Антонио Меучи како пронаоѓач на телефонот.[25][26][27][28].

Краток преглед на други еминентни личности се: астрономот Џовани Доменико Касини, кој извршил многу важни откритија за Сончевиот Систем; математичарите Лагранж, Фибоначи и Џироламо Кардано, со Арс Магна која е општо призната како прва модерна математичка постапка; Марчело Малпиги, доктор и основач на микроскопска анатомија; биологот Лазаро Спаланцани кој извршил битни истражувања за телесните функции, размножување на животните и клеточна теорија; Камило Голџи кој бил лекар, патолог, научник и добитник на Нобелова награда, е познат по основањето на Голџиев систем и неговата улога во создавање на услови за прифаќање на невронската доктрина.

Заради италијанската љубов за автомобили и брзина, Италија стана позната по производството на повеќето од познатите светски спортски автомобили. Некои од најелитните светски возила се развиле во Италија: „Ламборгини“, „Ферари“, „Алфа Ромео“ и „Масерати“ кои се само неколку од познатите луксузни автомобили кои потекнуваат од Италија.

Вајарство

уреди

Вајарството на Италијанскиот Полуостров започнало од антички времиња. Во древниот период, кога етрурските градови доминирале во централна Италија и околното море, се развила етрурската скулптура. Откриено е името на еден артист Вулка, кој работел во Вели е познат по глинената фигура на Аполо и други фигури.

Најголемиот развој на оваа уметност бил помеѓу 6 век п.н.е. и 5 век п.н.е. за време на развојот на Римското Царство. Најраните римски скулптури биле под влијание на Етрурците на север од Рим и грчките населеници од југ.

Скулптурите во средниот век најчесто биле религиозни. Уметниците од каролиншкиот период (именувано по фамилијата на Шарлемањ) во северна Италија создале скулптури како декорации за црковните олтари и распнувања, и огромни свеќници на олтарите.

 
Давид од Микеланџело

Во почетокот на 1200-те години, Никола Писано и неговиот син Џовани започнале со револуционерни промени кои воделе до преродба на италијанското вајарство, извлекувајќи инспирација од римски саркофази и други остатоци. Пример за нивно ремек-дело е „Масакрот на невините“ од Џовани Писано.

Најважниот вајар во раната ренесанса е Донатело кој во 1430 година ја создал бронзената статуа Давид[29], класична претстава за убавината на голо човечко тело. Тоа било првото поважно дело на ренесансната скулптура, независно од какви било архитектонски опкружувања. Како други брилијантни вајари од 1400-те години можат да се спомнат Микелоцо, Бернардо и Антонио Роселино и Агустино ди Дучио.

Мноштвото скулптури на Микеланџело, како фигурите Ноќ и ден во капелата Медичи во Фиренца, доминирале во високо ренесансното италијанско вајарство. Неговиот Давид веројатно е најпознатата скулптура во светот која се разликува од претходните претставувања на субјектот[30], така што Давид е прикажан пред битката со Голијат, а не по поразот на џинот. Наместо да е прикажан како победник на непријателот кој е многу поголем од него, Давид изгледа напнато и спремен за борба.

Џан Лоренцо Бернини е најважниот вајар во барокниот период[31]. Тој ја комбинирал емоционалната и сензуалната слобода со театарското претставување. Светците и другите фигури на Бернини се чини дека седат, стојат и се движат како живи луѓе – и гледачот станува дел од сцената. Вмешаноста на гледачот е главна одлика на барокната скулптура. Едно од најпознатите негови дела е Екстаза на Св.Тереза.

Неокласичното движење се појавило при крајот на 1700-те години. Членовите на овој интернационален правец вратиле она што тие сметале дека се класични принципи на уметноста. Тие биле имитатори на античките грчки вајари и ги нагласувале класичното украсување и голотијата. Водечки неокласичен артист во Италија бил Антонио Канова, кој како и сите други странски неокласични вајари живеел во Рим. Неговата вештина да изваја чист италијански мермер ретко била надмината од некој друг. Повеќето од неговите статуи се во европските колекции, а Музеј на современа уметност „Метрополитен“ во Њујорк поседува значајни дела, како Персеј и Купидон и Психа.

Во 1900-те години многу Италијанци играле важна улога во развојот на модерната уметност. Футуристичните вајари се обиделе да прикажат како просторот, движењето и времето делува врз формата. Овие артисти претставувале предмети во движење, пример за ова е Уникатните форми на трајност во вселената од Умберто Бокиони.

Театар

уреди
 
Комедија дел арте

Италијанскиот театар бил под влијание на грчките традиции и како и во многу други литературни жанрови, римските драматурзи се стремеле кон адаптирање и преведување од Грците. На пример, трагедијата Федра од Сенека е основано на драма од Еврипид, а исто и многу други комедии од Плавт биле директни преводи на дела од Менандар.

Една од причините за падот на римскиот театар (почетокот на 4 век н.е.) е отпорот од црквата. Раните христијани сметале дека постои поврзаност помеѓу театарот и паганската религија и затоа тврделе дека лошите ликови прикажани на сцена го хранат неморалот. Заради ова, огромните театарски изведби исчезнале по распадот на Римското Царство.

