Микеланџело Буонароти

(Пренасочено од Микеланџело)

Микеланџело ди Лудовико Бонароти Симони (италијански: Michelangelo di Lodovico Buonarroti Simoni; 6 март 147518 февруари 1564), попознат само како Микеланџело — италијански ренесансен вајар, сликар, архитект, поет и инженер кој имал големо влијание врз развојот на западната уметност. И покрај тоа што направил неколку „излети“, надвор од уметноста, неговата разновидност во дисциплните со кои се занимавал била толку уникатна, што се смета за еден од моделите на тоа како еден уметник на ренесансата треба да изгледа, заедно со неговиот пријател Леонардо да Винчи.

Микеланџело Буонароти

Микеланџело, за време на неговиот живот, се сметал за еден од најголемите уметници, и оттогаш па сè до денес останал да биде еден од најталентираните луѓе на сите времиња. Многу од неговите дела, било да се работи за вајарството, сликарството или архитектурата, се едни од најпознатите дела кои некогаш постоеле. Неговото творештво, во секое поле на уметноста, за време на неговиот долг живот е огромно, вклучувајќи ги тука и дописките, скиците и спомените кои се зачувани како дел од него. Според ова тој е најдокументиран уметник во 16 век. Две од неговите најпознати дела, „Оплакување“ (Pieta) и „Давид“, биле извајани пред Микеланџело да наполни 30 години. И покрај неговото дистанцирње од уметноста и сликањето, тој ги насликал двете највлијателни дела во фрескосликарството во историјата на западната уметност, и тоа сцени од „Создавањето на Адам“ на таванот и „Страшниот суд“ на ѕидот над олтарот од Систинската капела во Рим. Како архитект Миекланџело започнал да работи во стилот на маниризмот во Лаврентијската библиотека. На 74 годишна возраст, тој ја добил работата на Антонио ди Сангало, помладиот, како архитект на базиликата Свети Петар, па направил неколку промени во архитектонскиот план. Западниот дел бил завршен според новиот план, а куполата била завршена дури по смртта на Микеланџело, со неколку измени.

Уште една работа која зборува за уникатноста на Микеланџело е фактот кој вели дека тој бил првиот уметник чија биографија била издадена уште додека бил жив. Всушност, две биографии биле издадени за време на неговиот живот. Едната била напишана од Џорџо Васари, истакнувајќи дека Микеланџело претставува врв на сите уметнички достигнувања од почетокот на ренесансата, став кој ја задржал својата важност векови подоцна. Го нарекувале „Il Divino“, што во превод значи божевствен. Еден од неговите квалитети на кој најмногу му се восхитувале неговите современици била неговата “teribilita”, способност на препознавање и умешност кои предизвикуваат стравопочит. Многу од уметниците се обиделе да го имитираат тој негов страсен и специфичен стил, кој подоцна ќе претставува зачеток за Маниризмот, следното главно уметничо движење на западот, по ренесансата.

Живот и дела уреди

Детство уреди

 
Мадона на скалите, 1490-1492

Микеланџело е роден на 6 март 1475 година, во Капрезе (денес познато како Капрезе Микеланџело), во близина на Арецо, во Тоскана. Неговите предци со генерации работеле скромно како банкари во Фиренца, меѓутоа неговиот татко, Лудовико ди Леонардо ди Бонароти Симони, не успеал да ја задржи банкарската работа, па повремено успевал да приграби и некоја пониска позиција во редовите на владата. Кога Микеланџело се родил, татко му бил судски администратор во малото гратче Капрес и локален администратор на Чиуси. Мајката на Микеланџело била Франческа ди Нери дел Минато ди Сиена. Семејството од страната на татко му верувале дека води потекло од контесата Матилде од Канос. Ова тврдење останува недокажано, иако се претпоставува дека самиот Микеланџело верувал во тоа. Неколку месеци по неговото раѓањето, семејството се вратило во Фиренца, каде Микеланџело бил одгледан. Подоцна, за време на долготрајното боледување и после смртта на неговата мајка, во 1481 година, кога имал само 6 години, Микелаџело живеел со еден каменорезец и неговата сопруга, заедно со едно семејство во Сетињано, каде што неговиот татко поседувал каменолом за мермер и мала фарма. Џорџо Васари го цитира Микеланџело, велејќи : „Ако постои барем малку добрина во мене, тоа е затоа што бев роден во еден толку суптилен дел од нашата земја, Арецо. Заедно со млекото кое ми го носеше дадилката, ми даваа и детско длето и чекан, со кои ги создавав моите фигури.“

