Среден век

период во европската историја од V до XV век
(Пренасочено од Средниот век)

Среден век, средновековие или средновековен период — дел од европската историја што траел од V до XV век. Пропаѓањето на Западното Римско Царство го означува почетокот на средниот век, а потоа следуваат ренесансата и големите географски откритија. Средниот век е средниот период од традиционалната поделба на западната историја на класични, средновековни и модерни периоди. Периодот е поделен на ран среден век, развиен среден век и доцен среден век.

Депопулацијата, деурбанизацијата и варварските напади коишто започнале во Доцната антика продолжиле и во Раниот среден век. Варварските освојувачи формирале нови царства на урнатините од Западното Римско Царство. Во 7-от век, наследниците на Мухамед, ги освоиле Северна Африка и Блискиот Исток коишто некогаш биле дел од Источното Римско Царство (Византија), и ги присвоиле кон Исламското царство. И покрај тоа што имало значителни промени во општеството и политичките структури и прекинот со Антиката не бил целосен, сепак тоа не ја спречило големото Византиско царство да опстане и да остане голема сила. Јустинијановиот законик, којшто воедно бил и кодекс на закони на царството, бил ценет и пошироко. На запад повеќето царства ги вклучиле постоечките римски институции во својот состав, додека пак, ширењето на христијанството во Западна Европа предизвикало зголемување на бројот на манастири. Франките предводени од династијата на Каролинзите создале царство којашто го зафаќала поголемиот дел од Западна Европа. Царството на Каролинзите се распаднало во 9 век кога им подлегнала на притисоците од инвазијата на Викинзите од север, Унгарците од исток и Сарацените од југ.

За време на Развиениот среден век, којшто започнал по 1000-тата година од н.е. бројот на населението во Европа се зголемил, во голема мера тоа се должело на технолошките и земјоделските новитети коишто овозможиле развивање на трговијата и зголемување на доходите. Два од начините на коишто општеството било организирано во Развиениот среден век се, тимаро-спахискиот систем којшто претставува организација на граѓаните од селата коишто биле потчинети од благородниците и феудализмот- политички состав каде што витезите и понискиот слој на благородници биле обврзани да извршуваат воена служба кај нивните господари во замена за изнајмување на земјиште и чифлизи. Крстоносните војни, коишто за првпат се случиле во 1095 година, претставувале воени обиди од страна на западноевропските христијани,чијашто цел била да се поврати контролата над Светата земја од Блискиот Исток којашто била одземена од муслиманите. Кралевите станале шефови на централизирани држави, го намалиле криминалот и насилството но со тоа идеалот за обединување на христијанскиот народ бил сѐ подалечен. Схоластиката, филозофијата коишто во прв план го ставиле здружувањето на верата со разумот и основањето на универзитети, претставувале обележје на интелектуалниот живот. Филозофијата на Тома Аквински, сликите на Џото, поезијата на Данте и Чосер, патувањата на Марко Поло и архитектурата на готските катедрали како Шартр, се дел од извонредните достигнувања од овој период.

Тешкотиите и несреќите меѓу кои гладот, чумата и војната се сметаат за обележје на Доцниот среден век се, а воедно тие довеле и до намалувањето на популацијата во Западна Европа. Во периодот од 1347 година до 1350 година, Црната Смрт понела со себе околу една третина од Европската популација. Паралелно со војувањето меѓу државите, граѓанската војна и селанските буни имало и контроверзии, ерес и раскол во Црквата и сите заедно ја отсликувале состојбата во царствата. Културните и технолошките достигнувања му дале нов лик на Европското општество а со тоа го означиле крајот на Доцниот среден век и почетокот на раниот нов век.

Етимологија и периодизација

уреди

Средниот век е еден од трите главни периоди во најдолготрајната шема којашто ја прикажува анализата на европската историја: класичната цивилизација или антиката, средниот век и современиот период.

Развој на концептот

уреди

Средновековните писатели ја поделија историјата на периоди како што се „Шесте века“ или „Четири царства“ и сметаа дека после нивното време ќе настапи крајот на светот. Во 1330 година, хуманистот и поет Петрарка, периодот пред христијанството го сметал како antiqua (или „антички“) а периодот по христијанството како nova (или „нов“). Леонардо Бруни бил првиот историчар којшто ја искористил тројната периодизација во неговата History of the Florentine People - 1442 година („Историја на фирентинските луѓе“). Бруни и подоцнежните историчари тврдат дека Италија се спасила како резултат на времето на Петрарка и затоа на претходните два периоди коишто ги предложил Петрарка му додаваат и трет. Како поим, „среден векˮ, најпрвин се појавува во латинскиот јазик во 1469 година, наречен како media tempestas или „средна сезона“. Во раната употреба постоеле многу варијанти како што се medium aevum или „Среден век“, којашто првпат била запишана во 1604 година и media scecula или „Средновековие“, за првпат запишана во 1625 година. Триделната периодизација станала стандардна откако германскиот историчар Кристоф Целариус, во 1683 година ја објавил Универзалната историја поделена на антички, средновековен и нов период. Англискиот јазик е единствениот од главните јазици којшто ја задржува множинската форма на овој термин.

Започнувањето и завршувањето на средниот век

уреди

Најчест превидуван датум за започнувањето на средниот век е 476 година којшто за првпат го употребиле Бруните. За Европа како целина, 1500 година се смета како период кога средниот век завршува но сепак не постои краен датум којшто важи универзално. Во зависност од контекстот, за одредување на крајот на средниот век понекогаш се користат настани како што се, првото патување на Кристофер Колумбо во Америка во 1492 година, освојувањето на Цариград од страна на Турците во 1453 година, или протестантската реформација во 1517 година. Англиските историчари, често, за крај на средниот век ја користат Битката кај Босфор којашто се случила во 1485 година, додека пак Шпанците најчесто ги користат датите како на пример, смртта на кралот Фердинанд II во 1516 година, смртта на Кралицата Изабела I Кастиљска во 1504 година или освојувањето на Гранада во 1492 година. Историчарите од романското говорно подрачје тежнеат кон поделба на средниот век во два дела и тоа на поран „висок“ период и подоцен „низок“ период. Историчари од англиското говорно подрачје, следејќи го примерот на нивните колеги Германци, средниот век го поделија генерално на „Ран“, „Среден“ и „Доцен“. Белгискиот историчар Анри Пирен и холандскиот историчар Јохан Хуизинга во почетокот на 20-от век ја популаризираа следнава поделба: Ран среден век (476-1000 година), Развиен среден век (1000-1300 година) и Доцен среден век (1300-1453 година). Во 19-от век, целото средновековие честопати се нарекувало и „Мрачен век“, но со создавањето на овие поделби, употребата на овој термин, барем меѓу историчарите била ограничена на Ран среден век.


