Џакомо Пучини
Џакомо Антонио Доменико Микеле Секондо Марија Пучини (италијански правопис: Giacomo Antonio Domenico Michele Secondo Maria Puccini) (22 декември 1858 - 29 ноември 1924) ― италијански оперски композитор, претставник и предводник на музичкиот правец Веризам, еден од најголемите оперски композитори на сите времиња, сметан за директен наследник на Џузепе Верди. Мајстор за женските ликови, кои секојпат играат доминантната улога во неговите дела, но и во неговиот живот. Ревносен фанатик, речиси без некој особен музички талент, сиот свој успех го должи на макотрпната работа. Денес неговите опери се неизбежен репертоар на сите помали или поголеми оперски куќи низ светот.
Џакомо Пучини | |
---|---|
Џакомо Пучини | |
Родено име | Џакомо Антонио Доменико Микеле Секондо Марија Пучини |
Роден | 22 декември 1858 Лука, Големо Војводство Тоскана |
Починал | 29 ноември 1924 Брисел, Белгија | (возр. 65)
Семејство | Елвира Гемињани (в. 1904) (сопруга) |
Список на дела | Список на композиции од Џакомо Пучини |
Почетоците
уредиРоден е во Лука, мало гратче во Тоскана, на брегот на Лигурското Море, во музичко семејство пет генерации наназад. Учи музика кај свој роднина, но сметан е за премногу неодговорен и недисциплиран. За да може да се издржува, го поставуваат како оргулар и хормајстор во капелата во Лука, место кое претходно го држел и неговиот татко. Во седумдесеттите години на XIX век низ цела Италија, голем настан претставувала Верди Аида, па со брат му Микеле поминуваат 30 километри пеш до Пиза, само за да можат да присуствуваат на нејзината изведба. Оттогаш животот на младиот Џакомо се променува.
Во 1880 се запишува на Миланскиот Конзерваториум и учи композиција кај прославениот композитор на операта Џоконда, Амилкаре Понќели. Истата година, на 21, го пишува своето прво дело, Миса, која денеска ја знаеме под името Messa di Gloria, во која се рефлектира петгенерациската посветеност на семејството Пучини кон Католичката црква. На конзерваториумот извесно време колега му бил Пјетро Маскањи, кој, незадоволен од бирократијата затекната таму, го напушта, оформувајќи своја оперска трупа. Уште како студент ја пишува својата прва опера, Ле Вили, во 1884, која е прифатена со осреден успех од страна на публиката, би се рекло рамнодушно, но го привлекува вниманието на Џулио Рикорди, тогашен најмоќен и најголем музички издавач во цела Италија и пошироко. Се договараат за наредниот проект, операта Едгар, премиерно изведена во 1889 во Миланската Скала, која критички настроената публика на прославениот театар ја прима студено; првиот голем неуспех на Пучини.
Успехот
уредиНа границите на финансиска катастрофа, но веќе и емотивно вознемирен поради неуспесите и на ревидираните изведби на неговите претходни опери, сепак охрабрен од Џулио Рикорди, се нафаќа на наредниот проект, Манон Леско, врз либретото на големите поети Лујџи Илика и Џузепе Џакоза, пишувано според истоименото популарно дело на опатот Абе Прево. Со стравување за успехот на операта до последниот миг (Манон, операта на Жил Масне од 1884, водечкиот француски оперски композитор во тоа време, била напишана врз истоименото дело и популарна низ светот), изведена е по првпат 1893 во Торино, далеку од критичната Миланска публика. Следувал огромен успех, првиот на кој му се радувал Пучини, стекнат после огромната и макотрпна работа.