Како младо момче, неговиот татко го пратил Микеланџело на јазични студии во Фиренца заедно со хуманистот Франческо да Урбино. Младиот уметник не покажал голем интерес за школувањето. Повеќе сакал да ги прецртува сликите од црквите и да трага по друштво на уметници. На само 13 години, Микеланџело станал ученик на сликарот Доменико Гирландајо. А кога наполнил 14 години , неговиот татко го наговорил Гирландајо дури и му плаќа на Микеланџело, што тој ја посетува неговата школа, што било многу необично за тоа време. Во 1489 година, владетелот на Фиренца, Лоренцо де Медичи побарал од Гирландајо да му ги прати неговите двајца најдобри ученици, се разбира тоа бил Микеланџело, заедно со Франческо Граначи. Од 1490 година до 1492 година, Микеланџело ја посетувал Академијата на Медичи, основана напоредно со неоплатонските погледи, во која учел за хуманизмот. Го изучувал вајарството под диригентска палка на Бертолдо ди Џовани. Низ академијата, не само на надворешниот изглед, туку и на самите негови дела можеле да се забележат влијанија од многу прочуени филозофи и писатели до тоа време, како што се Марсиљо Фиконо, Пико дела Мирандола и Поличиано. Во тоа време Микеланџело ги вајал делата „Богородица во карпите“ (1490 – 1492 година ) и „Битката на кентаурите“ (1491 – 1492 година ). Второто било поттикнато од тема на Поличиано, а било правено по нарачка на Лоренцо де Медичи. На 17 годишна возраст, Микеланџело се здобил со удар во носот од неговиот соученик во вајарската школа на Бертолдо ди Џовани, Пјетро Ториџиано. Тоа оставило трајна деформација на неговото лице, видлива на сите негови портрети.

Полнолетство уреди

Смртта на Лоренцо де Медичи, на 8 април 1492 година, донела пресврт во животот на Микеланџело. Тој го напушта покривот на школата на Медичи и се враќа во домот на неговиот татко. Во следните месеци на дрво го изрезбарил „Исусовото распетие“ (1493 година) како подарок за игуменот на фиренската црква Санто Спирито (Светиот дух), кој за возврат му дозволил да изведува анатомски истражувања врз труповите во црковната болница. Помеѓу 1493 година и 1494 година, Микеланџело купил блок од мермер на кој сакал да изработи многу поголема од веќе постоечката статуа на Херкул, која била испратена во Франција, а потоа случајно исчезнала некаде околу 18 век. На 20 јануари 1949 година по обилните снежни врнежи, наследникот на Лоренцо, Пјеро де Медичи, нарачал изработка на снежна статуа, и Микеланџело повторно се нашол во редовите на школата.

Истата година Медичиеви биле протерани од Фиренца како резултат на спроведувањето на власта на Савонарола. Микеланџело го напуштил градот уште пред завршувањето на политичките пресврти, селејќи се во Венеција, а потоа во Болоња. Таму бил ангажиран да ги заврши малите фини фигури на олтарот на Св. Доминик, во црква посветена на овој светец. Кон крајот на 1494 година, политичката ситуација во Фиренца била помирна. По поразот на Чарлс VIII, градот кој најпрво се наоѓал под закана на Франција, веќе бил безбеден. Микеланџело се вратил во Фиренца, меѓутоа не успеал да добие никаква понуда за работа од новата управа на градот под власт на Савонарола. Се вратил да работи за Медичи. За време на шесте месеци кои ги поминал во Фиренца, работел на две мали статуи, и тоа статуа на „Малиот Св. Јован Крстител“ и „Заспаниот Купидон“. Според Кондиви, Лоренцо ди Пјерфранческо де Медичи, кој првично ја изработил статуата на Св. Јован Крстител, побарал од Микеланџело да ја поправи „така што треба да изгледа како да била запалена, за да може да ја испрати во Рим и да ја продаде за многу повисока цена како антиквитет.“ Кардиналот Рафаело Ријарио, на кој Лоренцо му ја продал статуата, открил дека се работи за измама, меѓутоа бил толку воодушевен од квалитетот на изработката, што ги поканил уметниците во Рим. Овој случаен успех во продажбата, како и затегнатата ситуација во Фиренца, го охрабриле Микеланџело да ја прифати понудата на кардиналот.

