Џакомо Леопарди (Реканати, 29 јуни 1798 - Неапол, 14 јуни 1837) — италијански поет и писател. Неговата поезија е израз на неговиот песимистички став кон човековото битисување. Во стих и проза, тој создал „силен“ јазичен израз. Главни негови дела се „Песни“ и „Дијалози и есеи“.

Џакомо Леопарди
Giacomo Leopardi
Џакомо Талдегардо Франческо ди Салес Савеиро Пјетро Леопарди
ЗанимањеПоет, есеист, Филозоф, филилог[1]
НационалностИталијанец
Книжевно движењеРомантизам, Класицизам, Песимизам
Значајни делаCanti
Operette morali
Zibaldone

Животопис уреди

Џакомо Леопарди е роден на 29 јуни 1789 година, во Реканати, во областа Марка д'Анкона, како прв син на грофот Моналдо и Аделаида Античи. Татко му поседувал определена култура, но им робувал на догматизмот и на предрасудите, така што во раната младост ниту Џакомо не можел да се ослободи од некои реакционерни сфаќања кои ги наследил од својот татко. Уште на возраст од десет години, Леопарди го започнал своето „лудачко и очајничко учење“ во татковата библиотека. До неговата 14. година негов учител бил езуитот Санкини, Леопарди веќе претходно го надминал со знаењето и со ерудицијата, така што неговиот учител имал само формална улога во образованието на Леопарди.[2] Својата страст кон учењето и читањето Леопарди ја опеал во својата песна „На Силвија“, во која вели: „работата на перото и милото четиво, кои го трошеа најдобриот дел од моите младешки денови“.[3] Меѓутоа, прекумерното читање предизвикало сериозни нарушувања во неговиот организам, што предизвикало подоцна да се разболи од сколиоза, а кревкото здравје во голема мера влијаело врз формирањето на неговите песимистички погледи.[2]

Многу брзо, животот во провинциското место Реканати почнал да го ограничува Леопарди, кој настојувал да се ослободи од мачниот провинциски живот. Според неговото сопствено признание, тој бил многу несреќен, а тоа го опишува во песната „Спомени“ во која вели: „Нити срцето ми знаеше дека ќе бидам осуден овде да го трошам младото доба во родниот, див град, меѓу народот прост... кому често... науката и знаењето му служат за смеа и за шега“, а како последица на тоа, „во овој свет нечовечки, со болка, сув живот...овде станувам презирач на луѓето, поради стоката што е околу мене“.[4] Сепак, дури во 1822 година, тој успеал да се оттргне од Реканати, посетувајќи го Рим, како гостин на вујко му Карло Античи.[5] Од престојот во Реканати треба да се одбележи големата љубов на Леопарди - Тереза Фаторини, ќерката на кочијашот на семејството Леопарди.[6] Оваа љубов ја опишува во песната „На Силвија“, пеејќи: „... од балконот на татковата куќа, го прислушкував звукот на твоето пеење...“.[3]

Во периодот од 1823 до 1828 година, Леопарди често патувал во Болоња, Милано, Фиренца и Пиза. Во април 1830 година, тој конечно го напуштил Реканати и, по подолг престој во Фиренца и во Рим, конечно се населил во Неапол, каде живеел во куќата на пријателот Антонио Раниери. Во тоа време, неговото здравје се влошило, а тој бил несреќно вљубен во убавата Фани Тарџони-Тоцети. Леопарди умрел на 14 јуни 1837 година, во Неапол, во куќата на Антонио Раниери.[7]

Творештво уреди

Леопарди почнал да пишува многу рано, уште на возраст од 14 години, кога започнал и да ги преведува класиците. Во 1815 година го напишал „Есејот за грешките на античките народи“, а една година подоцна и својата прва „оригинална“ поема, „Приближување на смртта“. Истовремено, тој работел на филолошки истражувања на класичните дела и во 1817 година почнал да се допишува со кнезот Пјетро Џордани, ерудит и познат писател во тоа време. Меѓутоа, пресвртна точка во неговото творештво е 1818 година, кога напишал две песни, „На Италија“ (напишана во Реканати, а објавена во 1819 година, во Рим) и „За споменикот на Данте“ кои вообичаено се сметаат за почеток на неговото вистинско поетско творештво. Во нив јасно се гледаат границите на неговото рано поетско творештво, одредена тесноградост во третирањето на патриотските мотиви (на пример, песната „На Италија“ му е посветена на најголемиот книжевен камелеон од тоа време, Виченцо Монти) и големото влијание на класичното образование насобрано во татковата библиотека. Песната „На Италија“ зборува за состојбата во Италија по Наполеоновите војни и ги повикува Италијанците да се борат за татковината. Во тој поглед, во првите две строфи се чувствува влијанието на патриотската песна на Петрарка, „Италијо моја“. Но, песната е само делумно посветена на Италија, зашто почнувајќи од четвртата строфа таа се претвора во химна посветена на славата на Стара Грција, а овие строфи се инспирирани од еден фрагмент на старогрчкиот поет Симонид. Со оваа песна започнува збирката на Леопарди, „Песни“ (Canti).[2][8]

