Пица
Пица (италијански pizza, збор најверојатно кој потекнува од глаголот pìnsere = да се плеска или од балканско-средоземниот збор пита) е гастрономски специјалитет на италијанската кујна, најчесто направен од тенко, округло тесто на кое покрај сосот од домати можат да се најдат разни видови сирење, месо, зеленчук, овошје, зачини и други состојки во зависност од вкусот. Инвентивноста на вкусот може да се надополни и со креативноста на распоредот на самите состојки на пицата кои можат да бидат распоредени во форма на орнаменти или други интересни фигури. Инаку, ова јадење се смета како особена одлика за наполитанската кујна.
Денас пицата е мошне популарно јадење во светот, пре сѐ поради евтините и лесно достапни состојки како и поради едноставноста на нејзината подготовка.
Историја
уредиПотеклото на пицата е доста контроверзна тема[1]: имено, многу градови како Неапол и Џенова сметаат дека се „татковците“ на пицата. Всушност, со оглед на тоа дека се работи за еден вид на леб, таа е присутна во многу различни варијанти насекаде низ светот и во зависност од нејзините состојки како и од локалните гастрономски традиции, нејзиното потекло не е сосем историски потврдено.
Идејата за печење сплескан леб во форма на чинија потекнува од Стара Грција: таквиот леб, Грците го нарекувале "плакунтос" и го јаделе со едноставни додатоци, како што се: маслиново масло, лук, кромид и други билки.[2] За војниците на персискиот цар Дариј Велики, кои биле навикнат на долги маршови, се вели дека на своите штитови печеле некаков вид леб и на него додавале сирење и урми. Подоцна, Римјаните уживале во јадењето слично на "плакунтос" кое го нарекувале "пицеа".[2] Римскиот историчар Марко Порциј Катон во 3 век пред новата ера опишал еден вид „округло тесто премачкано со маслиново масло, зачини и мед испечено на камен“. Вергилиј во својата „Енеида“ опишал колачи или тенок леб.
Од ископините во Помпеја која вулканот Везув ја затрупал во 79 година, пронајдени се остатоци од округли печива. Во готварската книга на Марко Гавиј Апиј наведени се состојките кои се додаваат на подлогата од печивата: пилешко месо, ананас, сирење, лук, нане, пипер и масло, кои воедно се и состојките на денешните пици.
Во средниот век слугите ги јаделе остатоците од храната на своите господари, што било вообичаено. Тие остатоци ги ставале на парче леб, ќе ги полиеле со некој сос, ги зачинувале со она што би им се нашло при рака и ги ставале во рерна да се загреат. Доматот е донесен во Европа од Перу во 16 век. Сиромашното население од Неапол додавало домати на своето јадење и така ја создало пицата каква денес е позната низ целиот свет.
Самиот збор пица (pizza) првпат се појавил во 997 година во ракописот од Гаете (Gaete), град во Јужна Италија. Првата пицерија во светот била отворена во Неапол во 1830 година под името "Антика Порт Алба".[3]
Приказната за тоа како пицата станала повеќе од храна за сиромашните потекнува од 1889 година, кога италијанскиот крал Умберто I и кралицата Маргарита слушнале за пицата и посакале да ја пробаат. Оттука, тие го викнале познатиот мајстор Рафаеле Еспосито да направи пица за нив. Тој одлучил да направи пица во боите на италијанското знаме, со црвени домати, бела моцарела и листови од зелен босилек. На кралицата многу ѝ се допаднала пицата, која во нејзина чест била наречена "маргарита".[4]
Сепак, пицата во денешниот облик потекнува од САД, каде што била пренесена од страна на италијанските емигранти кон крајот на XIX век. Во 1905 година била отворена првата пицерија во Њујорк, сопственост на Џенаро Ломбарди. До 1940-тите години, потрошувачката на пица била ограничена претежно на италијанските доселеници и нивните потомци, но нејзината популарност експлодирала кога американските војници се вратиле од Италија по Втората светска војна.[3]
Подготовка
уредиКако подлога за пица обично се употребува тесто од класично брашно (тип 500). Тестото се прави од брашно, свеж или сув квасец, млака вода, сол, шеќер и маслиново масло. По мешањето на смесата, тестото се остава да отстои најмалку 3-4 саати и потоа се прави тенка подлога со дебелина од 0,5–1 cm. На така подготвената подлога се ставаат останатите состојки на пицата[5]: доматен сос, свеж домат, сирење (најдобро моцарела), шунка, шампињони и слично. Многу состојки на пицата се ставаат по печењето, со цел да се зачуваат вкусот и формата (пршута, јајца, маслинки, пармезан, зачини итн). Исто така, некои состојки се подготвуваат посебно и се додаваат на готова пица, како на пример разни видови зеленчук и морски плодови. Кога е сѐ подготвено, пицата се става на печење. Рерната мора да биде максимално загреана со цел тестото веднаш да почне да се пече и да не ги впие состојките кои се на него. Кога сирењето ќе се растопи и тестото ќе ја смени бојата, пицата е готова.
Еден вид на пица е и таканаречената панцерота, која е затворена пица (завиткана) и истата може да се пече во рерна или да се пржи на масло.