Рим уреди

 
Пиета

Микеланџело пристигнал во Рим на 25 јуни 1496 година на 21 годишна возраст. На 4 јули, истата година, бил ангажиран од кардиналот Рафаело Ријарио, да направи огромна статуа на римскиот бог на виното Бахус. Меѓутоа, по завршувањето, кардиналот Ријарио не го прифатил делото и истото подоцна се нашло во дворот на банкарот Џакомо Гали, како дел од неговата колекција.

Во ноември 1497 година, францускиот амбасадор на Holy See (Света столица – Sancta Sedes), ја нарачал изработката на едно од неговите најпознати дела, „Оплакување“, но Микеланџело ја прифатил понудата дури во август, следната година. Мислењето на неговите современици за ова дело гласи – „откривање на сите квалитети и сили кои ги поседува вајарството како уметност“, а пак Васари само поткрепил – „навистина е чудо како еден обичен камен може да се претвори во такво совршенство, какво што ни природата не може да создаде“.

Во Рим, Микеланџело живеел во близина на црквата Санта Марија ди Лорето. Според легендата, токму на тоа место се заљубил во Виторија Колоња, маркиза од Пескара и поетеса. Домот на Микеланџело бил демолиран во 1874 година, а оние малкуте остатоците од градбата, зачувани од новите сопственици биле уништени во 1930 година. Според шпекулирањата на скептиците, Микеланџело за време на овјо период ја довршил статуата на „Лакон и неговите синови“, која се наоѓа во Ватикан.

Статуата на Давид уреди

 
Давид

Микеланџело се вратил во Фиренца во перидот помеѓу 1499 до 1501 година. По падот на анти ренесансниот свештеник и водич на Фиренца, Гироламо Савонарола, (погубен во 1498 година) и со доаѓањето на власт на „знаменосецот“ Пјеро Содерини, работите во државата веќе се менувале. Конзулите на градскиот сојуз (еснаф), побарале од Микеланџело да го заврши недовршениот проект на Агустино ди Дучио, започнат пред 40 години – џиновска статуа на Давид, како симбол на фиренската слобода, која ќе биде сместена на плоштадот „дела Синориа“, наспроти Палацо Векио (Стара палата). Микеланџело прифатил и во 1504 година, го завршил своето најпознато дело, „Статуата на Давид“. Ова ремек дело, изработено од мермерна плоча од каменолом во Карара, на кое претходно веќе се работело одново ја потврдува еминентноста на Микеланџело како вајар, неговата посебна техника и моќта на фантазијата.

Исто така, за време на овој период, Микеланџело го насликал „Светото семејство и Св. Јован“ исто така познато како “Doni Tondo” или „Светото семејство на заштитникот (tribune)“. Ова дело било насликано по нарачка за бракот на Анџело Дони и Мадалена Стрози, а во 17 век, било закачено во просторија позната како „Трибуна“ во музејот во Уфици. Постои можност да ја насликал и „Богородица со Исус и Св. Јован крстител“, позната уште и како „Голема Богородица“, која се наоѓа во Националната Галерија, во Обединетото Кралство, во Лондон.

Таванот на Систинската Капела уреди

 
Создавањето на Адам

Во 1505 година, Микеланџело бил повикан од новоизбраниот папа Јулиј II, да се врати назад во Рим. Добил задача да го изгради надгробниот споменик на папата. Иако под негов надзор, Микеланџело постојано ја занемарувал работата на споменикот, како би можел да заврши безброј други задачи. Токму поради тоа, работел на споменикот цели 40 години и никогаш не го завршил. Негова главна одлика е статуата на Мојсеј и е сместен во црквата Св. Петар во Винколи, во Рим.

Во овој период, Микеланџело ја прифатил задачата да го наслика таванот на Систинската капела, за чија изградба биле потребни приближно 4 години (1508 година – 1512 година). Според Микеланџело, Браманте и Рафаел биле тие кои го убедиле папата да му ја додели оваа задача на Микеланџело мислејќи дека тој нема никакво познавање за тематиката која требало да ја наслика. Целта на целата замисла била Микеланџело да се соочи со неповолни и непријатни споредувања со неговиот соперник Рафаел, кој во тоа време бил на врвот на неговата кариера како прв фрескосликар. Сепак, оваа приказна, како факт е отфрлена од современите историчари кои се засноваат на моменталните докази, единствено може да се согледа како одраз на личната перспектива на Микеланџело.