Подоцнежното Римско Царство

уреди

Римското Царство го достигнала својот најголем територијален развој во текот на 2-от век од н.е., а во наредните 2 века доживува бавно опаѓање на римската контрола врз оддалечените територии. Третиот век бил нестабилен на политичко поле, како резултат на економските проблеми меѓу кои и инфлацијата, надворешни притисоци врз границите, како и владетелите кои доаѓале на престолот само за потоа новите узурпатори да им го земат местото. Постепеното зголемување на воените трошоци во 3-от век, главно било како одговор на потребата да се одбранат од обновената војна со Сасанидското Царство, којашто започнала во средината на 3-от век. Армијата се зголемила двојно а реформите во прв план ја ставиле коњаницата и помалите единици наместо многубројната пешадија којашто била главна тактичка единица. Потребата за зголемување на приходите предизвикала зголемување на даноците, намалување на бројот на земјопоседничката класа, како и намалување на бројот на тие што биле подготвени да го потпрат товарот за држење на канцелариите во своите родни градови. За справување со потребите на војската биле потребни повеќе бирократи, но тоа довело до жалби од граѓаните според кои имало повеќе собирачи на данок во Империјата отколку даночни обврзници. Царот Диоклецијан (284-305година) во 286 година ја поделил Империјата на одделни источни и западни административни половини, меѓутоа нејзините жители и владетели не ја гледале како таква бидејќи објавувањата поврзани со администрацијата и правото во едната половина се сметале за валидни во другата. Во 330 година, по завршувањето на граѓанската војна, Константин Велики (306-337 година) повторно го основал градот на Византија но сега како новоименуван источен град- Цариград. Реформите на Диоклецијан ја зајакнале владината бирократија, направиле промени во данокот, ја зајакнале војската, со тоа Империјата добила време но не ги решила проблемите коишто ги имала, меѓу кои прекумерно оданочување, намалена стапка на наталитет и притисоци на нејзините граници. Граѓанска војна меѓу спротивставените цареви се случила во средината на 4 век со враќање на војниците од граничните сили на Империјата и дозволувајќи им на Варварите да ја преминат границата. Со проширување на јазот меѓу богатите и сиромашните, и намалување на виталноста на помалите градови, поголемиот дел од 4 век се одликува со еден нов и постојан облик којшто се разликувал од поранешниот класичен период. Друга промена којашто била направена е постепеното преминувањето на населението од Империјата во христијанска вера коешто траело од 2-5 век. Во 376 година , Остроготите бегајќи од Хуните, добиле дозвола од римскиот цар Валенс ( 364-378 година ) да се населат во римската провинција Тракија. Населувањето не било воопшто лесно и кога римските службеници преземале погрешни мерки околу случувањата, Остроготите напаѓале и ограбувале. Во битка со Остроготите, кај Адријанопол (Одрин) на 9 август 378 година бил убиен Валенс обидувајќи се да му стави крај на нередот. Исто така проблеми предизвикале и заканите на Варварите од север, внатрешните поделби во царството, особено во рамките на христијанската црква. Во 400 година Визиготите го нападнале Западното Римско Царство и иако за момент биле запрени од Италија тие успеале да го ограбат Рим. Додека Визиготите окупирале, во 406 година Аланите, Вандалите и Свевите навлегле во Галија, во текот на следните три години тие се распространуваат низ Галија и во 409 година преку Пиринеите преминале во денешна Шпанија. Други варварски племиња зеле учество во движењата на луѓето во овој временски период. Франките, Алеманите и Бургундите ја населиле Северна Галија, додека пак Англите, Саксонците и Јутите се населиле во Британија. Во 430-тите Хуните започнале да го освојуваат царството, нивниот крал Атила освоил територии од Балканот во 442 година и во 447 година, потоа ја освоил Галија во 451година, а Италија била освоена една година подоцна. Хуните претставувале закана сè до смртта на Атила, којшто бил нивни водач, во 453 година, кога заедно со неговата смрт било ставено крај на хунскиот сојуз. Овие инвазии од страна на племињата целосно ја промениле политичката и демографска природа на она што некогаш било Западно Римско Царство. До крајот на 5 век западниот дел на царството е поделен на помали политички единици со коишто управувале племиња коишто во раните години на овој век биле негови окупатори. Последниот цар на Западот, Ромул Августул бил соборен во 476 година, а со тоа дошло до традиционално признавање на оваа година како крај на Западното Римско Царство. Источното Римско Царство, често познато и како „Византија“, по падот на неговиот западен еквивалент, не било баш способно да ја врати контролата над изгубените западни делови. Византиските цареви го задржале правото врз територијата и ниту еден варварски крал од западниот дел не се осмелил да се воздигне на позицијата Император на Запад, но сепак Византија не можела да ја одржи контролата врз поголемиот западен дел. Повторното освојување на италијанскиот полуостров и периферијата на Средоземното Море биле единствениот и привремен исклучок.