Иронично е дека најраната забележана драма во сите делови на западна Европа била литургиската драма на црквата. Всушност, за време на средновековниот период, црквата започнала да изведува на сцена посебни делови од Библијата. Овие драматизации прераснале во исценирани приказни за Божиќ и Велигден за неписмените маси да ја разберат латинската литургија.

Во периодот од 16 до 18 век Комедија дел арте била форма на импровизаторски театар која се изведува и ден денес. Италијанскиот театар е активен во режисирањето на извонредни современи европски дела и во изведувањето на важни преродби на стари дела, но сепак ниту еден домашен драматург нема напишано дела кои можат да ги обноват оние на Лујџи Пирандело од раниот 20 век. При крајот на 20 век Дарио Фо се здобил со меѓународно признание за неговиот мошне добар импровизаторски стил.

Визуелна уметност

уреди
 
Мона Лиза од Леонардо да Винчи

Историјата и развојот на уметноста во западната култура се темели на стотици години од италијанска историја. Во Стар Рим, Италија била центар на уметноста и архитектурата. Голем број на уметници имало и за време на готскиот период и средновековието, а уметноста најмногу напреднала за време на италијанската ренесанса. Футуризмот во Италија се развил во XX век.

Во италијанската ренесанса се појавиле најголемите сликари во историјата на уметноста. Тие биле под влијание на делата на Џото ди Бондоне (1200 година), кој бил еден од највлијателните уметници и кој го сменил текот на западната уметност во нов реалистички стил[32].

 
Создавањето на Адам од Микеланџело

Фиренца станал центар на раната ренесанса. Големите фирентиски сликари биле Масачио, Фра Анџелико, Андрека Мантења, Сандро Ботичели и Паоло Учело. Најважниот уметник во 1400-те години бил Леонардо да Винчи. Портретот Мона Лиза и Тајната вечера се помеѓу најпознатити слики во историјата.

Во подоцнежната ренесанса доминирале уметниците Рафаело Санти и Микеланџело. Рафаело сликал умерени, хармонични слики кои изразувале мирен, благороден начин на живот. Микеланџело стекнал величина и како сликар и како вајар.

Италијанските сликари доминирале во барокот од кои најважни биле Анибал Карачи и Караваџио.

Во 1900-те години, многу Италијанци дале придонес во развојот на модерната уметност. Џорџо де Кирико се здоби со слава со неговите слики со празни градски плоштади додека Амедео Модиљани се здоби со слава со низа портрети.

Италијанска кујна

уреди
 
Ризото

Италијанската кујна како национална кујна низ вековите се менувала од социјални и политички причини, а се смета дека таа потекнува дури од 4 век п.н.е. Значајна промена се случила со откривањето на Новиот Свет, со што се формирало голем дел од денешната италијанската кујна со воведување на компири, домати, пиперки и пченка, кои се главни делови од кујната, но биле воведени дури во 18 век.[33]

Состојките и оброците се разликуваат по региони. Сирењето и виното исто така се главен дел од храната, кои играат различни улоги и регионално и национално.

Италијанската кујна е општопозната како најпопуларна во светот и главно се состои од традиционални јадења, оброци и десерти како паста, шпагети, пица, фокача, брускети, аранчини, гранита, лазања, ризото, њоки, палента и зампоне. Босилек, моцарела, лук, маслиново масло и домати се пример за состојки кои често се користат во италијанската кујна.

Италија исто така извезува и произведува вино[34][35], со извоз од околу 1.793 тони. Од 2005 година Италија произвела скоро една петтина од светското вино.[36]. Етрурските и грчките населеници произведувале вино уште пред Римјаните да започнат со култивирањето на нивните лозови насади во 2 век п.н.е.

 
Позната наполитанска пица

Познати и традиционални италијански вина се бароло, барбареско, брунело ди монталчино, барбера, долчето, корвина, неро д’авола, пино грижо и москато.

Италија е исто така позната по џелато, или традиционален сладолед познат како италијански сладолед. Постојат „џелатерии“ или продавачи на сладолед и продавници низ сите италијански градови и џелатото е многу познат десерт или ужинка посебно на лето. Сицилијанските гранити или заледени десерти, слични на сорбет, се популарни десерти не само во Сицилија, туку и низ цела Италија. Италија исто така располага со широк спектар на десерти. Божиќната торта пандоро и панетоне се популарни на север (пандоро потекнува од Верона додека панетоне од Милано). Колумба пасквале се јаде за Велигден во цела Италија и е потрадиционална алтернатива на чоколадни велигденски јајца. Тирамису е многу популарен и типичен италијански десерт од Венето кој стана познат насекаде. Други италијански торти и слатки се каноли, касата сицилијана, марципан во облик на овошје и пана кота.

 
Тирамису, познат италијански десерт

Кафето, посебно еспресо, е доста важно во италијанската кујна. Еспресото е пијалак кој многу се пие во Италија и обично Италијанците го пијат наутро пред да одат на работа или за започнување на денот. Еспресото се служи во мала шолја и има темен, речиси црн изглед и силен, кисел вкус. Капучино е исто познато италијанско кафе кое е обично поблаго и помалку темно од еспресото. Тоа може да се сервира со пена или крем на врвот, а кое потоа се става прашак од чоколадо и шеќер. Капучиното не е само чест пијалак во италијанските кафулиња, туку и во странски ресторани и барови. Кафе-лате е мешавина од кафе и млеко (latte-млеко) и обично се пие за време на појадокот (за разлика од другите италијански видови на кафе, ова кафе го пијат и децата и возрасните бидејќи не е толку јако и содржи повеќе млеко отколку обичното кафе). Макијато е појако од кафе-лате, кое само содржи малку млеко или шлаг.

