Џузепе Верди (италијански:Giuseppe Fortunino Francesco Verdi) (10 октомври 1813 - 27 јануари 1901) е роден во скромно гостилничарско семејство во селото Ле Ронколе крај гратчето Бусето, Италија[1]. Уште од рано детство покажувал голем интерес за музиката и извонредна музичка надареност. Како мало момче со часови седел во татковата гостилница, слушајќи ги патувачките музичари како им свират на гостите. На седумгодишна возраст станува член во црковниот хор, а првите часови по музика ги добива од селскиот учител на оргули. Во 1823 год. го презема местото на оргулар во месната црква. Воочувајќи ја необичната надареност на својот син и сакајќи да му пружи прилика за понатамошен развој, татко му уште истата година го праќа на школување во Бусето, каде под своја закрила го зема неговиот пријател Антонио Бареѕи, угледен трговец од Бусето. Бареѕи бил претседател на Бусетското филхармониско друштво, кое своите проби ги одржувало во неговата куќа. На тој начин Верди имал можност да присуствува на нивните проби и да стекнува нови музички наобразби препишувајќи партитури. Покрај ова учел и клавир кај оргуларот на Бусетската катедрала, кој во 1829 год. го зел за свој помошник. Верди во 1829 г. компонирал една кратка симфонија за филхармониското друштво. Сепак, незадоволен од стекнатото музичко образование, се обидел на деветнаесетгодишна возраст во 1832 год. да се запише на Миланскиот конзерваториум, но неговата молба била одбиена поради недоволно покажано знаење за клавир, а и затоа што ја пречекорил старосната граница предвидена за прием на конзерваториумот. Сепак и покрај ова останал во Милано. Диригентот на миланската Скала, Рола, му советува да земе часови кај истакнатиот педагог Винченцо Лавиња, кој во тоа време бил прв чембалист во Скалата. Посетувајќи часови кај Лавиња, Верди доаѓа во допир со италијанскиот музички театар, кој ќе стане единствена цел на неговото музичко творештво.

Џузепе Верди
G. Verdi

Во 1834 год. се враќа во Бусето бидејќи има обврски кон филхармониското друштво, но во 1838 конечно се сели во Милано. Тука веќе следната година со голем успех во миланската Скала се изведува неговата прва опера Оберто. Во периодот 1851 – 1853. Вердиевото творештво доживува блескави моменти. Имено, тогаш ги создава неговите три популарни дела Риголето, Трубадур и Травијата. Во тие значајни оперски остварувања се гледа големо богатство на мелодија и способност за музичка карактеризација, како и смисла за мелодрамски заплет. Вердиевиот преоден творечки период го претставува величествената опера Аида создадена 1871, која со својата мелодиска убавина, богатиот спектакл и драмскиот заплет е многу позрела од неговите први опери. Круна на Вердиевото творештво претставуваат неговите последни опери Отело(1887) и Фалстаф (1893). Овие дела поседуваат силна драмска нишка, а оркестарот добива поистакнато место во толкувањето на сценското дејство.

Верди умрел на 27 јануари 1901 година во Милано. Неговото значење лежи во тоа што италијанската опера ја издигнал на највисоко ниво на нејзиниот дотогашен развој. Поседувал извонредно богата мелодиска инвенција и смисла за полифоно изразување. Прв воведува во операта богата оркестрација и силна драматика, а поседува и истенчен смисла за поезија, претворајќи ја операта во музичка драма.

Значајни дела уреди

  • Набуко(1842)
  • “Macbeth” (1847)
  • “Luisa Miller” (1849)
  • “Rigoletto” (1851)
  • Traviata (1853)
  • “Trovatore” (1853)
  • “Моќта на судбината” (1862)
  • “Don Carlos” (1867)
  • “Aida” (1871)
  • “Otello” (1887)
  • “Falstaff” (1893)

Наводи уреди

  1. Roger Parker, "Giuseppe Verdi", Grove Music Online, ed. L. Macy (Accessed 18 May 2008), (subscription access) Архивирано на 16 мај 2008 г.

Надворешни врски уреди