Јувенал
Деким Јуниј Јувенал (латински: Decimus Iūnius Iuvenālis) — римски поет.
Животопис
уредиЈувенал се родил околу 65 година во Аквино (Лација), а живеел наизменично во Аквино и во Рим, каде се стекнал со реторско образование. Подоцна станал офицер и во времето на царот Веспазијан командувал со една чета во Далмација. Нема точни податоци за неговата смрт, но според една верзија, Јувенал умрел на воена должност во Египет, на возраст од 80 години.[1]
Творештво
уредиЈувенал почнал да се занимава со поезија дури во подоцнежната возраст за време на владеењето на царевите Трајан и Хадријан. Од него се сочувани пет книги со сатири од кои 16 се испеани во хексаметри. Најдолга од сите е шестата сатира во која тој остро ги критикува жените, нивните пороци и раскошниот живот, но темите ги бирал од минатото, особено од времето на царот Домицијан. Исто така, ги исмејувал римските аристократи и нивното фалење со далечните предци. Неговата критика е многу остра и песимистичка, така што наликува на декламаторски памфлети, а материјалот во неговите сатири е прилично површен. Познати се неговите изреки: „тешко е да не се пишува сатира“ (difficile est satiram non scribere), „здрава душа во здраво тело“ (mens sana in corpore sano), „најголемото почитување се должи на воспитаникот“ (maxima debetur puero reverentia), „леб и циркуски игри“ (panem et circenses), итн.[1] Особено се истакнува седмата сатира во која со живи бои ја прикажува тешката материјална положба на учените луѓе, граматичарите, поетите и реторите. Во осмата сатира, Јувенал ги критикува навиките на благородниците, кои се фалеле само со своите славни предци иако тие самите немале никаква вредност.[2]