Воен конфликт во Македонија (2001)

(Пренасочено од Конфликтот во 2001 година)
Конфликт во Македонија од 2001 година


     Реони зафатени од конфликтот.
Датум 22 јануари-12 ноември 2001[1]
(9 месеци и 3 недели)
Место Полошка Котлина, Кумановско, Скопска Црна Гора и Дервенска Клисура блиску до границата со Албанија и Косово, тогаш (СР Југославија)
Исход Разоружување на албанските екстремисти и потпишување на Охридскиот Рамковен договор
  • Македонската офанзива стопирана од страна на НАТО
  • Воспоставување на прекин на огнот
  • Предавање на високата команда на ОНА
  • Албанските терористи се согласија да се разоружат во замена за поголеми етнички права
Завојувани страни
Македонски безбедносни сили

со поддршка:
 Украина[2][3][4]
 Бугарија[5][6]

Ослободителна Народна Армија (до 27 септември 2001 година)

со поддршка:
Ал Каеда[8][9]

Команданти и водачи
Борис Трајковски
Македонија Љубчо Георгиевски
Македонија Владо Бучковски
Македонија Љубе Бошковски
Панде Петровски
Јован Андревски
Методи Стамболиски
Али Ахмети
Г’зим Острени
Фазли Велиу
Сила
Македонија 20.000[10] 6.000 - 7.000
Жртви и загуби
Македонија 75 загинати[11][12] 96 загинати (според ОНА)[13][14]
105 загинати терористи[15] (само во борбите Слупчане и Кумановско)
1500-2000 загинати[16][17]
Цивилни жртви:

170 мртви (160 Албанци, 10 Македонци)
Други:
2 ЕУ набљудувачи
1 британски војник[18]

Воениот конфликт во Република Македонија од 2001 траeл од јануари до ноември 2001 година. Конфликтот започнал кога албанската паравоена формација Ослободителна народна армија (скратено ОНА), ги нападнала безбедносните сили на Македонија.[19][20] Конфликтот продолжил во поголемиот дел од 2001 година, а завршил со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година.

Албанците во Македонија

уреди

Албанците се најголемото етничко малцинство во Република Македонија. Тие главно се населени во северозападниот дел на Македонија. Најмногубројните албански заедници се сконцентрирани во областите околу Тетово (околу 70%), Гостивар (66%), Дебар (58%), Струга (56%), Кичево (31%), Куманово (25%) и Скопје (20%).[21] Бројноста на албанското население во Република Македонија, започнувајќи од 1948 година, постојано се зголемува. Според официјални податоци, Албанците во Македонија во 1953 година биле 10%, во 1971 година 17%, во 1991 година 21%[22]. Како резултат на потребата за поткрепување на сопствените политички цели некои Албанци тврдат дека во Македонија живеат околу 30% Албанци од вкупното население, а од друга страна, од истите причини, некои Македонци, исто така, тврдат дека застапеноста на оваа етничка заедница значително помала и изнесува под 20% од вкупното население.[23]

 
Македонски војник за време на воениот конфликт во Македонија
 
Македонски војник отвора оган од митралез на тенкот Т-55

Заднина

уреди

На 8 септември 1991 година, во Македонија бил одржан Референдум за независност, со кој било изгласено осамостојувањето на Република Македонија. Во деновите пред Референдумот биле упатени повици до сите политички водачи и до граѓаните да одат да го дадат својот глас. Повикот бил прифатен од сите, освен од партиите на албанската националност кои повикле на бојкот[24], тврдејќи дека Албанците се обесправен народ. Така, граѓаните од албанска националност го бојкотирале Референдумот и одбиле на демократски начин да се изрази волјата на албанското малцинство во Македонија. Со добивање на независност од Југославија, Република Македонија е определена како република со повеќепартиски парламент. Собранието на Република Македонија, според Уставот на Република Македонија се состои од 120 пратеници[25]. Новиот Устав ги утврдил карактерот и организацијата на државата, при што Република Македонија била дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Во реализација на политичкиот систем на државата, биле применувани и принципите на европска демократија, со посебна нагласка на развојот на граѓанското општество засновано на независно судство, слобода на здружување, негување и развој на меѓуетничките односи, слобода на вероисповедта и еднаквост меѓу половите[26].

Спротивно од сите поранешни југословенски држави, Република Македонија својата независност ја добила без воен конфликт и крвопролевања. По падот на првата т.н. експертска влада на Република Македонија[27], власта била преземена од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Во составот на владата од 1992 година влегла и Партијата за демократски просперитет, и во истата се задржила сè до падот на власта во 1998 година. Во 1994 година бил отворен нелегално првиот албански универзитет во Република Македонија, кој како државен универзитет останува непризнаен од властите сè до јануари 2004. Главни проблеми со кој се соочил СДСМ била приватизацијата, невработеноста и големата корупција. На парламентарните избори од 1998 година, власта била преземена од страна на тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ[28].