Следува големиот успех со Боеми, изведена повторно во Торино 1896 година. Либретото повторно го пишуваат Илика и Џакоза според делото на францускиот романописец и поет Анри Мирже, Сцени од животот на Боемите, диригирана од младиот и талентиран Артуро Тосканини. Се издвојуваат прекрасните Che gelida manina, тенорската арија од првиот чин, Sì, mi chiamano Mimì, аријата на Мими од првиот чин, дуетот меќу Родолфо и Марчело, O Mimì, tu più non torni и аријата на Колин Vecchia zimarra; сите со печат на новиот стил инициран од пост-Вердиевото време, но со добро обраќање наназад кон традициите на белкантото.
Со Тоска од 1900 година, тој начнува во Веризмот, правец кој тежнее да ги прикаже на сцената најголемите суровости и грубости од реалниот живот. Илика и Џакоза повторно го пишуваат либретото, овојпат врз потресната истоимена драма на Викториен Сарду. Најпрвин либретото е понудено на Верди. Тој е фасциниран од делото. Рикорди, Илика и Верди патуваат лично кај Сарду: Верди бара тој да го промени крајот, каде Каварадоси нема да биде убиен, а Тоска нема да скокне од тврдината. Но писателот одбива да го промени своето дело. Со тоа и Верди се откажува. Пучини е навреден заради понудата на истиот текст на Верди, и единственото нешто што го тера да го прифати, е фактот - што Верди го одбил. Целиот период на пишување и продуцирање минува низ огромни проблеми, турбуленции и караници меѓу изведувачите, организсаторите и композиторот, но на крај, на блескавата премиера во Рим на која присуствуваат и Пјетро Маскањи и Франческо Чилеа, операта доживува огромен успех.
После неуспехот на Мадама Батерфлај во 1904 (повторно праизведбата е во Скала во Милано, во која Пучини повеќе не сака да се врати), најповеќе организиран од неговите непријатели, во вид на заговор, прави комплетна ревизија, променувајќи голем дел од дотогаш компонираното. Крвавата трагедија на малата гејша Чо Чо Сан многу набргу го пленува светот.
Плодовите од успехот
уредиПучини е композитор кој работи до најситните детали и кој не остава ништо на случајностите. Со огромно задоволство оди насекаде низ Италија и светот каде се поставува по првпат некоја негова опера, па дури тоа била и помала оперска куќа. Неуморно работи со солистите, заедно ги спремаат улогите, помага на режијата, ги прикажува своите идеи за сценографијата. Перфекционизмот дал одличен ефект: тој е најпопуларниот оперски композитор во светот.
Сепак, не оди се така глатко: неговата страст кон автомобилизмот и брзото возење, безмалку го убиваат во несреќата која ја доживува 1903 година. Неговите врски со жените стануваат голема тема за раскажувачите на трачеви, кои тоа го прикажуваат како своевидни скандали. Голем боем и бонвиван, има неколку афери со познатите сопрани кои ги толкувале хероините од неговите опери. Во 1909, неговата сопруга, Елвира, ја обвинува нивната слугинка, Дориа Манфреди, дека имала афера со нејзиниот сопруг. По големиот скандал, Манфреди се самоубива. Семејството на девојката ја тужи сопругата на композиторот, по што Пучини ја плаќа оштетата. Никогаш не се дознава дали навистина тој имал односи со неа или не.
Во 1906 година, либретистот Џузепе Џакоза, врз чии стихови Пучини најповеќе претпочита да компонира, умира, а во 1912 умира и Џулио Рикорди, неговиот издавач, но и голем пријател, на кого овој ги должел најголемите успеси. Пучини веќе ретко кога така ревносно ќе твори како во деведесеттите години од XIX век; сите овие патувања, несреќи, афери, случувања кои животот ги носи, пополека ќе го оддалечуваат од нотната хартија, па и компонираните дела се сè поретки.
Сепак, во 1910 ја пишува Девојката од Западот, со која ќе блесне на американското тло, каде е на повеќегодишна турнеја; под диригентство на Артуро Тосканини, главните улоги на праизведбата во Метрополитен операта во Њујорк ги пеат светски познатите Еми Дестин, Пасквале Амато и еден од најголемите пејачи на сите времиња, Енрико Карузо. Во 1917 оперетата Ластовичката е доживеана со успех, иако не се работи за нешто спектакуларно: веќе тој е маестро и што и да напише - ќе му биде дочекано со аплауз.