Традиционално кафе на Торино се вика бичерин кое е нешто помеѓу капучино и топло чоколадо и се прави со еднаква количина на течно чоколадо, кафе и мало додавање на млеко или крем пена.

Образование

уреди

Италијанското образование е бесплатно и задолжително од 6-14 години[37]. Тоа се состои од прва етапа (основно училиште) која трае пет години и втора етапа (средно училиште) која трае осум години. Италија има и јавни и приватни образовни системи.

Основното образование трае пет години. Сè до средно образование, стандардната образовна програма е еднаква за сите: предметите кои се учат се исти без разлика дали си запишан во приватно или во државно училиште, освен во специјализираните училишта за ученици со посебни потреби.

Средното образование е поделено на две нивоа: Медие инфериори (тригодишно средно образование) и Медие супериори (средно образование). Првото ниво на средно образование трае три години и се состои од испит на крајот од третата година; второто ниво трае пет години (стручното трае три години). Секое ниво содржи испит на крајот на последната година кој мора да се положи со цел да се запишеш на следното ниво.

Ситуацијата на средното образование се менува бидејќи постојат неколку видови на училишта кои се разликуваат по предметите и активностите. Главните училишта се лисео, техничко и стручно училиште. Сите средни училишта кои траат пет години одобруваат пристап до завршен испит наречен државен испит или матура. Овој испит се полага во јуни и јули и со него може да се запишеш на факултет на кој било универзитет.

Италија е домаќин на разни универзитети, колеџи и академии. Според весникот Вол Стрит универзитетот Бокони во Милано е рангиран помеѓу топ дваесетте најдобри бизнис-школи во светот.[38]. Ова се должи на програмата за магистер по бизнис администрација (МБА). Форбс исто така го пласира Бокони на прво место во светот во категоријата Вредност за пари[39]. Во мај 2008 година, според образовното рангирање на Фајненшл тајмс, универзитетот Бокони достигна неколку од светските врвни бизнис-школи пласирајќи се на петто место во Европа и петнаесетто во светот[40]. Други врвни универзитети се Политехничкиот универзитет во Торино и Милано.

Историја

уреди
 
Колосеум, најпознатата градба од Римското Царство.

Италија е извор на западната цивилизација и преку 2.000 години била светска крстосница. Постојаното учење, креативност и технолошки напредок на Италијанскиот Полуостров, суштински го формирале секој дел од западната култура. Иако нејзините археолошки записи датираат од пред десетици илјади години, италијанската историја започнува со Етрурците, античка цивилизација којашто се појавила помеѓу реките Арно и Тибер. Во 3 век п.н.е. Римјаните ги замениле Етрурците, кои наскоро станале главна сила во средоземниот свет и чие царство се протегало од Ирак до Шкотска[41].

Со покрстувањето на царот Константин I во 312 година, Рим станало официјално седиште на Католичката црква, а Италија имала големо влијание врз развојот на христијанството и врз западните сфаќања за вера и моралност[42]. Уште од почетоците грижата за болните, како и другите дела на христијанска милостина, била света должност за секој верник. Според историчарот Вилијам Леки болници не постоеле сè до појавата на христијанството. По падот на Рим во 400 година, Италијанскиот Полуостров бил поделен помеѓу разни владетели.

 
Базилика Свети Петар,најзначајната христијанска црква

Во средновековието кое траело од 400 година до 1400 година, Римокатоличка црква ја заменила Римското Царство како обединета сила во Европа.[43]. Црквата го користела латинскиот јазик, а воедно ги зачувала класиците на латинската литература. Исто така, влијанието на црквата во ширењето на христијанството имало значајно влијание врз европското општество. Всушност, во средниот век најважната гранка на учењето била теологијата (изучување за Господ)[44]. Новиот образовен пристап се нарекувал сколастика. Заради ова Италија станала седиште на главно формално образование во 1088 година со воспоставувањето на првиот универзитет во Европа, Универзитетот во Болоња. Подоцна следувале други италијански универзитети, а во исто време во Италија се воспоставиле и поморските републики.

Во ренесансниот период преродбата сменила многу нешта, посебно уметноста. До почетокот на 15 век во Фиренца определен кружок на архитекти, сликари и вајари се обиделе да ја оживеат класичната уметност. Водачот на оваа група бил архитектот Филипо Брунелески којшто дизајнирал цркви по класични модели. Во сликарството, Леонардо да Винчи заедно со други италијански сликари користел техника наречена сфумато којашто создавала дискретност во неговите портрети. Истовремено во Италија оживувало и сликањето фрески. Професионални музичари тренирале во италијанските градови, а подоцна била основана и уметничката академија како место да се надвладеат техниките и теоријата на цртање, скулптура и архитектура. Во Рим и Венеција се појавиле првите уметнички „саеми“ каде купувачи и продавачи заменувале уметнички дела.

Не било случајно тоа што потеклото на европскиот банкарски систем е роден во ренесансна Италија. До 1430 година, фамилијата Медичи била доминантна во фирентиската владејачка класа. Фамилијата ја контролирала најголемата банка во Европа и била водена од група на талентирани и амбициозни луѓе.