Во составот на новата влада од 1998 година влегла Демократската партија на Албанците. Новата власт во Македонија била исправена пред големи проблеми, и многу бргу започнала да ја губи довербата сред народот. Во ноември 2000 година, од владеачката коалиција излегла Демократската алтернатива, а нов коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ станала Либералната партија на Македонија. Политичките скандали и економските порази имале тешко влијание врз власта.

 
Членовите на ОВК го предаваат оружјето на американските маринци од 26. маринска експедициска дивизија во Косово, 1999 година

Во текот на Косовската војна во 1999, Македонија ги отвори своите граници на илјадници косовско-албански бегалци кои бегаа од Косово во Македонија. Според податоците од УНХЦР, на 17 мај имало 229,300 Косовско бегалци во Македонија. Бројот на албански бегалци во Македонија тогаш изнесувал повеќе од 11 % од вкупната популација на државата.[29] Според Американскиот комитет за бегалци, околу 360.000[30] косовско-албански бегалци останале во Македонија после јули 1999, кој се изедначил на 18 % од населението во државата.

Македонската спремност да се прифатат бегалци беше ограничена, поради тоа што било планирано да се прифатат само 20.000 бегалци. Покрај сите тешкотии, Македонија прифатила бегалци според меѓународни стандарди се дури војната не била завршена.

Товарот за да се обрне внимание за потребите на 360.000 бегалци влијаело врз македонската економија. Наместо да се воспостави подобра економија како што било предвидено за 1999, македонската економија се смали за 10 % од БДП за остатокот од 1999. Трговијата со СРЈ, македонскиот главен трговски партнер, се скрши, предизвикувајќи Македонија да го изгуби еден од најважните експорт маркети и витален извор на материјали. Последователно, голем број на фабрики мораа да се затворат, резултирајќи со сè повисок број на невработеност. Во исто време, главната транзитна маршрута за македонскиот извоз до цела Европа беше затворена, зголемувајќи го бројот на цените за увоз.[29]

Македонците беа позагрижени за влијанието на бројот на 360.000 албански бегалци и какви последици би имал врз македонската демографија. Тие беа уплашени дела присуството на бегалци би можело да влијае врз демографската слика во државата..[31] Македонците беа загрижени за можното прелевање на косовскиот конфликт во Македонија[31][32] и се плашеа дека тие имаат најмногу да изгубат. Новинарот од Чикаго Трибјун во март 1999 напишал:

“Луѓето се уплашени дека по Косово следна е Македонија”.

Нано Ружин за Чикаго Трибјун, [31]

Во исто време, терористите од ОВК почнаа илегално да ја преминуваат границата и се вселија во албанско населени подрачја и општини во републиката. Македонските власти запленувале оружје од Косово.

Хронологија на кризата

уреди

Тензии

уреди

Од друга страна, постојано нараснувале тензиите меѓу етничките Албанци и македонското население. Албанците тврделе дека се дискриминирани во Република Македонија, и сакале поголеми културни и образователни права, поголема улога во управувањето со власта, во вооружените сили и полиција.

Настаните од 9 јули

уреди

Деветтојулските настани се случиле на 9 јули 1997 година во Гостивар и Тетово како еден од поголемите настани во најновата Македонска историја. По новата териоторијална поделба од 1996 година, на локалните избори од 1996 година победиле градолначалниците од ДПА, Руфи Османи и Алајдин Демири[33]. Тие предизвикале револт во државата со истакнување на државното знаме на Република Албанија пред општинските згради. Така, од страна на тогашниот премиер Бранко Црвенковски било решено да се спроведе полициска акција за отстранување на знамињата.

Полициските рации во Гостивар започнале на 8 јули 1997 со упаѓање во неколку ноќни барови од страна на македонската полиција. На 9 јули 1997 во Гостивар етничките Албанци излегле на протести веејќи албански и турски знамиња. Сред толпата се наоѓал и градоначалникот Османи. Истиот ден започнала и акцијата за отстранување на знамињата. Кога протестантите се приближиле кон македонските безбедносни сили, врз нив бил отворен рафален оган. Полицијата одговорила со противнапад, при што четири етнички албански цивили го загубиле животот. Кон крајот на денот, македонската полиција влегла во општинското собрание, симнувајќи го албанското знаме, а двата градоначалници биле уапсени. Руфи Османи бил осуден на тринаесет години затвор, но по смена на власта во 1998 година, тој бил амнестиран[34]. Алајдин Демири добил казна затвор од две години, но исто и тој бил амнестиран по 1998 година[35].

Македонците ова го протолкувале како функционирање на правната држава, а Албанците случувањата ги искористиле како аргумент пред светската јавност дека власта ги крши нивните човекови права и дека се обесправени и дискриминирани. денеска, етничките Албанци во Република Македонија на 9 јули го одбележуваат овој ден[36].

Ослободителна Народна Армија

уреди

Во 1999 година избувнале немири во Косово помеѓу етничките Албанци и Срби[37]. Во исто време, претседателските избори во Македонија само ги изостриле меѓуетничките тензии помеѓу Албанците и Македонците. Тензиите уште повеќе се засилиле кога Република Македонија била потопена од 250.000 етнички Албанци, бегалци од војната на Косово[38]. По ова, во Македонија била развиена уште поголема мрежа на Армијата за ослободување на Косово или УЧК.