Видови пици
уреди- Капричоза (италијански: Capricciosa) — доматно пире, сирење гауда, шунка, шампињони, маслинки
- Маргерита (италијански: Margherita) — излупен домат, моцарела, маслиново масло
- Четири годишни времиња (италијански: Quattro stagioni) — домат, моцарела, печурки, школки, ракчиња, пиперки, шунка, црни маслинки, маслиново масло, лимонов сок,
- Четири сирења (италијански: Quattro formaggi) - моцарела и други три видови сирење избрани меѓу горгонѕола, проволоне, ементалер, скаморца, фонтина и или други
- Маринара (италијански: Marinara) - домати, лук, оригано, маслиново масло
- Наполитана (италијански: .Napoletana) — домат, свежо сирење, салама, маслиново масло,
- Сицилијана (италијански: Siciliana) — сос од домати, моцарела, пиперки, суви колбаси, шампињони
- Фунги (италијански: Funghi) — сос од домати, кашкавал, шампињони, лути пиперки
- Везув (италијански: Vesuvio) — сос од домати, кашкавал, шунка
- Сорпреза (италијански: Sorpresa) — сос од домати, кашкавал, сланина, печурки, јајца, лук, феферони
- Хаваи (италијански: Hawaii) - ананас, шунка, печурки и моцарела или друг вид сирење,
- Прошуто (италијански: .Prosciutto) - домати, сирење, пршута
- Ал тоно (италијански: Al tonno) - домати, сирење, туна, лук, маслинки
Хранливи вредности на пицата
уредиПицата - симбол на Италија и на италијанската кујна во светот, мошне е ценета поради нејзините готварски и нутриционистички вредности и истата е нашироко советувана како храна од страна на нутриционистите кои ја сметаат за дел од средоземната исхрана[6].
Најпознатата пица, пицата Маргарита, содржи бројни хранливи состојки: јагленихидрати во форма на скроб во брашното, растителни масти присутни во маслиновото масло како и животински масти кои се присутни во моцарелата од биволица или во павлаката, животински белковини (повторно присутни во моцарелата).
Сепак, овие неоспорни квалитети на пицата не смеат да направат да заборавиме дека пицата не е хипокалоричен производ пригоден за секаков режим на исхрана: една пица Маргарита од 300 грама. има хранлива вредност од 800 калории од кои најголемиот дел доаѓаат од јагленитехидрати (околу 75%).
Места каде што се јаде пица
уредиМестата во кои се подготвува, се служи и се јаде пицата се нарекуваат пицерии. Пицериите се вид на ресторани и се еден вид „амбасади“ на италијанската кујна во светот.
Како последица на огромниот број на италијански емигранти, Њујорк е град кој бележи најголем процент на консумација на пици, а по него следи Саун Пауло во Бразил со 30 милиони консумирани пици месечно.[7]
САД се најголеми потрошувачи на пица во светот. Таму има 61 269 пицерии, а индустријата за пица носи годишен профит од 30 милијарди долари. Во САД постојат повеќе синџири на пицерии од кои најпознатата е пицеријата Хат (англиски Pizza Hut), која има отворено сопствени над 12 000 ресторани во повеќе од 90 земји во светот.[3]
Занимливости
уреди- Во 1889 година италијанската кралица Маргарита од Савоја изразила желба да ја вкуси пицата на познатиот пица-мајстор од Неапол, Рафаеле Еспозито. Во таа пригода, Рафаеле во чест на италијанската кралица приготвил тробојна пица која ги имала боите на италијанското знаме: зелена (од босилекот), бела (од моцарелата) и црвена (од доматот) и ја нарекол токму "маргарита".
- Американецот Џо Чеснат од Сан Хосе, Калифорнија е победник на првиот натпревар во јадење пици Famous Famiglia World Pizza Eating Championship, кој е одржан во 2007 година на Тајмс Сквер во Њујорк. Имено, тој за 10 минути успеал да изеде 45 парчиња пица.[8]
- Во САД се јадат 350 парчиња пица во секунда. Таму, најомилена е пицата со феферони, а најмалку е барана пицата со сардини. Во Јапонија, најмногу се троши пицата со лигни и со месо од јагула, а во Русија, најбарана е пицата со црвена харинга, лосос и кромид. Во Бразил е омилена пицат со грашок, Австралијанците најмногу трошат пица со ракчиња и ананас, Французите сакаат пица со сланина и свежа павлака, додека во Англија најбарана е пицата со туна и пченка.[3]
- Италија, исто како и Европската унија ја заштитила пицата со закон, како традиционален специјалитет.[3]
- Октомври е месец на пицата.[3]
Наводи
уреди- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-09-15. Посетено на 2008-10-11.
- ↑ 2,0 2,1 "Сакам пица, сакам пица...", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 86.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 "Сакам пица, сакам пица...", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 87.
- ↑ "Сакам пица, сакам пица...", Економија и бизнис, год. 16, број 180, јули 2013, стр. 86-87.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-09-14. Посетено на 2008-10-11.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-09-14. Посетено на 2008-10-11.
- ↑ http://g1.globo.com/Noticias/SaoPaulo/0,,MUL143142-5605,00.html
- ↑ http://www.pizza.it/articolo.asp?ID=440[мртва врска]
Надворешни врски
уреди- (италијански) (англиски) Портал посветен на пицата Архивирано на 15 октомври 2008 г.
- (англиски) Историја и легенда за настанокот на пицата
- (англиски) Некои светски рекорди поврзани со пицата Архивирано на 18 октомври 2008 г.
- (англиски) Рецепти за подготвување на пица Архивирано на 13 септември 2008 г.