Ран среден век

уреди

Новите општества

уреди

Политичката структура во Западна Европа била променета, но не толку многу како што некои историчари тврдат. Иако активностите на варварите обично се опишуваат како „инвазијаˮ , тие не биле само воена експедиција туку и доселување на сиот народ во Империјата. Ваквите движења се резултат од одбивањето на Западно-римските елити да ја поддржат војската или да ги платат даноците со што би се овозможило војската да ја потисне миграцијата. Царевите од 5-от век често ги контролирале воените моќници како Стилихон (408 г.), Аспар (471 г.), Рицимер (472 г.) или Гундобад (516 г.), а кога на редицата од западни цареви и дошол крајот, многу од кралевите коишто дошле на нивно место биле од исто потекло како и претходните. Мешаните бракови помеѓу новите кралеви и римските елите станале вообичаени. Ова довело до топење на римската култура со обичаите на освојувачките племиња, вклучувајќи ги и популарните собранија кои им дозволиле на машките членови на племињата поголемо учество во политичките прашања. Материјалните артефакти коишто им припаѓале на Римјаните и освојувачите честопати се слични со предметите на племињата, коишто очигледно се изработувани според моделот на оние на Римјаните. Голем дел од духовната култура на новите царства била исто така заснована врз римската духовна традиција. Важна разлика е постепеното губење на даночните приходи од новите државни уредувања. Многу од ново настанатите политички јадра, повеќе не предвидувале приходи од даноците за нивните војски, туку како замена им доделувале земјиште или им го давале под закуп. Ова само по себе повлекувало помала потреба од големи даночни приходи а воедно било и причина за распаѓање на даночниот систем. Војувањето било заедничко, помеѓу царствата но и во нивни рамки. Со намалувањето на резервите, на ропството му се наближувало крајот и општеството станувало се по рурално. Ново дојдените народи и моќните поединци во периодот меѓу 5-от и 8-от век, ја пополниле политичката празнина којашто зад себе ја оставила римската централизирана влада. Остроготите, под водство на Теодорих (526 г.) се населиле во Италија во доцниот 5 век и создале кралство коешто претставувало обележје на соработката меѓу Италијанците и Остроготите, барем до последните години од владеењето на Теодорих. Бургундите се населиле во Галија и откако Хуните го уништиле поранешното кралство во 436 г. тие создале ново кралство во 440 г. коешто се протегало меѓу денешна Женева и Лион. Со своето зајакнување, тоа станало моќно кралство во последните години од 5-от век и почетокот на 6 век. Во северна Галија, Франките и Бритите создале мали кралства. Франкското Кралство било во средиштето на Североисточна Галија, а првиот крал за кого има многу информации е Хилдерик (481 г.). Под водство на Кловис (509 г.– 511 г.), синот на Хилдерик, Франкското Кралство се проширило и населението преминало во христијанска вера. Бритите, во сродство со домородците на Британија – денешна Велика Британија, се населиле во денешна Бретања. Визиготите во Шпанија, Суевите во северозападна Шпанија и Вандалите во Северна Африка создале и други кралства. Во 6-от век, Ломбардите се населиле во северниот дел на Италија, на местото каде што било Остроготското кралство, ги групирале војводствата на чие чело бил избран да стои крал, повремено. До крајот на 6-от век ова уредување било заменето со постојана монархија. Инвазиите предизвикале навлегување на нови етнички групи во делови на Европа, но концентрацијата на населението не била рамномерна, на пример во Шпанија имало помасовно доселување за разлика од другите региони. Помасовното населување на Варварите во североисточниот дел за разлика од југозападниот дел на Галија било причина за нерамномерно населување на истата. Словенски народи се населиле во Централна и Источна Европа и Балканскиот Полуостров. Населувањето на народите било проследено и со промени во јазикот. Ова преминување од латинскиот јазик кон нови јазици траело многу векови. Групата јазици позната како романски јазици, којашто се разликувала од латинскиот јазик на Западно Римско Царство, постепено успеала да го истисне од употреба. Грчкиот јазик останал јазик на Византија, но преселбите на Словените ги вовеле словенските јазици во Источна Европа.

Појава на исламот

уреди

Религиозните верувања во Источното Римско Царство и Персија биле во флукс за време на доцниот 6-ти и почетокот на 7 век. Јудаизмот била „активна вера” којашто придобивала следбеници и најмалку еден Арапски политички водач преминал во оваа вера. Сите насоки се појавиле заедно со појавата на Исламот во Арабија во времето на Мухамед. По неговата смрт во 632 година, исламските сили освоиле поголем дел од Источното Римско Царство и Персија, почнувајќи од Сирија во 634-635год., стигнувајќи до Египет во 640-641 г., Персија помеѓу 637 и 642 г., Северна Африка во доцниот 7 век и Пиринејскиот Полуостров во 711 г. До 714 година исламските сили владееле во поголемиот дел од полуостровот, којшто го нарекле ел-Андалус. Интензитетот на исламските освојувања се намалил само во средината на 8-от век. Првиот прекин бил поради поразот на муслиманските сили во Битката кај Поатје во 732 година, којашто довела до повторно освојување на јужниот дел на Франција од страна на Франките, но главната причина за намалување на интензитетот на исламските освојувања било соборувањето на династија Умајад и нејзино заменување со Абасидската династија. Абасидите го преселиле нивниот главен град во Багдад и нивното внимание не било насочено повеќе кон Европа туку кон Блискиот Исток. Абасидите ја загубиле власта во дел од муслиманските земји, благодарение на потомците на династијата Умајад кои го презеле Пиринејскиот Полуостров заедно со Аглабидите коишто владееја во Северна Африка и династијата Тулунида којашто управуваше со Египет. До средината на 8 век, трговската размена меѓу Франките и Арапите ги заменила старите римски облици на трговија и дошло до појава на нови облици во Средоземјето. Франките им давале на Арапите дрва, крзна, ножеви и робови во замена за свили и други материјали, зачини, и скапоцени метали.

Трговија и економија
Инвазиите на Варварите коишто се случиле во 4-ти и 5 век, предизвикале нарушување на трговските мрежи низ целото Средоземје. Африканските трговски стоки полека го напуштале археолошкиот рекорд со тоа што најпрвин исчезнале од внатрешноста на Европа а во 7-от век тие можеле да се најдат само во неколку градови, како Рим или Неапол. Под влијание на освојувањата од страна на муслиманите, во последните години на 7-от век, африканските производи претежно биле заменети со локални и било невозможно да се најдат во Западна Европа. Замената на трговски стоки со локални производи се одвивала во Раниот среден век на старите римски имоти. Ова било особено изразено во земјите коишто не се простираат на Средоземјето како што се северна Галија или Велика Британија. Стоките што не се локални а се појавуваат во археолошкиот рекорд, обично се луксузни стоки. Во северните делови на Европа, не биле само трговските мрежи локални, туку и произведената стока била едноставна, со мала употреба на керамика или мала употреба на други сложени производи. Различните германски држави на Запад користеле монети коишто биле изработени по моделот на постојните римски и византиски форми. Златото продолжило да се кова до крајот на 7-от век, а потоа било заменето со сребрени монети. Главната сребрена монета на Франките била денариј (denarius) или denier, а кај Англосаксонците била наречена пени (penny). Од овие области почнал да се шири denier или penny низ Европа, во периодот од 7-от до 10-от век. Освен во Јужна Европа, бакарните и бронзените монети не биле погодени од оваа ситуација, ниту пак златото.

