Данте Алигиери
Данте Алигиери (италијански: Dante Alighieri) (1265 — 13/14 септември 1321) — италијански поет, еден од најголемите ликови во светската литература, славен поради неговите длабоки верски видувања и неговата длабока интелектуалност.[1] Неговата „Божествена комедија“ е најзначајното книжевно дело на средновековниот период и основа на современиот италијански јазик.
Данте Алигиери | |
---|---|
Постхумен портрет на Данте од Сандро Ботичели, 1495 | |
Роден/а | 1265 Фиренца, Италија |
Починат/а | 13/14 септември 1321 Равена |
Занимање | италијански државник и поет |
Животопис
уредиДанте Алигиери е роден во Фиренца во јуни 1265 година, а потекнува од старо, но осиромашено, аристократско семејство. Неговата мајка умрела во неговото детство, а татко му умрел кога Данте имал 18 години. Најбитниот настан од неговата младост била средбата со Беатриче во 1274 година, која најпрвин ја опеал во својата книга „Нов живот“, а подоцна и во неговото најголемо дело „Божествена комедија“.
И покрај скромната општествена положба, Данте учел кај најдобрите учители во тоа време. Во младоста, тој се оженил со Џема Донати со која имал барем три деца.[2] Според Бокачо, сестрата на Данте била омажена за Леон Поџи, а нивниот син Андреа многу личел на Данте, па дури ја имал истата става и истиот начин на одење (бил малку подргбавен).[3] Данте се одликувал со тежок карактер и немал многу пријатели, а поради својата претерана гордост, тој имал многу непријатели. Во неговата младост, најголем пријател на Данте бил поетот Гвидо Кавалканти, додека во периодот на зрелост и староста, негов најголем пријател бил Чино де Пистоја. всушност, поради политичките разлики, Данте го прекинал пријателството со Кавалканти и, како член на владата на Фиренца, го потпишал актот за неговото прогонство, а подоцна не се согласил да му се дозволи враќање во Фиренца.[4]
Данте покажувал голем интерес за сликарството и за музиката, но најголемо значење ѝ придавал на поезијата. Тој ја читал латинската поезија со посебен интерес, најмногу Вергилиј кого го сметал за свој учител. Познато е дека Данте многу читал, а во делото „Convivio“ самиот тој кажува дека од преголемото читање се здобил со заболување на очите.[5] Се знае дека Данте не го имал читано Хомер, но добро го познавал творештвото на Хорациј, Овидиј и Лукијан, како и делата на Сенека.[6] Исто така, тој ги познавал некои записи на лекарот Гален од Пергам, а ги читал и коментарите на Авицена и Авероес на делата на Аристотел.[7] За време на неговото политичко прогонство, Данте читал две книги: „За утехата“ на римскиот писател Боетиј и „За пријателството“ на Цицерон.[8]
Исто така, се знае дека Данте учествувал на забави, ловови, свечености, и во таквиот монденски живот на тогашната Фиренца се родила и се развила неговата љубов кон една фирентинска девојка која ќе биде одредница на неговите дела и животниот пат. Беатриче, како што ја нарекувал Данте, се омажила млада, но според сфаќањата од средниот век, бракот не бил препрека за чистата љубов кон друг човек.
Политичката активност на Данте
уредиУште од раната младост, Данте учествувал активно во општествено-политичкито живот во Фиренца. Така, во 1289 година тој се борел како дел од коњаничката милиција на Фиренца, а потоа учествувал во политичките тела коишто управувале со градот. Извесно време бил во градскиот совет, а на возраст од 25 години бил избран за член на колегиумот од шест члена, кој управувал со Фиренца. Во тоа време, во Фиренца имало две спротивставени политички партии – „Белите“ и „Црните“. Бидејќи нивните борби довеле до долго крвопролевање, по совет на Данте, летото 1300 година, водачите на двете партии биле протерани од Фиренца, а меѓу нив бил и пријателот на Данте, поетот Гвидо Кавалканти. Исто така, Данте настапил енергично против обидот на „Црните“, со поддршка на папата, да се вратат на власт, така што тој бил заслужен за нивното прогонство од градот.[2]
Според една анегдота, кога бил испратен во Рим за да преговара со папата, Данте ркеол: „Ако јас заминам во Рим, кој ќе остане во Фиренца; а ако јас останам, тогаш кој ќе оди?“.[9] Додека Данте се наоѓал во Рим, во својство на пратеник кај папата Бонифациј VIII, „Црните“ се вратиле на власт во Фиренца, благодарение на сплетките на папата, при што започнале серија судења, одмазди и прогонства на политичките противници. Се претпоставува дека Данте се наоѓал во Сиена, кога дознал за пресудата од 27 јануари 1302 година, со која бил осуден на парична казна, на двегодишно прогонство и на доживотно исклучување од јавните функции. Бидејќи не се појавил пред судот за да се оправда и да ја плати казната, со нова пресуда од 10 март бил осуден да биде жив запален, ако падне во рацете на фирентинската општина.[10] Откако во 1302 година бил прогонет од Фиренца, по неколку неуспешни обиди да се врати во градот, летото 1304 година, Данте ги напуштил другарите од партијата на „Белите“ и засекогаш останал во прогонство.[11] Оттука, од 1302 година до смртта, Данте го поминал животот во прогонство, како сведок на жалната судбина на неговите деца, кои исто така биле прогонети. Во 1315 година била донесена нова пресуда со која тој и неговите деца биле осудени на смртна казна. Времето до смртта, Данте го поминал селејќи се од еден до друг град, живеејќи во крајна сиромаштија. Данте умрел ноќта меѓу 13 и 14 септември 1321 година во Равена, каде се наоѓа неговиот гроб.[10]
Творештво
уредиВо раните години од прогонството од Фиренца, Данте напишал две важни дела на латински јазик. Првото е „За народниот говор“ (De Vulgari Eloquentia) од 1304- 1305 во коешто тој го дефинира народниот јазик како средство за литературно изразување и се обидува да воведе критериум за користење на пишуваниот италијански јазик и италијанска поезија. Своите целосни филозофски и книжевни идеи ги изложил во незавршеното дело „Гозба“ (Convivio) од 1304-1307, напишано на народен јазик, кое требало да биде приказ, во 15 книги, на целото знаење во тоа време. Од ова дело биле завршени само првите четири книги. Во делото „За монархијата“ (De Monarchia), напишано на латински јазик, Данте ги изложил своите политички сфаќања за поделба меѓу верската и политичката власт, од кои првата треба да И припадне на црквата, а втората на владетелот. Исто така, тој напишал и неколку други помали дела, како што е „Epistolae“.[12] Важно дело на Данте Алигиери е „Нов живот“ (La vita nuova), кое го напишал непосредно по смртта на Беатриче. Делото се состои од сонети и канцони (љубовни поеми), проткаени со прозни објаснувања. Во него се раскажува за љубовта на Данте кон Беатриче, како и неговото претчувство за нејзината смрт. Делото е едно од најголемите и најубавите примери на љубовна поезија во европската литература.