 
Откривањето на Нов Свет од Кристофер Колумбо

Некои од најголемите истражувачи во 1400 и 1500 година биле Италијанци кои биле изложени на ренесансните традиции. Кристофер Колумбо, како и другите италијански истражувачи Џон Кабот, Џовани да Верацано и Америго Веспучи, презел огромни ризици со цел да достигне големи резултати. Колумбовото пристигнување во Америка во 1492 година е едно од најголемите достигнувања во ренесансата.

Општо земено, барокната ера се нарекува ера на гении бидејќи во овој историски период започна научната револуција која ги постави темелите на модерната наука. Во пантеонот на научната револуција, Галилео Галилеј зазема висока позиција заради неговото користење на квантитативни експерименти со математичко анализирани резултати.

Интелектуалната динамика во XVIII век била значајна низ опсегот на жанрови. Италијанските елити биле упатени по принципите на француското просветителство, а исто така и во англиските идеи кои ги ширеле млади аристократи. Италијанските автори кои биле членови на академии и соработници на филозофски и литературни весници започнале да ги шират своите идеи во близина на сферата на моќта во Милано и Торино, Парма и Модена, Фиренца и Неапол. Инспирирани од тезата на Чезаре Бекарија за слободни идеи и хуманитарни чувства, Војводството Тоскана била првата држава во светот која ја укинала смртната казна во 1786 година[45].

Италијанските уметници биле доста влијателни во 20 век, а некои од италијанските застапници на модернизам во 1920 и 1930 година продолжиле да имаат цврсто влијание врз пазарот на меѓународнна современа уметност. Енрико Ферми кој е познат како таткото на атомската ера, е Италијанец кој сведочел во откривањето, контролата и користењето на атомска енергија. По Втората светска војна италијанскиот неореализам стана значајна сила во филмовите. Денес Италија е една од меѓународните водачи во мода и дизајн.

Познати Италијанци

уреди
 
Леонардо да Винчи, еден од најголемите гении во историјата

Уште од римски времиња Италијанскиот Полуостров бил во центар на развојот на западната култура[46]. Важни поети од Римската Република и царство се Лукрециј, Катул, Вергилиј, Хорациј и Овидиј. Исто така познати во латинската литература биле говорникот Цицерон, сатиричарот Јувенал, прозните писатели Плиниј Постариот, неговиот внук Плиниј Помладиот и историчарите Салустиј, Ливиј и Светониј. Гај Јулиј Цезар, познат како историчар и прозаист, е попознат како воен и политички водач. Првиот римски цар бил Октавијан, познат како почесен Август. Интересно е дека помеѓу подоцнежните цареви биле тираните Калигула и Нерон, филозофот Марко Аврелиј и Константин I, кој бил првиот што го прифатил христијанството.

Во ниту една земја немало толкав придонес за визуелните уметности. Во 13 и 14 век најпознати уметници биле вајарот Никола Пизано и неговиот син Џовани, сликарите Чимабуе, Дучио и Ѓото. Помеѓу највлијателните уметници во 15 век – златната ера на Фиренца и Венеција – биле архитектите Филипо Брунелески, Лоренцо Гиберти и Леон Батиста Алберти, вајарите Донатело, Лука дела Робија, Дезидерио де Сетињано и Андреја дел Верочио и сликарите Фра Анџелико, Стефано ди Џовани, Паоло Учело, Масачио, Фра Филипо Липи, Пјеро дела Франческа, Џовани Белини, Андреја Мантења, Лука Сињорели, Пјетро Перуџино, Сандро Ботичели и Виторе Карпачо.

Во 16 век за време на ренесансата, Рим и Фиренца ја имале водечката позиција во светот на уметноста. Големи маестри од овој период биле архитектите Донато Браманте и Андреја Паладио; вајарот Бенвенуто Челини; сликар-дизајнер-пронаоѓач Леонардо да Винчи; сликар-вајар-архитект Микеланџело Буонароти и сликарите Титан, Рафаел, Андреја дел Сарто и Антонио да Кореџио.

Водечки уметници во барокниот период биле вајари-архитекти Џан Лоренцо Бернини и Франческо Боромини; сликарите Караваџо, Џовани Батиста Тјеполо, Каналето, Пјетро Лонги и Франческо Гарди.

Музиката била интегрален дел од италијанскиот живот. Водечки композитор во 14 век бил слепиот свирач на оргули Франческо Ландини од Фиренца. Еминентни композитори во ренесансата и барокот биле Џовани Пјерлуиџи де Палестрина; мадригалистот Лука Маренцио и Карло Џезуалдо; венецијанските оргулари Андреја Габриели и Џовани Габриели; еден од основачите на операта Клаудио Монтеверди; оргулар-композитор Џироламо Фрескобалди и Џакомо Карисими. Важни музичари на подоцнежната барокна ера биле Аркангело Корели, Антонио Вивалди, Алесандро Скарлати и неговиот син Доменико Скарлати. Италијанецот Лујџи Керубини бил централна фигура во француската музика за време на наполеонската ера, додека Антонио Салиери и Гаспаре Спонтини биле доста познати и почитувани во Виена и Берлин. Николо Паганини бил најпознатиот виолинист во 19 век.