Повторното патување во Америка 1918 година, ќе резултира со нова праизведба во Метрополитен (тој одамна ја избегнува Италија како место за своите премиери, особено Скала). Тоа е Триптихот, дело од три кратки едночинки: Палтото, Сестра Анџелика и Џани Скики.
Последните години
уредиВо 1919 година го прифаќа либретото за својата последна опера, Турандот. Наредните неколку години тој ги поминува истражувајќи го ориенталниот фолклор и кинеката музичка традиција, која многу успешно ќе ја вплоти во делото коешто се нафаќа да го пишува. Проектот и целата приказа околу нејзиното компонирање претставува антологија, приказна за која можеби во иднина ќе се пишуваат опери. Во 1923 година, Пучини, страстен пушач на тутун во луле-качак, почнува да се жали на хронични болки во грлото. Откога му е дијагностициран рак на грлото, лекарите му препорачуваат радиолошки третман кој се вршел во Брисел, Белгија. Пучини никогаш не дознал за сериозноста на својата болест, бидејќи лекарите му ја соопштиле единствено на неговиот син. Умира на 29 ноември 1924, од компликации имплицирани од третманот. Се верува дека во миговите на бесознание, ја мрморел аријата на Чо-Чо-Сан од операта Мадама Батерфлај, Un bel dì vedremo (Еден убав ден ќе видиме...). Смртта претставува шок за цела Италија, но и светот: кога била соопштена тажната вест, во Рим била изведувана Боеми, по што претставата била запрена и бил изведен Шопеновиот Погребен марш. Закопан е најпрвин во Милано, но неговиот син во 1926 ангажира ексхумација и погреб на останките во посебно изградена капела во дворот на вилата во Торе дел Лаго, местото каде што големиот композитор живеел.
Турандот останува недовршена. Со себе во Брисел ги зема и нотните тетратки, низ метастазите на болеста пишувајќи ги своите замислени идеи во болничкиот кревет, со последните сили. Тој ја довршува аријата на Лиу од третиот чин Tu che di gel sei cinta, по што повеќе не е во свесна состојба. Потоа умира, оставајќи ги зад себе белешките за големата опера, според кои Франко Алфано, композиторот одбран од семејството Пучини ја довршува операта. На праизведбата во Скала 1926 пеат големи имиња под диригентство на Тосканини, кога тој, во третиот чин, ја прекинува претставата, свртувајќи се кон публиката со зборовите: овдека маестрото почина. Наредниот ден, операта била изведена целосно, сосе остатокот докомпониран од Алфано. Доволно иронично, овојпат во Скала неговата премиера доживува огромен успех. Штета што не можел да присуствува, да го види и тоа чудо.
Комплетните опери на Џакомо Пучини и нивните праизведби
уредиЛе Вили (Le Villi) (31.5.1884 Театро дал Верме, Милано)
Едгар (Edgar) (21.4.1889 Скала, Милано)
Манон Леско (Manon Lescaut) (1.2.1893 Театро Реџо, Торино)
Боеми (La Bohème) (1.2.1896 Театро Реџо, Торино)
Тоска (14.1.1900 Театар Костанци, Рим)
Мадам Батерфлај (Madama Butterfly) (17.2.1904 Скала, Милано)
Девојката од Западот (La fanciulla del West) (10.12.1910 Метрополитенска опера, Њујорк)
Ластовичка (La Rondine) (27.3.1917 Операта во Монте Карло)
Триптихот (Il trittico):
- Палтото (Il tabarro)
- Сестра Анџелика (Suor Angelica)
- Џани Скики (Gianni Schicchi), (сите три првпат изведени на 14.12.1918 во Метрополитенска опера, Њујорк)
- Турандот (Turandot) (25.4.1926 Скала, Милано)