На почетокот задачата на Микеланџело била да ги наслика 12те апостоли над ѕвездено небо, меѓутоа се одлучило за поинаква и посложена шема, претставувајќи го Создавањето, Падот на човештвото, Ветувањето за спасение, преку пророците и Генеалогијата (историјата на семејството на) на Исус. Делото ја опфаќа речиси целата декоративна шема на палатата и претставува голем дел од доктрината на Католичката црква.

Конечната верзија на делото е составена од 300 карактери, а во централното подрачје се наоѓаат девет поглавја од „Книгата за настанокот“ поделени во три групи, „Создавањето на земјата“, „Создавањето на човештвто и негово уништивање од Божјото милосрдие“ и на крај, обликот на човештвото прикажан преку Ное и неговото семејство. На заоблените ѕидови кои го крепат таванот се насликани 12 мажи и жени кои го проповедаат доаѓањето на Исус. Има седум пророци од Израел и 5 пророчици.

Меѓу најпознатите дела насликани на таванот се – „Создавањето на Адам“, „Адам и Ева во Ендемската градина“, „Големата Потоп“ и „Пророкот Исаја“, а околу прозорците се насликани предцитее на Исус.

Папите од семејството Медичи уреди

 
Капелата за семејството Медичи

Во 1513 година, папата Јулиј II починал, а неговиот наследник папата Лав X, исто така од семејството Медичи, го ангажирал Микеланџело да ја реконструира и преправи фасадата на базиликата на Св. Антонио во Фиренца и да ја украси со скулптури. Тој прифатил без некое огромно воодушевување. Следните три години ги поминал правејќи скици и модели за фасадата, а се обидел да отвори и каменолом за мермер во Пјетрасанта од каде ќе ги црпел материјалите токму за овој проект, меѓутоа пред започнувањето на каква било работа, целиот проект бил откажан поради повлекувањето на финансиите од покровителите. Па така фасадата на базиликата го задржала стариот изглед до ден денес.

Без ни ронка срам од претходното повлекување на финансиите, семејстовто Медичи, по неколку години повторно го ангажирала Микеланџело, овој пат да направи атхитектонски план за семејната погребна капела во базиликата на Св. Лоренцо. За среќа на семејството, Микеланџело ја прифатил понудата и работел на овој проект речиси десет години, овој пат завршувајќи го докрај.

Во 1527 година, граѓаните на Фиренца, охрабрени од хаотичната ситуација во Рим, ја отфрлиле власта на семејството Медичи и ја обновиле државата. Додека градот бил сè уште под опсада, Микеланџело тргнал да помогне во фортификацијата (военоинженерска наука за утврдување на местата) на неговата сакана Фиренца и се задржал таму цела година (од 1528 до 1529 година). Обидите за ослободување на градот биле неуспешни, па во 1530 година, семејството Медичи повторно ја презело власта. Без никакво двоумење, разочаран од неправедното владеење на Медичиеви, Микеланџело ја напуштил Фиренца во средината на 1530 година, оставајќи го неговиот помошник да ја доврши нивната семејна капела.

Последните проекти во Рим уреди

 
„Страшниот суд“

„Страшниот суд“ е фреска насликана на ѕидот над олтарот во Систинската капела на барање на папата Клементе седми, кој починал набрзо по ангажирањето на Микеланџело. Папата Павле III бил оптимист дека Микеланџело успешно ќе го започне и ќе го заврши овој проект. Тој работел на фреската од 1534 година, до октомври 1541 година. Делото е масивно и се протега преку целиот ѕид позади олтарот во Систинската палата. „Страшниот суд“ е приказ на Второто пришествие на спасителот Исус по апокалипсата, каде човековите души се издигнуваат, препуштајќи се и следејќи ја верата и чекајќи го судот на Исус, кој е опкружен со другите светци. Се претпоставува дека местоположбата на фигурата на Исус во ова дело, всушност е посветена на позицијата која ја има Исус во „Вознесението Христово“, дело на Мелоцо де Форли, кое најпрво се наоѓало во Црквата на Св. Апостоли, а денес се наоѓа во Квириналскиот Дворец.