Италијанската литература и литературен јазик започна со Данте Алигиери, авторот на Божествена комедија. Достигнувања во литературата – како што се поезијата на Петрарка, Торквато Тасо и Лудовико Ариосто и прозата на Џовани Бокачо и Николо Макијавели – извршиле огромно и трајно влијание врз понатамошниот развој на западната култура. Најдобри италијански режисери се Франк Капра, Виторио де Сица, Лучино Висконти, Роберто Роселини, Микеланџело Антониони, Федерико Фелини, а најпознати филмски ѕвезди се Рудолф Валентино и Софија Лорен.

Јазик

уреди

Славниот англиски поет Лорд Бајрон, го опишува италијанскиот јазик дека звучи „како да треба да е пишан на сатен“. Приказот на Бајрон не е мислење од љубител на поезијата, но всушност е популарно гледиште на цел свет за италијанскиот јазик кој често се нарекува и јазикот на „љубовта“, „поезијата“ и „песната“[47].

Италијанскиот јазик заедно со англискиот спаѓа во индоевропската група на јазици. Заедно со францускиот и шпанскиот јазик тој е исто така романски јазик, еден од современите јазици кои потекнуваат од латинскиот. Се смета дека од сите романски јазици, италијанскиот е всушност најблизок до латинскиот во однос на вокабулар. Во Италија околу 60 милиони луѓе го зборуваат италијанскиот јазик, 23.000 во Република Сан Марино, 400.000 во Швајцарија, 1.3 милиони во другите европски земји и скоро 6 милиони во Америка[47].

Стандардниот италијански јазик се развил од тоскански дијалект, со оглед на тоа што тосканскиот регион бил прв што имал славни писатели како Данте, Петрарка и Бокачо. Овој дијалект најпрво бил усвоен од италијанските држави, а потоа и од Кралството на Италија, по обединувањето во 1861 година. Други италијански дијалекти и германскиот јазик оставиле влијание врз развојот на италијанскиот јазик.

Денес, и покрај разликите во акцентот и нагласување на самогласка што постојат во секоја општина, италијанскиот јазик е доста разбирлив во цела земја.

Библиотеки и музеи

уреди
 
Галерија Уфици

Италија е еден од најголемите центри за архитектура, уметност и книги. Помеѓу многуте библиотеки, најважни се двете главни библиотеки во Фиренца (5,3 милиони тома) и Рим (5 милиони тома); и четирите регионални библиотеки во Неапол (1,8 милиони тома), Милано (1 милион тома), Торино (973.000 тома) и Венеција (917.000 тома)[48].

Италија, како светски центар за култура, историја и уметност има преку 3.000 музеи. Тие ги содржат најважните збирки на примероци од античките цивилизации. Музејот во Таранто содржи материјали кои им овозможуваат на научниците длабоко да ја истражат историјата на Мања Грација. Археолошките колекции во Римскиот национален музеј во Рим и во Националниот археолошки музеј во Неапол се помеѓу најдобрите во светот.[23]. Слично на ова, етрурската колекција во Умбрискиот национален археолошки музеј во Перуџа, класичните скулптури во музејот Капитолин во Рим и египетската колекција во музејот Егицио во Торино се највредните колекции во светот[23].

Класичната ера не е единствената ера претставена во италијанските музеи. Италијанската ренесанса е прикажана во голем број на музеи: галерија Уфици, музејот Барџело и палацо Пити кои се наоѓаат во Фиренца. Повеќето од музеите претходно биле палати на кралевите или куќи на кралски семејства.

Медиjа

уреди

Интернет

уреди

Првото интернет поврзување се случило во Пиза во 1986 година, земја која била трета по ред во Европа по Норвешка и Англија[49]. Веќе во 1970 година истражувачите од Пиза, особено Лучано Ленцини, контактирале со американски истражувачи. Помеѓу нив биле и Винт Серф и Боб Кан, првите кои ги измислиле двата протокола кои се во срцето на интернетот - Интернет Протокол (IP) и Пренос протоколот за контрола (TCP), и затоа се сметаат за „татковци на интернет“.

Моментално, интернет пристапот е на располагање на деловните и резидентните корисници во различни форми.

Весници и списанија

уреди
 
Седиште на Кориере дела Сера во Милано

Од 2002 година во Италија има околу 90 дневни весници[48]. Според статистиките на Аудипрес, најбараните дневни весници (со нивните политички ориентации и тираж) се: Ла република[50], левица, 3.276.000 копии во 2011 година[50]; Кориере дела Сера, независно, 3.274.000 копии во 2011 година; Ла стампа[50], либерално, 2.132.000 копии во 2011 година; Ил месаџеро, лева или централна, 1.567.000 копии во 2011 година[50]; Ил ресто дел карлино, десна или централна, 1.296.000 копии во 2011 година[50]; Ил соле 24 оре, финансиски весник, 1.015.000 копии во 2011 година[50]; Ил џорнале, независен, 728.000 копии во 2011 година[50] и Л’унита, комунистичко, 291.000 копии во 2011 година[50]. Списанијата во Италија стануваат доста важни. Помеѓу најпопуларните се неделните списанија Оги, Л’еуропео, Л’еспресо и Хенте[51].

