Франческо Боромини

италијански архитект

Франческо Кастели[1], попознат како Франческо Боромини (италијански: Francesco Borromini; Бисоне, 25 септември 1599 - Рим, 2 август 1667) — истакнат италијански архитект. Заедно со неговите современици Џан Лоренцо Бернини и Пјетро да Кортона бил предводник на барокната арихитектура во Рим.

Франческо Боромини
Francesco Borromini
Портрет на Боримини од непознат автор
НационалностИталијанец
Познат(а) поархитектура, вајарство
Значајни делаСан Карло але Куатре Фонтане, Сант'Иво ала Сапиенца
ПравецБарок

Како поклоник на архитектурата на Микеланџело и остатоците од антиката, Боромини развил инвентивна, поинаква и донекаде идиосинкратичка архитектира, која вклучувала употреба на класични форми, геометриски правила и симболични значења во неговите дела. Работел во Рим, каде што се наоѓаат речиси сите негови дела, а и бил современик и соперник на Џан Лоренцо Бернини. Бил вклучен во изградбата на Базиликата „Св. Петар“, како и на дворецот Барберини. Негово најпознато дело е црквата Сан Карло але Кватро Фонтане, расположена на ридот Квиринал.

Бидејќи е роден во денешна Швајцарија, неговиот лик бил овековечен на банкнотите од 100 швајцарски франци во 1980-тите.

Животопис

уреди

Bоромини се родил во Бисоне[2], во близина на Лугано во областа Тичино. Бил снн на каменорезец, а и самиот започнал да го изучува занаетот. Во младоста се преселил во Милано, каде што се запишал во тамошното занаетчиско училиште и се стекнал со соодветното образование. Во 1619 година, откако го завршил образованието, се преселил во Рим. Таму го сменил презимето од „Кастели“ во „Боромини“, коешто потекнува од семејството на мајка му и најверојатно во чест на Карло Боромејски.[3] Во Рим се вклучил во изградбата на Базиликата Свети Петар, која била предводена од страна на неговиот роднина, Карло Мадерно. Во ова време, забрзано ја изучувал антиката и делата на Микеланџело. Со Мадерно работел и на изградбата на дворецот Барберини, но откако овој починал во 1629 година, изградбата ја презел Џан Лоренцо Бернини, кој подоцна ја добил и службата на архитект на Базиликата Свети Петар. Боромини работел како негов помошник, но по неколку години се скарале и разделиле, по што започнало долгогодишното соперништво меѓу двајцата.

 
Надгробната плоча на Боромини во црквата Сан Џовани деи Фјорентини

Во времето на папата Инокентиј X, Боромини бил заштитуван како негов штитеник, при што во тој период успеал да го истисен лутиот соперник Бернини од позицијата на водечки римски архитект. Сепак, уште за време на владеењето на следниот папа, Александар VIII, ја загубил стекнатата позиција и му биле доверувани само мал број на нови проекти. Со тоа, ѕвездата на Бернини светнала во полн сјај, а Боромини се посветил на изградбата и доградбата на претходно започнатите градби, како на пример внатрешноста на црквите Сант'Иво ала Сапиенца, Санта Андреа деле Фрате и Сан Џовани ин Латерано во Рим. Освен овие, го довршил и долниот дел од фасадата на неговото најпознато дело, малата црква Сан Карло але Кватро Фонтане, расположена на ридот Квиринал.

Летото 1667 година, Боромини се чувствувал болен и паднал во депресија, што придонело на 2 август истата година во Рим да изврши самоубиство. Погребан е во гробот на Карло Мадерно во главната капела на црквата Сан Џовани деи Фјорентини.[4]

Во својот тестамент запишал дека не сака на неговиот гроб да се споменува некое име и ја изразил својата желба да биде погребан во семејната гробница на Карло Мадерно. Сепак, во изминатите години била додадена мермерна плоча под гробницата на Мадерно, а спомен-плоча била поставена и на еден од столбовите од црквата.

Дела

уреди
 
Црквата Сант'Иво ала Сапиенца

Додека изразните форми на Бернини го следеле класичниот кантон и овој можел да го следи примерот на Микеланџело, Боромини се мачел низ поединечното толкување на класичните архитектонски форми да создаде нови содржини. Работел со пластични, органски обликувани и често белобојни внатрешни простори и вдлабнати заоблени фасади. Неговите самоволни откритија му стекнале углед да гради „екстравагантно“, „бизарно“ и „готски“. Пример кој сведочи за ова е внатрешниот двор на дворецот Спада во Рим. Изграден е од мали столбови вметнати наназад, кои оставаат впечаток за продлабоченост којашто всушност не постои во толку изразета мера, како и дека фигурата на крајот од тунелот изгледа поголема отколку што навистина е.

И во текот на подоцнежните години, Боромини заостанувал во однос на Бернини. За единствен свој наследник го прогласил Гварино Гварини. Во 18. век, во времето на доцниот барок, неговиот декоративен стил бил применуван во доста значајни градби од тој период и распространет на повеќе места. Таков пример е црквата Санта Марија Маделена во Рим, изградена во 1735 година од страна на Џузепе Сарди.

Најголем дел од нацртите на делата на Боромини, денес се наоѓаат во музејот Албертина во Виена.

Паметници

уреди
 
Ликот на Франческо Боромини на банкнота од 100 швајцарски франци отпечатена во 1976 година

Со оглед на фактот дека Боромини се родил во денешна Швајцарија, во 1980-тите бил овековечен со тоа што неговиот лик бил прикажан на банкнотите од 100 швајцарски франци.[5] По повод одбележувањето на 400 години од неговото раѓање, под водство на Марио Бота бил изработен дрвен модел со висина од 33 m, чијашто вистинска големина би претставувала исечок од црквата Сан Карло але Кватро Фонтане.

Список на дела

уреди
 
Црквата Сан Карло але Кватро Фонтане

Наводи

уреди
  1. Francesco Borromini, Roma SPQR
  2. Подоцна го нарекувале и „Бисоне“.
  3. Blunt, Anthony. Borromini, Belknap Harvard, 1979, стр. 13
  4. „Borromini's suicide“. Архивирано од изворникот на 2019-02-26. Посетено на 2011-02-05.
  5. Seventh banknote series, 1984

Користена литература

уреди
  • Paolo Portoghesi: Francesco Borromini. Electa, Mailand 1967.
  • Anthony Blunt: Borromini. Belknap Press of Harvard University Press, Cambridge MA 1979, ISBN 0-674-07926-4.
  • Richard Bösel (Hrsg.): Borromini, Architekt im barocken Rom. Electa, Mailand 2000, ISBN 88-435-7383-7, (Ausstellungskatalog).
  • Susanne Kunz-Saponaro: Rom und seine Künstler. Wissenschaftliche Buchgesellschaft, Darmstadt 2008, ISBN 978-3-534-17678-6, стр. 135 ff.
  • Opera del caval. Francesco Boromino, cavata dai suoi originali cioè la chiesa, e fabrica della Sapienza di Roma con le vedute in prospettiva e con lo studio delle proporzioni geometriche, piante, alzate, profili, e spaccati. - Roma : Giannini, 1720.

Надворешни врски

уреди