На сличен начин се појавила и „нова организација“ во Македонија позната под името Ослободителна Народна Армија или ОНА. ОНА се јавува како продолжение и трансформација на целите на ОВК на просторот на Република Македонија, а нејзините членови биле поранешни припадници на ОВК кои учествувале во борбите на Косово. Со распуштањето на ОВПМБ, поголем дел од нив преминале на македонската територија, исто во редовите на ОНА. Според некои податоци, главниот штаб на ОНА се наоѓал во Призрен, и со него раководеле Емруш Џемаил, Али Ахмети (политички претставник)[39], Фазли Велиу кој бил одговорен за дијаспората и Гзим Острени кој бил главен командант и поранешен припадник на Косовскиот заштитен корпус. Главна поддршка организацијата добивала од Косово, Албанија, Република Македонија, албанската дијаспора во западноевропските држави и Косовскиот заштитен корпус. Финансирањето на ОНА се вршело преку т.н. самофинансирање, финансирање од месното население, користење на фондовите на поранешната ОВК. Албанската емиграција во Швајцарија се сметала за центар на финансирање на организацијата.

Припадниците на ОНА биле главно вооружени со лесно пешадиско оружје од германско, американско, кинеско и југословенско потекло. Исто така располагале со автоматски и полуавтоматски пушки, рачни минофрлачи, противтенковски и противпешадиски мини, рачни бомби, противавионски митралези, снајпери, ракети од типот “стингер“. Основна нејзина карактеристика бил герилскиот начин на војување.

Тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, во интервјуто дадено за CNN, оваа паравоена формација ја нарекува „терористичка организација, без оглед на тоа како тие самите се нарекувале[40]. Истото било потврдено и од Europe Overview, Patterns of Global Terrorism, Јоханес Свобода (европратеник од Австрија)[41], Џорџ Робертсон (за Дојче Веле)[41], Воислав Коштуница (тогашниот југословенски претседател).

Со издавањето на првото коминике и преземањето на одговорноста за убиството на тројца полицајци во село Арачиново[42], и терористичкиот напад врз полициска станица „Осломеј“, ОНА ја започнала воената офанзива во Република Македонија.

Започнување на конфликтот

уреди
 
Македонска специјална полиција во близина на Матејче, Кумановско. Полицајците во црни униформи се од единицата „Тигар“, а оние во маскирни униформи од единицата „Лавови“.

Првите дејства на етничките Албанци во Македонија настапиле кон крајот на 2000 година и почетокот на 2001 година, главно по линијата на границата на Македонија со тогашната српска провинција (денеска држава) Косово. Во почетокот на војната, честопати ОНА ги повикувала македонското население во северозападна Македонија да ги напуштат своите домови[43]. Во почетокот на кризата, македонските власти не презеле големи мерки, бидејќи биле уверувани дека ваквите дејствија не биле насочени против Македонија. Но, по цели скоро два месеци, состојбата излегла од контрола и македонските власти започнале конечно со подготовка за војна. Но, од друга страна пак, албанските претставници тврдиле дека Република Македонија била подготвена за оваа војна[44]

Во јануари 2001 година се јавила Националната Ослободителна Армија и ја потврдила одговорноста за постојаните напади против македонската полиција. Водачите на ОНА, Али Ахмети и неговиот вујко Фазли Велиу, кои потекнуваат од Кичевско, изјавиле дека поседуваат илјадници војници кои се спремни да војуваат против македонската полиција. Но и покрај тоа, тие во тоа време немале поддршка од страна на тогашните најголеми албански политички партии во Македонија, ПДП и ДПА. Македонските власти изјавиле дека бунтовниците кои се припадници на ОНА главно потекнуваат од Косово, како главен извор на агресија и месните етнички Албанци во Македонија.

По неколку напади од страна на ОНА врз македонските сили за безбедност, Македонците од многу градови во државата излегле на протести во Прилеп, Битола и Скопје, каде биле запалени многу албански магазини, дуќани и една џамија[45][46][47][48]

Текот на војната

уреди

Танушевци и Тетово

уреди
 
Планот за воената акција МХ-2 во Тетовско
 
Т-55 на АРМ

Конфликтот неофицијално во Македонија започнува со нападот на полициска станица во Теарце на 22 јануари 2001. На 16 февруари 2001 година во пограничното село Танушевци, новинарска екипа на А1 телевизија била заробена, а по одземањето на камерата новинарите биле ослободени[49]. По ова започнуваат двонеделни препукувања меѓу безбедносните сили и терористите. На 14 март бојното поле се префрлило во Тетово, во месноста Кале биле регистрирани вооружени напади врз безбедносната полиција. Веќе на 23 март, од страна на властите во Република Македонија била донесена одлука за голем напад врз позициите на ОНА. Македонската армија им нанела голем пораз на припадниците на ОНА. Според некои извори, Албанците сепак не биле спремни и не очекувале таков напад во тоа време од страна на македонската полиција.