Откако Микеланџело завршил со сликањето на голите тела на Исус и Дева Марија, многу од свештениците биле незадовлони и гледале на тоа како на богохулство, дури кардиналот Карафи и епископот Сернини (кој бил амбасадор на Мантова), побарале фреската да биде отстранета или цензурирана, на што папата се спротивставил. По смртта на Микеланџело, било одлучено гениталиите од фреската да бидат покриени (“Pictura in Cappella Ap. Ca coopriantu”). За таа цел, бил ангажиран Даниел де Волтера, кој му бил ученик на Микеланџело. Негова задача била да наслика појаси околу бедрата, оставајќи ги останатите делови на телото недопрени, онакви какви што Микеланџело ги насликал. По реставрацијата на делото, во 1993 година, многу од конзерваторите одлучиле да ги задржат појасите насликани од Даниел, оставајќи дел од нив како историски доказ, бидејќи многу од делата на Микеалнџело биле оштетени и изгребани од други уметници кои восхитувајќи се на ремек делата, сакале само да ги допрат. Веродостојна нецензурирана копија на оригиналот, насликана од Марсело Венусти, се наоѓа во националнито музеј на Капо ди Монте во Неапол.

Често се случувало делата на Микеланџело да бидат цензурирани. Бил опишуван како „творец на вулгарното“, што на италијански оригинален превод би значело „свинска работа“. Озлогласената кампања на Католичката обнова наречена „лист од смоква“, чија цел било да ги прерпави сите уметнички дела и скулптури на кои биле видливи човечки гениталии, започнала со познатите дела на Микеланџело. Мермерната статуа на „Исус Спасителот“ (која се наоѓа во црквата „Св. Марија сопра Минерва“, во Рим), била прекриена со завеса и тој изглед го задржала до ден денес. Исто така и статуата на голиот Исус претставен како дете во рацете на „Богородица од Брухе“ (која се наоѓа во „Богородичната црква“ во Брухе, Белгија), била прекриена со векови. На копија на статуата на Давид, направена од гипс, која се наоѓа во Архитектонскиот двор во музејот на Викторија и Алберт, во Лондон, била поставена кутија во која стоел лист од смоква за „хитни случаи“. Имено, доколку во дворот влезе некој од женскиот дел на кралското семејство, за да не се чувствува непријатно, листот од смоква веднаш се поставувал на статуата.

Во 1546 година, Микеланџело бил ангажиран да го направи архитектонскиот план за базиликата на Св. Петар во Ватикан и добил задача да ја дизајнира нејзината купола. Како што напредувала работата на базиликата, така растела загриженоста дека Микеланџело ќе почине пред куполата воопшто да биде завршена. Сепак, како што започнало да се привршува подножјето на куполата, и прстенот за потпора било повеќе од јасно дека дизајнирањето ќе го доживее својот крај.

Микеланџело починал во Рим на 88 годишна возраст (само три недели пред да наполни 89 години). Неговото тело од Рим, било вратено во Фиренца и погребано во базиликата на Светиот Крст, со што се исполнила последната желба на маестралниот уметник, да биде погребан во неговиот омилен град.

Последна пронајдена скица уреди

На 7 декември 2007 година, скица направена со црвена креда за куполата на базиликата на Св. Петар, кое било негово последно изработено дело, пред неговата смрт (во 1564 година), била пронајдена во Ватиканските архиви. Ваквите скици се прекногу ретки, со оглед на тоа дека по завршувањето на некое дело ги уништувал сите скици направени за истото. Пронајдената скица го содржела делумниот план за еден од радијалните столбови од врвот на куполата на Св. Петар.

Оспорувани дела уреди

Многу од делата кои му се препишуваат на Микеланџело се оспорувани. Такви се скулптурата „Оплакување“ и сликите на „Голема Богородица“ и „Измачувањето на Св. Антонио“, која денес се наоѓа во музејот на уметност Кимбел, во САД (претходно постоеле докази дека е изработена во ателјето на Доменико Гирландајо, а потоа следеле два неуспешни обиди да се докаже дека е насликана од раката на Микеланџело). Покрај овие неколку, скулптрурата на „Заспаниот Купидон“, која била реоткриена во Француската амбасада во Њујорк во 1996 година (која моментално е позајмена од Митрополитскиот музеј на уметност), исто така се препишува на Микеланџело, меѓутоа без никакви веродостојни докази.