Поголемиот дел од весниците се објавуваат во северна и централна Италија. Рим и Милано се најважни издавачки центри. Значителен број на дневни весници се сопственост на политичките партии, Римокатоличката црква и разни економски групи. Општо земено, новинарското ниво на италијански весници е високо, и двата дневни весника: миланскиот Кориере дела Сера и торинскиот Ла стампа уживаат интернационален успех[48].

Радио

уреди
 
Радио РАИ 1

Оној кој најмногу е заслужен за титулата „Татко на радиото“ е италијанскиот истражувач Гуљелмо Маркони[52]. Тој е првиот човек кој пратил радиокомуникациски сигнали во 1895 година. Во 1899 година тој го пратил првиот безжичен сигнал низ англиски канал и две години подоцна ја примил буквата „С“, телеграфирана од Англија до Њуфаундленд. Ова била првата успешна трансатлантска радиотелеграфска порака.

Денес радиобрановите кои се емитуваат од илјадници станици, заедно со брановите од други извори, целосно го исполнуваат воздухот околу нас. Италија има три државни радиомрежи кои емитуваат дење и ноќе. Содржината на програмата се менува од популарна музика до предавања, трибина, класична музика и опера како и вести. Покрај тоа, многу приватни радиостаници ја мешаат популарната со класичната музика.

Телевизија

уреди
 
Регионално седиште на телевизијата РАИ 1 во Козенца

Првата форма на телевизиски медиум во Италија бил воведен во 1939 година, кога започнало првото експериментално емитување. Сепак, ова траело многу кратко време: кога фашистичка Италија се приклучила во Втората светска војна во 1940 година, сите преноси биле прекинати. Девет години по завршувањето на конфликтот во 1954 година, преносите продолжиле со полна пареа.

Постојат две главни национални телевизиски организации: државната РАИ, финансирана од годишната телевизиска претплата и Медијасет, рекламна мрежа основана од Силвио Берлускони. Денес, Ла7 се смета за трета најголема национална телевизиска мрежа во Италија која е сопственост на Телеком Италија медија, медиумска филијала на телефонската компанија Телеком Италија. Телеком Италија исто така е сопственик на 51% од МТВ Италија. Постојат многу други национални и локални телевизиски мрежи. Телевизиските мрежи нудат разни програми, вклучувајќи вести, опери, натпревари, комедии, цртани, драми, документарци, мјузикли и италијански филмови. Сите програми се во боја, освен кога се прикажуваат старите црно бели филмови. Многу Италијанци сè уште зависат од приемот ВХФ/УХФ, но кабелските системи и директниот сателитски прием се исто така чести. Сателитските антени можат да примат европски пренос.

Политика

уреди
 
Џорџо Наполитано, претседател на Републија Италија

Денешната форма на италијанската влада била поставена во 1946 година. Истата година, луѓето гласале за промена на државата од монархија на чело со крал во република на чело со претседател. Кралот Умберто II веднаш го напуштил престолот. Уставотворното тело било составено од 556 изгласани членови, чија задача била да го напишат уставот. Уставот бил усвоен во 1947 година и стапи на сила на 1 јануари 1948 година. Со уставот се воспоставил систем на управување составен од претседател, кабинет наречен Совет на министри на чело со премиер и парламент составен од сенат и Совет на пратеници.

Мандатот на претседателот на Италија трае седум години и се избира од двата дома на Парламентот и мал број на регионални претставници. Претседателот мора да е најмалку на возраст од 50 години. Тој или таа го назначува премиерот којшто формира влада. Претседателот има моќ да го распушти парламентот и да свика нови избори. Тој е командант на италијанските вооружени сили и може да објави војна. Денешниот претседател на Република Италија е Џорџо Наполитано.

Италија нема потпретседател. Доколку претседателот се разболи, претседателот на италијанскиот Сенат ќе ја преземе неговата функција, а ако претседателот умре, ќе се одржат претседателски избори.

Премиерот ја одредува националната политика и е најважната личност во италијанската влада. Тој е избран од страна на претседателот – обично од членовите на парламентот – и мора да е одобрен од парламентот. Премиерот нема утврден мандат и може да биде тргнат од функција од страна на парламентот во секое време. Овогодинешниот италијански премиер е Силвио Берлускони. Премиерот ги одбира членовите на министерството и тие обично се членови на парламентот. Подоцна тие се назначени од претседателот и парламентот мора да ги одобри. Италијанскиот премиер и министрите ја сочинуваат владата.

Италија е еден од основачите на Европската заедница (ЕЗ), денес Европска Унија (ЕУ). Италија стана членка на Обединетите нации (ООН) во 1955 година. Таа е исто така членка и поддржувач на Северноатлантската договорна организација или Северноатлантската алијанса (НАТО), Организација за економска соработка и развој, Општа спогодба за царини и трговија (ГДТЦ) /Светска трговска организација (СТО), Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) и Советот на Европа.

Религија

уреди

Римокатолицизмот е најзастапената религија во земјата. Иако Римокатоличката црква е одвоена од државата, сè уште има важна улога во политичките работи на нацијата, делумно заради локацијата на Светата столица во Ватикан, во рамките на Рим. 98% од Италијанците се римокатолици[53] од кои една третина се активни членови. Повеќето крштевања, свадби и погреби се одржуваат во црквата.