Црквата и монаштвото

уреди

Пред освојувањата од страна на Арабите, христијанството било еден од главните фактори за обединување на Источна и Западна Европа, но со освојувањето на Северна Африка дошло до расцепување на поврзувањата по морски пат помеѓу овие области. Византиската црква која станала Православната црква, сè повеќе и повеќе се разликувала во јазикот, практиките и литургијата од западната црква која станала Католичка црква. Источната црква го користела грчкиот јазик наместо западно- латинскиот. Се појавиле теолошки и политички разлики, а до првата половина на 8-от век се појавиле и проблеми како иконоборство, клерогамија (свештенички брак), ставање на црквата под државна контрола, коишто докажале дека културните и верските разлики биле поголеми од сличностите. Официјалниот прекин се случил во 1054 година кога дошло до конфликт помеѓу папството и патријархатот на Цариград поради папската превласт и се екскомуницирале едни со други што довело до поделба на христијанството во две цркви- на Римокатоличка црква и на Источна православна црква. Варварските инвазии на запад не влијаеле воопшто врз црковната структура во Римското Царство, но папството го загрижувале западните епископи коишто од епископот на Рим чекале поддршка за верско или политичко управување. Пред 750 година многу од папите биле повеќе загрижени за византиските прашања и за источните теолошки проблеми. Регистарот, или архивираните копии од писма на папата Грегориј Велики, (папа, 590-604 г.) останале и од тие преку 850 писма огромно мнозинство биле со прашања за Италија или Цариград. Единствениот дел од Западна Европа, каде што папството имаше влијание беше Велика Британија, онаму каде што Грегориј го испратил Грегоријан во 597 година на мисија, чијашто цел била претворањето на Англосаксонците во христијани. Ирските мисионери биле најактивни во Западна Европа меѓу 5-от и 7-от век, дејствувајќи прво во Англија и Шкотска а потоа на континентот. Монасите како Колумба (умрел 597год.) и Колумбан (умрел 615 г.) ги основале манастирите, предавале на латински и грчки јазик и пишувале световни и религиозни дела. Во раниот среден век, монаштвото од Западот го доживеало својот подем. Традициите и идеите кои потекнуваат од пустините во Египет и Сирија му го дале обликот на европското монаштво. Повеќето европски манастири биле од типот на манастири коишто се фокусираат на искуството кое го стекнала заедницата од духовниот живот (cenobitism), којшто за првпат бил воведен од Пахомиј (умрел 348год.) во 4 век. Монашките идеали се ширел од Египет во Западна Европа во 5-от и 6-от век, преку хагиографската литература, за којашто пример е Животот на св. Антониј. Св. Бенедикт (умрел 547 г.) во текот на 6-от век го напишал Бенедиктинското правило за западното монаштво, со детали за административните и духовните одговорности на заедницата на монаси предводена од игуменот. Монасите и манастирите имале големо влијание врз животот во раниот среден век, во разни случаи биле доверители на земја на моќните семејства, центри за пропаганда и кралска поддршка во ново освоените региони, како и основи за мисијата и проелитизацијата. Манастирите биле главни а понекогаш и единствени места за образование и описменување, во регионот. Многу од преживеаните ракописи на Римската класика биле препишувани во манастирите од Раниот среден век. Монасите, исто така биле автори на нови дела, вклучувајќи историја, теологија, како и други предмети, кои беа напишани од автори како што е Беде (умрел 735 г.), роден во северна Англија и пишувал во доцниот 7-ми и почетокот на 8 век.

Европа на Каролинзите

уреди

Во текот на 6-от и 7-от век Меровинзите, потомци на Кловис, го поделиле кралството на Франките, коешто се наоѓало во северна Галија, на три кралства и тоа Австразија, Неустрија и Бургундија. Благодарение на граѓанските војни помеѓу Австразија и Неустрија, 7-от век бил бурен период. Ваквата војна ја искористил Пипин, мајордом на палатата на Австразија, којшто ја имал сета моќ. Подоцнежните членови на неговото семејство ја презеле функцијата на советници и регенти. Еден од неговите потомци, Карло Мартел (умрел 741 г.), во 732 година ја добил Битката кај Поатје со што го запрел напредувањето на муслиманските војски преку Пиринеите. Велика Британија била поделена на мали држави доминирани од страна на кралствата во Нортамбрија, Мерсија, Весекс и Источна Англија, кои воделе потекло од англосаксонските освојувачи. Помалите кралства во денешен Велс и Шкотска биле се΄ уште под контрола на домородните Британци и Пикти. Ирска била поделена на уште помали политички единици, обично познати како племенски кралства коишто биле под контрола на кралевите. Имало можеби дури 150 локални кралеви во Ирска, со различна важност. Каролиншката династија, којашто била позната како наследник на Карло Мартел, официјално ја презела контролата врз кралствата Австразија и Неустрија со државниот удар во 753 година, којшто го извршил Пипин III (752-768 Според современата хроника, Пипин барал и добил овластување за овој државен удар, од Папата Стефан II (папа од 752–757). Преземањето од страна на Пипин било засилено со пропаганда којашто ги прикажа Меровингите како неспособни или сурови владетели, ги величаше постигнувањата на Карло Мартел и ширеше приказни за големата побожност на семејството. По смртта на Пипин во 768 година, кралството го наследиле неговите два сина Карло Велики (768-814) и Карломан (768-771). Кога Карломан починал од природна смрт, Карло не му дозволил на неговиот малолетен син да застане на престолот и се назначил себеси како крал на Австразија и Неустрија. Карло, почесто познат како Карло Велики, започнал со програма на систематско проширување коешто би довело до обединување на поголем дел од Европа, евентуално контролирање на денешна Франција, северна Италија, и Саксонија. Во војните кои траеле над 800 години тој ги наградил сојузниците со воени пленови и со контрола врз парчиња земја. Во 774 година, Карло Велики ги покорил Ломбардите, со тоа го ослободил папството од стравот дека Ломбардите ќе ги потчинат и почнало создавањето на папските држави. Крунисувањето на Карло Велики за крал на Божиќ во 800 година се смета за пресвртница во средновековната историја, што претставува враќање на Западното Римско Царство, бидејќи новиот царр владеел со голем дел од областите коишто претходно биле контролирани од западните кралеви. Претходно споменатото бележи промена и во односот на Карло Велики со Византија бидејќи преземањето на кралската титула од страна на Каролинзите ја докажува нивната еквивалентност со византиската држава. Имало неколку разлики помеѓу новосоздадената Карловото царство и двете, постарото Западно Римско Царство и истовремената Византија. Земјиштата на Франките биле од рурален карактер, со само неколку мали градови. Повеќето од луѓето биле селани коишто се населиле на мали фарми. Размерот на трговијата бил мал и поголемиот дел се одвивал со Британските Острови и Скандинавија, за разлика од старата Римското Царство чијшто центар за своите трговски мрежи бил Медитеранот. Таканаречениот „патувачки суд“ којшто патувал со кралот управувал со Империјата, како и околу 300 кралски службеници наречени грофови коишто управувале со регионите на кои била поделена Империјата. Свештенството и локалните бискупи биле како еден вид на претставници како и кралските службеници наречени missi dominici, коишто биле скитнически инспектори и посредници.