Масакрот кај Вејце

уреди

По околу двонеделно стишие, на 28 април, на патот меѓу селата Селце и Вејце во Тетово, 16 припадници на безбедносните сили на Македонија при патролирање наишле на заседа, при што загинале осум, а шест војници припадници на безбедносните сили на Македонија биле повредени. Според извршената обдукција, утврдена по смртта, било утврдено дека телата на убиените полицајци и војници по смртта биле дополнително масакрирани. По ова, низ поголемите градови во Република Македонија започнал голем револт на месното население. Македонските власти, во меѓувреме упатиле повик кон ОНА за прекин на огнот кој истиот не бил прифатен.

Борби во Кумановско

уреди
 
Планот за воената акција МХ-2 во Кумановско

На 4 мај околу 4.000 албански герилци од Косово упаднале на македонска територија и освоиле голем дел од северниот дел на Македонија, главно во околината на Куманово. Со ова, се отворил уште едно бојно поле. Борби се воделе во селата Слупчане, Ваксинце, Матејче, Липково, Оризари, Отља итн. Развојот на војната во тој момент бил на страната на ОНА. По ова следеле двонеделни позициони борби. На 24 мај, македонските безбедносни сили започнале голема акција во селата Ваксинце и Слупчане при што било ослободено Ваксинце. Нова ваква акција започнала на 9 јуни за ослободување на останатите окупирани села главно во Слупчане, Матејче, Оризари, Отља, итн. Во борбите кои почнувајќи од 2 мај се воделе во Слупчане и Кумановско загинале 105 терористи на ОНА[15].

Битка во Арачиново

уреди
 
Тенкисти од резервниот состав на АРМ во Битката за Арачиново.

Истиот ден, на 9 јуни 2001 година, ОНА го зазела Арачиново, село кое географски се наоѓа на само неколку километри од Скопје[50]. Преку Арачиново, кое станало едно од главните седишта на ОНА, албанските бунтовници се заканувале дека ќе го нападнат и Скопје, пред сè парламентот и владата[51]. Главен командант на Арачиново бил командант Хоџа или Џезаир Шаќири[52][53]. На 22 јуни, македонските безбедносни сили ја започнале решителната офанзива за чистење на теренот од албанските екстремисти во селото. Следниот ден, двата борбени авиони "сухој" 25“ на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршиле првите извидувачки дејства над селото. Македонските сили брзо напредувале, нанесувајќи им големи штети на албанските бунтовници. Според генералот Панде Петровски, кој командувал со арачиновската операција, АРМ располагала со околу 20.000 војници со оклопни батаљони и професионални екипажи, 54 тенка, со 120-130 минофрлачи, хеликоптери за воени дејства и доволно количество муниција за извршување на една завршна операција и целосно разбивање на ОНА. Битката траела само три дена, откако албанските бунтовници, истакнувајќи бели знамиња, дале знак дека се предаваат[54]. Под покровителство на НАТО, било договорено да се евакуираат припадниците на ОНА, и од Арачиново да се преместат во Липково[55][56].

Така, на околу 350 бунтовници им било дозволено да го напуштат селото со своето оружје, со помош на американските трупи кои служеле во КФОР и силите на НАТО во Косово, ОБСЕ и Мисијата на Европската Унија. На македонската страна и било наредено да се повлече. Како знак на ова, истата вечер неколку илјади Македонци се собрале пред парламентот во Скопје на протести, при кое зградата била заземена а протестот се претворил во масовни немири.

По Арачиново стапил договор за прекинување на огнот со цел да започнат преговори. Но во текот на јули ОНА често го прекршувала договорот со напади врз полициските пунктови, а најголемиот напад се случил на 23 јули кога ОНА ги нападнала македонските сили во Радуша и Тетовско. При нападот во Тетовско главна цел на ОНА била терор врз македонското цивилно население, при што голем број од Македонците од тетовските села биле протерани.

Масакрот кај Карпалак

уреди
 
Тенкистите на АРМ

Масакрот кај Карпалак се случи на 8 август 2001 година во 9:30 часот на автопатот Скопје - Тетово откако армискиот конвој составен од пет возила и 120 резервисти влезе во заседа кај месноста Карпалак, при што биле убиени 10 припадници на резервниот состав на АРМ, а тројца се повредени во нападот што терористите на ОНА го извршиле.[57]

Во Карпалак од самиот почеток на воената криза имаше полициски пункт, а без знаење на Министерството за одбрана истиот беше повлечен на два дена пред да се случи „Карпалак“. Повлекувањето на полицискиот пункт беше извршена со нечија наредба, причината за повлекување и кој го наредил од МВР не се познати.

Mасакар кај Љуботенски Бачила

уреди

На 10 август 2001, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 км од Љуботен, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата гинат 8 војници од резервниот состав на АРМ. Веднаш по нападот почнува неколкучасовна престрелка меѓу ОНА и втората чета на Третиот баталјон, од каде што се и загинатите војници. Во текот на престрелката е извршен воздушен напад врз формацијата на ОНА со хеликоптери „ми-24“ и тие се повлекуваат. Истиот ден во селото пристигнуваат полициските единици под команда на Јохан Тарчуловски, при што наредниот ден повторно започнуваат големи борби.