Договорот конкордат ги регулира односите помеѓу Италија и Римокатоличката црква. На пример, договорот ги ослободува свештениците и членовите на религиозните редови од воена должност и дава даночни ослободувања на католички организации.

Иако главната христијанска доминација во Италија е римокатолицизмот, исто така има и малцинства на протестанти, валдензи, православни и други христијански цркви. Во последните две декади, во Италија се населиле доста имигранти и како резултат на тоа околу 825.000 муслимани (1,4%) живеат во Италија[54], иако други проценки покажуваат дека има дури 1 милион муслимани[55], 75.000 Индијци[56], 50.000 будисти[57] и 30.000 Евреи.

Спорт

уреди

Фудбалот е популарен спорт за гледање и учество. Италијанската фудбалска репрезентација е една од најдобрите во светот и била победник на Светските првенства во 1934, 1938, 1982 и 2006 година. Единствено Бразил има подобра репутација. Големите италијански клубови често се натпреваруваат на високо ниво на европски натпревари.

Рагбито е многу популарен во Италија, клубовите се натпреваруваат во земјата на Супер 10, а исто и на турнирот Европски Хајникен куп. Домашниот тим се натпреварува на куп „Шест нации“ и на Светско првенство во рагби. Велосипедизмот е исто така застапен спорт во Италија. Италијанците се втори по ред после Белгија во освојувањето на најголем број титули во Светското првенство во велосипедизам. Џиро д’Италија е светски позната велосипедска трка која се одржува секој мај и претставува една од трите големи велосипедски трки заедно со Тур де Франс и Вуелта а Еспања. Скудерија Ферари е најстариот тим во трките во Формула 1, којшто се натпреварува од 1948 година и е статистички најуспешниот тим во историјата на овој спорт. Други популарни спортови во Италија се кошарка, одбојка и бокс.