Каролиншка преродба

уреди

Судот на Карло Велики во Ахен бил центар на културните заживувања, коишто понекогаш се нарекувале и како „Каролиншка преродба“. Во овој период дошло до зголемување на бројот на писмени луѓе, развој на уметноста, архитектурата и правните студии како и на литургиските и библиските студии. Англискиот монах Алкуин (умрел 804 г.), бил повикан во Ахен и истиот тој монах овозможил образованието да биде достапно во манастирите во Нортамбрија. Канцеларијата на Карло Велики или бирото за пишување употребило нова азбука, денес позната како Каролиншка минускула, којашто предлагала заеднички стил на пишување и благодарение на којашто се подобрила комуникацијата низ поголемиот дел од Европа. Карло Велики предложил промени во црковното богослужение наметнувајќи ги римските форми на црковни служби во неговите поседи, како и Грегоријанското пеење што претставува форма на литургиска музика во црквите. Во текот на овој период пресликувањето, коригирањето и ширењето на главните дела коишто обработувале религиозни и световни теми, биле значајна активност на учените луѓе чијашто цел им била да го поттикнат учењето. Исто така, напишани се нови учебници и дела со религиозни теми . Граматичарите од овој период го измениле латинскиот јазик, менувајќи го од класичниот латински јазик на Римското Царство во пофлексибилен облик за да ги задоволи потребите на црквата и владата. Со владеењето на Карло Велики, јазикот доволно се разликувал од класичниот јазик, за потоа да биде познат како средновековен латински јазик.

Расцеп на Карловото царство

уреди

Карло Велики планирал да ја продолжи традицијата на Франките со тоа што ќе го подели кралството на сите негови наследници, но тој не бил во можност поради тоа што до 813 година тој имал само еден жив син, Луј I Побожниот (владеел 814-840 г.). Непосредно пред неговата смрт во 814 година, Карло Велики го крунисал Луј за негов наследник. Дваесет и шестгодишното владеење на Луј било обележано со бројни поделби на Империјата помеѓу неговите синови, а после 829 г. и со граѓанските војни помеѓу различните сојузи на татко и синови коишто се воделе околу власта врз различни делови од Империјата. На крајот, Луј го назначил за крал неговиот најстар син Лотар I (умрел 855 г.) и му ја дал Италија. Луј остатокот од царството го поделил помеѓу Лотар и неговиот најмлад син, Карло Ќелавиот(умрел 877 г.). Лотар ја презел Источна Франкија, којашто ги опфаќала двата брега на реката Рајна кон исток, препуштајќи му ја на Карло Западна Франкија со Империјата западно од Рајнската Област и Алпите. На средниот од браќата, Луј Германски (умрел 876 г.), којшто бил бунтовен сè до неговата смрт, му било дозволено да ја задржи Баварија под сузеренство на неговиот постар брат. Поделбата била оспорувана. Додека Луј Германски се обидувал да ја присоедини цела Источна Франкија, внукот на кралот, Пипин II од Аквитанија ( умрел 864 г.) давал отпор за превласта во Аквитанија. Луј умрел во 840 г. а Империјата сѐ уште била во хаос. По неговата смрт следи граѓанска војна, којашто траела три години. Со Верденскиот договор (843 г.) создадено е кралството меѓу реките Рајна и Рона, Лотар започнал да владее на териториите на Италија и неговата царска титула била признаена. Луј Германски управувал со Баварија и источните земји во денешна Германија. Карло Ќелавиот ги добил западните територии од Франкското Кралство, вклучувајќи поголем дел од денешна Франција. Внуците и правнуците на Карло Велики ги поделиле своите кралства помеѓу нивните потомци, со што на крајот дошло до губење на сето внатрешно единство. Со крунисувањето на Хуго Капет (Иго Капе) за крал во 987 г. Каролиншката династија била вратена во западните земји. Поради смртта на Луј Детето во 911 година и изборот на Конард I, којшто не бил во никакви роднински врски, за крал династијата во источните земји го доживеала својот крај порано. Распаѓањето на Карловото царсто било придружувано со инвазии, миграции и непријателски преземања од надворешни непријатели. Викинзите коишто непријателски ги презеле Британските Острови и се населиле во Британија Ирска и Исланд, постојано ги напаѓале Атлантикот и северните брегови. Викинзите понатаму, во 911 година се населиле во Франција на чело со војсководецот Роло (умрел околу 931год.), којшто добил дозвола од Карло III (владеел 898-922) да ја населат територијата на Нормандија. Сè до големиот пораз во Битката кај Личфилд во 955 година, Маѓарите постојано ги напаѓале источните делови на кралствата на Франките, особено Германија и Италија. Распаѓањето на династијата на Абасидите значело поделба на исламскиот свет на помали политички држави, од кои некои почнале да се шират кон Италија и Сицилија како и преку Пиринеите во јужните делови на кралства на Франките.