Прекинување на огнот и разоружување

уреди

Со потпишување на Охридскиот рамковен договор, бунтовниците се согласиле на примирје во јуни, но и покрај тоа бунтовниците продолжиле со препукувања врз целите на македонската полиција. Директни подписници на Охридскиот договор се македонските власти, предводени од претседателот Борис Трајковски и премиерот Љубчо Георгиевски и водачот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, и албанската страна предводена од Арбен Џафери и Имер Имери, како и Франсоа Леотар (претставник на Европската Унија) и Џејмс Пердју (медијатор од САД)[58]. Со овој договор, на албанското население кое живее во Република Македонија му биле ветени поголеми права, кои вклучуваат: подигање на албанскиот јазик за службен јазик во државата, зголемување на бројот на етничките Албанци во управувањето и администрацијата на државното управување, во полицијата и армијата, како и донесување на нов план за децентрализација.

Од друга страна, албанските претставници се согласиле да се откажат од секакви сепаратистички учества и да ги признае сите македонски институции. Во однос на ова, албанските припадници на ОНА биле разоружени од страна на НАТО пактот[59]. Оваа операција на разоружување официјално започнала на 22 август и делотворно завршила на 27 август. Во таа мисија учествувале околу 3.500 војници од НАТО пактот и од македонската полиција. Оружјето на ОНА било уништено. По завршување на оваа операција, Али Ахмети на пресконференција во Шипковица изјавил дека ја распушта Ослободителната Национална Армија.

Но, вооружениот конфликт не застанал, туку продолжил и во наредните месеци. На 12 ноември 2001 година, од страна на вооружени етнички Албанци биле убиени тројца припадници на македонската полиција[60].

Жртви и раселување

уреди

На 25 декември 2001 година, Алтернативната информациона мрежа[61] објавила дека вкупниот број на жртви од страна на македонските безбедносни сили е 72. Албанската страна никогаш официјално не ги објавила, но се претпоставува дека нивниот број бил околу 3.000 мртви.[се бара извор] Според „Бела Книга“, издадена од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, бројот на загинатите припадници на полицијата во вооружените дејства бил 15 жртви и 150 повредени[62], на старешини и војници на Армијата на Република Македонија 43 жртви и 119 повредени[63]. Според истите извори, бројот на цивили убиени во конфликтот од страна на ОНА бил 10 жртви и 75 повредени[64], додека бројот на физички нападнати и измачувани граѓани од страна на ОНА бил 20[65], а бројот на киднапирани и исчезнати лица околу 20[66].

До август 2001 година, бројот на раселените лица од војната бил 170.000, од кој 74.000 внатрешно раселени. Веќе во 2004 година, нивниот број се намалил на 2600.[58]

Наводна вмешаност на Ал Каеда и останати терористи во конфликтот

уреди

Постојат индиции за наводно вмешување на Талибанската организација Ал Каеда во Македонскиот конфликт. Исто така има индиции дека во ОНА и останатите терористички организации членувале и Муџахедини од Саудиска Арабија и останатите земји. Доказ за ова биле пронајдените знамиња, предмети и останати докази во селата вклучувајќи го и Арачиново, кога Македонската војска ги поразила овие групации.[67][68][69]

Се смета дека воениот конфликт од 2001 година во Република Македонија бил во голема мера спонзориран со најразлични средства од страна на Ал Каеда.[70] Оваа мрежа била споинзорирана од странски инвестиции посебно од муслиманите и Македонија била мета на мрежа за пат на дрогата кој поминувал од Авганистан како извор на одгледување на опиум и хашиш, сè до слабо контролираната граница со Иран до Турција и Истанбул преку Босфорот. Од овде, овие средства биле транспортирани на пазарите во Бугарија, Грција и Македонија, од каде престигнувала на Косово и Санџак.[71][72][73]

Постојат информации дека водачот на Ал Каеда Осама бин Ладен, престојувал во северна Албанија, која била обука за Албанските терористи во нивната војна против Србите во Косово. За ова сведочат и неколку емисии кои биле презентирани на Македонската Телевизија во текот на 2001 година, за време на вооружениот конфликт во Македонија.[74]

Можни воени злосторства

уреди

И покрај тоа што конфликтот во Македонија бил краток, тој не бил миновен за воените злосторства. Припадниците на ОНА се служиле и со други осетливи дејства, како на пример убивањето на осумте припадници на безбедносните сили во масакрот кај Вејце, каде по смртта ги масакрирале нивните трупови. Некои очевидци велат дека од вкупно осум полицајци, само еден бил убиен од огнено оружје, додека другите биле малтретирани со најразлични ладни оружја[75]. Други злосторства од страна на ОНА е и сопирањето на Липковската брана, со кое градот Куманово со околината останале без вода за пиење, оштетување на столбот од далновод за напојување со електрична енергија во месноста Попова Шапка, каде околината останала без електрична енергија. Во текот на кризата во Македонија имало и повеќе случаи на киднапирање на цивилно население. Така, на 18 јули во село Отушиште биле киднапирани тројца Македонци по потекло цивили, и биле брутално малтретитирани. Исто така, веќе на 7 август, албанската војска грабнале пет работници на градежната компанија “Маврово“, кои биле физички малтретирани и сексуално злоупотребени. Како за крај, на сите пет работници со нож на телото им биле напишани по една буква, која се претпоставува дека се иницијалите на злосторниците[76]. Исто така, од страна на албанската војска бил разрушен и манастирот во Лешок[77].