Наводи

уреди
  1. Roman law. Encyclopædia Britannica Online, 2011. Web. 25 Sep. 2011.
  2. Risorgimento. Encyclopædia Britannica Online, 2011. Web. 25 Sep. 2011.
  3. Кимбел, Давид Италијанска опера. Cambridge University Press, 1994. 22 јули 2012.
  4. (италијански) Commedia dell'arte. Treccani, il portale del sapere. Web. 24 Jul. 2012.
  5. Zirpolo, Lilian H. The A to Z of Renaissance Art. Scarecrow Press, 2009. pp. 154-156. Web. 16 Jul. 2012.
  6. [1] UNESCO World Heritage Centre. Web. 25 Sep. 2011.
  7. (италијански) Beni Italiani Unesco. Архивирано на 16 јули 2012 г. Associazione Città e Siti Unesco. Web. 17 Jul. 2012.
  8. Abbot, Charles. Italy. Morellini Editore, 2006. p. 101. Web. 24 Sep. 2011.
  9. Rizzo, Sergio. Italy Neglects Art Treasures. Corriere della Sera. Web. 26 Jul. 2012.
  10. Sear, Frank. Roman architecture. Cornell University Press, 1983. p. 10. Web. 23 Sept. 2011.
  11. John A. Davis, D.Phil., Emiliana Pasca Noether Chair in Italian History, University of Connecticut.
    Davis, John A. "Italy." World Book Advanced. World Book, 2011. Web. 23 Sept. 2011.
  12. [2] Renzo Piano. The New York Times. Web. 23 Sep. 2011.
  13. Bella Italia: a look into the why Italian Vogue is still on top. Daily Mail. Web. 17 Jul. 2012.
  14. Miller (2005) p. 486. Web. 26 Sept. 2011.
  15. Insight Guides (2004) p. 220. 26 Sept. 2011.
  16. [3] Design City Milan. Wiley. Web. 3 January 2010.
  17. Cerizza, Luca ; Gioni, Massimiliano. Milan and Turin. Архивирано на 12 ноември 2007 г. Frieze Magazine. Web. 3 January 2010.
  18. 18,0 18,1 Neorealism. Filmreference.com. Web. 20 Jul. 2012.
  19. Ingles, Tim ; Dilworth, John. Four Centuries of Violin Making: Fine Instruments from the Sotheby's Archive. Cozio Publishing, 2006. p. 11. Web. 21 Jul. 2012.
  20. [4] Mina. Lyrics, Song Lyrics. Web. 27 Sept. 2011.
  21. (италијански) Comolli, Maria Giulia. Laura Pausini a ruota libera: "I ragazzi dei talent show? Troppo supponenti." E intanto con Sorrisi arrivano i suoi CD. Архивирано на 21 април 2009 г. TV Sorrisi e Canzoni. Web. 25 March 2009.
  22. (италијански) Mannucci, Stefano. Griffe e ambiente, ecco la nuova Pausini. Архивирано на 10 март 2009 г. Il Tempo. Web. 6 March 2009.
  23. 23,0 23,1 23,2 Salamone, Frank A. Italy. Countries and Their Cultures, 2001. Web. 25 Oct. 2012.
  24. Editors of the American Heritage Dictionaries. The American Heritage Science Dictionary. Houghton Mifflin Harcourt, 2005. p. 252. Web. 27 Oct. 2012.
  25. [5] Архивирано на 29 декември 2015 г. Bill Text Versions. 107th Congress (2001–2002). H.RES.269. THOMAS (Library of Congress). Web. 28 Sep. 2011.
  26. Wheen, Andrew. Dot-Dash to Dot.com: How Modern Telecommunications Evolved from the Telegraph to the Internet. Springer, 2010. p. 45. Web. 23 Sep. 2011.
  27. Cleveland, Cutler (Lead Author) ; Saundry, Peter (Topic Editor). Meucci, Antonio. Encyclopedia of Earth, 2006. Web. 22 Jul. 2012.
  28. (италијански) Caretto, Ennio. Gli Usa ammettono: Meucci è l' inventore del telefono. Corriere della Sera. Web. 21 Jul. 2012.
  29. Bergin, Thomas Goddard ; Speake, Jennifer. Encyclopedia of The Renaissance and the Reformation. Infobase Publishing, 2004. pp. 144-145. Web. 10 Nov. 2012.
  30. Ciuccetti, Laura. Michelangelo: David. Giunti Editore, 1998. p. 24. Web. 16 Nov. 2012.
  31. Duiker, William J. ; Spielvogel, Jackson J. World History. Cengage Learning, 2008. pp. 450-451. Web. 10 Nov. 2012.
  32. North Carolina Museum of Art. Nagy, Rebecca Martin; Spence, June; Burden, Virginia. North Carolina Museum of Art: handbook of the collections. The Museum, 1998. p. 120. 24 Sep. 2011.
  33. Del Conte, 11-21.
  34. [6] Архивирано на 19 јуни 2012 г. Faostat. Faostat.fao.org. Web. 31 January 2011.
  35. [7] Архивирано на 14 јули 2007 г. Faostat. Faostat.fao.org. Web. 31 January 2011.
  36. Mulligan, Mary Ewing; McCarthy, Ed. Italy: A passion for wine. 2006, 62(7), 21-27. Web. 27 Sep. 2011.
  37. [8] Italy. Education and Study in Italy. Spain Exchange. Web. 12 July 2010.
  38. (италијански) Un caloroso benvenuto agli MBA 33 in aula per i precorsi. Архивирано на 9 април 2008 г. Master of Business Administration a Milano, Italia - MBA SDA Bocconi. Web. 31 January 2011.
  39. [9] Архивирано на 16 јуни 2010 г. Bocconi Università in Milan (BMI). Penn Abroad. 27 Sep. 2011.
  40. (италијански) Sda Bocconi supera London Business School. Архивирано на 17 октомври 2018 г. Corriere della Sera. Web. 31 January 2011.
  41. Italy. Encyclopædia Britannica Online, 2012. Web. 25 Oct. 2012.
  42. Woodhead, Linda. An introduction to Christianity. Cambridge University Press, 2004. pp. 43-44. Web. 22 Sep. 2011.
  43. Alex T. Nice, Ph.D., former Visiting Associate Professor of Classics, Classical Studies Program, Willamette University.
    Nice, Alex T. "Rome, Ancient." World Book Advanced. World Book, 2012. Web. 15 Jul. 2012.
  44. (француски) Wegener, Günther S. La Bible et nous. Flammarion, 1958. Web. 14 Jun. 2012.
  45. Bruni, Luigino ; Zamagni, Stefano. Civil Economy: Efficiency, Equity, Public Happiness. Peter Lang, 2007. p. 97. Web. 22 August 2012.
  46. Worldmark encyclopedia of the nations. Gale Research, 1995. p. 241. Web. 17 Jul. 2012.
  47. 47,0 47,1 Clivio, Gianrenzo P. ; Danesi, Marcel. The Sounds, Forms, and Uses of Italian. University of Toronto Press, 2000. p. 3. Web. 31 Oct. 2012.
  48. 48,0 48,1 48,2 Gall, Timothy L. ; Hobby, Jeneen M. Worldmark Encyclopedia of the Nations: Europe. Thomson Gale, 2007. pp. 367-368. Web. 01 Nov. 2012.
  49. The University of Pisa celebrates 25 years of being on the net. Università degli Studi di Pisa. Web. 01 Dec. 2012.
  50. 50,0 50,1 50,2 50,3 50,4 50,5 50,6 50,7 (италијански) Dati Audipress 2011/II. Архивирано на 24 август 2012 г. Audipress — Indagine sulla lettura dei quotidiani e dei periodici in Italia. Web. 03 Dec. 2012.
  51. (италијански) Settimanali — јули 2012. Prima Comunicazione. Web. 29 Nov. 2012.
  52. Huurdeman, Anton A. The Worldwide History of Telecommunications. John Wiley & Sons, 2003. p. 207. Web. 30 Nov. 2012.
  53. The World Fact Book: People - Italy Архивирано на 9 јули 2017 г. CIA.gov. Web. 24 Sep. 2011.
  54. [10] Muslims in Europe: Country guide. BBC News. Web. 24 Sep. 2011.
  55. Sophie Arie, Nov. 10, 2003, Christian Science Monitor, A rising tide of Muslims in Italy puts pressure on Catholic culture. Csmonitor.com. Web. 24 Sep. 2011.
  56. [11] International Religious Freedom Report 2005: Italy. State.gov. 24 Sep. 2011.
  57. (италијански) Unione Buddhista Italiana - UBI: L'Ente. Архивирано на 25 декември 2018 г. buddhismo.it. 24 Sep. 2011.
  Статијата „Италијанска култура“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).