Новите кралства и обновената Византија

уреди

Напорите на кралевите да го возвратат ударот на напаѓачите довело до формирање на нови политички ентитети. Кон крајот на 9-от век, во Англосаксонска Англија кралот Алфред Велики (владеел 871-899) постигнал договор со Викинзите – окупатори околу населувањето на Данците во Нортамбрија, Мерсија и делови на источна Англија. До средината на 10-от век, наследниците на Алфред ја освоиле Нортамбрија и ја обновиле англиската власт во поголемиот дел од јужна Велика Британија. Во северна Британија, Кенет Макалпин ги обединил Пиктите и Шкотите во кралството Алба. Во почетокот на 10-от век саксонската династија се сместила во Германија каде што на Саксонците главна цел им била враќањето на Маѓарите назад. Нивните напори кулминирале со крунисувањето на Отон I за цар во 962 г. Во 972 година, Отон успеал да ја натера Византија да му ја признае титулата и признанието го запечатиле со бракот на неговиот син Отон II со Теофана, ќерка на поранешниот византиски цар Роман II (владеел 959-963). Западното Франкско Кралство било расцепкано повеќе и иако формално кралот бил надлежен, голем дел од политичката моќ преминала во рацете на локалните господари. Мисионерските напори во Скандинавија, за време на 9-от и 10-от век помогнале во зголемувањето на бројот на кралства во оваа област. Во текот на овој период, Шведското, Данското и Норвешкото кралство се здобиле со власт и територии и некои од кралевите преминале во христијанска вера, но сепак процесот околу преминувањето во христијанска вера не бил целосен до 1000 година. Скандинавците, исто така, се прошириле и населиле низ Европа. Покрај населувањата во Ирска, Англија, Нормандија, дополнителни населувања заземале размери во денешна Русија, како и во Исланд. Шведските трговци и трагачите по неоткриени богатства се движеле по реките на руската степа, па дури се обиделе и да го освојат Цариград во 860 и 907 година. Христијанството што на почетокот било распространето во мал дел од полуостровот на север во Шпанија, во текот на 9-от и 10-от век, полека се проширило на југ создавајќи ги кралствата Астурија и Леон. Во источна Европа, Византија ја доживеала својата врв во времето на царот Василиј I (владеел, 867-886) и неговите наследници Лав VI (владеел, 886-912) и Константин VII (владеел, 913-959), членови на македонската династија. Трговијата заживеала, царевите го надгледувале утврдувањето на еднаквата администрација во сите провинции. Реорганизирањето на војската им овозможила на царевите Јован I (владеел, 969-976) и Василиј II (владеел, 976-1025) да ги прошират границите на царството на сите фронтови. Заживувањето на класичното учење било познато како Македонска ренесанса со центар во царскиот суд. Писатели како Џон Геометрес компонирале нови химни, песни и други дела. Мисионерските напори од страна на двете, Источната и Западната црква резултирале во имплементацијата на Моравјаните, Бугарите, Бохемијците, Полјаците, Маѓарите и словенските жители на Киевска Русија. Овие замени придонесоа за основањето на политички држави на териториите на овие народи, Моравија, Бугарија, Бохемија, Чешка, Полска, Унгарија и Киевска Русија.

Воени и технолошки достигнувања

уреди

За време на подоцнежната Римското Царство, главни воени случувања биле обидите за создавање на ефикасна и силна коњаница, како и континуираниот развој на високо специјализирани војници. Создавањето на катафракт- војници во полето на воените случувања било важна одлика на римскиот 5 век. Различните племиња коишто освојувале, им придавале различно значење на видовите на војници, почнувајќи од главната пешадија на Англосаксонските освојувачи на Британија па сè до Вандалите и Визиготите чиишто војски профитирале многу од коњаницата. За време на почетната инвазија, узенгијата не се користела во војната и тоа ја ограничувало ползата од коњаницата како ударна единица, но коњаницата сè уште можела да ја користи тактиката на изненадување особено кога седлото на коњот се засилувало напред и назад за да овозможи поголема поддршка на јавачот. Најголемата промена на воен план за време на инвазијата, била прифаќањето на хунскиот композитни лак којшто го заменил претходниот и послаб скитски композитни лак. Во почетокот на каролиншкиот период, со соодветната доминација на воените настани од страна на елитата, важноста на пешадијата и лесната коњаница започнала да се намалува. Во текот на каролиншкиот период, данокот што го собирала милицијата од слободното население се намалил. Иако голем дел од каролиншките војски биле качени на коњ, за време на раниот период излезе дека за поголем процент била поставена пешадија а не вистинска коњаница. Единствениот исклучок бил англосаксонскиот дел на Англија каде што армиите биле составени од локални регрутанти познати како fyrd, коишто биле предводени од локалните елити. Една од главните промени во воената технологија била враќањето на самострел, којшто претходно се користел во римско време, а повторно се појавил како воено оружје во последните години од раниот среден век. Друга голема промена било воведувањето на узенгијата, којашто овозможувала поефективна употреба на коњаницата како ударна единица. Последна од промените во технологијата била потковицата којашто овозможувала користење на коњите во карпести предели а имала примена и надвор од потребите за војската.