Во тридневната операција на македонската полиција во село Љуботен, од 10 август до 12 август 2001 година, биле убиени десет цивили и биле уапсени околу 100 мажи, за кои се сметало дека ги подпомагале бунтовниците. Овие случувања довеле до обвинение од страна на Меѓународниот Суд за воени злосторства во Хаг кон тогашниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски. На 10 јули 2008 Бошковски бил прогласен за невин од страна на Хашкиот трибунал за настаните во скопското село Љуботен во август 2001 и бил ослободен[78]. Единствено Јохан Тарчуловски бил осуден на десет години затвор[79]. Тој од затворот во Германија бил пуштен во 2013 година.

Цитати

уреди

Зад тие инциденти јас не знам кој стои. Инаку гледајќи според изјавите на сите претставници легални и легитимни на Албанците тие не стојат зад тоа. Тука се работи за еден конкретно Албански проблем, внатрешен Албански проблем.“[80]

Ниту Албанија па ниту Албанците од Македонија сакаат да се соединуваат. Македонија ќе биде една држава и мора така да биде.“[81]

По конфликтот

уреди
 
Споменик на бранителите на Македонија во Скопје

По „стабилизирањето“ на државата и воспоставување на ред и мир, во Република Македонија биле закажани парламентарни избори кои се одржале во 2002 година. Рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ бил опаднат, а од друга страна оној на СДСМ доживувал раст. Пред само три месеци од одржувањето на изборите, од страна на веќе поранешните членови на ОНА била формирана политичка партија, а за нејзин водач бил избран Али Ахмети. На изборите победила СДСМ, а кај албанскиот блок, новата партија освоила дури 70 % од вкупното албанско гласачко тело. По изборите била создадена коалиција меѓу овие две партии.

Во 2004 година, бил одржан референдум со цел изјаснување околу ново-усвоениот Закон за нова територијална поделба на Република Македонија. Референдумот главно бил одржан во корист на етничките Албанци во Македонија. Според истиот, многу градови и општини, каде Македонците биле мнозинство, со новата територијална организација тие станале малцинство. Така, во Општина Гостивар која според старата поделба имаше 26,54 % Македонци, со припојување на нови општини бројот на Македонците се намалил на 19,77 %. Во Општина Тетово според старата поделба имаше 28,17 % Македонци со припојување на нови општини бројот на Македонците се намалил на 23,16 %. Во Општина Струга според старата поделба имаше 47,94 % Македонци со припојување на нови општини бројот на Македонците се намалил на 32,09 %. Во Општина Чашка според старата поделба имаше 7,47 % етнички Албанци со припојување на нови општини бројот на Албанците се зголемил на 33,06 %.

Извадоци од Уставот

уреди

Според новиот устав од 2001 година, како службен јазик во Република Македонија:

  • освен македонскиот јазик со неговото кирилско писмо, како друг службен јазик се прогласува и оној кој го зборуваат 20 % од граѓаните во определена општина.
  • Личните документи освен на македонски јазик, за оние кои се повеќе од 20 % се издава и на нивниот мајчин јазик (албанскиот јазик). * Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и да ги употребуваат симболите на својата заедница.
  • Припадниците на заедниците имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон.
  • Собранието избира народен правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
  • Собранието основа Комитет за односи меѓу заедниците. Комитетот го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци.
  • Собранието ги избира судиите на Уставниот суд. Собранието избира шест судии на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Собранието избира тројца судии со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија[82][83][84].