Во 1819 година, Леопарди ги напишал првите две („Бесконечност“ и „На Месечината“) од шесте песни кои ги објавил под насловот „Идили“ во миланското списание „Nuovo Ricollitore“ во декември 1825 и јануари 1826 година, а подоцна и во збирката „Стихови“, објавена во Болоња, во 1826 година. Овие две песни се сметаат меѓу најдобрите лирски состави од неговиот прв книжевен период. Следната година ги напишал песните „На Анџело Маи“ и „Вечер на празничниот ден“ (напишана во Реканати, веројатно во 1820 година) од кои втората ја најавува неговата зрела поетска фаза од т.н. „Големи идили“. Во оваа песна, Леопарди ја опеал својата тага поради личните неволји (во песната се споменува љубовта кон една девојка за која се претпоставува дека била Серафина Базвеки од Реканати), како и тагата поради минливоста на световните нешта. До септември 1823 година, кога ја напишал песната „На својата мила“, која се смета како последна песна од неговиот прв период, тој напишал уште неколку песни, од кои поважни се: „Сон“, „Осамен живот“, „Последната Сафина песна“ (напишана во 1822, а објавена во 1824 година) и „На пролетта“. Со песната „На мојата мила“ од септември 1823 година завршува првата, младешка фаза по што настапила четиригодишна пауза во поетското творештво на Леопарди. Првиот период од творештвото на Леопарди ги содржи одликите кои подоцна ќе се развиваат во неговата постојана книжевна еволуција - настојувањето да се надминат рамките на провинцискиот живот, реакционерното воспитување и кревкото здравје.[9][10]

Во паузата меѓу првата и втората фаза од поетското творештво Леопарди ги напишал првите 20 „Мали морални дела“ (Operette morali), кои не претставуваат посебен вид во неговото творештво, туку целосно се вклопуваат во она што го напишал тој. Во нив се истакнати основните одлики на неговиот песимизам, но поради фрагментарноста и отуството на философски систем, тие не можат да се сметаат за философска расправа, туку како песни во проза („Песната на дивиот петел“), дијалози („Дијалогот меѓу Маламбруно и Фарфарел“) или книжевно-философски есеи („Парини или за славата“).[6]

Во 1828 година, Леопарди ги напишал песните „Воскреснување“ и „На Силвија“ со кои започнува вториот период од неговото поетско творештво, т.н. „Големи идили“. „На Силвија“ (напишана во Пиза, во април 1828 година, а првпат објавена во фјорентинското издание на „Песни“ од 1831 година) е една од неговите најлирски и најпознати песни, а Силвија (поетско име за Тереза Фаторини, која живеела наспроти куќата на Леопарди во Реканати, а умрела од туберкулоза во 1818 година), заедно со подоцнежната Нерина, во италијанската книжевност претставуваат синоними на идеалната жена, рамо до рамо со Беатриче и Лаура. Во 1829 година, тој ги напишал песните „Спомени“ (напишана во Реканати, откако по подолго време, Леопарди се вратил во родното место), „Сабота в село“ и „Тишина по бурата“, а подоцна и неговата најдобра песна „Ноќна песна на еден овчар-скитник во Азија“. Таа била напишана меѓу октомври 1829 и април 1830 година, во Реканати, а првпат објавена во фјорентинското издание на „Песни“ од 1831 година. Идејата за оваа песна Леопарди ја добил од патописот на баронот Маендорф, „Патување од Оренбург до Бухара во 1820 година“, кој бил објавен во списанието „Journal des Savants“ од септември 1826 година. Песните од овој период претставуваат врвни остварувања во италијанската лирика, а во сите нив се присутни истите мотиви: спомените на изгубената младост, изгубената среќа и размислувањата за бедата и ништожноста на човечкиот живот. Сепак, наспроти честото споменување на смртта, во овие песни победнички проникнува животот, прикажан во такви тонови и бои како во најдобрите сликарски дела.[11]

По заминувањето во Неапол, во 1830 година, Леопарди напишал голем број песни, од кои најистакнати се: „Консалво“, „Себеси“, „Љубов и смрт“ и „Аспазија“ (сите напишани во Фиренца и инспирирани од Фани Тарџони-Тоцети), кои се едни од неговите најзрели дела. За романтичната елегија „Консалво“ се претпоставува дека е напишана во 1832 година, а мотивот на песната, заедно со ликовите на Консалво и Елвира се преземени од поемата „Заземањето на Гранада“ на Џироламо Грацијани.[10] „Љубов и смрт“ е напишана во 1832 година, а во писмото на Леопарди до Фани, од 16 август 1832 година, покрај другото, Леопарди ѝ напишал: „Сепак е сигурно дека љубовта и смртта се единствените убави нешта што ги поседува светот и, навистина, единствените достојни за човекот да ги посакува.“ Песната „Себеси“ е напишана во 1833 година, во времето кога Леопарди преживеал тешки моменти поради тоа што Фани ја отфрлила неговата љубов. „Аспазија“ е напишана во 1834 година, а првпат објавена во неаполското издание на песните на Леопарди од 1835 година. Аспазија е името на познатата куртизана од Атина, пријателка на Перикле, но Тон Смердел смета дека ваквото толкување е спротивно на содржината на самата песна, туку ова име е изведено од придавката „аспазиос“ што значи мил, драг. Оттука, според него, името Аспазија треба да се толкува како „Сакана“.[12]