Доцен среден век

уреди

Карактеристично за Доцниот среден век е зголемувањето на бројот на населението. И покрај тоа што причините за зголемувањето на населението не се јасни, во периодот помеѓу 1000 и 1347 година бројот на населението во Европа се зголемил од 35 мил. на 85 милиони жители. Како причини за населувањето се сметаат, подобрувањето на земјоделските техники, падот на робовладетелството, средновековниот топол период и отсуството на окупација. Околу 90 проценти од европската популација останале во руралните средини. Повеќето од нив не се населувале веќе во изолирани фарми туку се собирале во мали заедници познати како чифлизи или села. Овие селани често биле потчинувани од благородниците на коишто им должеле наемнини и други услуги и тој систем на подредување бил познат како тимаро-спахиски. Во текот на овој период а и после него, останале само неколку слободни селани коишто побројни биле во јужниот дел на Европа за разлика од северниот дел. Практиката на инвестирање или доведување на нови земји во производството ги охрабрила селаните коишто се населиле на новите земји, а воедно била и причина за ширење на населението. Благородништвото, свештенството и граѓанството ги сочинувале другите слоеви на општеството. Благородниците, витезите со титула и без титула и покрај тоа што не го поседувале целосно земјиштето, ги експлоатирале велепоседниците и селаните. Со феудализмот, господарот на благородниците им доделил право на приходот од чифлизите и другото земјиште. Во текот на 11-от и 12-от век овие земјишта или имоти станале наследни и во повеќето области повеќе не се делеле помеѓу сите наследници како што бил случајот во Раниот среден век. Наместо тоа, повеќето имоти и земјишта ги наследувал најстариот син. Власта на благородништвото зависела од, контролата што ја имало врз земјиштето, врз својата воена служба- големата коњаница, контрола врз замоците и бројните ослободувања од даноци и други товари. Како одговор на нарушените временски услови, во текот на 9-от и 10-от век почнале да се градат камените замоци коишто им овозможувале на жителите да се засолнат од напаѓачите. Контролата врз замоците им овозможила на благородниците да им пркосат на кралевите или другите владетели. Благородниците биле во сојуз со кралевите и високото благородништво, контролирајќи ги обичните луѓе и други благородници. После овој највисок ранг, доаѓаат другите благородници коишто контролираат помалку земјиште и помалку луѓе. По нив биле витезите во чијшто посед имало земјиште но не и контрола врз други благородници. Витезите коишто не поседувале земја и морало да им служат на други благородници биле со најнизок статус во благородништвото. Свештенството било поделено на два вида и тоа, секуларно свештенство кое живеело во светот и редовните свештеници коишто живееле според верските правила а најчесто биле монаси. Во текот на овој период монасите секогаш претставувале мал дел од населението, обично биле помалку од еден процент од вкупното население. Поголем дел од редовните свештеници му припаѓале на благородништвото, истата социјална класа која служела како регрутна основа за повисоките слоеви на секуларното свештенство. Локалните парохиски свештеници често потекнувале од селанската класа. Граѓанството било во некако необична позиција, бидејќи тоа не се вклопувало во традиционалната три слојна поделба на општеството на благородници, свештенство и селани. Поради зголемувањето на постојните градови и поради создавањето нови населени места во текот на 12-от и 13-от век редовите на граѓанството се прошириле во голема мера. Но во текот на средниот век веројатно населението во градовите никогаш не изнесувало повеќе од 10 проценти од вкупната популација. Евреите исто така се населиле низ Европа, во текот на овој период. Во 11-от и 12-от век заедници се формирале и во Германија и Англија, но шпанските Евреи коишто долго време биле под власта на муслиманите тогаш потпаднале под христијанска власт и се зголемил притисокот за нивно преминување во христијанска вера. Поголемиот број Евреи биле заточеници на градовите бидејќи не им било дозволено да поседуваат земја или пак да бидат селани. Покрај Евреите, по крајните делови на Европа имало и други не- христијански народи како што се паганските Словени во Источна Европа и муслиманите во Јужна Европа. Од жените во средниот век се барало да бидат под контрола на некои машки, без разлика дали нивниот татко, сопруг или други роднини. Вдовиците, коишто често имале поголема контрола врз своите животи, сѐ уште биле законски ограничени. Општо земено, работата на жените се состоела од домаќинство и други домашни работи. Селските жени обично биле одговорни за грижата околу домаќинството, грижа за децата, како и градинарството и одгледување на животни во близина на куќата. Тие можеле да го зголемат домашниот приход со предење или парење дома. Во време на жетвата од нив се очекувало да помогнат во полињата. Градските жени како и селските биле одговорни за домаќинството а можеле исто така да се вклучат и во трговијата. Во зависност од земјата и периодот варирале и занаетите коишто биле достапни за жените. Жените на благородниците биле одговорни за домаќинството и повремено од нив се очекувало да управуваат со имотот но само доколку мажите не биле дома. Обично благородничките жени биле ограничени кога станувало збор за воени или владини работи. Единственото занимање за жени во црквата било калуѓерството бидејќи тие не можеле да станат свештеници. Во Централна и Северна Италија и во Фландрија, порастот на градовите коишто до некој степен биле само –управувачки , поттикнале економски раст и создале средина за нови видови на трговски друштва. Трговските градови на брегот на Балтичкото Море склучиле договор познат како Ханзаски лига со што италијанските градови- држави како што се Венеција, Џенова и Пиза ја прошириле својата трговија преку Медитеранот. Во текот на овој период биле формирани големи трговски саеми коишто процветале во северна Франција, дозволувајќи им на италијански и германски трговци како и на локалните трговци да тргуваат едни со други. Во доцниот 13 век се забележува отпочнување на нови копни и морски патишта поврзувајќи се со Далечниот Исток, коишто славно беа опишани во „Патувањата на Марко Полоˮ, напишана од еден од трговците, Марко Поло. Порастот на трговијата донел нови методи за справување со парите и златните монети коишто повторно се ковале во Европа, почнувајќи во Италија потоа во Франција па во другите држави. Се појавиле нови форми на трговски договори коишто овозможувале ризикот да се дели помеѓу трговците. Делумно преку употреба на двојното книговодство се подобриле сметководствените методи, а за да се олесни преносот на парите се појавиле акредитивите.

Доцен среден век

Војна, глад и чума

уреди

Првите години на 14-от век биле обележани со глад, кулминирајќи во Масовен глад(1315—1317). Како дел од причините за Масовниот глад може да се вбројат бавната транзиција од средновековниот топол период кон малата ледено доба, којашто ги направила луѓето ранливи поради неуспешните жетви предизвикани од лошите временски услови. Во периодот на 1313–1314 и 1317–1321год. низ цела Европа преовладувале многу врнежи коишто придонеле за зголемување на бројот на неуспешни жетви. Климатските промени коишто довеле до опаѓање на просечна годишна температура во Европа, во 14-от век биле придружени со економска криза. Во 1347 година овие проблеми довеле до појавување на Црната смрт, болест којашто се ширела низ Европа во текот на следните три години. Билансот на жртвите веројатно бил околу 35 милиони луѓе во Европа, што претставувало околу една третина од населението. Особено тешко биле погодени градовите, поради многубројните болести. Големи делови од земјата биле ретко населени а во некои места полињата биле оставени необработени. Со цел земјопоседниците да привлечат што поголем број на достапни работници на нивните полиња, дошло до зголемување на платите. Дополнителни проблеми претставувале и пониските кирии и намалувањето на побарувачката на храна коишто довеле до намалување на земјоделскиот приход. Се чинело дека и урбаните работници имале право на поголема заработувачка коешто довело до избувнување на популарни востанија низ Европа. Меѓу востанијата биле Жакеријата во Франција, Селското востание во Англија и револти во градовите Фиренца во Италија и во Гент и Брухе во Фландрија. Траумата којашто ја преживеале луѓето резултирала со зголемување на побожноста низ Европа којашто довела до формирање на нови добротворни организации, до само- измачување на верските фанатици,како и прилагањето на жртвени јагниња од страна на Евреите. Со враќањето на Чумата, дошло до уште поголемо нарушување на условите во остатокот од 14-от век. Таа продолжила да напаѓа во остатокот од средниот век.