До ден денеска, и двете страни од конфликтот сметаат дека се оштетени. Македонското мислење е дека се дало преголемо право на етничкиот Албанец во Република Македонија. Од друга страна пак, етничките Албанци сметаат дека не се спроведува и почитува во многу насоки Рамковниот договор од 2001 година.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. [1] Архивирано на 24 септември 2014 г. (англиски)
  2. „Історія однієї дружби. Як Україна боролася за єдність Північної Македонії“. BBC News Україна (украински). 2021-02-07. Посетено на 2023-07-13.
  3. Bugajski, Janucz (2004). Cold Peace: Russia's New Imperialism. Praeger. стр. 198-199.
  4. Petersen, Roger D. (2011-09-30). Western Intervention in the Balkans: The Strategic Use of Emotion in Conflict (англиски). Cambridge University Press. ISBN 978-1-139-50330-3.
  5. „CNN.com - Bulgaria offers troops to Macedonia - March 5, 2001“. edition.cnn.com. Посетено на 2023-07-16.[мртва врска]
  6. Petersen, Roger D. (2011-09-30). Western Intervention in the Balkans: The Strategic Use of Emotion in Conflict (англиски). Cambridge University Press. ISBN 978-1-139-50330-3.
  7. „Македония — это надолго“. NEWSru. 26 март 2001. Архивирано од изворникот 2012-06-07. Посетено на 2012-05-19.
  8. „Сообщники Усамы бен Ладена воевали на стороне албанских боевиков в Македонии“. NEWSru. 18 септември 2001. Архивирано од изворникот 2012-06-07. Посетено на 2012-05-19.
  9. {{cite book |title=Thomas, Nigel (2006). The Yugoslav wars (2):Bosnia, Kosovo and Macedonia 1992 - 2001|url=https://www.google.de/books/edition/The_Yugoslav_wars_2/rtydCwAAQBAJ? hl=de&gpbv=1&dq=Thomas, +Nigel+ (2006).+The+Yugoslav+Wars+ (2):+Bosnia,+Kosovo+and+Macedonia+1992+- =2001&pg=PA66&printsec=frontcover |page=53 |access-date=26 November 2022 |language=en}}
  10. [2] Сведоштва Панде Петровски стр. 97
  11. "Откриен Споменикот на загинатите бранители на Македонија во 2001 година". Сител Телевизија. 23 октомври 2011 [3]
  12. "Откриен паметникот за загинатите бранители од 2001". ИНФО Плус. 23 октомври 2011 [4] Архивирано на 29 јуни 2012 г.
  13. "Dëshmorët e Ushtrisë Çlirimtare Kombëtare", shkruar nga Xhemal Selimi. Tanusha 2001. 15 February 2011 [5] Архивирано на 8 ноември 2017 г.
  14. "DËSHMORËT - Emri dhe mbiemri".SHOQATA E VETERANËVE TË LUFTËS SË USHTRISË ÇLIRIMTARE KOMBËTARE. Tetovë. Maj 2002 [6]
  15. 15,0 15,1 Акифи, Фатлум (2 мај 2016). „Поранешните војници на ОНА револтирани за својата состојба“. Скопје: Алсат-М. Архивирано од изворникот на 2016-06-06. Посетено на 3 мај 2016.
  16. Премьер-министр Македонии накажет виновных в межэтнических кофликтах. Проценка на жртвите во конфликтот, во статија на “Российская Газета“ (официјалниот печатен орган на Владата на Руската Федерација.
  17. Убийство пяти мужчин стало причиной массовых беспорядков в Македонии. Официјални руски податоци за жртвите од конфликтот во Македонија, објавени од страна на Руската Информативна Агенција “РИА Новости“.
  18. BBC News | UK | British soldier killed in Macedonia (англиски)
  19. Macedonia
  20. „Македонскиот јазол“- Ханс Лотар Штепан стр. 26.
  21. 2002 Census results
  22. Vladimir Ortakovski (2001): Interethnic relations and minorities in the Republic of Macedonia, Sts. Cyril and Methodius University, Skopje (англиски)
  23. „Академик Блаже Ристовски за Вечер: Во Македонија нема 20 отсто етнички Албанци!“. Архивирано од изворникот на 2023-08-26. Посетено на 2023-08-26.
  24. „Матица на иселените“. Архивирано од изворникот на 2011-09-29. Посетено на 2009-05-16.
  25. „Според Законот за избор ма пратеници во Собранието на Република Македонија“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-01-05. Посетено на 2009-05-16.
  26. Граѓански и политички слободи и права
  27. Извештај од А1 Телевизија по повод 15 години од првата влада на независна Македонија
  28. „Целосни резултати од Изборите 2002 година“. Архивирано од изворникот на 2007-09-28. Посетено на 2009-05-16.
  29. 29,0 29,1 “MACEDONIA: TOWARDS DESTABILISATION? The Kosovo crisis takes its toll on Macedonia”. International Crisis Group (ICG). 2001 [7][мртва врска]
  30. "U.S. Committee for Refugees World Refugee Survey 2001 - Macedonia". United States Committee for Refugees and Immigrants. 2001 [8]
  31. 31,0 31,1 31,2 "NATO Air Strategy Under Fire: Macedonians Fear Divisive Spillover" by Hugh Dellios. Chicago Tribune. 29 March 1999 [9] Архивирано на 21 мај 2013 г.
  32. "Interethnic Relations and Minorities in the Republic of Macedonia". Southeast European Politics - Vol 2, N јануари May 2001 [10] Архивирано на 29 март 2013 г.
  33. Дневник: Трагичното симнување на знамето
  34. Извештај од Дневник
  35. ИЗвештај од А1 Телевизија
  36. Идивиди:Гостивар го одбележа 9 јули
  37. „Kosovo war chronology“. Human Rights Watch.
  38. „Асовијација на“. Архивирано од изворникот на 2011-08-29. Посетено на 2009-05-17.