Во 1830-тите, Леопарди се трудел да ѝ даде конечен облик на својата поетика при што ги завршил „Малите морални дела“, го подготвил изданието на „Мисли“, ги напишал сатирите „Палинондија на маркизот Џино Капони“, „Нови верници“ и „Пралипомена на Батракомиомахија“, како и двете последни песни, „Метла или цветот на пустината“ и „Заоѓањето на месечината“. Според Сапењо, „Метла“ претставува највисокиот миг во постојаниот напор на Леопарди да го усогласи својот лиризам со стремежот да му се обрати на човештвото, својата болка да ја стопи во болката на сите луѓе и својот интимен занос да го поврзе со вербата во посилен, но помилосрден свет.[13] „Метла или цветот на пустината“ е најдолгата песна на Леопарди од збирката „Песни“, напишана во Торе дел Греко, во 1836 година. Таа е неговата претпоследна песна, иако во фјорентинското издание на „Песните“ од 1845 година, Антонио Раниери ја ставил на последното место. Во песната е вклучен следниов цитат од Евангелието по Јован: „И луѓето повеќе го сакаа мракот отколку светлината“. „Заоѓањето на месечината“ се смета дека е неговата последна песна, напишана во 1836 година, а можеби и подоцна, во Торе дел Греко, на падините на Везув; според Антонио Раниери, последните шест стихови Леопарди ги напишал неколку часа пред смртта, но тоа е најверојатно само легенда; песната е првпат објавена во фјорентинското издание на неговите песни од 1845 година.[14] Во овој период, поточно на 4 декември 1832 година, Леопарди престанал да го води својот дневник „Забелешки“ (Zibaldone) кој го започнал уште на11 јули 1817 година. Во дневникот, тој ги запишувал своите размислувања и чувства и тој овозможува да се следи развојот на неговата песимистичка животна концепција, а според критичарот Сапењо, и неговата „антиромантичарска философија која ѝ се наметнува на романтичарската чувствутелност“.<ef>„Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 126.</ref>

Основната одлика на творештвото на Леопарди е неговиот песимизам кој, сепак, не претставува заокружен философски систем за непотребноста на живеењето, туку претставува само крик на еден човек кој копнеел по животот, но „безмилосните Парки“ не му дале можност да живее. Оттука, поезијата и прозата на Леопарди не претставува негација на животот, туку копнеж по него. Според Сапењо, целокупното творештво на Леопарди се состои во постојано и само делумно успешно настојување да се надминат ограничувањата на амбиентот на родителскиот дом и воспитувањето од младоста, како и напор да се изрази романтичарската содржина на неговата изворна чувствителност.[15] Творештвото на Леопарди постојано еволуирало, а современите истражувања покажуваат дека во целата италијанска книжевност од тоа време тој намногу реагирал на социјалните проблеми при што неговите ставови еволуирале од религиозноста во неговата прва фаза до негирање на религијата како „горка бајка“ и славење на човечкото братство.[9]

Значење и влијание уреди

Леопарди извршил големо влијание врз развојот на италијанската поезија и без него не може да се замислат основните струења во италијанската поезија на 20 век, а особено херметизмот на Унгарети и Квазимодо. Меѓутоа, според Серџо Солми, Леопарди не извршил големо влијание врз европската книжевност поради рекационерните ставови кои ги попримил во раната младост од татко му. Имено, Леопарди ја сфаќал историјата како еден вид втора природа на човекот - сфаќање кое го разработиле романтичарските философи кои тој речиси воопшто не ги познавал или, пак, инстинктивно ги отфрлал.[16] Јован Дучиќ смета дека Леопарди ќе се чита долго време, и тоа со поголема почит од другите поети, зашто е интересен дури и тогаш кога не е убав.[17]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. www.kirjasto.sci.fi
  2. 2,0 2,1 2,2 Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 128.
  3. 3,0 3,1 Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 23.
  4. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 25-26.
  5. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 129.
  6. 6,0 6,1 Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 130.
  7. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 130-132.
  8. „Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 117.
  9. 9,0 9,1 Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 129-130.
  10. 10,0 10,1 „Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 119.
  11. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 130-131.
  12. „Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 119 и 121.
  13. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 131-132.
  14. „Beleške“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 121-122.
  15. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 128-129.
  16. Srđan Musić, „Đakomo Leopardi“, во: Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, str. 127-128.
  17. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 293.