Сепак, централно место во творештвото на Данте има неговата поезија. Притоа, делото „Рими“ не излегува од рамките на тогашната љубовна поезија, но во него може да се најдат и неколку поетски бисери. Делото „Нов живот“ претставува еден вид автобиографски љубовен роман во кој стиховите напишани во чест на неговата љубов Беатриче се надополнети со прозни текстови во кои се опишува душевната состојба во која се составени тие стихови. Инаку, поетската личност Беатриче ја претставува девојката Биче ди Фолко Портинари, која Данте ја видел уште како дете и во која се вљубил во 1289 година, а набргу таа умрела млада. Во согласност со учењето на поетската школа „Dolce stil nuovo“ на која И припаѓал Данте, во своите стихови Данте ја претставил Беатриче како идеализиран лик на жена која е слична на ангел и која претставува идеал на љубов и возвишена чистота. Притоа, во последната глава на „Нов живот“, Данте ја изразува надежта дека за Беатриче ќе го испее „она што никогаш не е речено ниту за една друга жена“.[12]
Иако не се знае кога е точно напишано делото „Божествена комедија“, се смета дека Данте започнал да работи на неа во времето кога веќе бил во прогонство. Притоа, со сигурност се знае дека „Пеколот“ и „Чистилиштето“ биле завршени пред април 1314 година, додека третиот дел „Рајот“ бил напишан пред крајот на неговиот живот.[13] Иако Данте ја започнал „Божествената комедија“ со намера да го слави ликот на Беатриче, потоа делото добило многу поширок опфат, т.е. тоа претставува портрет на целиот средновековен општествен, политички, филозофски и културен свет. Притоа, Данте ја презел формата на алегоричната поема од средновековната поетска традиција, а во намерата своите сфаќања за потребата од повисока правда да ги направи достапни на пошироката јавност, тој одлучил делото да го напише на народен италијански јазик, наместо на латински јазик, како што било вообичаено да се пишува во тоа време. Поради содржината, која тече од тажен почеток кон среќен крај, и поради разбирливиот јазик на којшто е напишано, делото било наречено „Комедија“, а дури во 16 век тоа било објавено со насловот „Божествена комедија“, како што е познато до ден-денес.[13]
Значење и влијание
уредиСпоред италијанскиот поет Џакомо Леопарди, во Данте гледаме човек со силен дух, кој бил способен да се носи со лошата судбина и неа да ја поднесе, но исто така, им се спротивставувал на судбината и на нужноста.[14] Притоа, Леопарди смета дека меѓу италијанските поети немало и никогаш нема да има еднакви на Данте.[15] Според српскиот поет Јован Дучиќ, денес, Данте најмногу возбудува со својата христијанска тага отколку со своите идеи и со совршената форма.[16] Една песна на полскиот поет Тадеуш Ружевич се вика „Дантеовиот гроб во Равена“.[17] Во 1997 година, српскиот писател Драган Великиќ го објавил романот „Дантеовиот плоштад“.[18]
Надворешни врски
уреди- Stanford Encyclopedia of Philosophy: Biography, on his works and bibliography
- The World of Dante multimedia, texts, maps, gallery, searchable database, music, teacher resources, timeline
- Danteworlds multimedia
- The Princeton Dante Project Архивирано на 3 јуни 2009 г. texts and multimedia
- The Dartmouth Dante Project searchable database of commentary
- Società Dantesca Italiana (bilingual site) manuscripts of works, images and text transcripts
- "Digital Dante" – Divine Comedy with commentary, other works, scholars on Dante
Наводи
уреди- ↑ Poetika humanizma i renesanse. Beograd: Prosveta, 1963, стр. 35.
- ↑ 2,0 2,1 Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 223-224.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 199.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 183.
- ↑ Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 14.
- ↑ Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 25-26.
- ↑ Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 26.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 51.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 378-379.
- ↑ 10,0 10,1 Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 224.
- ↑ Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 60.
- ↑ 12,0 12,1 Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 225.
- ↑ 13,0 13,1 Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 226.
- ↑ Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 115.
- ↑ Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 116.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 293.
- ↑ Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 180-181.
- ↑ Dragan Velikić, Islednik, peto izdanje. Beograd: Laguna, 2016, стр. 269.