  39. „ВО КОСОВСКИТЕ МЕДИУМИ ОБЈАВЕНА "ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА" НА ТАКАНАРЕЧЕНАТА ОНА“. Архивирано од изворникот на 2009-06-01. Посетено на 2009-05-17.
  40. „Бела Книга- Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 74
  41. 41,0 41,1 „Бела Книга- Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 75.
  42. „Вест: Монструм под владин патронат“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-05-17.
  43. Macedonia, 2001
  44. Гзим Острени за Утрински весник: . „На границата со Албанија и Косово беа поставени 34 караули, како и мински полиња, додека на границите со Србија, Грција и Бугарија само 14 караули, што значи дека државниот врв очекувал побуна“, вели тој во својата книга.[мртва врска]
  45. CNN.com Архивирано на 25 март 2010 г. Riot targets ethnic Albanians, May 1, 2001
  46. BBC News Macedonia rebels offer ceasefire, May 1, 2001
  47. Reading Eagle Riots shake town, May 1, 2001
  48. New York Times Macedonia Threatens to Declare State of War Against Rebels, May 1, 2001
  49. „Во Танушевци ОВК киднапираше новинар и снимател на А1 телевизија“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-05-18.
  50. „Дневник: Терористите од Арачиново го држат Скопје на нишан!“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2009-05-19.
  51. „Дневник: Топовите од Арачиново беа свртени кон Скопје“. Архивирано од изворникот на 2011-08-19. Посетено на 2009-05-19.
  52. „Извештај од Дневник“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2009-05-19.
  53. „Интервју со Џезаир Шакири“. Архивирано од изворникот на 2012-06-28. Посетено на 2009-05-19.
  54. „Дневник: Терористите развеаја бели знамиња“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2009-05-19.
  55. „Вест: Солана прогласи примирје по Битката за Арачиново“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-05-19.
  56. А1 Телевизија: Коридор за терористите во Арачиново
  57. „Кој ги предаде бранителите кај Карпалак?“. Нова Македонија. 8 август 2009. Посетено на 2015-02-03.[мртва врска]
  58. 58,0 58,1 „Вест: Потпишан мировниот договор“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2009-05-19.
  59. А1 Телевизија: Целосно разоружување на терористите
  60. "Macedonia police killed in ambush", BBC, November 12, 2001
  61. "AIM overview", and "AIM listings on the Council of Europe programmes, 2000-2001" Архивирано на 27 ноември 2006 г., Stability Pact for South Eastern Europe
  62. „Бела Книга - Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 145, стр. 148 стр. 149 и стр. 150
  63. „Бела Книга - Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 146, стр. 147 стр. 152, стр. 153, стр. 154
  64. „Бела Книга - Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 155, стр. 156 стр. 157, стр. 153, стр. 154
  65. „Бела Книга - Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 158
  66. „Бела Книга - Теророзмот на т.н. Ослободителна национална армија“, Министерство за Внатрешни работи, стр. 159
  67. [http://www.novosti.rs/dodatni_sadrzaj/clanci.119.html:276482-Balkanski-tragovi-Bin-Ladena&title_add= Balkanski tragovi Bin LadenaVecernje Novosti
  68. [https://web.archive.org/web/20100225050908/http://www.glas-javnosti.rs/dodaci/vehabije-haraju-srbijom/al-kaida-na-kosmetu Архивирано на 25 февруари 2010 г. Al-Kaida na KosmetuGlas Javnostii
  69. [http://www.novinar.de/2007/02/03/islamski-teror-u-bosni-i-na-kosmetu.html Islamski teror u Bosni i na KosmetuNovinar
  70. http://217.16.70.245/?pBroj=818&stID=5183&pR=3 Архивирано на 19 август 2011 г. Утрински весник: Балканот стана жртва на исламистичката терористичка интернационала
  71. Beskonačni Rat 2 Deo-La Guerra Infinita-II 3/8RAI
  72. Beskonačni Rat 2 Deo-La Guerra Infinita-II 2/8RAI
  73. Beskonačni Rat 2 Deo-La Guerra Infinita-II 3/8RAI
  74. „Bin Laden linked to Albanian drug gangsThe Independent“. Архивирано од изворникот на 2010-08-29. Посетено на 2010-06-07.
  75. Veritas[мртва врска] Utrinski vesnik, Sonya Kramarska, 2006
  76. A1 coverage Архивирано на 17 декември 2005 г. Reality Macedonia, August 08, 2001
  77. The Guardian, Macedonia blast hits monastery, 21 август 2001
  78. „Утрински весник: Бошкоски се врати во Македонија“. Архивирано од изворникот на 2008-08-03. Посетено на 2009-05-19.
  79. „Утрински весник: Резиме на пресудата за Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски“. Архивирано од изворникот на 2008-08-03. Посетено на 2009-05-19.
  80. Арбен Џафери
  81. Мендух Тачи
  82. Уставот на Република Македонија Архивирано на 22 април 2009 г. (англиски)
  83. СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
  84. Уставот на Република Македонија на

Надворешни врски

уреди


  Статијата „Воен конфликт во Македонија (2001)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).