Архитектура уреди

 
Лаврентијската библиотека

Микеланџело работел на многу проекти кои претходно веќе биле започнати од други архитеки. Од таквите дела најпозната е базиликата на Св. Петар во Рим. Микеланџело го дизајнирал и Кампидоли, кој требало да ја дополни градбата и обемот на римскиот врв Капитол. Неговата форма која повеќе наликувала на ромб, отколку на квадрат, требало да го долови ефектот на одмереност. Најважни архитектонски достигнувања, направени во Фиренца биле недовршената фасада за базиликата на Св. Лоренцо, капелата за Медичи, Лаврентијската библиотека и фортификацијата на Фиренца. А пак најважни проекти направени во Рим, биле палатата Фарнес на Св. Петар, Св. Јован од Фиренца, капелата „Сфорца“ во базиликата на Пресвета Богородица, капијата „Пиа“ и Св. Марија маченичка.

Лаврентијската библиотека уреди

Околу 1530тата година Микеланџело го направил дизајнот за Лаврентијската библиотека во Фиренца, како дел од црквата Св. Лоренцо. Работел на еден поинаков стил, со пиластер (сосема малку издаден столб, вграден во ѕид), правејќи ги пошироки на дното а потесни кон врвот, со скалести краци, додавајќи му правоаголни и закривени форми.

Капелата за семејството Медичи уреди

Микеланџело ја дизајнирал капелата Медичи, одлучувајќи на своја рака каков ќе биде нејзиниот конечен изглед. Во капелата на Медичи се наоѓаат споменици посветени на одредени членови на семејството. Микеланџело не го завршил овој проект лично, но неговите ученици го воделе проектот до самиот крај. Лоренцо де Медичи бил погребан во почетниот дел на капелата. Околу саркофагот се наоѓале скулптури на „Богородица и Исус„ и на светците-заштитници на семејството Медичи, Кузман и Дамјан. Статуата „Богородица и Исус“ била направена од самиот Микеланџело. Во 1976 година, како дел од новата ризница, бил откриен ѕидот на ходникот во капелата, исполнет со уметнички слики насликани од Микеланџело.

Приватен живот уреди

Приватно, Микеланџело бил многу скромен човек. Во една пригода, тој му рекол на својот ученик Кондиви – „колку и да сум богат, јас секогаш ќе живеам скромно, дури и сиромашно“. Кондиви објаснува дека тој бил компплетно рамнодушен кон храната и алкохолот, јадел „повеќе од потреба, отколку од задоволство“, исто така напоменувајќи дека „често спиел во обичната, дневна облека и со...чизми“. Се претпоставува дека токму ваквите негови навики го направиле неомилен и непопуларен. Паоло Џиово, човекот кој ја пишувал биографијата на Микеланџело вели :: – „тој по природа беше толку груб и прост, а неговите домашни навики, одвратни, што ниту еден ученик не се осмелуваше да го следи во потполност“. Никогаш не беше расположен, беше меланхоличен и ја сакаше самотијата. Имал репутација на “bizzarro e fantastic“, што значи необичен, налудничав, фантазер. Се здобил со овие псевдоними бидејќи самиот се лишувал од какви било контакти со луѓето.

Сексуалност уреди

 
Виторија Колоња

Според неговите дела, повеќе од очигледно е дека се восхитувал на голотијата која се појавила како стил во текот на ренесансата. Но не само тоа. Суштинско значење има и неговото воодушевување пред машката убавина, која повеќе од сигурно го привлекувала како естетски така и сексуално. Донекаде, ова „величење“, се појавува речиси кај сите уметници бидејќи ренесансата како правец развива идеализирање на машкоста. Начинот на изразувањето на Микеланџело може да се разгледува од две страни, како неоплатонско невино воодушевување или пак како јавно хомосексуално. Еден пример кој посочува кон второто,поврзан за оваа мистерија е смртта на Чечинио де Брачи, кој починал само една година по средбата со Микеланџело во 1543 година. Тоа го инспирирало уметникот да напише 48 погребни епиграми, кои според некои толкувања не алудираат само на емотивна, туку и на физичка врска.

“Неговото тело во земјата лежи, а јас тука,
лишен од неговиот неодолив поглед и пријатна аура,
сè уште сум му верен и се радувам,
повторно да го прегрнам..Во него мојата душа сè уште живее.“
(извадок од еден од погребните епиграми за Брачи)

Според други толкувања овие докази посочуваат на емотивно, префинето и учтиво обраќање како резултата на платонски дијалог, перцепирајќи ја еротската уметност како израз на едно благородно чувство (тука се зема предвид фактот дека во 16 век, уметноста како чин преку кој се изразуваат емоции била далеку поотворена и понеосудувана во споредба со денес).