Општество и економија

уреди

Со разместувањата предизвикани од Црната смрт дошло до нарушување на општеството. Земјиштата коишто биле малку продуктивни повеќе не биле населувани, бидејќи оние коишто уште живееле во тие области имале можност да се здобијат со по продуктивно земјиште. За разлика од Западна Европа каде што кметството немало никаква улога, во Источна Европа тоа се зголемило со наметнувањето од страна на земјопоседниците врз закупниците, коишто пред тоа биле слободни луѓе. До крајот на овој период процентот на кметови меѓу селаните бил помал од 50%, за разлика од почетокот кога изнесувал повеќе од 90%. Исто така, земјопоседниците им придавале поголема важност на заедничките интереси со другите земјопоседници и се здружиле заедно за да изнудуваат привилегии од владите. Владите делумно на барање на земјопоседниците се обиделе да го регулираат постигнувањето на економските состојби коишто постоеле пред Црната смрт. Писменоста кај луѓето, коишто не биле свештеници, била сè поголема а урбаното население сè повеќе го поддржувало интересот на благородништвото за витештвото. Еврејските заедници биле протерани од Англија во 1290 година, а од Франција во 1306 година. И покрај тоа што на некои подоцна им било дозволено да се вратат во Франција, поголемиот дел сѐ уште имал забрана и многу Евреи емигрирале кон исток населувајќи се во Полска и Унгарија. Од Шпанија биле протерани во 1492 година и биле населени во Турција, Франција, Италија и Холандија. Подемот на банкарските компании во Италија којшто се случил во текот на 13-от век, продолжил и во 14-от век, делумно поттикнат од многубројните борби во овој период и од потребите на папството за пренесување на парите помеѓу царствата. Голем дел од банкарските фирми им позајмувале на кралските семејства пари но со голем ризик бидејќи некои од фирмите пропаднале поради неисплатени кредити од страна на кралевите.

Распадот на Византија

уреди

И покрај тоа што царевите од династијата на Палеолози, во 1261 година успеале повторно да го преземат од западните Европејци Цариград, тие не биле во можност повторно да ја воспостават власта во некогашните царски земји. Тие обично контролирале само мал дел од Балканскиот Полуостров којшто бил во близина на Цариград, самиот град и неколку крајбрежни земјишта на Црното Море и околу Егејското Море. Новите царства, Србија, Бугарија и градот -држава Венеција, ги поделиле меѓу себе поранешните византиски држави на Балканот. Моќта на византиските цареви била загрозена од новото турско племе – Османлиите коишто се формирало во Анадолија во 13-от век и во текот на 14-от век постојано се проширувало. Османлиите се прошириле во Европа и до 1393-1396 година ја потчиниле Бугарија и ја презеле Србија по српскиот пораз во Битката кај Косово во 1389 година. Западните Европејци одржале масовен состанок на којшто се расправало за маките на христијаните на Балканот и во 1396 година објавиле нова крстоносна војна. На Балканот била испратена голема војска којашто доживеала пораз во Битката кај Никопол. Цариград, конечно, потпаѓа под власт на Османлиите во 1453 година.

Денешни размислувања за средниот век

уреди

Средновековниот период е често карикиран како „време на незнаењето и суеверие”, време кога „верските власти се сметаат за посупериорни наспроти личното искуство и разумната активност.” Ова останало од ренесансата и просветителството, кога учените луѓе ги споредувале нивните духовни култури со средновековниот период, заземајќи негативен став кон средниот век. Учените луѓе од ренесансата гледале на средниот век како на период на опаѓање на високиот степен на култура и цивилизација во Класицизмот. Просветителите сметале дека разумот е супериорен во однос на верата и од тука на средниот век гледале како на време на незнаење и суеверие. Други пак тврдат дека разумот, обично, многу се земал предвид во текот на средниот век. Историчарот Едвард Грант напишал: „Доколку револуционерните, разумни мисли биле искажани (во 18-от век), тие би биле остварени како резултат на долгата средновековна традиција којашто ја утврдува употребата на разумот како една од најважните човечки активности”. Исто така, спротивно на вообичаеното верување, Дејвид Линдберг напишал: „Учениот човек, во доцниот средновековен период, ретко ја чувствувал принудната моќ на црквата и би се сметал самиот себе за слободен (особено во природните науки) да го следи разумот и набљудувањето, без разлика до што можат да доведат тие”. Исто така, карикатурата на овој период се изразува со некои поспецифични поими. Една од најчестите погрешни претстави за првпат проширена во 19-от век а и сѐ уште многу присутна е, дека сите луѓе во средновековниот период мислеле дека Земјата е рамна. Ова е неточно, бидејќи учители од средновековните универзитети често тврделе дека доказите покажале дека Земјата била топка. Линдберг и Роналд Намбрс, уште едни научници од овој период изјавиле дека: „одвај имало христијански научник од средновековниот период којшто не ја признавал топчестата форма на Земјата и покрај тоа што немале поима за приближниот обем на истата”. Други заблуди биле дека „црквата забранувала аутопсии и дисекции во текот на средниот век”. „Појавата на христијанството ја уништило древната наука” или пак „средновековната христијанска црква го потиснала развивањето на природната филозофија”. Сите овие се цитирани од страна на Намбрс како примери на широко популарни митови кои сѐ уште важат за историска вистина, иако тие не се поддржани од актуелните историски истражувања.

 
Самуиловата тврдина во Охрид - седиште на средновековно македонско царство.
 
Реплика на шлемот најден во Сатон Ху, во гробницата на Англосаксонскиот водач, веројатно Ридвал од Источна Англија, околу, 620 г (ран среден век)[1]

Средниот век е епоха од феудалното општествено уредување во која самото човечко општество се дели на две класи: феудалци (експлоататори) и крепосни селани (експлоатирани).

Периодизации

уреди

Според граѓанските историчари кои не ја признаваат класната борба како главен двигател на историските збиднувања, средниот век трае од падот на Западното Римско Царство во 476 година до средината или крајот на XV век (гранични дати се падот на Цариград во 1453 и откривањето на Америка во 1492). Марксистичките историчари, пак, не ја сметаат оваа периодизација за сосема неоснована, а некои и ја прифаќаат, бидејќи во нејзини рамки се движи траењето на феудалното општествено уредување. Најшироко опфатена периодизација на средниот век дале советските историчари, кои сметаат дека тој трае од падот на Западното Римско Царство, па сè до Англиската буржоаска револуција во средината на XVII век, со која започнува радикално рушење на феудализмот во Европа, не само како општествен систем, туку и како политички систем на управување.

Од аспект на литературата, науката и уметноста, средниот век се нарекува "мрачен век", бидејќи во него биле длабоко вкоренети догмите на христијанството, и поради инквизицијата тие не можеле да дојдат до израз.

Средниот век како тема во уметноста

уреди

Наводи

уреди
  1. Nees Early Medieval Art стр. 109–112
  2. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 190-191.

Надворешна врска

уреди