Всушност, историски гледано, „братската“ и несексуална љубов помеѓу двјаца мажи, не била воопшто невообичаена за овој период. Дејвид Херберт Доналд и група историчари, посочуваат дека во минатото, немало ништо чудно во тоа двајца мажи да ја делат постелата како резултата на финансиски или други слични непогодности, без притоа под прашалник да биде ставена нивната сексуална определба.

Неколку млади момчиња мудро ја искористиле слабоста на Микеланџело.Во 1532 година, тој му напишал љубовна поема на Фебо ди Поџи, кој возвраќајќи му со шарм и посветеност, се обидел да извлече пари од него. Една година пред тоа, Герардо Перини бесрамно крадел од Микеланџело. Уметникот се обидувал на секој начин да ја заштити својата приватност. Николо Квартези кој му бил пријател на Микеланџело имал отоврено работилница. Еден од вработените таму, сакајќи да го запише својот син во школата на Микеланџело, му посочил дека е навистина талентиран, ветувајќи му дека ако треба ќе биде добар и во кревет. Микеланџело со гадење го одбил, барајќи од неговиот пријател Квартези, веднаш да го отпушти тој човек.

Највпечатливи се писмата во кои Микеланџело ја искажува љубовта кон Томазо де Кавалјери (1509 – 1587 година), кој имал само 23 години кога го, во 1532 година, запознал уметникот кој тогаш имал 57 години. Ниту Кавалјери не го криел воодушевувањето кон Микеланџело – „ Ветувам дека ќе ти ја возвратам љубовта. Никогаш претходно не сум сакал некого онака како што те сакам тебе, никогаш така силно не сум копнеел по пријателство како што копнеам за твоето...“ Тој му останал верен на Микеланџело сè до крајот на животот.

Микеланџело напишал повеќе од триста сонети и мадригали. Најголемиот дел од поемите биле посветени на Кавалјери. Некои од современите коментатори изјавуваат дека нивната врска била чиста платонска привлечност, посочувајќи ја можноста дека Микеланџело на него гледал како на свој син. Сепак, хомоеротската природа на нивната врска била добро позната во тој период, иако правнукот на Микеланџело, Микеланџело помладиот, се обидел да ја прикрие вистината, објавувајќи изданије од дел од поезијата на неговиот прадедо, во 1623 година, менувајќи го родот на заменките во поемите. Британскиот поборник на хомосексуалноста, Џон Адингтон Симондс, ја расветлит вистината која Микеланџело помладиот се обидел да ја скрие, преведувајќи ги оригиналните сонети на англиски јазик кои ги објавил заедно со биографија од два тома во 1893 година.

Сонетите се првиот поголем дел од низата поемите преведени на многу јазици, напишани од еден маж за друг. Потоа следеле сонетите на Шекспир посветени на млади момчиња.

„Чувствувам топлина од оган на мојот ладен лик
кој оддалеку ме затоплува и одеднаш се лади...
Очаен сум да ги почувствувам тие две цврсти раце
кои без да направат никакво движење го поместуваат целиот мој свет..“
- ( превод на Мајкл Саливан )

Во поодминатите години, Микеланџело гаел огромна љубов за маркизата Виторија Колоња, која била поетеса, чиј сопруг бил починат. Тие двајца се запознале во Рим некаде помеѓу 1536 и 1538 година, кога Виторија имала околу четириесетина години. И двајцата пишувале сонети кои си ги посветувале еден на друг. Останале во постојан контакт сè до нејзината смрт. Кондиви потстетувајќи се на Микеланџело, изјавил дека единствено нешто за кое уметникот се каел до крајот на животот, е што никогаш не успеал да го бакне лицето на Виторија, онака како што и ги бакнувал рацете.

Сигурни докази за тоа дали Микеланџело имал емотивно физички врска не постојат, (Кондиви го опишува како „девствен монах“), меѓутоа неговата поезија и визуелната уметност, вклучувајќи ги тука сите скултури, статуи и слики кои ги создал, доволно говорат за опсегот на неговата фантазија.

Влијание уреди

Во песната „Светилници“, францускиот поет Шарл Бодлер го опејува Микеланџело нарекувајќи го „мрачен“.[1]

Надворешни врски уреди

  1. Шарл Бодлер, Цвеће зла. Београд: Култура, 1970, стр. 18-19.